ГЛАВА ВТОРА Во историјата нема револуција без жртви Во ходникот нечија врата с
ГЛАВА ВТОРА Во историјата нема револуција без жртви Во ходникот нечија врата силно тресна, но полека исчезнуваше заглушувачката бучава. Тишината се поврати во собата и Сувогорски посака да ја искаже својата мисла.
- Никогаш човек не знае каде ќе го одведат времето и животот.
Тој ги крена рамениците, така давајќи до знаење дека работата е јасна. - Секоја револуција се плаќа со жртви, без жртви нема револуција. Целокупната историја на човештвото е историја на жртви.
Румена само слушаше и трепкаше со очите.
- Понекогаш, се изгледа дека е многу просто, едноставно, човек да се определи да биде комунист. Годините минуваат како река што банално тече и сето тоа се собира во еден грст спомени и не знаеш дали ти е криво или мило, - се расприкажа неочекувано Добрин. Му паѓаа на ум разни работи, важни и безначајни... Воздивна, и почна да ја слуша Румена, ужасно збунет, кога таа го прекина без да го причека крајот на објаснувањето.
- Ох Добрине! - рече Румена набирајќи ги веѓите, па продолжи:
- Чувај го тоа за да пишувам мемоари. Јас ја познавам твојата душа. Во тебе гледам и ја ловам секоја морница кога навираат спомените, а за иднината, пак чекаш да те распореди партијата.
Тој се занесе и седна на креветот, се почувствува како да ја загубил меморијата.
- Па, што сакаш да кажеш? - ја запраша Добрин. - Што е ова?
Ти помина во антикомунизам. Како тоа? Румена си го фати лицето со двете раце и замолча. Но, постепено нејзината лутина спрема Добрина попушташе.
- Вие комунистите, сте тврди како орев, но и тврдоглави.
- Жити господ, - рече тој.
- Ти си уште и фанатик и многу им веруваш на другарите, и воопшто не мислиш на нашата иднина. Тоа беше работа на партијата. Твоите соборци сега седат пред колор телевизори и витрините им се полни со неотворени книги.
- Има толку многу работи на кои мислиш ти, а јас не мислам, бидејќи ќе ми требаат уште два живота да бидам на висока партиска функција.
- Јас мислам , тоа е најлесна печалба...
- Ох, тие твои проклети пари, - рече тој и му исчезна насмевката.
- Јас само зборувам, - рече таа. - Многу полесно ми е кога зборувам. Неоти што сакам да ти здодевам, туку сакам заедно да и погледнеме на вистината в очи. Прифатилиштата станаа, наши универзитети и не треба да молчиме.
- Но ти никогаш не ми кажа како си станал комунист?
- Добра идеја, - и одговори и на усните му се оцртуваше веќе јасна насмевка, па потикнат од прашањето, продолжи:
- Си припомнувам. Од првата светска војна запомнив само топовски грмежи од Солунскиот фронт и како домашните го криеја телето од разни интендатури на завојуваните војски.
Кога франсцуските војски си заминаа, настапи мир во селото, но по малку се наполни местото се до Лерин со Срби и Црногорци и рекоа дека отсега тие ќе бидат власт. Шест месеци правеа пиши-бриши и со полна уста пцуеја се живо и мртво на дофат од триста метра околу куќата. Ама тие Црногорците, не беа такви. Имаше еден Вељко, висок колку за двајца наши луѓе.
Тој велеше, дека тука е Господов рај, земја и зеленило да ти се наполнат очите, а не камењар. Имаше желба да си ја донесе љубената и да му изнароди повеќе од десет деца и ете ти една мала Црна Гора. Можеби и така си умре, со надеж.
Едно утро во тринаесеттата, се помрднаа накај Битола и уште не бевме здивнале, кога од недоапица се рапашаа грчките војници. И тие наново почнаа со бриши-пиши, на луѓето по вера. Ги обележуваа луѓето се додека не им го покажаа џенемот, а во дваесет и четвртата се појавија во селото првите доселеници - Маџири, заедно со Астиномот. (Началник на милиција).
Спанос Петракис. Тој во Клештина дојде без многу врева. Дојде во новоизградената куќа на Геле Бизговски, што беше оддалечена на два ќоша од нашата.
Астиномот на баба Риса и покажа официјално писмо, напишано на една хартија.
Таа прво дотрча до нас. Дедо ми Иљо, неразбирајќи ја што му зборува, и се обрати: “Кој е тој маж”? “Големец”, му одговори ожалостено баба Риса и продолжи. “Стави маса и столови и со голем клинец ја закачи сликата на нивниот цар, која ја донесе со себе”.
“Бре, бре... Од каде е овој, неканет началник? Тоа не го правеа и достоинствените турски Аги. Ние нема да му веруваме нему...”, самоуверено и одговараше на баба Риса. “Ама тој вели, дека отсега е астином на Клештина...”, го уверуваше возбудено баба Риса.
Мајка ми Марија беше убава и умна жена. Ме држеше за рака.
Таа умееше да се грижи за мирот и среќата на семејството.
Нејзиното око го чувствував како ме боде се до длабочината на срцето.
Народот се слеваше накај сред село, а мене стравот ми го стегаше срцето кога го гледав дедо ми како воинствено чекори во пресрет кон човекот од власта.
Астиномот се сврте кон нас, ни го покажа оловното лице, долго гледаше и на крајот проговори:
“Селани! Именувам сум за Астином во ова село...”, но ние не разбравме дали ни зборуваа нам или на Маџирите. Тие беа Грци и Туркофони од Пондија и знаеја грчки, бидејќи коренот им бил од некојси заскитани луѓе Грци по род, и им велеше дека ќе им подели од празните куќи и ниви. Некои од нив беа како живи скелети, жените стегнати во шалвари, со омлитавена поцрнета кожа, со огромни очи во кои поигруваше некаква лакомост за приграб. Во селото имаше празни куќи од пред неколку дни, кога петнаесетина исламизирани македонски семејства беа речиси насилно откорнати и натоварени во вагони и со втренчен ум протерани во видвиделија...
Ние ги викавме “Торбеши”, ама беа добри и секогаш покорни, како да носеа вина, а дедо ми ги сакаше и велеше дека тие се наши луѓе, од иста крв, само верата ја примиле кога пред двесте години во селото бил лошиот Чауш Калиман. Го зборуваа јазикот наш, и по некоја реченица турски како и сите ние.
Заради верата ги протераа во Анадолија. Плачеа, пустеа, ама повеќе не им се виде крајот.
Дедо ми Иљо зачекори пред сите и на Астиномот му изнарече се до ситници, дури и зошто тие луѓе ги викале “Торбеши”, дека нивните куќи и ниви се од памтивека, а дури и најлошите Турци така не не вознемируваа.
Ние, децата, во отсуство на поинтересни нешта исто така се придруживме кон дедо Иљо.
Спанос Петракис, со рацете на грбот, со истопорени гради, украсени со надворешни џебови и светкави копчиња, ги стисна вилиците и му рече со некакво јарење: “Молчи Песу! Молчи!..” Настана мртва тишина, и на дедо Иљо како да му се врати младешката сила. Направи чекор напред и одважно му рече:
“Зарем затоа ги протеравте, тие наши добри луѓе. Па што ако се од друга вера, кога тие се од наша македонска крв... Сега на овие што ги донесовте ни вера им знаеме, ни јазик. Кој господ Бог ќе помогне да се разбереме... Оваа земја треба да се ора, да се копа... овие со голи раце, ми личат на готовани. Нека ми прости Господ, но зошто така ги мешате луѓето? А можеби овие се нечии жртви?”
“Молчи!”, извика Астиномот и извади од градниот џеб свиткана хартија и ја одвитка. Потоа се загледа во лицата на новодојдените што беа наседнати како скитници чекајќи да ги прозива и да им ги покаже куќата и поседот. Но подолго погледот го задржа кон тие што ги полнеа устите со пченкарен леб и конзерви од коњско месо, а најмногу се задржа на помладите жени што држеа цицалчиња обесени на млитавите дојки, смирувајкќи ги да заспијат.
Астиномот, подзанесен, извика вознемирено: “Наредувам! Да се уапси овој бунтовник поради противставување на оваа благородна грижа што ја дава кон овие луѓе неговото величество царот на Елада.
Овие луѓе се измачени од нашите крвни непријатели - Турците!
Наместо да им се подаде рака, овој бунтовник и познат комита, за слободата на некава обединета Македонија, го поставува прашањето зошто овие добри и изнапатени луѓе дошле во својата матица Елада?
Овој бунтовник, сака да ја погани нашата вера, а не знае, дека и тој е останат тука само поради тоа што е рисјанин...” “Еј, господине! Вие така мислите, но и тие некогаш биле рисјани. Само народ без своја држава се знае...”, му возврати дедо Иљо.
“Те апсам, во името на законот!” “Ти си во заблуда, Астиноме!”, загрме дедо Иљо.
На сред село неколку хорофилаци (полицајци) викаа терајќи го дедо ми, со камшик, а тој собран како крпа се бранеше.
Жените викаа “Аман, кирие!... Аман кирие!..” Ете историјата ги зачува доказите дури и на самото крајче од моето паметење. Пред моите очи дедо Иљо лежеше помодрен, завиткан во пресна кожа од саканото теле. Но во еден миг одеднаш срцето го клоцна силно, па се оптегна, борејќи се за воздух. Ги отвори очите, тие се уште сјаеја бледи и црвени, но тој повеќе не проговори... И ден денес, еден таинствен шепот уште ми ѕвони во душата по тој старец.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/wanderers-talkachi-e-book-macedonian/2 le 29 octobre 2026