On the Road of Time (Following the Traces of Memories)
ПЕТРЕ НАКОВСКИ НА ПАТ СО ВРЕМЕТО - Part 18
Сега Прењес – Перењас, расте во мало, модерно, живо и раздвижено гратче, во попатна станица за стотици камиони, автобуси и патнички коли, место во кое патникот се задржува само толку, колку за да одмори... Сега Прењес тоа не е мувлосани стари италијански војнички бараки, магазини и коњушници. Сега Прењес е гратче испресечено со асфалтирани улици, со нови станбени згради, новои-зградени приватни куќи, со водовот и канализација, кафеани и кафулиња, таверни и ресторани, банки, пошта, амбуланта, аптеки; железничка станица. Не е слепо црево зафрлено на приграничната периферија, туку широко отворена порта и осветлен канал низ кој дење и ноќе се претура синџир од камиони, автобуси, патнички коли, отворена артерија која води кон светот. Сега низ Прењес и по целиот пат од Капештица, Билишта, Корча, Поградец, Елбасан, Драч, Сукт и Тирана, дење и ноќе во обете насоки тече животот што сега го живее Албанија. Никој не истрчува за да пречека и испрати камиони и никој не чека скраја од патот. Нема викотници, лелеци, колнежи. Ги нема и бараките. Останаа само магазините. Зејат со празните прозорци, ги разјадува времето. До нив нови куќи. Нови луѓе. Улиците полни со детска смеа... Млади момчиња денгубат во кафулињата или го чекаат денот за да заминат на печалба. Меѓу нив и такви кои штотуку се вратиле од печалба и сноват нови сонови за заработка во туѓина. На излезот кон Елбасан – молчи и фабриката. Ја разјадува стечајот. А хромот во околните планини продолжува да векува.
Низ Перењас, без престан тече реката на животот...
И никој не знае дека овој нов живот и овие нови поколенија одат и се враќаат по патот на кој легна нашата лоша судбина, нашиот чемер и болка, нашиот плач и солзи, нашето страдање и патила, нашиот крик на ужас и нашата безнадеж.
И како да го наречеме тој пат? Дали само пат на болката, солзите, страдањето, невратот, безнадежта?
Од заборавот оживеавме само дел од патот на човековата болка и страдање и, врвејќи по тој пат, поми-навме низ мрачната страна на мракот.
Мачно ни беше патувањето по патиштата на плачот, на солзите и страдањето, по патиштата од кои немаше враќање, по патиштата на битисувањето и изгубената надеж...
Што ни остана нам и на идните поколенија?
Само ли неизгасливата желба и пораката тоа што се случи на тие патишта во времето-невреме да не се избрише од нашето паметење?...
1 јули 2008 – 22 февруари 2010 БЕЛЕШКА ЗА АВТОРОТ Петре Наковски, романсиер и преведувач, е роден на 17 јули 1937 година во с. Крчишта, Костурско, Егејска Македонија.
Педагошки лицеј завршил во Полска, а Фило-лошки факултет во Скопје. Докторирал на Институтот за политички науки на Вроцлавскиот универзитет во Полска.
Бил новинар во весниците “Вечер” и “ Нова Македонија”.
Работел во Министерството за надворешни работи.
Прв амбасадор на Република Македонија во Полска.
Член на Друштвото на писателите на Македонија од 1989 година.
Автор е на повеќе раскази објавени во македон-ската периодика, како и книгите: “ Постела за чемерните” (роман 1985), “ Македонски деца во Полска, 1948-1968” (докторски труд), “ И каменот е земја” ( роман 1988), “Големата удолница” ( роман 2003), “ Големата измама “ (роман 2007), “ Македионските бегалци во Полска 1948-1975” (избор документи 2008) “ На пат со времето” (роман
2010).
Од полски на македонски има преведено и објавено 40 литературни дела и поголем број песни и раскази од македонски автори на полски јазик, меѓу кои драмата “ Црнила” од K. Чашуле, која на 18.07.1971 год.
беше поставена на сцената на Teatr Wyspia ńskiego во Катовице – Полска, “ Песни од Охрид”, антологија на македонската современа поезија во издание на издавачката куќа Wydawnictwo Literackie во Краков, 1975, избор поезија под наслов “ Траги на времето” од Раде Силјан во издание на издавачката куќа Adam Marsza łek во Торуњ,
2010.
Добитник е на наградите “ Златно перо”, “ Кирил Пејчиновиќ” (за преведувачки опус), наградата на полските автори, а е одликуван со Златен медал за заслуги за полската култура и Златен орден на командоријата.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/na-pat-so-vremeto/18 le 29 octobre 2026