МАЛА ПРЕСПА ПОД ТУРСКО РОПСТВО - Part 06
“Ќерка од мајка се дели”, кумот нареди невестата да се смести во пајтонот, сватовите ги чукнаа грнињата и наздравија, пајтоните тргнаа за Роби.
По патот на враќање крз селата по кој врвеа свадбарите, пријателите на Петрета излегуваа на патот и со полни грниња со вино му ја честитаа свадбата, така што дури стигнаа во Роби, главјето ги врзаа и по целиот пат пееја и рацете со грнчињата ги креваа високо.
По долгиот пат од брегот над езерото, пат долг, бескраен пат, Динка се возеше во пајтонот и од неа од едната страна седеше Коте, а од другата побратимот Коте Германски, така што таа седеше меѓу два Котевци и не знаеше кој е нејзиниот Коте.
Свадбарските песни и веселбата на нејзината придружба како и синозелените и мирни води од езерето со безброј езерски пилиња, кои се бркаа низ водите од езерото, а понекогаш исплашени од вревата на свадбарите во булици лазеа и ја пласкаа водата. Динка не можеа да ја расположат. Нејзиното срце и сега беше стиснато. Овој пат таа се наоѓаше во најлошото: од двајцата Котевци кои седеа до неа и сега Динка не знаеше кој ќе биде нејзин маж. Таа претпазливо и со дикат под превезот се потпулваше во едниот и во другиот и си велеше: “Да е овој, да е оној”, и не можеше да открие кој е нејзиниот Коте.
Триесет километри пат таа со дикат се потпулваше под превезот и како Коте беше поубав од побратимот таа си рече:
“Како не ет оној поубавиот ќе бидам најсреќна на светот”. Таа сега и без да сака очите и се вртеа кај поубавиот Коте, и сакаше само да го пули. Таа дури и се вљуби во него: Што ќе правам ако тој не ќе ми биди маж и ми биди оној другиот, подобро да не го видев, дури тогаш ќе бидам најнесреќна во светот. Се окуражи малу и си рече: “Зошто другарка ми ми рече во кералот соблекувај го рувото, јас ќе одам место тебе по него, можи и мојте очи поинаку гледаат”. И го изваде шамичето да ги исчисти очите. Коте и тој подоко се потпулваше во Динка.
Превезот и го криеше лицето и Коте не можеше да и го види.
Да беше сам со неа во пајтонот ќе и го тргнеше превезот и ќе ја видеше, и неговото срце беше стиснато. Достојниот став на Динка и нејзиниот однос Котета го заплени, тој си рекол: таква жена сакав јас, а не како Благуна, ко лапајца, само зборува и заборави на лицето на Динка кое не можеше да и го види.
Зошто ја сакав толку години Благуна и само на неа мислев, и Коте беше среќен, а Динка како сега да ја одбираше среќата.
Коњите брзаа, патот нејзе не и врвеше и се чинеше дол, бескраен.
На патот кај Горица на два километри од Роби беа дојдени млади ергени и моми за да ја видат невестата која ќе беше облечена во градска облека. Динка не беше облечена во фустани како што му рекоа на Котета, не беше нити во волнени шегуње, како што се носеше во Роби, таа беше облечена во минтани. Кај големата црничка на влезот за Роби, пајтоните со невестата запреа. Свекрвата на главата на невестата и кладе бела риза и ја баци во челото. Пред вратата од црквата пајтоните запреа, невестата слезе, слегоа и другите свадбари.
Тука имаше многу луѓе кои чекаа и сите заедно влегоа во црквата. Кога Динка слегла од пајтонот и ногата ја клала на земјата се прекрстила и си рекла: “Како не имам среќа маж да ми биде оној поубавиот. Ако тој не ми биди поарно да не живеам.” Венчавката ја изврши попот Димитри во црквата пред олтарот, тој ги построи младите, онака како што е ред. Го кладе прво Котета и му рече: - Ајде Коте земи си ја до тебе невестата!
Коте ја фати Динка за рака, до нив ги кладе побратимот и кумот. Коте ја фати Динка за рака и по снагата од Динка како да помина нешто што Динка ја направи најсреќна во светот.
Нејзиното срце почна силно да чука од радост, и уште што не извика: - Ќе го сакам, ќе го сакам од се срце ќе го сакам, и ќе му бидам негова за целиот живот. Ќе ја сакам и неговата мајка, жената што роди човек мене да ме усреќи за целиот живот. Ќе ги сакам и сите оние кои го изгледаа и го порастија, ќе ја сакам и сестра ми Доља која беше причина да дојдам во Роби.
Зашто плачев толку време и на моите родители им праев само расправии, толку пати мајка ми се караше со татко ми и со недели седеа лути за мене, - така си мислела Динка за време на венчавката. На средселото беше поставена цела трпеза од софри и под нив рогозини и килими на кои сите постари гости наседнаа и ги скрстија нозете, а на долниот крај на трпезата простум застанаа зетот и невестата.
Кумот седеше на чело, а пред него на трпезата имаше голема печена јагула и завиткана во тепција и во устата црвена плотица со шеќер. Целата трпеза беше преполнета со печени мрши од кои гостите со раце го кинеа месото и се служеа. Измеџиите со бели месали опасани на нив им даваа грниња со вино на наседнатите гости и на оние кои наоколу од трпезата седеа простум.
Кумот од џепот извади чиста шамија и ја рашири на трпезата, од мушаменото ќесе изваде една лира и ја потфрли на шамијата и рече да се ќердосаат. Сите присутни на кумот му честитаа и му рекоа да ти се плодат и секој го изваде мушаменото ќесе и откога ги одвиткаја гајтаните од ќесето еден по еден на шамијата фрлија кој грош, кој петаче, а имаше кои фрлаа и меџидии.
Кумот ги собра парите и откога ги изброи ги врза во шамијата, стана, отиде кај невестата и и ги даде нејзе. Невестата му баци рака. Потоа тој го фати за рамо Котета, невестата по нив, Петкана, Стефана, Ѓурѓа и кумот го заводи орото и сите со ред се редеа еден по еден. Околу орото се насобра многу народ и го стеснаа орото, на гајдаџите сите им фрлаа пари.
Кумот рече доста и сите заедно тргнаа за куќата на Котета.
Измеџиите и уште неколку други мажи ги кренаа на рамо софрите и рогозините и килимите и ги однесоа дома. Тие ги кренаа котлите со вино, сирењето, јаболката и другите работи што ги донесоа селаните на водата.
Кога невестата влегуваше во дворот кај Котета беа отворени и двете страни на големата врата, а кога стигна пред вратата од куќата пред неа се построија петнаесетина мали дечиња. На сите овие деца невестата му даде кому чорапчиња, кому футиња.
Свекрвата излезе од куќата а на глава со едната рака ја поткрепуваше погачата кладена во сито, а со другата сипеше шеќери и леблебии. Три пати заврти околу младите и нешто зборуваше. Невестата од својот џеб изваде шамија со шеќери и шеќерите ги расфрла меѓу луѓето и ги собраа шеќерките.
Невестата пречекори за да го премине прагот, го турна со ногата грнето кое беше пред неа и влезе во куќата. Во исто време кога таа влегуваше во вратата од куќата, на вратата двајца мажи држеа јарем и таа помина под јаремот.
На вечерта, на свадбата имаше многу гости од селото и од околните села.
Побратимите, тие водеа грижа за младите. Тие им донесоа јадење и кога на гостите му кладоа вечера тогаш младите ги оставија сами во ќералот како што беше редот.
Во ќералот постелата беше наместена. Динка се настрани и почна да се соблекува, на неа остави само здолниште. Коте и тој се соблече и се доближи до Динка и и се пулеше во лицето и очите, ја гушна и ја баци, па легнаа во постелата и пак се гушнаа, и се бацуваа и се гушкаа, а тоа се претвори во љубовна игра која траеше повеќе од еден час.
Побратимите од задоцнувањето почнаа да се загрижуваат, се плашеа да не ет нешто во врска со честа на невестата. Почнаа да тропаат на вратата, Коте со невестата станаа, се облекоа и ја отворија вратата. Побратимите влегоа во ќералот и ја побараа кошулата да ја видат честа. Коте им ја даде кошулата испрскана со крв. Побратимите задоволни веднаш ги повикаа најблиските роднини за да видат и тие, оти можеше да се случи, што е тоа многу редок случај во Преспа, невестата да не е чесна па на другиот ден да ја вратат кај татка си качена на магаре. Кога вечерата заврши и сите гости вечераа младите излегоа од ќералот и отидоа во големата одаја, во која беше и кумот.
Кумот стана веднаш го фати Котета за рака а невестата до него и орото започна. Во орото, ако стар, ама се фати и Петре, по него и сите најблиски роднини. На Стерја му обесија еден голем ѕвонец и на сите што беа во орото им обесија венци од кромид, низи од пиперки и клјукашки, а на свекрвата и ја запалија шамијата. Неколку мажи во одајата донесоа едно теле и го кладоа да го коли кумот, кумот се повлече од орото и од побратимите побара да ги донесат и да ги кладат на трпезата сите работи кои останаа од водата на сретселото. Тој бараше да се донесат печената јагула, печените мрши, медот, јаболката и се друго. Кумот беше строг. Зеде јаже и на побатимите им се закани дека ќе ги беси ако не ги донесат работите. Тој им нареди на ражен да му испечат грав и да му го донесат, во спротивно ќе ги беси. Побратимите донесоа грав печен на ражен и сите работи од сретселото и се отпочна веселбата која траеше до зори.
ЗА АФТОРОТ Коста МУНДУШЕВ е роден 1914 год. во село Роби, Мала Преспа (Грција) во земјоделско семејство. Основно образование завршува во родното село. Од октомври 1940 до април 1941 год.
во грчката армија се бори на првата линија против Италијаните во Албанија. Во 1943-1944 год. активно се вклучува во движењето за ослободување и го помага. Во 1944 год. остана инвалид од десната рака од експлозија на бомба. Во Граѓанската војна во Грција, од мај 1947 год. активно се вклучува во редовите на ДАГ и се бори се до нејзиниот пораз.
Во август 1949 год. заедно со други припадници на ДАГ преминува во Албанија, а оттаму се префрлува во НР Полска.
Таму, во почетокот работи во земјоделско стопанство, а есента 1950 год. се вработува во ф-ка за машини за рударството, во градот Ваубжих. Овде вонредно завршува среднотехничко училиште, машински отсек, истовремено работел како технолог. Како Македонец, копнеел за родниот крај.
Во Југославија доаѓа во 1956 год. Во Битола се врабоува во Ф-ката за фрижидери “Георги Наумов”, каде работи како технолог. Во 1962 год. преминува во “Металец” – Битола и работи како шеф на техничка подготовка и производство. Овде е награден со Орден на трудот со сребрен венец. Во 1971 год.
преминува во Струга и работи како шеф на технолошко одделение и производство во Ф-ката за емајлирани производи “Борис Кидрич”. Во 1976 год се пензионира.
СЕГАШНОСТ И ИДНИНА ВО СТОПАНСКИОТ РАСТЕЖ НА ПРЕСПА ПРЕСПАТЕКС Текстилната фабрика “Преспатекс” своите први чекори ги започна во 1958 година, како мала шивачка работилница, со 18 работници. Ентузијазмот на вработените и желбата да се успее овозможи постојан подем. За десетина години развој и напредок таа прерасна во една од најпознатите текстилни фабрика во Македонија за производство на вештачко крзно со нова технологија на производството. Денеска производниот капацитет на оваа најголема фабрика на подрачјето на Преспа изнесува десет милиони м вештачко крзно и 1.200 тони годишно полипропиленски влакна.
Со модерна технологија и современа организација на производството, како работна организација, во составот на оваа фабрика влегуваат четири ООЗТ и тоа: Крзнара, Конфекција, Хемиски влакна и Работна заедница Заеднички служби.
Во 1982 година, како посебна ООЗТ, кон неа се присоедини Туристичката населба “Отешево”.
По основни организации Преспатекс ги има следните видови производи:
1. Во ООЗТ Крзнара
- поставно крзно за конфекција,
- крзно за чевларска индустрија,
-декоративно крзно за домаќинството,
- крзно за изработка на детски играчки,
- крзно за изработка на машки и женски бунди,
- крзно за изработка на автопреслеки,
- флиз – вата за постава на разни конфекциски производи и за примена на индустријата за мебел.
2. Во ООЗТ Конфекција
- детска конфекција
- женска конфекција,
- автопреслеки,
- ХТЗ-опрема
- болничка опрема,
- работни облеки,
- готвачко-пекарски работни облеки, мантили и друго.
3. Во ООЗТ Хемиски влакна
- ПП-влакна со намена за сите подрачја на текстилната индустрија,
- ПП-рафија,
- амбалажна ПП-ткаенина,
- ПП-вреќи.
4. ООЗТ – Туристичка населба Отешево, располага со хотели од Б-категорија со вкупно 750 легла, а во својот состав и ловен резерват, ски-лифтови и жичница како составен дел на зимскиот туристички центар.
Позната и призната како една од најголемите и квалитетни производители од ваков вид во нашата земја и Европа, РО “Преспатекс” – Ресен своите реномирани производи ги пласира на домашниот пазар и во 17 други држави.
Претставништва на “Преспатекс” се наоѓаат во Скопје, Бања Лука, Љубљана и други места во СФР Југославија.
Развојните планови на “Преспатекс” се насочени кон проширување на постојните капацитети, зголемување на производството, добивање нови видови производи преку усовршување на технологијата врз основа на употребата на научните достигања и во оваа индустриска гранка.
АГРОПЛОД Пулсот на постојаниот растеж на младата индустрија во општината Ресен најмногу се чувствува низ неколку индурстиски капацитети. Меѓу нив посебно се истакнува индустрискиот комплекс на Работната организација “АГРОПЛОД”, позната по своето производство и преработка на прехранбени производи и промет со увоз и извоз на стоки.
Во составот на оваа општопозната и ширум земјата реномирана работна организација се наоѓаат пет ООЗТ и работна заедница.
1. Во ООЗТ Прехранбена индустрија се инсталирани шест производно-преработувачки линии, кои, секоја за себе, претставуваат посебни фабрика, а тоа се:
- за преработка и пакување на кафе;
- за преработка и пакување на кикиритки, разни зрнести производи и зачини;
- за производство на Ресана-бисквит, со разни вкусови на желе и чоколадирани;
- за производство на снек-производи, чипс, флипс, реско и помфрит;
- линија за миење, лупење, печење, мелење и гранулирање на разни зрнести производи (лешник, бадем, кикиритки и друго).
Годишниот капацитет на оваа ОЗТ изнесува 15.000 тони разни прехранбени производи.
2. ООЗТ Живинарска фарма. – Фармата располага со капацитет од 240.000 носилки со годишно производство од СТА 5.000.000 конзумни јајца.
Во рамките на фармата има погон за тов на курпен добиток ССА 3.000 грла јунци.
Фармата располага и со сопствено стадо на овци од 600 грла.
3. ООЗТ Овошен насад со ладилници. – Оваа ООЗТ располага со 1.000 хектари површина под овоштарници, вишнов насад, лозја и други плодни површини – ниви и пасишта.
Организацијата располага со современ ладилник со нормална и контролирана атмосфера, со капацитет од 1100 вагони.
4. ООЗТ Агроплод-промет. – Оваа ООЗТ, покрај дирекцијата во Ресен, има раширена прометна мрежа на претставништва и стоваришта во Скопје, Белград, Загреб, Сараево и Љубљана.
Покрај тоа, врши промет во земјата и во странство.
5. ООЗТ“Преспатурист”, - располага со хотели, ресторани, киосци, кафеани во Ресен и некои населби, нов хотел во Труистичката населба “Претор” и новиот автокамп во с. Крани на источниот брег на Преспанското Езеро.
Производите на “Агроплод” – Ресен се нашироко познати и мошне барани во нашата земја. Тоа, и употребата на современа технологија на производство и организација во работата се најдобрата гаранција за натамошниот растеж на овој перспективен индустриски комплекс, што напоредно претставува и гаранција за подемот и на општината Ресен.
ИПОЗ “ПРЕСПА” Работната организација Индустрија за преработка на овошје и зеленчук “Преспа” (ИПОЗ “Преспа”) со седиште во Царев Двор, Ресен е помлада индустриска гранка. Со редовно производство за домашниот и странскиот пазар почна да настапува од 1984 година.
Нејзината основна дејност е преработка и конзервирање на овошје и зеленчук, а дополнителна дејност – производство на ракија и сточна храна, како и промет со земјоделски машини, алатки, вештачко ѓубре и друго.
Најзастапена суровина што се преработува е јаболкото, а потоа вишна, праска, кајсија, боровинка и друго. Финалниот производ
– концентриран сок од јаболко, застапен е со 70% од вкупното производство. Тој е наменет исклучиво за извоз на конвертибилното подрачје, а останатите бистри и кашести сокови се пласираат на домашен пазар.
Фабриката, во текот на една година, преработува околу седумнаесет илјади тони суровина, од кои петнаесет илјади тони отпаѓа на јаболка и од тоа се добива околу 4.500 тони концентрат и сок.
ИПОЗ “Преспа” работи на база на најсовремена технологија во производството од оваа индустрија. Благодарение на високиот квалитет на нејзините производи, тие мошне успешно се пласираат на домашниот и странскиот пазар. Нејзиниот физички обем на производство годишно се зголемува за околу
15%.
Во својот развоен план фабриката е свртена кон збогатување асортиманот на производите и зголемување на постојните капацитети за преработка, а со тоа и на производството.
Прочуеното преспанско јаболко, квалитетот на производите и нивната побарувачка на пазарот се најдобрата гаранција за успешниот од на оваа фабрика.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/prespa-vo-plamen-i-chad/16 на 29 октомври 2026