Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Butterfly with Soaked Wings

Front Matter - Part 05

Par Драгица Најческа · Partie 5 sur 7 · Environ 22 minutes

Lire en English

Тој секогаш се извлекуваше од тој круг, или јас бев само премногу млада, неспособна да го вовлечам во него. Самиот факт што морав постојано да го бранам сето тоа, самата себе, како навистина да го доведуваше во сомнение квалитетот на сите тие компоненти што ме сочинуваа. На таков начин тој ме оневозможуваше, макар и во еден момент да влезам во она што беше тој самиот. Секако поради тоа се чувствував како помала вредност, оспорена.

И овој пат, кога излегов, откако слушнав дека тој свири од улица и го видов бесот на неговото лице, се фатив самата себе како сакам веднаш да почнам да се оправдувам дека не сум отишла кај него само поради тоа што сум очекувала тој да дојде. Наместо јасно и гласно да му кажам, да отсечам, дека беше единствено логично тој да дојде кај мене и тоа веднаш по она што се случи. Уште повеќе, не поради самиот настан, ами поради тоа што тој во врска со него го рече, поради неговиот однос кон тој настан. Тогаш судрувањето ќе беше неизбежно, ќе се речеа потешки, навредливи зборови, и можеби извесно време и затегнато ќе молчеше. Потоа, сепак ќе мораше да се премине преку сето тоа и пак да се врати на старото... и дури бакнежи и милувања. Таквиот редослед на работите толку не можев да го поднесам и, за да ја избегнам целата таа процедура, бев склона на претходни жртви. Дури можеби и некогаш со губење на достоинството. Секако затоа и овој пат попуштив.

Но, тој не. Неговите зли очи избегнуваа да ме гледаат.

– Не заслужуваш да бидеш со мене, – рече.

– Тебе ти е сеедно дали ќе ме видиш три дена или не. Толку е голема твојата љубов.

Сеедно не ми беше. Но не поради љубовта.

– Тоа не е вистина, – реков. – Истото би можело да се каже и за тебе, зошто ти не дојде?

– Бев болен. Ти тоа добро го знаеш, – рече со уште погруб глас.

Болен. Ми беше смешно, дури во тој момент ме пресече една мисла: „Дали тој не го глумеше тоа оној ден?“ Молчев.

– Е, затоа сега ќе си одиш дома, – рече остро, се заврте и тргна.

„Немој да си одиш, ќе се каеш“, сакав да му дофрлам. Стоев нема, со солзи во очите. Не се обѕрнуваше. Не смее така да си оди. Да се стрчам по него, да го стасам, можеби и тоа ќе го сторев ако не се плашев тој тоа да не го разбере така, дека ете, ми е страв, се чувствувам зависна заради „она“. И сфаќав со горчина дека тој тоа и ќе го помисли.

Тргнав со бавни чекори бесцелно. Можеби тој сето тоа и го направи за да ми ја покаже својата супериорност во новонастанатата ситуација. Горчливо се излажал. Таа, таквата супериорност ја нема, зашто јас неа како таква не ја чувствував.

Од мојот аспект тоа што стана беше од мало значење за мене, ништо не менуваше во сфаќањето на сопствената вредност. Ако мислеше поинаку, тоа беше само негова заблуда.

…И покрај се отидов да го побарам, бранејќи ја таа моја постапка пред самата себе со овие причини – дека тој, ете, сепак дојде мене да ме побара и со тоа направи еден чекор, оној другиот чекор треба да го направам јас... И второ, постоеше некој вид чувство на вина што не отидов пак да го посетам, а знаев дека беше болен. Свесно, ни самата не знаев зошто, ја занемарував вистинската причина што ме спречуваше тогаш да одам да го барам, а тоа беше – оној негов однос кон мене, во врска со последниот настан.

Ме пресретна со неговата фантастична способност да се преобрази, со еден срдечен израз на лицето, како само пред малку да бев излегла одовде и да го бев оставила во најголемо расположение.

Јас пак од своја страна ја прифатив таа нова варијанта и се беше во ред. Откако ми постави неколку конвенционални прашања, мајка му не остави сами.

Деновите поминуваа, а нашите затегнати односи продолжија.

Не знаев дека тоа најблиското, најинтимното поврзување, може да биде толку големо оптоварување за млада жена, поточно девојка. Наидував на некаков чуден отпор во мојот организам и желба да го спречам сето тоа... ете, стана што стана и да остане на таа точка. Се би направила да можев да ги избегнам тие допири, што беа туѓи на целото мое битие... Сепак, како и се друго што беше влечено од тој вител, се подавав, и самата несвесна зошто, дали заради него, поради сето тоа што со месеци траеше, а што бевме тој и јас и целиот тој живот во врска со нас. Ни во какви било ситуации натаму во животот немав, како тогаш, такво чувство за самата себе – си личев на некаков предмет, некој одвоен механизам што функционира вон моето битие.

Секогаш кога тоа беше возможно го избегнував тој контакт, што во некоја смисла уште повеќе го оддалечуваше него од мене. Тој тоа секако го чувствуваше. Можеби затоа, во сите наши натамошни средби, не избегнуваше директно да ја потенцира мојата зависност од него, како нешто сосем логично.

Ми ја сугерираше својата доминација, секако правејќи за себе некакви заклучоци по наследената од памтивека логика која произлегуваше од божемната специфична положба на жените во природата и општеството.

Секогаш за сето тоа имав еден скриен потсмев и горчливо сознание за неговата недоволна еманципација. Дури можеби не беше ни тоа, ами обид да го стабилизира своето место во нашата врска, ползувајќи се со такви во голема мера надживеани работи.

Дали свесен дека сето тоа е недоволно и барајќи нови патишта до целта, еден ден рече, сосем ладнокрвно, како да зборува за купување чорапи:

– Мислиш дека сум толку глупав па ќе ме излажеш дека јас бев прв, оној ден... што беше со тебе. Ти „тоа“ си го направила многу порано! Единствено останува да ми кажеш со кого!...

Неколку моменти се борев да ја задржам мислата дека тој се шегува со мене, иако ниту предметот, ниту тонот на неговите зборови даваа надеж дека тоа е шега. Седевме на клупа во паркот, а јас се плашев да не ги повтори тие зборови, зашто за жал сепак сфатив дека тој сериозно ми го рече тоа.

Имав желба да го удирам, не, уште повеќе од тоа, да бегам од него, очајнички, што подалеку, како некоја ужасна опасност за мене, за мојот живот.

Мислата беше толку поразувачка, што веднаш станав свесна зошто му беше нему потребно оној ден да го замаглува фактот дека „тоа“ се случи, да го порекнува.

Тоа беше уште еден добро смислен потег во целиот систем на неговата игра.

Се ми изгледаше уште помизерно, поради самиот мој природен однос кон сите тие страни на животот... „Па што дури и ако било порано, со друг човек...“, сакав да му викнам – иако не беше вистина.

Повеќе од се ме болеше обвинувањето што беше содржано во сето тоа, обвинувањето на мојата искреност, на мене – значи јас лажев, играв улога за сето време на тие моменти – како тоа да е првпат... Тоа беше премногу... газење по мојата чедност до болка...

Единствено што можев да сторам беше да побегнам... го сметав недостоен што било да речам... па дури и навреда...

Сфаќајќи дека беше го преминал дозволеното затегнување, зад кое се криеше опасноста да се прекинат конците и сосем да ја испушти куклата од своите раце, тој веднаш утредента направи голем чекор: прекршувајќи ја својата изјава дека веќе нема да стапне во куќата на моите родители, затоа што го навредија, заѕвони на нашата врата.

Долго се колебав дали да му отворам, сметајќи го уште помалку достоен да влезе во нашата куќа, кога слушнав дека мајка ми ја отвори вратата и веднаш потоа неговиот гласен љубезен поздрав.

Зошто доаѓаше... Како повторно да се собереме кога има толку многу непремостливи работи што не разделуваат. А што е најважно, свесни сме за тоа и тој и јас. Тоа навистина беа несовладливи пречки. Не наоѓав ни малку сили повторно да се враќам на сето тоа. Зошто дојде...

Влезе во мојата соба. Мајка ми не се обиде да дојде кај нас, дали затоа што беше зафатена со свои работи, или со тоа сакаше да му покаже дека нејзиниот однос кон него и натаму останува ист.

Молчевме. Навистина, зборови воопшто не можеше да се формираат.

Ми се приближи и молчејќи почна да ме гали по косата, да ја бакнува. Сакав да му викнам – зошто го прави тоа, па тоа сега е нелогично, по сето од вчера и порано... Седев неподвижна, како тонејќи во некој друг свет, а овој овде оставајќи го, како независен од мене, као некое мое механичко движење во него, кое нема подлабока врска со мене, со тоа што сум јас.

Зошто и тогаш не најдов сили да му ја отфрлам раката со презир, да го оневозможам да ме милува, мене, која вчера така ниско ја навредуваше. Бев бесна на самата себе, истовремено очајна поради ваквиот свој кукавичлак... а знаев дека со целото свое битие не сакам да му дозволам ниту еднаш, ниту малку да се допре до мене.

Се ми беше одвратно, целото мое препуштање на поројот, валкан, но на некаков неосознаен од мене начин моќен, можеби од камењата и различните отпадоци што ги тркалаше со себе...

Бев нежна пеперуга, чии крилја беа натопени со вода, оневозможена да лета, да побегне од тој вртеж во вителот.

Не знаев каков ќе биде односот на мајка ми и татко ми кон се ова што се случуваше со мене во последно време. Верував дека најмногу би ми забележале за тоа што станав толку блиска токму со овој човек, кого воопшто не можеа да го поврзат со мене. Знаев дека, кого и да изберев, ним не ќе им беше достатно добар, зашто кој може да биде како нивното дете. Но во овој конкретен мој случај, за жал, со право не беа задоволни, дури и не претчувствувајќи колку има страшно, а ним непознато, од што беа поштедени.

Нашата врска некако се влечеше и натаму. Кога би можел некој друг наместо мене одеднаш да ја прекине, да го прекине целото тоа тормозење, би се почувствувала ослободена од силната мора што ми ја притискаше душата. Но, секако поради комплетната опфатеност од целата таа негова сугестивност, штом ќе дојдеше да ме повика, одев како да сум целата во негова власт, еден роб, без и најмалку волја. Личев на куче што ни во еден момент нема да му се спротивстави на својот господар; дури ни тогаш кога ќе го злоставува, можеби само поради тоа што потоа ќе настапат моменти кога неговиот господар ќе биде повеликодушен.

Навлегувавме се подлабоко и подлабоко. Денови исполнети час со разјадување, час со некои повремени просветлувања.

Напуштајќи ја ординацијата на познатиот гинеколог, не можев да ја средам бркотијата на мислите во мојата глава. Сепак, до свеста јасно ми доаѓаше вистината што пред малку ја слушнав – дека ќе станам мајка.

Би сакала да не одам кај него на закажаното место за состанок, кај него, кој со нетрпение го чекаше наодот на лекарот. Сакав да го излажам, најмногу поради сето тоа што се случуваше меѓу нас во овие последни месеци. Знаев – нема да бидам во состојба тоа да го направам и затоа веднаш му реков, штом го видов. Се намурти. Изразот на неговото лице не го откриваше вистинскиот однос кон новонастанатата ситуација, или јас не бев во состојба да го откријам.

Сакав да му кажам, да му викнам, дека сето тоа за ништо не го обврзува, тоа воопшто не значи дека треба, дека мора да се ожени со мене, дека јас не се плашам од ништо што ќе дојде...

Откако си тргна накај дома, одев по улицата подведена, со наведната глава. Тоа сознание за мојата нова состојба сосем ме исфрли од колосек. Ме најде премногу млада, неподготвена. Во моите чувства немаше ни малку радост, се беше – една горчина... која не можев да ја споделам дури ни со него, што единствено би ми помогнало во овие тешки за мене моменти.

Не веднаш, но само по неколку дена, кога бевме излегле во паркот на прошетка, тој ја почна својата игра, што беше само продолжување, вклучување на последниот дел од неговиот план.

– Ти мислиш дека не знам зошто твоите ги прекинаа односите со мене, божем не им се бендисувам. Тоа би го разбрал и најглупавиот човек... а јас, се надевам дека не сум толку глупав.

Единствената заднина на сето тоа е да се откинат од тебе, како божем не им се бендисува твојот избраник и да не ти дадат ништо. Чудно, а велиш толку те сакаат. Едно дете! – ми рече, гледајќи ме со сожалување.

„Да се откинат од тебе“ – тоа, таков начин на изразување пред се беше невозможен! А потоа, смислата на реченицата беше толку апсурдна за да се доведе во врска со моите родители, со оние наши меѓусебни односи. Како можев тоа нему да му го објаснам, кога тој никогаш не припаѓал на еден така прекрасен свет, што постоеше за нас тројцата – татко, мама и јас...

Очигледно, сфаќав дека за него сето тоа е туѓо, како што мене ми беа туѓи неговите дофрлања за односот на моите родители кон мене.

„Како не разбираш, јас и бев нивно единствено девојче, смислата на нивниот живот, покрај онаа што ја наоѓаа во другите негови сфери“.

Одеднаш, незапирливо, ми допре до свеста, веднаш по оној прв пробод, заднината на сето тоа – неговиот материјален интерес што сака да го оствари преку женидбата со мене. „Не сум ли јас средство?“ – тоа беше мисла што ме тераше во ужас, и веднаш потоа желба се да поништам, изгазам, избришам, се што беше меѓу нас двајцата... од првиот момент.

Не, не сакам да го примам тоа како возможно... Речи, многу те молам да речеш, дека тоа не е вистина, дека не е така... не можам да опстанам со една таква претстава во главата... тоа е неиздржливо...

Подобро да молчеше, илјадапати подобро отколку што го рече тоа:

– Јас сакам само да ти ги отворам очите. Ти се уште си премногу млада и наивна и не го разбираш животот. Зошто да те измамат?...

О човеку, запри се, зарем веќе не си во можност да го следиш тоа што го зборуваш, за кого зборуваш тоа? Тебе нешто ти се измешало во главата! Нема веќе да ти дозволам ни збор да проговориш.

Најстрашно од се беше тоа што тој иронично се смееше, и што во таа смеа сфатив тон на господар.

Не! Си се излажал! Се можев да преболам, се, освен ова материјално, што требаше да претставува составен дел од мене како вредност што ја земаш. Уверен ли си дека е дојден вистинскиот момент кога тоа ќе го спроведеш во дело?!

Би му рекла дека е одбивен, беден, дека се гадам од него и би побегнала... Каде да бегам со она другото, што се случи... Кај кого? Зар кај моите драги родители како жална состојба, наместо награда за сето што го правеа за мене.

Во мојата глава на се уште неоформена жена едвај јасно се раѓаше и една друга, за мене нова мисла: зар да го осудам тоа дете, што можеби ќе го донесам на светот, на еден нерадосен живот... Своето дете... неговиот живот да го осакатам.

– Немаш право, реков многу прибрано. – Моите никогаш нема да ми дадат помалку од тоа што можат. Така секогаш правеле.

Но, јас мислам дека тоа, таа страна, воопшто не би требало да биде битна во нашите односи.

– Јас и не велам дека е така, дека таа е битна, – имаше како и секогаш готов одговор, – но, душо, ти знаеш дека без тоа, без материјалното, не може да се живее, дека тоа е составен, неопходен дел.

Со забрзани чекори си отидов дома, свесно завршувајќи го на тоа овој така горчлив за мене разговор... на што можеби ме натера едвај формираниот инстинкт на една мајка.

Мајка ми и татко ми во тие неколку денови како да претчувствуваа што се случува со мене, разговараа со мене повеќепати, обидувајќи се уште еднаш да ми ја откријат мојата заблуда во однос на мојот избор на другар во животот.

Како можев, мајко и татко, вам, на моите родители, да ви ја кажам вистинската причина поради која сега морам да ја одржувам таа врска и можеби, за жал, низ целиот живот?

Сепак, скоро дојде ден кога се му реков, нему, се што премолчев во последниот разговор, или уште пред тоа, ден можеби најтежок од сите што поминаа.

Бевме почнале еден убав разговор во градината на неговата куќа за нашите планови во натамошниот, идниот живот. Дури споменувавме и конкретни работи во врска со него.

– Бидејќи сето тоа ќе биде скоро, – рече тој со некој мек глас, – крајно време е тоа прашање да го поставиш пред своите родители, односно да го поставиме. Мојот став и ставот на мајка ми е познат и јасен. Таа нема ништо против.

– И моите нема да имаат, – реков решително, – ако јас тоа им го соопштам како моја одлука...

Бев свесна дека не зборувам убедливо.

– Не се работи за тоа, – рече малку поостро, – тие ќе мораат да се согласат.

Сфатив дека „ќе мораат“ не се однесува на моите зборови за тоа дека тие ќе го прифатат моето решение, ами на онаа другата ситуација, со која се ставени пред свршен чин.

Премолчев.

– Станува збор за друго нешто, – продолжи тој, како да ја завршува мојата мисла, – крајно време е да знам на што сум, ќе биде ли твојот татко малку повеликодушен? – никогаш не бев чула толку зајадлив, злобен тон во неговиот глас.

Тоа беше премногу. Одеднаш сфатив дека беше навлегол многу, многу далеку, дека сето тоа што ми се собирало повеќе од година, пребликна... И тогаш, без да станам свесна од каде кај мене таква решителност, сили, полека, јасно, одредено му реков се што мислам за него, за неговиот карактер, за неговите сфаќања, за неговиот однос кон мене, се за нашите односи.

Чувствував извонредно олеснување поради сето тоа што го отфрлив од себе, целиот тој грозен товар што сум го влечела во тие долги месеци, готова да ги поднесам последиците од ова конечно раскинување.

Откако влегов во нашата куќа, пред да заклучам, и пред да успеам да ги собујам чевлите, слушнав како со тресок брзо се отвора надворешната врата и тој влезе целиот зазбивтан, бесен, со разрогачени очи. Помина покрај мене право во собата, како неговата посета да не се однесува на мене. Кога го видоа неговиот бес и циничен израз на лицето, мајка ми и татко ми срипаа.

По неколку моменти молчење, заземајќи импозантна поза и зафрлајќи ја главата наназад, слушнав како вели:

– Дојдов, вам, да ви изјавам, – се обрна кон татко ми, – дека досега вие не ја одобрувавте врската на вашата ќерка со мене, и евентуалниот брак меѓу нас двајцата, а сега јас тоа не го сакам (ова „јас“ остро го подвлече). Таа е бремена, јас не откажувам, тоа е мое дете.

Го гледав со вџашени очи, не верувајќи дека тоа е возможно, дека навистина е речено сето тоа што го слушнав. Грозно, грозно! Злосторнички...

„Тој не сака, сега тој не сака, тој ме остава. Во оваа состојба“ – ми бучеше во ушите со безброј тонови и гласови... се што беше речено и како беше речено.

Барав... да... го барав оној голем пепелник и со грчовито движење на раката тргнав да го дофатам, но татко ми молневито, повеќе со некаква интуиција, го сфати моето потргнување, и пепелникот стоеше цврсто стегнат, како вклештен во неговите раце.

Тогаш, со фантастичен студен, со оној негов спокоен бес, рече:

– Многу ви благодарам на известувањето. Единствено што сакам да ви речам е тоа дека јас мојата ќерка нема да ви ја дадам вам, да живее покрај вас, и кога би ми родила и пет деца како девојка!

„Прекрасно, татко, ти, единствено ти можеше во овој судбоносен час такво нешто да кажеш! Татко, како би те прегрнала во овој момент, бакнала. Единствено ти можеше“...

– Добро. Така нека биде, – рече повторно со неговиот циничен глас и, исто така бесно како што влезе, ја напушти нашата куќа.

Само двапати неспретно се заврте за да види дали татко ми цврсто го држи во рацете пепелникот.

Откако се затвори со тресок вратата, на сите ни олесна. Како да расчистивме некоја сосем заплеткана работа и сега сме спокојни. Единствено што можев да направам, тоа беше да влезам во својата соба, избегнувајќи го погледот на мојот татко и мојата мајка.

Оттогаш беа изминале речиси две недели. Отидов на факултет да ги повлечам документите, да се отпишам. Моите ме убедија да отидам во главниот град на државата да ги продолжам студиите. Што подалеку одовде, подалеку од овие горчливи спомени...

Стоев во редот на студентите, пред шалтерот, доста долго.

Редот беше голем, тие денови се пријавуваа испити.

Повеќе го предосетив отколку што го видов. Тој беше застанал близу мене. Се обидов да се апстрахирам од неговото присуство.

Му реков гласно на службеникот, дури со некаков пркос, дека се отпишувам и преминувам на студии... реков каде, на кој факултет, дури во кој град...Наведена до шалтерот, поземајќи ги документите, одеднаш слушнав како некој се струполи, тука до мене, се онесвести. Беше тој.

Студентите се стрчаа од сите страни.

Во мене се бореа илјада противречности, ме распнуваа се до решението: дали да останам горда, рамнодушна по сето тоа што тој безочно, жестоко го направи во мојот живот, или да постапам поинаку, што да сторам...

Кој и каде ќе ги најде корените и оправдувањата за мојата одлука да ја разгрнам таа маса студенти и, плескајќи го лесно по лицето, страшно бледо, да го викнам по име, да чекам уплашена над него да се освести.

Очите, неговите очи – кога прогледаа ми се стори дека кријат во себе големо каење... и дури некаде во длабочината нешто повеќе, поубаво.

Можеби тоа беше само плод на мојата фантазија поради жалната атмосфера на тој настан.

– Не можев да издржам, – рече станувајќи со шепотење, – уште повеќе кога слушнав дека навистина си одиш... јас не можам да живеам без тебе... Мама постојано плаче откако се случи ова меѓу нас...

Бев толку млада, јас, се уште со романтични претстави за животот, за луѓето, за да можам да ги одделам зборовите од вистината што се крие некаде длабоко во човекот.

Не беше ли тоа последен чекор во борбата, неговата борба, за да не биде тој оној што ја губи играта...

Одевме полека по улицата, јас со документите во рацете, тој целиот, не знам зошто некако така беден, изгубен, што ми предизвикуваше сожалување.

– Не знам ни самиот зошто така постапував со тебе, те измачував, – рече со плачлив глас. Тоа е затоа што премногу те сакам и се плашам да не те загубам.

Имаше парадокс во тие негови зборови, нелогичност, но моментот беше таков што навистина немав ниту желба ниту можност тоа да му го кажам.

Наклонета секогаш кон замаглување на вистината и придавање значење само на тоа што ќе го задржи нормалниот тек на движењето, и овој пат го одделував тоа: „те сакам“. Тоа сега ми беше толку потребно, неопходно да ми ги залечи раните, направени со оние негови поранешни постапки.

– Морам да отпатувам, – реков со тивок глас. – Татко ми ќе ме придружува. Се е приготвено...

Тој, како да помина преку тоа што го реков, продолжи:

– Можеби и затоа станав пакосен, зашто не ме сакаа твоите.

„Ти си виновен за тоа, никогаш не се нереални, неправични“ – сакав да му речам, но молчев. И пак повторно се сеќавав како ме навредуваше, понижуваше во сето ова време. Колку многу исплакав. Дури бев близу до комплексот на помала вредност, поради неговото систематско понижување и исмејување... А тогаш... оној ужасен ден кога за последен пат дојде кај нас...

– Не, јас морам да одам, – реков пак дури премногу остро, повеќе како заплашување на самата себе, подвикнувајќи и на онаа другата во мене, слабата, сентименталната...

Кога потоа го погледнав, ми се стори дека во очите имаше израз на чувство на загубена игра, но не и предадена.

– Мораш, разбирам, – рече. – Јас овде ќе живеам некако... сам, не е важно што ќе стане со мене...

Тогаш молчеше... па со некаков глас на болен, со плачен глас, речиси задавено, едвај изусти:

– Ти... чувај го детето... наше, грижи се за него, јас навистина не знам што ќе се случи со мене...

Чувствував дека едвај ги задржувам солзите во очите, и тоа само за малку, зашто веднаш го сетив нивното лизгање по моето лице.

Темнината постепено надоаѓаше. Се наоколу беше згаснато.

Тажно.

Чекорејќи речиси механички, влеговме во едно кафеанче, каде што порано често навраќавме.

Пиев некаков зелен, одвратно густ ликер. Тој ракија. Повеќе отколку што беше вообичаено за него. Можеби намерно...

Потоа на глас плачеше... Поради мене... поради детето...

Ми стануваше мачно од сето тоа, ужасно ме притискаше, барав некаква можност за излез, бегство. Не наоѓав...

За да не бидеме и натаму предмет на внимание за другите посетители на кафеаната, го повлеков да излеземе.

Пак на улица. Во темнината која волшебно, дури подмолно се свлечкува во себе, прикрива, покрива.

И го мразев, и не можев да го поднесувам, уште повеќе со тоа поголемо количество алкохол во него. Го влечев, што побрзо, кон неговата куќа, како избезумена, како неспособна веќе да го издржам тоа распнување на се што ме одделуваше од него, отфрлаше, прогонуваше, и пак оневозможуваше да го напуштам, можеби најмногу поради тоа зачнатото во мене, што пак на некој начин е нешто во врска со него... Тогаш, што побрзо, што подлабоко во тој грозен порој, макар и валкан, со сите опасности од камења и отпадоци што грозно ги влечка, тркала, како единствено можен пат... неизбежен...

Кога влеговме во нивната куќа, мајка му спиеше.

Во мојата куќа веќе не си отидов. Нека моите родители ми простат, ме разберат, дека единствено така можев...

Кога тргнав на регистрација, навратив кај моите. Сама. Не за да ги викнам мајка ми и татко ми... Ова сега веќе беше нешто во што тие не можеа да учествуваат... Само мое, а пак слично на некој вид самоубиство, како што би рекол мојот татко, а тие не би се согласиле да бидат соучесници на тоа, ниту би можеле да бидат... Ниту пак јас можев да си дозволам да ги присилам на тоа.