Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

On the Road of Time (Following the Traces of Memories)

ПЕТРЕ НАКОВСКИ НА ПАТ СО ВРЕМЕТО - Part 03

Par Петре Наковски · Partie 3 sur 18 · Environ 22 minutes

Lire en English

Од радост се гушнавме и ни се пристори дека заборавивме дека сме гладни и тргнавме натаму, на кај планината Бела Вода што ние во Герман си ја викаме Германската Планина. Се движиме и се држиме само лево од селата и приквечер стигнавме во... Љубојно. Познати ни се куќите и големата црква... ама стравот ни вели – подалеку од луѓето... А подалеку беше една плевна на крајот од селото. Одиме таму, а во еден двор здогледавме куп праз. Набрзина зедовме цел преграб, тивко го отво-ривме вратичето од плевната и откако добро се покривме со сено, се вдадовме во јадење праз. Бевме многу гладни и се изедовме, ама не ни излезе на добро. И кога пред зазорување излеговме од плевната и тргнавме на кај Долно Дупени, ни се потсекоа нозете... не фати ужасен пролив ...

од празот... Оди , па застани, оди па застани и така се до една голема црква над селото во која се сокривме за да одмориме. И гледаме – горе, високо врвот Цуце и десно од него Црвени Стени. Таму е границата. Се гледаат и од нашето село и си рековме ако појдеме по трапот ќе изле-земе таму, а од таму - лесно до Герман. И тргнавме. Снегот замрзнат. Братучедот Коте, кој имаше војнички чизми, удира во снегот, отвора дупки, а јас со боси нозе (опинците ми се искинаа) одам зад него. Стигнавме горе. Застанавме до граничниот камен и од таму го гледаме селото и не забележавме дека не поплати магла. И си рековме добро е што маглата е густа, така полесно и незабележани ќе ја поминеме границата. Слеговме долу и таму не фатија нашите, партизанските милиционери и не однесоа во милиција. Таму долго не испрашуваа, а ние се им кажавме.

А тие ни рекоа на сите да им кажуваме дека таму во Браилово сите деца се живи и здрави, дека се облечени во нови алишта и дека спијат во кревети со бели чаршафи, а јадење имаат колку душа им сака... Потоа не пуштија дома, а мене, кога ме видоа бос, ми дадоа војнички цокули...

Еј, знаеш ли што значи после тоа проклето Браилово, после тој изминат пат до тука, после тоа спиење по плевни, смрзнат и гладен да се вратиш дома? И така одам јас дома и си мислам како ќе ме прегрнат татко, сестрите и братот, како радосно ќе се гушнеме, како татко ќе ме седне на колено, ќе ми погали глава, ќе ме стопли во својата прегратка, а сестрите ќе ми донесат топла манџа и многу леб, како братот ќе ги собуе своите топли волнени чорапи и ќе ми ги обуе, како сите ќе седнеме покрај распаленото огниште... а потоа како наситен и стоплен ќе заспијам во скутот на татко и утрото ќе се разбудам под топлото веленце, ќе се напијам топло овчо млеко... И така јас си одам дома и така си мислам, од радост потско-кнувам, па дури и ми идеше да запеам... И одеднаш се стрчав побрзо за да стигнам дома... И... вратата затворена.

Чукам. Наслушкувам. Пак чукам, еднаш, двапати, трипати, по силно и посилно и нема глас. Пак чукам, упорно удирам со тупаниците и со колената и со големите војнички цокули. Никој не отвора. Си реков - сигурно се по селските работи и каде да се, ќе си дојдат. Сонцето се уште светеше над ридот Дреничето отаде езерото и до заодот имаше ден.

Седнав на прагот пред портата и чекам. Раце налактив на колената, лицето го покрив со дланките и чекам и така чекајќи – го дочекав првиот мрак, не мрдам, чекам и чувствувам како ме тресат морници, по стапалата како да ми лазат мравки и студот се повеќе ми облева образи, прстите ми отрпнуваат, ушите ми горат и полека ме фаќа некаква дремка, ми се присторува дека се губам и не знам што време беше, кога почувствував дека нечија рака ми треси рамо, ме подигна и слушам женски глас да ме праша

– кој си ти бре синко? Стани ми рече. Тука нема никој... И ме одведе дома кај неа. И додека ми даваше леб и сирење, полека, - збор по збор ми кажа дека сите мои и татко и сестрите и братот ги собраа, значи ги мобилизираа, ги пратија на фронтот и дека брат ми загина... Лебот и сирењето ми паднаа од раце, в грло нешто ме стегна, некакви искри ми прелетаа пред очи, се стресов и сакав да заплачам, ама немав солзи, сакав да викнам, ама немав глас, сакав некаде да избегам, ама немав сили... И... и се почувствував неискажливо сам и тоа чувство, таа голема болка врз мене падна со тежина што тешко се поднесува, ме скрши. И така јас останав сам... Се пустелија ми се стори. Ама, како што се вели, животот тече... Со некои бабини масти цел месец ми ги премачкуваа стапалата и така нозете ми оздравеа. Се главив овчар... и така овчарев од април 1948 до август 1949 година. А во тоа време селото секој ден опустошуваше. Мажи и жени кои беа способни за борба, ги собираа и ги праќаа на борбени позиции. Мажи и жени и по некоја уште нестасана девојка ги собираа и ноќе пренесуваа оружје од магазините во Преспа до планините на Грамос. И немаше ден афежитките на чело со некоја си Вера да не ги собираат селаните во училиштето и да не им зборуваат дека победата е многу блиска и дека за неа треба да дадат се што имаат. И даваа селаните и покривачи и перници, виљушки и лажици, чинии и чаши, чорапи, фанели, кошули... и немаше ден камбаната да не удри на мртво и се пренесуваше дека тој и тој загина и плачење се слушаше секој ден во селото. И така селото секој ден се опустошуваше и осиромашуваше... И немаше деца од мојата возраст, освен оние малите, селото беше пусто без деца... Плачеа и лелекаа мајките, излегуваа на друмот, гледаа на кај границата и чекаа... Мислеа дека им се враќаат децата. И тогаш разбрав дека на нашите родители им беше одземена најголемата радост и највредното што го имаа... И еден ден, месецот не го паметам, тоа беше 1949 година, таму каде што ги пасев овците, на Присојо, близу границата, пред мене излезе татко. Беше облечен војнички и ми рече бргу да му донесам од дома алишта. Истрчав и му донесов. Тој се пресоблече, ме прегрна и јас тогаш помислив дека ќе ме земе со него. Ама не ме зеде. Не знам зошто не ме зеде. И пак останав сам...

И еден ден, тоа беше во август, по пладнето, јавнати на растрчани коњи, во селото дотрчаа партизани.

Трчаа по селските сокаци, од куќа до куќа и, удирајќи со кундаците на портите и вратите, на сет глас викаа:

- Бегајте! Бегајте! Бегајте! Скрши фронтот!

Грчката војска доаѓа и се живо што ќе најди ќе коли и ќе беси!!!

Како дива и пеколна фурија, како нагла градо-бијна бура, како надојдена матна река и облак од пламен -од куќа до куќа, од уста во уста се пренесуваше страшната и лошата вест. Страв голем ги згрчи грлата, ги скрши рацете и колената ги свитка, лицата ги искриви, се вгнезди во очите, проникна под кожата, влезе во коските, го помати умот.

- Бегајте! Бегајте! Бегајте! – грмеа зарипнатите викања на коњаниците кои безглаво и обезумени продол-жуваа да го сејат стравот.

И се растури и се посеа општ страв. Кога стравот од страв на единката станува страв на толпата, тогаш станува сеопшт и тогаш ништо не може да го сопре. А тие кои така наредија, сигурно му ја знаеја моќта...

А селаните, на кои им се придружив, гонети од уплавот што ги споплати и од викањата на коњаниците кои со закана тераа на бегање, набрзина собираа покривачи, веленциња, пљачки, нешто од храната што ја имаа, товареа на запрежни коли, на магариња ( коњите и мазгите беа собрани од партизаните ), на грб и рамо нарамија вреќи и дисаги со се што можеа да земат од дома и, терајќи пред себе говеда, овци и кози, се вдадоа во бегство.

Прво тргнавме право на кај Маркова Нога.

Границата е близу и мислевме дека брзо ќе ја преминеме и кога стигнавме до црквата Свети Јован, патот ни го заградија наши партизани. Почнаа да викаат по нас и да ни велат да се вратиме. Некој од селаните излезе напред и почна да им вели и да ги моли дека тука посигурен ни е спасот и дека во Долно Дупени, Љубојно и Брајчино си имаме роднини и кај нив ќе си останеме додека помине лошото и потоа ќе си се вратиме дома.

– Не! – рекоа нашите партизани и ги вперија цевките кон нас.

- Назад! – викаа – враќајте се и бегајте по патот што води за Пероо и од таму кон Нивици, Орово и Граждено.

Ние не отстапувавме и се повеќе се собираше народ, запрежни коли, говеда, кози, овци, запрежни коли и товарени магариња...

– Назад! – викаа – Назад! Наредба е да бегате кон Пероо!

И кога толпата се повеќе навалуваше, тогаш закракаа два пушкомитралези и над нас засвиреа куршуми.

Стравот уште повеќе ни влезе в коски. Не ни дозволија да ја преминеме границата. Свртивме и трчаница фативме пат за Пероо. Ние од Герман и Раби први го поминавме мостот и набргу стигнаа и селаните од другите преспански села -Оровник, Попли, Рудари, Штрково, Медово... Ние кои порано успеавме да го преминеше мостот на Кулата – Пероо и ноќта ја поминавме скриени во ретката шума над патот, утрото од таму гледавме како над Лисец, Моро и Чуката летаа авиони, како под нив избувнуваа цели купишта земја и потоа, задоцнето, стигнуваа грмежите.

Потоа видовме како од оваа страна на Превалот излегоа тенкови и почнаа да се спуштаат кон Преспа. И војска трчаше зад нив. А од Бела Вода кон Герман се спуштаа партизаните и трчаа кон рамницата која се повеќе се полнеше со луѓе и сите трчаа кон Пероо.

Над Бела Вода се појавија авиони. и со голема брзина летаа кон преспанската рамница.

- Брзо, брзо, брзо, терај, терај, трчај, трчај брзо, не застанувај - се слушаа гласови кои беа надвикувани од луѓето од кои едни во трчаницата паѓаа, други ги прескок-нуваа, ги газеа, се довикуваа и се бараа, се слушаше плач и врисок на мали деца и крикови на жени, рикање на говедата и блеење на овците. Меѓу луѓето и од страните трчаа партизани и партизанки и тие викаа, се довикуваа, се свртуваа, прекинуваа трчање, клекнуваа и пукаа. Дел – Авионите цел ден не го напуштаа небото.

Долетуваа и одлетуваа на смени.

Еден беше патот за спас – Кулата - и сите таму трчаа.

-Бегајте!!! – се слушаа гласови што се губеа во бучавата на авионите, кои тој ден и наредниот не го напуштаа небото. Едни одлетуваа, други долетуваа и пукаа со митралезите и фрлаа бомби и гранати. Земјата се откорнуваше, се дигаше нагоре и над целата рамница се дигаше црн чад. и се мешаше бомбите, ракетите, гранатите, ја гореа напалмите и ја ораа гасениците на тенковите.

Целата рамнина меѓу двете езера и се до Пероо беше преполнета со луѓе, кои избезумени се пробиваа низ огнот, трчаа биени од воздух.

А авионите не престануваа со голема бучава ниско да летаат и да бијат со долги митралези рафалии и страшни беа грмежите на бомбите и ужасен беше пламенот што се издигнуваше над рамницата и ги снемуваше гласните викотници и лелеци на луѓето кои гинеа под бомбите и гореа во пламенот. Едни паѓаа, други стануваа и трчаа, трчаа, трчаа кон Пероо... тука беше спасот. Да го поминат мостот, да се префрлат на другата страна од езерото, да ја фатат планината, да се скријат во грмушките, во честарот... а авионите долетуваа од кај планината Бела Вода, правеа полукруг и во низок лет пукаа, фрлаа бомби, гранати, оган над рамницата, чад, викотници, лелекања...

Одлетаа и мислевме дека нема да се ватат. Но кратко потоа долетаа други и фрлаа некои бомби под кои се гореше.

Кога ги снемуваш авионите, тогаш рамницата ја биеја топови. Грмеж зад грмеж. А од кај Оровник на кај Раби се влечеа тенкови и пукаа, пукаа...кога само за миг небото над Преспа беше без авиони. И наеднаш голема бучава. Отиде во воздух мостот на Пероо и многу луѓе останаа во водите што почнаа да го поплавуваат полето... Едни гинеа од бомбите, а други се давеа во разулавените води. Теснецот меѓу двете езера беше премногу тесен за да ги собере сите.

Се туркаа, викаа и се надвикуваа, за спас се фрлаа во подивените и разулавенми води над кои секои неколку минути долетуваа авионите кои во низок лет и заглушу-вачки виеж митралираа, фрлаа бомби и ракети и веднаш зад нив долетуваа други и со некои бомби што ширеа и дигаа многу пламен, ги доубиваа, ги гореа испопелуваа и мртвите и се уште живите. И кога тенковите и пешадијата стигнаа до раскрсницата и таму врзаа тежок и крвав бој, авионите почнаа да го бијат брегот и патот што од Кулата-Пероо води Винени. Со распарчени тела на луѓе и стока беше послан патот. И по тој пат трчавме и на тој пат баравме спас...

И пак ќе рачам: невиден ураган ја споплати Преспа. Град од усвитено железо истураа авионите и веднаш зад нив долетуваа други и постелуваа пламен.

Црни облаци се дигаа од земјата, молскавици од усвитено железо се вбиваа во живите тела на немоќните, град од железо ја толчеше земјата и долги јазици од пламен се истураа од небото и ја гореа и пеплосуваа. Небото го покрија црни облаци и водата езерска имаше црвена боја.

Од секаде се слушаа споулавени, диви, претсмртни крикови на ужас и уплав и помош од никаде.

Голиот песочен простор межу Р`би и Пероо беше отворена кланица. Тој ден очите ни беа полни ужас, уплав, очај, колнежи, пцости и безнадеж...

Таа глетка ја гледам и најаве и во сон и мислам дека никогаш нема да успеам да се ослободам од неа и од прашањето: од каде ли толку дива и фанатична, слепа и студена, жестока и јаросна омраза и толку дивјачка жед за убивање? Зошто ли толку нездржлив, ужасен, страшен и бесен гнев се посеа над Преспа?

Ми се чини дека тој ден Господ не заборави....

Сила и моќ им даде на одмаздата, огнот, злосторството и смртта.

Биени од небо и земја, прескокнувајќи ги телата на убиените и ранетите, подуените мрши на мртвите говеда чии црева беа растурени на патот и ливадите и постојано придружувани од тоа ужасно викање – бегајте – ги врвевме беспаќата кои водеа кон границата со Албанија. Врвеа папсаните партизани и партизанки, носејќи ги на рамо, на ќебиња и носилки ранетите и заедно со нив врвеа старци и старички, мажи и жени во стасани години, дечиња кои со улав во очите цврсто се држеа за фустаните на своите мајки. Врвеа, врвеа и само за миг свртуваа глава колку за да видат дали зад нив има живи и дали држат чекор.

Кога ја преминавме границата и кога до нас не допираа експлозиите на бомбите и не се слушаше бучавата на авионите, тогаш почувствував голема празнина. И болка. Тогаш сфатив колку боли принудното напуштање на сопствената куќа...

Колку можеш од целиот имот создаван со векови да собереш во една торба?

А куќата? Нивите? Бавчите? Шумите? Ливадите?

Лозјата? Можеш ли од нив барем делче да пикнеш в торба?

Можеш ли да си замислиш колку многу боли кога родното место го напуштат под принуда? Знаеш ли колку боли кога те тераат да одиш отаде во туѓа земја и на рамо, под мишка, на врат, од долго стекнуваниот имот да понесеш само толку, колку што може да се собере во една торба или вреќа?

Знаеш ли колку е голема маката кога на порта ќе ставиш катанец без надеж дека наскоро ќе го тргнеш?

Само за три дена поцрнаа белите денови и напразно отиде целиот труд и саможртвата, во неповрат се растурија надежите.

Бегавме и со себе ја понесовме и војната која се уште трае. Илјадници ги преваливме ридиштата и плани-ните, оставајќи ги зад себе куќите, нивите, ливадите, лозјата, шумите што ги имавме полеано со сопствената пот и оплодени со нашиот труд.

И сфатив дека за нас други патишта веќе не постоеја освен патиштата што водеа кон нашето искоре-нување... и во тој миг се слушнаа гласови и викања да продолжиме кон Албанија. И појдовме... луѓе и стока...

Ноќта не фати силен, пороен дожд. Нема глава кај да скриеш. Во долга колона одевме кон не знам каде. Стоката се растури по ливадите, бавчите, нивите и дворовите на албанските села, а ние одевме, пеш, одевме и стигнавме и во Поградец каде не презедоа камиони и не оставија во рамницата надвор од градот Елбасан и по некој месец со бродови не префрлија во Полска. Таму Полјаците нас децата не сместија во детските домови. Завршив основно, гимназија и факултет и основав свое семејство. Република Македонија, тогаш во составот на Југославија, ја посетив во 1961 година со цел да го видам татко. Тој работеше во Белимбегово и живееше во едно сопче 3 на 2,5 метри, имаше железен кревет, две ќебиња, малечко шпоренце, маса од не рендани штици и едно столче. Јас го познав, а тој не ме позна. Втор пат дојдов по земјотресот и го зедов татко во Полска. И така, јас, за едни Коле, за други Никола, некогашното овчарче од Герман, летото 1964 година со целото семејство се преселив во Скопје и станав негов жител. Со диплома на градежен инженер се вработив во Дирекцијата за обнова и изградба на Скопје и ја градев Народната и универзитетска библиотека, Архивот на Македонија и Институтот за национална историја, Теата-рот на народностите, Музејот за современа уметност и комплексот музеи на Македонија и други објекти.... Таков пат поминав...

За миг собра прсти во еден грст и, воздивнувајќи, тивко прозбори:

- Многу куќи сум обновил и изградил... Сега, седејќи тука, се прашувам – дали од властите ќе ми биде дозволено и од Бога дадено да ја обновам татковата куќа?...

Рамената му затреперија, болна издишка му скрши глас и зениците му се замаглија...

- Изградив куќа во Долно Дупени само затоа за да бидам поблиску до Герман. Порано, во помлади години честопати одев горе и од таму, од Цуце, со дуљбија ја гледав нашата куќа. Сега одам на Св. Илија и од таму, од ритчето ја гледам рамницата.

Секоја година, после 15 август, оваа Преспа цела недела е полна со врева, песна, забавна и сериозна музика.

Патот што води до островот Св. Аиљ тие денови е врвца од патнички автомобили, автобуси и луксузни лимузини.

Цела недела на островот Свети Аиљ меѓу остатоците на катедралната црква на царот Самуил се одржуваат концер- ти. Не е локална манифестација и концертите не се посве- тени на настаните што се одиграа во Преспа од 13 до 15 август 1949 година. Секоја година во исто време цела недела јурат патнички автомобили, автобуси и коли со државни ознаки придружувани од луѓе на безбедноста.

Знаат ли кој и што лежи на оваа рамница и под асфалтот од Р`би до Кулата – Пероо, и од Пероо до паркингот пред островот Свети Аиљ?

И додека траат концертите, коли и автобуси јурат кон Свети Аиљ и се враќаат, одам на Свети Илија и на ритчето од кое на дланка легнува малото Преспанско Езеро, околните планини, полето преспанско, запалувам свеќа. За душите на тие кои пред шеесет години за на век останаа тука. Трепери пламенчето на свеќата и стоејќи вгледан во рамницата, ми се чини дека допираат до мене бучавата на авионите, тресокот на бомбите и гранатите, свирежот на куршумите, мирисот на напалмот, врисокот на стотиците очајници кои биени од небо и земја, газени и толчени под тенковските гасеници со последната издишка трчаа по оваа последно мало крајче од езерската земја со надеж да се фатат за последната сламка за спас на животот...

Се прекрстувам со желба да им дошепнам:

- Атињани, пополека, покроце, потивко...

потивко, покроце...

Недамна еден мој роднина кој живее во Лерин ми ја донесе книгата “ Историја на грчката граѓанска војна”.

Многу интересно четиво. На страница 533 пишува дека на просторот од раскрсницата пред селото Р`би до мостот на Пероо - Кулата, должина 5 и ширина 2 километри, на 13 и 14 август 1949 година грчкото воено воздухопловство фрли 34 бомби тешки 250 килограми, 530 бомби тешки 125 килограми, 1.900 бомби тешки 10 килограми, 70 напалм бомби, 620 ракети, 26.000 гранати од 20 мм, 43.000 митралески куршуми од 12,7 и 7,7 мм. Авторот не наведува колкава количина железо и олово во исто време и на истиот простор чија површина изнесува 5 километри во должина и 2 километри во ширина ( 5 х2= 10 квадратни километри) фрлија минофрлачите, тенковите, артилеријата и пешадијата.

Малку или многу железо и оган падна врз главите на осакатените единици на ДАГ и големиот број цивилно население кое во невидена паника иташе кон Пероо за да најде спас на полуостровот што го нарекоа “Африка“?

Авторот наведува дека 80 отсто од тие кои се повлекуваа по овој отворен простор беа убиени. Не, тоа не беше боиште. Тоа беше кланица. Малку или многу беше количината на фрленото железо и олово врз главите на немоќните луѓе, малку или многу се загинатите чии коски лежат во масовни гробници на просторот меѓу раскрсни-цата пред селото Р`би и мостот на Пероо - Кулата, меѓу брегот на Големото и песоците и трските на Малото Преспанско Езеро?

А во книгата “Антибандитската борба 1945-1949” генералот Зафиропулос на страница 620 за грчкото воено воздухопловство ја напиша оваа пофалба:

« Η φιλια Αεροπορια απο της εω ενεσπειρε τον τροµον και την καταστροφην εις την περιοχην του Λαιµου.»4

* * * Во тишина и молк и со најмала брзина што може да ја развие нашето SAXO го врвиме патот од Р`би до Кулата - Пероо. Патот е прав како стрела и тера по среди-ната на рамницата легната меѓу двете преспански езера.

Лево, долж брегот на малото езеро, брануваат високите трски, десно, долж брегот на големото езеро – густ врбјак.

Ова е местото на крвавото боиште за кое пред малку ни раскажуваше Коле.

Зад нас се залепи автобус и труби та труби.

Изгледа му се брза. Во ретровизорот го гледам налутеното лице на возачот кој луто се заканува со тупаници и од мрштењето на неговото лице и движењето на огрдените усни, сфаќам дека ме пцуе. Му враќам во духот и брзина не зголемувам. Не издржа да се влече зад мене, ме престаса и се оддалечи со голема брзина, оставајќи зад себе заглушу-4 Пријателското водухопловство од самоти утро сееше ужас и катастрофа во реонот на Лемос

(Р`би) .

вачка бучава и смрдеа од изгорена нафта. Продолжувам да возам што е можно пополека и се обидувам со мислата да вообразам барем еден мал дел од крвата слика. Оптоварен со бремето на тоа мачно време, не забележав кога зад мене остана рамницата на ужасот и се најдов на мостот префр-лен над допирот на двете преспански езера. Преминувам на другата страна, за поздрав им замавнувам на војниците кои дремат на клупата пред караулата, свртувам десно и го фаќам патот за Ψαραδες – Pcarades. Така пишува на сообраќајната табла. Проверувам на старата карта составе-на од Чуповски и наоѓам дека Пцарадес, што во превод значи - Рибари – е старото име на селото Нивици. Патот широк, води пругоре над езерскиот брег. Остар свиок пред црквата Св. Ѓорги и десно широк паркинг од каде се гледа целиот видик на источниот преспански брег што на север почнува во Асамати и на југ завршува на Превалот.

Планините и селата под нив – на дланка. И езерото под нозе.

Восхитени од прекрасната глетка, отидовме во Нивици. Селото лежи на самоти езерски брег опколено со камењар на кој растат ниски закржлавени дабчиња. Се зборува дека старите Нивичани во минатото живееле од циронките што ги продавале и во најоддалечените села во леринско и костурско. Продадените циронки никого не направија богат. Денешните Нивичани сиромаштијата ја истераа со помош на туристите. Со заеднички напори изградија хотел со ресторан во кој се нуди познатиот преспански крап и домашните јадења, во старите куќи ги дотерале одаите и паркингот пред хотелот е полн со автобуси. Добро смислената реклама носи тука туристи од цела Грција. Но, нам не ни е до хотелот и крапот, туку до еден значаен настан што во воено време имаше место во селската црква, Света Недела ( Голема Богородица). Тука на 25 март 1949 година се одржа Вториот конгрес на Народно-ослободителниот фронт на кој беа донесени одлу-ки за поголемо учество на Македонците во граѓанската војна и беше речено и повторено дека грчите комунисти ќе им направат македонска држава, за разлика од онаа во составот на Југославија, но пред тоа ниту еден Македонец и Македонка да не остане надвор од борбата. “ Сите на оружје – се за победата”, гласеше една парола и многу пароли беа извикани во чест на најголемиот, најмудриот и на-нај син што се презиваше Захаријадис и дотогаш и малку подоцна никој не сакаше да сфати и да поверува дека токму тој беше најголемиот измамник! Но водачите на НОФ и оние подолу најмногу му веруваа и поради тоа нивно верување – настрадаа. Другото се знае!!! Настрада целиот народ за што постарите добро знаат и паметат, а помладите од нив нека научат и да се чуваат.

По стариот кружен пат што ретко се употребува и поради тоа калдрмата му е обрасната со трева, стигнавме во Врондерон кое на старата карта е означено како Граждено, а пред тоа го видовме местото каде беше селото Пиксос, познато како Орово чие постоење го обележува црквата скриена под сенката на високите дабови. Во Граждено не одведе желбата да ја посетиме големата пештера која за време на граѓанската беше партизанска болница. Тука ги лекуваа ранетите откако селата Нивици, Орово и Граждено беа бомабардирани поради тоа што сите куќи беа една болница. Очекувавме дека тука ќе видиме урнатини и простор легнат во празнотија. Но, не изненади глетката на нови куќи и растрчаните деца сред селото, а најмногу довикувањата на луѓето на албански јазик.

Дозвнавме дека во Граждено властите доселија Грци, бегалци од Албанија. Земјоделци и сточари. Со нас збору-ваат на грчки, но меќу себе на албански. Велат дека така им е полесно да се разберат.