Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

The Solun Assassins

ДЕЛ ВТОРИ ГЕМИЏИИТЕ НА ДЕЛО ГЕМИЏИИТЕ - РЕВОЛУЦИОНЕРНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА - Part 10

Par Крсте Битоски · Partie 14 sur 20 · Environ 19 minutes

Lire en English

“регистрирањето” па куќите се вршело во рамките на подготовките за масакри, а според францускиот вицеконзул Готје, “анкетите” биле вршени за да се олесни следењето на сомнителните лица. - А. М. ф. 238 - вицеконзулот на Франција во Битола до Констан, амбасадор на Република Франција во Цариград, Битола, 5 мај 1903.) Се разбира, не било тешко да се насети со каква цел се правело тоа. Јасно му се давало на знаење на нашето население дека е под контрола и дека ако се случи нешто слично на тоа што се случило во Солун, или ако се дигне востание, треба да очекува крвава одмазда. Преку создавање клима на страв и притисок, властите сакале да ја натераат Организацијата на повлекување и да ги охрабрат сите оние што биле противници на револуционерните акции. На 29 април битолскиот валија ги посетил конзулите на големите сили и им зборувал за критичната ситуација во која се наоѓал Вилаетот поради четничките акции и подготовките за востание.

По се изгледа дека пред нив тој ја изнел заканата против македонското население во случај на востание. Се разбира, таа закана не била изнесена од името на власта туку како закана којашто, наводно, доаѓала од муслиманското население.

Заканите делумно ќе бидат остварени тие денови, а во најголема мера во време на Илинденското востание.

Во Битола, како центар на округ каде што револуционерното движење било најразвиено, напнатоста се чувствувала од порано. Секое движење на чета и секој судир по планините и селата во југозападна Македонија силно се одгласувал во центарот, во Битола. Приближувањето на востанието тка најмногу се чувствувало. Муслиманското население во градот било силно вознемирено. Се очекувал повод за гневот да експлодира. Тој повод биле Солунските атентати.

“Настаните што се случија во Солун - пишува Готје - уште повеќе го зголемија немирот на битолското население, и тоа е повеќе од секогаш убедено дека градот, со оглед дека е седиште на главните членови на Револуционерниот комитет, е загрозен, и тоа многу скоро, од катастрофа пострашна од таа во Солун”.

(Готје до Констан, Битола, 5 мај 1903.)

Валијата презел строги мерки за зачувување на мирот во Битола. Патролите се движеле низ градот една по друга на мали растојанија, се внимавало на џамиите од каде што обично ги почнувале своите злосторства муслиманските фанатици и друго. Но, и покрај тоа, имало кругови во власта што не сакале да го спречат најлошото. Напроив...

На 23 април (6 мај), среда, на Ѓурѓовден, конзулскиот кор на Битола и валијата биле во визита кај грчкиот конзул по повод имениот ден на грчкиот крал. Околу 11,30 часот претпладне, во моментот кога се служело шампањско, во конзулатот влегол аѓутантот на валијата и нешто му соопштил. По минута-две валијата се извинил и отишол. На сите им било јасно дека се случило нешто сериозно По час и половина градот бил “окупиран” од војската, чаршијата била затворена и меѓу граѓанството настанала паника. Кој каде се нашол, таму и останал, оти војската го забранила движењето. Таква била положбата до 4,30 часот попладне. По ова време блокадата на градот малку попуштила. Војската била заменета со силни војнички патроли. За еден час улиците малку живнале - сите истрчале во своите домови. Пред стемнувањето пак се опустело. По улиците се движеле силни војнички патроли. Низ градот, иако блокиран, прелетала веста дека тој ден на многу места биле извршени убиства. Што, всушност, се случило? Еве за тоа што читаме во Мемоарот на Организацијата:

“На 23 април претпладне турски шајки, составени од професионални злосторници и крвопијци, следени од полициски чиновници и жандарми, без секаков повод и ненадејно, со бес и јарост се нафрлија врз христијанилте низ битолската чаршија и, кого ќе сретнеа, го убиваа или рануваа.

Паничен страв ги опфати сите христијани и за еден миг целата чаршија опусте... Шајките, а по нив и полицијата, триумфално одеа по сите градски улици, стрелаа по прозорците на куќите и на секој христијанин што го среќаваа. Целиот град затрепери.

Паниката беше ужасна, неопислива. Забарикадирани по своите домови, христијаните секоја минута ја очекуваа смртта...” (Македония и Одринско (1893-1903). Мемоаръ на Вътрешната Организация - 1904, 114.)

Причините за битолските колежи на сите оние што ги знаеле и следеле револуционерните настани им биле познати.

Солунските атентати се сметале како повод, но сепак се барало

- што уште конкретно во Битола послужило како повод башибозукот да излезе на улица. Валијата официјално одговорил дека нередите ги предизвикале егзархисти, коишто, наводно, нападнале неколку муслимани и се обиделе да го нападнат магазинот на барут. “За напад на магазинот на барут не може да станува збор - пишува Мих. Ристиќ, српски генерален конзул во Битола. - Соопштението на валијата за тоа е обична лага... Мој впечаток е дека настните се последица од општото возбудување на духовите... кое постои одамна во овие краеви. Тоа е засилено по солунските настани и гласовите дека слични настани ќе бидат предизвикани и во Битола. Мал повод требаше па тоа возбудување да се манифестира со вакви крвави настани”. (Извештаи од 1903 година на српските конзули, митрополити и училишни инспектори во Македонија. Редакција и коментар: Љубен Лапе, Скопје 1954, 202-205.)

Поводот бил следен: поради силното раздвижување на чети и комити и засилените подготовки за востание, што за турските власти не биле тајна, надлежните воени власти, покрај другите мерки, практикувале ноќно време да праќаат силни пешадиски и коњанички патроли околу градот па и подалеку. Гиче Ошавков од Дебар, шивач во Битола, бил еден од најактивните и најспособни снабдувачи на Организацијата со оружје. Се поврзал со неколу Турци и Албанцикираџии од Гостиварско, коишто по негова порачка пренесувале со стотици пушки и муниција за потребите на Организацијата. Еден од овие кираџии, Турчин, на 6 мај требало да дојде во Битола со оружје.

Бидејќи цел товар оружје не можело без опасност да се внесе во градот, било договорено утрината на патот под селото Цапари да го чекаат двајца членови на Организацијата и на определен знак да им се довери да го растоварат оружјето во Цапари.

Тие членови, вооружени милиционери од Цапари, чекајќи го кираџијата, биле забележани од една потрола и со пушчани истрели подгонети кон селото. Селаните од Цапари, изненадени од аскерот, ги грабнале пушките и отвориле оган против него.

Така започнала познатата борба меѓу војската и цапарската милиција, што ја вознемирила целата околија, како и делегатите на Смилевскиот конгрес, кој морал да ја прекине работата и да испрати оружена сила во помош на цапарци.

Во меѓувреме пристигнал кираџијата од Дебар со 6 коњи натоварени со оружје. Но, наместо договорените луѓе, сретнал аскер и жестока борба во Цапари. Изненаден и избезумен од страв, тргнал кон Битола во неизвесност. Нестрпливиот Гиче со еден другар, без да знаат ништо, тргнале кон “Довлеџик”, да прошетаат и евентуално да дознаат нешто за очекуваното оружје. Биле вчудовидени кога го здогледале кираџијата со својот мал карван. Од него разбрале за она што се случило во Цапари и веднаш станале свесни за опасноста што ги дебне.

При таква ситуација, кога се очекувало раздвижување на војска во овој крај, било лудост да се направи обид оружјето да се пренесе во Битола. Во близината имало стари гробишта и мала црквичка. Чудејќи се што да прават, ги втерале коњите во дворот на гробиштата, го викнале служителот и му рекле:

“Ти пред малку ни рече дека си бил навреден што не си член на Организацијата кога сите работат. Сметаш дека немаме доверба во тебе. Штом сакаш да те посветиме, дај сега клетва овде, во црквата, дека ќе му служиш верно на делото. Веднаш ти даваме мошне ризична задача - да го скриеш ова оружје”.

Служителот дал набрзина заклетва и потоа отворил повеќе плочи на празни гробови и ги скрил пушките и барутот.

Откривањето на ова оружје можело да предизвика афера со тешки последици. Среќното завршување се должело на фактот што кираџијата бил Турчин и на случајното тргнување на Ошавков кон Цапари. Сепак ова пренесување на оружје било повод за судирот во Цапари, а тој судир, пак, имал извесно поттикнувачко влијание врз битолскиот башибозук за извршувањето на колежите.

По судирот во Цапари, двајца коњаници истрчале во Битола да ја пренесат веста за “востанието” во селото. Дознавајќи ја оваа вест, Турците започнале да се собираат околу уќуматот и наежени да ги напаѓаат христијаните што тука случајно поминувале.

Со дозвола на Лука Џеров, кој во тие денови кога другите раководители се наоѓале на Конгресот во Смилево раководел со организационите работи во Битола, двајца членови од десетината на Ристе Самарџијата грабнале две пушки оставени во еден ан од двајца Турци и тргнале да бегаат. Минувајќи низ едно турско маало со полускриени пушки, биле забележани од Турците, кои, знаејќи за борбите во Цапари, дошле до заклучок дека комитите веќе навлегле и во Битола. “Збирот на тие неколку настани – пишува Џеров - комитите во селото Цапари, комитите во Битола, гласот за неминовно востание и неминовен напад на Битола... ги ожесточи Турците до таков степен што тие се впуштија да убиваат секој Македонец сретнат по патот”.

(Борбите во Југозападна Македонија по спомените на Лука Џеров и Лазар Димитров. Редакција Ѓорги Абаџиев, Скопје,

1952, 25-28.)

Тоа што колежите и убиствата во Битола не зеле поголеми размери во значителна мера се должи на фактот што започнале напладне кога граѓаните веќе биле дома, чаршијата, поучена од Солун, веднаш се затворила, а башибозукот беснеел по улиците, но не се решавал да ги напаѓа христијанските домови.

Се разбира, за тоа придонесувала и брзата интервенција на валијата.

Запрашан по воздушен пат (преку светлински знаци, од куќа до куќа) дури од Баир-маало што да се прави, Џеров одговорил:

“Нека се остават Турците да демонстрираат по улиците, но да се пука и да се убиваат со што може ако ги нападнат куќите”.

Лука Џеров, кој преку организационата мрежа во подробности ги следел настаните, пишува дека, “за чест на Битола”, никој не се исплашил. Загрозените цврсто ги затвориле портите, но и биле готови да се бранат со оружје и со било што друго со што располагале.

Обиди за колежи имало и следниот ден, на 7 мај, но завршиле со убивањето на 2-3 старци во некои осамени улици.

На 7, 8 и 9 мај речиси секаква стопанска и општествена дејност во Битола била замрена. Градот и чаршијата биле затворени. По улиците никаде жива душа, освен војска. Властите упорно настојувале да ја отворат чаршијата, меѓутоа, христијанското население не излегувало од своите домови. “Денешната ситуација (9 мај), како и вчера, е таква каква што настана на Ѓурѓовден напладне - пишува Мих. Ристиќ. - Чаршијата е уште затворена и страв владее меѓу населението, така, и покрај настојувањето на властите, не се знае кога и дали воопшто ќе може да се поврати мирот и спокојството”. (Извештаи од 1903,

204.)

“Сигурно е - пишува Готје - дека ќе треба време јавноста да се соземе од тревогата од 6 мај, бидејќи, покрај атентатите со бомби и динамит на Комитетот (веројатно мисли на солунските настани - б. м.), неочекувано се утврди пробивното присуство на молњата на еден див фанатизам, што досега беше скриен во сенка”. (А. М., ф. 238, вицеконзулот на Франција до Констан, Битола, 11 мај 1903.)

Крвавата Ѓурѓовденска среда им оставила грозен впечаток и на конзулите и на населението. Една седмица по солунските настани се повториле колежите, само тука тукуречи без значаен повод. Поводот што го посочува валијата изгледал неверојатен.

Зашто упорно се ширеле гласови дека колежите биле подготвени од заинтересирани кругови во власта, а случајот сакал тие да се совпаднат со борбите во Цапари и крадењето на пушките. (Цапарци храбро се бореле, но изненадени од надмоќниот непријател, биле привудени да го напуштат селото и да се повлечат в планина. За бројот на жртвите податоците не се совпаѓаат. Според валијата и според Силјанов, загинале 11 селани, а 74 (според Силјанов околу 40) селани, коишто не успеале да избегаат, врзани биле донесени во Битола, каде што биле грозно мачени, а од нив 18 подоцна биле осудени.) Тие гласови наоѓале поткрепа во други гласови, според кои тефдердарот му рекол на денот пред Ѓурѓовден на својот готвач-христијанин на 6 мај да не доаѓа на работа. И други Турци на 5 мај им советувале на своите пријатели христијани другиот ден да не излегуваат од своите куќи.

Битолските улици биле попрскани со невина човечка крв.

Колку христијани биле убиени, како и во Солун, не се знае точно. Во Мемоарот, видовме, се посочуваат 14 убиени, што е близу до цифрата што ја дал валијата, и 40 ранети. Лука Џеров пишува дека биле убиени 50-60 души и дека 30-40 биле ранети.

Десетина биле уапсени како “комитаџии” и малтретирани.

Шестмина од нив умреле во затворот.

Со убиените и ранетите се постапувало како што не се постапувало ниту со добитокот. По кажувањето на аптекарот на Општинската болница каде што мртвите и ранетите ги носеле, и мртвите и ранетите ги фрлале еден преку друг во колички за ѓубре. Во болницата не ги растоварувале еден по еден туку ја превртувале количката и сите паѓале на земја и отпосле ги одбирале кои биле ранети а кои мртви. Кога на 10 мај рускиот и австрискиот конзул го посетиле затворот и болницата, констатирале една навистина несфатлива ситуација. Сите ранети лица властите ги сметале како затвореници и ти лечеле во затворската болница.

“Зошто овие луѓе не се во одделението за обични ранети лица?”

- го прашал Ростковски шефот на жандармеријата што ги придружувал конзулите.

“Не знам! - одговорил овој. - Таму нема доволно место -дополнил аптекарскиот помошник”. (Извештаи од 1903, 206.)

Така властите сите оние што полицијата во моментот на нередите ги затекла на улица и ги довела в затвор и сите оние што без никаква вина биле ранети од башибозукот и биле доведени во болницата, ги третирале како “виновници” за она што го предизвикала муслиманската толпа со помош на некои органи на власта.

И покрај фактот што во Битола сите знаеле (Српскиот конзул Ристиќ повторува дека Организацијата “ниту со една своја постапка не даде непосреден повод” за овие несреќни настани. -Извештаи од 1903, 207.) дека Организацијата не испукала ниту еден куршум, не нападнала нуту еден Турчин, значи не дала ниту еден посериозен повод за битолските колежи (по примерот на Солун), генералниот инспектор на трите вилаети (Солунски, Битолски и Скопски) Хилми-паша чие седиште тогаш било во Скопје, пред рускиот конзул во Скопје и пред дописниците на “Будимпештански Хирлап” и “Манчестер Гардијан” ја дал следнава неточна и тенденциозна изјава: “Околу пладне (на 6 мај) во Битола на повеќе места во чаршијата се пукаше против Турците. Ранети беа тројца Турци, меѓу кои и еден имам. Сите муслимани во градот се држеа сосем мирно, помирно отколку во Солун. Војската што зеде учество за да ги растера предизвикувачите на немири уби 11, а рани 9 лица.

Во село Цапари двајца селани се ранети, а 12 убиени. И Цапари зеде учество во битолските нереди, за да ги предизвикаат муслиманите да вршат колежи”. (Истото, 200. За настаните во Битола види и: Д. Димески, Ѓурѓовденскиот масакр во Битола 1903 - Историја VII, 2, Скопје 1971, 147.)

Солунските настани имале значаен одглас и во третиот вилаетски центар, во Скопје, но тие тука не добиле таков крвав карактер како во првите два града. Во Скопје немало жртви.

Башибозукот не дошол до израз, а властите се задоволиле со апсења на се што било побудно меѓу егзархиската средина.

Глазен збор во кампањата против Организацијата во Скопје водел Хилми-паша. Тој се трудел до максимум да ги исползува Солунските атентати заради компромитирање на револуционерното движење. Турција ја претставувал пред странските дописници како нападната и загрозена од “анархистите”. Во разговорот со кореспондентот на “Манчестер Гардијан”, тој иронично го прашал: (Истото, 186.)

“Дали, господине, европскиот или одделно францускиот печат, и по настаните во Солун, ќе ги симпатизира комитетите, коишто на Французите особено им се заблагодариле запалувајќи им го паробродот во солунското пристаниште?” Апсењата се вршеле под изговор да се спречат “планираните” атентати во градот. И на тоа никој немал смелост да реагира.

Кога егзархискиот митрополит Синесие отишол да моли за ослободување на некои затвореници, Хилми-паша му одворил дека таквите “чесни” луѓе, трговци и учители ги извршиле динамичните атентати во Солун.

“И во Скопје се очекуваат такви атентати – рекол Хилми-паша.

- Дали вие гарантирате дека такви настани нема да се случат овде? Ако гарантирате, јас веднаш ќе ги ослободам лицата за кои вие се интересирате!” Се разбира, Синесие не можел да даде таква гаранција.

Што се однесува до гласовите за напади врз конзулатите во Скопје, нема сомнение дека тие особено биле ширени од Хилми-паша лично и од неговите агенти. Таквите гласови немале основа, но претпазливите мерки на властите се сметале за нормални. Хилми-паша поставил стражи пред сите конзулати, само бугарското агенство го прогласил за безбедно и не поставил стража. Ваквиот гест бил сосем проѕирен.

Агентството на една држава, којашто ја “раководи” револуцијата во Македонија, не би можело да биде загрозено од “своите” луѓе. Итриот Хилми-паша и на таков начин сакал да ги “потсети” европските дипломати дека борбата што се води во Македонија и “анархистичките” акции “биле” диригирани од Бугарија.

Се разбира, меѓу градовите што повеќе настрадале бил и Велес, градот на гемиџиите. Дознавајќи дека повеќето од гемиџиите потекнуваат од Велес, властите го испратиле Џемал-бег, член на Воениот суд, да изврши истрага. Во Велес биле уапсени татковците, браќата и други роднини на атентаторите. Како и на други места, така и тука биле апсени и луѓе што немале никаква врска со Организацијата или со атентаторите. Кога од Велес за Солун била праќана четвртата пратка динамит, на станицата било спомнато името на Гиго Шарлаганџијата, познат производител на шарлаган во Велес. По атентатите, тој бил уапсен и задржан во затвор повеќе месеци, иако немал абер за дејноста на гемиџиите. Ништо не знаеле и родителите и роднините на гемиџиите, меѓутоа, тие биле “виновни” што ги родиле или што им биле блиски, и затоа биле осудени. Дваесет и тројца Велешани биле испратени во Солун, изведени пред воениот суд и осудени од 3 до 5 години. Меѓу нив бил и таткото на Орце Ѓошо, Попјорданов.

* Како што не може точно да се утврди бројот на убиените, така не можат да се дадат приближно точни цифри и за уапсените и изложени на мачење лица. Според официјалните податоци што главниот инспектор Хилми-паша и ги испратил на својата влада, во Битолскиот вилает имало 461 затвореник, во Солунскиот - 382 и во Косовскиот (Скопскиот) - 281, или вкупно 1.124 души.

Меѓутоа, како што и порано истакнавме, на официјалните податоци, кога се работело за прашање од ваков карактер, никој не им верувал. (Освободителната борба, док. 93.) Сите современици што пишувале за овие бурни настани се согласуваат со фактот дека апсењата биле масовни како никогаш порано, а тортурите големи. Занданите со кои турската влада можела да се пофали ниту оддалеку не биле доволни да ги соберат уапсените Македонци. Кога рускиот и австро-унгарскиот конзул во Скопје го посетиле затворот, констатирале дека тој бил пренатрупан со затвореници. Поради тоа, Хилми-паша наредил да се приспособи една куќа за затвор, во која требало да се префрлат еден број затвореници од другите два затвора. (Извештаи од 1903, 215.) Англискиот вицеконзул во Скопје Фонтана пишува дека на | мај затворот во Штип бил “ преполн" - 150 души. (Turkey, Мо 1 (1904), док.

250.) Францускиот конзул во Солун во своите извештаи до Делкасе од 7 и 13 мај укажува Ha “пренатрупаноста" на затворите со уапсени егзархисти од сите социјални средини.

“Апсењето на христијани - пишувал виенскиот “Ди Информацион" од 22 Maj - продолжува. Затворот Кан "л-куле и собите на тврдината Еди-куле се преполни со затвореници. На затворениците им се врзани рацете и нозете... (Според Хр.

Силјанов, 263.) Имало луѓе што полуделе од мачење. Фатен и мачен бил и познатиот револуционер Т. Лазаров; окован во пранги во скопскиот затвор бил доведен Петар Попарсов;

уапсен бил и Иван Гарванов. Речиси сите покрупни трговци Македонци-егзархисти во Солун биле уапсени. Слична била ситуацијата и во другите краеви во Македонија. Во Солунскиот вилает биле уапсени околу 900 души, во Битолскиот - околу 850, во Скопскиот - околу 500. Вкупно над 2.200 Македонци биле уапсени. Апсењата траеле повеќе од еден месец.

Користејќи ги Солунските атентати како повод за масовни апсења, Хилми-паша немал интерес брзо и пошироко да ги отвори затворските врати во Македонија кога често добивал вести за судири меѓу четите и аскерот и за засилени подготовки за општо востание. Тој знаел дека речиси сите уапсени немале врска со солунските атентатори, но го знаел и тоа дека голем број од нив имале врска со Македонската револуционерна организацпја, иако немал конкретни докази да ги испрати на суд. Од уапсените во Скопје, 110 души биле прогласени за

“многу сомнителни". За нив Хилми-паша зборувал: “Toj е најопасниот". Се разбира, за него сите учители и побудните и заможни граѓани претставувале опасност за Царството: Првите како главни раководители на револуционерното движење, а вторите ги сметал за материјална потпора на истото. До завршувањето на судењето на останатите живи атентатори, тој можел релативно лесно да го оправдува држењето во затворот на голем број луѓе, и тоа го правел. Компетентните органи уште во почетокот можеле да знаат дека гемиџиите биле сосем ограничена група заговорници и дека нивна врска со МРО не ќе можат да докажат. Но јавноста не знаела за тоа и од судењето се очекувало да открие голем комплот против султанот.

“Судењето - пишува Стег - ќе им донесе горко разочарување на оние што очекуваат дека, по истрагата од повеќе од еден месец, ќе се откријат интересни поединости околу врската меѓу авторите на последните атентати и револуционерните комитети.

Речено е, навистина, во почетокот дека членовите на субверзивниот комитет од Софија решиле да извршат серија атентати во Солун, но никаков доказ не е даден во таа смисла, така што пресудата се ограничува на констатацијата, навистина сосем сигурна и комплетна, за личното учестбо на обвинетите во атентатите од 28 и 29 април. (A. M., ф. 238, Францускиот конзулат во Солун до Делкасе, Солун, 12 јуни 1903.)

Овој факт, интересот што за проблемот го покажувале големите сили и посебно усогласената интервенција на руските и австро-унгарските пратеници, како и тешкотиите што ги создал толкавиот голем број затвореници, ги принудиле турските власти да ослободат поголем број од уапсените. Но, немајќи доволен конкретен материјал да исправи пред суд лица за кои бил уверен дека се членови на МРО, Хилми-паша планирал таквите да ги депортира без судење. Фонтана посочува цифра од над 100 сомнителни од Македонија коишто според планот на Хилми-паша требале да бидат интерирани во некој дел од Турција близу до морскиот брег, каде што би им се дало земја и би биле под извесна контрола. (Гшкеу, Мо 1 (1904), док. 136.)

Ова предизвикало големо незадоволство кај народот и неодобрување од страна на “најзаинтересираните" конзули во Скопје - рускиот и австро-унгарскиот. Овие инсистирале кај Хилми-паша уапсените или јавно да бидат судени или да бидат ослободени. Рускиот генерален конзул во Солун, по налог на својот амбасадор од Цариград, отишол специјално во Скопје да бара од Хилми-паша да им препорача на валиите повеќе умереност и да го наговори да се откаже од својата намера за протерување на сомнителните лица без да им се суди. Меѓутоа, Хилми-паша одбивал да прифати таква сугестија. (A. M., ф. 238, Францускиот конзулат во Солун до Делкасе, Солун, 12 јуни

1903.)