ВТ0Р ДЕЛ - Part 15
- Доста – подвикна Мара. - Ако добро разбрав сега ќе ги саскате нашите против нашите? Значи мене против моите роднини кои живеат таму? Нели? Види го ти него, ќе ми дроби тука дека ќе правеле револуционерна организација за да не свртат еден против друг? Брат со брата да не се трпи? Брат со брат да се клевети? За кого ќе ја прават таа ја организација? И како рече дека ќе се вика?
- Илинден и тоа со големи букви, Маро...
- Ами, зарем Илинден не е и нивен? Ќе сте го делеле Илинден? Гоце и Груев, Даме и Сандански и сите Илинденци од Илинденците. Кутри, татко, во гроб ќе се превртува. И не само тој, туку и сите кои... – се раскина гласот на Мара, со црната шамија го покри лицето и залипа...
Во одајата завладеа молк. Очи вчудовидено свртени, челата збрчкани, усните растреперени. Мракот на тишината го скрши Мара:
- За себе, ами за кој друг – плачливо се одгласи Мара- ќе си прават организација и тоа револуционерна и за да биде измамата поголема, ќе ја викаат Илинден, а ние кои останавме треба да бидеме грбот.... Не, тоа не треба да помине. Јас, Мара, простата и полуписмена жена, ви велам дека за себе ќе ја прават, а измамените пак ние ќе бидеме. Не им беше доста тоа што го направија, сега им дојде ќеф нова да прават. Рече дека веќе се дојдени?
- Дојдени се и тоа од Чехословачка 36, од Унгарија 36, од Бугарија 3, од Романија 30 и од Полска 80.
Сите поранешни активисти и членови на партијата. Многу од нив сместивме во школото, каде во училниците ставивме железни кревети, како овие, вашите, а тие, да не речам, поголемите, поважните, рековме да ги сместиме по куќи. Па си реков ај и кај вас да сместиме двајца. Да не бидете заборавени од честа. Топло е тука, чисто, убаво се е спастрено. Ќе бидат задоволни.
- Да не си рекол уште еднаш. Јас такви, в куќи не прибирам. Доста беше и доста е! Цели три години таквите подлизурковци не јадеа и тие и вошките што ни ги носеа и ни ги оставаа. Види го ти него, чест ќе ни било.
-А ти , Митре, што велиш? Ќе примите двајца?
- Па, Павле, веќе ти е речено. Не примаме.
- Пази да не погрешиш. Партијата знае што да прави со..
- Со таквите како нас, нели? Ќе не прогласи за народни непријатели и некаде ќе не прати, нели? – Митре ширум ја отвори вратата и рече: - Павле сега добро ќе сториш ако си одиш... од тука е излезот...
На излегување, Павле се сврти и заканувачки потсети:
- Времињата не се променети, Митре, иако сме далеку од дома. Тие така, како што беа таму, така се и тука...
Јас, само најискрено, за твое добро, Митре, дојдов сигурен дека си останал таков, каков што си бил. Никогаш не си откажувал да ја помагаш борбата... Ме разбираш, нели?
- Подобро е, ич да не разбере... – се огласи Мара.
Павле стоејќи од другата страна на прагот, и се обрати на Мара
- Ајде, Маро, ти си најдобрата домакинка. Вразуми го овој инаетчија чиј збор, а и твојот, го сфаќам само како шега. Види таму добро да ја стокмиш одајата за двајца, а утре дојдете долу, во Крошченко. Другарот Захарјадис ќе држи збор. Сите треба да го слушнеме што ќе ни кажи за новите борби...
Митре го испрати до кривината на патот, без да му подаде рака на збогување, тивко му рече:
- Прибери се, Павле и не влегувај во вреќата на лагата. Никакви револуции нема да имаа... Добро ти рече Мара – пак ние ќе бидеме измамените...
На конакување не примија делегати од конгресот и на собирот не отидоа. Кутијата од која ги слушнаа првите ликувања, паролите и ракоплескањата, ја исклучија... Не слушнаа што рече и што порача водачот на големиот собир пред црквата над чија врата заборавија да го тргнат православниот крст чии рамена чиниш ги покажуваа различните, недоодени и погрешни патишта...
Вечерта, два дена по завршувањето на конгресот, кај Митре пак се собраа соседите. Тие кои не слушнаа што пренесоа радио-кутиите, беа желни да слушнат од тие кои од своите соседи кои беа на собирот, а и од тие, кои од радио-кутиите слушнаа што беше речено и што беше одлучено на конгресот.
- Ете – муабетот го почна Киро. – Ни направија конгрес. Бев на тој нивен конгрес. Седев малку по настрана и гледав и слушав. Милиот, драгиот, умниот, долго зборуваше за досегашните борби и за идните што не чекаат, ама ниту еднаш не спомна народ. Не само тој, туку и тие кои му одобруваа, кои го фалеа. Никој.
Народ никој не спомна ни ту на почетокот, ниту во средината ниту на крајот од својот долг говор. А народ бевме, нели. Бевме народ и тоа таков во кој тој и тие околу него, додека се водеше војната дадовме се и залак од уста делевме, се колнеа... Треба ли да ве потсетам на тоа што го кажаа и запишаа, а потоа бргу го избришаа?
Кога најмногу им требавме, тогаш едногласно прифатија, запишаа и прогласија дека ,,Во Северна Грција македонскиот ( славомакедонскиот) народ даде се за борбата и се бори со сеопшт хероизам и само пожртвуваност со што предизвикува восхит. Не треба да постои никакво сомнение дека како резултат на победата на Демократската армија на Грција и на народната револуција македонскиот народ целосно ќе се здобие со национално возобновување така, како што самиот тоа го сака и за да го добие, денес ја жртвува својата крв...’’.67 Да, тогаш бевме народ зашто дававме се за борбата и за да бидеме народ требаше да продолжиме да битисуваме, жртвувајќи ја својата крв. И натаму им требаше нашата крв. На Захарјадис таа голема лага не му излезе на добро. Го подбраа и своите, тие со кои ги делеше преспанските пештери и тие од Белград и Скопје, а најмногу тие од Атина кои кратко ги прашуваа грчките комунисти во затворите и логорите дали се согласни со таа резолуција и доколку вела дека се соласни, тогаш беа прогласувани за велепредавници и без судење добиваа куршум в чело. Тогаш и најблиските му свртија грб и затоа само некој месец потоа паролата ја смени со друга и така пак ги излажа и своите и нашите... А народот кој го повикуваше на бој и му се восхитуваше, по неколку месеци, како плод на сите изгубени битки, го разнебиди и го растури, меѓу луѓето преку своите послушници посеа омраза, злоба, клевети... И пак ќе речам - на конгесот никој не спомна народ, туку само синдрофи ќе синдрофисес значи другари и другарки и се така како да сакаше да рече, ете, јас, сега само јас се грижам за вас и неколку околу мене, синдрофи ќе синдрофвисес славомакедонес ќе славомакедонисес, кои среќно и безгрижно живеете во народните републики и еве сега, за да не мислите дека сте заборавени, ви правам организација, ем славо-македонска ем револуционерна... И така најмилиот и најумниот наш син одново си ги прибра под своите закрила своите најверни остатоци и сите заедно со него се 67 Дел од резолуцијата донесена во јјнуари 1949 година во с.Нививи, Преспе.
собраа во оваа пустелија за да прават нова револуционерна организација на славомакедонците кои го мразат Тито и заедно со него да ги мразат сите кои не го мразат Тито и така поделени меѓусебно да се мразат и да се клеветат. Така, мили мои, сега нема народ, има само синдрофи ќе синдрофисес, другари и другарки, а утре некоја будала сите нив ќе ги нарече граѓани и граѓанки, значи безимени и безименки... Така продолжуваат да си го играат ѓаволското оро на злото што одамна го почнаа. Народ, јазик и писмо криво име е што остоиме, тврдејќи дека некој не создал, та затоа со партиска директива направија некој нов јазик и сега со конгресот можеби ќе посакаат да направат некои нови славомакедонци од тие кои останаа живи та сакати. Секаде не има, се растуривме држави, по градовите, паланките, во некои села и веќе на гробиштата во туѓите земји. Се повеќе се нашите најмили кои, веќе лежат во гробиштата на Полска, Унгарија, Романија, Чехословачка, Југославија и отаде големите пустини, до оној далечен Ташкент земајќи ја со себе и големата надеж за враќање дома... Не е само тој злосторник, туку и тие се злосторници кои одат по трагите на злосторникот и злосторникот го слушаат и му се поклонуваат. И нема да ми е чудно ако утре некоја будала, ќе рече, еј вие таму, каде и да сте, ние утре ќе ви дадеме и јазик и име и нација и држава со еден убав договор, во кој вие нема да бидете тоа што сте, нема да сте тоа што сакате да сте, туку ќе бидете тоа што ние ќе сакаме да сте... Во времињата што истекоа и можеби во тие што ќе дојдат, не бележеа и ќе не бележат со договори. Ете, тоа ти е тоа и кој ме разбра, ме разбра, а кој не ме разбра, нека чита договори во кој духот народен е претворен во разделница, злоба, омраза, клевета, поткупливост и предавства. Злобните велат дека така беше и така е сега... Народ... Имаше народ кој крвавел и од себе се давал, се до срамниот пораз. А поразот за да се оправда, сега крив им станал народот кој со својата саможртва предизвикувал восхит и... и потоа не беше народ, туку нешто измислено од некој... и најдоа од родот наш алајќи кои како порано ги перат нивните валканици. Кого донесоа на тој конгрес? Алајќи донесоа, слични на оние од времето на фанариотските попови и даскали. Кој е крвникот и кој е неговата жртва синдрофи ќе синдрофисес, другари и другарки... Судбината си ја ставивме на неговата тезга, што се вика комунистичка партија на Грција. Се фалат дека нивното дело е непобедено, здраво, ама нашето е победено и здробено како непотребна стомна. Сега се обидуваат таа здробена стомна да ја лепат. Ете тоа ти е таа нова организација што ја нарекоа Илинден и тоа со големи букви и славомакедонска та револуционерна. Со големи букви за тоа што играта, ми се чини, е голема. А таа игра се вика голема делба. Наша делба. Македонска. За името се работи.
Немаш име, не постоиш... на нишан е нашето име. Што постои без име? Што се слави без име? Што се сади без име? Што преминува во бесмртноста и се овековечува без име? На конгресот беше и зборуваше и Полјакот кој е одговорен за македонските и грчките деца. Во секоја реченица, му беше името... Чекај да го отворам тефтерчето. Го имам запишано неговото име и некои делови од неговиот говор. Ете, Копичињски... не, не е така. Еве најдов. Копчињски, рекоа дека има бор, а тој, висок и ќелав, се исправи зад говорницата и вака зборуваше на полски, а јас од преводот што го правеше еден младинец, запишав во тефтерчето. Нема да ви читам се, туку најважното, според мене. Еве вака тој Копчињски, така рекоа дека се вика, вака зборуваше:
-Користејќи ја можноста, би сакал, другари, да ги споделам со вас искуствата и забелешките во врска со воспитувањето на македонските деца и младинци во Народна Полска. Македонската младина заедно со грчката и полската, учи и се воспитува за свесни борци за мир и социјализам. Учејќи, мисли на ослободувањето на Македонија...
-Слушнавте? Да повторам – македонската младина мисли на ослободувањето на Македонија... – Така рече Полјакот. Гласно. Сите тоа сме го слушнавме. Во тој миг во салата настана мртва тишина, а потоа се слушна шумолење, кашлање, еден, кој седеше до мене ми шепна – загази ќелавиот, утре некој ќе го влече за уши. – Не стигнав да запишан што рече натаму. Начулив уши и слушав. Заборавив да запишувам. Полјакот прекина и гледаше во салата. Шумолењето престана и тој вака велеше: -Македонскиот учител, исто како и грчкиот и полскиот, кај младината ја внушува љубовта кон татковината и кон националната култура.
Меѓутоа, досега немаме доволен број соодветни учебници, лектири и научни помагала. Наша желба, стремеж и цел, другари, е македонските деца да ги воспитуваме во духот на македонскиот патриотизам. Младината сака да ја знае историјата на Македонија. Па нели Македонија има прекрасна страница на ослободително- револуционерни борби во своето минато. Би било добро во рацете на младите да се најде учебник за историјата на Македонија.
– Полјакот пак прекина зашто во салата пак се слушна шум, некакво кашлање на негодување. Еве што уште запишав во моето тефтерче од говорот на Полјакот:
- Не е можно да се сака родната земја ако не се познава нејзината историја и географија... Во училишната работа ни недостигаат граматика, правопис и лектира на македонски јазик. Без овие помошни средства не може да се учи мајчиниот јазик. Учењето на македонскиот јазик без овие учебници е губење време за учениците и за учителите... – поучуваше Полјакот од говорницата. Го слушав со зината уста и затоа не успеав се да запишам. Ама не го пропуштив и ова:
- Ни требаат – рече - 10 македонски воспитувачки во градинките и 15 воспитувачи во детските домови.
Уште полоша е состојбата со македонските учители. Ни недоста-суваат најмалку 2 квалификувани учители.
Нема кој да ги учи на македонски јазик децата во повисоките одделенија и нема кој да ги подучува неквалификуваните учители. Пребарајте ги, другари, вашите кадри, можеби меѓу нив ќе најдете барем двајца квалификувани учители...
- А што се тоа некфаликувани учители?
- Тоа се не учени учители...
- А каде- гласно праша Полјакот - да се најдат барем двајца учени учители?
Во тој миг ми дојде мислата да довикнам: - Партијата задолжително ќе ги најде меѓу своите кадри... Знае таа какви да најде... Ќе најде... како што најде такви со кои сега прави револуционерна организација и за срамота ја нарекуваат Илинден. А бе Илинден беше на сите Македонци, а тие нив ги поделија на Македонци и на Славомакедонци... Првите измислени од Тито, а вторите од КПГ. Нема што. Ја почнаа старата песна и си играат некое ново оро тие синдрофи ќе синдрофисес, другари и другарки, денес, а утре можеби само граѓани и граѓанки, безимени и безименки... Така., мои мили и заблудени, конгресот заврши со такви резолуции, кои во готово ги донесоа од Букурешт напишани на грчки и преведени на славомакедонски со аминување од драгиот и милиот водач... Долги беа ракоплескањата, паролите, радоста од големите и нови ветувања... Јас, да ви ја кажам вистината, се обидов да му пријдам на Полјакот за да му кажам дека сум трогнат од неговиот говор, ама службите ме спречија...
12 Во тесното купе, со дрвени седишта, во студениот железнички вагон, остаток од времето на австро-унгарското царство, по завршениот конгрес, се враќаа во Варшава полските претставници на конгресот, Лукашевич од Централниот комитет на Полската обединета работничка партија и Копчињски од министерството за просвета.
Првите десетина километри, поминати со бавното влечење и честото свирење на сирената на старата парна локомотива, им поминаа во некакво натегнато, студено молчење. На лицата одраз на тукуречи две непреспани ноќи кои оставаа и белег на тоа, дека во себе ги средуваа впечатоците од престојот во Крошченко и учеството на конгресот.
-Не сум сигурен – прв се огласи Лукашевич – дали е добро тоа што учествувавме на тој конгрес и дали некои ваши мисли, пан Копчињски, добронамерно беа прифатени. Кога зборувавте за тоа дека македонските деца ги воспитувате во духот на македонскиот патриотизам и за богатата историја на Македонија, на лицата на тие, кои седеа во првиот ред, забележав горчливо незадоволство. Сигурен сум дека не го одобруваа вашето говорење. Вие, пан Копчињски, им зборувавте за Македонци, а сите кои говореа велеа Славомакедонци. Која е разликата? И која е целта на тој конгрес? Јас, пан Копчињски, со мене носам копија од телеграмата што нивниот партиски водач, Захаријадис, ја испратил до Централниот комитет на нашата партија.
Еве што пишува:
,,Драги другари, на 5 март 1952 година ќе се одржи конгрес на Славомакедонците што се наоѓаат во народните републики за да одлучи за распуштање на организацијата НОФ, која беше формирана по предлог на Титовите агенти и формирање на нова национално-ослободителна организација на Славомакедоците ,,ИЛИНДЕН”. Ве молиме да одобрите конгресот да се одржи во Вашата земја, во новиот колхоз каде се наоѓа најголемиот број Славомакедонци. Доколку се согласите конгресот да се одржи во Вашата земја, ќе дојдат 80-100 делегати од други држави, кои ќе учествуваат на конгресот и ќе останат 10 дена. Од вашата земја на конгресот ќе учествуваат 80 делегати. Ве молмие да не известите во врска со изнесеното. 2 јануари 1952 година. Со другарски поздрави за ЦК на КПГ, Н. Захаријадис, с.р.”
- Јасно е напишано во телеграмата која е целта на конгресот. Искрено да ви кажам, пан Копчињски, за мене тоа е некаква валкана работа и се прашувам зошто се валкаме ние во неа? Јас на другарите во Централниот комитет им реков дека ако дозволиме кај нас да се одржи таков конгрес и со такви наведени цели, тогаш и Грција и Југославија ќе не обвинат дека дозволуваме формирање организации кои од нашата територија ќе дејствуваат против нив. И ете ти протестни писма, дипломатски распавии, а можеби и расправа во Обединетите нации. На Запад само уште тоа му треба... И знаете што ми рече една главоња? – Вие, другар, Лукaшевич, грешите. Прво - знаеме дека другарот Захарјадис е близок со другарот Сталин, а најмногу е близок со другарот Берија... А во тоа друштво е и нашиот Бјерут. Тоа имајте го на ум, другар Лукашевич. Се разбира замолкнав. Во грлото запек. Си реков можеби во моментот молкот е најдобар другар. А вас, сигурен сум дека некои од нашиот централен комитет ќе ве товарат со неодговорност и политичка незрелост за барањата што ги изнесовте во врска со македонскиот јазик, историја, традиција и некои други работи... Знам дека вие ќе се оправдувате, воспитувајќи ги децата во духот на нивниот патриотизам, користејќи ги најдобрите медагошки методи и дека како многу искусен педагог децата ги воспитувате според слободољубивите традиции и вредности... да бидат македон-ски патриоти и да ја сакаат Македонија... Така ли? Јас, пан Копчињски, поинаку ја разбирам работата со тие бегалци. Ние Полјаците во минатото имавме големо разбирање за бегалците. Такви сме и сега. Наместо да им создаваме можности да се организираат во некои револуционерни и ослободителни организации, јас би се заложил да се организираат во здружение во кое би ги негувале своите народни и национални адети, своите народни песни, ора и вера, така, како што ние Полјаците во времето кога сме биле распарчени како држава повеќе од сто години, со помош на народните, националните адети, образованието, културата и верата не само што си ја сочувавме, туку и си ја зацврстивме таа nasza polska narodowa tożsamość...68. Здужение им треба преку кое ќе си останат свои.Така ќе си останат со своите адети и национална свест... Не можев да се изначудам на тие празни говори и пароли истресувани од тој куп półgłówki69 донесени од таканаречените земји на народната демократија, кои најгрлесто му се нафрлија на американскиот империјализам, а најмногу на Тито. И наместо да се заложат да ги искористат сите можности што им се на располагање за да учат, да совладуваат знаења, професии, зашто инаку ќе се претопат во масата на пообразованата и покултурна средина, тие упорно загазуваат во своето трагично минато наметнато од други... Знаете, пан Копчињски, јас просто ги сожалувам...
Кутрите, ги собраа во таа пустелија за да прават револуционерна и ослободителна организација, зашто така посака тој, кој, да не се лажеме, ги дотера до тука. Постојано ми се врти во главата мислата дека ним најмногу им е потребно здружение низ кое ќе ги негуваат своите адети, обичаи, песни, ора и вера и така ќе си останат свои, со свое име...
68 Nasza polska narodowa tożsamość – Нашиот полски национален идентитет 69 Półgłówki - будалетинки
-Така, пан Лукашевич. Сега се што се прави е само лоша и матна бура. Ќе ја одвее ветерот и во таа ведрина ние, полските педагози, ќе си ја продолжиме нашата работа. Јас сум во право, пан Лукашевич и готов сум да ги прифатам лошите последици...
- Дај, Боже, да сте во право, ама таму, високо, во Варшава, сигурно некои ќе речат - другар, Копчињски, воспитувајте, ама немојте да ја заборавите политиката... Тоа е тоа, пан Копчињски – политиката. И токму таа таму на конгресот беше најприсутна. Никој не ви ракоплескаше кога им зборувавте за проблемите во врска со воспитувањето и образованието на децата во духот на македонскиот патриотизам. Молчеа. Кај некои забележав изненадување и вчудовиденост, кај други гледање во таванот, како да очекуваа од таму да грмне и да ги замолкне тие ваши за нив богохулни барања. Ама кога на крајот извикавте неколку пароли за водачот и партијата, сите беа на нога... Нели? Грмна салата и ми се чинеше дека тој грмеж ги стопи вашите надежи...
-Токму така. И тогаш и сега ми е непријатно.
- Да. Токму тоа, паролите за водачот ја обележаа и ја заокружија целта. Но дали времето ќе ја оправда?
Возот полека се влечеше во мракот. Пан Копчињски и другарот Лукашевич не ја преспаа ноќта. Во долга расправа и размислувања зората ги пречека во Краков. Другарот Лукашевич со брзиот воз пладнето стигна во Варшава и право од железничката станица отиде во седиштето на централниот комитет. Во една од канцелариите дури на свечерување го заврши пишувањето на извештајот за конгресот во Крошченко.
Пан Копчињски, преку Вроцлав, наредниот ден, утрото слезе на железничката станица во Згожелец. Не отиде на појадок, туку право во својата канцеларија каде, откако сфари и испи два филџани јако кафе, го почна пишувањето на недовршениот извештај за состојбите во Државниот воспитен центар.
- Мијале, бре, оди кај Ристовци и прашај што е таа врева за одење дома? Се зборува дека оној Попопада или Попоз...
- Папагос, мајко, Папагос...
- Нека е така Папагос... велат дека дал право за враќање дома... Оди и распрашај се. Да не го пропуштиме денот... Време е да си одиме... Се зборува дека се прават некои списоци на тие кои сакаат да си одат ... оди, распрашај се... Тука беше Крсто и рече, дека од брат му, кој е во Канада, доби писмо и му пишува дека многу пуштија од островските логoри и од затворите и тие се вратиле дома. Изгледа дале некое помилување... можеби и за нас ќе има нешто слично? Оди распрашај се. Доста сме се заседнале тука, време е да си одиме дома... Слушнав дека некои си ги собираат работите...
Михаил не веруваше дека е можна таква работа. Се колебаше, ама настојувањата на баба Стојна не престануваа, а и таа вест се повеќе сеширеше меѓу луѓето.
- Се распраша, се распрашуваа луѓето, некои си ги собираа работите...
На пат кон управата го сретна Лазо и го праша дали слушнал дека Папагос даде амнестија.
- Така се зборува, Мијале. Папагос даде делумна амнестија. Луѓето се запишуваат, од банките ги подигаат заштедите, се впуштија по продавниците да купуваат алишта, кебиња, перници, разни најпотребни лати за домаќинството... А ти каде така?
- До управата. Таму белки повеќе знаат, нели?
Во управата на колхозот вриеше од љубопитни. Михаил се проби до вратата на Караникас и кога пушти рака за да ја отвори вратата, до него допре глас на караница.
-Што си запнал бре Караникас, со тоа титови агенти и не знаеш да престанеш? А знаеш ли ти, дека јас цели две години ги поминав во костурските и преспанските села – му се зададе на Караникас стариот партизан, Сотиракис. - Знаеш ли ти во тоа време чиј леб јас јадев?! Во чија постела спиев? А знаеш ли ти дека жената што си ја наклеветил ме носеше на своите рамена кога бев ранет, по пат ме хранеше и поеше и ме тешеше и ме молеше да издржам? Кого бре ти, руфјанос70 низаеден, денес клеветиш? Заради тоа што неумни луѓе не водеа, сега ќе им судиме на тие чесни и предани селани и селанки. Тфу! Нели тука заедно со нив работиме, го делиме трудот на нашата пот, заедно се радуваме и тагуваме, се посетуваме, се дружиме? Срамота. Зарем сево ова ти пречи? Ти пречи тоа дека сакаме да си го најдеме мирот по се што досега ни се случи? Со нив, бре Караникас, ние живееме, а ти не делиш, од нив правиш непријатели... Зарем, ти, кој седеше цело време во Преспа, не си го слушнал нивниот глас, не си запаметил дека тие таму не хранеа, не лекуваа, не тешеа, нивните постели ни ги дадоа? Караникас, ти и тие околу тебе и над тебе, станувате нивни непријатели и наши, непријатели на чесните борци. Си одам. Тука веќе во оваа реа повеќе не соседи.
Од канцеларијата излезе непознатиот и брзо го снема.
Караникас, видно налутен, го пречекори прагот на вратата и гласно праша:
70 Ρουφιανος (грчки) – подлец,
-Што барате, та сте се собрале тука, а?
Михаил исчекори пред толпата и рече:
-Слушнавме дека Папагос даде амнестија. Дали е вистина, другар Караникас?
-Вистина е... па што!
- Значи си одиме дома! – извика Михаил.
- Не! Не сите. Денес дојде човек од партијата и пренесе дека ќе има враќање само тогаш, кога во Грција ќе биде воспоставена народна демократија и на власт ќе дојде пролетаријатот. Сега, луѓе, седете си мирно, гледајте си ја тука работата, а за тоа, кога ќе има враќање, ќе одлучи високото партиско раководство.
Така на луѓето јасното им стана многу мрачно...
Михаил се врати во хатата и на неколкуте луѓе, кои со нетрпение го чекаа, им рече:
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/on-the-road-of-no-return-mk/21 le 29 octobre 2026