Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Butterfly with Soaked Wings

Front Matter - Part 02

Par Драгица Најческа · Partie 2 sur 7 · Environ 21 minutes

Lire en English

– Дојдете пак, – чув како реков и истовремено го забележав неговиот изглед на изгубен, сосем несреќен човек во претсобјето, веројатно поради тој завршен, дури неразбирлив момент на сето тоа што се случи. Изгледаше како да не знае што ќе прави со своите раце, каде со своите очи, со своите усни.

Тргна со несигурен чекор да ја придружи до станицата.

Одеднаш сфатив дека дојде тоа најстрашното, дека настапи моментот кога ќе останеме повторно сами, ние двајцата во овој стан очи в очи.

Каде да бегам, што да правам? Не, не верувам дека тој ќе дојде од станица право ваму. Сигурно не. Можеби ќе дојде подоцна, ноќеска по полноќ.

Не го мразев. Но ме згрозуваше помислата дека би можел, тукушто ќе дојде, да ми пристапи со оние исти раце со кои неа само пред малку ја гушна на станицата, со оние исти усни на кои се уште стои нејзиниот бакнеж. Би го мразела истиот час, би ми станал одвратен. Не, тоа никако не смее да се случи.

Можеби сепак е најдобро да ја напуштам куќата.

Не, ќе останам, ќе издржам докрај.

Не помина многу време, слушнав чекори во претсобјето, некако забрзани, а нерешителни. Беше тој.

Значи, решил да не бега од вистината, да се исправи пред неа.

Веднаш, без одлагање. Бев изненадена кога видов дека остана во претсобјето и бараше музика на радиото.

Неговото присуство ја исполнуваше куќата. Сепак, подобро што дојде. Веднаш што се врати. Седеше неподвижен во фотелјата и пушеше. Музиката се разлеваше смирено и како единствен звук во куќата. Имав чувство како се да е изумрено...

И... ние.

Вратата на мојата соба беше полуотворена. Ме имаше опфатено некаква премреност, не можев да направам какво било движење. Како да се плашев дека и со најмал шум ќе го расипам ова молчење, оваа тишина, што беше единствено возможна по се што се случи.

Повеќе потсвесно ги слушав зборовите на песната што некој дует ја пееше на радио. Бев вчудовидена... Дали тоа беа вистинските зборови на таа песна или само се формираа во мојата глава, јас ги измислив?

Секој збор од песната се совпаѓаше со се што се одигра во овие последни дваесет и четири часа меѓу мене и него. Станав како крената од нешто посилно од мене во пресрет на тие зборови, или бегајќи од нив само доаѓав поблиску до него, за да видам дали тој ја слуша песната.

Лицето му беше свртено кон мене уште пред да застанам како закопана на вратата, ни чекор натаму.

Се му потреперуваше на лицето... Имаше жален беспомошен изглед на дете што згрешило.

Липав... Липаше се во мене. Ми се чинеше дека секој момент ќе срипа и очајнички ќе ме притисне на градите.

Лицето му беше свртено кон ѕидот. Не најде доволно храброст.

Можеби поради моите остри зборови изутрината во кујната, кога сакаше да ме прегрне. И во оној момент, утрото, верував дека нешто страшно силно го беше привлекло кон мене. Знаев дека тоа не беше гест за утеха. Од друга страна, не ја сфаќав логиката на одржување врска со неа. Можеби таа логика не беше различна од онаа што го одржуваше мојот брак, иако се работеше за различни светови...

Прекрасно усогласен дует го пееше крајот на песната.

Моето липање не престана. Потреперував со целото тело. Во тој момент некој да ми ја извлечеше душата и да ја наредеше во стихови, таа песна и мелодија од радиото сами би се составиле.

Се ми се мешаше во главата. За првпат во животот наоѓав оправдување за луѓето што умираа намерно во моментите на очајување.

Тргнав со бавни чекори назад во собата. Очекував секој момент да ме викне, да тргне по мене.

Не се помрднуваше.

Ја пропуштивме можноста за повторно зближување во ова неверојатно совпаѓање на зборовите од песната со нашата тажна вистина.

Крајот на песната „никогаш повеќе мој, никогаш мој“, што на почетокот ми се чинеше како единствено можен, правичен, како казна нему, ја губеше својата содржина и не наоѓаше место во моето срце.

Постепено станував свесна дека љубовта повторно е присутна во оваа куќа. Дека повторно излегува од секое катче. Како да се беше скрила само привремено, за малку.

Целото негово неподвижно присуство во претсобјето зборуваше дека нашата љубов издржала еден голем испит.

Преку некои невидливи нишки што доаѓаа од него кон мене, чувствував дека ме сака, ме сака можеби повеќе од секогаш...

Беше мој...

Се испружив како статуа неподвижна на креветот во мојата соба. Безгласна. Ме уплашуваше и најмалото движење што тој ќе го направеше.

Тогаш знаев дека тивко, речиси нечујно легна, на зелениот кауч, како да имаше само уште толку малку сили.

Минуваа долги моменти...

Во мене се бореа две жени... Таа што беше повредена, понижена, фрлена, и другата, појака од се, таа што љубеше.

Борбата меѓу нив беше непомирлива. Си покажуваа една на друга заби, викаа, се плазеа.

„Ти си најобична кукавица, без достоинство, без гордост, никаквица. По се тоа треба да го презреш, отфрлиш, да заборавиш на неговото постоење“, викаше првата.

Другата имаше само еден единствен аргумент, но моќен, непобитен. Тоа беше љубовта. Љубовта што го обземаше целото нејзино битие и ја влечеше кон него, незапирливо, како судбина. Жедуваше за секој најмал негов допир, за шепотот на саканите усни, за трепетот на возбуденото тело, за немиот, а така јасен разговор на саканите очи.

Првата со презир гледаше на неа и, не можејќи да ја поднесува, го напушти достоинствено спорот.

Втората тивко уживаше во својата среќа, не ја изневери љубовта...

...Стоеше пред мене, за првпат во овие два последни дена со отворено лице и чист поглед. Не чув кога влезе. Можеби затоа неговото присуство го чувствував како некакво привидение, така сакано, така љубено.

Ги прифатив рацете што ми беа подадени и усните, на кои немаше ни трага од бакнежот на усните на онаа друга жена. Тоа беше само наш бакнеж, само наши усни, само и единствено наша љубов.

Усните и лицата ни беа влажни, а во очите беше присутно нешто повеќе од солзи.

– Речи те сакам, – шепотев по нашиот стар обичај, со шепот што единствено тој можеше да го слушне, или повеќе да го предосети.

– Те сакам, многу те сакам, најмногу, – ме притискаше на своите гради, шепотејќи зборови со усните што едвај ги составуваше меѓу бакнежите.

Знаев дека само привидувањата ја имаат таа моќ да ги произнесуваат овие зборови како тој... вака да шепотат за љубовта.

Ни сега не сум свесна што беше тоа што ме натера да ги изговорам следните зборови, како на некаков начин да барав уверување дека ни за момент не престанало моето постоење во неговото срце. Реков:

– И вчера, нели, и денес, мили?

Никој не би можел да го опише неговиот израз на лицето, ни гласот со кој рече:

– Уште повеќе вчера, мила, уште повеќе денес...

Имаше во тој глас нешто страшно и прекрасно, бескрајно страшно и прекрасно.

Таа жена во мене која љубеше, застапувајќи го своето однесување пред другата, зборуваше: „Не слушај ги ти овие зборови, не самите зборови, вслушај се во тоа што е во гласот содржано... Ако тие ме лажат, нема да ме излажат ни рацете, ни усните, ни шепотот на бестелесните битија“.

Пак ми припаѓаше секој трепет на неговото тело. Се гушнувавме, се љубевме до заборав како привидувања, до крајни можности, до целосно исцрпување...

Го држеше само мојот малечок прст од раката, така, како дете, како за тоа да не се изгубиме, како само толку за да се убеди дека сум тука, дека постојам, дека не ме оттргнаа од неговата силна прегратка дури ни овие мачни работи што ни се случија.

Темнината господареше со куќата и љубовта што лебдеше секаде по станот.

Очите повторно ми се замаглија... Зошто пак сега?...

Чувствував дека му простив и затоа плачев од среќа.

* * * Ноќта беше тивка, блага, со полна сјајна месечина. Уличните светилки примижуваа од нејзиниот блесок.

Стоев на балконот, по обичај чекајќи го мажот, кој редовно доаѓаше доцна. Осамена. Празна. Тогаш се испружив на старата, но удобна фотелја. Да се седи во неа беше вистинско задоволство.

Месечината тонеше меѓу црните силуети на тополите, будејќи некаков копнеж, носталгија, некаква неизмерна желба за убаво.

Во овие моменти ми беше пријатно тоа што мојот сопруг не беше тука, што задоцни. Одамна тоа убаво престана да биде врзано со него.

Старата тетка дремеше на изветвеното канабе во својата соба.

Низ отворениот прозорец во темнината едвај ја здогледував нејзината силуета, како слика од некој фантастичен филм. Со години не одеше да легне во креветот, пред да го дочека доаѓањето на мојот сопруг. Потоа, откако тој ќе дојдеше, стануваше и се нишкаше по собата сонливо, мрморејќи по старски, незадоволна поради неговото доаѓање доцна.

Куќата се наоѓаше во предградието, така што доаѓаа различни мириси од околните бавчи, свирење на штурци што го развеселуваше овој ноќен амбиент.

Сето тоа околу мене ме влечеше назад во минатото, во оние немирни безгрижни момински денови, исполнети со неспокојство и мечти, полни со верувања за прекрасните работи во животот што понатаму треба да дојдат.

Можеби тоа беше само една потреба за враќање назад и не знам по кој пат разглобување на настаните во сопствениот живот, со едно за или против тоа што било и како можеби требало да биде.

Одамна моите родители останаа сами, без нивното малечко девојче, како што сакаше да ме вика татко ми. Децата постепено, незабележливо за тие што ги создале и ги подигале, се откинуваат од нив и почнуваат да живеат свој сопствен живот...

Бев сама, без браќа и сестри, и можеби затоа мајка ми и татко ми се грижеа за мене со претерана нежност и внимателност.

Татко ми беше многу добар човек, редок интелектуалец, со големо богатство на духот и непоправлив оптимист.

Мајка ми, смирена и блага, неспособна да се навреди, налути, на кого било, прекумерно трпелива.

Моите први впечатоци за животот се врзани за книги со најразлични бои и заглавија, наредени достоинствено во огромна библиотека, што допираше речиси до таванот од дневната соба на нашиот стан. Бев научила да читам многу пред да тргнам на училиште.

Постојано ме заобиколуваше еден голем разновиден свет на играчки, сликовници и книги.

Првите мои средби со другарките во училиштето и моето одење во нивните куќи почнаа да ми откриваат нешто друго, еден свет кој не секогаш и речиси никогаш не беше еднаков со оној свет што го носев во душата како свој, како свет на моето семејство.

Се сеќавам колку исплашено се тргнав кога, пишувајќи задача со една моја другарка во нејзината куќа, слушнав како со груб, тогаш за мене ужасно груб глас, вика нејзиниот татко на мајка и. Уште повеќе ме изненади тоа што таа, мојата другарка, не обрнуваше внимание на тоа. Сфатив дека тој начин на однесување на нејзините родители за неа беше нешто обично.

Потоа, не знам зошто, но секогаш ја влечев да дојде кај нас да пишуваме задачи, а не кај нив.

Или еден друг случај, што многу ме натажи и ми остана во неизбришливо сеќавање за целиот живот. Одевме по улица, една моја другарка и јас, и одеднаш некаков пијан човек, неизбричен, со развлечена валкана кошула и со полупаднати панталони, кого пред тоа не го забележавме, ја повлече брзо за раката и насила ја тераше да тргне со него. Таа само со тажни очи ме погледна и тргна. Сакав да плачам, да викам по луѓето да ја оттргнат и се стрчав по неа, плашејќи се да го сретнам по гледот на крвавите очи на тој пијан човек, кој речиси ја влечеше. Но, во тој момент мојата другарка ми довикна:

– Тој ми е татко!

Имав чувство како некој да ме удрил силно по главата. Брзо се стрчав кон дома. Трчав како обезглавена до нашата куќа, таму да се скријам, во тоа што беше наш дом, каде што, тогаш ми се чинеше, единствено можам да живеам.

Мајка ми долго се обидуваше да разбере што ми е, што ми се случило. Молчев како заколната, како да ми е поверена некоја грозна тајна, што не смеам да ја издадам. Секако, поради тоа што беше тајна на мојата другарка од училиштето, што јас никогаш не би ја дознала ако случајно не се враќав со неа тој несреќен ден.

Никогаш не им раскажував на мајка ми и татко ми за тоа што го доживував надвор од дома, како да се плашев дека ќе ми забележат зошто го гледам и слушам и тоа што тие не ми го дозволиле, од што ме зачувале во оваа хармоничност и добродушност на нивната тивка среќа. Таа вечер, лежејќи во темнината, чувствував длабока благодарност кон моите родители што ми го беа создале тој наш свет во домот, свет на длабока топлина, грижа и негрижа, свет на човечност.

По неколу години школување, книгите ме повлекоа незапирливо, така што им се одда вав со денови и ноќи, неуморно барајќи ја вистината во нив и одговор на сите прашања што ме измачуваа. Тие станаа мој втор свет, исто така близок, исто така сакан.

Со татко ми и мајка ми, седејќи навечер во куќата, повеќепати прикажувавме за се што ме интересираше. Дури почнав повремено кај себе да откривам некаков отпор кон дефинираните, установени вистини што тие понекогаш ги застапуваа.

Тој отпор често се изразуваше во некои ситни работи. Како, да кажеме, немање желба да носам црна престилка во училиште, единствено и само поради тоа што таква наредба издал директорот.

Мојот татко во врска со тоа ќе направеше цела анализа за неопходноста и логичноста на таквото барање од училиштето.

Ако директорот на училиштето, разбирливо – во име на колегиумот, донесе решение дека учениците треба да носат црни престилки, значи тој опстојно ги разгледал причините за да донесе такво решение и тука нема што да се размислува. Ти ќе ја носиш.

Или, да кажеме, „Ученикот не смее по осум часот навечер сам да се движи на улица. Тоа значи дека не смее без родители да оди и на театар“.

– Татко, јас вечерва со неколку другарки и другари ќе одам на театар, – реков една вечер ладнокрвно, дури малку и предизвикувачки.

По кусо молчење тој рече:

– Ти знаеш дека тоа не е позволено.

– Но зошто, татко, тоа е театар, тоа не е место каде што се нарушува авторитетот на учениците.

Тогаш тој додаде:

– Знам, но тебе многу добро ти е познато дека, според прописите на училиштето, е поинаку. Ако сакаше да ја гледаш оваа претстава на театарот, требаше тоа мене да ми го кажеш, јас ќе те придружев, а верувам и мајка ти.

Знаев дека е тоа така. Дека тој тоа би го сторил. Но, не беше важна самата претстава, ами некаков пркос на тие наши години против нешто што е пропишано, установено како некаков ред.

Се разбира дека таа вечер отидов на театар, со групата од мојот клас.

Татко ми утредента не се ни обиде да ја продолжи дискусијата.

Само мајка ми благо ме прекори, но повеќе поради мојот однос кон татко ми, што во случајот и личеше на непочитување.

Не, мамо, тоа не беше непочитување, најмалку тоа. Можеби младоста сакаше да живее со помали ограничувања и крутост, и тоа се повеќе, колку бевме поголеми, колку станувавме понемирни...

Бев целата еден немир, едно нетрпение... Седејќи во театарот и воодушевувајќи се од извонредната глума на глумците и глумиците, се замислував себеси како голема, прочуена глумица, глумица со светски глас, целата во цвеќиња, букети, маса обожаватели, силни аплаузи... По претставата дома долго се запирав пред огледалото во полутемнината и ги студирав цртите на своето лице, ги имитирав изразите на лицата на глумците во трагичните улоги...

Гледајќи ги воздушестите движења на балерините, не сметав за невозможно да научам и најтешка фигура, да направам најнежно движење на рацете...

Танцував скришно во мојата соба. Тоа младоста танцуваше во мене.

Го гледав секој филм. Се повеќе и попродлабочено ги читав најубавите дела од светската литература, и никој не би бил во состојба тогаш да ме разувери во тоа дека насекаде во светот победува само она што е убаво и добро.

Сепак, најсреќна се чувствував во клупата на нашата училница.

Сакав да се дружам и со девојчиња и со машки речиси еднакво, ако беа добри другари.

Секојдневно потонував во тој вриеж на ученички грижи и немири. Не имаше секакви. Од премногу повлечени, добродушни, до премногу смели, дури дрски. Сепак, сите некако слични, дури исти, не по црната боја на престилките и блузите, ами по тоа што секојдневно го донесувавме во себе влегувајќи во класот и пак го носевме во себе одејќи си дома.

Што се случи тоа во тој ден, дури не можев да сфатам.

Веројатно само тоа... Ме погледна со своите сини чисти очи право в очи и тогаш се засрами. Не знам и самата зошто и јас се засрамив... Всушност, пак, тој срам беше предизвикан од нешто што го почувствувавме независно од нашата волја, некаде длабоко во свеста, и како да се исплашивме.

Потоа избегнувавме да се погледнеме. Секако, плашејќи се во очите да не го откриеме повторно пак тоа. Но, на некаков начин, индиректно, имав чувство дека тоа го чиниме, дека се гледаме очи в очи, иако всушност гледаме еден во друг крадејќи мигови кога оној другиот не гледа. Тоа беше почеток на играта.

Ми се чинеше дека сите веќе го знаат тоа. Сите во класот, иако едвај го знаевме и ние. Ние двајцата. Во секој случај, тоа за нас двајцата веќе беше некој вид издвоен однос, наш... Тоа сознание страшно ме возбудуваше, збунуваше, така што во негово присуство се однесував неспретно, дури понекогаш и смешно.

Тој исто така.

Иако отсутно следев што предаваше професорот за време на часот, чувствував дека целата сум пренесена накај него, горејќи од нетрпение – што ќе се случи понатаму. Истовремено, се плашев од училишното ѕвонче.

Одвреме навреме повеќе инстинктивно ќе ги почувствував неговите очи на мојата коса, и за ништо на светот во тој час не би се осмелила да се свртам и да се сретнам со неговиот поглед.

И дури кога би можела, знаев, тој веднаш би побегнал со неговите очи.

Следните денови беа исполнети со чудотворно нова, непозната дотогаш возбуда, неспокојство, слабеејќи го се повеќе нашиот отпор и издигнувајќи го немирот до крајна граница.

И сакавме да бидеме сами и се плашевме од тоа.

Само на некаков посреден начин ми помагаше; ќе ми подадеше линејка, иако не ја барав од него, или ќе ми заостреше молив, ќе ме заштитуваше во време на послободните закачки од другарите, или кога ќе игравме одбојка во дворот, ми потскажуваше ако размислував пред да одговорам на часот, плашејќи се да не сум пропуштила да научам. Сето тоа ми беше мило, ме исполнуваше со топлина; и пак со некакво молчење, така нему разбирливо, му давав на знаење дека ете јас знам, чувствувам, тој се грижи за мене и уште повеќе, дека тоа не е обична грижа, не таа секојдневна.

Потоа се случи еден мал настан што некако не раздели, навистина мал, но за мене голем во тие први несмели летови.

На одморот меѓу два часа едно од момчињата во класот ја стави раката во неговата чанта и високо кревајќи ја покажуваше некаква сли ка, немирно бегајќи меѓу клупите. Тој, откако го виде тоа, се стрча по него и со краен напор се обидуваше да му ја свитка раката и да ја истргне сликата.

Отпрво не обрнував внимание на тоа, но почувствував дека смеењето на класот има некаква врска со мене, дека тоа се однесува на него и мене. Тогаш сфатив дека на сликата не е никој друг, туку јас. Не можев да поверувам. Од каде кај него моја слика?

Се срамев поради таквиот однос на класот кон него и кон мене... Како смееше тој тоа да го позволи, па дури и ако успеал некаде да набави моја слика (секако, ја украл од некоја моја другарка), не смеел да ја носи во чантата, а уште помалку да позволи некој друг да ја види.

Бев разбеснета. Немаше смисла да им се докажува на другарките и другарите дека јас не сум му ја дала таа слика, дека тој не ја зел од мене, дека тоа нема врска со она што тие го мислат. Не беше можно да се менува впечатокот. Чувствував како нешто совршено чисто, а што беше единствено моја и негова тајна, како да беше извлечено некаде надвор на еден безобѕирен начин, каде што не може да опстане поради својата чистота и нежност.

Тој целиот беше збунет и беспомошен. Всушност, се мачеше поради тоа што сум јас во прашање, што мене, за која се би сторил најубаво, ете со својата невнимателност, а можеби и поради таа палавост на неговиот другар, направи такво нешто.

Минуваа денови. Иако чувствував дека е невозможно нешто така небитно да го прекине тој почеток на совршена заемност, се плашев. Навистина се плашев од тој прекин. Ми се чинеше дека не можам да живеам без тоа што почнавме да стануваме еден за друг и дека ни е неопходно пак да се најдеме. Очите повторно се сретнаа еден ден кога почувствував дека го бара мојот поглед, за да ми се поплаче, да искаже колку му е тешко без моето макар немо присуство, да ме измоли да му простам.

Да одам на кино сама да гледам филм беше за мене најголемо задоволство. Останувајќи во темнината се чувствував владетелка на таа темнина, на самата себе, чувствував безгранична слобода да ми течат солзи или да се смеам, да гледам во тоа што се прикажува на филмското платно или да ги следам слободно своите мисли.

И тој ден одев со таква намера во некакво посебно расположение и желба да бидам сама.

Речиси се уплашив кога го видов со еден наш другар од класот на шалтерот како купува карти за кино. Беше сосем логично да му дадам пари и мене да ми извади карта. Ни во еден момент не се колебав да одам со нив заедно да го гледам филмот. Тоа за мене и за него беше голем настан. Еден смел, решителен чекор во нашите малечки несмели потргнува ња, што не влечеа еден кон друг.

Тој, неговите чисти сини очи, не го скриваа безграничното возбудување и радоста поради таа случајна средба и нашиот заеднички нем договор да го преминеме просторот што не држеше на големо растојание.

Седевме во салата на киното треперејќи од возбуда, од темнината, од постоењето, тука за првпат така непосредно, така близу еден покрај друг.

И го сакавме и се плашевме дури и од случајниот допир во темнината, дури и од немиот говор. Чувствував дека лицата ни беа румени, согорувајќи во оној свет во кој бевме немоќни да господариме, каде што моравме да ја предаваме играта.

И не се сеќавам на заглавието на филмот, едвај само на по некоја слика. Нашиот живот, првите чекори во него, во нашата младост, ги чиневме во полутемнина, позволувајќи само раката да ја држи раката, двете растреперени од нежност, од неспокојство. Каде, во кој свет водат тие први до невозможност чедни допири... Први, и единствено за тоа постојни, заради оние допири на очите... на душите.

Тоа, за тоа никој не смееше да знае... ниту другарот што седеше покрај нас. Се требаше да остане тајна, а зошто – не знаевме ни тој ни јас, можеби затоа, за да не се наруши тоа совршеното, чудесното.

Полека тргнавме дома, најпрвин плашејќи се од таа светлина што не пречека вон салата на киното... Плашејќи се да си погледнеме еден на друг во очите. Човекот е послободен во темнина, дали поради самообманата дека се скрива во неа.

Тоа, другото момче, како да почувствува дека е непотребно неговото присуство, се извини и со брзи чекори си отиде оставајќи не сами.

Сакав да го задржам, да се стрчам по него, но не направив така.

Тоа другото во мене ме спречуваше.

Тргнавме еден покрај друг по алеите на полутемниот парк, очекувајќи со страв да се случи нешто необично. Жалните врби со спуштени сентиментални гранки го потиснаа нашиот последен отпор.

Во еден момент почувствував врелина на усните. Беа тоа неговите усни на моите усни. Ми се чинеше дека се се обои во црвено, и лисјето, и дрвјата, и небото, и ноќта. Црвено како радост, како среќа...

Никогаш нема да ја заборавам неповторливата нежност на тие раце, кои неопитно ме држеа во прегратка, прва и единствена, и ноќта што ни помагаше да ја задржиме недостижноста на тие моменти во очите.

Не, немавме смелост да го повториме тој допир на усните, само си ги држевме еден на друг растреперените раце, едвај не плачејќи од среќа, од убавина, не знаејќи зошто...

Кога дотрчав дома си личев на престапник, кој не смее да му се покаже пред очи на никого.

Брзо, нечујно како повев на ветар влегов во својата соба без да запалам светлост... Би танцувала во темнината како невистинско суштество од тоа прекрасно чувство што ме беше обзело, што дури и во мислите се плашев да го наречам љубов.

Лежев неподвижна, свртена со лицето кон таванот, а секаде во темнината лебдеше најчистото синило на неговите топли очи и вжарена, како најубави макови, неговата уста.

Се би дала долго да останам сама во таа соба, во таа темнина.

Да не одам на вечера, да не морам ни за момент да се оттргнам од убавината на тоа ново чувство што владееше со мене. Уште повеќе, бев убедена дека нема да бидам во состојба ниту со највешта глума да го скријам од мајка ми и татко ми тоа што се случи со мене. Проникливите очи на мојата мајка ќе го сфатат и најмалиот трептеж на моето лице.

Долго никој не доаѓаше да ме вика. Секако, не знаеја дека сум дошла. Им бев благодарна за тоа што ме оставија да уживам со сето она што го носев во душата таа вечер.