Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

On the Road of No Return

Front Matter - Part 06

Par Петре Наковски · Partie 6 sur 26 · Environ 16 minutes

Lire en English

Некаде зад планината се сечеше сила. Болсна крива врвца светлина, по неа уште една и стигна силен грмеж. Не еден. Многу грмежи и многу ровји го расечуваа небото кое се отвори и разлеа дожд. Стоеја на отворено. Ја гнетеа калта. Водата се впиваше во веќе валканата земја и од неа испаруваше гнилеж.

Никој никому не велеше збор на утеха.

Утрото дојдоа истите тие кои вчера запишуваа и на собирот ја почнаа приказната на ветувањата. Ги пречекаа закашлани, хркливи, зарипнати, заканувачки, немирни и гневни гласови кои прераснаа во безредна врева која го голтна гласот на говорникот. Се гледаа само мавтањата на неговите раце, а гласот не му се слушаше. Се губеше во таа нестивната врева, во џагорот во кој никој не молчеше и во кој секој ја извикуваше и ја тераше својата болка и мака. Толпата растеше, се собираа и прибираа мажи и жени, се засилуваше, бучеше бурата од гласови, преминуваше во гнев. Гневливо грмеа гласовите, избувливо истураа гнев, бучеа како надојдена матна бура, лудуваа, трештеа, се ширеа пцуења, се закануваа, се ширеше гневот над стрништето, извиците се превиткуваа како што сношти, цела ноќ се превиткуваа крвавите и пламените секавици на црното небо. Гневот, како нескротен пожар ги зафати сите, пламнаа луѓето, избувна и се разлеа зовриениот молк, бучеа гласовите на срцата и душите. Бурата не стивнуваше, толпата растеше и заедно со неа растеше нескротената лутина на измамените и понижените бегалци.

Дедо Тоде не губеше надеж. И својата надеж сакаше да им ја влее на сите околу него. Им велеше – не очајувајте. Камионите што поминаа не беа за нас. Нашите допрва ќе стигнат. Не си одеше од патот. Стоеше скраја, кратко седнуваше под сенката на сливата, стануваше колку за да исправи нозе и до доцна во ноќта, чекаше. Им велеше на луѓето: - Не очајувајте. Тие камиони што се за нас, отидоа на некое друго место. Таму ќе ја завршат работата и сигурно ќе дојдат за да не земат нас. Чекаше дедо Тоде и дочека. На стемнување, долга редица од камиони се построи покрај патот. Дедо Тоде, колку што му држеше силата и чекорот се стрча на кај логорот и на сет глас викаше:

-Луѓе, о луѓе, камионите стасаа. Станувајте, собирајте што имате за собирање и дојдете. Луѓе, дојдоа камионите, си одиме, собирајте се, си одиме дома. Дома, луѓе, си одиме, брзајте, побрзајте, таму веќе чекаат камионите!!!

Толпа луѓе се стрча на кај џадето каде со полу згаснати светла и исклучени мотори дремеа камионите.

Се повеќе луѓе се собираа совладани од мислата и надежната радост дека дојде долгото и мачно очекувано време за враќање.

-Доста беше! – со глас на прекор велеа старите и упорно ги тераа луѓето да си ги собираат работите.

-Берете партали! – викаше дедо Тоде. Се враќаме. Побрзо, камионите чекаат. Бргу, бргу, луѓе.... Луѓе – викаше - станете, гответе се, дома, дома ќе си одиме. Глејте, таму горе веќе не чекаат камионите, нема да си одиме пешки, туку камиони ќе не однесат дома! Ете, најпосле помислија тие за нас, клетите, тие кои не донесоа до тука. Побрзајте со берењето на работите...

Довикувања, трчаница, живна големото стрниште.

- Назад! Назад! Чекајте! Стојте! – викаше еден висок маж. Беше од раководството.

- Кој да чека? – довикуваше толпата.

-Па нели за нас стигнаа камионите?

-Зошто да чекаме? Зарем малку чекавме?

-Луѓе, одиме, за нас дојдоа камионите...

-Ај бре, луѓе полека, не се туркајте. За сите ќе има место. Никој нема да остане. За сите ќе има место, само полека, без туркање, полека.

- Пази бре, чупето ми го турна. Што туку се пикаш и се пикаш. Нели е речено дека сите ќе не земат, дека никого нема да остават?

-Господе, сполај ти за тоа што ги ислуша моите молитви. Нека ти е слава таму во високото оти од таму не виде нас и нашите маки... – се крстеше баба Петра. – И продолжи, Господе Боже од таму да не гледаш и да не чуваш и не давај повеќе пак да сме вака... Сполај ти Боже Господе и чувај не...– дробеше баба Петра, собирајќи ги валканите партали...

-Луѓе! Луѓе! – викаше некој од задните купови – направете место за да поминам. Болна жена имам, сторете пат, сторете пат...

-Што се туркаш бре ти, зарем очи немаш та не гледаш дека сите сакаат да се качат... Тфу, ама не разбран народ!...

-Еј ти, си ја заборави чергата!- довикна некој.

-Ако, дома имам подобра. Нека остане. На некој сиромав ќе му затреба...

-И капата бре си ја заборавил...

-Нека остане и таа... дома имам четири, ако некој не влегол, па ги здиплил. Одиме, одиме и без черги и без капи..

-Брзај, бре, што туку се влечеш, па само гледаш зад себе?

-А бе гледам да не сум заборавил нешто...

-Нели ви велев јас цело време дека раководството нема да не заборави – пофално и гласно рече Лазо – нели ви велев, дека тој, водачот, не си го заборава народот и ќе продолжи сигурно да не води кон светлата иднина како што постојано ни велеше...

-Како да не, цели денови и ноќи тука киснеме и не само лице, туку дури и грб не му видовме...

-Кон светлата иднина, реков, кон комунизмот ќе не води. Запамети, слепчо низаеден. – Настојуваше Лазо.

-Ти, Лазо, само комунизмот и комунизмот во уста, а не можеш да видиш дека парталави панталони носиш и газот ти е гол. Зарем се уште барем малку не ти сработи умот?

-Нема потреба јас да мислам, има кој да мисли и за мене и за тебе... разбра?

Човекот од раководството ја отвори чантата и од неа извлече голем тефтер. Го отвори, се загледа во толпата и гласно викна:

- Луѓе! О луѓе! Слушајте ме сега. Соберете се по села. Во камионите ќе се качувате откако ќе си го слушнете името на селото... Нема време да прозивам по име и презиме... Ќе ве прозивам по села... и потоа ќе добиете број и ќе се качувате во камионот на кој ќе го видете својот број. Ме чувте и ме разбравте? Тишина и слушајте....

-Како рече? – начули уво и праша дедо Тоде.

-Рече дека како што сме од селото така да се качуваме во камионите...

- Е, нели ви реков?! – не престануваше да зборува дедо Тоде. - Ете, ќе не носат право во селото... дома...

нема пеш, туку со камиони...

Кога веќе сите соселани беа собрани во куп, им даваа број со упатство да се качат во камионите на кои беше напишан истиот број. Така луѓето, селата и камионите станаа број.

Човекот од раководството од чантата го извлече тефтерот и почна да прозива:

-Тие од тоа и тоа село да си ги соберат работите и да се постројат пред камионите.

-Тука се сите?

Прашуваше, броеше и пребројуваше.

– Качувајте се!

Се испразни сртништето.

Камионите возеа ноќе и сите мислеа дека токму така треба. Зошто да гледаат мештаните? Можеби меѓу нив има некој од кого ќе дознаат душманите дека се враќаат? Се радуваа, се поздравуваа, си пожелуваа добрини, се гушкаа. Така е кога се оди дома по долго отсуство. Најпосле, си велеа, помина лошото, се враќаме.

Крај на чекањето, крај на маката, на спиење под дожд, во влага и ветришта, во жега, во студенило, валкани, не испрани, крај на долгото чекање... Возењето им влеа надеж, од нивните лица радоста ја избриша сенката на безнадежноста.

Само тој, кој ги прозва и ги водеше и возачот знаеја каде ќе бидат однесени.

Улиците на големиот град по кои полека возеа камионите, тонеа во светлина. Ретки минувачи брзаа некаде. Камионите ја преминаа главната улица, се спуштија по малата удолница и откако намалија брзина, застанаа пред големата железна порта. Двајца во воена облека ги отворија крилата и камионите еден зад друг влегоа во големиот двор. Полека возеа еден зад друг.

-Така е добро - рече дедо Тоде. - Дајте, направете малку место се туркаше во густежот и со двете тупаници удираше на покривот од шоферската кабина и викаше: - А бре што се влечеш?! Забрзај малку.

Нагази таму каде што треба за да оди камионот побрзо. Ту, бре, мајката, ако така вози, подобро е да слезам, побрзо пеш ќе стигнам дома.

Киро, со грбот навален до рамото на дедо Тоде, молчи и мисли. Главата му е полна со мисли за дома.

Што ќе најде и како ќе најде во оставената куќа? Ако е изгорена одново ќе ја градам, а ако ѕидовите се напукнати, ќе ги зајакнам. Само да се здрави темелите. Како дедо ми ќе сторам. По илинденското востание куќата ја најде изгорена и урната, ама темелите здрави. Врз нив изгради нова и поубава. И јас така ќе сторам...

И продолжи да снови мисли за куќата, стоката, нивите, бавчата, лозјето... и како во дворот одново ќе слуша како ќе блеат јагниња, како петел ќе најавува време, како... како... сигурно многу работи нема да ги најде, ама ќе ги обнови. Само - го стегнуваше болка – кога си спомнуваше дека веќе многу ги нема... Колку останавме живи? Дали сите ќе се прибереме? – болно се врзуваа мислите, се лепеа прашања до прашања, од стегнатото грло не истечуваше збор, на згрчените образи залепена солза. Реди и нижи најдобри желби во мислите...

-Нагази бре... нагази реков! – одново викна дедо Тоде и ја скина мислата и желбата на Киро. - Па нели ти реков да не се влечеш и не ме терај да слезам и пеш да си одам дома... ме слушна ли или си глув, а?

Киро одново се обидуваше да ги врзи мислите за тоа што ќе прави кога ќе се врати дома...

Згасна радоста и надежта смрзна кога низ широко отворената железна врата камионот влезе во голем двор и застана пред голема грдосија.

Смрзна надежта што им ја имаше исполнето душата со качувањето во камионите дека веќе го фаќаат патот за дома, се одвеа кога го видоа бродот. Ги снема радосните извици – се враќаме дома.

Тие, кои до вчера ветуваа дека ќе стигнат камиони кои ќе ги однесат дома, побрзо од сите други сфатија дека бродот нема да плови по водите што водат за дома. За дома повратниот пат им беа истите тешко проодните патеки, ридови, угорнини и удолници.

Од лево вода. Некој рече: море. Во големата матна и разбуричкана вода се давеше полната месечина.

Брановите ја превртуваа и ја искривуваа.

-Слегувајте! – викна истиот глас кој таму во Пегин им рече – качувајте се...– Слегувајте! Стигнавме!

-Постројте се... застанете еден до друг – се сети дека пред себе нема војници. - Сега полека еден по еден по овие скали качувајте.

Се редеа пред скалите.

Во бродот здравите се качуваа по стрмните железни скали, држејќи се за страничните дебели ортоми.

Изнемоштените, болните и мајките со мали деца и старите - горе со дигалки ги пренесуваа во кошници и мрежи. Висеа над водата додека дигалката ги носеше горе. Со стравот во очите и молкот на усните влегуваа во бродот и зад нив се губеше месечината. Во големиот амбар бледа светлина. Удолу стрмни скали. Цврсто држејќи се за дебелите ортоми во лесното нишање на бродот, кое влеваше страв и несигурност, го губеа чекорот. Жени во бели мантили ги запрашуваа со некаков бел прашок. Некој рече дека тоа е за вошките.

Одот им беше несигурен и стравот голем кога влегуваа во полу замрачената голема одаја. Подот покриен со ќебиња. Во средината долга маса. Од двете страни дрвени клупи. Млади жени, облечени во бели мантили, носеа кошеви и од нив на масата во кошнички редеа леб, па чинии, чаши, бокали полни со некаква кафеава течност, варени компири, месо.

Првпат по бегството од дома гледаа толку многу леб. Во него заковани очите.

Најадени до наситка, фаќа место за почивка и спиење. Дедо Тоде заедно со Киро го фатија крајниот ќош, подалеку од влезот. По долго молчење, тивко, срамежливо прозбори дедо Тоде:

-Знаеш, Киро, кога ме кладоа во тој кош и кога го дигнаа нагоре, та кога се разниша над водата, за малку што... срамота е да кажам, ама јас издржав... некои не издржаа и од страв, знаеш се... тфу, срамота е да речам...

А ти, ти, те прашувам, како помина, а?

Киро молчеше, изгубен некаде во длабочината на своите мисли.

Бродските светилки згаснаа. Мрак. Молкот испрекинуван со тешки воздишки. Сомнежот гризе. Каде се?

Зошто на брод? Каде ќе ги носат? Да не ги однесат длабоко во морето и таму ќе ги растоварат? Секој се прашуваше во себе се прашуваше и мислеше на најлошото, а немаше некој да им каже, да им објасни каде ќе ги однесат.

Сонот не им доаѓаше, ама доаѓаа купишта сомнежи. И страв. Во бродскиот полумак беше страшно, а непознатото стануваше уште пострашно. Под себе, во мрачниот амбар, го чувствуваа лесното лулање, некакво тапо тропање под нив и тоа предизвикуваше немир. Тоа лулање и несигурноста им влеваше страв во коските.

Легнати еден до друг, се држеа за раце, плашејќи се да не се претурат на другата страна. Совладани од немирот и несигурноста, гледаа во железниот таван на бродот, каде матно светеа мали светла. Жените тивко, безгласно се молеа. Некаде во средината на амбарот заплачи дете. Некој машки глас гласно застенка, длабоко и болно воздивна, женски сподавен лелек се истури во мракот...

Долг, моќен и тажен рик на бродската сирена. Небаре се збогуваше со пристаништето. Бродот лесно се помрдна, ги разбуричка околу себе матните води и полека се оддели од молот и се нурна во големата морска шир, носејќи ги во својата утроба бегалците кои невидливи од небото и отсечени од земјата, еден до друг стуткани на леглата во мрачните амбари, исплашени и молчаливи, ги поведе на некој ново зготвен и неознат пат...

Се подалеку беше бродот од албанското пристаниште во Драч, носејќи ги во себе неразвиените едра на изгубената верба и надеж. Во бучавата на бродските машини се губеше лелекот и липањето и колнењето на жените, плачот на бебињата и пцостите на мажите. Гласно се слушаа само зборовите на клетвите, гневот и презирот.

Од стрништето во Пегин не ја понесоа надежната мисла дека се враќаат дома.

Сфатија дека по вода нема да ги однесат дома. Беа од ридски и планински села, та затоа нивното чудење беше неизмерно – кога дента, гледајќи ја водата се прашуваа – Господе – од каде ли се собра толку многу вода? Дали ќе не однесат некаде поблиску до дома или среде море ќе не растоварат? Оваа страшна мисла им го поматуваше умот и ги тераше сите заедно да се држат во куп. Во главите им се залепи стравот и во грлата им се сушеше здивот.

По разбуричканите морски води се подалеку ги носеше бродот. Брод и море, иако порано не ги имаа видено, ама во нивното паметење како зборови беа незаборавни и долго остануваа тажните денови кога некои од селото на печалба испраќаа мажи и синови. Се велеше – заминаа со пампур-брод по големи води. Тогаш, по тажното збогување што поминуваше во плач и лелек, враќајќи се во веќе полупразните куќи и занемените одаи ја колнеа печалбата и туѓината, па дури и со песна. Сега ги колнат тие, кои ги однесоа од дома и ги пикнаа во овие темни бродски амбари. Тие, кои им беа на печалба не им ја имаа одземено надежта дека еден ден ќе се вратат. За нив секогаш вратите беа отворени. Беа чекани. Беа сонувани.

Стуткани во амбарите на бродот, мислеа дали таму, дома, ќе има ли некој, кој ќе ги чека, кој ќе ги сонува и кој ќе го проколнува овој брод што ги носи во непознато? Сега кој нив ќе ги чека? Ќе има ли некој да им каже дека брзо ќе се вратат и дека некој дома ги чека?...

Бродот ја сечеше водата и се подалеку ги носеше од брегот. На патот кон непознатото од тесните прозорчиња покриени со дебела церада одвај-одвај се цедеше бледа светлина од која изброија дванаесет зајдисонца кои потонуваа во големите води и зад густите студени морски магли. Така во темните амбари на бродот го мереа времето што им поминуваше во несоница и неспокојство, во клетви, колнења, солзи, пцости, гнев и злоба...

А таму, на стрништето, скраја од Пегин, оставени рoгозини, черги, скршени чинии, искинати пелени, заборавени ѓумчиња, лажици и виљушки и многу, многу клетви и солзи. Се испразни, запусти стрништето. Во најблиските куќи во Пегин не се слушаше плачење на бебињата кои некои албански мајки ги прибраа на топло и дохрана. Си ги зедоа мајките.

Ветерот ги вееше, ги растураше и ги расфрлуваше по стрништето заборавените партали. Ноќта и денот здивнаа од големата болештина на бегалците. Молк. Немаше викања, довикувања. Завладеа тишина по големата врева, плачот, лелекот, колнежот, пцостите. Од стрништето ноќе ги снема бегалците, кои веќе на долгиот пат во непознатото ги придружуваше само големата и не смирена болештина за изгубеното и нескротената желба за поврат дома...

А мештаните на Пегин се чудеа и се прашуваа: каде се луѓето? Што се сторија?

Молк...

Тие кои знаеја, ставаа прст на усни.

-Сут!!!

-Не е време за прашување.

- Сут!!!...

-Прстот на усните и умот во главата.

-Така е подобро – очи не видоа, уши не слушнаа, усти не прозборија - велеа во Пегин оние поумните и си ја тераа делничната работа...

Малку по настрана, поблизу до шумичката, во најдолниот дел на стрништето засекогаш останаа умрените, кои ги закопуваа ноќе, во ниедно време. Некои умираа од истоштеност, од старост, од болест. И цицалчиња, родени по правливите патишта на бегството, од границата до Пегин и во сувото и честопати влажно стрниште, лежеа измешани со старите. Завиткани во стари, излитени черги, а најмногу во мувлосани ќебиња останати од грчко-италијанската војна, ги закопуваа во плитко ископаните гробови. Жителите на Пегин не даваа туѓоземци и тоа каури да лежат близу правоверните. Крстовите - две врзани прачки. Силните ветришта што дуваа од кај морето ги корнеа и ги растураа по удолништата.

На заминување никој од важните луѓе не изброја колку имаше мали и големи купчиња свежа земја. Во тефтерите на тие важни луѓе не остана запис кој за секогаш остана во шумичката скраја од веќе запустеното стрниште. Никој во тефтер не им запиша име и презиме. Останаа таму без белег освен едно мало купче на кое силниот ветер го нишаше малиот крст врзан од две суви прачки. Само тој крст над малото купче свежа земја.

Таму, во разретчената шумичка мали беа гробиштата, ама голема и неизмерна беше болката на тие, кои таму за севезден оставија дел од своето срце и страдалната душа... Остана таму и малечката душичка што цело време под мишката на мајката беше носена во лулката. Остана и лулката до неа. Празна. Живнува кога подувнува посилен ветер и се чини дека во мракот одзвучува молежлив глас:

-Ај, лули, лули, лули, лули... нани ми, нани, голем јунак да станеш... Ај лули, лули, нани ми, нани, голем јунак да станеш...

А утрото кога во далечната сива замагленост изгреваше сонцето, над стрништето долетаа јата гаврани.

Долго кружеа црните кругови и кога слетаа од никого не вознемирувани, до квечерина, до првиот мрак, го колваа чемерот на витосаните...

Пожолтените лисја се ронеа над празните шатори и земјанки. Утрата и ноќите студени. Влажно и тажно.... Од кај морето дуваше ветер со мирис на сол. Јата гаврани, со силно грачење прелетуваа над стрништето.

А горе, на ритчето, седнат на свитканиот опаш, до бела зора болно и тажно виеше и завиваше заборавениот Шарко...

Пловеше бродот и за сите во него дење немаше сонце, ноќе немаше месечина и ѕвезди, а тие кои успеваа да погледнат низ тесното прозорче или за миг да излезат на палубата, гледаа само облаци, дебели, тешки, црни кои и дење над морето постелуваа мрак.

Пловеше бродот...

На кој и на чиј брег ќе ги растовари?