Б. САМИТОТ НА НАТО ВО БУКУРЕШТ
Б. САМИТОТ НА НАТО ВО БУКУРЕШТ
7. На самитот на НАТО во Букурешт, од 2 до 4 април 2008- та, Македонија мораше регуларно да биде примена за членка, со референцијата. Тоа беше нормално да се очекува, бидејќи постоеја гаранциите од ПС за непопречување, а сите членки, вклучувајќи ја и Грција, имаа потврдено дека Македонија ги исполнила потребните критериуми.
7. 1. Место тоа, направен беше целосен, неприфатлив политички пресврт. Со највисока доза на сигурност може да се тврди дека, токму по диктат на САД, НАТО формулира нова политика, осмислена за да се спречи приемот на Македонија, пред да се обезличи македонскиот народ. Тоа, впрочем, во име на Вашингтон, го најави Нимиц во споменатото интервју за Гласот на Америка. И така, преку уцената – прво името, потоа членство, вратите за прием на Македонија во НАТО, а со тоа и во ЕУ, во Букурешт беа ширум – затворени.
7. 2. На самитот, на флагрантен начин беше прекршена обврската на Атина да не се попречува приемот на Македонија во Алијансата. Не само од страна на Грција. Таа, всушност, доби поддршка од сите членки за игнорирање на ПС, која е меѓународен правен документ, депониран во ООН.
Со тоа, самитот им донесе пораз и срам и на НАТО и на неговите предводници, и на сите членки, без исклучок.
Македонија остана колатерална штета. Таа ги плаќа последиците на нивните скриени интереси, манипулации, двојни аршини, непринципиелност, недоследност... и, да не забораваме – силеџиско непочитување на меѓународниот правен поредок. Правото и правдата беа грубо силувани. Ако тоа се нарекува демократија, тогаш што не е?
Иако Грција најмногу профитира, како што ќе видиме и подолу, таа нема поголема заслуга за пресвртот.
8. Како и сите други членки во Алијансата, Грција може да игра на солидарноста, да користи процедурални можности, да бара поддршка или да употреби вето. Но не е реално да и` се припишува дека може да одлучува и наметнува решение околу едно важно прашање какво, за жал, испаѓа нашето име.
Таа не може да формулира или да диктира нова политика.
Таква не се гради поради солидарност со некого, туку само врз дефинирани интереси. Улогата на солидарноста е мошне ограничена во тој поглед. Таа може да попречува спроведување некаква политика, да прави исклучоци, но не и да создава нова.
9. Доколку во Букурешт, на пример, Грција навистина беше главна пречка за приемот на Македонија, тоа, во најмала рака, не ќе беше доволно за промена и на политиката на Алијансата во трајна блокада плус уцена. Немаше да има услови да се формулира ултиматумот – прво името, потоа членство. Нејзината улога ќе завршеше со одбивањето на Македонија, но без нови, непремостливи последици за неа.
Толкав може да биде максималниот дострел на Атина. Во Букурешт, вето – немаше. За да се избегне директната грчка блокада, сите застанаа зад новата политика.
Грција, и покрај тоа, сепак, сериозно ја прекрши ПС бидејќи беше дел од консензусот. Без неа, тој не беше можен и патот на Македонија во НАТО – ќе беше слободен. Атина, пак, го попречи нашиот прием, иако индиректно.
10. Освен САД, во НАТО нема друга земја која би можела да диктира нова политика. Доколку во Вашингтон, на пример, имаше и најмало двоумење дека новата политика може да биде неадекватна, нецелесообразна, спорна... некоректна за Македонија... таа немаше шанса да помине. Или, доколку САД имаа и минимално различен став од прифатениот:
резултатот ќе беше – сосема поинаков. Барем поблаг. Ако Вашингтон сметал дека Македонија треба да се прими со референцијата, односно се залагал за почитување на Привремената спогодба, нова политика немаше да има и земјата ќе станеше членка. Впрочем, генерално гледано, одговорноста која ја носи САД за сите одлуки на Алијансата е, најверојатно, макар – 30-ина проценти. Конретниов случај не е исклучок. Напротив. Овој пат американската улога беше несомнено – доминантна. Скоро стопроцентна. Иако поддршката која ја имаа од Франција, Германија... не смее да се потцени.
11. Самитот во Букурешт, по многу нешта, решавањето на проблемот со името го префрли од Њујорк во Брисел.
Главниот мост меѓу овие два главни светски центри, беше и останува – Вашингтон. Со новата политика кон Македонија, Алијансата ги надмина сопствените надлежностите и нелегално се вмеша во процесот што се води под капата на Светската организација. НАТО воспостави и нови норми, надвор од рамките кои ги пропиша СБ, што не кореспондира со обврските кои Македонија премолчано ги презеде во ООН. Во нив, на пример, никаде не се прејудицира решение ниту експлицитно се бара Македонија да го промени своето име. Никој, па и НАТО, нема право да постави такво барање, особено не со уцена (прво името, потоа членство).
11. 1. Во Букурешт и Нимиц доби нова улога. Оттогаш, тој работи за потребите на Брисел, се разбира, во режија на – Вашингтон. Тоа особено дојде до израз пред крајот на 2012, и почетокот на 2013 година, кога се актуализираше нужноста од одредување на датум за преговори за членство на Македонија во ЕУ. По подолга пауза, тој беше реактивиран за потребите на Унијата. Нимиц цело време ги спроведува политиките на САД, не на ООН, но сега е тоа – полесно видливо.
11. 2. Оперативното префрлање на проблемот, од Њујорк во Брисел, беше направено поради неспорни прагматични потреби. Додека Нимиц и ООН немаа алатки за некаков притисок врз Македонија, НАТО и ЕУ не само што ги имаат туку и веднаш ги употребија. Започнаа со паралелно користење на сила (блокада, ултиматум...), што е тешка узурпација на универзалното право на секоја држава да се именува како што сака. Никој нема право да бара прекрстување на суверена држава, особено како услов за прием. Тоа е јавно омаловажување на кандидатот.
12. Силни се индикаторите според кои самитот на НАТО во Букурешт е почеток на финалната фаза за затворање на „македонското прашање”. Како што, впрочем, на свој начин, тоа ни го најави и Нимиц, во интервјуто за „Гласот на Америка” – потребен е нов договор со Грција, кој е – недостижен. Воопшто не е случајно, што токму од тогаш е во тек жестока офанзива, во која се користат сите расположливи можности, вклучувајќи и брутално користење сила, за Македонија да капитулира.
13. Има еден момент кој заслужува внимание бидејќи не се вклопува многу во односот на САД кон Македонија сите овие години. На прес-конференција, посветена на тукушто завршениот самит во Букурешт, на 8 април 2008, Даниел Фрид, помошник-државен секретар на САД, на провокации на грчки новинари („За САД, Македонците се факт”, Дневник, 9 април 2008) одговорил: „не мислам дека македонскиот јазик е таканаречен. Македонскиот јазик постои. Постојат Македонци. Како што знаете, во Стејт департментот се изучува македонскиот јазик”! И продолжил:
„секако постои и историска македонска провинција, која е нешто различно од државата... Јасно е дека Владата на Македонија нема претензии. Ние ја признаваме разликата меѓу историската територија Македонија, која е секако поголема од државата...”.
13. 1. Веднаш реагираше МНР, Бакојани, која од Атина порача дека „такви изјави не помагаат за решавање на спорните проблеми меѓу Атина и Скопје” и додаде: „Атина нема да биде вовлечена во таков вид дискусии”.
13. 2. Македонија остана глува на овој драгоцен став на Вашингтон. Тој воопшто не се капитализира, а мораше.
Оттогаш, нема ни приближни американски изјави со кои би се поддржале македонскиот народ, јазик... Од нивна страна, следеа само залажувања дека се „разговарало” за името, а не за идентитетот! Поголема измама од тоа – здравје.
Постојано повторуваат и дека го поддржуваат нашето членство во НАТО, но не нагласуваат дека е тоа под неприфатливи услови, прво да се прекрстиме, значи – без ‘рбет. Како да сме некаква амеба. А нашите политичари, не само што молчат на овие блефови туку јавно се заблагодаруваат за американската поддршка!? Исто е и со новинарите: никој не ги прашал американските претставници
– а под кои услови нè поддржувате?
13. 3. Пораките на Фрид останаа неодгатнати. Тој беше долгогодишен дипломат, од 1977-та, кој вршел високи функции. Во Стејт департментот останал до 15 мај 2009, значи неколку месеци по инаугурацијата на новиот претседател, Барак Обама. Ни останува да размислуваме кои биле причините за неговите извонредни горни изјави, па дури и да претпоставуваме дали напуштањето на дипломатијата било поврзано, можеби со – нив?!?
В. ЗОШТО ПОДДРШКАТА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ БУШ НЕ БЕШЕ ДОВОЛНА?
14. За да не останат дилеми околу реалноста на изнесените проценки, мора да се објасни и епизодата со претседателот Буш. На самитот во Букурешт, тој имаше лична амбиција мандатот да го заврши со стабилизација на јужното крило на НАТО, преку приемот на Албанија, Македонија и Хрватска.
Неговата изјава дека трите земји ќе бидат примени беше демантирана за помалку од 24 часа. Тешко дека со такво нешто се соочил кој било друг американски претседател? Во случајов, очигледно, администрацијата веќе не го споделувала неговиот личен интерес, а рециклираните планови за Македонија, кои биле во меѓувреме направени, не дозволуваа нејзино членство во Алијансата, дури и со референцијата. Така, ќе пропаднеа намерите за прекрстување или, макар, ќе беа минимизирани. А тоа, не смееше да се дозволи.
Бирократијата остана, а претседателот замина во историјата.
Во секој случај, Буш ја заслужува нашата почит и треба да се најде начин да му се оддолжиме.
15. Според непотврдени информации од турски извори, вечерта пред самитот, Буш се сретнал со турскиот претседател, Ѓул, од кого барал да не постават услов – или трите заедно, во јато во НАТО, како помпезно се најавуваше, или никој. Се шпекулираше дека Турција би можела така да ја поддржи Македонија, а Буш не сакал да ризикува самитот да доживее тотален неуспех, без прием на нови членки.
Анкара, и покрај неспорните заложби за членство на Македонија, очигледно не била спремна да се конфронтира со единствената суперсила. А, кој би бил?
16. Фактот дека Турција не се експонира во нагласена поддршка на Македонија, во Букурешт, е нова силна потврда дека зад целиот случај стојат САД, а не Грција. Ако беше Атина носител на блокадата и новата политика, Анкара сигурно жестоко ќе се спротивставеше и ќе направеше сè Македонија да стане членка. Или, барем, ќе се спротивставеше на новата политика на блокада и уцена. Ама, бидејќи САД беа во прашање и турските можности, капацитети и, што е најважно, нивната политичка спремност да им се спротивстават – биле мали. Залакот бил преголем и за нив.
16. 1. Според одредени сознанија, од извори кои заслужуваат врвна почит, Македонија не побарала официјално од Турција да игра на картата – или трите кандидати заедно или никој во НАТО. Ако е тоа точно, направена е сериозна грешка. Така мораше да се постапи, а дали Анкара ќе беше спремна на таков чекор, ќе беше нивна одлука. И, дали тоа ќе успееше е друго прашање. Нашата иницијатива, бездруго, максимално ќе ги обврзеше да се ангажираат во наша корист.
17. Кај нас имаше оценки дека Владата, која беше во кохабитација со претседателот на државата, Црвенковски, не изигра добро во Букурешт. Дека го оставила Буш на цедило, не давајќи му шанса да ни помогне бидејќи не излегла со јасен став по последниот предлог на Нимиц („Република Македонија – Скопје”). Овие обвинувања се бесмислени бидејќи се работеше за „висока политика” каде Македонија немаша своја улога. Таа беше само предмет на кој се реализираа туѓи замисли, планови и интереси. Што и да одигравме, и како да се поставевме, крајот ќе беше ист.
Предлогот на Нимиц беше неприфатлив за Атина, а САД не дозволуваа прием со референцијата. Нашите претставници беа немоќни што било да променат. Неприфатливите одлуки беа претходно донесени.
17. 1. Во Букурешт, всушност, се реализира нова, повисока фаза на политиките со кои се спречува целосното интегрирање на Македонија во меѓународната заедница. При приемот во ООН, Македонија беше организирано осакатена.
Нелегално и` се суспендира името и и` беше наметната референција, со цел да се прекрстат државата и народот.
Откако тоа не даде резултат, во Букурешт е направен сериозен исчекор – во игра е уфрлен аргументот на силата (блокада, уцена...) за да се постигне целта. Тоа го прават истите земји кои во ООН ја обесправија земјата, а сега сакаат да ја дотолчат. И во двата случаја Македонија беше жртва на прикриена политика, без право на глас. Се разбира, тоа се реализираше според врвните „демократски” стандарди на Вашингтон и Брисел – со игнорирање на сите релевантни меѓународни документи, принципи, процедури, правила...
Првиот пат, во 1993, во Њујорк, „жртва” на нивните злоупотреби беше Повелбата (Уставот) на Светската организација. Си ја игнорираа Повелбата само за да ја обезличат Македонија.
Сега, во Букурешт, во 2008, на самитот на НАТО, „курбан” отиде Привремената спогодба, меѓународен договор депониран во ООН и постигнат токму со помош на САД. Тие го подготвија текстот на договорот кој сега не го есапат, бидејќи е поволен за Македонија.
17. 2. Покрај Македонија, колатерална жртва во Букурешт беше и претседателот Буш, кој остана до крај коректен кон Македонија. Неговата покана за постсамитска средба со Црвенковски и Груевски, во Загреб, како и меморандумот за безбедносна соработка, кој подоцна во Вашингтон го потпишаа министрите за надворешни работи, се најдобра потврда дека нашите лидери таму не направија погрешни потези. Тие негови гестови се врвни признанија за Македонија. Добивме „утешни” награди.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/ulogata-na-sad-2/19 on October 29, 2026