Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

The Solun Assassins

ДЕЛ ВТОРИ ГЕМИЏИИТЕ НА ДЕЛО ГЕМИЏИИТЕ - РЕВОЛУЦИОНЕРНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА - Part 05

Par Крсте Битоски · Partie 9 sur 20 · Environ 21 minutes

Lire en English

“Тој (Гоце) наполно го усвои, го поддржуваше и одобруваше таквиот вид на борба (диверзии - динамитни акции), зашто беше против едно предвремено општо востание кое при тогашната општоевропска и општобалканска положба, освен што немаше да даде некои попозитивни резултати, напротив, ќе ја растроеше уште повеќе ВМРО, без дури да се предизвика каква и да е интервенција од страна на големите сили. Но, во исто време, со својот јасен поглед за нештата, Гоце Делчев беше доволно предвидлив да сфати дека не треба да се мирува, т.е. да се работи само за организирањето и вооружувањето на населението, туку треба системно да се преземаат редица акции, со кои, без дури да се објави какво и да е востание, турската власт да се држи во една напната состојба, да се истоштува преку нанесување на материјални загуби, коишто не можеа да не влијаат врз внатрешната и надворешната политика и врз определувањето на политиката на некои од големите сили што имаа интереси во Турција, одделно во нејзиниот балкански дел. А едно од средствата на таа борба беше: да се застрашат европските капитали ангажирани во Македонија и Одринско преку преземање на ред акции врз пруги, мостови, кредитни и трговски установи. Тоа не беше веќе мислење, сфаќање само на Гоце Делчев, туку речиси на сите претставници и изразители на желбите и аспирациите на ВМРО...” (П. Шатев. 299-300.)

Потребата што потесно да се поврзува името на Гоце Делчев со гемиџиската акција најмногу му се наложува на авторот оној момент кога пишува за тешките последици од Солунските атентати. Со тоа треба да се докаже дека “виновник” за ситуацијата во која се нашле Македонија и МРО по атентатите не биле само Гемиџискиот кружок, туку ипрвиот човек на Организацијата, зашто и тој ги помагал и ја одобрувал нивната акција.

Последните подготовки гемиџиите ги извршиле со помошта што им ја дал Делчев. Парите на гемиџиите им привршувале, а им требало издршка за повеќе месеци. Имале потреба и од уште динамит. Од Сарафов помош не можеле повеќе да бараат.

Токму во тоа време (есента 1902) тој се наоѓал во странство и останал без пари, па го замолил Мечета телеграфски да му испрата 25 наполеони, ветувајќи дека парите ќе ги врати во двоен износ штом ќе се врати во Софија. По извесно колебање, гемиџиите решиле од своите драгоцени резерви да му ги испратат бараните пари. Мечев и Шатев тргнале в пошта, меѓутоа, Мечето, кој бил прочуен меѓу своите другари со своето домаќинско однесување и штедење, кој десетпати броел а еднаш давал, сметајќи дека во случајов сепак би можел да згреши со тоа што парите ќе му ги позајми на Сарафов, два-три пати влегувал и излегувал во поштата под разни изговори, но главно за “да размисли”. Тоа биле народни пари и еден Мече, кој се одликувал со високи морално-револуционерни квалитети, не можел така лесно да ги даде, па дури и на еден Сарафов, кој толку во минатото ги имал задолжено. Мечев сметал дека парите, еднаш излезени од неговото ќесе (тој бил еден вид благајник на Кружокот), тешко ќе можат да се вратат и ќе треба да се сметаат дури и за изгубени за гемиџиите токму тогаш кога најмногу им се потребни. Парите на Сарафов му биле испратени, но Мече тешко можел да се помири и, излегувајќи од поштата, цел час офкал за испратените жолтици.

Останувајќи без доволно средства, гемиџиите побарале помош од Делчев. Гоце ги известил дека од Задграничното претставништво на МРО ќе добијат поголема сума пари, но барал од нив да не брзаат со своите атентати.

Задгранични претставници на Организацијата во Бугарија во тоа време не биле повеќе Делчев и Ѓ. Петров, туку Туше Делииванов и Димитар Стефанов. По доаѓањето на чело на ЦК на МРО, Гарванов не можел да дозволи толку авторитетни лица, коишто не само што ја претставувале Организацијата, туку во тие моменти ги зеле в о свои раце и функциите на уапсениот ЦК, и всушност раководеле со неа, да останат на тоа место, и ги заменил. Делииванов, одамнешен пријател на Делчев, и Стефанов нормално го немале оној револуционерен капитан и авторитет што го имале нивните претходници, но биле под силно Гоцево влијание. По барање на Гоце, ме на гемиџиите им дале 250 лири (добиени од “откупот” на мис Стон) за нивните потреби, но овие пред Задграничното претставништво ја примиле обврската за осум месеци да не преземаат никаква акција, зашто Организацијата очекувала преку Солун “увоз” на голема количина пушки од Грција.

Во времето кога на гемиџиите им се давала помош и се барало од нив да не брзаат, уште не се знаело кога ќе се дигне востанието. Може да се претпостави дека, ако не биле очекуваните пушки преку Солун, помошта немало да биде условена и гемиџиите ќе можат да стапат во акција кога ќе сметаат за потребно. Меѓутоа, тогаш тие уште не биле готови.

А биле готови тогаш кога во принцип било решено наскоро да се дигне востание. Не се знаел само денот. Затоа и притисокот врз нив да чекаат и се приспособат кон потребите и интересите на Организацијата се зголемиле кога веќе тие биле наполно готови да го реализираат својот план.

ПОСЛЕДНИ ПОДГОТОВКИ ЗА СОЛУНСКИТЕ АТЕНТАТИ - ОБИДИ ЗА ОДЛОЖУВАЊЕ Динамитот добиен преку Кочани и Велес во Солун пристигнал во февруари 1903 година. Бидејќи каналот бил готов, било решено да се одвои неопходната количина динамит за минирање на Банката, а остатокот да се распредели за други потреби. Под темелите на Банката биле поставени 11 тенекии добро наполнети со динамит. Фитилот, поврзан со две тенекии преку каналот, излегувал во визбата на бакалницата и тука обесен го “чекал” моментот кога требало да биде запален. Кон почетокот на март 1903 година било готово се филијалата на Отоманската банка во Солун да биде фрлена во воздух. Во визбата деноноќно дежурал по еден од гемиџиите, готов во секој момент, во случај на опасност акцијата да биде откриена, да го запали фитилот.

Во февруари-март повеќето од гемиџиите се наоѓале во Солун.

Во Солун се наоѓале и двајцата илегалци - Шатев и Мечето.

П. Шатев, по бегството од Кратово, во Македонија не можел да се врати легално. Тој на некаков начин бил илегален и во Бугарија. Никаде во Бугарија не бил пријавен и немал местожителство во ниту една општина. Бил емигрант, но без никакви документи, иако во оваа земја престојувал околу една година. По експедирањето на динамитот за Кочани, тој требало да се врати во Солун, но тоа морал да го стори под туѓо име.

Дури и да сакал да извади пасош на свое име, не можел, бидејќи нерегистриран во ниту една општина, бугарските власти не би му издале пасош. Во тоа му помогнал неговиот сограѓанин и пријател Георги Манасов, учител во Ќустендилско, кој се согласил пасошот да биде издаден на негово име. Шатев, преку пријатели и врски, успеал да добие пасош на име Георги Манасов, но со слика и личен опис негови. Откако кон средината на февруари во Пловдив добил виза од турскиот комесар, преку Одрин безбедно пристигнал во Солун. Отсега тој за властите, па и за своите другари, бил Георги Манасов.

Ова име по неколку месеци ќе се најде на првите страници на европскиот, па и на светскиот печат.

Доаѓањето на Димитар Мечев во Македонија и во Солун било покомплицирано и поризично. Познавајќи ја неговата “скржавост”, неговите другари од Солун му напишале да купи нова облека и да се облече подобро и задолжително да патува со вагон од втора класа. Тој не купил нови алишта, но затоа неколку пати се напил “англиска сол” за да го растрои стомакот и на таков начин да ја промени бојата на лицето. За нова облека не сакал да троши пари, бидејќи дошло времето да умре. Малку камуфлиран, Мечев тргнал преку Скопје за Солун, меѓутоа, патувањето преку Скопје и родниот град Велес, по линија по која патувале доста луѓе што го познавале, носел со себе голем ризик да биде откриен. Затоа неговите другари во Солун ги презеле сите мерки, евентуално ако биде фатен, тие на солунската железничка станица сосила да го ослободат од рацете на полицијата. Се случило Мечето од Скопје до Солун да патува со возот со кој биле прецесувани останките на рускиот конзул Григориј Шчербин, убиен во Косовска Митровица во март 1903 година. На солунската станица имало силна полиција, биле присутни сите солунски конзули и високи државни службеници, а веднаш до нив и неколку гемиџии со динамитни бомби во џебовите. Искушението кај нив било големо. Никогаш не се случувало толку дипломатски претставници и државни службеници да бидат собрани на едно место. Сметката што си ја направил Кирков била проста: само четворица гемиџии со по една бомба фрлена во поворката што го придружувала телото на убиениот конзул на Европа и на Турција можеле да им направат далеку поголема штета отколку минирањето на Банката и другите динамитни акции. За миг тие сожалиле што Мечев не бил уапсен и не послужил како повод да се изведе една непредвидена но мошне примамлива динамитна акција.

“Таков случај нема веќе никогаш да ни се даде” - со болка во душата повторувал К. Кирков. (Истото, 333.)

Д. Мечев пристигнал во Солун исто така без проблеми. Во неговото купе во Скопје се качил преведувачот при Скопската валиска управа Исмаил-ефенди, роден во Велес, со кого Мечето добро се познавал. Мечев, скаменет од ненадејното среќававе на овој човек, покрил дел од лицето, преправајќи се дека го боли заб. Исмаил-ефенди, пак, сомневајќи се дека пред себе има познато лице, не можејќи да поверува дека познатиот “терорист” од Велес ќе ја има дрсската смелост да патува слободно во возовите на султанот, и тоа во својот град Велес, не се осмелил дури да влезе во разговор со него. Исмаил бил од оние многубројни Турци и Европејци коишто уште не можеле да се убедат дека во Македонија има се повеќе луѓе што се фанатично предани на ослободителното дело и се готови во секој момент да се саможртвуваат за својата татковина. Затоа и можел спокојно да слезе на велешката станица, уверен дека човекот со кого седел во купето не би можел да биде нему добро познатиот Д. Мечев.

При крајот на март 1903 година во Солун биле собрани следниве гемиџии: Јордан Попјорданов-Орце, Коста Кирков Димитар Мечев-Мечето, Павел Шатев (Ѓорги Манасов), Владо Пингов, Илија Трчков, Георги Богданов, Марко Бошнаков и најмладиот во Кружокот Милан Арсов. Мала група, но доста голема за да го привлече вниманието на турската полиција со своето безделничење во Солун. Еден од функционерите на тајната полиција, некојси Панајот-ефенди, кој порано служел во Велес, ги познавал речиси сите велешани од Кружокот. Бидејќи по солунските улици често го забележувал нивното движење, тој по секоја цена сакал да дознае со што се занимаваат овие млади велешани во Солун, Поради ова, и воопшто за оправдување на престојот без работа во Солун, по завршувањето или напуштањето на училиштето, гемиџиите упорно ширеле гласови дека тие, како синови на позаможни велешки родители, нарочно доаѓале во Солун, во кој, подалеку од родителската контрола, можат да се оддадат на “полесен” живот по солунските кафеани и други локали. Имотната состојба на родителите им овозможувала да поминат малку побезгрижен живот, без работа, а ако посетувале некои дуќани и слично, тоа го правеле барајќи друштво за разговор и разонода, а не по друга потреба.

Ваквото претставување на гемиџиите било успешно. И полицијата и средината во која се движеле ги прифатиле како такви и никој од надлежните фактори не се посомневал и не ги повикал на “разговор”. За нив се мислено се што, но никој не помислил дека тие би можеле да се занимаваат со конспиративна дејност. Па дури и оној Панајот-ефенди поверувал во нивната верзија и не презел ништо посериозно што би можело релативно лесно да го доведе до откривање на вистината. Зашто лесно можело да се открие дека гемиџиите слабо оделе по кафеани, слабо трошеле пари, не живееле “лесен” живот, општо земено дека живееле доста скудно во Солун.

Гемиџиите, значи, внимателно и без да предизвикаат никакво сомневање кај властите, ги извршиле сите подготовки за атентатите. Главна нивна цел била да ја минираат Отоманската банка, но тие имале и една друга мошне важна цел: со својата саможртва да и докажат на Европа дека оваа земја но може повеќе да го трпи ропството.

Подготовките за минирање на Банката навистина барале ангажирање на повеќе луѓе и средства. Одржувањето на бакалницата, копањето на каналот и снабдувањето со динамит биле ризични работи што барале луѓе, пари и време. Меѓутоа, кога сето тоа било готово, потребата од луѓе била сведена на минимум: еден ќе требало да го запали фитилот во визбата на бакалницата и да исчезне без трага и еден кој требало да се качи на бродот, а чиј живот можел да биде најмногу загрозен.

Меѓутоа, гемиџиите сакале да се “арчат” за Македонија, значи требало да го дадат својот живот, и затоа решиле тоа да не биде без “противвредност”. За таа цел гемиџиите решиле да употребат бомби. Од динамитот што останал по одвојувањето за минирање на Банката и дванаесетината килограми за диверзија на бродот, биле направени 70-80 примитивни рачни бомби. Овие бомби, што се активирале со палење на фитилот, на отворено немале урнувачка моќ, но затоа биле погодни за правење паника со својата силна бучава. Гемиџиите, значи, однапред знаеле дека, фрлајќи ги овие бомби по солунските улици против полицијата и аскерот, на непријателот нема да му нанесат голема штета, освен што ќе создадат паника во градот и услови да бидат убиени или да се самоубијат. Инаку, тие располагале и со железни бомби произведени во познатата работилница за бомби во с. Саблар, но во ограничен број - имале само десетина.

Со правење на бомбите биле завршени сите материјални подготовки за атентатите. Гемиџиите, што се наоѓале во Велес, очекувале дека ќе остане извесна количина динамит, за да можат и тие да направат нешто во Велес и во Скопје, но попусто. За нив динамит немало.

Штом гемиџиите биле готови, веднаш пред нив се поставило прашањето: кога да стапат во акција. Било очевидно дека тие не ќе можат многу да чекаат, но не им било лесно веднаш да ги запалат фитилите. Пред Задграничното претставништво на МРО дале збор дека ќе чекаат. Тоа на времето не им било тешко да го ветат, зашто уште не биле готови. Сега, кога се било готово, тие станале нестрпливи. Постојано биле обземени од чувство на страв дека нешто може да се случи и повеќегодишните напори и подготовки да бидат провалени. Од друга страна, динамитот се наоѓал во темелите на Банката под земја, и можноста да се расипе од влагата била доста реална.

Неизвесноста од тоа што можело да се случи утре толку многу ги беше преокупирала, толку многу ги мачела што, како што признава Шатев, тие, наоѓајќи се во нервна напнатост, просто не можеле да се трпат меѓу себе. “Ако не успееме - често повторувал Орце - ќе треба од срам да се удавиме”.

При анализирањето на психичката состојба во која се нашле членовите на Гемиџискиот кружок по завршувањето на сите подготовки за атентатите треба да се има на ум и фактот дека тие веќе се наоѓале пред конкретното извршување на еден голем чин - да загинат дури и ако имаат услови да се спасат.

Некои околности, меѓутоа, ја поттикнале нестрпливоста и нивната решеност да дејствуваат. На улицата под која се наоѓал каналот комуналните власти започнале да копаат и да поправаат канал од градската канализациона мрежа.

Гемиџискиот канал бил доста длабоко и можноста да се открие била мала, но тоа не можело да не ги вознемири атентаторите.

Уште повеќе ги вознемирила една вест што дошла од странство.

Некои весници, како “Le Temps” и “Die Zeit”, пренеле вест според која Македонската револуционерна организација планирала да нападне разни европски претпријатија во некои поголеми македонски градови. Кој бил изворот на оваа вест, пренесена од Бугарија, не е познато. Меѓутоа, таа оставила значителен ефект кај турските власти. Тие од тој момент, две недели пред атентатите, започнале да ја чуваат Отоманската банка, Bank de Salonik, австриската пошта и некои други згради.

Гледајќи ги стражарите како се шетаат покрај ѕидовите на Bank Otoman, гемиџиите се смееле на нивната “наивност”, зашто тие стоеле на местото под кое се наоѓал динамитот. Турската полиција, особено во, поголемите градови, бпла доста будна но во случајов на никого не му дошло на ум дека Банката би можела да биде минирана од под земја. Властите, по објавените вести на запад, ја допуштале можноста од напади, но тие напади ги очекувале над земја. Но, гемиџиите не можеле да бидат сигурни и да знаат цто би можела да открие полицијата сега кога била потсетена дека во големите градови се подготвуваат атентати. Затоа ме решиле да го извршат и последниот чин од долго подговуваната акција.

Прво требало да се направи конкретен и дефинитивен план. Тој бил направен од Орце Попјорданов и К. Кирков, кои најдобро го познавале градот. На собирот на групата планот бил одобрен, но биле поставени две важни прашања: дали да се убие солунскиот валија Хасан Фехми-паша и, второ, дали да се убие претседателот на ЦК на МРО Иван Гарванов? Предлогот за убиството на валијата едногласно бил прифатен - било решено тоа да се стори некоку дена по атентатите, зашто, ако би било извршено порано, би можело да предизвика рации, одмазди и апсења, во кои би настрадале и некои од гемиџиите. Задачата да го убие валијата му била доверена на Цветко Трајков, кој требало и самиот да се убие.

Предлогот да се убие Гарванов како одмазда за изгубените 1.000 кг динамит и скратување на можноста гемиџиската акција да се прошири и во други македонски градови бил прогласен за некорисен, бидејќи со тоа не се постигнувало ништо. Се сметало дека самите атентати ќе го сторат невозможно постоењето на ЦК во Солун. Се прифаќала и веројатноста од промена на неговиот состав, во кој би влегле и идејно поактивни професионални револуционери, а не “чиновници и трговци”.

* Гемиџиите кон средината на април биле наполно готови. Но тие не сакале да ги почнат атентатите без претходно за тоа да ја предупредат Организацијата, па дури и самиот Гарванов.

Точно во тоа време во Солун, ослободен од заточение, пристигнал Даме Груев. Од ЦК разбрал дека веќе било доцесено решение за востание, како и за мотивите од кои се раководеле Гарванов и неговите сомисленици при донесувањето на тоа решение. Се разбира, целта на Гарванов била да го убеди Дамета во оправданоста на таквото решение.

Во тоа и успеал. Кога дошол Делчев во Солун да се сретне и да разговара со Груев во врска со востанието и неговото одложување, не наишол на разбирање. Груев сметал дека било “доцна за расудување”. (Спомени на Д. Груев..., 23.) Делчев го напуштил незадоволен Солун непосредно пред атентатите и по неколку дена загинал во Баница.

Груев во своитс спомени не кажува ништо за среќавањето со Димитар Мечев. Мечев, како што е спомнато понапред, добро се познавал со Дамета и сега, пред атентатите, сакал по секоја цена да се сретне со него. Тој сакал не само да го извести Дамета за претстојната гемиџиска акција, туку и нешто повеќе.

Имено, Мечев во хотелот “Вардар”, каде што отседнал Даме, отворено му рекол дека Гемиџискиот кружок бил против масовно востание, затоа што сметал дека тоа не можело добро да се организира при тие услови и затоа што резултатите од едно такво движење ќе бидат такви што населението горко ќе настрада. Го предупредил Дамета дека народот не е вооружен, дека илјадата пушки што се очекувале да дојдат од Грција преку Солун не пристигнуваат (Даме, убеден (по се изгледа од Гарванов) дека 1.000 пушки ќе пристигнат, го смирувал и Делчева храбрејќи го дека сепак ќе се најде оружје.), накусо, дека Организацијата не е готова да дигне и да раководи едно масовно востание.

“Ете зошто, како што му кажав и на Гоце – рекол Мечето – ти изјавувам и тебе: ние сме решени по секоја цена да го спроведеме во дело нашиот план и нека од него и од други слични што би можеле да се извршат по градовите и пругите низ Македонија турската власт се држи постојано во напрегнатост, нека постепено се истоштува материјалпо и морално, од што ќе може да се види во која мера големите сили ќе бидат готови да ја преземат иницијативата за една интервенција. Истовремено населението ќе се кали во револуционерен дух, без да се изложува масовно”. (Ст.

Симеонов, 14-15; П. Шатев, 342-343.)

Аргументите што Груев ги чул од Мечев биле далеку пореални и поубедливи од тие што му ги кажал Гарванов. Впрочем, тие биле аргументи и на Делчев, Ѓ. Петров и на “многу други, побудни членови на Револуционерната организација”. (Ст.

Симеонов, 15.) Меѓутоа, Груев, помирен со идејата за скорешно востание и решен уште тука, во Солун, да дејствува во таа насока, барал од Мечето атентатите да се одложат за по востанието и да дојдат како последен удар врз Европа. Дали за овој проблем Даме разговарал со Гоцета, не ни е познато. По одењето на Делчев од Солун (тој, се разбира, бил илегален), и Груев заминал за Битола, а потоа за родното, Смилево, каде што присуствува на Конгресот на Битолскиот револуционерен округ.

За претстојните атентати Гарванов бил официјално известен од Орце. Еве како сликовито го опишува тоа Христо Коцев, сведок на тој настан:

“На светлата сабота бевме собрани (во Гимназијата) да размениме мисли за тековни прашања. Ненадејно слугата влезе и му јави на Гарванов дека го бара едно непознато лице.

Гарванов излезе и по малку се врати. Тој ни раскажа дека нопознатото лице бил Орце, главатарот на анархистите, кој дошол да му каже дека тие решиле веќе да дејствуваат. Тој се обидел да го убеди дека нивната акција ќе биде многу штетна за делото воопшто, дека Внатрешната организација зела веќе решение да дига во летото востание и дека анархистичките акции се предвидени ако востанието не ги даде очекуваните резултати... Но, попусто”.

“Да не случајно ви завршиле парите, а пак не сакаш да кажеш?”

- го прашал Гарванов преправајќи се како да не и обрнува сериозно внимание на изјавата на Орце.

“Сосем не! Дојдов да ви изјавам најсериозно дека ќе дејствуваме и да ве предупредам да ги преземете потребните мерки за да се зачувате од некаква опасност” – одговорил гордо Орце и покажал една бомба што ја носел во џебот.

И покрај тоа, Гарванов извадил 10-12 лири и му ги подал. Орце ги зел и си заминал.

Попладнето дојде нашето момче кое одржуваше врски со нив и ни јази дека лудите решиле другиот ден, во неделата вечерта, да фрлат бомби на станицата врз возот што пристигнувал од Цариград... За секој случај, ние ја прибравме архивата и печатот и ги закопавме во дворот на Гимназијата”. (Хр. Коцевъ, Прелюдия на Илинденњ, 20 юли, 1903 г. - Сбоникъ Илинденъ 1903-1922, София 1922, 48.)

Христо Коцев за гемиџиите дава некои податоци, за кои, без резерва, може да се каже дека не се точни. Тој тврди дека тие 7-8 души биле луѓе на Сарафов, што ги испратил во Солун со претходен договор со ЦК, за да подготват атентати. За нив се грижел ЦК, кој месечно им давал по 50 лири, а подготовките ги вршеле 6 месеци. Кога биле готови, го изневериле ЦК. Тогаш овој разбрал дека се излажал со тоа што повикал на работа луѓе туѓи на Организацијата, Коцев ги претставува гемиџиите како луѓе коишто биле живо заинтресирани за што поскоро дигање на востание, што, исто така, не било точно.

Гоце Делчев бил категоричен против тоа гемиџиите да дејствуваат на сзоја глава. Сметајќи ги за составен дел на револуционерното движење и помагајќи ги токму заради тоа, тој не се сомневал дека тие млади и храбри револуционери ќе направат нешто што ќе биде против интересите на МРО.

Нивниите подготовки Делчев ги сметал како дел од општите подготовки за уривање на османската власт во Македонија и според тоа очекувал нивните акции да бидат во хармонија со тие на Организација. Одте спомени на современиците недвосмислено го потврдуваат таквото гледиште на Делчев.

Во средината на јануари 1903 година Делчев го повикал во хотелот “Батемберг” во Софија споменатиот А. Кипров, близок на гемиџиите, и му рекол:

“Ти, Санде, ќе дојдеш со мене. Лудории нема да правиме. Што ќе правиме, заеднички ќе го правиме. Не треба да се отклонуваме од општо зацртаниот план”.

Влегувајќи во дискусија по принципиелното прашање - за и против востанието - Кипров му објаснувал на Гоцета дека тоа што би го постигнала Организацијата со илјади човечки жртви, гемиџиите ќе го постигнат со помалку сили и со голем ефект.

Кипров, всушност, ја развил истата теорија за востание што ја застапувале гемиџиите. Долго се убедувале по тоа прашање и, кога Делчев видел дека нема полза, станал и шетајќи се нервозно по собата реско му рекол:

“Добро! Вршете што знаете. Но кажи им на твоите пријатели дека заминувам лут”.