Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Butterfly with Soaked Wings

Front Matter - Part 06

Par Драгица Најческа · Partie 6 sur 7 · Environ 21 minutes

Lire en English

Татко ми беше отиден на работа, што ми ја олесни таа средба – единствено со мајка ми.

Мама ме гушна, ме испрати до излезната врата со тажно лице, беспомошно, со солзи во очите. Тоа сето, со тие солзи во нејзините очи и она што го носев во душата, најмалку личеше на некакво радосно венчавање... Сепак, се надевав, иако едвај уверливо, дека овој наш заеднички чекор ќе го успокои него, ќе му помогне да ги среди пред се неговите внатрешни проблеми.

И уште една надеж во однос на детето, кое можеби ќе придонесе за поголемо зближување меѓу нас...

Наскоро дипломира. И двајцата бевме задоволни. Верував дека тоа ќе биде голема пресвртница во неговиот живот. Ќе се ангажира со сериозни обврски. Неговата професија е исполнета со голема одговорност.

Ни се роди син. Тоа беше некаков свет вон формални обврски.

Седевме сами покрај радиото. Се слушаше тивка музика.

Синот спиеше. Се ми изгледаше некако смирено, спокојно.

Неговата мајка беше отсутна, како повеќепати во последните два месеца. Одеше кај еден постар човек, со кого сакаше да се омажи, зашто повеќе години беше разведена од својот маж, од неговиот татко.

Станот во кој живеевме заедно со неа беше мал, иако двособен.

Во тој нејзин избор за брак постоеше опасност да останеме без стан. Ако таа го доведе тој човек со неа да живее, како што беше нешто споменала во таа смисла. Во тој случај ние би биле принудени да преминеме во станот кај една моја тетка, чии станари градеа свој стан и ги ослободуваа сите простории.

Тетка ми многу ме сакаше, а бидејќи беше осамена, повеќе години откако умре тетин ми, навистина ќе биде среќна да сум покрај неа.

Можеби мајка ми и татко ми би се согласиле да преминеме кај нив, но знаев дека ќе биде над нивните можности да бараат и да најдат заеднички јазик со мојот маж. За него и да не зборуваме.

Се тргнав кога го слушнав толку добро познатото студенило во неговиот глас, што непобитно ја одразуваше содржината на тоа што го зборува:

– Сите се чудат како сум се оженил со тебе. Можеби навистина требаше повеќе да размислувам... А и што можев...

Студенилото што избиваше од неговите зборови ме пронижуваше целата. Не наоѓав можности во себе што и да е да изустам. Па тоa е тој, оној истиот... ни малку изменет...

Молчев. Ако не бев во состојба да го спречам тоа што веќе го рече, барем да не предизвикувам да рече нешто повеќе, погорчливо, подлабоко, попресметано...

Но неговата намера не попушташе:

– Како што гледаш ништо не заврши, а и нема да завршиш, ќе бидеш најобична домаќинка, перачка, а можев да земам жена рамна на себе...

Зошто и натаму молчев... Навистина не наоѓав смисла да влегувам во спор со така евтини, пресметани зборови, мисли.

– Барем со мојата женидба да остварев некаква материјална благосостојба. Дури ни тоа... твојот татко е голем скржавец, не ти даде ни колку еден сиромашен родител... Ти го велев јас тоа и порано... моја драга... Но, кој може тебе нешто да ти докаже.

Секогаш си сметала дека си најумна, – не се откажуваше тој.

Во полутемнината на столната ламба плачев само за себе. Не сакав тој да го знае тоа. Зборови не реков, зашто знаев дека тој ќе најде уште пожестоки, безобѕирни, особено сега, во оваа, во извесна смисла моја безизлезна положба. А тој сега, во тоа веруваше – „голем човек“ – лекар.

Тоа мое молчење го предизвикуваше повеќе отколку да кажев што и да е. Беснееше...

– Молчиш. Тоа единствено ти останува. Што би можела да кажеш за работи кои се неоспорни вистини. Па уште и... се запиша на факултет, дојде до индекс; секако, добри желби. – Се смееше иронично.

Сакав да му викнам дека тој е виновен за тоа што не напредував многу со факултетот, јас, на која никогаш не и било проблем да научи, совлада и најтешка материја. Не учев поради целата негова тортура што повеќе од две години ја врши над мене, и уште тоа дете кое ме врза за куќата, и таа негова мајка, која стана вистинска гостинка откако јас дојдов во нивната куќа.

Дури ме сметаше должна се да работам, и за неа... Колку сакав сето тоа да го кажам... и како, и зошто, наместо сето тоа што ми викаше во душата – молчев! Тоа беше неговата долга школа, и моето совршено вклопување во неа. Дури, по малку, како да се плашев од него.

Се плашев и од неговите разбеснети чекори по скалите, кога одѕвонуваа по бетонот, и неговото силно трескање со вратите, кога таков влегуваше во куќата и веднаш бараше некаква причина за да се кара. И ако не најдеше ништо друго, ќе повлечеше со прстот по политирот на мебелот, со надеж дека ќе најде на него траги од прав, за да може потоа тој прст да ми го тутне под носот, или книга што не беше на своето место, да ја фрли низ прозорецот.

Кај кого да одам да му се поплачам, да се исплачам? Мојот син беше многу малечок за да ме заштити... кај мојата тажна мајка...

Зар затоа за да ја оставам да страда, дури и во оние моменти кога јас ќе наоѓам некакви решенија во целиот тој вител, кога во максимален компромис ќе ги покривам овие горчливи часови...

Или... кај мојот татко, кој единствено би бил среќен кога неговото мало девојче би нашло доволно сили, решителност, да прекине со сето тоа лажно, малограѓанско што го врзува, што го тера да остане во овој ваков живот, што само си го одбра...

Татко, знам дека само така би била достојна на тебе. Знам, твојата малечка ќерка те разочара. Можеби, татко, ќе ми простиш кога ќе сфатиш дека го правам за своето дете само тоа големо, што ти секогаш си го правел за мене, уште повеќе и најмногу во оној ужасен ден, за да ме заштитиш, кога... се сеќаваш, дојде, твојот сегашен зет, се сеќаваш на онаа негова цинична посета, а ти победнички ги изговори оние прекрасни силни зборови, победнички пред се над самиот себе, над тоа наследено... граѓанско... да, татко, ти тогаш беше повеќе од се татко, мој татко... мој голем татко!

Пливањето во овој матен вител, како пат, тешко ми паѓа, но ќе настојувам ни во еден момент да не се опуштам, зашто многу добро знам – ќе се удавам.

Одамна преминавме да живееме кај мојата тетка. Неговата мајка се омажи, го продаде станот и отиде да живее со мажот во еден помал град, земајќи под кирија посебна мала приземна куќа со голема бавча. Врските со неа, иако ретки, ги одржувавме. Понекогаш ќе допатуваше кај нас, колку да ги види децата, или да ги земе кај себе на гости, на неколку дена.

Нашите односи во ништо не се беа измениле. Дури и пред мојата тетка не му пречеше да ме навредува, да ми префрлува, а уште повеќе кога таа ќе отидеше на спиење.

Ако не најдеше некој конкретен повод, се враќаше далеку во минатото, ровеше по него... и тоа обично ноќе, кога и децата спиеја, а тој не беше дежурен во болницата.

Таа ноќ правеше се, како да имаше намера да постигне врв во тоа наше веќе доста долго глодање.

Моето воспитување, воспитувањето што ми го беа дале родителите повторно се наоѓаше на дневен ред. Тоа во неговата интерпретација беше буржоаско и без’рбетничко, најмногу затоа што наводно ме терале да живеам во некакви измислени светови, а не ме научиле што е вистински живот.

„Вистински живот“... – О, не! Најмногу ова што ти го градиш овде во нашиот затворен круг... најмалку тоа... тоа што ти си го научил во својата куќа, за жал, пред разводот на твоите родители, можеби и после, потоа... „Вистински живот“... не тоа што бегајќи го понесов од домовите на некои мои училишни другарки како горчливо сеќавање.

Вистинскиот, убав живот, исполнет со прекрасни тонови и бои, со радост, љубов, нежност, човечност, всушност тебе ти е непознат, недостапен, дури можеби и не по твоја вина, за жал – сосем непознат. Тој чудесен свет ти го одзеле уште во детството и ти оневозможиле засекогаш да го сознаеш... Грозно те казниле, можеби и сами несвесни дека тоа го чинат!...

Потоа, во таа иста вечер го споменуваше моето минато. Тоа беше голем збор за тебе... со навредлива смисла. Сакаше да го изобличиш, да го извалкаш... Зар моето минато... минатото на девојче... Колку си смешен... зарем не гледаш, тоа се патеки посипани со кристали... ѕвезди... Што е нечисто во него, зарем лицето кога по него се тркалаа солзи на девојче и неговата голема љубов?

И пак сакаше да одиш се понатаму и понатаму, да сквернавиш, пак го споменуваше „тоа“ како да не било првпат, и не со тебе...

дека пред тебе... пред тебе... Зар тоа тој, моето момче со цветови на макови во усните? Толку смешно... Невозможно...

Па ние... единствено тоа... синилото и усните и рацете... очите...

Не смееше тоа да го засегаш... навредуваш... Зошто влегуваш таму, најмалку таму е твоето место. Уште повеќе затоа што ти дојде после и го замати сето тоа... Го извалка. Се... и „тоа“, и се ќе беше многу поубаво ако ги немаше ваквите луѓе како тебе...

Слушав како велам:

– Треба да се срамиш што воопшто чепкаш по такви работи. Ти многу добро знаеш за се како било!

– Не знам, никогаш нема да знам... А всушност... знам, – и се насмеа иронично.

Тогаш реков остри зборови во револт, бранејќи го она чисто чедно девојче, што бев пред неговите допири... бранејќи го синилото и аловите макови.

Со дрски зборови, губејќи секаква контрола над самиот себе, ме навредуваше...и се повеќе ме предизвикуваше да му ја зборувам вистината, да му кажам што направи од мене, од мојот живот, да му барам да ми врати. Тој ме ограби... излажа... Каде е љубовта?... Нежноста... Каде си, љубов?...

Сето тоа го викав во фанатична решеност, барав од него да биде тоа што никогаш не бил, и што не би можел да биде... не може...

Во ужасен бес тргна кон мене да ме удри... но веднаш се тргна и, со остро движење отворајќи ја надворешната врата, излезе.

Во некаква неподвижност на телото и духот ми стануваше непобитно јасно дека навистина се работи за големи простори што не разделуваат, ги раскинуваат нашите светови, мојот и неговиот, како две ужасно различни суштини... а ете, сепак, за жал, по некаков чуден, речиси невозможен начин на ова хаотично, можеби дури и закономерно движење во животот, составени.

Сакав веднаш да си одам кај моите...Тие би ме прифатиле. Зар кај нив, сега во ова време од ноќта... не... нема да одам... Татко и мајко, овој пат јас ќе бидам вашата ќерка, која не ќе дозволи да ви се нанесе уште поголема болка.

Ќе барам и можеби ќе најдам некои патишта за мене и моите деца во овој живот. Моето доаѓање сега, вакво, кај вас, за вас би било премногу...

Ги слушнав неговите чекори. Знаев дека брзо ќе се врати. Ќе си дојде. Како што знаев дека јас непобитно, фатално ќе останам и никаде нема да отидам.

Ќе погледнам на синот и на ќерката, дали спијат со мирен спокоен сон, и ќе легнам во нашата заедничка соба.

Единствено што ќе помогне да се задржи овој наш заеднички живот, тоа е моето наполно повлекување во самата себе, во мојот свет, и неговото се почесто бегство во болницата, воопшто, вон куќата... Можеби единствено тоа и беше можност за да се остане заедно...

...Боже, се раздени! Целата сум се вкочанила во полуфотелјата.

Тоа беше една од моите бели ноќи, кога се враќав и роварев како некој старинар по книгите, по се што било и како било. Тој не беше дошол. Можеби е дежурен во болницата. Дури и не најде за потребно да ми јави дека ќе ја помине ноќта вон куќата.

Кога станав, забележав дека и тетка ми беше преспала во фотелјата... по нејзиниот стар обичај кога тој не ќе дојдеше.

* * * Зошто се уплашив од погледот на зелените очи, на балконот од новата зграда, наблизу, преку улицата, која се населуваше со станари во овие неколку денови? Би побегнала ако во нив, во тие очи, немаше нешто одамна заборавено, чедно... чисто синило.

Тогаш забележав дека црвенеам, иако знаев дека никој освен мене и него не можеше да ја забележи оваа средба на очите. Се обидував да не ги гледам тие очи... дури и се лутев на себе зошто своите не ги скривам со клепките... Не, неговите очи не сакаа да се одделат од моите.

Сепак, најдов сили да побегнам. Набрзо осознав од самата себе дека тоа бегство е краткротрајно, зашто не можев да издржам и брзо да не излезам, создавајќи си сосем површна заблуда дека излегувам заради тоа што треба, на пример, да ги полеам цвеќињата со вода во цреповите... или да го изметам балконот...

или...

Самозалажување, навистина неуверливо. Него го барав... тоа така светло синило.

Многу подоцна, во вториот, можеби трети от ден забележав дека е крупен висок човек, дека косата му е црна со совршено складни кадри, паднати на едната страна, речиси до црните широки веѓи.

Наскоро почнав да живеам само со тоа негово постоење, тука, речиси веднаш на дофат на раката, сосем непознат, а одеднаш...

близок... Но јас многу добро, јас, го познавав тој синкав сјај во очите, тоа светкање и недостижно милување на очите... очите што се бараат и наоѓаат за да се засакаат... кои сигурно ќе се засакаат.

Не можев да се препознаам себеси. Се во мене... Првин открив дека сум изненадена како сум можела до таква мера да го запоставам целиот свој изглед, бојата на косата. Фустаните...

зар тие беа важни за сето ова време откако бев вовлечена во тоа мачно чекорење? Речиси и ги немав.

Одев живо по куќата. Ништо не ми беше тешко. Ме возбудуваше сознанието дека секој момент кога ќе посакам, само кога ќе поса кам и ќе пречекорам до балконот, или само до прозорецот, ќе го видам... Него... тој ќе ме види мене.

Веднаш, уште пред сосем да се покажам, ќе знае дека сум тука...И во истиот момент лицето ќе му се разлее во прекрасна тивка насмевка, само за мене... Мене. Во очите ќе му надојде некаков волшебен сјај... поради мене.

Не знаев каков е изразот на моето лице кога гледав во него, но чувствував совршен трепет кој, бев убедена, никогаш не бил попријатен.

Чувството, сознанието дека некој ме забележал, ме одделил од другите, некои очи, дека тоа го прави среќен, и дека е во состојба со часови и часови да остане на балконот, само за да ме види во еден момент, ми даваше крилја... Тоа беше некакво мое враќање во живот.

Имав чувство дека повторно ми се враќа со знанието за сопствената вредност, сопствените квалитети... секако, поради некое нивно индиректно одразување во него.

Поради тоа што тој ме издвои, ме присвои како некаква посебна вредност за него. Следните денови навистина беше голема уметност пред мојот онаков маж да се задржи вообичаениот израз на лицето, да не се издаде. Ми се чинеше дека радост, и покрај моите севозможни напори, среќа, избива од секое делче на моето битие. Беше спасоносна околноста што мојот маж речиси деноноќно беше отсутен од куќата, а и она малку време кога ќе останеше во неа не ми го посветуваше мене.

Открив дека станувам пасивна кон се што тој, мојот сопруг, може да ми каже мене, да ме навреди... исмее, потцени.

Зар тоа можеше сега да биде важно, кога во мојот живот полека, но сигурно продираше топлина, која навистина ми доаѓаше се уште од далеку, но толку блиска, толку моја.

Најубави беа нашите „состаноци“ во ноќите кога мојот маж беше дежурен во болницата.

Месечината ќе шеташе по нејзината стара навика меѓу тополите, облевајќи ја во сјај прво едната, па втората, а тие копнежливо трепереа со гранчињата.

Тој, непознатиот, ќе ги изгаснеше светлата во станот и стоеше на балконот во блесокот на месечината, висок, убав, како извајан во соништата... недостижен... Со лицето свртен кон мене, со чудесен сјај во очите. Тој... чувствував, мене ми припаѓаше. Го насетував тоа во молчењето негово, во неподвижноста поради моето присуство. Како да се плашеше да не наруши нешто во тој таков фантастичен невистинит свет од соништата.

Таа ноќ, тој сјај... месечината меѓу црните високи тополи и тој и јас, единствено ние во тоа немо молчење, а бескрајно речито, бескрајно убаво.

Тоа траеше часови и часови... до конечно исцрпување...

Тогаш ќе влезев во куќата, со дефинитивно решение веќе да не излегувамам, да легнам, да заспијам... сепак ќе излезам само толку... да видам да не е тој се уште таму. И кога навистина ќе беше, со израз на лицето само нам и единствено нам разбирлив, ќе му речев, ќе го молев да оди да спие.

Потоа долго во темнината на собата, ќе го чував изразот на неговото лице, очите. Усните... неговата стасита, мене веќе така блиска појава.

Тоа веќе доста долго траеше.

Понекогаш ќе се уплашев од можеби случајниот испитувачки поглед на мојот маж врз моето лице, или тој така ќе ми се стореше, што веднаш ќе се обидев да се зафатам со некаква работа, да го избегнам. Штом тој ќе излезеше од куќата, ќе се почувствував како ослободена птица и брзо ќе летнев да го барам неговиот поглед, тоа што со него долго и долго ми прикажуваше, што на некаков начин навистина ми стануваше неопходен, составен дел од мојот живот. Во тие моменти чувствував дека повторно живеам, и дека мојот живот до вчера бил самоумртвување.

Пак сите спиеја. Пак мојот сопруг беше дежурен цела ноќ во болницата. Тетка ми одамна спиеше. Ноќта беше толку тивка што навистина сите беа задоволни, и месечината и ѕвездите... и штурците и цвеќињата во полето...

Во таа вечер чувствував нешто посебно во нашите средби со очите... Некаква невидлива сила не влечеше незапирливо еден кон друг. Мускулите на лицето ми потреперуваа... целата јас...

знаев, и нему, и целиот тој.

Дури не мислев на тоа што понекогаш ме загрижуваше – ова наше гледање да не стане забележливо за другите соседи. Како земјата и оваа прекрасна ноќ да постоеше само заради нас двајцата, заради убавината што доаѓа од срце в срце непосредно... по некои невидливи нишки, неразбирливи и за нас самите.

Тогаш тргна решително, забрзано назад во станот и, веднаш знаев – по скалите надолу, на улицата, кон мојата куќа, кон мене...

Бев убедена дека не можеше поинаку. Не можев ни јас. Дури мислев дека рацете ми беа подадени кон него во пресрет, и усните... и целата јас.

Треперев ужасно... незадржливо... како сето ова што се случуваше во овој речиси измислен свет, неизбежно како судбина...

Вратата ја бев отклучила и ги слушнав неговите решителни чекори, неодложни... како ударите на моето срце... Дури и не се сеќавам кој ја отвори вратата, јас или тој. Се сеќавам на секоја подробност... убавината на решителните снажни, љубени раце, кон мене за прегратка, најубава до невистинитост, нежна и топла, долго и долго и премногу сакана. Бев избезумена од невозможноста, од невистинитоста, од исклучителноста на тој момент.

Не стоев на своите нозе. Тој ме понесе... ме понесе топлината, прекрасниот трепет на бакнежот. Бев заборавила дека тој допир на усните, саканите усни може да биде недостижно убав.

Личевме на некои избезумени од љубов привидувања, загубени во нежно, едвај вистинито милување.

Не знам како најде сили да ми каже:

– Веќе не можев поинаку... – шепотеше, а јас и не слушајќи ја содржината на зборовите уживав во тонот, во бојата на неговиот глас, како некој одамна познат и така, многу драг, свој. Што ли ќе ми донесе во мојот живот натаму?

Што беше тоа што ме натера толку брзо да му поверувам на тој човек, да го почувствувам така близок? Па јас речиси и не го знаев! Очите. Изразот во нив. Изразот на лицето. Интересот за мене, мојот за него. Некоја невидена интуиција. Некои несознаени и за самата мене, а веројатно и за него, некои невидливи струења од едниот до другиот на сродност...

истоветност.

Овој до недостижност чеден прв допир не ме оттурна, ами ме присвои фатално, засекогаш.

Го кажа своето име и презиме, и што работи и каде да го најдам, и си отиде... Имав чувство дека исчезна.

И би плачела и би се смеела од радост, од безумство, од среќа, од убавина.

Повторно како да се враќав во живот. Дури можеби не поради можноста да се состанувам со него. Моето сознание дека тој постои, дека ме сака, дека го сакам, победуваше се друго и беше доволно само на себе.

Чекорите негови, кога си отиде, не ги слушнав. Не го видов кога помина пред куќата. Легнав во темнината со неговата прегратка на моето тело, со топлината на бакнежот на нашите усни. Тој постои, тој е вистински, тој баран во соништата!

Се чудев како ни во еден момент не чувствував грижа на совеста. Како навистина да се беше случило нешто што е сосем природно, што не можело поинаку да биде, не можев поинаку да постапам.

Во таа вечер сакав да ја разбудам тетка ми, да најдам некого кому ќе му раскажам како е тоа... колку е многу... се. Ми се чинеше дека ќе почнам гласно да си зборувам самата на себе, или барем на темнината... таа и без тоа беше единствен сведок на овој наш сјај во очите.

При повторната средба ми раскажа дека работи како инженер, и токму во тоа време на еден проект на хидроцентрала. Со каков занес, љубов, ми зборуваше за својата работа! Од секој негов збор зрачеше нешто човечко, топло, нешто богато, од кое ти доаѓаше желба да бидеш подобар од тоа што си бил кога било.

Имаше во него нешто славјанско, широко, распеано. Тоа сето, и уште многу што го откривавме еден во друг при секоја нова средба, ми го правеше животот сосем поинаков, нешто друго од тоа што дотогаш беше, исполнет, осмислен.

Потоа почна нашата нерамноправна борба со се што претставуваше студениот реален свет и неговиот јавен морал.

Единствен начин да ги избегнеме неговите остри заби беше скривањето.

Тоа најмалку ми тежеше. Бев постојано во некаква напната состојба, но не се плашев од ништо.

Нашето сврзување не опфаќаше се повеќе, стануваше животно.

Беше љубов. Не бевме ни свесни дека световите на нашите животи се поцелосно се спојуваат. Односно, тоа не беше спојување, ами една совршена истоветност.

Еднаш, кога се состанавме, тој ме распрашуваше за моите студии и ме искара за мојата малодушност, за тоа дека сум престанала да полагам испити, дека сум се откажала од намерата да го завршам факултетот. По тој разговор бев вознемирена, а истовремено израдувана – тој верува во мене, во моите способности, можности! И уште повеќе од тоа – тој наскоро побара од мене да учам, ми поставува рокови за полагање, задачи! Ќе можам ли да го сторам тоа, сега, по толку години?...

Колку ли беше вчудовиден мојот маж кога забележа дека секојдневно, систематски учам, и уште повеќе дека одам на факултет на часови. Со што ли се бев оптоварена во душата кога тргнав да го полагам првиот испит. Ќе успеам ли – заради него, мојот сакан, заради себе, а и за да му докажам на тој што живееше крај мене толку години, упорно, цинично сузбивајќи ја мојата личност?

Првиот успех толку ме ослободи, ме повлече напред, што веќе не чувствував никакви тешкотии натаму во врска со учењето.

Како би можел тој, мојот маж, да си претпостави дека јас сето тоа во врска со факултетот го правам поради мојот сакан? Бев успеала маж ми сосем да го игнорирам, и неговото постоење во мојот живот, тука веднаш крај мене, да го чувствувам како некакво механичко неизбежно присуство, со закон определено.

Во еден разговор со саканиот за театарот, за операта, открив со горчина, открив за самата себе дека сосем сум го загубила тој свет, што некогаш беше мој начин на живеење. Исто така одамна не ги бев следела новите книги, толку многу бев потоната во тој тесен, премногу тесен свет, што тој, мојот сопруг, го изгради за мене.

Мојот мил долго, кога бевме заедно, ми раскажуваше за драмите што ги беше гледал, за оперите што ги слушал и овде, во нашиот град, и во други поголеми градови каде одеше службено. Ми пренесуваше содржини на прекрасни филмови за човечност, благородни амбиции, за возвишени човечки карактери и чувства, за радости и таги, што јас некогаш толку многу ги сакав. И со секоја нова средба израстуваше како човек во моите очи, во моето срце и се спојуваше со ликот на човекот кого го бев создала во душата.

Тоа не беше само негово еднострано изнесување на своите впечатоци, забелешки, а мое пасивно слушање на недорасната.

Ме вовлекуваше неосетно во заемно толкување на сите тие факти за кои зборувавме. Тој бараше потврда, проверување на своите сфаќања, и јас на моите. Често се воодушевуваше од моето резонирање... возбудено ќе ме привлечеше кон себе, и јас знаев дека тоа сме ние заедно, едно... истовремено јас таа права, вистинска.

Се гордеев со него и кога ќе ми раскажуваше за луѓето на работа, за себе, за своето место во тој вриеж, во таа активност, создавање! Мечтаев, не, копнеев за едно такво, мое место, што ќе биде вон овие четири ѕида, и за кое веќе се борев полагајќи испити на факултетот.

Бев покрената од мртвилото. Целата во напрегнатост.

Сепак, со секој нов ден ми стануваше се повеќе и повеќе јасно дека во изборот за брак навистина бев направила фатална грешка во мојот живот и се осудила самата себе на едно имитирање на животот, а не право, вистинско живеење.

Можеби поради тоа, средбата со овој мој сакан човек и ваквото сврзување со него беше резултат на моето горчливо сознание за невозможноста да се менува се; за тоа дека повремено само ќе се издигнувам над тој порој, на кој сум му се препуштила, но никогаш сосем нема да се ослободам од него.

Колку нашата љубов стануваше посериозна и подлабока, толку повеќе се плашевме за неа, ја чувавме и од најмали опасности.