Front Matter - Part 05
Победниците со наситено срце и поглед исполнет со радоста на победата, гледаа како гори Грамос и ликуваа. Денот заврши без истрели, а целата ноќ на сите врвови гореа големи огнови. Звак на владината победа.
По три години веќе не се слушаа истрели, не летаа авиони и на граничната линија завладеа тишина.
Три години во планините на Грција и на Македонија, во полициските затворски казамати, Грците Грци и наши измачуваа, осакатуваа, живи задушуваа во жешките песоци и на каменоломите на сувите острови; три години Грците Грци убиваа во Пелопонез, Румели, Тесалија, Епир и најмногу во Македонија. Грците Грци убиваа на големите градски тротоари на Солун и Атина, и тесните сокачиња на ритско-планинските села. Од двете завојувани страни Грците Грци убиваа, села опожаруваа, куќи опљачкуваа, жени силуваа. По трите крвави години Грците убиените, осакатени, измачените, откорнатите Грци и нашите ќе почнат да ги пребројуваат. Грците ќе измерат колку грчка и наша крв пролеале; Грците ќе прават списоци на Грците колку живи останаа и ќе им ги остават списоците на своите идни поколенија за да знаат колку големо зло може Гркот на Гркот да му направи и да не заборават дека во тие три години секаде каде што имаше Грци Грците убиваа Грци и наши... Три години Грците од двете завојувани страни ја уништуваа Грција... Никогаш порано Грците не убија, не измачија, не осакатија толку Грци и не нанесоса толку големо зло, колку што направија во текот на тие три гогини; никогаш Грците не убиле толку многу Грци со невидена омраза и злоба... Гркот на Гркот и на тие кои не беа од нивниот род во тие три години секогаш му нишанеше в чело и меѓу очи... И никој од надвор не ги опомена, не им рече – Грци не убивајте Грци...
*** Осакатени во телата и душите, поразените борци на ДАГ спасот го бараа во Албанија. А таму, недалеку од границата, затскриени зад ридовите, офицерите на албанската војска ги разоружуваа. Пушки, митралези, пиштоли, автомати – во куп. Со празни раце и скршен дух во купови се прибираа и еден зад друг, безутешни, разочарани и очајни се качуваа во поставените камиони. И се прашуваа: која беше целта и потребата остатоците од Вичо, лошо вооружени, недохранети, истоштени од долгиот марш, душевно оптоварени од поразот на Вичо, добија наредба преку албанската земја да преминат на Грамос каде подготвена ги чекаше владината војска?
На триесетти август 1949 година, во утринските часови згасна злото на грозната и крвава тригодишна бура...
Партиските луѓе кои ги правеа списоците оваа вест на бегалците собрани во стрништето скраја од гратчето Пегин, не им ја соопштија...
Како секогаш, лошите вести ги премолчуваа или ги претставуваа како победа...
* * * Со здробени нозе од митралески рафал кон границата се влечеше Софка. Повремено застануваше колку за да прибере малку од силата што и остана. Во очите преполнети со страв и болка - отсјај на пламењето и големите огнови што гореа на сите планиниски врвови.
Поразената војска, обезоружана, камиони ја носеа далеку од границата.
На далечниот север на Албанија.
9 Цела ноќ по џадето во Пегин поминуваа камиони. Не застануваа. Беа полни со војници без оружје.
Немирни им беа лицата. Беа тие, кои право од едно боиште влегоа во друго боиште и од таму излегоа столчени, поразени. Молчаливи, со изгубен поглед гледаа на толпата луѓе што се собираше покрај џадето. Фрлаа свиткани хартии на кои беше напишано името и презимето на примачот. Не беа писма. Ливчиња од хартија и во нив напишани само неколку зборови. Пишуваа дека се живи и здрави, а носеа и лоши вести... Трчаа жените, мажите, децата, некои во лет ги фаќаа ливчињата, други ги собираа во бурјанот крај патот, набрзина ги отвораа, ги бараа тие за кои беа фрлени од камионите, тие чии имиња беа напишани. Едни се радуваа, други кршеа прсти, се губеа во болката и со здробени души и срца се враќаа во шаторите и земјанките. Скршени од болка, таму собрани во куп ги оплакуваа најмилите и себе. Лелекот немаше крај и крајот никој не му го гледаше. Таа ноќ кога поминуваа камионите со поразената војска, и целиот нареден ден џадето и тревиштата и бурјанот околу него – беше преплавено од луѓе. Цел ден ги пребаруваа празнините меѓу камењата и ендеците покрај патот и ги собираа ливчињата во кои имаше и радост и болка. И тие кои се радуваа не можеа да ја избегнат болката на тие кои добиваа лоши вести.
Така во стрништето, во плач, липање, офкање, крик, воздив на не утешените души, клетви и пцости течеше времето... На минувачите им се чинеше дека плачеше целото стрниште, дека болеше целото небо и земјата и дека плачеа шаторите, земјанките и ветерот плачливо завеваше меѓу нив...
Донка кога слушна бучење на камиони, заедно со многу други жени – трчаница на џадето. Патот го заградуваа, камионите смалуваа брзина. Викања и крикови од камионите, викања и крикови од џадето. Имиња се извикуваа. Се мешаа. Се довикуваа. Од камионите излетуваа книжулчиња, летаа над толпата, летаа, паѓаа, се растураа во тревите, шипјето и бурјанот и меѓу луѓето, се губеа во ендеците. Едни носеа радост, други носеа голема болка. Кажуваа кратко, само со неколку зборови – тој и тој, таа и таа од тоа и тоа село....
Чие срце издржуваше?
Донка се откина од толпата, подигна раце и бавно одејќи наспроти камионот, даваше знак за да застане.
Прашуваше, молеше да и кажат дали го знаат нејзиниот син, Крсте се вика, велеше, со кадрава црна коса и високо чело... Немаше одговор, а таа одеше покрај камионот, се сопнуваше, паѓаше на колена и продолжуваше да моли.
Џадето вриеше од развикани и молежливи гласови. Дента, од изгрев до заод мажи, жени и деца го пребаруваа џадето, чепкаа во исушената трева, трњето, копривите и шипјето. Во свитканите книжулчиња едни наоѓаа радост, други кобни вести. Една од жените во исушената трева најде свиткано книжуле. Го одвитка и гласно прочита:
,, За Донка од село... ,, - одекна глас.
-Јас сум! - викна Донка и се стрча на кај жената. - Јас сум... Јас сум... Дај го...
Рацете и трепереа, трепереше и ливчето. Седна, на скут рашири престилка и во неа го отвори книжулето.
Во него беше нешто напишано, ама не знаеше да чита. Мажот, кој најблиску до неа чепкаше во бурјанот, Донка го замоли, а тој и прочита:
- ,,Мајко жив сум и здрав. Син ти Ристо” Само толу беше напишано.
За настраданото срце и недоисплаканата болка на душата тие неколку зборови за Донка беа најголема среќа...
На големата огласна табла, сместена до големиот војнички шатор, во чија близина беше и главната кујна со четирите казани под кои никогаш не гаснеше огнот, Јани, кој по партиска линија беше поставен да управува со сите кои беа во логорот, со парче јаглен го довршуваше пишувањето на соопштението:
Се бараат педесет доброволци Веднаш да се јават во Управата.
Толпа мажи се собираа, стоеја пред таблата, еден преку друг се прашуваа што е напишано и што може да значи. Писмените им го читаа напишаното на неписмените и сите заедно, вчудовидени и замолкнати, само со погледот се прашуваа, недоверчиво мрдаа со рамениците и исполнети со сомнеж, полека фаќаа пат кон своите легла во шаторите и земјанките.
Знаеја што значи зборот доброволец. Не оти зборот не им е непознат. Познат им беше зашто и тој збор, како многу други, им го разора животот и под нив и земјата им се помести...
Времињата, иако далеку од дома, иако војната беше завршена, се уште не беа сигурни и мирни, се уште се зборуваше, а некои дури и тврдеа дека нешто скришно се готви, а некои дури беа готови пак да ги фатат шумите, планините и ридиштата.
- Ова не ќе е за добро – му шепна Лазо на соседот.
- Доброволци? Белки не сакаат некого да пратат назад во планините, а? Што велиш ти? Како ти сечи умот?
- Господ да чува и да брани од лошото... скраја да е ... – исплашено прошепоти Борис и, крстејќи се, плукна настрана и забрза чекор кон своето легло.
Јани, тој, кој беше одговорен во управата, до пладнето не дочека некој да влезе кај него во шаторот и да му кажи дека се јавува како доброволец. Излегуваше, гледаше во групата мажи кои лежеа под сенката на високата топола. Се гледаше дека тие таму живо се расправаа. Виде како еден стана и размавта раце. Јани сфати дека нешто им објаснуваше и во тој миг си мислеше дека ги убедуваше да се јават или да не се јават како доброволци.
Наредниот ден пред управата истата табла со вчерашното пишување кое повикуваше да се јават доброволци. Поминуваа мажи, погледнуваа на таблата и забрзуваа чекор; да бидат што подалеку од повикот со тие цри букви и подалеку од очите на Јани.
Вечерта, кога пред казанот се зголемуваше редицата, Јани повика настрана неколку мажи и со шепотлив глас им рече:
-На пристаништето во Драч стигна голем брод од Русија и донесе многу пченица. За нас. Нема кој да ја растовари. Се бараат доброволци. Дали некој од вас сака да оди?
- Пченица? Донесоа пченица!!! – им се отворија устите на мажите. – Пченица, велиш? За нас? Еј, луѓе, што чекаме... Ајде, не чекајте, да одиме! Колку се потребни?
- Засега едно педесетина... – задоволно рече Јани и го отвори тефтерот.
Бргу се растури и прочу веста за рускиот брод што донесе руска пченица. Во тефтерот на Јани веќе се запишаа педесет доброволци и можеби уште толку или повеќе чекаа ред.
Ноќе, построени, молчаливо излегоа од логорот. На патот два камиони.
-Качувајте се! – нареди Јани и над нив ја посла валканата церада. Стиснати еден до друг, целото време на возењето ги измачуваше прашањето дали е вистина дека ќе растовараат руска пченица или така лесно измамени нема да ги однесат на некое ново боиште?
Тешкиот, длабок и кобен молк кај секого будеше сомневање кое немилосрдно ги гризеше.
Над камионот едно подруго блеснуваа уличните светла се до широката железна порта, која го заградуваше влезот во пристаништето. Вооружен маж излезе од стражарницата, со батериската светилка ја провери пропусницата на возачот, праша кој е одговорниот, се врати во стражарницата каде по телефон зборуваше со некого и дури потоа даде знак да се подигне рампата од која на стотина метри црнееше голема грамата над која непрекидно од два оџаци високо се извишуваше дебела китка црн чад и се губеше во мракот. Тука застанаа двата камиони.
-Слегувајте! – нареди Јани и објасни: - Ова што го гледате е бродот полн со пченица. Без страв качувајте се по овие скали што висат, а внатре ќе ви објаснат што треба да правите.
Работеа само ноќе. Наполнетите вреќи ги редеа во голема мрежа, потоа даваа знак и дигалката ја креваше и вреќите ги спушташе во камионите. Во кратките прекини, додека дигалката ја враќаше мрежата во бродскиот амбар, доброволците од пченицата што ја држеа во шепите ја издувуваа прашината и чекласот и јадеа; со шепите грабеа пченица и џебовите, ракавите од палтата и кошулите, пазувите, гаќите, пачавиците ги врзуваа и ги полнеа со пченица.
Уморни, ама сити, по два дена ги вратија во логорот пред да се расонат бегалците. Дента, пред земјанките и шаторите, во целиот логор, ваму - таму, меѓу два камења зачадија мали огнови. Над нив во тенџериња, во ѓумчиња, котленца, па и во кутии од празни конзерви - вареше пченица. Жените, клечејќи, дуваа за да го засилат огнот. Црниот и густ чад, како рој, во купчиња се вртеше, се преливаше, се претураше, растеше, се смалуваше и им гризеше очи. Со валканите дланки ги бришеа солзите и со се посилни дувања го засилуваа огнот за што побрзо да се извари пченицата. Некои не ги држеше трпението и недоварена ненаситно ја јадеа.
Наситени, остатокот го прибираа и го чуваа под перници и во торби за да има и за утре... Многу жени по неколку грстови одделуваа од пченицата и пред ден недела, верски празник или ден за помин, ја вареа и изварена собрана во бели пешкири, и без да е така, како дома– зашеќерена во сапетка, украсена со фелчиња од јаболка, шарени бонбончиња, со јатки од ореви, бадеми, печен наут, лешници и грозје сушено и чувано на гранка - одеа од земјанка до земјанка, од шатор до шатор и раздаваа.
-Земете луѓе, каснете за душата на... – многу души беа останати на селските гробишта, по планините и ридовите и таму на островите и на патиштата што ги доведоа до тука во ова стрниште широко распослано под запрашениот друм...
– Земете луѓе, земете, каснете луѓе за душата на...
Дедо Тоде со прстите од левата рака подземаше од пченицата и прекрстувајќи се ревносно се молеше за покој на мртвите и живите души. Секој негов збор беше болка, очаеност, страдање и немир, а гласот – глас на горката и чемерна тага...
-Боже покој и светлина за мртвите и умир и утешение дај за живите души и за... – трипати се прекрстуваше дедо Тоде и се повлекуваше во шаторот, носејќи ја со себе недовршената молитва залепена на усните и вкована во очите.
Во таквите денови секоја земјанка и секој шатор стануваа место на покорна молитва и луѓето со болно молчење ја поднесуваа неизмерната болка.
Така пред земјанките и шаторите многу души беа нахранети со таа руска пченица изварена над оган развален меѓу два камења...
-Бог нека ја чува Русија – се молеа наситените. – Бог нека ја благослови Русија, да е благословена руската земја за да раѓа многу, многу пченица да раѓа и Русите нека ги благослови Бог и да им даде здравје и кувет за да ораат, да жнеат, да вршат и со поголем брод пак да пратат пченица...
Со молитвата во умот и со многу прашања за тоа што се стори пченицата што мажите цели недели ја растоваруваа од рускиот брод, секој ден напладне во долг ред наредени чекаа за да го добијат сувото парче пченкарник што во десетици тепсии го носеа два товарни камиони.
По недела дена истите камиони стигнаа во логорот и пред управата, во кошеви растоварија леб месен и печен во градската фурна. Не беа лебови, туку лепчиња големи колку две стегнати младешки тупаници.
Повеќе ‘ржен, отколку пченичен. Вкусни, само да имаа повеќе сол. Едно лепче, со повеќе ‘ржено брашно, на двајца. Вкусно беше лепчето макано во сол и вода и со сладост џвакано со кромид. За едни беше малку, за други
– доволно. Некои тоа што им остануваше го чуваа за утре, за задутре. Нека има во парчиња, па дури и во трошки, длабоко скриени во дисагите, во торбите, завиткани во веќе долго неис-праните кошули... Да има за утре. Ништо не се знае. Можеби ќе снема. Дел од тоа ‘ржано, несолено и суво лепче да се чува. Нека се суши, нека се стори камен тврдо, ама да го има за утре, за задутре. Не се знае, може ќе снема, можеби ќе доцни, можеби пак нема да доплови тој голем руски брод во чии амбари беше товарена таа руска пченица.
Мара кога го земаше лепчето раката и трепереше, не го гледаше со отворени очи, не го притискаше до градите како дома, кога пешникот со фурнаџиската лопата го ваѓаше од фурната и, држејќи го со двете раце, силно ја издуваше прашината од пепелта, потоа го притискаше до градите за да ја почувствува целата топлина. Не го заборави мирисот и вкусот на тој леб... Сега, држејќи го лепчето на дланка, не чувствуваше никаква топлина, како што ја чувствуваше топлината на пешникот и на погачата дебели и миризливи, подебели од една педа.
Држејќи го тврдото `ржено лепче в рака си замислуваше дека држи кравајче, ама не месено од чисто бело брашно и печено под сач и личеше на шумка, печена од трици што му ја даваше на овчарот за кучето.
Седнати пред шаторот, Митре и Мара ја јадеа само едната половинка. Кршеа парче од лепчето, го макаа во солта и молчаливо, потонати во мислите, џвакаа полека, подолго го држеа под непцето и многу полека го голтаа заедно со солзите и болката на душата. Другата половинка Мара заедно со трошките што и беа изронети во скутот, грижливо и внимателно, одмерено, кротко, небаре завиткуваше пеленаче, во белото пешкирче ја завиткуваше половинката и ја ставаше под сламената перница, до дисагите и ѓумот... За подоцна, за утре, нека остане таму, тоа половинче од лепчето на горчливото и чемерно изгнанство...
Лазо, кој на ридот береше трнинки, се стрча и разгласи:
- Бродови, големи бродови...
Многу луѓе се собраа на ритчето и од таму ги гледаа големите бродови од чии оџаци црн чад се извишуваше и се разлеваше над морето.
При крајот на месецот во пристаништето на Драч закотвија два големи бродови. Ден потоа закотви уште еден, бел и поголем. Од тука, од височинката, се гледаше како стојат и како им чадат големите оџаци. Кој знае
- се прашуваа луѓето – какви ли не добрини донесоа, сигурно многу леб, и со лебот можеби и млеко за дечињата, можеби топли алишта, постели и покривачи?
-Боже, чувај ја Русија – се молеа старите и чекаа загледани во облаците чад што чадеше од оџаците на тие големи бродови...
Баба Петра од сите други најмногу се молеше. Крстејќи се и удирајќи метании, со блажина во гласот излеваше зборови на благодарност и блаженство:
-Господ да му дај многу здравје и долг живот на рускиот цар...
-Не вели така, бабо – ја прекинуваше дедо Тоде... Во Русија нема цар...
-Молчи, бре. Ти многу знаеш дали во Русија има или нема цар. Има, сигурно дека има. И тоа голем. Не може Русија да е Русија без цар. Така да знаеш – поучуваше баба Петра, се крстеше и гласно блазосуваше... -Господ да го поживи рускиот цар... Сполај ти, руски царе за лебот и затоа што не не заборави. – повторуваше баба Петра и со гневен глас го прекоруваше дедо Тоде: - Види го ти него, цар вели, немало... Има, Русија не може да е Русија без цар. Така да знаеш...
Два дена потоа откако бегалците му се израдуваа на пристигнувањето на големите бродови, Јани, од таблата го избриша претходното соопштение и со црно јагленче напиша:
Се бараат сто и повеќе доброволци Толпа мажи се собираа пред таблата. Писмените им читаа на неписмените. Немаше вчудовиденост, немаше сомневање, немаше тивко и скришно прашање дали одењето во доброволци е за добро или е за лошо.
Штом сега пак бараат доброволци, сигурно е за растоварување пченица и кој знае што друго има во тие бродови што веќе со денови стојат врзани во пристанишниот кеј, велеа и се убедуваа, дека барањето да се јават доброволци сигурно не е за лошо. За добро ќе да е – мрмореа едни, а други, во чии глави никогаш не се истопи сомнежот, свртуваа грб кон таблата и со разнишан чекор фаќаа пат кон своите легла. А тие, кои се запишаа, се мачеа во исчекувањето и нетрпеливоста за тоа кога ќе им биде речено да појдат...
Љубопитноста беше голема и очекувањата уште поголеми. Некои велеа дека бродовите се полни со топли алишта, чевли, капи, палта, леб, сирење, кашкавал. Тоа им лежеше во главата. Тоа им требаше, тоа некои и го сонуваа, а други одеа горе, на ритчето, за да се уверат дека навитина стојат тие големи бродови ...
-Одете, не чекајте, побрзајте - им велеа жените на тие, кои се запишаа како доброволци. - Растоварете ја руската стока и се друго што таму има...
Два дена по оваа вест стотина и неколку доброволци ноќе ги растоварија на кејот пред бродовите.
Во пристанишниот двор купишта штици, на три-четири метри долги греди соголени од лушпата.
Сандаци полни со шајки, со тесли и со пили.
Доброволците ги распоредија по групи и им поделија пили, тесли и шајки. Во бродовите влегоа по разнишаните скали.
Во амбарите на бродовите немаше пченица. Зееја празни и страшни во мракот. Во нив префрлуваа штици, греди, сандаци со шајки и цела ноќ коваа потпирачи, редеа штица до штица, коваа душемиња.
Работеа само ноќе. И тие кои се враќаа во стрништето во џебовите и во ракавите веќе не носеа пченица. Дланките им беа стврднати. Уморни беа и на околу ширеа машка пот. За што ли во тие големи бродови ќе требаат толку исковани душемиња? Па нели требаше да донесат пченица, топли алишта, ќебиња?
Каде е пченицата, се прашуваа. Никој не им кажуваше. Зошто толку многу штици – пак молчење. И тие, кои знаеја зошто се префрлуваат толку многу штици и се коваат душемиња, велеа дека не знаат. И само на непознат јазик едни им велеа – szybciej, други - быстро, трети - mai repede и не разбираа што им значат тие непознати зборови, ама не прекинуваа, пренесуваа штици, ги редеа, ги ковеа. Тврдо да е душемето им велеа на тие непознати јазици и го мереа со чекори ... Готово... Пак штици и шајки. Над долното душеме ковеа уште едно душеме. Не се мереше со метар, туку со чекори. И ова душеме да е широко - им велеа, како тоа под него.
-Szybciej !10 – шиштеше над нив непознатиот збор...
- Быстро!11
-Mai repede!12 И кога по некој ден и тоа душеме беше исковано и проверено дали доволно е цврсто и може тежина да крепи, почнуваше ковењето на третото душеме и потоа четвртото...
Кога зора зазоруваше, престануваше ковењето и како чукање на штица, беше речено:
-Gotowe!13
-Готовый14!
-Gata!15
-Ετοιµο!16 –
10 Szybciej (pol) - побрзо 11Быстро(рус) – побрзо 12 Mai repede( rom) - побрзо 13 Gotowe(pol) готово 14 Готовый (рус) - готово 15 Gata (rom.) готово 16 Ετοιµο (грчки) - готово Последниот збор и тие пред него ги разбраа - сфатија дека завршија со ковењето. Готово е – нема повеќе ковење... Доста е! Нема повеќе место за нови душемиња. Човекот кој го изрече зборот етимо, со чекори напред и попреку ги измери душемињата и во тефтерот запиша бројки. Етимо - повтори и го снема. Во ушите и во главите им се закова тој збор. Го слушаа на митинзи што се одржуваа сретсело. Го слушаа кога заедно со него се прогласуваа и големи и мали победи на сите боишта, не кажуваа дали имаше изгубени битки, го слушаа кога ги повикуваа да даваат се за победата и тој збор го слушнаа и сега, откако ги исковаа душемињата...
И некои само во себе, се чудеа и се прашуваа – за што е етимо ова душеме и душемето под него и тоа третото и тоа најдолното душеме? Кои се тие луѓе, кои за нив на непознат јазик им зборуваа и проверуваа дали добро ги ковеа штиците и дали доволно е цврсто душемето? И тие имиња на бродовите испишани со големи букви, а не знаеја да ги прочитаат. Некои од буквите личеа на грчките што ги имаа учено во основното селско училиште, ама поголемиот број не им беше познат. Некој рече дека само Митре, кој долго време бил во Америка, сигурно знае да ги прочита.
Митре ковеше во најдолното душеме и од таму го повикаа да дојди горе за да ги прочита буквите испишани на бродовите. Се загледа Митре во буквите и наместо да чита, рече дека со тие букви сигурно е напишано името на бродовите, ама никако не му одеше да го прочита името ,, Кościuszko’’, ,, Кarolina” и ,,Мичурин’’. Се сврти кон луѓето, па рече:
- Многу се измешани, проклетите. Има по некоја буква од грчкото алфавито17, а другите не ги знам, изгледаат како да се некои странски... Толку од мене. Побарајте некој поучен – рече Митре.
Митре беше шетан, ама не и учен човек. Четири години остави во Америка каде заедно со Срби, Чеси, Полјаци, Грци, Бугари, Руси, Украинци, Кинези и какви ли уште други муцки и јазици, кршеше камен и носејќи го на дрвена количка го истураше таму каде други редеа прагови и врз нив ставаа шини. Таму истопи повеќе пот и сила отколку за целите свои триесет години што остави во нивите, бавчите, лозјето, ливадите и 17 Алфавито – од грчкиот збор Алфавитарио – буквар.
чувањето и множењето на стоката. Таму научи и туѓи зборови и при седенки во селската меана или муабетите пред црквата, како мониста ги везеше во селскиот говор, а тие, кои не биле подалеку од селскиот синор не можеа да се изначудат на Митревото умно зборување од кое малку и разбирале, а им се чинеше дека од таму, од Америка, тој се врати и многу умен. Митре од Америка не донесе само пари, туку и костими во кои се облекуваше кога одеше в црква, на посети кај роднини и пријатели и на пазар во Костур или Рупишта. Донесе и многу туѓи зборови и кој знае дали за потсмев, за инает или за потценување, дофрлуваше и по некој од тие зборови, кои англиските, француските, германските и други сопственици на фирмите и управниците на градежните делови ги истураа врз работниците, а тие зборови најчесто беа најпогрдно пцуење.
Осум денови траеше ковењето на душемињата во бродските амбари на товарните бродови “Kościuszko” и “Мичурин”. Само во големиот бел брод “Transilvania”, убавиот брод на романскиот крал, не ковеа. Не беше товарен...
Кога завршија со ковењето и во мракот слегоа од бродовите, пред да ги качат во камионите, пред нив застана непознат маж и со тивок, ама строг тон на гласот, им рече:
-Јазикот зад заби – со таква предупреда на усните им ставија сув печат. Рабраа дека не смеат да отворат уста за да кажат што правеа во тие бродови. Ноќе доброволците ги вратија во стрништето.
Ноќ. Темна, маглива, намуртена, кобна. Ноќ на несигурност... Ноќ на не смирени бурни мисли, слични на надојдена матна река, ноќ на фрлање анатеми врз тие кои времето го бележеа со зборови на надеж, но го исполнија и го испоганија со измами и големи ветувања...
Ноќ на пцости...
Ноќ на болка...
Ноќ на клетви..
Ноќ на безнадеж...
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/on-the-road-of-no-return-mk/5 le 29 octobre 2026