ДЕЛ ВТОРИ ГЕМИЏИИТЕ НА ДЕЛО ГЕМИЏИИТЕ - РЕВОЛУЦИОНЕРНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА - Part 14
“Фатениот атентатор на паробродот ‘Гвадалкивир’, П. П-в (Павел Шатев - б. м.) - пишува Хр. Коцев - го беше разврзал јазикот и раскажал се - од игла до конец. Како последица на тие откритија, осомничени во соучесништво беа Гарванов, Д.
Мирчев и 5-6 души граѓани”. (Хр. Коцев, 55.)
За секој револуционер прашањето за држањето пред непријателскиот суд е мошне важно прашање - колку од практична уште повеќе од морална гледна точка. Слабоста покажана пред непријателската полиција може да има тешки последици за самото движење. (Притоа не треба да се заборави границата на човечката издржливост. Нашата понова историја, од Првиот и Вториот Илинден, е полна со примери на херои кои, не сакајќи да паднат во рацете на непријателот и да ги поднесуваат неговите тортури и понижувања, се самоубивале).
Им се нанесува голема неправда пред истортајата, пред идните генерации, на оние револуционери на кои, без доволно силни аргументи, без да се земат предвид сите околности, им се припишува малодушност, и уште полошо - предавство.
Што се однесува до гемиџиите, нема потреба нашироко да се објаснува колку моралниот лик на оние што останале живи бледнее пред херојските ликови на еден Орце, Коста, Мече, Пингов, Трчков, Цветко. Но, тоа не значи дека тие заслужиле така лесно да се прифати нивното деградирање без тоа да го заслужат. А ние мислиме дека тоа не го заслужуваат.
Тврдењето на Христо Коцев дека Павел Поцев го предал Гарванов не само што не се базира врз никакви факти, туку е злонамерно. Обвинението на Силјанов и на самиот Гарванов не е сигурно. Веднаш се поставува прашањето: Зошто се бараат предавниците на Гарванов и на неговите другари, а не и на оние над 2.000, повеќето непознати македонски маченици, што ги наполниле турските затвори?
Точно е дека гемиџиите го признале своето дело. Тоа не можело да се крие, а тие, особено Шатев, не сакале да го кријат. Што се однесува до откривањето на Гемиџискиот кружок, тоа било извршено од некои од првите тројца уапсени. Властите можеле да ги дознаат бројот и имињата на извршителите на атентатите и нивните конкретни дела од самите преживеани атентатори.
Но, што се однесува до други откривања на работници на Револуционерната организација, и одделно на Гарванов, може со сигурност да се тврди дека тоа не било сторено од Шатев.
Прво, Шатев докрај останал на своето тврдење дека е Георги Манасов од Ќустендил, дека не учел во Солун. В лице, пред членовите на Воениот суд, на Гарванов му рекол дека не го познава и него и другите професори. Според тоа, не можел да предаде луѓе што воопшто “не ги знаел” и не чул за нив. Второ, еве, во своите први спомени, запишани од Љ. Милетич, што раскажува Шатев за апсењето и поведението на Богданов и Арсов: “На 16 април изутрина (тоа можело да биде само на 17/30 апрпл, бидејќи главните атентати биле извршени на 16/29 ноќта) го уапсија Георги Богданов... Откако фрлил бомба, тој се притаил и останал дома. Куќата му беше до кафеаната “Алхамра”, каде што М. Арсов фрлил бомба. Полицијата, правејќи во овој реон претрес, ненадејно влезе во неговата соба, го уапси и најде извесна количина динамит. Во затворот се беше малку ‘мрднал’. Кога по изведоа на суд за соочување со мене, зборуваше сосем збркано. Го прашаа: ‘Зошто фрли бомба во ‘Алхамбра’ (мислеле дека тој фрлил бомба тука). Тој одговори: ‘Милан фрли во ‘Алхамбра’. ‘А ти каде?’ ‘Јас во ‘Ноњо’. Полицијата веднаш разбра дека има еден ‘Милан’. И, бидејќи Богданов рече дека Милан е од Велес, сите лица со име Милан во Велес и Солун ги доведоа пред суд. Меѓутоа, полицаецот Панајот, велешанец, кажал дека Милан Арсов се дружел со Орце, со мене, и сите други ги пуштија.
Милан Арсов беше пронајден и уапсен на 9 мај. За да се утврди дека сме во врска со ЦК (бидејќи полицијата знаеше дека Гарванов е замењан, но немаше факти), го прашаа Богданов:
‘Го познаваш ли Гарванов?’ ‘Не го познавам Гарванов, но познавам еден Гарванов кого ние сакавме да го убиеме,’ одговори Богданов. Богданов уште рече дека од истиот Гарванов сме добиле 36 лири. Кога подоцна го прашаа Милана дали било точно тоа што рекол Богданов дека Гарванов им дал 36 лири, одговори: ‘Точно е’. Меѓутоа, Гарванов веќе беше уапсен”. (П. Шатев, Солунскиот атентат, 49-51.)
Признанието на двајцата гемиџии дека Гарванов им дал пари било тешко обвинение. Властите, коишто и без тоа се сомневале во него и во неговите другари дека се членови на Организацијата, без двоумење можеле да го искористат тој факт и да го прогласт за член на Гемиџискиот кружок. Во таков случај, како соработник на атентаторите, Гарванов ќе одговарал за истото дело како и гемиџиите и ќе бил суден од истиот Вонреден воен суд и неговото дело немало да се префрлува во цивилен суд. Видовме дека од Воениот суд биле судени велешки граѓани, кои, освен роднински, немале никаква друга врска со атентаторите.
Во своите опширни спомени, напишани лично од него, Шатев не ги повторува горните наводи. Тој негира дека Арсов бил предавник.
По изрекувањето на пресудата, гемиџиите биле префрлени во централниот затвор. Во овој затвор биле префрлени и осудените од Воениот суд велешани, но и други затвореници, меѓу кои бил и Гарванов. Меѓу Гарванов и Шатев избувнале повеќе спорови, но еден од главните бил во врска со прашањето за “предавството”. Веќе тука меѓу многуте македонски затвореници, Гарванов нарочно ја ширел веста за “предавството” на гемиџиите, со цел да ги компромитира.
“Додека јас во продолжение на неколку недели го убедував Гарванов дека ниту Милан Арсов ниту Георги Богданов во времето на истрагата и пред Воениот суд не рекоа ништо што би го компромитирало, Иван Гарванов упорно продолжуваше со своето тврдење дека тој е жртва, дека настрадал поради предавство и сл.” (П. Шатев, В македония под робство, 448-
449.)
Гласовите дека Гарванов е жртва на гемиџиско предавство зеле особено замав во времето на судењето на Гарванов и на неговите другари. Револтирани од таквите постапки на Гарванов (доста од затворениците започнале да веруваат во тие гласови), гемиџиите, поточно Шатев, напишал една изјава којашто, потпишана од М. Арсов, преку директорот на затворот била испратена до Судот. Со таа изјава Милан го информирал Судот дека сака да даде свој исказ во врска со судењето на групата на Гарванов. Како сведок, Милан се јавил пред Судот и го прочитал следниот однапред подготвен текст:
“Господа судии, долупотпишаниот осуден во врска со настаните во градот од 28, 29 и 30 април, се што сум рекол во врска со обвинетите лица на кои сега им се суди, е забележано во протоколите на Воениот суд. Го молам Судот да ги земе записниците и таму да види што сум рекол јас во однос на обвинетите. Меѓутоа, денес, кога во цела Македонија народот се разбунтувал и дигнал востание... кога Македонците се борат за правда и слобода, тие господа немаат кураж да го изјават пред еден граѓански суд она за кое народот се бори со оружје в рака. Јас го молам Судот да ги оправда обвинетите како луѓе што или се невини, или пак, ако се виновни, се покајале за она што го мислеле и го правеле”.
“Имаш ли да кажеш друго нешто?” - прашал претседателот на Судот.
“Не!” - одговорил Милан и го оставил прочитаниот текст на бирото. (Истото, 456.)
Читателот секако би се прашал дали било можно вакво истапување на гемиџиите. Секако било можно. Тие биле осудени на смрт и немало што да изгубат. Од друга страна, пак, тие често повторувале дека поколенијата требале да дадат суд за нивното дело. И сега, кога пред нивните очи се нашле луѓе што сакале така жестоко да ги понижат и да ги компромитираат, се разбира, тие не можеле да реагираат поинаку.
Порано ги истакнавме лошите односи меѓу гемиџиите и ЦК на МРО. Тие несогласувања продолжиле и сега кога сите се нашле в затвор. Шатев му префрлил на Гарванов за случајот со 1.000 кг динамит. Гарванов негирал дека имал било каква врска со исчезнувањето на тој динамит. Тој, пак, му префрлил на Шатев дека побрзале со атентатите, не чекајќи да се случи востанието.
На овие расправи, обично биле присутни и други наши затвореници. Слаб да биде рамноправен во овие дискусии, Гарванов во еден момент се свртел кон присутните: “Не го слушајте, тој не е народен човек, тој е анархист!”.
Горната изјава на М. Арсов дадена пред Судот била инспирирана и од една друга расправа меѓу Гарванов и гемиџиите. Било поставено прашањето за држењето на Гарванов и на другите членови на ЦК пред Судот: Ќе признаат ли тие дека се членови на МРО или ќе негираат? Гарванов изјавувал дека ако процесот се одржи пред претстојното востание, ќе негира се, но ако процесот се одржи во текот на востанието, тој пред Судот ќе изјави дека е член на Организацијата и ќе ги каже нејзините цели. Шатев инсистирал и во едниот и во другиот случај тој да признае дека е член на Организацијата и на нејзиното раководство.
Гемиџиите сметале дека, по она што се случило во Солун, власта нема да ослободи никого во кого се сомнева дека се занимавал со револуционерна дејност. И штом било така, требало по секоја цена да се исползува случајот што процесот ќе се разгледува од граѓански суд, на кој ќе биде присутна публика новинари, како и некој од драгоманите или секретарите на европските конзулати во Солун, за да се каже вистината за движењето. Гарванов, според нив, требало да се откаже од мислата за ослободување и свечено да изјави пред Судот и пред присутните дека тој е член на ЦК на МРО, со што би извршил голема агитација меѓу туѓиот свет во полза на македонската кауза.
“Немојте да се ставите во положба на д-р Христо Татарчев, Христо Матов и други обвинети, коишто во 1901 година во судот, и покрај сите факти за нивното учество во МРО, не признаваа и тврдеа дека за првпат слушаат за постоењето на Организацијата”.
Ќе помислам” - колебливо одготворил Гарванов.
Правило било за македонските револуционери од тој период ништо да не признаваат пред турските судови. Тоа било неопходно, бидејќи многу често за нивната припадност кон Организацијата или за нивните револуционерни акции им се судело по сомневање, без судовите да имаат конкретни факти.
Често пати дали ќе биде осуден некој револуционер или, што било уште поважно, дали ќе се ограничи само не него или ќе земе пошироки размери, зависело дали тој ќе го признае обвинението или не и дали ќе открие други. Затоа, херојското држење и непризнавање пред турските истражни органи се славело и се опевало од нашиот народ.
Судењето на револуционерите обично се вршело зад затворени врати. Според тоа, општо замено, судовите не биле погодно место за популаризирање на револуционерното движење во земјата и посебно во Европа. Меѓутоа, случајот со судењето на Гарванов и на неговите другари, бил малку поинаков. Властите, барем во Солун, сакајќи да покажат пред надворешниот свет дека правосудството во Турција не било така “црно” како што се мислело, прогласиле извесна јавност во судењето на гемиџиите и на другите процеси. Таа јавност особено била ползувана, што било мошне важно, од конзуларните претставници и од странските новинари. Но, Гарванов не бил од оние луѓе што биле способни за Македонија да направат толку голема жртва: пред непријателскиот суд јавно да ги прокламираат целите на движењето по цена, евентуално, да биде построго осуден. Гемиџиите што имале начини да го следат неговото судење разбрале дека тој негирал се, со единствена цел да биде ослободен или да добие што пониска казна. Револтирани од тоа, тие решиле да ја дадат на Судот споменатата изјава што требала не само да го демантира тврдењето за предавство на гемиџиите, туку и да го понижи и деградира Гарванова како револуционер.
На крајот, се поставува прашањето на кое е тешко да се одговори: Ако гемиџиите признале дека Гарванов им дал парична помош, зошто тој не бил суден од Воениот суд?
Илинденското востание започнало, а во “Еди-куле” во Солун се јавил нов конфликт.
Бившите членови на ЦК на Организацијата д-р Татарчев и Матов биле ослободени од турското заточеништво есента 1902 година и отишле во Бугарија. Тие во Бугарија отишле во времето на Горноџумајското “востание”, кога врховистите се наметнувале пред Европа како првостепен фактор по македонското прашање. Македонските револуционери на чело со Делчев и Ѓорче Петров нивното доаѓање со радост го пречекале надевајќи се дека тие ќе придонесат за засилување на антиврховистичкиот фронт во Македонија и Бугарија. Но, горчливо се разочарале. Тие, штом пристигнале во Софија, се јавиле како претставници на ЦК и, пишува Ѓорче Петров:
“Веднаш покажаа дека сакаат да ја играат старата првенствена улога што ја имаа во Солун. Гарванов во нивните очи не можеше да биде началство. Веднаш покажаа желба да влезат во поблизок контакт со бугарското општество и влада и да создадат нови односи на линијата МРО - Бугарија. Тие започнаа да се зближуваат со ‘поумерените’ врховисти”. “Оваа тактика -вели Ѓ. Петров – јас ја нареков подла, откако толку крв се беше пролеала и толку другари беа истрошиле толку енергија...
Господата Матов и Татарчев доаѓаат и покрај нас се препорачуваат за благоразумни, а нас не прогласуваат за крајни и со тоа надуено не отстрануваат божем како меродавни фактори во тие борби и се поставуваат себеси за такви фактори.
Држењето на Матов и Татарчев беше себично до најдолен степен”. (Спомени на Ѓорче Петров, Скопје 1950, 119.)
Опортунисти и идејно блиски на Врховниот комитет, Татарчев и Матов повеќе биле наклонети кон разбирање со сличните на нив во редовите на самата Револуционерна организација, со официјалните кругови на Бугарија и со Врховниот комитет, отколку да застанат рамо до рамо со оние што револуционерната идеја и практика ги определила да бидат вистински изразители на стремежите на македонскиот народ.
Тој нивни опуртунизам доаѓал до израз насекаде во нивната дејност.
До одењето на Татарчев и Матов во Бугарија, принципите на МРО во оваа земја биле застапувани од Гоце Делчев и Ѓорче Петров како први задгранични претставници на Организацијата. Тие принципи добро биле бранети и потоа, кога, со доаѓањето на Гарванов за претседател на ЦК, за задгранични претставници биле поставени Димитар Стефанов и Туше Делииванов. Но, со доаѓањето на Татарчев и на Матов на функцијата задгранични претставници, ситуацијата наполно се изменила.
Бргу по почетокот на Илинденското востание, на 10 август 1903 година, Хр. Татарчев и Хр. Матов ја испратиле до дипломатските претставници на Софија познатата “Декларација на Внатрешната Организација...”, во која се објаснуваат причините за кревањето на Востанието и се истакнуваат барања од името на востаниците. Се барало назначување, во согласност со големите сили, на генерален гувернер-христијанин и воведување на меѓународна контрола врз спроведувањето на реформите.
Судирот помеѓу гемиџиите и Гарванов не избувнал во врска со правото што си го присвоиле Татарчев и Матов да зборуваат и поставуваат барања од името на Револуционерната организација, туку во врска со местото од каде што Декларацијата била испратена до големите сили. Постапката на Татарчев и Матов: за Илинденското востание големите сили да ги информираат во Бугарија била осудена од Шатев како акција којашто ќе му штети на вистинскиот сенароден македонски карактер на Востанието и ќе го претстави овој сенароден чин како да е дирижиран од бугарската влада. Тој, всушност, сметал дека постапката на Татарчев и Матов во Бугарија ја компромитирала самостојноста на македонското движење. И, бидејќи Гарванов наполно ја одобрувал таа постапка, Шатев го праша:
“...И навистина, господин Гарванов, кажете ми како ќе се протолкува од меродавните европски и балкански заинтересирани фактори фактот што Христо Матов уште во почетокот на Востанието нотифицира и ги информира дипломатските претставници, и тоа не во Турција, туку во Бугарија? Зар заинтересираните големи сили немаат свои органи и информатори тука во Турција, па ќе се информираат од задграничните претставници на ВМРО, и тоа во Софија, која
- со право или не - се сомничи дека ги поттикнува сите востанички и други акции во Македонија?” (П. Шатев, 451-
452.)
Гарванов и неговите другари биле осудени, и два месеци потоа, во есента 1903 година, биле испратени на заточение. (На заточение Гарванов не бил ниту една година. Во 1904 година, пролетта, султанот дал општа амнестија и сите оние што не биле осудени на долгогодишен затвор (околу 600 души) биле ослободени. Од велешани сите биле ослободени, освен Илија Попјорданов, кој, како соработник на гемиџиите, бил осуден на 10 години. Биле ослободени Гарванов, Мирчев, И. Кондов, кои биле на заточение на Родос. Од ова се гледа дека Гарванов не бил осуден на 101 година, како што тврди Шатев, туку, веројатно, само на неколку години. И од ова би требало да се заклучи дека тој не бил обвинет за врска со гемиџиите.)
Четворицата гемиџии останале во “Еди-куле” чекајќи ја смртната казна.
* Иако од многумина повидни раководители очекувано, делото на гемиџиите предизвикало изненадување во редовите на Организацијата, и поради храброста и саможртвата на гемиџиите и, особено, поради тешките последици за Организацијата.
Не знаеме точно како на времето реагирале најкомпетентните во раководната структура на Организацијата. Гоце Делчев веќе немал време да реагира - само неколку дена по Орце. Коста, Мечето... и тој во Баница ја натопил македонската земја со својата крв, придружувајќи им се на младите велешани. Во спомените што ни ги оставиле повеќе видни раководители или ништо не се кажува или сосем малку и површно се зборува за Солунските атентати.
Меѓутоа, нема сомнение за тоа каков впечаток им оставиле Солунските атентати на оние што биле ангажирани околу последните подготовки за востанието, што гледале како Македонија се претворала во огромен воен логор, во огромен затвор во кој се фрлаат најинтелигентните сили на земјата, како огромниот терор застрашува да ја разнебити Организацијата...
Највисоките раководители на Битолскиот револуционерен округ биле собрани во село Смилево на конгрес кога низ Македонија се проширила веста за Солунските атентати. Еве како костурскиот делегат Васил Чакаларов, кој ни остави драгоцени податоци за работата на Конгресот, го опишал приемот на веста за атентатите и реагирањето на првиот човек на Битолската организација Даме Груев:
“Од Битола пристигна писмо од Лука Џеров во кое пишуваше:
‘Во Солун Отоманската банка е фрлена во воздух со динамит, низ градот се фрлени бомби... еден француски пароброд е потопен, пак од наши работници. Иницијаторот е фатен...’ Тоа не изненади. Даме Груев почна растревожен да ни го раскажува следното:
‘Да ги земе ѓаволот, јас уште кога заминав од Солун, тие штетници се фалеа и не дочекаа до денот на востанието; тие не чинеа повеќе од 250 лири. Тие се околу 15-16 души неразбрани луѓе; од секогаш нашите браќа-во Солун беа заплашувани: ‘Ако не ни дадете пари, или ако фатат некого од нас, ние веднаш ќе го потпалиме динамитот. Еден од нас штом се изгуби, нема да штедиме ништо...’ Секогаш така не заплашуваа. Јас предложив да ги уништиме, но и тука среќавав тешкотија: не можевме да ги собереме сите, а пак поединечно не беше можно, зашто така ќе ги исполнеа своите планови, и ете што направија, ѓаволот да ги земе.
Така горе-долу заврши Груев”.
Чакаларов продолжува: “Сарафов ме зеде настрана и ми рече дека тие биле испратени од него во Солун и дека така си ја свршија мисијата; , ...повеќе од 300 лири им дадов додека се постигне тоа. За тоа што побрзаа, не знам која е причината, но по се изгледа дека нешто ги загрозувало па така и побрзаа. Како и да е, јас се радувам од душа и нека си зборуваат Груевци и компанија, тие мислат и другата година да не го дигнат востанието, но како и да е, тоа само по себеси ќе дојде...’ Така заврши Сарафов воодушевен од новината солунска".
(Оргиналните протоколи OTH Смилевскил конгрес - Ил.
Илинден, IX, 7 (87), Софиз aBrycts 1937, 8.)
Сарафов и во своите спомени признава дека HE очекувал од гемиџиите такво нешто. “Знаев - вели тој - дека тие за времето ќе се разберат со Гарванов и со Делчев". Потоа се дознало дека причината била што Турците сакале да копаат малку, па можело да се открие. Од друга страна, раководителите на Гемиџискиот кружок не им се доверувале на Гарванов и неговите другари, сметајќи ги дури за спосбни да го провалат нивното дело.
(Спомени на Дамјан Груев, Борис Сарафов..., 89-90.)
Како што видовме, Централниот комитет во Солун, иако навремено предупреден од гемиџиите, не презел никакви мерки да се спаси, да го одбегне апсењето во случај на атентати.
Со апсењето на ЦК по Солунските атентати била извршена еден вид принудна децентрализација. Солун де факто престанал да биде центар од каде што се раководела Организацијата.
Функциите на ЦК, на некој начин, биле преземени од Татарчев и Матов, но тие не биле во Македонија и не можеле да ја играат улогата на централно раководство на востанието во Македонија. Со востанието, фактички, останале да раководат окружните раководства. Сарафов, во врска со тоа, констатира:
“По атентатот... Солун веќе се губеше како центар и затоа оставаше секој округ да се грижи за себеси. Затоа и нашите решенија (во Смилево) станаа сосем самостојни: на никого не му падна на ум да предложи да се испратат нашите решенија на одбрение од ЦК. Според тоа, Груев немаше и да почитува никаков ЦК, односно Гарванов". (Истото.)
Треба да се забележи дека, освен ЦК, малкумина позначајни раководни личности биле уапсени по Солунските атентати. Во тоа време речиси сите реонски раководители, коишто повеќе или помалку биле компромитирани пред властите, се наоѓале во планините. Масовните апсења, значи, многу малку ja засегнале раководната структура на Револуционерната организација.
ДВЕ ПИСМА НА ЈОРДАН ПОПЈОРДАНОВ Видовме дека Сарафов ги помогнал материјално гемиџиите, меѓутоа, помошта што им ја дал Гоце Делчев била значително поголема и поразновидна. И покрај тоа, гемиџиите се чувствувале далеку позадолжени кон Борис Сарафов отколку кон Делчев. На што се должело тоа, со сигурност не може да се каже. Една од причините, веројатно, е таа што Гоце помошта ја условувал (да се подготвуваат, но да не преземаат ништо на своја глава), додека Сарафов, кој не водел сметка за последиците од било која акција, тоа не го правел. Веројатно гемиџиите сметале дека парите што Делчев им ги давал биле “народни”, додека тие што Сарафов ги давал - “лични”. Факт е дека Орце решил парите што ги добил од Сарафов да му ги врати на еден невообичаен начин. Тие на Сарафов му биле многу благодарни за 1,000 кг динамит, иако не успеале да го добијат.
Еве како Шатев го објаснува тој вистински интересен гест на Орце:
“Не само Орце Попјорданов, туку повеќето од гемиџиите се чувствувале морално задолжени кон Борис Сарафов, поради олеснувањата што ни ги правеше во материјален поглед уште од почетокот и поради големата доверба што ја уживаа кај него некои од нас, а особено Орце Попјорданов. Сите, најмногу го почитувавме Борис Сарафов за оној гест што тој го стори пред конгресот на Врховниот комитет, кога му побараа отчет и тој не можеше да даде таков за сумата дадена на гемиџиите и, за да не пропадне делото ако тој ја каже вистината и неа ја разбере турската влада, Борис Сарафов го понижи своето достоинство и авторитет и изјави: ‘Таа сума ми беше дигната од една лесна жена, со која имав интимни врски’…” Пред нашите очи - продолжува Шатев - Борис стрчеше над сите други водачи што не можеа да го прават тоа што го правеше тој и се жигосуваа себеси... За таа Сарафова постапка, како и за тоа што не поттикнуваше во започнатото дело, тој беше боготворен од нас и нашиот најдобар другар и раководител во знак на благодарност и признание... реши да му ја врати добиената помош и да му плати за 1.000 кг динамит. (П. Шатев, 339-340.)
Нема сомнение дека Б. Сарафов бил способен да даде таква “тешка” изјава. Можеби тој и дал таква изјава. Сигурно е дека тој бил обвинет за проневера на комитетски пари.
Во почетокот на 1901 година станало наполно јасно дека Сарафов не ќе може да остане веќе претседател на Врховниот комитет. Гоце Делчев и Ѓорче Петров, откако сфатиле дека основна задача на Сарафов и на неговите пријатели - офицери била да го преземат раководството на Македонската револуционерна организација, за да ја насочуваат нејзината дејност според желбите на кнезот Фердинанд, му ја скратиле поддршката што му ја давале во почетокот.
Решението на Сарафов да не му го препушти доброволно раководството на Врховниот комитет на генерал Цончев, довело до распаѓање на комитетските офицери на две групи:
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/solunskite-atentati/18 le 29 octobre 2026