The Macedonian People's Revolutionary Struggle 1876-1912
ВТОРИОТ УСТАВ НА ВНАТРЕШНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА - Part 06
Младотурцијте, кои своето потекло го водат уште од 1876 година, беа прогресивна општествена категорија во Империјата, за разлика од старотурците, кои беа приврзаници на постојниот апсолутистички систем. Младотурците почнаа да создаваат посебни нелегални организации како во самата Империја, така и во странство. Во Женева, во 1891 година, Младотурците формираа “Отомански комитет за обединение и напредок”, кој набргу стана надворешен центар на сите младотурски емигранти. Овој Комитет, со својата печатна пропаганда, го насочуваше и Младотурското движење и во самата Турција.
Запазувањето на целоста на Империјата и нејзиното реформирање беа основни елементи во програмата на младотурците.
Во борбата против апсолутистичкиот систем младотурците организации бараа поткрепа и во национално-ослободителните движења во самата Империја. Во таа смисла, во Париз, во 1907 година, беше одржан и Конгрес, на кој покрај претставници на младотурците, зедоа учество и делегати на ерменски, арапски и еврејски организации. На овој Конгрес беше поканет да земе учество и претставник на ВМРО. Меѓутоа, Христо Матов, како водач на врховизираното крило на ВМРО, ја одби поканата.
Левицата во македонското национално-ослободително движење ги прифати решенијата на Парискиот конгрес. И покрај несогласувањето и различните и посебни интереси што се изразија, на Парискиот конгрес беше прифатена една програма во која се предвидуваше рушење на апсолутистичкиот систем и воведување парламентарен режим во Турција, дури и преку оружено востание.
Најдобри услови за дејствување младотурците најдоа во Македонија, што не беше воопшто случајно. Во Македонија веќе постоеше револуционерна традиција и револуционерни услови. Македонското револуционерно движење имаше долго- годишна револуционерна дејност. Засилувањето на Младотурското движење во Империјата беше забележително посебно по 1905 година, кога Солун стана центар на Младотурското движење, кое имаше приличен број приврзаници во офицерските редови на Третиот армиски корпус, чиј штаб се наоѓаше во Солун.
Младотурците планираа да го извршат оружениот акт во Империјата во август 1908 година. Меѓутоа, еден надворешен настан, за кого Младотурците претставуваа дека уште повеќе го загрозува суверенитетот на Империјата, ги натера да ги забрзаат подготовките. Тој настан беше средбата и решенијата во врска со Македонија донесени во Ревал, денешен Талин, главен град на Естонската СС Република, меѓу рускиот и англискиот суверен. На 3 јули 1908 година, командантот на турскиот гарнизон во Ресен, Нијази Беј, со својата единица започна акција против месните султански власти.
Младотурските комитети, што постоеја во југозападниот и западниот дел на Македонија, се определија кон востаниците.
Бројот на востаниците се зголемуваше, воспоставувајќи контрола над султанската власт во Преспа, Охрид и Охридско, Струшко, Дебарско и во некои албански градови. Кон востаниците набргу се придружи и еден одред од турски војници на Солунскиот гарнизон под команда на Енвер Беј.
Единиците на турската војска, кои беа испратени против востаниците, откажаа послушност, а нивниот командант Шемзи паша беше убиен од Младотурците во Битола.
Отстранувајќи ги месните султански власти, Младотурските востаници истовремено испраќаа повици, апели, прокламации и друго до муслиманите и христијаните во Македонија, во кои беа изложени целите на Младотурците. Во нив го повикуваа населението да остане мирно до колку не ги прифати младотурските барања за соработка и поткрепа.
Младотурското востаничко движење толку многу се засили во Македонија, што востаниците на 22 јули, ноќта, влегоа во Битола, ја презедоа власта од султанските чиновници и ги ослободија сите политички затвореници, кои предимно беа Македонци и Албанци. Одушевување и радост ги зафати и широките маси. Сличен беше настанот и во Солун, каде што на 23 јули 1908 година, од Солунските затвори беа ослободени политичките затвореници. Настана општа радост и збратимување меѓу мулсимани и христијани во повеќе градови на Македонија, со верба за подобра иднина, со извици за слобода (уриет), братство и единство.
Сеопштото прифаќање на младотурското движење им овозможи на младотурците на 22 јули 1908 година, ултимативно да побараат од султанот враќање на Уставот од 1876 година, што самиот го укина во 1878 година. Ноќта меѓу 23 и 24 јули 1908 година, тржествено беше објавено во Империјата дека султанот го воведува Уставот, така што со тоа во Турција беше воведен уставен режим. На тој начин, едно од основните барања на Младотурците беше прифатено. Овој настан, со што практично беше соборен апсолутизмот на султанот Абдул Хамид, предизвика општа народна одушевеност.
Воведувањето на Уставот во Империјата беше крупен настан.
Со неговото воведување настана нова фаза во Османлиската империја, која овозможуваше легално дејствување на оштествено-политичките сили и во Македонија. Кон новата политичка состојба во Турција требаше да се прилагодат сите политички организации во Македонија. Водачот на левицата во македонското национално-ослободително движење Јане Сандански уште пред воведувањето на Уставот, стапи во врска со младотурците. Притоа, Јане Сандански на младотурците им постави неколку барања, кои тие требаше да ги прифатат како услов за легализирање на револуционерната дејност на левицата и за распуштање на четничкиот институт.
Покрај другото, во барањата на левицата се инсистираше на парламентарна управа во земјата, општинска, окружна и обласна самоуправа, слободен развиток на националностите, уништување на феудалната зависност и даноците во натура и друго. Младотурците извонредно многу беа заинтересирани за зацврстување на новиот поредок.
Откако се согласија со барањата на Сандански, тој издаде наредба четите во Серскиот револуционерен округ да се легализират. Самиот Јане Сандански со чета дојде во Мелник, каде што беше многу свечено пречекан, а Христо Чернопеев влезе во Струмица. Легализирањето на четите предизвика сеопшта радост и одушевеност. По влегувањето и пречекувањето во Мелник, Јане Сандански дојде во Солун на 30 јули 1908 година. Таму беше исто така, свечено пречекан, а на 31 јули издаде манифест со повик кон населението да го прифати уриетот и да го брани од непријателите.
Легализирањето на четите и натаму продолжи. Во Велес пристигнаа војводите Санде и Милан Ѓурлуков со 11 четници, во Радовиш војводата Стефан, во Малешевијата се легализира војводата Герасим и Димитрија Бојаџиев; во Крива Паланка кратовскиот војвода Димитар; во Кочани турските чети на Риза Нуредин и Мустафа, како и некои албански чети и други.
По извесно време, по еден краток период на резервираност во врска со настаните во Турција, и четите на српската оружена пропаганда се легализираа. Спротивно од прифаќањето на уриетот од страна на левицата, десницата во македонското ослободително движење на чело со Христо Матов и Тодор Александров со недоверба го прифатија уриетот. Таа дури се обиде да го запре легализирањето на четите. Но, откако во тоа не успеа, на четите им беше дадена наредба да се легализираат и да се подготвуваат за легална борба. Исто така постапија и четите на грчката оружена пропаганда. Така, по Младотурската револуција привремно престана четничката активност во Македонија.
Во легалната борба и во новонастанатите услови левицата во македонското ослободително движење искрено пристапи кон Младотурците. Кон Серските револуционери, како водачи на левицата, пристапија и други истакнати дејци на револуционерното движење, како Ѓорче Петров, Димо Хаџи Димов, Пере Тошев и други, кои во новонастанатите општествени околности настојуваа да обезбедат што повеќе придобивки за македонскиот народ, а како основно решавање на аграрното прашање. Настојувањето за решавањето на аграрното прашање, всушност значеше приврзување на селаните кон новиот режим и категорично отфрлање на сите илузии со кои го залажуваа туѓите пропаганди.
НАРОДНАТА ФЕДЕРАТИВНА ПАРТИЈА И ДРУГИ ПОЛИТИЧКИ ОРГАНИЗАЦИИ На Македонско-одринската револуционерна организација и припаѓаа организациите од Серскиот, Струмичкиот и Солунскиот револуционерен округ. Овие организации беа раководени од левицата на чело со Јане Сандански. На левицата, покрај организациите во горниве окрузи, и припаѓаа и одделни групи од Битолскиот и Скопскиот округ. По Јулската младотурска револуција, со новонастанатите услови за политичка дејност, напорите на левицата беа насочени кон изградување еден легален и широк македонски ослободителен фронт, настојувајќи да ги обедини одделни организации и групи и поединци околу една општа и поширока платформа. Се дојде до согласност за формирање нова политичка партија под име Народна федеративна партија, која требаше да ја наследи и да ја продолжи дејноста на дотогашната Македонско-одринска револуционерна организација, во нови услови и со поинаква содржина во нејзината политичка програма.
По доста долги преговори за новата политичка програма на Партијата, дури во август 1909 година беше одржан Основачки конгрес во Солун. На Конгресот беше усвоена програма, -статут, декларација и неколку резолуции и избрано централно раководство на чело со Димитар Влахов, кој воедно беше пратеник во новоизбраниот Отомански парламент од изборите спроведени во 1908 година. Меѓутоа, во Партијата не беше постигнато единство на мислата и акцијата. Од членство во партијата набргу беше исклучен Јане Сандански, со што извесни фактори во Партијата настојуваа да се ослободат од револуционерни елементи во неа. Исклучувањето на Сандански од партијата санданистите го сметаа за незаконит акт и поради тоа настојуваа да се свика вонреден Конгрес на Партијата. Во април 1910 година, беше одржан вонреден Конгрес, при што беше осудена политиката на Егзархијата и на грчката Патријаршија, како и односот на младотурците спрема црковно-училишните општни во Македонија.
На вонредниот конгрес беше анализирана и политичката ситуација во Македонија и се донесоа неколку резолуции, од кои посебно се истакнуваше резолуцијата по аграрното прашање. Раководството на партијата, избрано на Првиот основачки конгрес, беше сменето и избрано ново, во чиј состав влегоа: за претседател Д-р Христо Тенчев, кој го претставуваше македонското прогресивно граѓанство, потоа Димитар Мирасчиев, Чудомир Кантарџиев, Александар Бујнов и Таската Спасов – Серски, за членови. Од составот на новото раководство се гледа дека Санданистите однесоа полна победа.
Меѓутоа, развитокот на настаните во Империјата, предизвикани од политиката на младотурците спрема многу внатрешно-политички и економски прашања го попречуваа нејзиниот опстанок. Во август 1910 година, според законот за политичките здруженија донесен од Отоманскиот младотурски парламент, Народната федеративна партија, како прва легална политичка партија на македонскиот народ по младотурската револуција, беше забранета.
Програмските барања на Народната федеративна партија произлегуваа од длабоките потреби на македонскиот народ во новосоздадените политички услови во Турција по воведувањето на Уставот и парламентарниот режим. Во програмата на Партијата како основно барање беше преуредувањето на Турција врз принципот на децентрализацијата, автономија на националностите во одделни области на државата, самоуправа на окрузите и општините во делокругот на најважните внатрешни работи. Според програмата, Народната федеративна партија се определи за создавање федерација на народностите во Турција, во која Македонија требаше да стане одделна самоуправна државно-правна единица, потоа за рамноправност на сите народи и народности во Турција.
И во социјално-економските барања програмата на Народната федеративна партија ги вклучуваше основните економски потреби на македонското селанство: укинување на сите феудални остатоци, отуѓување на земјата од чифлик-сајбиите и вакуфите, заштита на наемните работници од прекумерната експлоатација, како и укинување на сите видови даноци и нивната замена со прогресивен данок врз доходот.
Народната федеративна партија во борбата за остварување на програмата настојуваше преку своите печатни органи, митинзи, политички собири и други форми да ги заинтересира и покрене широките маси за остварување на барањта и да го поттикне Отоманскиот парламент во решавање на аграрното прашање. И во остварувањето на програмата во областа на просветната политика, Народната федеративна партија постигна извесни резултати.
Во учебната 1909/1910 година, околу 70 училишта беа одземени од надлежноста на Егзархијата и предадени на управување на месните општини. Овој процес на одземање на училиштата од надлежностите на Егзархијата предизвика голема загриженост кај сите организатори на туѓите пропаганди во Македонија, во што тие глеаа голема опасност по нивните просветни институции, што тие ги финансираа спроведувајќи преку нив одредена политика за денационализација на македонската училишна младина.
И бугарската влада по младотурските настани беше принудена да ги измени дотогашните форми на дејствување во Македонија. До Младотурската револуција бугарската влада и буржоазија своето влијание и дејствување го остваруваше преку десното крило на Внатрешната организација и преку многубројни црковно-училишни институции на Егзархијата во Македонија. Со цел да се засили бугарското влијание во Македонија и да се пополни празнината што настана по прекинувањето на нелегалната дејност и на Матовската ВМРО
– беше формирана нова политичка организација, наречена Сојуз на бугарските конституциони клубови.
Во овој Сојуз беше привлечено македонското крупно граѓанство и повисоката интелигенција, која и дотогаш се наоѓаше во егзархиска служба. Во програмските документи на Сојузот на бугарските клубови во Македонија, дојдоа до израз пробугарските цели на еден одроден дел од македонската интелигенција и крупно граѓанство, кои подолго време минаа низ бугарските училишта и институции и се наоѓоаа на издршка на бугарските државни јасли. Согласно со законот за политичките здруженија, што Отоманскиот парламент го донесе во ноември 1909 година и Сојузот на конституционите клубови беше забранет.
Пратеникот од Отоманскиот парламент од Битолскиот вилает Панче Дорев, во април 1909 година се обиде да формира нова политичка партија под име Отоманска прогресивна партија.
Програмските барања на новата партија наспроти Сојузот на конституционите клубови, се засновуваше врз настојувањата за мирен и непречен развиток на македонскиот и турскиот народ во Уставна Турција. Иницијативата на Панче Дорев набргу пропадна поради повеќе причини.
Создавањето српска легална политичка организација во Македонија по Младотурската револуција одеше во прилог на големосрпските интереси за Македонија. По престанувањето на оружената активност на четите организирани од српската влада, се покажа потреба од формирање легална политичка организација во Македонија, која требаше со нови форми и методи и во нови услови да ја продолжи дотогашната дејност на големосрпската пропаганда во Македонија. Во февруари 1909 година, ги бележиме првите стапки на организирање легална српска политичка организација во Македонија под име Организација на отоманските Срби, која според програмските начела беше големосрпска, националистичка политичка организација. Во јануари 1910 година, според законот за политички здруженија, престана да постои и оваа организација.
По легализирањето на грчките андартски чети во јули 1908 година, и грчката пропаганда настојуваше да ги измени методите на активноста во Македонија. Иницијатива за формирање грчки клубови во Македонија по Младотурската револуција, потекна од грчката Цариградска колонија, каде што беше формиран грчки политички центар. Се пристапи кон формирање клубови и друг вид здруженија, кои во својата основа имаа пропагандна политичка дејност.
Во политичката програма на грчките клубови посебно беа нагласени барањата за запазување на патријаршиските привилегии во однос на црквите и училиштата. Сепак, грчката пропаганда во Македонија по Младотурската револуција бележи голем упадок. Голем број македонско население ја напушти патријаршијата и премина кон егзархијата, која како словенска институција и заради немање самостојна македонска црква, повеќе го привлекуваше. Во ноември 1909 година беа забранети и грчките клубови.
Укинувањето на легалните политички организации на туѓите пропаганди во Македонија не значи и нивно престанување со пропагандна и друга дејност. Формите на таквата дејност повторно се менуваа.
Во Албанија, потоа во Скопје, Битола, Солун и Дебар по младотурските настани беа формирани албански клубови. Низ дејноста на овие клубови се манифестираа национално-политички стремежи на Албанците. Меѓутоа, од активноста на албанските клубови не произлезе и единствена политичка програма. Низ повеќето политички манифестации на албанските клубови произлегуваа барања за албаската националност, автономија на областите во Отоманската империја, училишта на албански јазик, усвојувајќи ја азбуката латиница како албанска национална азбука.
На оваа појава кај албанското население младотурците им се спротивставија со што се потврди становиштето дека тие не сакаа да им овозможат национална еманципација на Албанците од Турците. Во овој период се забележени извесни контакти и соработка меѓу претставници на албанските клубови и Народната федеративна партија, како и на албански и македонски доброволци и чети, кои зедоа учество при задушувањето на контра-револуцијата во 1909 година, кога беше детрониран султанот Абдул Хамид и за нов султан беше поставен султанот Мехмед Решат V.
Овој период бележи растеж на работничкото и социјалистичкото движење во Македонија, што зависеше од општиот развиток на средствата за производство и политичките услови.
Последните години од младотурското владеење во Македонија ја покажаа недоследноста на младотурците во спроведувањето на прокламираните принципи. Внатрешни и надворешни фактори претставува пречка во натамошниот позитивен развиток на придобивките од Младотурската револуција, која по својот карактер претставуваше буржоаска демократска револуција за турскиот народ и нетурските народи во Отоманската империја.
Некои зафати на младотурците, како што беа проблемот со населувањето на муслимански колонисти (муаџири) во Македонија, акцијата и теророт при собирањето на оружјето од македонското население и законот против политичките здруженија, ги засенија позитивните тенденции во развојот на општествено-политичките и економските односи во Империјата. Тие акти на младотурците беа предуслов за појавување четничка активност. Десното крило на ВМРО, на чие чело застана Тодор Александров, ја обнови оружената активност, која всушност служеше на завојувачките аспирации на бугарската буржоазија. Кон оваа активност во 1911 година се придружија српски и грчки чети, кои со своите терористички акти уште повеќе ја влошуваа положбата на народот. Тие претставуваа увод во подготвуваната војна на балканските буржоазии за истерување на османлиите од Балканскиот Полуостров и за заграбување туѓи територии.
Покрај сите напори што Македонскиот народ ги вложи за национално ослободување тој се до 1944 година, остана поробен, кога се ослободи само еден негов дел, како резултат на заедничката Народно-ослободителна војна на југословенските народи.
МИСЛИ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ Ние не ги мразиме Османците како народ туку војуваме против нивната господаречка система на управување:
Јас го разбирам светот единствен, како поле за културно натпреварување на народите.
Шовинизмот ја замрачува најсветлата идеја.
Организацијата на македонскиот народ му е нужна за да го уништи ропството над себеси, а не да тргува.
Идејата преку оружјето не се прифаќа, а преку примери.
Работник е тој, кој му служи на народот, а не преку него за себеси.
Во жртвата не треба и не може да има степен; таа завршува, кога е потребно и со име и со чест.
Јас не сакам востание со луѓе кои ќе ме напуштат при првиот неуспех; јас сакам револуција со граѓани, способни да ги издржат сите тешкотии и на една долготрајна борба, каква, поради жестоките политички услови, ќе биде нашата.
Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешното востание.
Кој мисли инаку тој се лаже себеси и другите.
Ако тиранијата е насилие, револуцијата е насилие против насилието.
Грабежот од галениците на тиранијата, за целите на револуцијата има едно историско оправдување.
Ние треба да бараме вера за успехот на борбата во себеси и во другите. Таа вера треба ако ја нема да ја создадеме, ако ја има да ја разбудиме и да го разгориме огнот на борбата.
Револуционерот се издига во сознанието на народот преку своите дела. Бунтовникот уште не е револуционер.
Ние се бориме за слободна и независна Македонија со широки права на бедното население.
Македонската култура е неопходност за правилното развивање на македонската револуција.
НЕКОЛКУ БИОГРАФСКИ ПОДАТОЦИ Гоце Делчев се родил на 23 јануари 1872 година, во градот Кукуш. Учел прво во католичкото училиште, а после во егзархиското. По завршувањето на третокласното училиште се запишал во Солунската гимназија каде бил еден од најдобрите ученици. Тука се вклучил во тајните ученички кружоци, а бил и раководител на еден таков. Во тие кружоци учествувале и видни покасно македонски револуционери.
По завршувањето на VI клас гимназија Гоце, во втората половина на 1891 година, отишол и се запишал во военото училиште во Софија, бидејќи за ослободувањето на Македонија, тој знаел, потребно било и воено знаење. Тука Гоце се формирал како социјалист и како таков не бил погоден за бугарската армија. 2-3 месеца пред да го заврши военото училиште Гоце бил исклучен.
Тој со радост го примил исклучувањето, бидејќи така можел веднаш да замине за Македонија и се стави во служба на народот кој се готвел за борба за нејзиното ослободување.
ПЕСНИ Црна се чума зададе Црна се чума зададе Там долу в Македонија, Там долу демиркапија.
Кој ќе се јунак избере Чумата да ја пропади?
Избрал се јунак, изнашол -Млад делче, млади војвода, Тој појде в Македонија, Чумата да ја пропади.
Црн ми се облак зададе Пак долу в Македонија -Там долу демиркапија.
Дали се црни облаци, Или се турци поганци?
Не ми се црни облаци Не ми се турци поганци, Тук ми се чета кумити, Тук се војводи, четници.
Ранет ми јунак носеа, Ранет ми јунак – млад делче, Млад делче, млади војвода.
Делче дружина говори:
- Дружино верна, зговорна, Вие ќе утре идете По мачната наша земја.
Кога ќе вие мините Низ моја града кукуша, Мајка ми ќе ве пречека, За мене ќе се распраша:
“Каде е син ми млад делче”?
Вие ќе нејзе кажите:
“Млад делче ми се посврши За девојка Македонија, За црната ропска земја!” Што ми е мило и драго Што ми е мило и драго Млада комита да станам С Јане Сандански да ида Низ драмско поле широко Да носа пушка берданка И остра сабја френгија Да бија грци шпиони И врли турци душмани!
Делчев војвода довтасал Расплакала се гората Гората ем планината И од гората дрвјата, И од полето тревјата, Заради делче војвода...
Голема тинџа ми дојде Гората да развесели, Дека ми делче дофтасал Со својата верна дружина:
На секое ритче – бајраче, На секое круфче – и пуфче, Во секое долче – јуначе!
Блажена гора зелена Блажена гора зелена, Никогаш празна не биваш Ни лете, горо, ни зиме.
Зиме си полна овчари, Лете си полна јунаци;
До сека бука јунака, На сека гранка берданка, На сека шумка патронка, На сека чука и бајрак.
Блажена гора зелена!
Провикна се Иљо Малешевски Море, провикна се Иљо Малешевски, Ајде провикна се Иљо Војводата:
- Кој си нема пусат, тука нека дојде;
Тука нека дојде, пусат да му дадем, Пусат да му дадем за нашата земја, За нашата земја, за Македонија.
Кој си нема мартин, тука нека дојде, Тука нека дојде, мартин да му дадем, Мартин да му дадем, В Малешево д’иде, В Малешево д’иде турци да искара.
Црвен се бајрак развева Црвен се бајрак развева, Во тоа село Брезово, Македонијо!
Таму е Јордан Срдисан Со неговата дружина, Македонијо!
Извикнал Јордан, провикнал На својта верна дружина, Македонијо:
- Четата ни е сардисана!
Држте се, верна дружино Помош пристига од села, Селата демирхисарски!
Уште речта не изговори Куќата е опсадена, Македонијо!
Јордан низ пенџер погледна, Бомбашијата си виде, Македонијо!, И на дружина говори:
- Чекајте, барем, чекајте – Миљазимот да одрежам!
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/revolutionary-struggle-mac/10 le 29 octobre 2026