Ѓ. ЗАМЕНАТА НА РЕФЕРЕНЦИЈАТА, СО ИМЕ ЗА НАДВОРЕШНА УПОТРЕБА, Е ПОГУБНО РЕШЕНИЕ - Part 02
Дел од тоа елабориравме и во овој текст. Истовремено, и уставниот поредок веќе отворено и јавно се доведува во прашање, со директни иницијативи за негово рушење (Муса Џафери за федерализацијата; албанизирање на општините...).
47. 6. Ако во овој дел започнавме со хипотези, и да завршиме со нив. Затоа и прашањето – дали САД го попречуваат приемот на Македонија во НАТО со цел да имаат (по)широко одврзани раце во структурирањето на иднината на државата и регионот, при финалниот расплет на постјугословенската криза?
Мериторен одговор не е лесно да се даде. Има голем број елементи кои упатуваат во таа насока.
За сега, единствено е сигурно дека клучот за Македонија го држи – Вашингтон.
IX - УЛОГАТА НА ВАШИНГТОН ВО ОДНОСИТЕ МЕЃУ СКОПЈЕ И СОФИЈА За целосно расветлување на американската политика кон Македонија, внимание заслужува уште еден важен настан.
1. На 15 јануари 1992 година, Бугарија прва ја призна целосно независната македонска држава. Тоа беше исклучително важен потег, особено кога се знае дека Софија не прифаќа постоење на македонска нација, јазик...
Всушност, од нивна гледна точка, најверојатно, Македонија ја признаа како втора бугарска држава, со сè уште „неосвестени Бугари”. Дипломатски односи не беа веднаш воспоставени бидејќи Софија се сепна по тој чин и – застана.
Следеше тактизирање и чекање што ќе се случи со државата.
2. Поради ставот на Софија дека, нели, нема македонски јазик бидејќи е тој дијалект на бугарскиот, односите меѓу двете земји долго стагнираа. Подготвени беа 22 договори кои чекаа бидејќи, вообичаено, на билатерален план, тие се потпишуваат на двата јазици. Но, за Бугарија беше неприфатливо во договорите да стои – непостоен
(македонски) јазик.
Минуваа години без никакво придвижување.
3. Продор беше направен во последната година од стариот милениум. Повторно со американско посредување, поточно мешање и, нормално, со македонски стратегиски отстапки.
Под диригентската палка на познатиот американски дипломат, Строуб Талбот, кој тогаш беше заменик-државен секретар, Софија и Скопје ја потпишаа познатата Декларација за соработка и пријателство од 1999 година. Во изјава дадена тогаш за бугарската телевизија Талбот „откри” дека му помогнале американските амбасадори во Скопје (Кристофер Хил) и во Софија (Авис Болен).
4. Анализирајќи ја Декларацијата, без никаква дилема, може да заклучиме дека Македонија се согласи нејзиниот јазик да биде девалвиран и да се третира како да е – измислен.
Учеството на Талбот во операцијата, само по себе, „гарантира” дека е тоа постигнато под силен американски притисок. Според користената формулација, Декларацијата е потпишана – „на соодветните официјални јазици на двете земји, на бугарски јазик според терминот (користен) во бугарскиот Устав и на македонски според терминот од Уставот на Република Македонија”! За бугарскиот јазик, користениот речник нема никакво значење бидејќи од никого не е оспоруван. За македонскиот, тоа значи дека јазикот не е автохтон и е уставна категорија, дека од него произлегува, а уставите, нели – се менуваат.
5. Втората, крајно непотребна македонска отстапка, се однесува на делот во кој се вели – „ништо од македонскиот Устав не може ниту ќе биде интерпретирано како основа за мешање во внатрешните работи на Бугарија со цел да се брани статусот на лица во Бугарија кои не се граѓани на Република Македонија”.
6. Според познатиот бугарски аналитичар, Камен Минчев, со договорот, Македонија направила две отстапки, а Бугарија една („Односите меѓу Бугарија и Македонија по нивната заедничка Декларација потпишана на 22 февруари 1999” или „The relations between Bulgaria and Macedonia following their Joint Declaration signed on 22 February 1999”, од Weekly Commentary, од 1-5 март 1999). Според него, Софија „признала” дека македонскиот јазик се користи на територијата на Македонија, но не и на бугарско тло, што бил одреден исчекор на Бугарија. Сепак, за да нема забуни, Минчев заклучува: „со ова, Бугарија целосно не го признава ни јазикот, ни македонскиот народ”.
Минчев смета дека со вториот дел, „Македонија изјавува дека повеќе нема да полага право на постоењето на македонско малцинство во Бугарија и да инсистира да им се доделуваат одредени права и слободи”. Тој веднаш потсетува дека е тоа спротивно на член 49 од Уставот на Македонија, со кој земјата се задолжува да се грижи за правата на македонските малцинства во Грција и Бугарија. На крајот, тој го цитира сегашниот привремен премиер на Бугарија
(почеток на 2013), Марин Рајков, тогашен заменик-министер за надворешни работи, кој ја предводел нивната делегација во преговорите за декларацијата, кој рекол: „постигнавме повеќе отколку што очекувавме”.
Ако бил до крај искрен, ќе извикал по урнекот на Хрватите – Thank you, Talbott! Thank you, USA!
7. Можеме да се тешиме дека што и да потпишеме, Македонците во Бугарија никој не може да ги избрише; дека тие се реалност која не може да се игнорира. Барем за сега и барем тие што останаа.
Меѓутоа, не е така.
Кога матичната држава се откажува од своите припадници во друга држава, нивните изгледи да опстанат се сведуваат практично на нула. Впрочем, процесот на бришење на Македонците во Бугарија е веќе подолго време во тек. И без ние, формално, да се откажеме од нив. Од стотици илјади, прашање е дали денес таму останаа макар десетици илјади Македонци?
Неспорен факт е дека, и покрај уставната обврска, Македонија до сега не сторила ништо за нив. И во поранешната федерација и по неа. Со дадените отстапки, декларацијата може да се смета само како капак на една неодговорна политика, која носи катастрофални историски последици, бидејќи дозволува уништување на делови од македонското национално ткиво.
8. И двете отстапки во декларацијата имаат стратегиски карактер за земјата. „Заслугата” за инвалидизирањето на македонскиот јазик, и за нашето откажување од Македонците во Бугарија, без сомнение, целосно им припаѓа на – САД. Но, вината е наша. Тие и` дадоа на Софија повеќе од сонуваното (според Рајков), на македонска сметка. Ама, со наша согласност.
9. Со користената формулација, македонскиот јазик е ставен во инфериорна позиција кон сите други јазици. Тоа значи дека тој не е реален и затоа произлегува од Уставот. Со потписот на декларацијата, Македонија, всушност, прифати дека јазикот и` е спорен. Овој преседан ќе има тешки последици. Преку него, Бугарија нема да дозволи македонскиот јазик да се регистрира како таков при приемот во ЕУ. Ќе инсистира на речникот користен во потпишаната декларација. Впрочем, сме дале согласност за тоа. Така, во номенклатурата на ЕУ, другите јазици ќе бидат – француски, хрватски, англиски... а нашиот, најверојатно – македонски, „според терминот од Уставот на државата”. Значи – измислен, вештачки...
10. Во Привремената спогодба потпишавме дека името на државата е проблем, во Декларацијата – јазикот... Во ООН влеговме без име, во ЕУ, судејќи по сè, ќе нè примат откако ќе нè прекрстат, а јазикот ќе ни го оспорат... каде е крајот?
Недостасува само уште некаде да потпишеме дека и народот е измислен од Тито и... сами да ја завршиме приказната.
11. Нешто е, сепак, јасно – едно по едно, студиозно и упорно, САД ги корнат перјата од крилјата на Македонија. Денот кога со нив напразно ќе се мавта, без да може да се лета – не е далеку. Се разбира, доколку не се разбудиме на време и не тропнеме на маса и згрмиме сите заедно – ДОСТА БЕШЕ.
12. Кога „партнерската” помош и во однос на Бугарија ќе се стави во мозаикот на сите „пријателски” исчекори на Вашингтон, уште појасно се гледаат нивните намери кон Македонија. Гледани одвоено, камчињата од мозаикот не кажуваат многу. Заедно – ја откриваат политиката на упорно и постојано уништување на македонштината. Така, со Декларацијата за соработка и пријателство со Бугарија, од 1999 година, целта на носителите на проектот беше дека македонски јазик – нема! Дека такво нешто (може да) се користи само локално, во земјата.
Каква „случајна коинциденција” – преку безобразната и бескрупулозна манипулација дека ќе се менувала, нели, само референцијата, со име за користење надвор од земјата, истото тоа сакаат да ни го направат и со јазикот!
Македонскиот јазик, исто како и името, да се користи само дома! Каква координација! Моќните работат на паралелна основа. Истовремено, по разни колосеци, жртвите ги подготвуваат за капитулација.
Поголема потврда, и очигледен доказ, дека е во прашање спроведување на исто сценарио, и од каде тоа доаѓа – здравје.
13. Деновиве (крајот на 2012), Декларацијата од 1999 е повторно актуелна. Бугарија, со право, сака да ја подигне на ниво на Договор за пријателство и соработка. „Декларација” и „договор” се сосема различни документи. Тоа е исто како да споредувате Фиќо и Мерцедес 350. И двата се автомобили, но... Впрочем, во ист кош не може да се става „договор за пријателство и соработка” со каков било друг договор. Тоа е врвниот документ кој го договараат две држави. Таков, меѓутоа, не се потпишува сè додека има отворени проблеми меѓу нив. А меѓу Македонија и Бугарија има нерасчистени суштински недоразбирања. Така, логично е прашањето – дали токму затоа Софија инсистира на потпишување таков договор? Божем, сè е чисто меѓу двете држави. Со други зборови, ние се согласуваме дека сме тоа што нè смета Софија. „Бугари”.
13. 1. Наметнувањето на ваков договор, веројатно, има уште една причина. Може да се претпостави дека Софија се плаши дека Декларацијата нема да биде доволно ниво за Брисел да прифати најширока девалвација на македонскиот јазик, според формулата користена во неа. Иако, според дипломатската практика, тоа не треба да биде спорно. Затоа, за секоја сигурност, Бугарија инсистира тоа да биде потврдено со врвен документ, каков што е договорот за пријателство... Едноставно, сакаат „аргументирано”, со максимални „гаранции”, со договор, а не со некаква декларација, да мавтаат во Брисел...
14. Декларацијата од 1999 не подлегнуваше на ратификација во Собранието. Договорот за соработка... – мора да ја помине собраниската процедура. Без тоа не стапува на сила. И, ако тоа го сториме, со во него вклучени веќе дадените стратегиски отстапки од 1999 година, тоа ќе значи дека државата Македонија, најофицијално се откажува и од својот јазик и од Македонците во Бугарија. Без таква формулација, треба да бидеме начисто, Софија нема да го потпише договорот.
Ако, пак, ние, прифатиме, потпишеме и ратификуваме таков текст, дефинитивно ќе покажеме дека не сме кадарни да имаме своја, македонска држава.
Ние сме на потег.
15. Софија е незадоволна бидејќи Македонија не ја спроведувала Декларацијата од 1999. Наша должност е постојано да ги потсетуваме дека сè што е наметнато со сила, сè што не е чесно, коректно, нормално..., нема шанси да успее. Мораме да им нагласиме дека и ако успеат, не дај Боже, преку уцени, блокади... повторно да ни наметнат за нас неприфатлив, нереципрочен... договор за пријателство... тој исто така ќе остане само текст на хартија. Но ќе остави длабоки траги кај македонскиот народ. И, место односите да се развиваат, ќе одат – надолу. Тоа е чиста физика.
Македонците ќе бидат гневни за уцената и тоа нема да го простат.
Софија џабе губи време. Непотребно се резилат сакајќи го невозможното. Дури и ако со тоа си ги лечат комплексите – грешат. Не можат да ни земат нешто што е наше. Дури и да ни го земат – никогаш нема да биде нивно. Ниту народот, ниту јазикот... Напротив, непотребно создаваат непријатели.
Двата народа се по многу нешта блиски. Јазиците, традициите... исто така. Историјата нè поврзува во многу сегменти. Често била заедничка. Додека немаа своја држава, бројни врвни македонски дејци живееја и твореа во Софија и низ Бугарија. Дузини настани треба и мора заедно да се слават. Но како два народа, што и сме. Ние, ниту сме биле, ниту сме Бугари. Ние зборуваме македонски јазик.
Во минатото, мнозина се декларирале како Бугари, Срби, Грци, Македонците муслимани како Турци... бидејќи немале избор. Никој, официјално, не прифаќал дека има – Македонци. Сите ги присвојувале. Дедото, Ицо Попе, во Ресен, за време на српската окупација, на попис, го прашале
– националност? Македонец, одговорил. Нема такво нешто, му одбрусиле. Тогаш, пишете што сакате, заклучил дедо Ицо. Истото тоа се случувало и во Бугарија.
Кога сето ова Бугарија ќе го сфати и проголта, кога своите историски синдроми ќе ги фрли на буништето на историјата, ќе се отворат нови хоризонти и меѓу двете држави и меѓу двата народа. Неограничени.
Дотогаш...
Софија е на потег.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/ulogata-na-sad-2/23 on October 29, 2026