Front Matter - Part 03
Утредента знаев дека така сум заспала, а мајка ми не сакала да ме разбуди. Сега сепак ми беше полесно отколку синоќа да ја сочувам присебноста и да најдам компромис за својот изглед.
Брзо појадов и со ученичката чанта истрчав на улица.
Најважно за нас беше првиот ден во училиштето да најдеме доволно сили, да го пречекориме прагот на училницата.
Проблемот се реши со самото тоа што избегнувавме да гледаме еден во друг. Првпат откако сум во училиштето не бев во состојба да следам ниту еден збор од тоа што го предаваа професорите во времето од неколку часа. Си бев доволна сама на себе, со тоа што ја исполнуваше мојата душа и сето друго го сметав за одвишно, нешто што на некаков начин би ја намалило мојата радост.
За среќа, тоа не траеше повеќе денови. Бевме веќе на крајот од учебната година. И секој час беше напорен и решавачки за завршниот успех.
Потоа, се што ни се случуваше беше прекрасно. Се беше заедничко, наше, и учењето и прошетките, животот. Дури се договаравме да носиме блузи со иста боја, облека.
Веројатно поради сопственото чувство на среќа ми се чинеше дека сите ни се радуваат кога ќе не видеа заедно, исти, сродни, вљубени. Со месеци и месеци.
Поверував во сите филмови за среќна љубов и романи што пишуваа најубаво за љубовта. Во тој занес бев готова на чуда, подвизи. Ми се чинеше дека ќе создадам грандиозни дела во мојот живот што доаѓа...
Крајот на учебната година веќе беше тука.
Долго се боревме меѓу желбата да останеме заедно преку летото, да не се разделуваме, и чувството на должност да отидеме на работна акција по завршувањето на учебната година.
Стоеше блед, нажален, покрај возот што требаше да не однесе на работна акција. За првпат остануваше без мене по нашето зближување, макар и за кусо време. Нешто ми ја стегаше душата, срцето. Сепак, бев свесна дека ми беше должност да решам. Морам да ја поднесам таа жртва, не можев да се одделам од она цело што го претставуваше мнозинството на нашиот клас.
Не смеев да се расплачам, не, заради мајка ми што стоеше покрај него, можеби и не помислувајќи дека тој е тука за мене, само заради мене, нејзината „малечка“ ќерка.
Не смеев и заради останатите другарки, затоа што тоа беше само женска бригада. Тој со својата бригада ќе тргне по два дена на друго работилиште. Така беше распределен.
Возот тргаше полека, речиси несигурно. И се насмевнав на мајка ми и веднаш потоа нему, на неговите... моите очи, усни, единствени раце...
Ме гледаше во тој последен момент како исчезнувам во вагонот од возот, како да ме губи засекогаш.
Првите денови на работилиштето ми се влечеа едвај, премногу бавно. Пошта за мене неколку денови немаше...
Никому не му ја открив болката, не се дове рив. Не знам зошто, дали беше тоа некаков егоизам, желба сама за себе да го зачувам сето тоа што беше така убаво, кон другарките станав недоверлива. Но тие многу добро ме познаваа и знаеја што ме тишти.
Дотрчав доаѓајќи од работа во бараката само за да ја земам крпата и да одам да се измијам. Бев гладна и сакав што побрзо да стигнам во трпезаријата. Во истиот час другарките ме заобиколија и сите во еден глас ми рекоа дека сум добила писмо. Синото плико стоеше таму, под мојата перница, тие го беа ставиле таму, драго, неподвижно; некако се плашев да го отворам. Тоа нема да го направам пред другарките, ќе се скријам некаде сама со него.
Очите брзо одеа по редовите голтајќи го секој збор до најмалечката запирка. Ми се чинеше дека ниту еден љубен не и напишал на љубената такви убави зборови. Го бакнував, гушкав, милував писмото, потскокнував од радост.
На сите им беше јасно, и на дрвјата, и на ливчињата, и на птиците... Бев среќна, сакана. Едвај што не викнав гласно... го сакам.
Потоа тргна моето писмо кон него. И пак нетрпение и исчекување. И секој ден растегнат во бесконечност – се до неговото ново писмо.
На работилиштето вриеше како во кошница. Сe стекнуваа познанства, стануваа незаборавни средби. Се врзуваа животи.
Сето тоа минуваше покрај мене. Сето, освен работата, од која не се плашев, наоѓајќи во неа единствен начин што побрзо да минат деновите. Некакво механичко движење, со една голема можност да работиш и истовремено да се сеќаваш и да се враќаш на се што ти е блиско, што нераскинливо те врзува за него, мислејќи дека твојот живот почнал тогаш кога си ја сретнала и запознала својата прва љубов.
Бев затворена за се вон од тоа мое повторно доживување на она што стануваше меѓу нас двајцата, и бев среќна поради тоа. Тоа беше се.
Читајќи го писмото што не одделуваше само неколку денови од повторната средба, не знаев што да сторам од радост. Го беше испишал точно денот и часот и местото каде повторно ќе се сретнеме. Тоа беше едно прекрасно место во големиот Градски парк што го присвоивме. Беше само наше, и секогаш кога во тоа заградено од грмушки место ќе најдевме некоја друга млада двојка, ги сметавме за неповикани, бесправни корисници.
Сепак, моравме да имаме трпение додека доброволно си одат, за да отидеме до нашето сакано катче.
Беше вистински настан за мене доаѓањето на работилиштето на еден негов најдобар интимен другар, кој заправо тукушто се беше разделил од него, зашто доаѓаше од нивното работилиште.
Толку сакав да го слушам да ми прикажува. Како да ми пренесе дел од моето момче, кажувајќи ми подробности, за тоа какви се условите на тоа друго градилиште, како тој, мојот другар секогаш до доцна во ноќта му зборувал за мене, мечтаел за нас, за нашата повторна средба...
Овој негов другар одеше по работилиштата да прави нацрти на некои предмети – слики од работните акции, зашто беше ученик во уметничкото училиште.
Верувам дека веќе му бев досадила со распрашување, иако тој ме убедуваше во спротивното, како и тој самиот да сака да ми прикажува, и пак ги потврдуваше подробностите, а јас слушав, тивка, среќна, се пренесував во неговиот логор, во бараката каде и таа ноќ ќе спие.
Беше вечер. Седевме покрај логорскиот проштален огин, што ги осветлуваше нашите лица со руменило и му даваше на целиот тој крај некаков фантастичен изглед, моќ, пркос, сјај. Зад тоа настапуваше непровидна темнина. Се играше весело шумно оро, а потоа танц.
Дури и ѕвездите беа отстапиле пред тој блесок, разубавена младост, со дремливо трепкање се беа повлекле во своите соништа.
Седев на еден камен, на таа горска ледина, стуткана, обземена со топла тага. Ми се чинеше дека единствено огинот со својот блесок може да ми продре во мечтите скриени во очите, и среќата за она што ќе биде утре, за повторната средба.
Изгледа неговиот другар, тој мал уметник, фантаст, подолго ме беше викал без да добие одговор, така што бил принуден да ме повлече за рака.
Се насмеав. Ме викаше да танцуваме. Не знам зошто, но и тој најмал израз на веселба без него, моето момче, ми се стори вон од моите желби и чувства. Не станав да играм. Се што не беше тој, мојата љубов, ми беше одвишно... во некаква смисла не постоеше.
* * * Ни сега не знам колку успеав да се поздравам со мајка ми и татко ми, но знам дека уште еден час порано бев на местото на состанокот.
Не чекав многу. Ми доаѓаше во пресрет по една долга алеја послана со жолти умрени лисја. Сета бев само трепет. Се стрчав со леснина и брзина на срна и се вовлеков во џбуновите, не за да го измамам ловецот, ами да го привлечам кон себе.
Колку што можев во таа брзина да забележам, беше ја облекол меката блуза со бордо боја, што многу ја сакав. Руси праменчиња од кадравата коса му паѓаа до веѓите, истакнувајќи го синилото на очите, уште повеќе изразено на чоколадната боја на исончаното лице.
Срцето толку силно ми чукаше што ми се чинеше дека тие отчукувања ќе ме откријат и секој момент очекував да ме зграби, гушне и понесе во прегратка.
Од возбуда и некаков страв поради сето тоа прекрасно, немав смелост ни да ја подадам главата.
Одеднаш, повеќе потсвесно, сфатив дека покрај грмушката каде што се скривав тој помина со спокоен, одмерен, дури бавен чекор, кој се повеќе се оддалечуваше.
На почетокот си помислив дека само се преправа оти не ме забележал и очекував секој час да се насмее со онаа силна громогласна несовладлива смеа, како што единствено тој можеше да се смее, и потрчувајќи наназад да ги рашири грмушките и да ме открие.
Кога станав, неговата силуета едвај се забележуваше на крајот на алејата. Не можев да поверувам дека сум се излажала.
Сигурно тој не ме забележал, но зошто одеше таму, кога нашето место на состанокот заправо беше овде.
Се стрчав и наскоро го стасав. Кога се сврте, видов дека не е мојот сакан. Навистина не беше тој и не можев да сфатам како е можна таква голема сличност.
Сето тоа ми изгледаше толку невистинито, што и ден денес понекогаш си помислувам дека беше само моја халуцинација.
Времето минеше. Со тажно лице и едвај чујни чекори газев по 60 61 жолтите умрени лисја, неспокојна поради тоа што се случи и некако како претчувствувајќи нешто лошо. Не знам ни колку време помина, колку долго останав на тоа исто, наше место... Него го немаше ни доцна, во квечерината, кога се враќав дома, сама, без надеж, како тие жолти попаѓани лисја.
Лежев во својата соба на креветот во темнината, со солзи од тага за првпат во моите очи, од горчина, од очај. Што би можело да се случи... Дали постојат работи што би го спречиле да дојде кај мене...
Тогаш рипнав со една голема надеж, што наеднаш ме исполни со енергичност – тоа беше спасоносна мисла – можеби неговата бригада се уште не пристигнала. Тоа единствено можеше да го знае неговиот другар, „уметникот“.
Бев веќе на улица. Брзав со надежта и стравот истовремено во срцето. – Што се случило? Прво што ме скамени, најдувајќи го неговиот другар, беше нешто што во истиот момент не можев да го сфатам. Избегнуваше да ме погледне во лицето.
Го заколнав да ми каже што се случило со него, помислувајќи на најлошо, дури и на несреќа.
Долго молчеше. Сфатив дека го влечам за раката, грубо, дури насилно, со една единствена желба што и да е веднаш да ми каже, да проговори.
Првата вистина што ја чув, дека моето момче си дошло со неговата бригада и дека ништо не му се случило, ми го блокира мозокот. Тогаш допре до мене како „уметникот“ ми зборува дека мојот другар ми е лут за нешто, дека слушнал од некого за некаква моја изневера, и дека тој не може да премине преку тоа.
Во тоа бунило, ако го разбирав кажаното, тоа се однесуваше на мојата верност кон него.
Не можев да поверувам. Се, само тоа не... тука немојте да гибате... не дозволувам. Солзите ми пречеа да чекорам. Се влечев како ранета ѕверка, како некој немилосрдно крвнички да ми го беше извадил срцето и јас ги живеам последните моменти. Немаше ни трага од немирната срна што пред малку се криеше во грмушките.
„Уметникот“, секако загрижен поради мојот невозможен изглед, потрча по мене. Бегав не знаејќи и самата каде. Ни со едно делче од сопственото битие не можев да го примам тоа страшно неправедно обвинување. Се се бунеше во мене.
Стрелата беше премногу заситена со отров.
Но, тоа е невозможно, тој такво нешто да помисли, да поверува
– си повторував сама за себе по стотина пати... на сите би им викала дека тоа е невозможно... Зар тој... Ќе ги раскинам своите гради и на сите ќе им покажам – јас го сакам, го сакам повеќе од се, повеќе од себе, од животот! Не, немојте да ми го одземате, и тоа така подмолно, на таков низок начин... Кој е тој што ме нагрди, ги извалка моите бескрајно чисти, совршено кристални чувства кон него. Ќе ве молам, ќе се понижам, бидете великодушни, поштедете ме... само оставете ми го него, оставете ми го тоа што така неодамна, не пред многу време, се роди во мене, како нешто незаменливо... Вратете ми ја мојата љубов. Вие, зар не сфаќате дека кревате рака на мене, на мојот така млад живот? Немојте да ме уништите...
Неговиот другар ме влечеше, викаше. Ме молеше да тргнам со него, ќе одиме кај моето момче, тој ќе го повика. Ќе разговараме... Да разговараме – таа мисла ми го пробиваше мозокот.
Зар разговорот не е завршен... Тој ме осудил... разговарал еднострано. Јас во неговите очи дури сум недостојна за еден разговор, едно објаснување. Зошто тогаш да одам кај него? Тој своето срце го затворил за мене...
Сепак одев со „уметникот“, влечена потсвесно од таа малечка нишка светлост, малечка надеж. Бев сосем малодушна, бев изгубила и најмала можност за отпор поради ваквото до невозможност, до апсурдност невистинито обвинување, и секако поради тоа и една голема апсурдност да се докаже, да се побие таа невистина. Најмногу од се ме печеше горчливото сознание дека тој, мојот мил, поверувал во неа... Во некаква ужасна лага!
Каде бев јас, мојот лик, твоето чувство кон мене да те спречи да ја примиш како вистина таа безочна лага? Непобитен факт беше дека сето тоа е сепак така, и уште повеќе затоа ја чувствував совршената ненужност на моето одење кај него... нешто во потсвеста ми зборуваше да не го правам тоа, да одам кај него, ме враќаше назад... Сепак одев...
Што да ти кажам ако излезеш? Како да те разубедам... јас, така немоќна, со мали зборови. Можеби сепак вистината ќе ми ја прочиташ во очите... ти порано неа секогаш ја бараше во нив.
Во тие неколку моменти, додека „уметникот“ влезе во куќата каде што живееше моето момче, да го викне, не го чувствував своето постоење. Ми се чинеше дека ќе ми се распрснат сите делови од моето тело.
Заправо замрев кога го видов „уметникот“ да доаѓа сам.
Сфатив... не сака да излезе. Не бев сигурна дали ја чув до крајот реченицата што ја изговори „уметникот“, но толку силно се стрчав по улицата, што нему му беше невозможно да ме стигне.
Зошто се уште постојам... зошто не исчезнувам... Животот за мене натаму губи смисла... мечтаев... заедно... за цел живот... Не сакав да живеам без него во мојот живот...
Каде? Дома, ваква, не можев, не смеев... сепак, таму беше единственото место каде што бев заштитена од сите погледи и шумови... Ми се чинеше – тука е крајот... се чувствував излажана, ограбена... ми го зедоа најсветото од мојот живот.
Зарем ти им поверува кога ме клеветеа, мили? Зарем толку лесно те излажаа? Ти не знаеш, и можеби никогаш нема да сознаеш, колку горчливо те излажале...
Како не си се борел ти, љубов моја, со сето тоа што го доживеавме јас и ти, што не понесе на крилја...
Како не им се развика да им кажеш дека тоа е невозможно, дека ти мене, единствено ти ме познаваш... Се сеќаваш како ме запознаваше во убаво немо молчење, во треперливо држење на рацете, во најтопла и најчедна прегратка, во срамежливо љубење... Не, мили, не си смеел да им позволиш да те излажат...
ти имаше посилни аргументи... Кој те излажа дека таа, таква, страшно убава љубов може одеднаш да исчезне... Тие ја газеле, ја валкале пред твоите очи, а ти тоа си им го дозволил. Зошто не беше доста силен да ја заштитиш?...
Влегов незабележана во куќата, во мојата соба. Темнината и овој пат ми помагаше да го скријам своето лице, но не и да побегнам од страшната вистина.
Мајка ми многу подоцна дојде кај мене, изненадена зошто толку рано спијам.
Мајко, сакав да скокнам, да те гушнам, се да ти раскажам, тебе да ти докажам дека сум чиста, дека не сум згрешила, ни со малечок дел од својата мисла, а камоли со постапка. Зар него да го изневерам?... Тој поим ми беше познат само од површните истории на некои мои другарки, што не ги слушав со задоволство. Што е тоа... што значи тој збор кога се сака... како е тоа возможно... кога тој, единствено тој и никој друг, мамо, влезе во мојата душа, стана мој живот. Нели, мамо, ти ќе ми поверуваше дека единствено тој може да живее во моето срце...
и зарем е тоа нешто што би можело да биде поинаку.
Ништо не ти реков, мајко. Мислев, некако потсвесно, дека сепак поминало доста време откога ти сето ова, или нешто слично, си можела да доживееш, дека одамна си се оддалечила од сето тоа. Знаев, ќе ме разбереш, но можеби и ќе се нажалиш поради тоа што јас, твојата малечка ќерка, сум така несреќна...
Сакав да те зачувам од тоа.
Мамо... дали ќе биде страшно ако јас умрам... не, јас, моја мајко, сама тоа нема да го сторам, но ете така, како случајно...
во несреќен случај...
Ноќта го криеше моето липање и перницата што постојано ја пикав в уста за да ги задушам писоците... кога би можела, и самата себе... Зошто, што се случи тоа во овие неколку денови од неговото последно писмо?
Тоа прашање залудно стрчеше во воздухот, насекаде во темнината околу мене, преобразувајќи се во разни форми на некои привиднија, ме прогонуваше, ме доведуваше до избезуменост.
Зошто сум осудена, мили... бесконечно шепотев беспомошно во темнината, бегајќи, обидувајќи се да се ослободам од најубавите сеќавања на тебе, што речиси сите одеднаш ми надојдуваа, како да ми пркосат зашто стануваат само спомени, а не делови од нешто што се гради, што ќе живее.
Ќе побудалев од метежот што вриеше во мојата глава. Ќе станам, ќе излезам на улица, ќе скитам без запирање, улавски.
Не, никаде не можев да одам, не можев да побегнам од тој затворен круг на страотен очај.
И повторно ме притискаше, ме мачеше вистината дека не ме побара, не дојде да разговара со мене, дури ни тогаш кога за тоа јас го молев, да ја каже, да ја изнесе причината. Просто ме отфрли како достојна за презир. Мене, својата единствена, животна љубов. Тој, чие суштество го носев и дење и во сон, секое и најмало делче од него, се во врска со него...
Ми доаѓаше на глас да викам, да се бунам поради таа жестокост за која знаев со целото свое битие дека не сум ја заслужила, а која ете така, дури и несвесно, тој ми ја причинува мене.
Сепак, ни во еден момент во своето срце не најдов груби зборови за да го осудам, верувајќи дека е роб на заблуда, која брзо ќе ја открие и ќе бара проштевање од мене. Тоа ми беше некаква малечка можност за опстанок... дури и начин на самоодбрана. Бев готова сама да ги издржам тегобите на оваа моја состојба штедејќи го него...
Тоа беше мојата жртва за мојата голема љубов.
Некаде длабоко во срцето не сакав да ја отфрлам надежта дека сето тоа нема така да остане, дека ќе се измени. Вистината, единствената вистина што ја носев во душата мора да ги победи сите лаги.
Младоста и целата наивност што таа ја носи со себе ми помагаа така да верувам.
* * * Првиот ден во училиштето одеднаш сите, не знам ни самата како, сфатија, знаеја... Можеби поради тоа што недостигаше нашата секојдневна ѕвонлива смеа во класот и сите немирства на осмокласници... можеби поради неговиот важен, достоинствен поглед, што бегаше од мене, што дури како да содржеше потценување.
Во секој момент чувствував желба да го напуштам класот, да побегнам. Како ќе живеам во оваа иста средина каде што за мене почна тоа најубавото сврзано со младоста, првите чекори во неа. Дури и клупите, и прозорците, и училишната црна табла, целата таа училница беа дел од сето тоа топло и човечко што не врзуваше, што беше составен дел од нашето сакање.
Се плашев тој да не ја изнесе пред машките од класот таа тешка клевета на мојата чистота, на беспрекорноста на моите чувства кон него, таа срамна лага. Тоа би било премногу свирепо. И сепак, наскоро сите ја знаеја „вистинската“ причина за нашата разделба. Не би престанувала да плачам кога тоа би било некаков доказ дека во ова обвинување нема ни малку вистинитост... тоа и го правев, но секаде каде што можев да се скријам, каде што немаше никој, освен мојата тага. Само на две мои најдобри другарки им раскажав за мојата жалост, за мојот револт и несмалена љубов кон него.
Пак, и зошто тоа... тоа беше нешто само мое и негово, и никој немаше право да суди за тоа. Бев премногу огорчена од тоа што им дозволи на другите да се забавуваат со нашата жална историја.
Немав смелост на професорите да им погледнам отворено в очи. Како навистина да почнав да си сугерирам некое чувство на вина... или едноставно се плашев со кого било да го споделувам тоа големо разочарување на моето срце.
Тогаш сето тоа наскоро стана една обична секојдневна приказна. За сите, освен за мене.
Со месеци одев насекаде каде што беше тој, или каде што можев да насетам дека ќе дојде. Можеби само за да тагувам во неговото присуство. Во салите на кината, таму каде што приготвувавме ученички драмски изведби, во литературните дружини, во читалните. На сите места каде што беше тој, неговиот пркос, и каде што умираше нашата тажна љубов.
Тивко страдајќи, не можев во своето срце да најдам за него негативно, вина за ужасната урнатина што ја направи од мене, и сам не сфаќајќи ги сериозните последици од таа пустош.
Чувствував дека целата моја сушност се менува и се врши една страшна корекција во мене.
Другарките, а и по некои од професорите, се однесуваа кон мене внимателно, како со некоја личност што заздравува по тешка болест, но уште не е доволно зајакната, отпорна. Тој однос уште повеќе ме болеше.
Дури и односот на мајка ми и татко ми кон мене се беше изменил. Кутрите тие. И не знаев колку тешко, трагично ги доживуваат сите промени што ми ги читаа на лицето и во моето однесување. За нив не останаа тајна и причините за оваа моја нова состојба. Сепак, одбегнуваа да зборуваат за тоа, како обично што не се зборува со болниот за неговото заболување, уште повеќе ако е тоа нешто сериозно.
Бев премногу чувствителна, така што тоа општо внимание ме нервираше... имав чувство дека си станувам бедна и на самата себе. Поради тоа свесно упорно почнав длабоко во душата да го кријам сето тоа што ме печеше. Дури и постепено се враќав во нормалното течење на училишниот живот.
Строго внимавав да не погледнам ниту еднаш во него додека седевме во класот. Тоа беше еден лажен пркос. Тогаш повторно го барав, одев дури и само за тоа од далеку да го видам.
Седевме во гимназиската сала за приредби, со најдобрата другарка. Се танцува. Ги одбивав сите предлози за танц. Јас танцував секогаш со него, иако во прегратка му беше друга девојка... и го следев со бескрајно тажни очи секое негово движење, ги милував мене така блиските и така добро познати раце...
Најголема мајсторија беше во тие моменти да не се издаде... да не им се дозволи на солзите да ја преминат дозволената граница на очните капаци и да се разлеат по лицето, ни тогаш кога те осветлило синилото на саканите, а ете сега на некаков начин не твои очи, ниту тогаш кога ќе го предосетиш немиот прекор на саканите усни.
Одеднаш во салата го снема осветлението. Во темнината ги напрегам очите и натаму ја следам таа нежност, таа болка и горчина. Тој тивко полека се врти, држејќи го во прегратка телото на моја соученичка.
Во еден момент почувствував како прстите, долгите прсти на мојата другарка ми ги забришуваат солзите на лицето, што веројатно светкале во темнината.
Скитав насекаде во паркот каде што запишавме најубави спомени... немо молчеше „нашата клупа“. Како да ме праша зошто сум сама... каде е тој... „Нашето место“, заградено со бујни грмушки, долго веќе беше празно... Ми се чинеше дека и клупата, и тоа место, и тревките, и ливчињата, сите ме осудуваат... бараат вина во мене... па понекогаш горчливо ќе заплачев, барем ним раскажувајќи им колку е се неправично и за мене болно... Па тој е мој... животот ми го даде... луѓе, зошто ми го зедовте?...
Него, нашата љубов, не ја вратив... Можеби таа беше само премногу рано откината пупка, прекината во нејзиното прво отворање на прекрасните но нежни незајакнати латици.
Бев премногу млада, така исполнета со најчедни чувства, а со сосем незацврснати чекори низ животот за да можам да се борам за својата љубов.
Еден ден, доаѓајќи дома, најдов на масата во мојата соба писмо.
Навистина се изненадив кога на ковертот го прочитав потписот од „уметникот“. Во првиот момент целата бев растреперена, силно возбудена, надевајќи се дека тоа е можеби некакво објаснување за сето тоа што се случи, или дури можеби, иако не можев во тоа да верувам, молба за простување од моето момче, кое ете нема смелост лично тоа да го стори, па го чини преку овој негов другар.
Горчливо сум се излажала. Содржината на тоа писмо сосем ме извади од колосек, дури не бев во состојба да ја примам како вистина. А ете, беше вистина! Тој, – „уметникот“, неговиот најдобар другар, ми изјавуваше љубов, очајничка, безнадежна, што одамна ја таел и ете сега нашол храброст да се изјасни, да пишува за неа; немајќи смелост тоа да го стори лично, го прави со ова писмо...
Никаде ни намнисување за мојата љубов со моето момче.
Тоа беше премногу... остро ме заболе, некако ми личеше на горчлива иронија, подбивање со моите чувства што нему, можеби единствено нему, му беа добро познати.
Ми стана сосем одбивен. Го презрев...
Зар тој, токму тој не беше очевидец, сведок, на таа моја огромна љубов кон неговиот другар, сведок на тој безграничен очај и страдање. Како можеше тоа да го стори како негов најдобар другар! Не смееше, не смееше никако.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/butterfly-mac/3 на 29 октомври 2026