Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

A Story Told About a Person from Zhelevo: A Book About Risto Mavrovski

Front Matter - Part 08

By Спиро Мавровски · Part 8 of 14 · About 21 minutes

Read in English

Се гледаше дека, општо земено, тие прости луѓе преживеаа ужас. Стигнаа изморени, ослабени и болничави, најчесто истоштени од долготрајните страдања. Лошо страснатите нозе и раце предизвикуваа болка при секое движење. Многумина имаа висока температура. Некои од тешко болните дури не беа во состојба и да се радуваат од пристигнувањето на целта. Но општо земено се трудеа тоа да не го изразат. И само малубројни беа тие кои покажуваа недоверба. „не ме допирај, не знам кој си“ – чувствувавме дека таква е смислата на не секогаш пријателските мрморења на некои од ранетите. Некои не сакаа да го предадат оружјето, иако им беше објаснувано дека ќе биде дадено на чување. Беа приврзани кон оние свои пиштоли и партизански пушки со пресечени цевки. Само некои одбиваа да јадат. Најголемиот број подаваа раце за да добијат од сендвичите, кои во пунктот за исхрана ги имаше цели купови.

Со движење покажуваа на лебот и гестикулирајќи прашуваа дали може уште да добијат. Подоцна велеа дека не можеле да се изначудат што има толку многу тазе леб. Во партизани честопати го сонувале, а тука го има без ограничување. „Сакаш уште? Има многу!“- сестрите се радуваа поради тоа што можеа да ги подмират нивните желби. И тие тоа го запаметија за цел живот.

Лежеа на кревети поставени во редици од двете страни од огромната сала. Со чудење ги гледаа легените за миење, садовите со вода, купиштата пижами, наметки и влечки, канти со млеко и со напитоци. Некои не се воздржуваа да земат повеќе јадење, за под перница, зошто кој знае, можеби ќе снема, како што се случувало во партизани. Но од се што се случувало околу нив можеа да проценат дека земјата е побогата од земјите во кои престојувале порано. А многумина од нив ги виделе не само Албанија, Бугарија и Југославија. Многумина ги чудеше поголемата организираност, за разлика од другите земји.

Ранетите брзо беа регистрирани, им ги соблекуваа оделата и нечистата облека. Провизорно ги миеа, бричеа, ги фрлаа валканите завои и крпи, заедно со веќе непотребните партали, кои ги палеа пред салата. Тие кои требаше да бидат преврзани ги ставаа на масите за преврска. Во чистиот дел на салата болните ги облекуваа во сосема нови пижами, ги ставаа на носилки и што е можно побрзо со санитарни коли ги префрлуваа во одделенијата. Тие кои можеа да одат, на рака ги добиваа броевите на блоковите. Беа праќани во соодветни групи кои потоа беа пренесувани во соодветни простории.

Единствено тешко ранетите и болните, откако го надминува шокот, извесно време остануваа во креветите за да ги ослободат од потресот. Облеката што беше употреблива се праќаше на дезинфекција и дезитерација во соодветни комори. (...)

Слично беа прифаќани и другите транспорти. Но не може да се споредат со првиот. Бројно беа значително помали, поголем беше меѓутоа, персоналот на болницата. Имавме веќе поголемо искуство, исто така се поправи снабдувањето со неопходните медицински средства.

Првиот транспорт болни, во Џивџув стигна во септември.

Најпрвин кај нас донесоа 29 цивили со ампутирани раце и нозе, а подоцна на 8 ми октомври повеќе од 150 партизани, заедно со околу 2,5 илјадниот транспорт што стигна во Швиноујшче со бродот „Кошчушко“. Бродот од Албанија отплови ноќе, на 27 спроти 28 септември 1949 година и по единаесет дена стигна во Полска. Како што кажуваа, на бродот, покрај грчкиот екипаж, имало тројца Грци преведувачи.

Третиот транспорт (во кој беше мојот татко, за што подолу самиот пишува), стигна во Гдањск на 26 октомври, највероватно со романскиот брод „ Трансилванија“ (некои тврдат дека го носел името „ Каролина“).

„Трансилванија“ беше луксузен брод, кој пред војната бил наменет за лична употреба на кралот на Романија. Наводно донел 2-3 илјади луѓе. Од албанските брегови отпловил кон половината на октомври. Екипажот беше романски, медицинските сестри и дел од лекарите беа Полјаци. Зад „ Трансилванија“ се до Гиблартар пловеше англиски воен брод.

Го снема дури тогаш, кога романскиот капетан му објасни дека на бродот има туристи.

Изгладнети во текот на пловењето јадеа без мера. На последиците не требаше долго да се чека. Кон морската болест се придружи проливот. Не е чудно што меѓу околу 500 болни, кои во Гдањск беа префрлени од бродот во возот за Шчечин, имаше многу истоштени. И покрај молбите и наговарањето од страна на медицинските сестри, не сакаа да јадат сендвичи и да пијат млеко. За да биде маката поголема, кога пристигнаа во Џивџув, наместо пижами, што ги снема, добија долги ноќни кошули. Ова веќе беше претерано. Тие одлучно се откажаа од смешните бели фустани. Со мака беа убедени дека тоа е само привремено. Кога ќе стигнат пижамите од перење, тогаш ќе бидат облечени машки. Подоцна сите ги заборавија тие почетни недоразбирања. (...)

Лекувањето на болните во нашата болница повеќе беше етапно, а операциите многукратни. Воспалението на коските ни ја комплицираше како хирушката, така и рехабилитационата постапка. Од 1175 лекувани во нашата болница скршеници на коските имаа 215 лица“.

„Посебна улога за меѓусебното разбирање, како што спомнав порано, одиграа Македонците. Тие живееја во Грција како национално малцинство, а нивниот јазик е словенски. Во националистичка Грција се жалеа дека национално се обесправени. Во комунистичкото партизанство тие грчко – македонски непријателства всушност ослабнаа, но и понатаму се уште беа живи. Македонците имаа силно чувство за својата национална посебност. Паметеа дека Александар Македонски бил еден од нив. Според тоа, и покрај се, не се чувствуваа сосема добро меѓу Грците. Имаа свои национални амбиции. Во доверба ни велеа дека сите Македонци треба да се обединат. И тие од Грција, како и тие од Бугарија и од Југославија, каде имаат релативно најголема автономија. Во разговорите со Грците исто така многукратно забележувавме дека македонскиот проблем кај нив и понатаму е актуелен и бара да се реши.

Сите ранети, како и цивилното бегалско население и децата беа прифаќани како Грци. Но многу брзо Полјаците сфатиле дека дојденците се разликуваат по јазик, обичаи, песни и ора, дека се разликуваат и по национално потекло. И тоа не само го ценеа, туку и го подржуваа“.

Што можам да кажам после овој текст на еден благороден човек д-р Мјечислав Барчиковски далеку од нашата татковина, но поголем од многу од нас. ВАС д-р Мјечислав Барчиковски, на сите оние лекари, медицински персонал, работоводители, на целиот Полски народ, едно големо БЛАГОДАРАМ за незаборавната помош дадена на нашиот напатен Македонски народ од Беломорска Македонија. Полска остана засекогаш и во мене, тука сум роден и покрај тоа што таму сум сум бил само 100 дена, засекогаш останува моја втора татковина. Ве сакам преубави луѓе.

Нас ранетите не однесоа директно во болница назначена со број „250“. Во болницата имаше 14 големи блока, кои за време на војната беа касарни за германската војска, полската влада ги преуреди во болница. Тука по влегувањето во болницата сите бевме ставени во карантин, ни беа одземени сите работи кои ги носевме од Албанија, од кога не сместија личните работи ни беа вратени. Местото беше блиску до градот Шчечин, на полу остров во Балтичкото море и се викаше Волин. Болницата беше со најсовршена опрема за хирушки интрвенции, во неа беше најдобриот персонал и специјалисти лекари, кои се грижеа за нас. Секој блок баша специјално оспособен за пооделни повреди и рани на различни делови од телото. Во болницата уште пред да дојдеме ние имаше наши ранети борци, но во основа покрај лечењето имаше и школо за да не оспособи за понатамошен живот. Во болницата 250 имаше негде околу две три илјади ранети кои поминаја фаза на лечење. Болницата излекува многу ранети и ги врати во живот, но за жал и добар дел подлегнаа на раните и за секогаш останаа во овие далечни краеви. Лечењето и терапијата беа многу мачни, тешки, долготрајни со помош на медицинскиот персонал со кои од друга страна успеав да го научам и полскиот јазик, кои ми користеше во мојот понатамошен живот. Во болницата останав до мај 1950 год. Во неа се наоѓаа моите соселани:

- Мичо Гадучи

- Мичо Јанкула

- Андони Јанкула

- Петро Курзо

- Атанас Трендов

- Атанас Војнов

- Дафина Вранциду Трендо

- Мичо Пучунга

- Сотир Степанов

- Форчо

- Ставро Богданов

- Кичо Мазенко

- Мичо Флора

- Ламбро Румјаков

- Глигори Стаму Говедарот

- Филип Беќари

- Ристо Шкаврев Згоржелец Оние кои завршија со успешното лечење полека се префрлаа од месец март, април, мај 1950 год. во градот Згоржелец, така да после месец мај имаше малку пациенти, а веќе во јуни болницата беше затворена, персоналот преместен а таа како 250 престана да постои.

Така на почетокот на 1950 год. полските власти дозволија ова население да се пресели низ многу градови во Полска како Менџе Гуже и поголем дел во Згоржелец. Овој град беше поделен на два дела со ДР Германија, низ него течеше реката Одра која беше и граница. Поголемиот дел на градот припаѓа на ДР Германија, а само помал дел е на полска територија. Во 1950 год. градот беше празен, и со договор со КПГ им беше отстапен на бегалците од Грција. Така во градот се собраа оние кои беа пратени во Менџе Гуже, ранетите борци од болница „250“, во градот имаше училишта во кои учеа и Грци и Македонци. Во градот се сместија и партиската организација на КПГ за цела Полска, масовната организација „Никос Белојанис“, масовната организација на македонците „Илинден“, така да во градот се наоѓаше комплетното партиско раководство, во Полска.

Секретарот на КПГ беше Тимио грк и Маки македонец. На друштвото „Никос Белојанис“ беше потпреседател барба Трајко од воденско, на Масовната организација на македонците „Илинден“, секретар беше барба Ламбро Москов од с. Дмбени, костурско. Меѓу ова население, ранети, деца, борци имаше и доста мои соселани на кои ќе пробам да се сетам:

- Поп Спиро со жена си Софија Балку, но тој умира во Менџе Гуже 1950

- Никола Пачата синот Атанас, и ќерката Велика

- Дане Чаку со жената

- Сотир Киру Макрија

- Петре Барбалов

- Глигор Стамо

- Сандрина Трајковска

- Тена Флорова

- Василица на Керчу

- Ѓорги Марку жена му Наса и децата

- Крсто Степанов жена му и синовите Сотир и Мичо

- Ѓорги Трендов ќерка му Дафина и синот Танас

- Танас Петрески Марку жена та му Мара која умира 1951 год.

во град Згоржелец и ќерката Ристана

- Танас Мавру Шкаврев

- Јани Сидери Дудумо

- Христина Николова, на Коле шоферо жената.

- Танас Војнов и Крстојца Воиновска

- Тасе Марков

- Мичо Пучунга почина 1951 год. во Згоржелец.

- Спиро Јанкула со синот и ќерката, Доне Јанкула

- Софија на Фото Дамовски

- Фотејца на Фоте Јановски

- Филе Тодоров Муто

- Форчо

- Ламбро Румјаков

- Ставро Маземко Кичо

- Мичо Гадучи

- Петре Курзов

- Малина Марку

- Веселина Лучкова

- Спиро Кировски

- Стефо Кировски со жената и синот Мичо

- Тоде Киров со мајка си Ристојца

- Петре Пирпико со жена му Елена

- Христо Сидери Даскалот

- Ламбро Флоров со синот Мичо

- Христина Мавру Беќерова

- Мичо Јанкула

- Филе Беќаров

- Тена и ќерката Котовци

- Христина Букори и браќата

- Крстојца Јандровска

- Ристо Шкаврев Мавровски – Јас Покасно во градот доаѓаат и Ристана Георгивска Лучкова, семејно од Ташкент, Менела на Ламбро Флоров кај татко си и брат му, и Коле Мавровски кај мене братот Ристо. Повеќето желевци беа пратени на работа во градот Богатинја, Згоржелец и други места. Во Богатинја имаше земјоделска задруга совхоз и тука беа поделени на два дела во Маркочите и Богатинја во градот. Овие места се на тромеѓето помеѓу Германија, Полска и Чехословачка. Тука би кажал кои беа учениците во школата во Богатинја.

Лефтера Пурова од с. Вмбел, Лефтера Лулу од с. Вмбел, Цоца исто од Вмбел, Христина, Ермионина и Нина беа гркинки, Атина од костурските села.

Исто имаше и толку деца, наше имаше само едно од село Ајтос, Леринско, а останатите беа грчиња. Тука желевци беа сместени од пролетта 1950 год. па се до 1952 год. кога почна да се преселуваат кој во Канада, некои во други подалечни совхози, некои останаа во град Згоржелец, а некои во градовите Вроцлав, Швидница, Немча, Ваубжих и други. Тоа е за моите соселани и некои кои дојдоа покасно од другите народни републики, ова траеше се до 1956-57 год. кога се почна масовно иселување во Југославија, Македонија, Грција и Бугарија поблиску до родните огништа. Така да денес во Полска остана само еден желевец. Танас Пача чија жена е пољакиња, и останаа во град Згоржелец, толку за желевци во Полска. Јас бев одвоен и далеку од моите соселани, и тие беа причините да го напуштам Згоржелец и да барам ново место за живеење.

Во месец мај 1950 год. бев префрлен од „250“ во град Згоржелец, бев сместен во еден дом за возрасни деца, во кои бевме 18 машки и женски. Заедно со мене беа Танас Војну и Мичо Јанкула од нашето село. Јас како пообразован, член на КПГ, ме поставија за помошник на даскалот за да ги учиме децата. Тука бевме сместени на ул. Варшавска бр.49, но не за долго, не преместија во град Богатинја. Овој беше индустриски град со многу фабрики за текстил, така да децата покрај теорија одеа на пракса за текстилци во овие фабрики. Јас со моите соселани како ранети не можевме за долго да останеме во градот, во кои имаше многу борци од ДАГ, но сега беа само обични работници. Таму постоеше партиска организација на чело со Џима грк по народност, еден ден во градот дошол членот на ЦК Никос Белојанис, одржа голема партиска конференција, јас го замолив да не ослободи од оваа работа и да не врати во Згоржелец, што и се случи.

Другарот Белојанис му нареди на организацијата, така да другиот ден нашиот багаж со билети за Згоржелец ни беа достапни и ние со автобус заминавме за Згоржелец. По доаѓањето наше во Згоржелец бевме сместени на улица Дасинчего бр. 39. Тука се разделивме со Танас и Мичо. Танас ја најде својата тетка Малина Марку, и почна да работи во кооперацијата Делта, потоа се ожени. Мичо одма замина во друг град Немча, каде се вработи и се ожени. Останав сам и слободен, но наскоро партијата ме праќа на еден курс по полски јазик за на есен да одам на факултет во Вроцлав, јас го поминав курсот се спремив, но за жал на мое место се пушти грк. Јас останав сам со тоа што комитетот ме убедува дека мене ме спремаат за друга школа а не за Вроцлав. Така на почетокот на септември 1950 год. во Згоржелец почна првата редовна партиина школа за цела територија на Полска под раководство на КПГ. Во оваа школа имаше околу 70 слушатели, траеше девет месеци до мај, јуни 1951 год. се учеа многу тешки предмети и многу по број, на крајот се полагаа писмени и усмени испити и дипломите беа предадени во присуство на Никос Захаријадис, генерален секретар на КПГ. По завршувањето на оваа школа, беа определени повеќе другари за нова наука и нова школа, но не на факултет туку во воена школа, така од партиска се префрливме во воена.

Партина школа „500“ Со воз заминавме од Згоржелец во непознат правец, и после долго патување стигнавме на старото место, поранешната болница 250, сега со ново име и нови задачи под име 500. Таа беше воената школа во која имаше 450 ученици борци, сите офицери на ДАГ и на КПГ. Со мене беше Доне Јанкула од Желево, Тане Пасков од Овчарени, Ташко Боцев од Ксинонеро, Наум Чакало од Оперино. Ние сите заедно бевме во прва чета, а другите беа грци во четата. Персоналот и офицерите беа пољаци, а ние подпаѓавме под главниот штаб на министерството на народна одбрана на Р. Полска. Во школото бевме поделени во три чети, јас бев во првата чета, требаше да учиме една година, но се траеше од јуни 1951 год. па се до јануари 1952 год. Програмата беше тешка со теорија и пракса на целиот матерјал. Секои три месеци имаше полагање на испити со оценки. Јас на двата испити добив разни награди од командата на школата за моето знаење. Животот беше војнички со голема дисциплина, се се извршуваше без никакви пречки, тоа беше школа за виши офицери на КПГ. Оваа школа на сите ни помогна во понатамошниот приватен живот, затоа што го научивме полскиот јазик и односот према луѓето. Кога дојде Захарјадис ни одржа еден огнен говор, а после тоа донесоа одлука школата да се затвори. Причината беше поради протестот на грчката влада до ОН, пољаците решија да ја расформираат школата. По ова со воз не префрлија кон Лизбарк, кај градот Олшин. На ова место германците имаа бази, но местото беше прекрасно со многу природни убавини, планини, вештачки езера, но за жал ние немавме никакви контакти со месното население, затоа што школото се држеше во илегалност. Вака поминавме две школи, не расформираа и не испратија по разни градови и фабрики. Дел замина за Вроцлав, дел за Позњан и ние за Згоржелец. Од тука дел заминаа за Нов Живот и други помали градови. Како што напоменав претходно јас во овој град се вратив од воената школа, зимата 1952 год.

тука ситуацијата беше многу изменета и не беше како во 1950 год. јас бев без работа, школото не работеше, и немаше фабрики каде да се работи. Јас останав во Згоржелец, каде поминав на лекарска воена комисија, тие ме прогласија стален инвалид и ме сместија на ул. Дасиченго бр. 45, но сега ситуацијата е изменета, сите борци кои можеа да работат беа по фабриките работеа земаа плата, имаа пари во себе, а мене ми дадоа купони за храна и цигари, но пари никакви. Јас млад потреба од живот голема но без пари немоќен за било што. Така решив по сопствена воља да го напуштам Згоржелец, без дозвола на организацијата, која се грижеше за мене и моето здравје. Во почетокот беше многу тешко да ги убедам барба Трајко да заминам од градот, но благодарание на барба Ламбро и Маки тој ми дозволи да се префрлам во новиот град Швидница, под услов се што имам во Згоржелец да го предадам уредно на тамошните власти и тоа кревет, ќебиња, чаршави, и останато, откако го средив ова добив нормално дозвола и платена карта за возот од Згоржелец до Швидница, тоа беше февруари 1952 год.

Партина школа во Вроцлав Во месец август 1956 год. бев испратен од партискиот комитет на ПОРП, во партиска школа во Вроцлав. Жената, братот и брачедот ги оставив во Швидница, а јас заминав за Вроцлав, со мене беа и тројца полски другари и јас. Тука бевме сместени во интернат, со сите погодности, тоа требаше да трае една година.

Тука учевме многу предмети како Математика, Географија, Историја, Биологија, Физика, Полски јазик, Старогрчка историја, Марксизам, Политичка економија цели 14 предмети.

Во почетокот беше многу тешко, но имавме добро школован наставнички кадар кои цело време работеше со нас, така да немавме опасност нешто да не совладаме. Во оваа школа останав до месец март 1957 год. кога школата ја затворија со наредба од Варшава, и сите вакви школи низ државата се затворија а остана само во центарот на Варшава. Зошто е затворена оваа школа, 1956 год. во септември месец на чело на ПОРП дојде Владислав Гомулка, со неговите другари Спихалски, Клишко и други. Тие донесоа одлуки со кои овие школи треба да се затворат оти многу го чинеле полското општество, такви кадри не им се потребни на државата, ги затворија сите совхози и колхози и ја поделија земјата на селаните. Се почна со дозвола на работа на приватни дуќани, но и политички барања како заминување на руските војски од Полска, да си одат евреите, германците и сите странци од државата, така да почна да се развива голем национализам кои не водеше кон добро. Сега за прв пат полјаците се плашеа во сопствената држава. Во пролетта 1957 год. од Полска заминува генерал Рокосовски, веќе евреите наголемо почнуваат да се иселуваат во ветената земја Израел, а и голем број од македонците веќе бараат дозвола за заминување, стално иселување во Југославија и Грција.

Швидница Но по случајна средба со еден мој борец и другар Никола Ѓоргиевски кои живееше во еден друг град во кој ми вети стан и работа, така да јас заминав кај него во Швидница. На железничката станица ме пречекаа Никола Ѓоргиевски и Никола Мичковски, така да заедно ме однесоа во кругот на фабриката за вагони. Тука преку кадровско одделение, каде ме примија прекрасно, ме сместија во бараките со многу мои другари, ми дадоа купони за храна и пари за лична употреба. Во бараката покрај креветот, имаше постелнини, крпи, основни хигенски работи, така да после долги години партизанство, по болници и школи, стигнав во фабричка хала и големи машини.

Од овој ден почнува нов живот за мене во Полска, ќе се обидам да напишам што сум видел, научил, доживеал зошто ова е една голема незаборавна школа за мене.

Од како се сместив во фабриката, се запознав со другарите, го разгледав и запознав овој убав индустриски град се вратив во Згоржелец, од каде требаше да си земам партиска исписница, други дозволи, за да ме примат во новата организација во градот Швидница, така и стана од како добив се што ми требаше.

Од како ја средив партиската врска се сместив во градот и почнав да го разгледувам. Видов дека е индустриски многу развиен со многу фабрики меѓу нив: за изработка на вагони, М-9, ЗВАП, СВУП, ШАРПАЛНИЈА; РАНКОВИЧЕ; за шеќер, за столарија, за гас, термо електрични централи, и многу помали претпријатија во кои работеа борци од ДАГ. Овој град имаше околу 70.000 жители, со голема трговија, имаше многу школи, стадион, базен, големи паркови, вештачко езеро, железница, со патишта беше поврзано со блиските градови како Валбжих, Белава, Шчегом, Јавозина и др. Во Швидница имаше и воени касарни во кои беа сместени руски војници, аеродром, убава кино сала, многу барови ресторанти, се случуваа многу забави, се што можеше еден млад човек да посака во тие години после големата светска војна. Од тамошното население бевме примени како најблиски нивни, како да не знаеа сто години. Да споменам дека претходно беше под германска окупација, како ние под турско ропство. Главен град на целата област Долни Слонск беше Вроцлав, голем убав со многу канали за вода низ него, а на Горни Слонск главен град беше Катовице со развиено рударство и јаглен за индустријата. Овие територии Полска ги доби после втората светска војна, 1945 год. кога СССР му ги отстапи на Полска. Тие територии беа многу богати, но и многу уништени за време на војната. Добивајќи ги овие територии Полска стана и индустриски доста развиена држава. Да напоменам исто дека кон крајот на 1949 год. во Полска се населија голем број население од грци и македонци, борци на ДАГ, а и другото население кое беше пребегано во Албанија сега доаѓа во Полска. После ова јас дојдов во Швидница, каде наидов на природни убавини, сложни соборци и работници. Јас се сместив во бараката од фабриката со моите другари Никола Ѓеоргиевски кои покасно се ожени за Христина од с. Руља, моја позната од партизанството, Никола Мичиковски со жената, бабата, и детето, Барба Мичо, тие беа стигнати пред мене. По тоа дојдоа и Мичо Шкордов со жената, Ташко Чапканов, Васил и Сотир Трповски, покасно се женееа, Мичо Вангелов, Мичо од Серско. Сите овие дојдоа од школото за заварувачи од град Вроцлав, како КВ работници. Така да покрај нас имаше многу други работници грци со кои работевме и живеевме заедно прво во бараките а потоа и во заедничките згради. Ова беше пролетта 1952 год. а во почетокот на летото истата година јас работев како општ работник и учев занает заварувач. Но не за долго, се разболев и бев пратен во очна поликлиника во Вроцлав, (ова поради работата и моето осветлување на очите при заварување).

Тука останав подолго време и по излекувањето ми се даде белешка да не работам на тешки работи, и да паузирам со учење, заради заздравување на очите. Така и стана. Властите ми излегоа во пресрет и ме поставија во одделението каде се правеше тапацирање, каде работеа неколку постари работници, со големо искуство кои ме прифатија како свое дете. Работевме на следни дејности: тапацирање – поправка на стар канцелариски мебел, римарство – поправка на каишите на машините, кожарство – нараквици, фути, дрвени чевли и се што беше потребно во фабриката. За се ова јас учев и теорија и пракса и положив за КВ работник. Ова не траеше долго, на мое барање да ја променам работата, ми беше одобрено да работам на крановите во фабриката. Јас ја прифатив работата, крановите беа многу големи, по некое време повторно полагав и положив за КВ кранист. Моето незадоволство сега беше поради сменската работа во три смени и неможностра да се вклучам во општествените активности. Се запишав на курс по техничко цртање, го завршив истиот, положив испит и баш во тоа време во фабриката почнаа да произведуваат нов тип тесни патнички вагони, каде јас ја видов мојата шанса. Тука влегувам да работам во ова одделение како КВ бравар и тука се задржав повеќе време. Ете горе долу тоа беше моето работење во фабриката за вагони во град Швидница, за периодот од 1952 – 1957 год. во месец август.