ГЛАВА ДЕСЕТТА На сон сум го читал статусот на партијата Нам ни дадоа ручек - м - Part 03
- Ние имено, жестоко работевме на изградбата на “новиот човек” - рече Алексо Шлипковски и продолжи - поставувајќи се од позиција на целокупниот социјалистички табор. Таа целокупна тинтура од политичката лабораторија на минатото, единствено исчезна. Испари и ја снема од колективната реторта, заедно со експерименталната содржина на бизарниот инженеринг со кој се занимаваше, безмалку сиот социјалистички свет. Пропадна како експеримент... Ти денес, бараш макар обичен човек, едноставен, а пред очите ти се промолкнуваат најразлични креатури, идеолошки, агресивни спогодби, подвоени личности, плашливи, несигурни хуманоиди, стопени во чудното безлично мноштво. Погледни, другар Мице, каква разлика има меѓу нас од Полска со вас од Русија. Кај вас сепак поуверлива беше технологијата на градењето херои на трудот. Можеби затоа што бевте поблизу до генералната лабораторија на реал-социјализмот.
Вие сите се вративте како стахановци, а без капитал. Гледаш небаре сите личите на икони. Уживате да парадирате, со наобесени мангари на трудот на реверите... Доволно беше само да се натфрли нормата, а во слободните часови да ги читате романите “Како се калеше челикот” или “Мајка” и така стопени во таа легура, станувавте “нови луѓе”. Како “железни луѓе” не само за тие “железни времиња”. Како што вели и другарот Сувогорски, комунистите биле луѓе од посебна паста, а потоа од нив се јави “советскиот човек”
- Боже, па ти си напаст. Вистина божја, напаст. Ех, мој магистре
- му се обрати налутено Мице Диневичин.
- Тогаш, зошто се боревме, или од сите нас сакаш да направиш ревизионисти. Од кај бре, ти со таа своја наука, сега што ја кажуваш? Ти знаеш дека илјадници, ако не и милиони луѓе си ги дадоа животите за идеалите на комунизмот. Свесен си бре магистре, ти какво зло му носиш на социјализмот?
Какво поткопување и заблуди внесуваш во редовите на комунистичкото движење? Ти ли бре, ќе отвараш уста што социјализмот те направи човек? Сега на се наоѓаш маани. Ех, мој магистре, дедо ми велеше: “рани куче да те лае”, па продолжи. - Сега ми е јасно, дека ти си луд. И покрај се, не очекував таков отров да истуриш од таа твоја погана уста. Од кога, ти, магистре, стана толку човечен и си почнал да ги објаснуваш овие теоретски прашања? Тоа е чисто буржоаско гледање на работите.
- Верувам дека Шлипковски не е комунист! Или ако бил, е исфрлен како партал од нашите редови - налутено ја плесна последната плочка од доминото и потстана од триножното столче, Иљо Калинчевски, огромен како мечка, и му се натопори со спуштени веѓи, но повеќе му беше лут на Мице Даскалот отколку на младиот Шлипковски.
- Ти, даскале, не знаеш да го браниш социјализмот и да знаеш од такви како вас што дозволуваат да ми изнарече некој се најгрдо за она за што ги дававме и животите, а такви како тебе што молчат пред непријателот, за мене се дезертери, другар даскале. Така ли, бре даскале, ќе дозволуваше - таму долу, во револуцијата да ти агитира пред носот... Ту бре даскале, а знаеш да носиш колосана кошула, а не знаеш да му ја затнеш устата.
Уште малку ќе му дозволиш и да те праша, зошто сме се бореле, па со кого и против кого и дали требало, па на крајот и што добивме... Убаво! Прекрасно! Не можеш ли да му речеш дека секоја револуција се плаќа со жртви и “все” - што велат Русите. Без жртви нема револуција, тоа треба да ти се всели во умот, мој магистре - местејќи го постабилно триножното столче му рече Иљо Мечкарот и продолжи. - Ние треба да бидеме горди како револуционери. Сме гинеле во името на револуцијата или во името на некој вожд, па што, такви ни беа идеалите. Не се гине за ветер. Ве слушам со денови, расправате за работи што одамна за се е даден одговор од поголеми глави.
Историјата се менува, братчиња мои, таа и понатака ќе си тече, но се разбира ако не ја поткопуваме. Ние сме и ќе си останеме интернационалисти, а тоа ти магистре треба да го знаеш што тоа значи да имаш како одлика во човечката душа... Го лизна прстот и ја поднамести плочката што беше со бројот еден.
Герман Монгушев - Ученото Кускуле, така го викаа жителите од прифатилиштето, потстана како тромав пес, со пискотлив глас им се обрати како на конференција.
- Детулето ни кажува некои работи, од кои на човека му се креваат косите. А бре магистре, си развил такви теории за социјализмот и за “новиот човек” ама не си ги доучил работите и не знаеш дека социјализмот го има достигнато вечниот идеал на човештвото. А човекот веќе во него се препознава, тој повеќе не е во тесни национални рамки, тој гори од љубов кон човека, не ретко, е готов да го положи животот свој, херојски да го брани социјализмот, тој е подеднакво примен кога се бори и кога гине за светата цел. Тој бидува традиционален и историчен со еден збор, син на светот.
- Ех, мој Даскале - му се обрати на Мице Диневичин како да искара некое старо куче и продолжи. - Зар треба да им се дозволи на такви “теоретичари” што сакаат како црв да гризат од јадрото на социјализмот? Наместо да му заблагодариме на големиот Сталин што не прибра, а тебе магистре што ти даде книга да се викаш учен човек, ти развиваш теории, но штом не си комунист, што има со тебе да се разговара.
- Ти знаеш што е комунизам? - му се обрати на Шлипковски.
- Знам - му одговори.
- Е, ако знаеш, земи го последното владеење, на Етиопскиот цар Хаиле Селасие. Тој вработи селанец да ги чува кучињата негови
- рече местејќи им перниче специјално направено за нив кога ќе се сместеа покрај нозете на некој министер.
Гракнаа сите од смеење.
- Што е смешно?
- Ништо не ве разбирам - рече Шлипковски и продолжи. - Такви ги има и во социјализмот. Чаушеску пак ненадејно објави дека именува едно од своите кучиња за полковник и му даде возач со полно работно време!
- Опа! Тоа е чиста провокација - рече налутено Иљо Калинчевски и продолжи. - Тоа е оцрнување на социјализмот и ништо друго... Луѓе! Човекот почна да игра со отворени карти.
- Детето зборува тешки глупости - рече Мице Диневичин и му тутна в раце петтомно издание пожолтено и запрашено.
- На, да научиш, се за марксизмот.
- Сите сум ги прочитал - рече Шлипковски.
На книгите имаше посвета потпишана од некојси Сапошников, претседател на емигрантите, со порака - “На Мице Диневинчин со најискрени желби за успех во изградбата на социјализмот во својата родина”.
- Ти многу си рамнодушен, му се обрати Иљо Калинчевски на Пандил Мијанчев, кој седеше крај него.
- Ако се возбудам премногу ќе добијам егзема - рече Пандил со придушен глас.
- Што?
- Тоа што чу!
- Сакаш да ми кажеш да не трошам зборови за овој глупак.
Имаш право, тие таквите се гнасни гниди - рече Иљо Калинчевски.
- Сигурно младоста по својата природа е нестабилна. Младите со време ќе станат возрасни, па ќе треба да им се покаже патот, тоа е непрекинат и болежлив процес - рече Сувогорски, враќајќи се со полна торба книги од преселбата. - Но, изградбата на “новиот човек” е неизбежен процес - потврди Сувогорски.
- Токму така, другар Добрине - се одзва Мице Диневичин.
Од прозорецот со подадена глава извика за ручек, една дебела неуредна жена, лудо вљубена во своето маженце Хенри Марузелски, а тој убавецот спиеше со секоја што ќе ја сретнеше во Згожелец, груб, несимпатичен, самозаљубен Полјак! Но во тој момент и тој го изнесе своето мислење за социјализмот и рече:
- Најважни се две работи во животот - јадење да има и пријателство, па што ти е грижа кој ќе го гради општеството...
- Тешки глупости ни кажуваш, пан Хенри. Ти зборуваш како да сме во Христово време - му рече Мице Диневичин.
- Ве слушам, пан Мице, секој ден истото и пак истото.
- Вие петнаесетина “егејци” ќе го спасите интернационализмот, рече малку насмеан Хенри, кинисувајќи на ручек.
Сите останаа вџашени во него, а Хенри поткачен на едно скалило им се обрати: - Имам само еден живот, братчиња мои и ја користам секоја можност само да живеам јас како што сакам, а не некој друг и предложи. - Ти во Узбекистан си се научил да чешлаш памук и ништо друго, а кај да ти најде Македонија таков занает - му рече на Мице Диневичин со подбивност.
- А сега одвај чекаш да те врзат за јасли и да те ранат со државни пари. Само дај! Холера јасна. А сите сте такви. Сите тоа го чекате да ве благословат како борци и тоа со името интернационалисти. Зошто ве нема во власта, во сите текови на животот, туку само неколку во милицијата. Холера јасна!
Гледате, и живелиштата што ви ги прават личат на гета.
Можеби така полесно ќе ви ги исчистат главите што ви се полни со искривена свест. Се сте, само тоа што треба да сте - не сте..
Интернационалисти, смешно. А, се прашавте колку интернационалистите се за вас? Гледате, се опустевте, си го изгубивте татковото огниште, а се прашавте зошто? Холера јасна! Тргнавте во револуција под туѓо знаме. Ех, мои борци, само Полјак тоа не би го сторил. Полјакот е роден да остане Полјак, а не славомакедонци и уште што не ќе се сложите да ве викаат. Од каде вие тврдите дека немате родна врска со античките Македонци? Па близу до умот, кога дојдоа Словените, не ги уништиле тие што биле со векови на оваа земја - им зборуваше Хенри и малку одалечувајќи се од нив.
- О, Боже, каква гнасна вошка, живеела меѓу нас, - со зачуденост рече Иљо Мечкарот, слушајќи го зарипнатиот глас од другиот крај на прифатилиштето, на својата жена која по трет пат го довикуваше, а тој не баре посакуваше да ја опцуе, но, како што велеше, не му дозволуваше долгогодишниот стаж во партијата како функционер од мал ранг. Но од каде можеше да знае Ристана Калинчева дека таму се разговара за важни проблеми на едно комунистичко општество.
- Убавецот да не е пијан, рече Пандил Мијанчев - Искрата.
- Не! Не сум пијан. Смачено ми е од овие смрдливи прифатилишта, а ме очекуваат и гетата, - рече Хенри и продолжи. - Имам само еден живот и сакам да живеам во палата, може и во замок. Да седам под тешки големи лустери и да јадам руски кавијар, да пијам само вино, што го гмечеле нозе на калуѓерки. Како што живеат сите големци на социјализмот, им зборуваше Хенри со голема смелост.
- Леле, ама овој изнадроби - проговори Герман Монгушев.
- Зошто не му плукнш в лице на твојот зет, прчу низаеден? - му се обрати Герман Монгушев на Ичо Жунгловски кој седеше стуткан на триножецот како да беше погоден од дамла.
- Многу е лесно да удриш слепец, зар не е така?- им се обрати Иљо Мечкарот кој веќе беше олабавен од помислата да го удри по муцка пан Хенри за таквите искажувања.
Но, во тој миг, на разделба, Алексо Шлипковски му рече на Мице Диневичин.
- Има вистина во тоа што вели. Не се само фрази, туку можеби е рано да се зборува за тоа. Полјаците се смели луѓе. Кај нив е изградено личното, јас, а кај нас се уште е по старо, што ќе рече некој инструктор на Партијата. И мене ми доаѓаат такви мисли.
Што мислиш, ние бевме доволно зрели, што влеговме во една однапред скроена револуција. Јас, велам не!
- Полјаците никогаш не би се бореле под туѓо знаме и со туѓи генерали, а ние сме можеле да ги имаме за команданти како Гусја - чевларот и Маркос - тутуноберачот, за да ја опустошиме на крајот Македонија.
- Тоа, другар Мице е слабоумност. Полјаците не се како нас.
- Што бладаш, бре? Ждребе, ниедно, ти ќе зборуваш за револуција, кога самиот Сталин ни даде признание дека се боревме херојски - извика Иљо Мечкарот, а потоа се сврте кон Хенри Марузелски.
- А ти, ништожнику! Ете, откога Гукна, јадеш социјалистички леб - замавна со раката налутено.
Сега, истите такви погледи ја следеа низ ходникот неговата жена, како жена на непријател. Жената на Хенри Полјакот. Но, таа не беше сама, со неа беше и мајка и Фанија Жунгловска, таа ги делеше со неа непријатностите и го олеснуваше страдањето.
Ичо Жунгловски беше бојкотиран и исфрлен од општествената игра - домино и проколнуван за согласноста што ја дал уште пред десет години Хенри Марузелски да му биде зет. Тој требало уште тогаш да биде буден спрема непријателот, оти од партиската ќелија се ценеше дека Ичо имал доволно животно искуство во партијата. Потоа со истражувањата се отиде понатаму и го поврзаа случајот со Алексо Шлипковски, дека со Ичо Жунгловски биле род од трето колено и не случајно собите во прифатилиштето барале да им бидат една до друга, па се претпоставуваше дека сега е баш тука жариштето на антисоцијалистичката агитација.
Во прифатилиштата завладеа страв и немир меѓу луѓето, па дури и при средбите во општиот нужник не сакаа да им се сретнат погледите, а не пак како порано, кога пан Хенри убавецот, важеше за најважен жител на прифатилиштето, но сега тој се чудеше и изговараше:
- Холера јасна! Какви крвници станале овие луѓе, во името на слепото верување... Им мувлоса умот, дремејќи пред социјалното...
Попладнето, играчите беа тукуречи пак сите, катадневните, насобрани под платановото дрво од кое сега излета големо јато гаврани, одејќи во бегство. Играчите, освен бојкотираните, се местеа со своите реквизити на масата за настап во новата игра.
Иљо Калинчев Мечкарот, гол до појас стискаше под левата мишка стар бележник со картонска корица, но се гледаше дека наместа имаше оштетени и искинати страници. Низ пожолтените страници, влажни, мувлосани беа втиснати настани уште од далечната четириесет и девета и едн мал дел од педесетатата година, испишани со своја рака предавања по политички час, што се одржуваа во “Красни уголок” по враќањето од работа во вечерните часови, за совладување на марксизмот.
Прелистувајќи со дебелите ревматични прсти сакаше да му покаже на Алеско Шлипковски дека и тој е теоретски поткован и како да сакаше да му рече:
- Повели теоретичару, да зборуваме за националното прашање, за револуцијата, за меѓународното комунистичко движење, за еманципацијата на жените, за тактиката на социјалдемократите, ете, а ако сакаш и за ликот на “новиот човек”
- Што можеш ти повеќе да знаеш од ова што е тука изнапишано, а магистре? - му се обрати Иљо Калинчевски со преголема доза на иронија.
- Тоа што си пишувал дремејќи во вечерните часови, може да важи само за тебе. Веројатно никогаш нема да знаеш што и зошто си пишувал. А не знам и зошто уште ги чуваш. Фрли го, можеби ќе ти биде полесно на душата. Сега тука ќе треба да учиш нешто друго.
- Ти знаеш што е тоа самоуправување? - му се обрати Алексо на Иљо Мечкарот.
- Тоа е ревизионизам на социјалистичкиот систем, му одговори Герман Монгушев - ученото Кускуле.
- Значи, вие сте против самоуправувањето кое дава можност за директно управување со средствата на производство, со кои исклучиво раководат работните луѓе, а не како таму од каде што дојдовте вие, каде што ви велеа: “Так сказал началник, так и будет. Или молчат и нерасуждат!”
- Така ли беше, а? - им се обрати на сите Алексо Шлипковски.
- Ти, некогаш си верувал дека некој така смело пред нас ќе ти зборува за она што сме го давале и животот, а ? - му рече Иљо на Герман.
- Никогаш - тресејќи ја главата му потврди Герман - ученото кускуле.
- Па вие и со нејасна цел се боревте. Ви се имаше испомешано националниот интерес со инетеранционализмот и на крајот вие се боревте за класна промена, а не како што тука сега се чукате за градите... Многу верувавте во тоа што ќе ви се кажеше. А што ако се прашате; ете, под кои македонски белези се боревте?
Какви беа стратешките цели? Каде постои документ дека Македонија некому му објавила војна, па вие ги нарамивте пушките за одбрана на татковината? Значи, тоа не е, туку тргнавте на чело со бајатата братска парола да си го спасат газот комунистите... - им зборуваше Алексо Шлипковски.
- Еј, другар! Ти можеш да седиш овде! Ти отворено ги газиш и ги поганиш нашите светли идеали на братството на народите.
Подобро да се тргнеш или со сила ќе те скротиме, пријателче, -подналутено, со крајно сериозно предупредување му рече Иљо Мечкарот.
Спроти Иљо секогаш во играта седеше Пандил Мијанчев-Искрата, со ниско чело и малку поголеми уши во споредба од големината на черепот што го нишаше незабележливо со краткиот дебел врат.
Пандил-Искрата и тој имаше таква тетратка како Иљо, но сега најверојатно неговата Пандојца ја имаше затурено во некој сандак. Тој, во тие години беше малку очаен од тогашните власти на Партијата, затоа што не му било одобрено да се школува во училиштето за народна милиција. Можеби и уште согоруваше во таа неостварена желба, ја носеше болката со години, нереалзирана токму во едно социјалистичко општество, на кое му го посвети животот.
Иљо Мечкарот, со вперен прст во една пожолтена страница, читаше со мака: - На 6 октомври 1949 година, на сите борци ни дадоа костими, палта и по 500 рубљи, подарок од големиот Сталин.
На Пандил-Искрата по месестето лице му се разли широка насмевка. Оптегнувајќи го големиот нос, рече: - На секој по еден басмен костим и чевли со азиски фазон.
- Кошулите беа кинески - го дополни Иљо Мечкарот, како со тоа да сака да го опомени да не издрдори нешто против социјализмот како за случајот со неговиот син, што еднаш го раскажуваше, пак пред овие луѓе кои не се сите така верни во изградбата на социјализмот.
За случајот со вработувањето на синот Ристе, дипломиран социолог, Пандил расправаше отворено и зачудено.
- Ти стрико Панде, секогаш ја кажуваш вистината - му рече Алексо.
- Да, за тоа и се борев - му одговори отсечно.
- Се гледа, не трпиш неправда - му рече Алексо.
- Да, младите треба да работат. Нашето заврши. Сигурно сите нас ќе не пензионираат, барем да не им пречиме. Јас кога отидов во ЦК, не отидов да барам милост туку правда. А рака на срце, ме прими другарот Бито како да сум функционер. Јас си реков, тука е правдата, пак овие стари борци се за народот.
Се течеше добро. Ме прашуваше за се. Јас кажувај, тој пишувај и се така, можеби испиша половина од кожниот нотес. Јас прекинав и тој прекина. Јас му реков, ете, тоа е мојата мака.
Познати немам, но и бев принципиелен, а знаевме и јас и тој дека се си оди по таа линија. Јас верував во партијата и во ЦК.
Тој ми рече: “Добро другар Пандил”. Си реков - сега ќе видиш сине Ристе, зошто се боревме. Вистината ќе ја истераме до крај.
Станав да му се заблагодарам и да се отпоздравам и да си одам, да не му го одземам времето. Го прашав кога да дојдам за одговор, другар Бито? Тој ме погледна и ми рече: “Не треба да доаѓаш...” Јас до ден денес помнан и знам зошто ми рече “Не треба да појдам” за одговор, а се ми запиша дури и кој број чевли носам...
Сите се смееја на глас, само Иљо го гледаше под око, додека Пандил ја местеше плочката од доминото со број шест и му се обрати на Иљо со зборовите: “Затворен си...” Во тој момент од кај чешмата - споменик се појави Ставре Кафеџиев, гостин од прифатилиштето во “Автокоманда”. Од сите беше пречекан со голема љубезност. Сите беа воомјазени оти тој Ставре, важеше за еден од учените и истакнати активисти на емиграцијата, во Полска. Кафеџиев беше еден од последните што минаа во “Идризово”, се разбира не знаејќи дека таквиот ред за повратниците е одамна напуштен, па една јулска топла приквечерина во петок, небаре доброволно, со своето семејство се јави кај дежурниот човек пред затворот да му објасни дека доаѓа од Згожелец за постојано жителство во татковината. Но штом ги слушна првите зборови, дежурниот разиграно му рече: “Ту бре мајката, кој ви рече тука да дојдете?
Вие не знаете дека од пред неколку дена веќе повратниците не ги носиме во “Идризово”. А освен тоа, денес е петок и ќе треба да чекате до понеделник, кога ќе дојдат овластените офицери за да ви ги направат сите формалности”.
Ставре Кафеџиев ги собра рамениците, ги погледна децата и жената и тргна по човекот, кој изрази желба да ги смести. Ги внесе во една просторија што дури утредента се виде дека е ќелија. Им даде бели чаршафи и така уморни заспаа на железните кревети што чкриепеа со некаков прикриен бес.
Утредента, кога се разбудија, можеа да видат каде се, но тоа сега многу не ги загрижуваше, бидејќи сами дошле - не се чувствуваа затворени, туку само на конак, привремено, а сигурни беа дека се во Скопје, во Македонија. Ги исполнуваше некаква радост, им се избришаа маките и сите неизвесности, се чувствуваа како дома. Беше понеделник, утрото топло, кога ги разбудија гласови и околу осум часот ги повикаа кај овластените службеници. Беа тоа офицери на УДБА, во цивилна облека. Едниот се претстави , а другиот беше задлабен во читањето весник и ги коментираше спортските резултати од неделниот натпревар. Сега од Кафеџиеви се бараше да ја кажат целата биографија и дејноста, мотивите поради кои се доселуваат и нивните квалификации. Ставре, како глава на семејството во тоа не гледаше ништо лошо, доаѓаше од друга држава. “Нови сме, па сакаат да знаат се за нас”- велеше. Но сепак во овие “информативни” разговори нешто го вознемири Ставре Кафеџиев и налутено запраша:
- Дали сме на сослушување или на разговор? Ако сме на сослушување ние ќе прекинеме да одговараме, оти ние не се сметаме за виновни. Јас ја разбирам потребата да се легитимираме и да се претставиме во ова социјалистичко општество, но во дозволени рамки, им рече Ставре на офицерите од УДБА.
Три прашања посебно му го привлекоа вниманието на Кафеџиев. Прво го прашаа што мисли за Југославија и зошто се доселува тука, потоа што мисли за СССР и за Бугарија.
Ставре не чекајќи многу на овие стандардни прашања, бидејќи тој ги имаше добиено уште во Полска преку своите пријатели, рече:
- СССР го сакам како прва земја на социјализмот, земја на Великата октомвриска револуција и потпора на сите социјалистички земји и движења, но свесен сум за некои работи дека и таму не чинат и јас сум антисталинист.
Се прибра малку како да се присетува на напишан реферат и продолжи. Бугарија рече дека ја смета за социјалистичка земја, а за бугарскиот народ дека е близок со нашиот народ, но исто така не се согласува со политиката на бугарското раководство, особено во поглед на македонското прашање, но му се пристори како да не рече се.
Офицерите се погледнаа и едниот од нив рече: - Чудна работа.
Ставре се збуни, слушајќи го офицерот кога му се обрати:
- Од испитаните Егејци повратници што досега минаа низ
“Идризово”, ти си единствениот кој отворено и со искреност вели дека ти е симпатичен Советскиот Сојуз, па признаваш и за блискоста со Бугарија. Сите испитувани досега гледаа или да го одбегнат одговорот или да речат нешто против овие земји.
Ставре почувствува задоволство, потоа се присети на сите овие прашања и на други кога ги дискутираа во Полска, Унгарија, Романија и Советскиот Сојуз, небаре повратниците личеа на студенти кои подговуваа испит со украдени прашања и дека ете можело да се даде точен одговор.
Но неочекувано го праша:
- Што мислите, дали такви симпатии спрема нас Македонците имаат Русите и Бугарите, другар Ставре.
- Верувам, бидејќи поинаку не можат да мислат, тие се интернационалисти. Тие се воспитани во духот на идеалите на идното комунистичко општество. Пред нас е новиот советски човек, таму не остана ништо од трулоста на капитализмот, - со доза на голема увереност ги изрецитира овие судови.
Офицерите, смирено пиејќи го кафето, на крајот го прашаа:
- Како би сакал сега тука во Македонија да се викаш?
Кафеџиев ги ококори очите, но со смирен глас рече:
- Па нормално, како што ме викаа во селото со оригиналното име и презиме. Ете, јас уште еднаш ви велам дека се викам Ставре Кафеџиев.
Офицерот, веднаш му одговори дека тоа не може на “ев” и “ов” зашто тие се бугарски, па затоа можеш да се викаш само Кафеџиевски. Ставре не се согласи, велејќи им дека ние Македонците имаме великани на “ов” и “ев” како што се Гоце Делчев, Петров, Карев, Узунов, Чакаларов, Хаџидимов, Поптрајков, и други, а освен тоа Грците еднаш веќе му го смениле презимето и го викале Кафеџис. Потоа изнарече една дузина Полски презимиња: Јарузелски, Псежински, Држински, Василевски и рече дека зарем можеме ние Македонците да речеме дека тие се наши презимиња, па продолжи да набројува руски презимиња - Сапошников, Маслов, Киров, Ворешников, Петров и небаре подналутено рече - “зарем можат Бугарите да велат дека овие се Бугари”, но тоа најлесно го прават Грците, тие ќе ти стават едно “с” и ќе ти речат дека си Грк.
Кафеџиев со своето објаснување се почувствува небаре задоволен, но офицерите инсистираа на своето, па така настана расправата се помачна, дури Ставре во еден момент побара да му се вратат документите и да се врати во Полска. Завладеа молк и офицерите рекоа дека не треба да се случи барем со вас од Полска, оти Југославија и Полска имаат добри односи.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/wanderers-talkachi-e-book-macedonian/10 le 29 octobre 2026