Inhabited Places in Aegean Macedonia
V - ПРОГОНУВАЊЕТО И ИСЕЛУВАЊЕТО НА МАКЕДОНЦИТЕ ОД ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА ПРЕД И ВО
V - ПРОГОНУВАЊЕТО И ИСЕЛУВАЊЕТО НА МАКЕДОНЦИТЕ ОД ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА ПРЕД И ВО ТЕКОТ НА ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА (1945-1949)
Процесот на присилно преименување на населените места, топонимите и микротопонимите, проследен со денационализација и асимилација беше привремено прекинат поради Втората светска војна и настаните што следеа.
Заслужува да се спомне дека Македонците во Грчко-италијанската војна, наметната од Мусолини на 28 октомври 1940 година, покажаа вонреден хероизам, борејќи се во првите редови. Тие се бореа толку храбро затоа што беа убедени дека борбата против фашистичкиот агресор претставува општ интернационален долг и придонес против заедничкиот непријател на сите народи, па според тоа и на самиот македонки народ.
Априската војна од 1941 година доведе до тоа и Грција, а во тие рамки и Македонија да станат плен на германскиот милитаризам. Егејска Македонија и овој пат стана монета за откупување на туѓи совести и интереси, во прв ред на бугарскиот реваншизам и на италијанскиот фашизам.
За Македоницте, како и за сите поробени народи на Европа од германскиот, италијанскиот и бугарскиот фашизам, единствен излез и единствен предуслов за остварување на вековните идеали за слобода, беше вооружената борба и тие ни најмалку не се поколебаа да го изберат овој пат, полн со жртви и лишувања, познат им низ вековите.
Поради поделбата на Македонија и историските околности, Македонците од Егејска Македонија, оваа борба што беше поставена пред сите Македонци, требаше да ја реализираат заедно со грчкиот народ, убедени дека, било во текот на борбата, било подоцна во новата антифашистичка Грција, ќе им се признаат националните права.
Меѓутоа, во практиката и уште во текот на големата антифашистичка борба, во која Македонците влегоа масовно, се повеќе се доаѓаше до сознанието дека и антифашистичките сили во Грција немаат намера да им ги признаат тие права на Македонците. Напротив, се правеше се, таквите стремежи и барања на Македонците да се задушат.
Во тој поглед, се разбира, најдалеку отидоа оние грчки сили кои се бореа под закрилата на окупаторот. Во текот на војната, одреди вооружени од окупаторот, крстосуваа по македонските села и околии, пљачкајќи, палејќи, вршејќи терор и убиства врз Македонците. Таквите оружени одреди од типот на Кирцидакис, Коларас, Пулос, Пападопулос, Киса Баџак, Андон Чауш и други водачи на колаборационистичката ПАО, со посебно задоволство ги напаѓаа оние македонски села кои во минатото се покажаа пореволуционерни и пожилави во отпорот.
Поради повеќе историски околности, антифашистичките сили во Грција го положија оружјето. Нивната судбина беше запечатена со договорот во Варкиза од 12 февруари 1945 година. Непосредно по договорот во Варкиза и полагањето на оружјето од страна на антифашистичките сили во Грција, состојбата во земјата се влоши до крајни размери. Македонците повторно се најдоа во вонредно тешка состојба. Над нив, речиси веднаш по Варкиза, почнаа да се применуваат застрашувања, притисоци и терор. Убиствата, силувањата на жени и девојки, пљачкањата, палењата на домови, интернациите, затворите, насилството, прогонувањата преку граница станаа секојдневна појава.
Доволно е само да се фрли бегол поглед врз документацијата објавена од Архивот на Македонија во едицијата Егејска Македонија во НОБ, (54) на југословенскиот и меѓународниот печат од тоа време, на богатата документација собрана од анкетна комисија на ООН, како и на друга документација, за да се разбере само донекаде состојбата пред која се најдоа Македонците во Егејска Македонија непосредно по Втората светска војна.
Бранот на бегството од ден на ден растеше. Стануваше јасно дека грчката монархофашистичка држава е решена по секоја цена, не водејќи сметка за меѓународните протести, да ги ликвидира Македонците.
За илустрација тука ќе споменеме само неколку и тоа не најкарактеристични терористички акции:
На 20 февруари 1945 година грчките вооружени групи го нападнаа македонското село Волак во Драмска околија каде што убија 7 селани, изгореа 40 куќи, го опљачкаа селото и протераа преку граница 350 селани. Истиот ден една таква вооружена банда го нападна македонското село Чучулигово во Серска околија, каде што уапси 15 селани, го ограби селото и протера преку граница 33 семејства. Само од 12 февруари до 12 април 1945 година во Источна Егејска Македонија бандите на Андон Чауш убија 29 македонски селани, затворија 3.100 Македонци, опљачкаа десетина села и протераа преку граница повеќе стотици Македонци. (55)
Во Костурско секојдневно се напаѓаа македонските села од тамошните вооружени банди, чии најприменувани методи беа:
малтретирање, силување и пљачкање. Така, на 26 април 1945 година е нападнато селото Куманичево, каде што се ограбени 60 куќи и однесени, покрај другото, 1.000 овци и 110 глави крупен добиток. На 29 април опљачкано е слеото Галишта, а на 27 април селото Апоскеп. Истиот месец е опљачкано и селото Загоричани од каде што биле однесени во затвор 40 селани, од селото Мењак се однесени 2.000 овци и 500 глави крупен добиток и се затворени 22 селани. Од селото Четирок биле ограбени 160 куќи и затворени 15 мажи и 3 жени, убиена една ожена и однесени 2.500 овци и 600 грла крупен добиток.
Масовни апсења, грабежи, силувања и поединечни убиства низ месец април 1945 година имало речиси во сите македонски села во Коструско, од кои најмногу настрадаа селата: Изглибе, Тиолишта, Личишта Б’мбоки, Госно, Старичани, Лудово, Рупишта, Семаси, Марковени, Песјак, Крчишта, Горно Папратско, Граче, Жупаништа, Смрдеш, Габреш, Д’мбени и др.
(56)
Слична беше состојбата во Леринско, Воденско, Мегленско, Ениџе-Вардарско, Калјарско, Кукушко итн. До крајот на јуни 1945 година, само во Костурско биле затворени 800 селани. Во Кукушко биле убисни 110 селани, повеќе од 400 затворени, 2500 гонети и повеќе од 1000 души кои побегнале во Југославија. Поради истата причина од Костурско и Леринско повеќе од 2000 души побегнале во Југославија. Само во месец јули биле убиени 117 мажи и жени. Бројот на затворените Македонци од Леринско е двојно поголем од оној во Костурско.
(57)
Покрај овој вид терор, се започна со воведување на импровизирани судови на кои им се суди на Македонците на смрт и доживотна робија, со цел да ги заплашат уште повеќе и да ги принудат на бегство преку граница. Веќе на 25 април 1945 година во Солун се осудени на смрт 6 Македонци и двајца на доживотен затвор. Во месец јули во Костур се осудени на смрт и тешки казни 109 Македонци. На 18 јули грчките власти вршат силен притисок врз Македонците од село Теклиево, Солунска околија, да го напуштат селото и да се иселат во Југославија. На 12 август во Солун се осудени на смрт и стрелани 8 Македонци од Воденско, на 17 ноември убиени се 9 младинци над селото Баровица, Гуменџиска околија кои од страв да не бидат фатени се криеле по шумите. Воопшто во текот на целата 1945 година теророт продолжува со несмален интензитет, а притисокот врз Македонците да ги напуштат своите домови и да се иселат во Југославија е се поголем. Бројот на жртвите е се поголем. (58)
Таквата вонредна тешка ситуација стана повод за повеќе протести и интервенции од меѓународен карактер. Дури и американскиот Сесловенски комитет во јули 1945 година испрсти телеграма до Труман, Сталин и Черчил со која се бара да се преземат мерки и да се стави крај на теророт врз Македонците што го применуваше официјалната грчка власт.
Исто така и претседателот на македонското друштво во САД испраќа протесно писмо до грчкиот амбасадор во САД со слична содржина. (59) Но тоа не помогна да се подобри положбата на Македонците во Егејска Македонија, напротив таа се повеќе се влошува.
Всушност, уште во текот на декември 1944 година во кабинетите на грчката десница, која се уште ја немаше освоено целокупната власт во Грција, беа изработени детални планови за ликвидација, депортирање и присилно изгонување на 120.000 Македонци од својата родна земја. Поводот за оваа злосторничка акција беше постоењето на суверената македонска држава во рамките на тогашна Федерална Југославија, како и факатот што Македонците од егејскиот дел на Македонија, во своето апсолутно мнозинство застанаа на страната на антифашистичките сили, борејќи се во првите борбени редови против окупаторот и фашизмот.
По договорот во Варкиза и предавањето на оружјето на ЕЛАС, грчката десница стана целосен господар во Грција и имаше одврзани раце најжестотко да се пресмета и со Македонците.
Овој терор што се применуваше врз Македонците и врз грчките демократски граѓани беше и главната причина за Граѓанската војна во Грција.
Граѓанската војна во Грција траеше повеќе од три и пол години, односно од раната пролет 1946 година до есента 1949 година.
Таа заврши со поразот на демократските сили во Грција.
Последиците од Граѓанската војна беа огромни. Беа разурнати десетици македонски села, многу од нив се разредија. Десетици илјади емигранти се најдоа не само во ослободениот дел на Македонија, кој веќе беше конституиран како суверена македонска држава во рамките на Федерална Југославија, туку и во сите други источноевропски земји. Грчките владини војски, при прогонувањето на силите на ДАГ, чие основно јадро го сочинуваа Македонците имаа за задача до темел да ги разурнат македонските села, со цел што повеќе да го заплашат населението и да го принудат на бегство. Тоа беше причината поради која многубројни македонски села беа наполно напуштени од своите македонски жители.
Во текот на антифашистичката војна и Граѓанската војна во Грција Македонците не само што дадоа повеќе од 20.000 жртви, илјадници затвореници, а десетици села беа наполно разурнати, туку и 60.000 Македонци беа принудени да ги напуштат своите домови и да ја минат границата под најнеповолни услови.
Со крајот на Втората светска војна и на Граѓанската војна во Грција завршува уште една фаза на принудната емиграција на Македонците од Егејска Македонија. Овој пат тешко беа погодени и оние македонски краеви коишто донекаде беа поштедени во претходните крупни имиграциони движења – Костурско, Леринско, Воденско и, донекаде и Кајларско.
Зацртаниот план уште во декември 1944 година, бројот на Македонците во Егејска Македонија да се намали за 120.000, во голема мера беше реализиран.
Од горе изложеното јасно произлегува дека Македонците од Егејска Македонија во текот на антифашистичката војна и посебно во текот на Граѓанската војна во Грција (1946-1949)
претрпеа најголемо намалување, што е речиси рамно на намалувањето на нивниот број во целиот период од 1912 до
1940 година.
Оправдано се поставува прашањето: колку Македонци останале во Егејска Македонија по сето ова намалување на нивниот број непосредно по Граѓанската војна во Грција?
На ова прашање не е тешко да се одговори кога веќе знаеме дека непосредно пред Грчко-италијанската војна од октомври 1940 година бројот на Македонците во Егејска Македонија се движеше меѓу 300.000 и 320.000. Според тоа, можеме да констатираме дека во 1951 година, кога ја имаме петтата по ред официјална статистика на Грција за Егејска Македонија, имајќи го предвид намалувањето на бројот на Македонците за 80.000 лица во периодот 1941-1949 година, како и прирастот на населението за овој период, кој, се разбира, поради воените прилики е помал во споредба со претходниот мирновременски период, во Егејска Македонија и натаму останале да живеат повеќе од 250.000 Македонци. До ова сознание се доаѓа и со направената анализа за етничкиот состав на секоја населба во Егејска Македонија посебно, при бројната состојба на населението во 1951 година.
VI - ИСЕЛУВАЊЕТО ОД ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА ВО ПРЕКУМОРСКИТЕ ЗЕМЈИ ПО ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА И НАТАМОШНОТО ПРИСИЛНО ПРЕИМЕНУВАЊЕ НА НАСЕЛЕНИТЕ МЕСТА Веќе ги констатиравме и накратко ги изнесовме миграционите движења и реперкусиите врз измената на етничкиот состав во Егејска Македонија што се случија во периодот 1912-1949 година како последица на историските настани и на дискриминаторската политка на грчките влади.
Но и покрај големото намалување на бројот на Македонците за овој релативно краток временски период од четири децении, сепак, присутноста на 250.000 Македонци во нивниот роден крај и натаму продолжи да ги “загрижува” грчките власти.
Иако е познато дека насекаде во светот, поради својата специфичност, народностите можат и треба да претставуваат мост и врска меѓу соседните народи и држави за слободно меѓусебно комуницирање и соработка во сите сфери на животот и меѓусебните односи, за жал, во Егејска Македонија тоа не дојде до израз.
Дискриминаторските и асимилаторските мерки на грчката држава продолжија. Во случајов, по Граѓанската војна во Грција, кон Македонците во Егејска Македонија се примени една не нова, иако по Војната доста ефикасна мерка за натамошно намалување на нивниот број – иселување во прекуморските земји. Овој феномен, колку и да беше присутен во периодот пред Втората светска војна, главно се однесуваше на економската емиграција и не ги разредуваше многу македонските редови, туку донекаде дури и го апсорбираше вишоког на работната сила во оние места каде што природниот прираст на населението беше поголем.
Но сега, по Граѓанската војна во Грција, процесот на иселувањето на Македониците во прекуморските земји беше забрзан и како резултат на натамошната дискриминаторска политика на грчките власти врз Македонците, која оправдано им создаваше чувство на несигурност.
Грчките власти со сите можни средства го потпомагаат ова иселување, кое, овој пат, во прв ред се врши во Австралија и Канада, а делумно и во САД.
Процесот на иселувањето по Граѓанската војна во Грција можеме да го поделиме на три периоди: првиот, од 1950 до 1961 година, вториот, од 1962 до 1971 година и, третиот, од 1972 година до денес.
Во првиот период, односно од 1950 до 1961 година, иселувањето, иако е значајно, сепак е помало во споредба со вториот период. Во ова време најголема емиграција имаме од Костурско и Леринско, но осетно се погодени и другите македонски околии. Дури, за прв пат во историјата на иселувањето во прекуморските земји, се приклучуваат и населби и реони, каде што таков вид емиграција во минатото не бил познат.
За овој период, според истите показатели, најголема емиграција има од Леринско, каде што од 69.391, колку што броеше населението во 1951 година, во 1961 година бројот на жителите е намален за 2.035. Всушност, бројот на иселените е поголем затоа што во оваа бројка не е пресметан и природниот прираст на населението, како и фактот дека во оваа околија имаше и делумно колонизирање на напуштените македонски села по Граѓанската војна.
За Костурско, иако бројот на жителите во 1961 година, во споредба со оној од 1951 е поголем за 1.180 жители, бројот на иселените Македонци е сепак мошне голем, што може да се претпостави кога се гледа посебно намалениот број на жителите на македонските села во споредба со поранешните пописи.
Втората фаза на емигрирањето се однесува за периодот од 1961 до1971 година. Во овој временски период процесот на емигрирањето е многу поголем. Зголеменото иселување во прекуморските земји од Егејска Македонија за овој период се гледа не само од годишниците на грчката статистичка служба, туку и од значително намалениот број на жителите во македонските села и покрај природниот прираст, што најдобро се гледа од пописот на населението во Егејска Македонија во
1971 година.
Третата фаза на емигрирање во прекуокеанските земји се однесува на периодот од 1971 година и таа трае, перманентно, до денеска, но со се понамален интензитет.
Се смета дека од почетокот на Граѓанската војна во Грција, однонсо од крајот на Втората светска војна, па до денес, по Егејска Македонија во овие земји емигрирале приближно 40.000 Македонци, со што практично, во целост е реализиран зацртаниот план на атинските властодршци - 120.000 Македонци да се најдат надвор од државните граници на Грција.
* Паралелно со политиката на “доброволно” иселување на Македонците во прекуокеанските земји и засилените перфидни методи за асимилација кои почнуваат уште од раѓањето, па преку детските градинки и претшколското воспитување ги следат Македонците целиот живот, Грција продолжи и со преименувањето на населените места, топонимите и микротопонимите.
Врз основа на веќе познатите закони, уредби и упатства, но и врз основа на нови, како што е законот број 697 од 4 декември 1945 година, веднаш по Граѓанската војна во Грција, се продолжи со таквото преименување и тоа како во Егејска Македонија, така и во другите делови на Грција, вклучувајќи ја и Мореа (Пелопонез), каде што многу населени места со типично словенски имиња кои беа “заборавени” во минатото, сега беа преименувани.
Само за времето од 1950 до 1970 година во Егејска Македонија се преименувани нови 135 населби, меѓу кои и многу македонски села кои во текот на Втората светска војна и во Граѓанската војна во Грција беа разрушени до темел, а по некое чудо не беа преименувани до 1940 година.
Така, китното македонско село Бапчор во Костурско, разурнато до темел од грчката монархофашистичка војска, во 1955 година беше преименувано во Пименикон (Ποιµενικόν), иако од него не постои ниту трага. Во истата околија нови имиња добија и разрушените македонски села Чука во Архангелос (Αρχάγγελος), Сливиница во Трилофон (Τρίλοφον), како и селата Вичишта во Ники (Νίκη), и Чурилово во Агиос Николаос (Άγιος Νικόλαος). Заборавеното, од некои причини, големо македонско село во Леринско Буф, сега е преименувано во Акритас (Ακρίτας). Селото Лехово во истата околија беше преименувано во Ироикон (Ηρωϊκόν), но месните жители, по народност Албанци христијани остро протестираа до грчките власти и успеаја да си го повратат старото име.
Се смета дека од 1919 година, кога започна присилното преименување на населените места во Егејска Македонија, па заклучно со 1970 година, грчките власти преименувале вкупно 1.666 градови, гратчиња и села, а до денес оваа бројка надминува 1.700 населени места. Во оваа бројка не се пресметани населените места чие преименување не е објавено во Владиниот весник (Εφηµερίς της Κυβερνήσεως), што исклучиво ни служи како извор за изведените бројки и динамиката на преименувањето, по години и околии, како и многу македонски населби кои носат имиња на светци, кои официјална Грција едноставно ги преведе од македонски на грчки и ги наметна новите имиња.
Бројот пак, на преименуваните населени места во останатите делови на Грција за овој повоен период е исто така многу голем. Ова ни го потврдува и само еден поглед врз владините весници од тоа време. На пр. Владиниот весник бр. 287 од 10 октомври 1955 година содржи наредба со која се преименуваат 212 населени места од кои поголемиот број од Мореа, Атика, Етикобиотија и други делови од тој дел на Грција.
Во оваа наредба читаме безброј интересни словенски имиња на населени места кои сега се преименувани со типично грчки. Еве неколку примери кои се однесуваат претежно на Мореа (Пелопонез): Арахова е пременувано во Пили, друга Арахова во Ексохи, Бистрица во Агии Анаргири, Бичова во Левки, Буковина во Агија Тријас, Арагозена во Алсос, Валкувина во Ампелос, Барибоб во Дафни, Варсова во Агија Ирини, Годена во Перистерион, Гурница во Агија Софија, Добрена во Корини, Жупена во Агии Анаргири, Копаница во Крионерион, друга Копаница во Карје, Крали во Агиос Николаос, Куковица во Корифи Лукавица во Кампос, Нубревица во Елеохорион, Марвинци во Дросатон, Простовица во Дросја, Простова во Левкон, Полјана во Крионерион, Тополија во Кастрон, Тополова во Агија Параскеви, Хлебоча во Асопија, итн., итн.
Такви и слични имиња има на стотици, а да не зборуваме за другите топоними и микротопоними, што укажува на фактот дека присуството на словенската топонимија е многу присутна и е невозможно во целост да биде избришана или преименувана. Некои од градовите во овој дел на Грција го задржаа својот словенски корен, со тоа што се дотерани со грчки призвук, како на пр. Трополица во Мореа, која е преименувана во Триполис, Кардица, Волос, Велестино и Царицани во Тесалија, Коница, Мечово и Игуменица во Епир и многу други. Тоа укажува дека и покрај сите вложени напори да се избрише секоја македонска трага во Егејска Македонија, а и секоја словенска трага во другите делови на Грција, тоа е практично невозможно, особено не на сите топоними и микротопоними. Но, треба да се признае дека од страна на грчките власти во тој правец е направено многу. Тоа што е невозможно да го сторат е да ја променат сопствената крв и гените во кои има измешано и многу словенка крв и гени. Но, тоа е друга тема.
Направивме обид да дадеме само еден краток преглед на миграционите движења и реперкусиите врз измените на етничкиот состав во Егејска Македонија за периодот по 1912 година до денес. Тие, по своите размери и последици спаѓаат меѓу најкрупните од таков вид во Европа во овој период.
Но, и покрај тоа, и покрај изнесените намалувања што ги претрпеа Македонците од Егејска Македонија во последните осум децении, и тоа пред се од политички мотиви, зачудува фактот дека нивното присуство тука и натаму е релативно високо, а во Воденско, Леринско и Костурско и денеска претставуваат мнозинство.
Натамошното присуство од над 220.000 Македонци во Егејска Македонија непобитно укажува дека не е лесно да се искорени еден народ од таму каде што живеел низ вековите и покрај сите применувани мерки на насилство, денационализација и асимилација. Тука се укажува исто така и на фактот дека во интерес на секоја земја е и политиката на почитувањето на народностите кои живеат во неа и признавањето на нивната посебност со сите можности да ги развиваат слободно своите национални традиции и култура.
Тоа е во интерес и на самата Грција, зашто во практиката и низ историјата е докажано дека задушувањето на слободата и на националните традиции на народите и народностите не води кон соработка и зближување на народите.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/naselenite-mesta-vo-egejska-makedonija/5 le 29 octobre 2026