Front Matter - Part 04
- Не сери ти оттаму, - викна пушкомитралезецот. - Штом е така како што вели старешината, тогаш таа оди под дожд. И ќе рече некој дека е некоја кралица. Пфу! Јас благодарам. И ти немој да ме тераш да одам под тој дожд зашто доста ми е овој и сите оние што ме врнеле досега...
- А како бре, главчо, ќе ја истресеш или ќе ја излижеш од себе таа миризлива бела или сина или каква друга кралска сапуница? А?
Добро вели човекот. Под туш! Само под туш! Раскажувај, другар!...
- Потоа ќе се бришеш со големи, меки пешкери, ќе облечеш долга свилена наметка и така, намирисан, секој ќе премине во салата за масажа. Ќе легнува на креветот на кралицата...
- Како, како?
- Реков на креветот на кралицата...
- А дали со кралицата или без неа?
- Молчи! Кралицата, одамна рековме, ќе избега во Лондон или во Америка или кај Франко. А ако не, тогаш ќе ја обесиме на Плака.
- А потоа, другар?
- Што потоа ? Така освежени, секој ќе облече костум сошиен по негова мерка, чевли лукс, на врат вратоврска или пеперутка и на прошетка по Атина или во кафеана на кафе, чашка “Метакса” или “Мастика додекато варели” (Мастика од дванаесетто буре).
- А патериците, другар?
- Доста бре, ти, со тие прашања, - викна нетрпеливо некој. – Имај трпение, па и тоа ќе се реши. Чувај го, редот!
- Ама, чекај, човекот веќе не шета по Атина и ни резервира место во една атинска кафеана, нели, другари, дојдовме дотука?
- Е, па што ако дојдовме. Сега седи мирно, пиј кафе или мастика и слушај ја наредбата...
- Раскажувај, другар...
- Откако ќе здивнеме по овие патила, ќе мораме да се прибереме.
- А јадење, што е со јадењето?
- Е бре, па ти. Па додека шетаме по парковите и кафеаните санким нема да гладуваме? Ќе имаме конзерви.
- Американски, и тоа само со месо.
- Ајде, бре, од тие американски конзерви ланската есен цел месец серевме, а најмногу политичкиот комесар на четата...
ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ - 7 ПРЕВАЛИ БУРАТА отаде планините и ние се вративме во бараките. Се слушаа долги грмежи, потреперуваше воздухот.
- Сосем престана да врне, - рече некој тивко. - Ја снема бурата...
- Лажеш - подвикна некој од спротивната страна.
- Лажеш, таа е тука, - се удираше тој по градите - тука е, пустата, ја чувствувам како лудува, како се засилува, се превалува и одново се враќа, се раскинува и бучи во мене...
И стигна бурата, но не онаа што не миеше. Ова беше друга бура.
Подмолна, кажипрстна, подлизурничка, која не ретко зад себе оставаше празни кревети. Тешко е кога ќе се разбудиш во зорите и гледаш дека на креветот покрај тебе го нема другарот. Мислиш дека излегол човекот по потребата, на свеж воздух, на цигара... И го чекаш, чекаш, погледнуваш на празниот кревет и на полуотворената врата. Го однела бурата...
Туку јас не довршив за Калешата ... Кога излегуваше на прошетка или одеше кон мензата или кон полјанката со маргаритките, Калешата честопати паѓаше. На почетокот некои сакаа да и помогнат да стане, да се потпре на нив. Ама таа, чинам, лакома за живот, сама сакаше да ги пребродува сите тешкотии, пречки и напори. Желна беше не само за живот. Таа се бореше со својата осакатеност и затоа се препушти на себе си, на своите сили. Секогаш повторуваше: – Сама... Јас сама!
- И во тоа - ЈАС - гледав девојче, кое штом ќе ги направи првите чекори откако ќе излезе од лулка, првиот збор што го изговара, - јас сама ! Така се тргнува во животот. Донка, Калешата наша, тешко стануваше, мачно се исправаше, повторувајќи низ солзи и понекогаш со скршен глас: - ЈАС САМА. - Со овој луд збор почнуваше и завршуваше нејзиниот ден, јакнеше и зацврстуваше нејзината волја.
И што ли немаше во неа? И бунтовна младост, и чувство на лично достоинство што не поднесува сожалување, и свесно и сознателно овоплотување на верата дека мора да живее и да се бори со својата осакатеност. И во ноќите кога надоаѓаа топли ветрови носејќи од далеку мирис на морска вода и лесна ладовина откај лозјата, кога месечината и опојниот мирис на јасмините и багремите ги тераа сите под стреите на бараките, таа никогаш не зборуваше за своите маки.
- О, колку е убаво, колку е тивко - шепотеше таа, триејќи си ги местата што пред малку и беа стегнати со ремените. - О, колку е тивко и убаво!
Оние што имаа здрави нозе шетаа, водеа љубов, играа, се радуваа, зашто знаеја тие осумнаесет и дваесетгодишници дека се во расцутот на својата младост, на својот живот и такви умираа, се осакатуваа, лежеа во подгниените бараки, имајќи за постела само три педи лошо изделкани голи штици и дека по овој разголен ороспиин свет можеби и најдолгиот пат што се вика живот ќе го доодат без нозе, без раце, сакати...
Ние што немавме нозе, не дека не шетавме, не дека не водевме љубов. И тоа го правевме. Не може човек да се покрие со превезот на самозаборавот зашто никогаш нема да излезе од затворениот круг на немоќта и сомнежите во сопствените сили, зашто под него се венее, се се отуѓува и ретко надоаѓа утехата и надежта. И еден со друг се бодревме за да се совладуваме, да почнуваме одново, да го искоренуваме плевелот на малодушноста. Се од почетокот. Како Калешата и девојката со маргаритките. Сам... Се од почетокот! Да не се попушти, зашто, колку пати ќе попуштиш, толку пати ја губиш сопствената слобода... Честопати таквите дочекувања на ноќите и глетките како сакатите девојки носеа цвеќиња во своите коси имаа необична, таинствена, восхитувачка, занесна, опојна среќа. А најмногу не бодреа песните што ги пееше Калешата. Од сите до лудило ја сакавме:
Терзии, браќа, терзии, Ај, сошијте ми бел фустан, Без ножици да го скроите, Без конец да го наберете...
Ја почнуваше Донка. Кога доаѓаше до зборовите “Без конец да го наберете…” се одгласуваа машките гласови. И се чинеше дека во нивните очи гледаш исчекување, во тонот – потсмешливост и прашање: што ли ќе одговори?
Девојче, врашко, девојче, Ај, да ни месиш кравајче, Без сито да го отсееш, Без вода да го замесиш, Без оган да го испечеш И веднаш потоа со својот топол глас одговараше Калешата:
Терзии, браќа, терзии, Јас ќе ви месам кравајче, Низ трепки ќе го отсеам, Со солзи ќе го замесам, На гради ќе го испечам...
Кога пееше Калешата, Пандо, на сите ни се чинеше дека и ветрот престануваше да шуми меѓу лисјата и денот на зајдисонце да дише.
Се чувствувавме среќни. И дали тоа имаше име? Тоа име бевме ние таму, во Сук...
Го гледаш ли, Пандо, оној таму што се потпира на џипот? Е, тој еден ден дојде во Сук. Онака чист и здрав, влезе во мензата. И викна;
- Другари борци!
Го прекинавме јадењето и се загледавме во него. А тој се качи на стол и не меркаше со подзамижени очи. Откако ни се изнагледа, пак викна:
- Другари борци! - и почна да ни зборува за борбата воопшто.
Гледаш, Пандо, нам, кои ја понесовме на нашите грбови. Околу наоколу па дојде, до средината. Исчепка тој дека меѓу нас, во Сук, има расипници, неранимајковци, агенти, шпиони.
- Банда славомакедонци - очавчи уста - се предадоа на Југословените и...
- Факти, другар, факти ! - викнав јас. Се си има свое име и презиме...
- Таквите – продолжи тој - имаат добиено задача однатре да ја поткопуваат, да ја разоруваат нашата борба! Ете, другари, - тој покажа кон вратата низ која влегоа четири очаблавени момчиња.
Јасно се гледаше од нивните лица дека биле тепани. - Ете, тие, предавниците, се фатени на пат за Југославија. Таму сакаа да пребегаат. Но будното око на револуционерот ги откри.
По еден и пол час го заврши говорот. Станаа и други да зборуваат, всушност да пцујат. Потоа се разотидовме и до зори слушавме како викаа несреќните момчиња. Ги тепаа и за казна и за пример и предупредвање за другите.
Утредента, попладнето, истиот пак не собра и ни одржа предавање. За социјалистичката револуција и за нејзините водачи.
- Ајде, ти, ти, ти со наведната глава, - покажа со прст кон мене. - Кажи ни ти во кое свое дело и што вели великиот Сталин за социјалистичката револуција?
А јас, Пандо, си ја имав одврзано дрвената нога, па така бев поднаведнат.
- Стани кога ти се вели, - ми викна тој.- Да не си и ти, случајно, од оние што свртија опуљ кон Белград, а?
Сите очи се вперија во мене. А некој викна од другиот ќош на мензата:
- Тој бил со Егејската бригада, другар, па кој го знае, нели?
- Аха, - просаска големецот. - Така, значи. Ги знаеме ние нив.
Ајде, ајде, де, стани, почна да ми се гаври, - стани и одговори на прашањето...
А мене како да ме фати бес. Одеднаш станав, ја подигнав над глава мојата дрвена нога и колку што ми држеше силата, удрив со неа по масата и реков:
- Еве ја, позадинска вошко, мојата револуција и сите брадести, мускулести и ќоси големци ! Еве ја, еве ја!!! - викав и удирав со дрвената по масата.
А вечерта поминав меѓу дрвените кревети. Тесен е ходникот, нема каде да избегаш. Врз тебе паѓаат удари со патериците, клоци, тупаници, пцости, плунка. И да знаеш, Пандо, не ме болеше толку добиениот удар со инвалидска патерица и што ти не, колку што ме болеше свеста дека тие удари доаѓаа од соборци, од луѓе со кои крвавев не само во еден ров, со кои сум јадел од една порција со една лажица, ја делев капката вода, догорчето, животот... Тоа најмногу ме болеше и ме боли. Стигнав до крајот на ходникот и се свртев, дружјќи ја дрвената под мишка. Ги погледнав разјарените луѓе.
Некои се уште ги држеа подигнати инвалидските патерици, други имаа наведнати глави, трети плукаа настрана. Изгледа полека им доаѓаше умот. А јас, како да не беше ништо, седнав на столчето до вратата, полека си ја врзав дрвената, станав, пак погледнав во ходникот. И никој не ми погледна в очи. Штама во бараката. Тргнав накај мојата три педи широка постела од неизделкани штици. Се слушаше само крцкањето на мојата дрвена. Оф, како крцкаше... Оф, како одзвучуваше мојот чекор во таа тишина во која се давеше срамот.
Не стигнав да се качам на мојата постела. Дежурниот ме викна. Се свртев и тргнав накај вратата. Излегов. Надвор ме чекаше камион со притулени светла. Двајца ме фатија под мишки и ме фрлија внатре.
Потоа влегоа и тие. камионот тргна. Кога се најдовме на патот што се влече покрај морскиот брег, прашав:
- Каде ме водите?
- Биди среќен што вака заврши.
- Каде ме водите?
- Во лудница...
ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ - 8 ЛЕКАРИТЕ добро се однесуваа спрема мене. Па дури се караа со оние од персоналот што имаа добиено наредба да ме тепаат и да ме врзуваат. Еден ден додека си шетав по дворот, дојде еден албански полковник. Кога ме виде како клинкам со патерицата, ми се доближи и ме поздрави. Дигнав поглед и... што да видам... Го познав човекот.
Нашинец, ама албански полковник. Му кажав кој сум и дека го познавам. Четириесеттата се запознавме. Како? Тоа е друга приказна.
Тој е нашинец, знаеш, од нашинците чии места, по делбата ги приграби Албанија за да биде поголема. Се му раскажав. И му реков дека не сум правдо и оти свој ум си имам... Тој ме погали по рамото и ме одведе кај управникот. Зборуваа нешто на албански. Полковникот подвикнуваше, ама што, не знам. Нејсе, на одење, на нашки ми рече:
- Земи си ги парталите и качувај се во камионот.
- Немам ништо.
- Тргнувај.
Ме врати во Сук.
А оттаму, кучкините синови, има таму една шепа од нашинците кои имаат големи уши и долги јазици, па и на лајното му викаат папо.
Ете, Пандо, така јас станав падавичар. А сношти еден од овие кутри луѓе ми рече:
- Другар, чувај се...
И се чувам. А знаеш ли зошто денес толку се дереше оној од џипот? Не знаеш? Ќе ти кажам, ама да заборавиш. Си го загуби, човекот, пиштолот. Ете зошто толку се дереше...
- А што сте зборувале утрото толку долго? Нешто си им покажувал со раце, си нишанел...
- А тоа? Да. Ги молев тие од џипот, за нив прашуваш, нели?
- Ами за кој лруг, за нив, Нумо.
- Им реков, пратете ме долу. Мене не ми треба да одам ваму-таму.
Со мојата болест згрешивте. Им велам: оставете ме во некој бункер.
Стомне вода, троа леб, два-три сандаци патрони и митралез. Многу ли нм барам? Што е тоа за еден сакат како мене, Пандо? А? Прењес не е за мене, не е ни друштвото со падавичарите... Си знаев јас што е тоа Прењес. А и тие знаат. Умираш и не можеш да умреш, полудуваш и да полудиш не можеш. Можеш само да се обесиш. Ама кому му е потребно тоа? А јас секогаш им барам само еден бункер, митралез, стомне водичка и троа леб. Многу ли им барам Пандо? Што ќе речеш ти?
Пандо, дрезнејќи ја својата цигара од тревки, се загледува во неговите сини очи, плука настрана и процедува:
- Што да речам јас? Ништо... Се искоренивме и толку. А за искоренетиот никој не сака ништо да знае и никој не го прашува каде му е коренот. Нашиот камен, Нумо, се истркала и трева веќе не фаќа.
Ете, тоа го велам јас, лудиот Пандо - гробарот, како што ме викаат...
Нумо воздивна, прибра рамена, плукна и рече:
- Устава многу ми горчи. Како да ми е полна пелин...
- Па пелин ти е животот, Нумо, ами што друго.
- Можеби и тоа е, Пандо... Туку, знај, ако еден ден ме снема под оваа стреа, тогаш да знаеш дека јас сум некаде на Вичо. Јас не сум навикнал да не го добивам она што го барам. И со дрвената ќе тргнам и ќе доклинкам... Немам сила да ги гледам жените како при секој изгрев и при секој залез истрчуваат на друмот... Кога гледам жена во црно и со подигнати раце како трча зад камионот, ме фаќа страв па си мислам зошто ли ја дотеравме дотука. Ајде, ние мажи, тргнавме кај што тргнавме, ами зошто жените... Ама и јас си трескам глупости...
Па јас бев еден од тие што сум ги терал девојките да одат во партизани, значи што сум ги мобилизирал, велам, па зошто сега ги сожалувам?... Треба ли да ги сожалува човек? Не треба, Пандо... Кој маж издржа повеќе од нив? Ете, те прашувам тебе што си постар од мене и што си видел повеќе во светот... И јас видов, но таму, на Вичо, на Грамос, и тука, во Албанија, во болниците... Што видов? Многу повеќе од тоа што ти кажав. И пак ќе речам: жалосно е кога гледаш млади моми како одат со патерици. И пак ќе речам: каква ли свадба ќе имаат тие и дали ќе имаат? А ако имаат, како ли ќе го поведат орото невестинско со една нога или без нозе, како ќе ја развеат шамијата на оро без рака? Како ли? Ете, јас, сакатиот Нумо, кому и јазикот сакаат да му го откорнат затоа што вака прашуваше, те прашувам тебе, што си постар и што си видел повеќе од мене, ама не си го видел Грамос, не си го видел Вичо, не си го видел сакатите девојки и момчиња и не си се запрашал како ќе го поведат орото свадбарско...
Пандо климна со рамењата и процеди:
- Тука, во Прењес, не се вели ништо. Тука се тагува, се жали, се трча зад камионите двапати дневно, се плаче, а ако некој рече нешто што не чини, а никој денес не знае што чини и што не чини, тогаш на огласна табла како што го направиле редот: контра, луд, арамија, плашливец, неранимајко... Што сакаш да ти кажам?
- Сакам да те прашам уште дали си видел како во кошници или на количка изнесуваат отсечени нозе, раце, извадени очи? Не? Е, да не видиш. Сестрата во болницата во Елбасан ми рече дека мојата нога ја изнела во количка. Значи јас, тука во албанската земја оставив дел од себе, ама себеси ќе се оставам долу. Отаде планините. Тука, во Прењес, разорен ми е умот, здробена ми е душата. И знаеш ли на што личи целиов Прењес? На загноена рана. Така, велам, на загноена рана... Што ќе кажеш ти, Пандо ?
- Што да кажам... Од кажување ничија болка не олеснува, ничија рана не заздравува. Јас навикнав да молчам и во молкот да ги преболувам болките... Молчејќи да копам гробови, да ги закопувам испадените и да ги гледам оние од џипот така чисти и добро нахранети. Не дека им се плашам. Туку за инает... Ниту опуљ не свртувам кога им крцкаат чизмите и кога се чигават пред луѓето и се дерат за победата во која кој знае дали воопшто веруваат...
ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ – 9 ЦЕЛИОТ претходен ден и во текот на ноќта врнеше. Патеките беа калливи зашто цела ноќ поминуваа нашите. Во долги редици ја месеа калта ги влечеа маските и коњите за узди, а кога ја фаќаа угорнината што води накај Шак, ти знаеш тие места, а? Е, угорнината тешко ја земаа. Се лизгаа, а најмачно им беше на товарените правда. Се лизгаа тие, па стигнуваа до реката. Ги собираа сандаците со фишеци и вреќите со храна, и на своите рамена ги носеа горе. Правдата со скршени нозе ги убиваа и ги товареа на други или ги дереа, ги распарчуваа и ги носеа горе. За месо.
Во рани зори излегов од земјанката и појдов до реката. Водата ги подлижуваше ниските гранки на врбите. Си помислив дека водата сигурно ќе надојде. Небото беше црно и не ми се гледаше дека дождот скоро ќе престане. Се вратив во земјанката, ја зедов дебелата ортома и ја врзав за стеблото на врбата. Потоа влегов во реката.
Излегов на другата страна, во албанско. Кога го врзав крајот од ортомата за елата, ми пријде еден албански наредник и, помагајќи ми да ја врзам ортомата ми рече дека владините војници вчера слегле од Стените, го зазеле Крчишта и веќе копаат ровови на ридот Синадеврид. Ги знаеш тие места, нели? И рече уште дека, ако дојдат во Телок, не е чудно да се спуштат дотука и да се обидат да не фатат.
Ја врзав ортомата и, држејќи се за неа, се вратив. Претпладнето огреа сонце. Луѓето излегоа од земјанките и почнаа да ги обесуваат за сушење наводенетите алишта, черги и покривачи. И одеднаш пукање на митралези, ама одкај Албанија. Албанците отворија оган.
Куршумите свиреа над нашите глави. Оган отворија и од горе, од шумата. Знаев не се нашите, туку бурандарите. И тогаш некој викна:
бегајте! Се нададоа сите накај албанско. Арно ама реката надојдена, матна, луда. Добро што ја врзав ортомата. Викнав: луѓе држете се за ортомата. Ама кој ќе слушне. Пукотници од обете страни. Се нададоа луѓето накај реката и, држејќи се за раце, ја преминуваа. Неколку албански војници фрлаа ортоми, а мојата ортома како да не ја гледаше никој. Ја фатив мојата домаќинка за рака, влеговме во водата и, држејќи се за ортомата, ја преминавме реката. Е, дури тогаш некои ја видоа мојата ортома. Јас се вратив да земам нешто од јадењето и покривачите. Зедов колку што можев и пак во реката. Кога застанав на брегот, слушнав женско гласно плачење. Свртив опуљ. До половина во вода и со детето дигнато над глава, викаше и плачеше Лабровица. “Држ се за ортомата!” и викав, ама таа не слушаше зашто, викотниците, плачот и пукањето беа посилни. Лабровица одеше крај ортомата и водата и ги миеше градите, девојчето го плискаше матната. “Подигни му го главчето”, пак викнав и се стрчав. Во тој миг пред мене скокна некој, очите ми ги наполни со тиња. Јас држејќи се за ортомата, полека одев накај Лабровица. Кога отворив очи, ја видов пред мене. Се држеше за ортомата. Очите и беа ококорени од страв и ужас, плачеше гласно. Девојчето го немаше со неа. Ја фатив под мишка и излеговме на албанскиот брег. Не знаев што да и речам. Не можев да најдам збор... Ми се исуши грлото... Со очите ја барав жена ми. Погледнав во матната, немаше никого. Течеше лудо, носеше дрвја и трупци.
Луѓето се затскрија зад свијокот, во густите дрвја, и зедоа да одат угоре, по шумичката. Таму не ги фаќаа куршумите. Албанците го прекинаа оганот. Бурандарите полека се симнува удолу, кон земјанките, и викаа: “Не бегајте, вратете се. Ништо нема да ви сториме”. Арно ама ние тоа грчко ништо сторење, како што знаеш си го знаеме од векутому време. И така, Нумо, се витосавме од нашето место. Ноќта стигнавме во селото Добрани. Убаво не пречекаа Албанците. Никој не остана под голо небо. Во текот на ноќта ги дотераа овците и козите, а говедарите - говедата. Таму останавме два дена. Си мислевме дека нашите ќе ги потиснат владините војници и ќе си се вратиме дома. Може и ги потиснале, ама ние, ете, дома не се вративме. Третиот ден во мугрите не разбудија и не повикаа сред село. Тука се собравме за да ни кажат дека патот ќе не води натаму, а каде, има луѓе кои знаат. А тука, на мегданот селски, колку се израдував, Нумо, тоа не може да се каже. Се израдував кога во рацете на Лабровица го видов девојчето живо. Дотрчав до неа, и го зедов од раце и го гушнав. Се расплакав. Потоа таа ми кажа дека од раце и го зел еден албански војник кој скокнал во реката. И потоа, Нумо, тргнавме и стигнавме тука, во Прењес. Пред нас ги теравме овците и говедата. Имав еден прч, Нумо, беше мерак и љубомора за целото село. Арно, ама од долгото одење му се разјадоа копитата. Се повеќе заостануваше. Накрививаше на сите четири. Некои бараа да го заколам, да не пцовиса. Реков – не! Ми беше грев. И така еден ден прчот папса. Копита тукуречи немаше. Тапкаше на голо месо. Остана.
Легна. Пак ми се настрвија некои од моите соселани, а и други, заколи го, та заколи го. Реков - не! Жена ми почека додека се оддалечија луѓето, а потоа накрши лисни гранки и на куп ги собра пред прчот. Котлето го наполни со вода и му го стави до главата.
Прчот не брсна од лисјата, не голтна од водата. Гледаше и мекаше.
Ние тргнавме зад колоната, а тој, останат во пустелијата, мекаше, море плачеше како дете, а не мекаше... Се свртев да го погледнам.
Беше малку подигнат на колена, гледаше кон нас и мекаше и, колку повеќе се оддалечувавме, толку пожалосно беше неговото мекање.
Чиниш плачеше, чиниш не колнеше. Така, Нумо, тешкото и несреќата ги разбираат и правдата. Е, стугнавме тука... Не сместија во бараките.
Секому по четириесет сантиметри место. Наредени како фишеци. Од обете страни. На сламеници. И секој ден се побројни станувавме. И секој ден трчавме како што трчаме сега на друмот. На Грамос, велеа, гори местото и се повеќе ранети пренесуваа камионите. Се повеќе ливчиња наоѓавме на патот и покрај патот и се повеќе се слушаа пискотници, плачење и лелекање. Немаше ден без лоши вести. Така и мене еден ден ме најде најлошото. Во едно ливче најдов напишано дека ми загина Трпе. Средното дете. На Грамос. Одев долу, во ливадите се криев отаде река и плачев на цел глас. Криев од жената, ама еден и кажав. Не поминаа две недели и пак на ливче: најмалото дете, седумнаесетгодишно, лежи рането во Елбасан. И кажав на домаќинката и ноќно време тргнавме пешки за Елбасан. Со криење стигнавме попладнето. Ја најдовме болницата, ама не го најдовме него. Умрело под нож... Како се вративме? Сами знаеме, Нумо. По еден месец ми се снеможе домаќинката. Срцето не и издржа. Со моиве раце ископав гроб во скрката. Ја закопав и оттогаш станав гробар... Првиот гроб од левата страна е на жена ми... Така беше... – доврши Пандо.
- А оние гробови таму? – праша Нумо.
- Тие се италијавски. Таму лежат италијански војници.
Треперат рацете на Нумо и меѓу прстите се рони тутунот.
- Дај јас да ти свиткам, Нумо, - му рече Пандо.
Нумо ја свитка цигарата, запали, длабоко повлече дим и, откако го испушти, рече:
- Сега знам зошто си таков...
- Каков? - праша Пандо.
-Молчалив...
- Не. Не сум молчалив. Постојано зборувам. Каде и да сум, секогаш си зборувам. Си зборувам со моите деца. Ги гледам пред мене, одам де пред нив, де зад нив, де покрај нив и си зборувам. Кога сум насамо им зборувам гласно а потоа одам кај домаќинката, па со неа кршам муабет... Туку, како да доаѓа времето. Ајде да одиме џадето. Јас, знаеш, имам уште едно дете на Вичо... Белки ќе ми каже некој нешто добро за него... А ти, можеби, ќе го дочекаш твојот пријател шофер, а?
Застана скраја од џадето. Нумо, заради тоа што првиот пат се вмеша во навалицата која го преврте и почна да го гази, сега си стои настрана и никако не може да ја здогледа кабината на камионите.
Наоколу секогаш е полно луѓе, а тој, сакат, со една нога, не може да се доближи. Си стои тој насрана, гледа, вика: - Филип, јас сум, Нумо!
Ама во викотницата неговиот глас никој не го слуша. И него никој не го гледа. И така си стои Нумо скраја од патот и двапати дневно го чека својот пријател-шофер за да го земе.
Правот што го дигнаа камионите полека паѓа, а во бараките долго се слуша плачење. Пандо и Нумо одат покрај џадето, чепкаат во сувите треви. И овојпат Пандо не најде ништо. И ни полесно ни потешко му е на душата. Само за градите му се залепи тешка воздишка и никако не може да ја откине. Како сува кашлица. Застана.
Запалија.
Одеднаш Нумо прозборе:
- Вчера докликав до реката. Гледам – бели бреговите Стотици жени переа волна. Од каде толку волна, Пандо?
- Од овците што ги дотераа во Албанија луѓето од Костурско.
Некои, Нумо, што беа поитри, веднаш им ги продадоа на Албанците по селата и така фрлија понекоја жолтица в џеб. А други, пак како мене што си имав сто и дваесет глави овци и шеесет кози, ги дотераа дотука, мислејќи дека утре ќе се вратат. Арно, ама тие од џипот со помош на таквите кои гледаа добиток, а никогаш го немаа, ни ги зедоа. Ни дадоа, Нумо, по елно испишано ливче. Ете, толку ми чини стадото. Ливчето, се разбира, го фрлив, макаршто ми рекоа дека власта, таа, народната де, по победата ќе ми ги плати.
Така сите овци и кози - под нож. А месото на фронт, кожите им ги продадоа на трговците, а волната со месеци ја перат жените, а во бараките ја предат и плетат чорапи и фанели за оние што се на боиштата...
- Требаше да си го држиш ливчето...
- Зошто? Ќе ми го врати некој стадото? Па таа власт што треба да дојде, мора, прва да јаде. А штом јаде, тогаш од каде ќе најде и мене да ми даде? Па јас ги гледам оние што беа народна власт во селото.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/postela-za-chemernite/4 on October 29, 2026