Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

On the Road of Time (Following the Traces of Memories)

ПЕТРЕ НАКОВСКИ НА ПАТ СО ВРЕМЕТО - Part 16

Par Петре Наковски · Partie 16 sur 18 · Environ 21 minutes

Lire en English

“Трансилванија” беше луксузен брод, кој пред војната бил наменет за лична употреба на кралот на Романија. Наводно донел 2-3 илјади луѓе. Од албанските брегови отплови кон половината на октомври. Екипажот беше романски, медицинските сестри и дел од лекарите беа Полјаци. Зад “Трансилванија” се до Гиблартар пловеше англиски воен брод. Го снема дури тогаш, кога романскиот капетан му објасни дека на бродот има туристи.

Изгладнетите во текот на пловењето јадеа без мера. На последиците не требаше долго да се чека. Кон морската болест се придружи проливот. Не е чудно што меѓу околу 500 болни, кои во Гдањск беа префрлени од бродот во возот за Шчечин, имаше многу истоштени. И покрај молбите и наговарањето од страна на медицинските сестри, не сакаа да јадат сендвичи и да пијат млеко. За да биде маката поголема, кога пристигнаа во Џивнув, наместо пижами, што ги снема, добија долги ноќни кошули. Ова веќе беше претерано. Тие одлучно се откажаа од смешните бели фустани. Со мака беа убедени дека тоа е само привремено. Кога ќе стигнат пижамите од перење, тогаш ќе бидат облечени машки. Подоцна сите ги заборавија тие почетни недоразбирања. (...)

Последниот, декемврискиот транспорт, не беше голем. Бидејќи болницата беше преполнета, кај нас дојдоа само околу 50 ранети.

Кога излекуваните ранети од првиот транспорт почнаа да ја напуштаат болницата и имаше неколку слободни места, дојде група од 30 пилоти. Во почетокот на 1950 година кај нас стигнуваа малобројни групи Грци од земјите на народната демократија.

Во мај таа година пристигнаа уште околу 50 лица од Будимпешта. Тоа беа ранети излекувани во унгарските болници. Кај повеќето од нив не заздравуваа раните и покрај досегашното лекување. Нашата болница тогаш беше на добар глас, та затоа Грците заемно си препорачуваа да се лекуваат кај нас, надевајќи се дека успешно ќе бидат излекувани”.

“Лекувањето на болните во нашата болница пове-ќе беше етапно, а операциите многукратни. Воспалението на коските ни ја комплицираше како хируршката, така и рехабилитационата постапка. Од 1175 лекувани во нашата болница скршеници на коските имаа 215 лица“.

“ Посебна улога за меѓусебното разбирање, како што спомнав порано, одиграа Македонците. Тие живееја во Грција како национално малцинство, а нивниот јазик е словенски. Во националистичка Грција се жалеа дека национално се обесправени. Во комунистичкото партизан-ство тие грчко-македонски непријателства всушност ослабнаа, но и понатаму се уште беа живи. Македонците имаа силно чувство за својата национална посебност.

Паметеа дека Александар Македонски бил еден од нив.

Според тоа, и покрај се, не се чувствуваа сосема добро меѓу Грците. Имаа свои национални амбиции. Во доверба ни велеа дека сите Македонци треба да се обединат. И тие од Грција, како и тие од Бугарија и од Југославија, каде што имаат релативно најголема автономија. Во разговорите со Грците исто така многукратно забележувавме дека македонскиот проблем кај нив и понатаму е актуелен и бара да се реши”.

Сите ранети, како и цивилното бегалско населе-ние и децата биле прифаќани како Грци. Но многу брзо Полјаците сфатиле дека дојденците се разликуваат по јазик, обичаи, песни и ора, дека се разликуваат и по национално потекло. И тоа не само го ценеа, туку и го поддржуваа”.

Авторот на книгата, главниот хирург во болни-цата “250”, проф. дор. мајор Владислав Барчиковски, сега бригаден генерал во пензија, лично го запознав во септември 1996 година. Заедно со заменик министерот за култура на Република Полска ги поканив во нашата амбасада во Варшава. Не без огромна возбуда зборуваше и прашуваше за своите македонски пациенти. Некои ги памети по име и презиме. Знае дека тие се вратија во поранешна Југославија и сега живеат во Република Mакедонија. Со некои се допишува. И уште ми кажа дека пред две години три месеци престојувал во Грција по пoкана од своите грчки пациенти.

Истиот ден испратив белешка до Министерството за надворешни работи на РМ со предлог проф. д-р Владислав Барчиковски, со педлог од страна на Сојузот на борците од НОБ да биде поканет во Република Mакедонија со цел да се сретне со своите македонски пациенти. Одго-вор не добив ниту од Министерството, ниту од Сојузот. За време на краткиот прeстој во Скопје заради консултации во МНР, на членови на Главниот одбор на Сојузот на борците, кои за време на граѓанската војна имаа високи функции во НОФ и АФЖ, им кажав за средбата со проф. д-р Владислав Барчиковски и за мојот предлог.

- А, да – рекоа – Министерството за надворешни работи го препрати кај нас предлогот, меѓутоа ние во Oдборот оценивме дека тој нам малку ни е познат, па оттука оценивме дека тој малку направил за нашите борци, та затоа и не го поканивме..

Што да речам за ова?

- Откако ги испративме ранетите, добивме наредба во Драч да го пренесеме бегалското население – почна Стефо, но неговото раскажување го позеде Стојна:

- Ноќта долж целиот пат се наредија камиони.

Секаде се растурија гласници и викаа утредента да собе-реме се што имаме и по роднини и села да застанеме покрај камионите. И така направивме. Рекоа ќе си одиме од Пре- њес. И сите помисливме дека ќе си одиме дома. Не товарија во камионите и не кренаа од Прењес, ама камио-ните не тргнаа на кај ридот. Тргнаа направо, по рамното и разбравме дека нема да си одиме дома. Долг, многу долг ми се виде патот. Камионите возеа полека. Честопати застануваа и ги собираа луѓето што беа оставени на крај патните лединки и во шумичките. Тие таму со денови, со недели беа под голо небо и гола земја. Беа озлобени, но молчаливи, уплашени, валкани, жедни и гладни.

Стиснати се гнетевме еден до друг во тие ками-они што не однесоа во тој град што го викаат Дуреси. Лево и десно од патот не растоварија и рекоа тука да чекаме додека не стигнат и другите. Тој ден и деновите по тој ден многу луѓе донесоа со камиони. Црневица народ. Не растоварија долж брегот, во мочуриштето. На гола земја, засмрдена од нечистотиите што тука ги исфрлуваа мор-ските бранови. Илјадит народ, човек до човек на голата земја таму крај морето, во засмрденото мочуриште. И само се прашуваа луѓето – каде ли ќе не носат?

И носеа и стигнуваа и други. Се собираа и се собираа луѓе, мислиш цел народ тука се собра. Многу народ се насобра на таа гола, мочурлива ливада што беше распослана покрај морето и обрасната со трње и со високи и остри бодликави тревишта и засмрдена од нешто гнило.

Се чинеше дека нема крај на денот, нема крај и на ноќта и од морето не престануваше да дува студен и силен ветер кој високо ја дигаше водата и не прскаше со солило. И дење и ноќе грмеше морето, а високите водје го биеја, та го биеја и го ронеа брегот. Не знам кој ден беше по ред кога дојдоа тие со тефтерите и по име и презиме не викаа и не ставија еден зад друг. Во тефтерите одново не запишуваа по име и презиме и по место на раѓање. Многупати бевме пишувани во тефтери и нас не само што не имаа забеле-жано со име и презиме и место на раѓање, туку и со број на дадени овци и кози, коњи, телиња, волови, крави, кокошки, покривачи, веленциња, чорапи, фанели, столови, лажици, ножеви и виљушки, денови поминати на копање ровови и градење бункери, носење камења и трупци на врв планина, пренесени ранети, одземени чеда големи и мали, загинати и ранети, живи и сакати. Тоа го имаа во тефтерите. Се што дадовме го имаше во тефтерите. Така не имаа забележано, ама во тие тефтери не напишаа колку болка преболевме, колку солзи исплакавме, никој тоа не го запиша, небаре никој тоа не сакаше да го види. И така, во тие тефтери ја немаше само нашата болка, нашите солзи, осамата наша, чекањето децата да ни се вратат... и ние да се вратиме дома...

И потоа свиткани под тежината на торбите и вреќите во кои ги носевме трошките од нашиот имот тргнавме пеш. Одевме полека, многу бавежно. Старите не даваа за забрзаш чекор. Не одевме долго. Низ една голема железна порта влеговме во еден голем двор и застанавме вчудовидени...

- Пампури се - рекоа тие кои порано имаа видено пампури.

Големи и црни беа пампурите и ни рекоа таму да одиме и одевме и се качувавме по тесни скали врзани за пампурите. Тие кои можеа да одат, одеа горе по тесните и разлулани скали исплашени дека ќе паднат во црната вода што клокотеше под нас. Тие кои беа болни и стари и не можеа да одат, ги ставаа во едни големи кошови и на синџир или ортоми обесени за едни, не знам како се викаат, ги дигаа високо и право во пампурите. Плачот беше голем и стравот – уште поголем. Некои прошепотија дека ќе не фрлат во морето...

Горе не пречекуваа млади жени облечени во бели палта, не фаќаа под мишки и не носеа долу по скалички. А внатре во пампурите, како што подоцна велеа, големите амбари беа поделени на катови и во нив постела до постела и топло. Исполегнавме. Над нас се затворија сите врати и ни пуштија светлина, а пампурот мрдна и само полека се лулаше. И тогаш некои од мажите кои некогаш биле во пампур, рекоа дека пампурот тргна.

По некое време жените во бело почнаа да ни делат чинии и лажици, па потоа носеа кошници до горе наполнети со бел леб, па котли со слатко миризлива манџа.

До горе ни ги полнеа чиниите со манџа и леб ни даваа повеќе отколку што сакавме. Потоа поминаа лекари. Не прегледаа од глава до пети. Болните ги одделија. Жените со малите дечки и нив ги одделија, а тие жените, што беа во бело облечени, по секаде почнаа да не прскаат со една бела прашина. Се рече дека од таа прашина и вошките и гнидите ќе пцовисаат. И како што пловеше пампурот, тие жените во бело облечени, добро не ранеа и кога ни зборуваа почнавме да разбираме од нивните зборови, та си шепотевме – море овие ќе да се наши, та се преправаат дека се други. И му велам на една – мори чупо, дојди да те опитам - ти да не си наша? - Ја ваша – ми вели. Па тогаш си реков – пули ја ти неа - се преправа и за да проверам дали се преправа, со прст покажувам на уста, а таа ми вели

– уста, нос, око, глова, зомб, нога – нога, колено – колано...

– Се преправа, сигурно се преправа им реков на жените и и покажав јазик, а таа ми рече – јензик, мама... И пак им реков на жените – сигурно се наши, само се преправаат...

Утрото, ги отворија капаците и ни рекоа дека можеме да излеземе надвор. Одиме и од страв се држиме за раце, за парталавите фустани и за се друго што може рака да фати. И што ќе видиш? Вода и само вода. И небото над неа.. Та по некој ден сите се испоразболевме. Глава ти пука од болка, на леб и вода да не погледнеш од мака, зашто се што ќе касниш ќе го повратиш, та само на пролив те тера. Така беше...

И еден ден среде море не фати една голема магла.

Мислиш и водата и небото се сторија само млеко. Еден со друг не можевме да се видиме. Толку беше густа. А пампу-рот сал рикаше и рикаше, а ние собрани куп, се тресеме, плачеме и си велиме - е сега ни дојде крајот, тука каде ништо не се гледа ќе не фрлат во морето. Ама, некои силни ветришта ја однесоа маглата и по некое време од другата страна на пампурот слушаме силно и испрекинато рикање.

Свиреа некои други пампури. Тогаш ни рекоа бргу да слеземе долу во амбарите и збор да не пуштиме зашто англиски воени бродови се доближуваат, та ако слушнат врева, тогаш ќе почнат да не бијат со топовите. Заман-даливме усти, нос и уста затворивме со дланки, молчиме и страв голем ни се вгнезди во ококорените очи. И чекаме кога ќе пукне. Ама не пукна, зашто тој полскиот капидан на англискиот капидан му рече дека носи туристи...

Дали имаше умрени? Имаше. Најмногу стари. Ги завиткуваа во ќебиња и пљас во водата. И толку. Имаше човек и нема човек. И мислиш дека само душата си врти над водата. Најчесто ги фрлаа ноќе, за да не гледаме ние кои се уште бевме живи...

Дали имаше болни? Имаше. Ама лекарите и болничарките ги чуваа...

Дали нешто ми остана во Прењес? Некој ден пред да не кренат од таму, ми почина домаќинот. Со месеци не стануваше, та и плеќите и рогозината под него изгнија.

Лекарот кој едно двапати го прегледа рече дека нешто му ги јаде џигерите. Почина ноќе и на гробиштата под ритчето ноќе во плиток гроб беше погребот. Не даваше скрката подлабоко да се копа. Без поп беше погребот. Попот што го имавме, комунистите го избричија. Погани беа тие и погани работи правеа. До девет денови одев на гробишта и палев боринка, немаше свеќи, и нему и на другите за да имаат малку светлина. Догоруваше боринката и над дома-ќинот и над другите ја снемуваше светлината. Остана тој таму под ритчето, да му се миросаат коските, и кој знае дали ќе има некој да му запали свеќа... дали за на век ли ќе остане во мракот тој и тие покрај него? Ќе се најде ли, ќе се погоди ли некој намерник да помине по Прењес и на гробиштата да запали свеќа? Ќе си лежи таму домаќинот и ако даде господ жива да останам, ќе одам да го посетам.

Свеќи ќе им запалам на сите... А кој и каде ќе им запали свеќи на тие кои од пампурот ги фрлија во морето?

Дванаесет денови и ноќи сторивме пат по вода додека стигнавме во еден голем град полн со пампури и ни се чинеше дека гореше во светлина. Од каде ли, си велев-ме, толку светлина? Се пушти глас дека стигнавме во Полска. А каде е таа Полска? Се прашувавме. Далеку или блиску до нашите места? И по скалите, еден зад друг се симнавме од пампурот, болните и старите и жените заедно со доенчињата ги спуштија на земја со кошеви и ни рекоа да одиме на другата страна. Таму, рекоа, чека возот и сите да влеземе внатре. И додека влегувавме во вагоните се расчу голем плач. Жена улуглава трчаше де ваму, де таму, од возот до пампурот и обратно и на сет глас плачеше, викаше, молеше – чупчето, детето, ми го нема, људје, барајте, помозите, детето ми го нема, ми го нема чупчето...

И низ солзи други мајки велеа и повторуваа дека детето на една мајка не се најде...41 А возот со се нас, со нашите партали и несреќната мајка и таткото здробени од болка, тргна и цел ден не носеше по една голема, недогледна рамница. Не планина, туку дури и ритче немаше. Само рамница, рамна како тепсија, само посеани полиња и лево и десно од возот – шуми... Дури таму кај што застана возот, во гратчето каде Полјаците не сместија, видовме некои повисоки ритчиња, ама тоа не беа планини. И не знам зошто, ама некоја грутка ми го стегна грлото, градите ми се скаменија од јад и 41 Детето се најде. Љубопитните и заинтересираните ги упатувам на фељтонот од Ванчо Андонов, објавен во “Нова Македонија” (1973), како и на написите во врска со натамошната судбина на веќе возрасната девојка, објавувани во истиот весник, како и во весникот “Вечер”.

некоја мака, некој голем с`клет ме фати по тие наши пусти и крвави планини...

И така, откако не исчистија со топла вода и сапун и валканите пљачки ни ги попарија и ги испраа, и откако не дооблекоа и добро не нахранија, по топли и средени куќи не сместија, тогаш почнавме да се пребројуваме, да прашуваме и препрашуваме за живи и загинати, за сакати и изгубени, и се собиравме на оплакување, на помен и намнисување во тие куќи напуштени, од кои, како што се зборуваше, ги беа истерале Германците. Иако одамна беа поминати трите, и деветте и четириесетте денови и годината и трите години, ние, како по нашиот домашен обичај, во набрзо соплетените сапетки, стававме варена пченица, лепчиња, по нешто од овошјето и одевме од куќа до куќа, од човек до човек и раздававме за душа и одново и одново се собиравме во тие туѓи и напуштени куќи во кои ги оплакувавме нашите, ги оплакувавме и мртвите и живи-те и себе си. Немавме поп да отпее, а црквите и гробиш-тата беа католички...

Тука Стојна пресече и натаму раскажувањето го презеде Лена:

- Во пристаништето во Драч беше пренесена и нашата, разоружената војска и таму чекавме се додека амбарите на руските бродови не ги преуредија. Во голем ред, редот војнички го теравме и построени по баталјони, по чети и водови, по тесните и разлулани скали се качував-ме и влегувавме во бродовите и молчаливо си фаќавме толку место, колку што беше потребно да седнеме и да легнеме. Немаше само еден под. Имаше под нас и над нас исковани штици – лежишта во тие големи амбари на руските бродови. И така цела ноќ – се товаревме и веднаш си фаќавме место и не прашувавме каде ќе не однесат. Па нели војска бевме? Во војска не се прашува, туку се молчи и, молчејќи се извршуваат наредби. Мислевме некаде ќе не однесат и таму ќе ни го дадат оружјето така, како што ни го дадоа пред приодите на Грамос по повлекувањето од Вичо.

Нашиот брод, “Мичурин”, така беше испишано со кирилично писмо, се помрдна, одби од брегот, заплови во морето. Долж патот, крај морето, останаа камионите со кои тука не донесоа. Од таму, одеднаш – долго, многу долго -се огласија камионските сирени. Свирежот се слеа во едно свирење со свирежот на бродските сирени ...

Подоцна дознавме дека шоферите ги поврзаа сирените и на даден знак ја повлекоа жицата и сирените завија - за збогум.

Само ноќе излегувавме на палубата. Да вдишиме чист воздух, да се изнагледаме на ѕвездите и месечината.

Не беа така големи како над нашите планини. Трипати свиреше бродската сирена што беше знак дека веднаш треба да се вратиме на нашите лежишта во амбарите и да седиме тивко, дури и да не зборуваме. Прво од левата страна на бродот гледавме брег и одвај видливи светла што мижуркаа во далечината. Некој рече дека отаде е Грција и многу од нас сфатија дека на некое место ќе не растоварат, ќе ни поделат оружје и ќе тргнеме во нови победи.

Пловеше бродот, никаде не застануваше, а ние само ноќе гледавме се повеќе светла од обете страни на бродот. Меѓу нас имаше еден морнар кој по ѕвездите ги откриваше насоките на светот.

Одиме на север - велеше – по тоа кажуваше дека поминавме покрај тој и тој остров и дека се доближуваме до Цариград. Ни беше забрането да ги напуштиме нашите лежишта во амбарите, бидејќи покрај нашиот брод пловеа турски бродови. И пловевме и не знаевме каде. Други знаеја. Морнарот рече дека влеговме во Мраморно Море

(шикли, кој од нас знаеше за мориња, освен за планини) и потоа рече дека влеговме во Црно Море и кога се раздени ни дозволија да излеземе надвор. Од време навреме рикаше бродската сирена. Така нашаиот брод се поздравуваше со другите бродови на кои се вееја црвени знамиња со петокрака и срп и чекан. Значи тоа беа советски бродови. И така стигнавме во Одеса. Тука не растоварија и не товарија во вагони. Сфативме дека далеку сме од нашите места и кога по железниот пат затракаа железните тркала на возот, сфативме дека одиме се подалеку. Долга, голема беше пустината и си мислиш дека нема крај. А има крај. Се има крај. Ама каков? Не растоварија на крајот од станицата.

Ташкент - прочитаа тие кои знаеја да читаат кирилица. А каде е тоа Ташкент? Близу или многу далеку од нашите места?

Не во Ташкент – град, туку надвор. Не сместија во бараки. На големците им дадоа броеви и по тие броеви редиците бараки ги нарекоа гратчиња. Прво, второ, десет-то, дванаесетто гратче. А тоа не оти беа гратчиња? Беа логори. Да - логори беа... од тие логори пред некој месец, а можеби и порано ги беа иселиле Јапонците, значи јапон-ските заробеници. На нивно место не сместија нас, борците против англо-американскиот империјализам, борците за слобода и демократија сместени во бараки за јапонските заробеници. Ете, така ти е во животот. Не знаеш кога си горе, а кога си долу. Се разбира прво не избањаа, ни дадоа чиста долна облека и врз неа ги облековме нашите, војничките, алишта. Бевме чисти и сити и секој ден бевме војници. Секое утро се постројувавме, се избројувавме, правевме гимнастика и во строј одевме во менза по истиот воен распоред како што бевме порано, со истите коман-данти и политички комесари. По некое време не осло-бодија од војничките униформи и не облекоа во цивилни.

И лошо се чувствувавме затоа што одеднаш станавме цивили и чудно ни беше без нашите војнички цокули, панталони, блузи, капи, без наредби и команданти и бевме среќни што останавме живи... Аха... Што со вошките? Ги оставивме во Албанија. Таму во Бурели цел месец не чистеа и одвај не исчистија. И да знаеш дека вошката лесно не се чистат. И тука, во гратчињата околу Ташкент, дојдоа со нас. Вошки со две нозе и со тивок поткажувачки глас.

Дали работевме? Зошто да не... Работевме се што се работи со лопата, со казма. Не оти бевме некои писмени, та да не пуштаа во канцеларии да работиме. Најмногу работевме во градежништвото. На рамо носевме тули, бетон, штици, железо. Од војници, а пред тоа – селани, сега станавме градежна сила. И тука во Ташкент, нашите големци, тие од политиката, фрлија нова парола: “Ќe го победиме импери-јализмот, градејќи го социјализмот!”... и умот ни го месеа така, како што се меси тесто...

Знаеш ли како се меси тестото?...

Тука, во Ташкент свиткавме гнезда, создадовме семејства и го чувавме и јазикот и адетот и песната и орото. Ташкент, за многу беше дел од нашата младост што ја оставивме во заводите на далечниот Узбекистан, дел од нашата слобода. А за некои Ташкент беше последната станица во нивниот живот. А многу си ги чекаа жените и децата кои им беа во други држави. Најмногу се изначекаа тие чии жени и деца им беа во Југославија. Дури беше забрането да се допишуваат.

Подоцна, во педесеттите години, почна чистење на работите. Умре Сталин. Дојде Хрушчов и му објави војна на сталинизмот. Во Полска се дигнаа работниците, востание, револуција во Унгарија. И ние во Ташкент се дигнавме во бунт и се испотепавме меѓу себе.

Тито и Хрушчов се изгушкаа.

Простени беа греовите.

А големата штета беше и остана наша.

Се најдоа одговорните и единствената казна што им беше одредена, беше нивното протерување од парти-јата... Тогаш, во тие времиња, голема казна беше да бидеш избришан од партиските списоци, а тоа беше казна која те исклучува од се и остануваш сам и за тебе и околу тебе ништо не постои. На пленуми и конгреси по име и презиме ги именуваа виновниците и дури тогаш разбравме дека растурници не растурија, луѓе без трошка татковина, без корен и без дамар, бескуќници и арамии не испокрадоа, лажговци не исполажаа, безумници не избезумија, та не иселија и раселија... И макаршто тогаш тие мислеле дека се најумните глави, не сфатиле дека највисоката мудрост лежи во најдлабоката добрина. Тие ниту ја нашле мудро-ста, ниту ја имале добрината. Сееле и посеале само зло...

Сите кои поминаа низ менѓемето на времето пред и по поразот, со најголеми желби сакам да ги оставам со нивните мисли, со нивните спомени и болки кои не се само дел од нив, туку се нивен живот. Само не можам да се ослободам од прашањето што постојано ме гризе - кој е крив? За секое злодело секогаш има некој кој е крив. Кој е?

Има ли злодело што застарува? Има ли некој кој чувствува грижа на совеста? И до кога тие наши луѓе и натаму ќе ги водат недоумени, до кога судбина лоша ќе им кројат, до кога врз нивната несреќа своја среќа ќе градат? И до кога ќе не делат?...

Ме прашуваш за тие од нофитското раководство?

Нив ги уапсија и ги тргнаа од нас. Како што се вели – ги изолираа. Во Москва ги осудија и ги испратија во сибирските логори.

Македонските организации Захаријадис заедно со својата дружина порано ги беше отпишал, но овој пат им дојде часот сосема да ги столчи заедно со азбуката и јазикот. Рече дека се титови. Најде еден недоучен, од Бапчор ќе да беше, кој се нафати нов јазик да твори со лепенки од рускиот и најмогу од бугарскиот. А таму, во Полска, на југо-истокот, во испразнетото украинско село Крошченко, создадоа колхоз и го нарекоа “ Нов Живот” и доселија две-три илјади Македонци и Грци. Украинската православна црква ја претворија во кино. “ Партизан” го нарекоа киното кое се прочу не толку по прикажувањето на советските воени филмови, туку по тоа што тука Захарија-дис од сите источни земји собра свои поклоници и ја формира народно – ослободителната и револуционерна организација на Славомакедонците и ја нарече ИЛИНДЕН.

Една од главните цели и беше да се бори против кликата на Тито и Колишевски и против Здружението на Егејците со седиште во Скопје, кое, пак, се бореше против кликата на Захаријадис.

Сега, кога ти раскажувам за ова, ми проработува бубачката и ме прашува:

-Зошто се правеше тој метеж во умовите на иселените и раселените од ист корен?

На едната страна Егејци, на другата Славо- македонци. Само затоа ли за да не бидат Македонци?

Тогаш, па и сега, по изминат повеќе од половина век, неодминливо се наметнуваат многу прашања.