Front Matter - Part 07
Гледањето оддалеку ни беше и натаму неопходно, зашто немавме многу поволни услови за средби. Иако знаев дека тоа често го прави од внимателност, ако подолго не излезеше, сепак ми беше тешко. Каде е? Зошто го нема! Се плашев дури и од измислените можности дека сретнал, нашол некоја девојка, млада, слободна, без никакви мачни проблеми, ја засакал... Па тој, сепак, не е женет...Би имал право...
Еднаш ми беше споменал дека има некаква врска од порано, со студентка, но дека тоа е нешто што не е засновано на чувства...
љубов... Бидејќи таа девојка никогаш не бев ја видела, ниту пак тој одеше некаде откако ќе се вратеше од работа, речиси и да не бев обрнала внимание на тоа што ми го кажа. Ми припаѓаше мене и дење и ноќе ... Со целото свое битие. Постојано присутен за мене. Јас за него.
Најголемо мајсторство беше да се избегнат љубопитните погледи на сосетките, да се измамат. Но повеќепати не бевме во можност да мислиме на нив.
Најтешки моменти и за него и за мене беа кога мојот сопруг остануваше дома. Едвај скришум ќе се мушнев до балконот или прозорецот да го погледнам, ризикувајќи да бидам забележана од маж ми. Измислував севозможни работи што, ете, божем морам да ги работам таму. Или едноставно ќе го отворев прозорецот, како за да влезе свеж воздух во собата, и ќе застанев тука покрај него. Маж ми секогаш имаше иронична забелешка и го сметаше многу примитивно секое појавување пред соседите во домашен фустан, дури и поскромно облечен.
Затоа во тие моменти секој час го очекував неговиот потсмев, што не можеше многу да ме засегне.
Мојот сопруг и јас ретко излегувавме заедно. Можеби тој тоа намерно и го правеше за да ми каже дека не ме смета достатно репрезентативна за него, а можеби поради преголемата ангажираност на работа. Јас и не знам дека имаше некакво друштво, освен кумовите и еден лекар со кој беше студирал заедно.
Сепак, една вечер, речиси како да ми прави посебна чест, ме поведе на роденден на синот на нашите кумови.
Убаво се облеков и толку сакав тој, мојот љубен, да ме види кога ќе излегувам од куќата. Верував дека низ отворениот прозорец во нашата дневна соба веќе беше ја забележал мојата невообичаена забрзаност и ме очекува.
Излеговме. Го пуштив маж ми чекор пред мене, за да можам да ја кренам главата и погледнам во него. Тој стоеше дискретно на прозорецот. Беше тажен. Никогаш порано не го бев видела така тажен.
Немав смелост да се свртам, но бев свесна дека тој ќе го чувствува моето полусвртено лице и ќе знае дека е свртено кон него, единствено нему.
Јас целата. Вечерта поминавме со големо друштво, кое се беше насобрало на роденденот кај кумовите, доста пријатно.
Никогаш не сакав да им допуштам на луѓето да се загледуваат во мојот живот. Така, и овој пат се обидов да оставам впечаток на жена средена, сосем задоволна.
Се враќавме дома. Молчеше. Секогаш неговото молчење го сметав за последица на нешто што ми забележува, или измислува за да ми забележи.
Уште оддалеку погледнав на балконот каде што секогаш го наоѓав тој што го сакав, иако знаев дека е премногу доцна и верував дека одамна спие. Ќе му се здодееше да чека толку многу часови, иако би се обидел да го направи тоа.
Кога ја забележав неговата силуета во полутемнината на балконот, сметав дека навистина халуцинирам, токму затоа што кој знае колкупати го гледав на него, да ме чека, да копнее за мене.
Тој навистина беше таму. Му покажав, со само за него видлива и разбирлива мимика на лицето, можеби движење на телото, дека го видов... и знаев, тој поради тоа беше среќен. Бескрајно среќен, како да бевме на состанок... љубовен... па тоа и беше наш најголем состанок.
...Како можев да не излезам на балконот, или да не ѕирнам низ прозорецот, откако се вративме со маж ми, влеговме во куќата и запаливме светлост, кога знаев дека толку долго ме чекал, толку многу само за да ме види како ќе поминам покрај куќата, иако заедно со мојот маж.
Сакав да излезам на балконот, иако е толку доцна што маж ми би можел да рече некаква остра забелешка, или уште нешто повеќе, да се посомнева во мене.
Сепак, откако се облеков набрзина, го зедов костумот на мажот и четката и брзо излегов на балконот за да го исчистам и божем веднаш да го ставам во шкафот.
– Зар е тоа неопходно сега? – го слушнав неговиот нетрпелив глас од собата.
Всушност, тоа веќе не беше ни важно – тој, мојот, единствениот, беше тука и се видовме... И да знае дека, еве, јас не можам да заспијам а да не му кажам дека сум таму... кај него... со него...
Откако ја слушнав, како низ сон, забелешката на маж ми, смислено реков:
– Добро, ако ти пречи тоа ќе го направам утре, мислев веднаш да го сместам во шкафот. Влегов и ја затворив вратата. Мојот маж беше задоволен.
Следеа денови и ноќи, се поубави и се помачни.
Никогаш нема да ја заборавам една страшно напната ризична ноќ. Слична на сите, а сепак можеби не сосем...
Таа ноќ прегазив се што беше установен ред на животот... Сето тоа што беше „морално“, и дури определено со правото напишано во законите.
Бев сама во куќата. Децата ги беше зела баба им кај неа. Тетка ми одамна спиеше. А мажот телефонира дека ќе остане во болницата се до утрото.
Тоа сето му го реков нему, на мојот сакан, му го реков во една кратка средба, во неколку збора пречекувајќи го кога си доаѓаше од работа.
Одамна сијалиците примижуваа низ градот.
Не знам колку долго стојам прикриена од пердето на спалната соба, а тој од другата страна, осамен и привлечен за мене во таа вечер повеќе од секогаш.
Ме викаше со целото свое битие, со се што разбиравме единствено ние двајцата... се ме влечеше кај него... Лебдев во тој простор меѓу него и мене, така малечок, а толку голем...
Би плачела од невозможноста да се воздржам да не отидам кај него, и од сознанието дека тоа не смеам, дека е тоа ужасно голема опасност... А ако се измени нешто и маж ми си дојде дома?
Се ближеше полноќ. Ми вриеше во мозокот...
Одеднаш сфатив... бев победена, тоа другото беше појако од мене. Па јас го сакам... него... има ли поголемо правило за живот, посилна вистина – го сакам... што тоа измислувате вие луѓе?
Чекав само да се изгасне светлоста во сите соседски прозорци.
Јас морам да одам таму... Тој ме вика... љубовта ме вика...
Одев пргаво, прво по нашите скали, на улица, брзо трчајќи го изминав просторот од на шата до нивната зграда и како балерина, бестелесна, едвај ги допирав скалите со врвовите на прстите, навистина лебдев, слична на дух... таму кај него.
Ме носеа по куќата толку силните, толку нежните раце на љубениот. Имаше во нив илјада тонови и различни треперења во нивните допири. Тоа беа треперења што ги познава само сакањето. Знаев, за секое делче од моето тело, дека постои само за тоа што ми го рекоа неговите раце со нивното потреперување, неговите усни само со ним можните движења и форми, искажувајќи љубов, и очите бескрајно длабоки, и нежни, и топли... Душата не би можела да бара поголеми посредници од очите за да ги изрази чувствата.
Лицето му се разлеваше во бескрајна благост, очите стануваа синкави... сосем сини, а усните една бесконечна желба...
Тоа не беа вистински допири... тоа љубовта ми дишеше, мене одбраната, преку неговите усни во мојата коса, по лицето, очите, усните...
Тогаш ќе побараше да му ја обвиткам главата со мојата рака и да го земам како дете, онаков голем, да го галам по косата, успивам... и полека да си одам, тој да не слушне, да не види, да го задржи самозалажувањето дека останувам. Па јас и останував тука кај него, со него... негова...
Кога си тргнав кон дома, веќе длабоко во ноќта, дури и не брзајќи, имав чувство на тапа рамнодушност, помиреност со сето тоа што ќе дојде, што би можело да се случи, ако маж ми дошол, ако е дома.
Има такви моменти во животот, толку бескрајно совршени и толку полни, доволни сами на себе, како навистина во нив да е содржана смислата на живеењето, и ти си ги доживеал, што ти станува сеедно што ќе се случи потоа, сосем сеедно, па дури ако тоа биде и некакво конечно исчезнување.
Ја отворив вратата, тивко, за да не ја разбудам тетка ми. Видов дека него, маж ми, го нема. Можеби подобро би било да е тука.
Еднаш за секогаш да му кажам дека јас вака не можам... да живеам лажно... Дека ми е доста тоа негово наметнување и мое тормозење. Да му ја покажам вистината и убавината на моите очи кога бесконечно сакаат, што во овој момент навистина не би можела да го скријам. Еднаш да ги погледнеме реално работите, без ова така установено долгогодишно лицемерство.
Го немаше. А сепак можеби е подобро – заради децата...
Никогаш нема да бидам достатно силна да го нарушам нивниот безгрижен свет на детството, можеби најмногу поради мојот така убав свет што го носам во душата како – мое детство.
Спиев во некакво бунило, во полусон.
Тетка ми беше намислила да ја издаде едната соба, што имаше и посебен влез, под наем на некој станар, зашто навистина стоеше неупотребена. Дадовме оглас во весник.
Ме уплаши идејата на мојот љубен да дојде да живее во нашиот стан. Во станот на мојата тетка. Тој и таму каде што живееше беше потстанар.
Како да се спротивставам, но и како да се согласам? Едно такво решение повлекуваше голема човечка одговорност и за него и за мене. А како да ја испуштам единствената можност да бидеме секојдневно еден покрај друг... да се радуваме и бескрајно да страдаме.
Сепак, решивме како што моравме...
Еден ден, држејќи исечок од весник, тој заѕвони на нашата врата.
Излегов да отворам. Маж ми седеше во претсобјето и читаше весник.
– Простете, Ве молам, – рече, – ја барам госпожата... – и го изговори името и презимето на мојата тетка, – во врска со огласот за стан.
– Повелете, – реков, плашејќи се и од најмало потреперување во мојот глас и го воведов во собата кај мојата тетка.
Ја затворив вратата и, борејќи се да останам совршено спокојна, влегов во собата кај децата. Тие го влечеа мачето, едниот за уво, другиот за нога. Јас ги скарав.
Ме погледнаа со сериозни очи и веднаш го пуштија, а јас веќе целата се претворив во уво да слушнам кога тој ќе излезе.
Срцето силно ми чукаше кога чув дека тетка ми му го претставува во претсобјето на маж ми и вели:
– Господинот ќе премине кај нас на стан, условите каде што живее не му се поволни за работа, а јас сакам да ја издадам онаа соба што толку време стои празна.
Мојот маж суво го рече своето презиме и едно конвенционално „мило ми е“. Знаев дека тоа ќе биде единствената негова реплика за неколкуте идни месеци или една година што ќе му ја каже на тој „господин“. Му претставуваше посебно задоволство луѓето да ги држи на оддалеченост, секако за да ја истакне својата посебна вредност.
Тоа во овој момент најмалку ме загрижуваше. Значи, од утре почнува еден уште поубав и уште потежок дел од мојот живот.
Имав чувство дека личиме на тореадори кои влегуваат во арената свесни за постојната можност да бидат смртно прободени, а сепак не се повлекуваат поради совршените привлечности на играта на животот и смртта.
Животе, зошто уште повеќе ме распнуваш... зар требаше толку немилосрдно да ми ја покажеш така јасно различната сушност на овие два мои живота, до невозможност различни, а ете и двата неопходни и двата постојни?
Знаев дека за мене, и уште повеќе за мојот сакан, сето ова ќе биде само едно големо страдање. Ја сфаќав целата сериозност на улогите што си ги зедовме и очајниот пркос во нив, кон судбината, или само застојаните така тешки форми на животот.
Конвенционално добро утро... или добро утро ми... мили, и се во него, и нежност и топлина – тоа се две можности од денес за нас двајцата во зависност од ситуацијата.
Брзо немо гушнување, полно со ризик и опасност... или долго милување... краткотрајно и бесконечно...
Музика во претсобјето, таа што тој сака да ја слуша, и ќе ја слуша низ полуотворената врата, знаејќи дека јас сум ја одбрала за него... фустан што тој го сака. Цвеќињата во неговата соба...
црвени цвеќиња... Нему...
...Тука, во овој наш стан, набрзо откако тој се досели, за првпат ја видов неа. Првпат кога дојде. Го посети доста здржано, сериозно, со сите се поздрави, дури и несмело. Брзо си отиде.
Уште тогаш го прашав – зошто таа? Зарем има место за неа тука, меѓу тебе и мене?
– Таа и го нема тоа место, – рече. – Гледај на тоа како на некоја сосем безначајна работа.
Така и направив...
А и мислев: како можев и поради тоа нејзино краткотрајно доаѓање, присуство кај него, кај него, така да му префрлам... Зар јас си дозволив да му префрлам нему, кој толку многу можеше да поднесе... сето тоа што ми тежеше мене, целото мое семејство, кое постојано, упорно, ме одвојуваше од него...
...Колку ли горчливо беше неговото сознание кога лежеше, дури и мораше да заспие, тука веднаш, покрај мене и мажот заедно...
И моите деца, како нешто поважно, над се, над него, мојата љубов... А сепак ме сакаше бескрајно... Ни еднаш не се уплаши... Како можев да му ја забранам таа речиси невина посета, која сепак е некаква негова обврска, од порано, колку што можев јас да сфатам.
Но не... не можев да се помирам... тој не е обврзан да биде со неа како јас, мојата обврска... Сепак, зар ангажираноста е нешто само со право установено?...
Повторното нејзино доаѓање, кога таа остана да спие, кога спиевме заедно со неа во иста соба, на мое барање, за да не спие кај него, едвај го преболев. Таа сепак постоеше. Но и тогаш, веднаш откако си замина, не го сакав помалку. Тој беше за мене во истиот оној момент кога ми ги подаде рацете, откако ја испрати на станица, уште еднаш повторно враќање во живот...
Како ќе можев инаку без неговите раце, усни, очи, натаму во животот?...
* * * Седевме во претсобјето. Тој и тетка ми и јас. Не честеше со чоколадни бонбони за добиената награда на еден конкурс за проект на библиотека. Јас ги знаев сите подробности од проектот, и кога почна да работи на него и кога го заврши.
Заедно со него со нетрпение го чекав резултатот од конкурсот и бев толку многу среќна што успеа.
Некој заѕвони. Тетка ми и јас се бевме заприкажале. Тој отиде да отвори.
Таа влезе пак онака полека, тивко. Се поздрави љубезно со нас и веднаш се упати кон неговата соба. Тој послушно, сосем збунет, по неа.
Беше вечер. Тетка ми поседе уште малку и си отиде во нејзината соба. Јас каде?...
Мили, можеби не ќе беше се така страшно ако вратата од твојата соба не останеше полуотворена и јас не седнев во тажното претсобје, покрај тоа тажно радио.
Прво, мили, знаеш, бев само среќна што те гледам во него, во стаклото од радиото на кое беа испишани имиња на главните градови. Те гледав во него... знаев, тука си некаде, покрај мене, иако е таа со тебе... Јас бев среќна, сепак те гледав! И се до тој момент кога таа ти ги подаде рацете нежно, желна за тебе.
Прво ти ја помилува по косата, по лицето, па таа те привлече кон себе. Ти некое време стоеше неподвижен, како да се бориш сам со себе. Потоа ја бакна, ја погали по косата...
Ве гледав и двајцата, во тоа, за мене ужасно, милување. Ја следев секоја и најмала промена во изразот на твоето лице, движењето на рацете, усните...
Зошто не си отидов оттаму веднаш, мили, зошто не станав...
избегав... Да ме снемаше...
Не... не можев, не можев, мили. Останував, свесно, намерно налетував на ножевите што длабоко ми се забодуваа во срцето...
а јас одев и одев на нив се повеќе и повеќе, се подлабоко и подлабоко, до целосно искрвавување...
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/butterfly-mac/7 на 29 октомври 2026