Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Macedonia Above All

Front Matter - Part 07

Par Стојан Георгиев Томовичин · Partie 7 sur 8 · Environ 20 minutes

Lire en English

- Јас сум обвинителот на општината Сандански. Дали знете дека е забрането одржувањето на вашата прослава?

- Не! – одговорив јас. – Нели ве известивме со писмо, дека денес на 22 Април 1990 година, тука во месноста “Роженски манастир” ќе одржиме прослава во чест на 75 годишнината од трагичното загинување на Јане Сандански.

- Да, го добивме вашето писмо и ви одговоривме дека не се одобрува вашата прослава.

- Не сме добиле таков одговор! – реков јас. А тоа беше и самата вистина.

- И покрај тоа ве известуваме дека се забранува нејзиното одржување!

- А дали го гледате овој многуилјаден народ? – Му реков општо јас – Тој дошол тука да чуе што ќе кажеме ние, а не Вие, господине обвинителу!

- Да знаете дека ја преземате целата одговорност за последиците од тоа! – самоуверно ги изрече последните зборови обвинителот.

- Да, ја преземе! – изјавив убедливо и оштро.

При тие зборови обвинителот се заврти и бавно слезе од сцената на првото вистинско, Македонско чествување на гордиот Пирински цар. А секаде наоколу стотици цивилни и униформисани слуги на МВР, замасни од смелоста на “Илинденците”, чекаа да чујат и видат што ќе се случи.

Беа прочитани 5 реферати за животот и делото на легендарниот Јане Сандански, тој кој со аферата “Мис Стон” го натера целиот свет да прозбори за Македонија во почетокот на XX век. Цели два часа ораторите, поздравувани со бурни ракоплескања од многубројниот народ, зборуваа за историската неправда на Европа, која во 1913 година ја распрачи Македонија на три дела.

Јас прочитав реферат за современиот однос на партиите во Бугарија по Македонското прашање, кој потоа беше објавен во списанието “21” – Скопје, под наслов “Глас од гордиот Пирин”:

“Најпосле, слава Богу, доживеавме да видиме совесен митинг на БКП и СДС, на 10 Ноември 1989 година, на плоштадот “Македонија” во Благоевград.

Најпосле, едноумие на инаку заемно исклучувачките партии.

Допрва ќе треба да ги видиме нивните разгорени страсти, гневни и жестоки. Дотолку повеќе што СДС застрашува дека на Бугарската сцена може да се повтори “Романскиот Темишвар” скандирајќи “Долу БКП”, “БКП – мафиа”!, “Убивај” и.т.н.

А комунистите велат “Со крв сме ја освоиле – со крв и ќе ја дадеме”!

До болка познати поради од блиското минато на свој несреќен Балкански народ. Една партиа може да дојде на власт само со преврат, само по целата на пролеаната братска крв. И речиси сите преврати се извршуваа преку наемни убијци. А наемните убијци, природно, се наоѓаат меѓу Македонските имигранти во Бугарија.

Но, тоа е друга тема.

Станува збор за единството на противреченостите БКП и СДС.

Единството го градат врз една можна допирна идеа – големобугарскиот шовенизам. Само една иста, со векови негувана мечта за излез на трите мориња – Црното, Белото и Јадранското, може да ги обедини БКП и СДС!

Само таа илузорна мечта може да ги обедини овие заемо исклучувачки соперници. Само оваа безумна мечта може да им ја смири сатанската јарост на едни кон други. Каква прекрасна тема за некој талентиран уметник – да ја наслика за идните поколенија демонската борба на овие исполини за парчето земја, наречено – Македонија. Таа Македонија, за која се испишани тони мастило и се пролеани реки од свежа, млада крв. Таа Македонија која “нема” сопствена историја. Таа Македонија, на чијашто територија, со цената на илјадици жртви, е прогласена првата република на Балканот – Крушевската Република!

Таа иста Македонија која роди и израсна такви џинови на националната револуција, како што се Гоце Делчев, Дамјан Груев, Јане Сандански и др. Таа иста Македонија на чијашто територија се одвиваа сите Балкански војни и трагедии. Таа иста Македонија која на светот му даде најмногу емигранти во почетокот на дваесетиот век! Таа Македонија и тој Македонски народ со кого политчките се играа уште од 1912 година, а и денес – Бугарија, Србија и Грција!

Таа Македонија чијашно судбина сеуште никој не може да ја предвиди! Таа Македонија, поделена меѓу Бугарија, Србија и Грција, земја чии синови и ќерки ја играа и играат улогата на експериментални глувци во споменатите земји. Во зависност од тоа каде живеат, така и ги нарекуваат: Бугари, Грци и Срби!

Каков апсурд на демократските и правни држави, кои ја потпишале повелбата на правата на човекот во ООН 1946 година!

Дали постои на светот друг народ, понесреќен од Македонецот, како и друга замја поделена на три дела?!

Зошто некои луѓе не можат да сфатат дека Пиринска, Вардарска и Егејска Македонија не се зоолошки градини под патронат на Бугарија, Србија и Грција и дека Македонците не се експериментални глувци, па си земаат за право да ги крштеваат така како што им е ќеф, настрана од волјата на Македонците?

Во СФР Југославија, за утеха и поттик на сите браќа и сестри Македонци, се создаде СР Македонија, во која мирно и без страв може да кажеш “Јас сум Македониц”!

Во СР Македонија се зборува на Македонски јазик кој во Бугарија го толкуваат како јазик полн со србизми. Можеби некој зборови треба да отпаднат од овој јазик, како на пример:

“Штрајкови – прекини на работа”, “слики – картини” и др. кои се неразбирливи за нас, Македонците од Пиринска Македонија, но тоа е најмалиот проблем. Поважно е што имаат сопствен јасик, музика, најдобрата и најмелодичната на Балканот и др.

Сосема поинаква е положбата на Македонците во Грција.

Таму, велат, не им дозволуваат на Македонците да зборуваат на својот мајчин јазик!

А во Бугарија, под оваа живковистичка династија, положбата на Македонците е можне деликатна и противречна. За разлика од времето на Ѓ. Димитров, кога идеите на Делчев се остваруваа во Пиринска Македонија и Македонците почнаат да учат Македонски јасик во училиштата, во времето на полуинтелегентот Тодор Живков, во 1965 година, Македонците “доброволно” се запишаа како Бугари по народност. Каков апсурд!

А сега, по 10 Ноември 1989 година најодговорните членови на владата и на СДС тврдат дека во Бугарија нема Македонци.

Истото го тврдат и преставниците на Дискусиониот клуб “Вардар” и на Сојузот на Македонските културни и просветни друштва – Софија.

Тие клубови и сојузи се создадени со дозвола на официјалната власт, а на штета на Македонскиот народ. Ние, продолжувачите на делото на Гоце Делчев, Даме Груев и Јане Сандански изјавуваме:

- Никој нема право да зборува од името на Македонскиот народ! Ниту ние - ниту тие! Тие, големо-бугарските шовинисти, си ја штитат каузата во услови кои се коренито различни од оние на автономистите. Врховистите имаат клуб до киното “Македонија” во Софија – вистинско министерство, со платен председател, секретар, соработници и милиционер во партерот, да ги чува.

А не прашува ли некој нас, илјадиците репресирани Македонци – автономисти, од кои над стотини минавме низ логорите и затворите на социалистичка Бугарија, дека сме затворени затоа што нашиот најголем “престап” е што се чувствуваме Македонци? Не прашува ли некој како издржавме во тие логори и затвори?

Знае ли некој колку мајки, татковци, сопруги и деца беа расплакани во текот на обие четириесет години народна власт?

Знае ли некој?

Ако некој сака да ја познае вистинската положба во Пиринска Македонија, нека ѕирне во сефовите на Државната безбедност на Благоевград. Таму се наоѓаат досијата на стотици, а можеби и илијади Македонци осудени за “престапи” за кои во цивилизираните земји не судат никому.

Жално, вистина жално за правна држава за каква претендира Бугарија! Уште пожално е тоа што Македонците не се експериментални глувци, туку народ со славно минато, народ достоен за почит, народ кој сака да ја гради својата сегашност и иднина заедно со народите на Бугарија, Грција и Југославија.

Ако оваа алтернатива беше разбрана од народите на Балканските земиј, Македонија за вечни времиња би престанала да биде сцена на крвави драми и јаболко на раздорот. А од тоа сите би имале корист. Народите на Балканските држави ќе пречекореат преку прагот на 21 век како цивилизирани Европски народи што го градат заедничкиот Европски дом. Ни останува само десетина години до зеленото светло на патот за тој дом, години на испитување и големи надежи, кога и ние најпосле ќе можеме да извикаме од гордиот Пирин:

- Браќа Бугари, браќа Југословени, браќа Грци, ние, Македонците, ве сакаме и сакаме во мир да живееме со вас и со сите народи во светов!

Да викниме со зборовите на бесмртниот Гоце Декчев “Јас своето го разбирам единствено како поле за културен натпревар меѓу народите”.

Гр. Петрич

14.04.1990 година Дваесет и втори Април беше голем празник за членовите и симпатизерите на ОМО “Илинден” како и за десетилјадите присутни Македонци. Две телевизиски екипи го снимаа овој колосален настан во пределите на Пирин – Бугарската и екипата на ТВ Скопје. Благодарение на снимените филмови, и душманите и пријателите на ОМО “Илинден” можеа да се запознаат непосредно со изјавите на нашата Организација.

И денес, кога тука во СР Македонија луќето ја гледаат Роженската епопеја, од жал и радост солзи се трклаат по нивните лица, бидејќи Македонците од Пиринскиот дел на Македонија не се исчезнати, и покрај многугодишната упорна денационализаторска дејност на Бугарските власти!

Околу 70-80 луѓе, граѓани на СР Македонија, успеаја да дојдат и да имаа голема среќа да се насладуваат на гордиот патос кој лебдеше над Роженскиот манастир, и си заминаа со чувство на вистинска среќа затоа што Македонската свест кај браќата од Пирин не е заспана, дека мнозина од многуилјадните присутни на прославата, плачеа кога се зборуваше за мајка Македонија и за нејзината тешка судбина.

Денес, кога зборуваме за прославата на Роженскиот манастир, еве како еден мој пријател од СР Македонија ја опиша:

“Тоа што го видов на 22 Април 1990 година, кај Роженскиот манастир, не може да се опише со зборови. Човек требаше да биде присутен па да свати што се случи на тој ден. Тое беше Пиринска епопеја! Ќе се памти многу години и ќе напомнува на идните поколенија што стори оваа Обединета Македонска Организација “Илинден”. Малцината присутни од СР Македонија се радуваа како деца, зашто и нивните браќа од Пирин се живи, жива е Македонија и Македонското име – нема да загине!” По дванаесет дена претстоеше одбележување на 87 – годишнината од херојското загинување на најголемиот од најголемите херои, великанот на Македонскиот народ, незаборавниот Гоце Делчев.

Во Благоевград на 4 Мај 1990 година се собраа околу 100 членови на ОМО “Илинден” за да запалат свеќи и положат свежо цвеке на споменикот на Гоце Делчев, кој се наоѓа во центарот на градот – плоштадот “Македонија”.

И тука, врховистите настапија арогантно и насилнички викајќи, “Предавници”, “Титоисти”, “Слуги и Скопје” и други нецивилизирани извици од нивниот “борат” антимакедонски арсенал.

На еден од состаноците на Координациониот совет на ОМО “Илинден” беше определена делегација од тројца членови која требаше да присуства на свеченото чествување по повод 87 – годишнината од смртта на Гоце Делчев во Скопје. Така на 3.05.1990 година, кон простолнината на Македонија, заминуваме:

Теодосеј Попов, член на Координациониот совет, Павел Иванов, член на ОМО “Илинден” и јас. До Златарево отидовме со мојата кола, а со нас дојде и жена ми за да ја врати колата, зашто беше договорено а Југословенската страна на границата да не чекат нашите пријатели.

Без проблеми поминавме на Бугарската царина. Ни го прегледаа багажот и не пуштија за Македонија. Со колата која не чекаше на Македонската царина заминавме право за Скопје, каде што бевме сместени во еден хотел.

На 4 Мај кон 10 часот, присуствувавме на полагањето цвеќе на гробот од сепризнатиот водач на Македонија – Гоце Делчев. Јас бев поканет да кажам некој збор од името на Обединетата Македонска Организација “Илинден”. За прв пат зборував пред толку многу народ и природно, бев неспокоен. Кажав дека после Александар Велики, Македонија немала поголема, посветла и посакана личност од Гоце Делчев. Неговото име и дело како рујна зора вечно ќе сјае на Пиринот и ќе ги осветлува трите дела на Македонија. Кажав некој збор и за нашата борба што ја водиме сега во Пиринскиот дел на Македонија под многу тешки услови.

Бев неколку пати прекинуван од бурните аплаузи. Луѓето многу се радуваа бидејќи имаше преставници и од нашата организација на овој значаен чин.

Попладнето отидовме во ТВ Скопје каде Теодосеј ги прочита Уставот и Програмата на нашата организација. Имавме средба и со новинарите и историчарите во Институтот за национална историја на Македонија.

Во Скопје поминавме многу добро.

На 5 Мај, нашите пријатели не вратиа на границата. Бугарските гранични власти ни одзедоа се – и книгите и видеокасетата за Роженската манифестација што ми ја беше подарил директорот на РТВ Скопје, која и до ден денешен не ми е вратена.

Во Саботата во градот Сандански одржа состанок Координациониот совет на ОМО “Илинден”. После бурната дебата присутните членови дадоа многу добра оценка за нашиот настап во СР Македонија во изминатите три дена.

Продолжив со работа во училиштето каде исполнував инвеститорска служба, и со работа меѓу луѓето за нашето свето дело. Така минуваа деновите во Петрич и во Пиринска Македонија.

Истовремено бевме и дале и документите за регистирање на нашата организација во Окружниот суд во град Благоевград.

Но да се вратам на оној 19 Мај, кога после спиењето на бреговите од прекрасното Дојранско езеро, присуствував на митингот што беше одржан на Југословенско – Грчката граница кај Гевгелија. Таму беше се собрал многу народ – околу 4 илијади души. Беше направена и посебна бина. Овде се запознав со Васил Тупурковски, кој го бев гледал преку Скопската телевизија, кога зборуваше на митингот одржан на 20 Февруари 1990 година, во поткрепа на националните права на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија.

Попладнето организаторите на митингот настапија со говори во целта на прекин – преминот. Со еден многу патетичен говор настапи и членот Претседателството на СФРЈ, Д-р Васил Тупурковски кој изјави дека ја презема целата одговорност заради прекинот на преминот, што беше пропратено со бурни аплаузи од

40 илијади присутни.

Кога преку микрофонот соопштија дека собирот ќе го поздрави претседателот на Обединета Македонска Организација “Илинден”, Стојан Георгиев, илјадиците почитувачи на нашата тешка борба не престануваа со аплаузите.

Зборував кратко и со интонација. Што точно реков е снимено на лента, но за време на говорот бев неколку пати прекинуван.

Кога завршив, многуилјадната маса скандираше “Ма-ке-до-ни-ја, Ма-ке-до-ни-ја!!!!” Вечерта заминавме за Скопје. Во меѓувреме бев разговарал со жена ми телефонски, после што таа дојде на три дена во Скопје.

Потоа жена ми се врати назад, а јас останав зашто на 10 Јули требаше да заминам за Копенхаген.

Таму, на Конференцијата за човекова димензија на КЕБС требаше во состав на Семакедонската делегација да учествувам како преставник на ОМО “Илинден” од Пиринскиот дел на Македонија.

Пред да заминам за Копенхаген јас отидов во Белград по виза, во Данската амбасада, но без успех, зашто полицијата во Данска не им одобрила да ми дадат. Требало да одам во Софија но таму сигурно не ми би дале виса, зашто тоа не беше во интерес на Бугарија. И јас, направив ризик – се качив на авионот во Белград, без виза.

Два часа и пол авионот леташе над море од облаци, додека наближавме до Данска, чија територија е испресечена со многу водни површини. Среќно ја допревме листата на аеродромот во Копенхаген. А каква просторија и модерна зграда има аеродромската царинска служба! Јас за прв пат видов какво чудо!

Каква убавина, каква чистота! Не верувам дека некаде во Балканот има нешто такво!

Царинската контрола ги пропушти сите членови од нашата делегација, само мене ме запре, зашто немав виза. Благодарение на Георги Савов кои не пречека, после 40 минутно задржување, Данските власти ми удрија виза на пасошот и јас можев да присуствувам на Конференцијата за Европска безбедност и соработка која се одржа во “Бела – центарот” во Копенхаген.

Првиот ден делгацијата ја предводеше Ѓорѓи Димитровски од Скопје, на вториот ден дојдоа две многу интелегентни момчиња од Австралија, Мајкл Радин и Крис Попов. Овие момчиња задно со брачниот пар Мери и Трајан Димитриу, од Канада беа душата на нашата Семакедонска делегација. Водеа многу дипломатски разговори со претставниците на 25 невладини делегации од Европските замји.

Во центарот на вниманието, природно, бевме јас и Христо Сидеропулос од Солун – претседател на Движењето за човечки права на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, зашто кај нас се води вистинската борба. Христо зборуваше на Грчки јазик, а Трајан Димитриу неговите зборови ги преведуваше на Англиски, јас, пак, зборував на Бугарски, а ме преведуваше Крис Попов.

Со Француска делегација диалогот го водев јас на Француски јазик.

Во текот на разговорите ја сменив тактиката. Отпрвин, во почетокот на разговорите, претставниците на другите делегации прашуваа, а ние им одговоревме. Дипломатите дознаваа кој сме, што сме, што нудиме, со какви средства и.т.н. А ние ништо не дознавме од нив, дали знаат нешто за нас Македонците, дали постоеме како народ, како нација во нивните сознанија. Ова ме наведе на мислата да прашам, што тие знаеја за нас Македонците пред да дојдат на форумот на КЕБС, во Копенхаген. Така, моето прво прашање кон Англичаните беше:

- Знаете ли, господа, дека на Балканот, во Бугарија и во Грција постои Македонски народ и што се случува со него?

Англискиот дипломат лесно се насмевна и одговори сосема сериозно:

- Ние многу добро знаеме дека Македонци живеат во Бугарија и Грција, и што се случува со тој народ.

Бидејќи Христо Сидеропулос веќе беше раскажал за третманот на Грците кон Македонците што живеат во Егејскиот дел на Македонија, а јас бев изјавил дека стотици, а можеби илјадици Македонци минавме низ логорите и затворите на “социјалистичка” Бугарија само затоа што се чувствуваме како Македонци и сакаме да ни се вратат националните и човечките права што ни беа одземени во 1948 године, на Американските преставници им го поставив ова прашање:

- Ако Бугарската влада продолжи и понатаму на ист начин да дејствува против нас, Македонците, дали Американците би презеле нешто?

Еве што рече еден од нив:

- Повелете, земете ја оваа висит картичка. Ако некој од вас биде уапсен за тоа што ги браните вашите права, на овој број 202-225-1901 телефонски во Белата куќа ќе се обратите. Ние нема да дозволиме ниту час, никој од вас да лежи како политички затвореник.

Ние од Семакедонската делегација му се заблагодаривме на господинот Орест С. Дојчак за убавите зборови, со надеш дека демократијата ќе продолжи да се одвива на Балканот, дека перспективата за решавањето на Македонското прашање е блиска.

А на прашањето од Американскиот претставник кон нас, Македонците:

- Како го гледате решавањето на Македонското прашање? – Ние го изнесовме ваквиот став:

- Европа и Балканот без граници, а Македонскиот народ ќе биде обединувачката алка меѓу сите Балкански народи. Бездруго тој е крвно поврзан со нив. Мораме да се бориме за духовно обединување на Македонскиот народ од трите дела на Македонија, да ни се признаат и почитуваат нашите национални и човечки права, така како што ние ги почитуваме правата на другите народи и малцинства.

За сите разговори забелешки водеа другите од Канада и Австралија, јас најдобро го запомнав разговорот што го водев со добро востанатите другари од Бугарската делегација на чело со Георги Димитров.

Прв јас го замолив, да повелат да ми одговорат на следните прашања:

1. Имал ли Македонска нација или не?

2. Какво е населението во СР Македонија – Бугарско или Македонско?

3. Дали ќе се озакони ОМО “Илинден” или не?

4. Ако не се закони нашата организација, што ќе биде со нејзините членови?

Другарите беа љубезни да ги дадат следните одговори:

1. Ние се залагаме секој човек сам според својата совест де се определи што е – Бугарин или Македонец.

- Браво! - реков јас. – Тоа наполно одговора на сите документи за човековите права што Бугарија ги има потпишано.

- За Македонската нација можеме да кажеме дека ние ја подржуваме Декларацијата на Народното собрание на НР Бугарија од 6 Март 1990 година, каде се вели дека не постои Македонска нација и Македонски народ.

2. Од сето што досега го кажавме следува дека населението на СР Македонија е Бугарено.

3. За ОМО “Илинден” не можеме да кажеме ништо.

- Ви благодарам за за одговорите – реков јас. – А сега слушнете ги моите одговори на истите прашања.

1. Македонски народ и Македонска нација има, живи се во трите дела на Македонија, иако тоа некому не му се допаѓа. Овој народ е признат од сите земји во светот, со исклучок на Бугарија и Грција.

2. Во Бугарските средства за масовно информирање пишува дека ако се спроведе меморандум под заштина на ООН во СР Македонија, 90% од тоа население ќе се изјасни како Бугарско. Јас велам дека е тоа голема лага на кое Бугарите сакаат да поверуваме и ние Македонците од Пиринскиот дел на Македонија. Пред да дојдам во Копенхаген јас ја прошетав цела СР Македонија, и секаде каде што бев ги прашав луѓето:

- Што сме браќа, Бугари, Срби, Грци или нешто друго?

А добивав ваков одговор:

- Каде овде гледаш Бугари, Срби, Грци?

Каде се? Ние сме Македонци и ништо друго!

3. Бидејќи изјавите дека Македонците од Пиринкиот и Вардарскиот дел на Македонија се Бугари, зашто молчите за “Бугарите” во Егејскиот дел на Македонија? Или, за малата компензација од Грците кои трубаат дека нема Македонска нација, ги бришите “Бугарите” кои живеа во тој дел на Македонија!

4. Бидејќи зборувате дека нема Македонска нација и Македонски народ, прашајте ги овие луѓе што седат спроти вас., членови на Семакедонската делегација, зошто прелетале илјадици километри од Австралија, Америка, Канада и Европски земји, да дојдат овде и да кажат дека се Бугари или Македонци? Еве ги, седат пред вас – повелете, прашајте ги!

Никој ништо не смееше да праша. Само инженерот Гоце Давидов, претставник на Македонците од Чехословачка рече:

- Море, што сакаат овие Бугари...?

Така се заврши нашиот разговор со Бугарската делегација.

Интересна беше и прес – конференцијата што ја одржавме ние, членовите на Семакедонската делегација за новинарите, во Петок,

15 Јули, во една од салите на Бела – центарот. Природно, на оваа конференција беа присутни и сите членови на Бугарската и Грчката делегација.

Отпрвин зборував јас за положбата на Македонците во Пиринот. За време на моето излагање бев прекинат со прашања што го постави еден професор од Бугарската делегација:

- Зошто, господин Георгиев, пред да дојдете на овој голем форум не дојдовте во Софија, во комитетот за човечки права?

Таму, верувам ќе го разгледавме вашето Македонско прашање.

А јас еве што му одговорив:

- Вие, господине професоре, како денес да падневте од Марс!

Зошто зборувате така? Знаете ли колку народ поминал низ логорите и затворите на Социалистичка Бугарија само за тоа што се чувствуваат како Македонци? Еден од нив, ако сакате да знаете, сум јас. Лежев два пати по четири години во затвор!

Ги реков овие горчливи зборови малку возбуден, зашто во срцето ми се собрало многу мака, сум изживеал многу тешки денови и затоа не можев да бидам спокоен. Никој од Бугарската делегација збор не рече по тоа.

Кога зборуваше Ристо од Солун за тешкотиите што ги имаат Македонците во Грција, на истиот начин и тој беше прекинат од професорот Самарис:

- Слушата ли, господа, како прекрасно зборува Грчки јасик?

Обој лаже дека е Македонец, овој е Грк?

Кога му ги праведоа зборовите од Самарис, од Англиски на Грчки јазиц, Ристо рече на недобар Македонски јазик:

- Како да зборувам Македонски кога цела живот учам Грчки јазик? Мајка и татко ми знаат малку Македонски, а нам ни забрануваат да учиме во училиштата на Македонски јазик.

Така и Грчкиот професор, како и Бугарскиот, збор не можеше да врати. Кога Ристо го заврши својот збор, јас реков:

- Не ја гледате ли, господа трагедијата на овој несреќен Македонски народ во Балканот? Ристо живее во Грција, и не знае да зборува Македонски. Јас живеам во Бугарија и исто така не можам да зборувам Македонски. А сме браќа, еден народ сме, Македонци сме! На Ристо, и илјадици како него, што сакаат да учат Македонски не им дозволуваат Грците, а мене и илјадици како мене, не им дозволуваат Бугарите да учиме Македонски јасик! Каков несреќен и распарчен народ сме ние Македонците!

Еден и ист народ сме, а во Бугарија велат дека сме Бугари, во Грција велат дека сме Грци, во Србија – дека сме прави Срби!