Front Matter - Part 03
Автоматски рафал ми ги пресече нозете. Паѓајќи, успеав да го видам водникот што ме одведе кај мајорот за да потпишам. Тој клечејќи на едното колено пукаше во мене... Не, тоа не беше водникот...
Макронисос пукаше во мене...
ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ - 4 ТОЛКУ МИ РАСКАЖА Харилаос, дваесет и двегодишно момче од некое планинско село на Пелопонез. По десетина дена го преместија во друга соба, а потоа го префрлија во воената болница во Тирана. И повеќе не го видов. Но гледав други, исто така осакатени.
Некои од нив ги испраќав до гробиштата што се наоѓаа потаму од болницата, отпоздравував кога ја израмнуваа земјата над нив и се враќав во мојата постела. Секој ден пристигаа нови ранети, а оние што заздравуваа ги префрлуваа во други болници, а најчесто во Сук.
Е... Сук... И таму бев, но за Сук можеби другпат ќе ти раскажам. Одев таму, велам, на партизанските гробишта, де, на нашите гробишта, ама не да закопувам, ами да се поздравувам со другарите знајни и незнајни. Застанував така, потпрен на патерицата, улуглав и си зборував со оние што лежеа под црвенилата. Им раскажував за се што слушав од новите ранети. Одев таму се додека не стегна студенилото, зашто и на гробишта не треба да се заборават другарите од бојното поле. А престанав да одам не само поради тоа што студеше, ами затоа што немав во што да одам. Едно утро, кога се разбудив, сестрата ми пријде, и ми подаде ливче хартија. Прочитав: “Другар, тебе не ти треба ни шинел, ни панталони. Ги позајмив, можеби, до следното видување. Остани ми со здравје и чувај си ги гаќите. Здраво !” Нема што! По два дена некој ми ги позајми и цокулите. Едната беше нова, од отсечената нога, а другата од долу скината. Останав и бос. Ама не престанав да ги посетувам новодојдените другари. Се завиткував со ќебето и, куц-куц, ете ме во некоја соба. Де им свиткувам цигарче на ранетите, де им подавам вода, де им ја поправам перницата или ги покривам, ги тешам, слушам што раскажуваат. Се беше интересно и болно. Губевме секаде.
Дојдоа и првите снегови. Стегна мразот.
По нова година дури до крајот на јануари во болницата постојано пристигаа ранети. Повеќето имаа замрзнати нозе. Битката за Негуш и Воден не успеа. Во февруари не успеа и битката за Лерин. Во собите и коридорите поставија нови кревети во кои лежеа и по двајца, некаде и по тројца ранети. Нас, старите, не преместија во соседните бараки.
Кога една вечер болничкиот двор се наполни со камиони и по лапавица почнаа да ги растоваруваат ранетите, излегов од бараката и му се доближив на елен возач што лежеше на снегот.
- Ранет ли си, другар? - го прашав.
Тој ме погледна со папсан поглед и рече:
-Уморен сум, другар. Две ноќи не сум спиел. Чекам да го растоварат камионот и да тргнам. На границата чекаат стотици ранети и замрзнати... Ја посравме работата во Негуш и во Воден... Ја посравме... Имаш ли цигара? Ни нозе ни раце чувствувам... Додека се искачивме по серпентините над Прењес, душата ни излезе. Снег до над колена. Вее лапавица, камионите остануваа во снегот, а јас со мојот морав да ги влечам еден по еден до горе. Цел ден. Ранетите ми мрзнеа. А кога поминувавме по Прењес, ех, што да ти кажам... Се истурија жените и старците од бараките и навалија на џадето. Не смееш да застанеш, наредба. А се довикуваат мајките со своите деца плачат, колнат. А ние возевме ги прскавме со разводенет снег, тие шлапаа во водата и калта и викаа, се довикуваа. Од камионот што возеше пред мене некој ја подотвоти церадата и исфрли цела шепа писменца. Ги понесе ветерот и заедно со снегот ги растури. Си замислувам како сега луѓето чепкаат во снегот, како ги бараат писменцата што се дел од нивните најблиски... Сум се изнагледал ранети и убиени, ама толку расплачени и толку нажалени и натажени жени, никогаш досега. Кој ли беше тој луд што ги сместил бегалците во Прењес, токму на патот каде секој ден поминуваме со ранетите?
Кој?
- Мене ли ме прашуваш, пријателе? – му се обратив, подавајќи му цигара.
-И тебе, и себе си и сите... А ти, долго ли си тука? Без едната гледам...
Не реков ништо. Се свртев и тргнав накај бараката. Ноќта останав буден. Не можев да заспијам. И не ми беше прва. А ранети пристигаа и после петнаесетти февруари. Тогаш најмногу. И во Лерин ја посравме работата. И така, мој Пандо, едно утро јас пак влегов во една од болничките соби. На креветот, веднаш до вратата, забележав девојка. Лицето некако познато, ама не ми текнува која е. Ја гледам, ја гледам и ја познав. По веѓите.
- Калеша! - викнав. Таа отвори очи и се загледа во мене. Ги намршти своите долги и танки веѓи, кои повеќе личеа на пијавици, намршти чело, долго се силеше да си спомни кој сум.
- Калеша! - викнав уште еднаш. Зар не ме познаваш? Јас сум, Нумо.
Ја викавме Калеша. Така ја викаа и во другите чети. Таа се насмевна болно и прошепоти:
- Нумо... ти си жив? Жив?...
- Па не сум ангел, Донке... Жив сум...
- А ние мислевме дека тогаш таму, на Камна...
- прошепоти со скршен глас. - Се радувам, Нумо, што те гледам...
А јас, ете, јас... - почна да липа. Ја подигна десната рака. - Ми ја нема дланката, Нумо. Останав, јас кутрата, без рака... Во Лерин ме ранија.
Кога се повлекувавме си ја шинав ногата и останав во снегот.
Замрзнав...
Седнав на нејзиниот кревет, и ја зедов десната рака во моите широки дланки и почнав да ја галам. И мислев на таа убава нејзина бела, мала и мека дланка што сега ја нема. Таа ја сврте главата. Не сакаше да ги гледам нејзините солзи.
Донке... Калешо.... прошепотив. – Не грижи се. Ете, и јас сум без едната и жив сум. Нели ти рече дека сум жив, а?...
Во собата влегоа лекарите. Ференц се поздрави со мене и ме праша:
- Се познавате? Стари пријатели, а? Како сме, девојче? Храбра си ти, храбра. Да ги видиме нозете. Сестро, помогнете.
Јас стоев настрана. Кога и ти одврзаа бандажите, затворив очи.
Нејзините стапала беа црни, а над глуждовите, нозете и беа отечени и сини. Ференц забарабани со прсти по рамката на креветот, длабоко воздивна и на шпански му рече нешто на Богдан. Потоа и се обрати на сестрата:
- Сестро, подгответе ја пациентката... - Тој пак се загледа во нозете на Донка, рече нешто на шпански, потоа ја погали по лицето велејќи:
- Ти си храбра девојка... Како ти е името? - прашуваше на шпански, а Никос веднаш пренесуваше на грчки. - Донка, Донка...
По половина час влегов кај доктор Ференц. Таму беше и доктор Никос.
- Докторе Ференц, што е со нозете на Донка?
Доктор Ференц ме погледна и преку доктор Никос ми рече:
-Нумо војна е...
- А каде и е плетенката, докторе Ференц?
- Плетенката? Таа имаше само изгорена коса, Нумо. А зошто ?
- Плетенката, докторе Ференц, беше гордост на целата наша чета.
На целиот баталјон. Сите ни завидуваа, докторе. Замислете, пред да тргнеме во бој, постојано и велевме: - Донке, Калешо, чувај ја плетенката... А имаше до самоти колкови долга, црна, тешка и бујна плетенка. Ту ја свиткуваше круг до круг, ту околу главата и личеше како да имаше круна, како да имаше венец. А во тој венец понекогаш ја молевме да вплете маргаритка, јасминово цветче, темјанушка, кој како наоѓаше и нудеше. А таа не сакаше никого да одбие. Значи колку радост ни носи. И ние ја сакавме неа и нејзината плетенка. А кога ја расчешлуваше, докторе Ференц, а кога ја расчешлуваше, како тељови, црни, ама блескаа во првичниот зрак на сонцето, како црна свила таа нејзина долга коса и се распостелуваше по рамената, по плеќите дури до витата половина и и ги покриваше колковите. Кога ја, чешлаше, докторе, доволно беше да има само малку ветар. А ветрот, а ветрот, докторе Ференц, ја разбрануваше лесно и тогаш личеше на одвај разбранета неожнеана нива... Не даваше машка рака да ја допре... Со брзи, но нежни движења на своите прсти знаеше за миг да ја сплете плетенката. А таа плетенка, а таа плетенка, докторе Ференц, имаше мирис не само на млада девојка, ами и на планинска и шумска зора, на пресен утрински ветар, на роса врз растреперена темјанушка, на млади борја и, на планински поток, на свежо сено, на ноќен ветар, имаше, докторе Ференц, мирис на свежо ископан ров, мирис на штотуку довршен бункер, мирис на јаново цвеќе, мирис на шумска јаготка, а најчесто мирис на барут... докторе Ференц.
Доктор Ференц се загледа во мене и, по подолго молчење, ме праша:
- Нумо, зар ти немаш во што да се облечеш? Зошто вака завиткан во ќебе ми се шеткаш од соба в соба?
- Војничка, партизанска работа, докторе, Ференц. Ако не си ги причуваш, ќе си ги позајми некој...
- Сестро, - викна доктор Ференц одведи го колегата во магазинот и кажи им дека јас наредив да му дадат панталони, блуза и шинел.
Ако нема шинел, тогаш ќебе.
- Ќебе, докторе Ференц, не ми треба. Ете, доста ми е ова.
- Тоа ќе остане тука. Ти вечерва со многу други ќе заминеш во Сук...
- Во Сук?!
- Да, Нумо, во Сук. Јас одам таму понекогаш, и ќе се видиме. Оди поздрави се со другарите и на пат, Камионите гледам чекаат. Адиос амиго...
ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ - 5 НЕ ЗНАМ колку бевме. Многу. Донесени од сите болници.
Најмногу оздравеници, но и многу без очи, други без раце, без нога, криви, сакати, слепи, падавичари... Оздравениците, дури и оние со одвај затворени рани не остануваа долго. Ноќе доаѓаа камиони, набрзина стисок на рака, кратко збогување и на фронт.
Спиевме во бараки. Од обете страни рамно заковани штици. На два ката. Во средината ходник широк колку двајца да се разминат.
Спиевме еден до друг на постела од штици и ништо врз нив. Врз нас најчесто шинел или излитено ќебе или ништо. Под мојот шинел лежевме двајца. Јас и Вангелис, Грк од Тесалија. До нас еден Маџир од Костурско. Не разбудуваа рано, пред да изгрее сонце. Излегувавме на гимнастика. Мавтавме со празните ракави и пачовици, потскокнувавме колку за да ни се раздвижи крвта и се враќавме на своите постели од лошо изрендани штици. Таму, во тишината на зелените ливади и огромните лозја, сите станавме генерали и го знаевме решението на секоја загубена битка. Жолчно се расправавме по цели денови и ноќи. Зошто? Затоа што губиме, а оние што имаа малку повеќе прочитано, што имаа завршено и офицерски школи се обидуваа да објаснуваат, но може ли да се наткрили желбата и упорноста за да се постигне замисленото? Икар сигурно знаел што го чека во височините уште пред да си ги врзе крилјата, но штом се вивнал во небото, височините му станале желба, во него се родил духот на севозможното. Така и кај нас. Ние, селани, со запленето оружје успевавме да го биеме непријателот, да го истеруваме од бетониските бункери, да го гониме и велевме дека се бориме не само против грчката кралска војска, ами и против Англија, таа изјаловена морска кралица, и против Америка. И ние прости селанчиња, ја биевме Америка. Го биевме непријателот на Копанче, Алјавица, Круша, Тумба, Бела Вода, Бигла, Горуша, Харо, Клефтис, Патомата, Орле, Одрето, Пиргос, Бел Камен, Главата, Кула, Свети Илија, Јоргова Глава, Мали Мади, Вичо, Буци, Јанова Глава, Плати, Кулкутурја, Буковик, Баро, Јамата, Полената, Врбица, Стените, Кајмакчалан... Го биевме по планините на Македонија, на Епир и Тесалија, на Румели и Пелопонез... Од сите тие места не имаше таму, во Сук. Наспроти мене - пристар маж со два празни ракава. Во неговата сива коса беше Првата светска, Малоазиската, Акронафплија, Метаксасовата ренка и рицинусот, албанските планини, германската, судирот со ЕЛАС, планините и ридиштата на Кичевијата и Шар Планина и сега оваа... Натежнаа врз неговите рамена годините и времињата врз кои падна премреже... До него, Грк, во исти години. Ракавот му е празен и место око - црна кожлинка.
Постојано пее прашалнички и молбено, тивко и меко, набожно и жалосно, тревожно и трогателно, осаменичко и жаловито, плачевно и тажовито една иста песна:
Зошто се црни планините и расплакани си стојат?
Виулица да не ги удира и дожд да не ги бие?
Ниту виулица ги удира и ниту дожд ги бие, Само смртта минува мртовци насејќи.
Напред ги влече младите и старците зад нив И кревки дечиња наредени на седло...
Прекинува и молчи, чиниш колку за да земе здив. На неговото лице, жолто како восок од липов мед, блеска сината зеница на здравото око...
- Зошто се црни планините и расплакани си стојат?... - тивко прашуваше едноокиот, нишајќи се на дрвената постела.
Така, Пандо, во Сук не имаше од секаде. Препативме заедно и не можеме туку така едноставно да си речеме: па, збогум. Многу јадови и чемери беа собрани во нас, многу омраза растуривме. Стигнавме до растока. Но и на растока има место да се подаде рака. Кога не би направиле така, тогаш би си плукнале на крвта што заеднички ја пролеавме во ист ров, во истиот бункер, на парчето леб што го делевме, на капката вода што ја цедевме, на раните, на солзите, на достоинството што го создававме заеднички, на сето она што со мечтите го градевме на ридиштата и снеговите на Грамос и на Вичо.
И лажни, ниски, недостојни би биле кога би направиле поинаку. А дека некој таму, од едната или другата страна, откако обеси пушка на трн и најде топла постела под покрив, каде што не го удира виулица и не го бие дожд и отстрана се топори и сее зло, треба и нему да му го најдеме местото меѓу нас. Ние сме семето на онаа земја онаму, преку граница. И таму животот ќе биде онаков каков што го сакаме ние, очаблавените... Ќе дојде и тоа време кога со овие дрвени нозе ќе зачекориме по булеварите на Солун и Атина. Ќе крцкаат пустите и ќе не потсетуваат на рафалите и на другарите што останаа таму или што ги закопуваме тука секој ден понекој; на полудените, обезумените и на оние што престанаа да веруваат. Но дотогаш, кој знае каде ли уште нема да стигнеме. И кој знае низ колку патишта, непрегледно долги и далечни ќе изминеме се додека не се вратиме во нашите домови кои можеби ќе бидат обраснати со шипје... Зашто секогаш одевме некаде и секогаш се враќавме од некаде... Реков и велам, ние сме семето на таа земја. Ако успееме да ја искорениме омразата, тогаш ќе родиме богат род. Се уште сме оптоварени со многу пороци и можеби затоа во нас има сомневање и не секогаш си веруваме. И тоа е борба, како што е борба кога сакаш да излезеш од мочуриштето и од секоја злоба, од секое лошо, од реата, би рекол... А тоа со митинзи не се чисти. И колку поголеми се буквите на паролите, толку повеќе ѓубре потоа се совдава. Црвот не се чисти туку-така. Прво ѓубрето...
Убаво е кога во очите на луѓето гледаш мирен одблесок на зениците. Тоа ти е исто како да ја гледаш нивата што лани си ја посеал како напролет зеленее и како ветрот ја бранува пченицата.
Имавме такви мигови во Сук. Мирни. Сенештата биеја во нас.
Гледавме во синото небо и заедно со облачињата се пробивавме низ светлината и литавме по бескрајниот лазур... Седевме во топлите мајски пладниња на зелената трева и гледавме се додека околните планини не добија боја на пепел. А небото, бледозлатесто, пурпурно, сребренесто, распалено - на зајдисонце имаше боја на вино. А боите меки, нежни, влажни во првата вечерна роса, не те одвлекуваат од свеста дека во животот сепак има надежи и дека борбата е неизбежна само заради животот. Така во нас навлегуваа помирни и средени чувства, но лошото беше во тоа што имаше такви кои сакаа во нас да го уништат чувството на самосознателноста.
Во првите денови на мај во Сук донесоа многу сакати девојки.
Меѓу нив и нашата Калеша!...
Ги гледав, Пандо, и се чудев. Какви срца имаат, - си мислев - што ли ги бодри толку да одат толку исправени, исправени колку што им дозволуваат скршените лопатки, ребра, испосечените нозе и раце, слепи, чолаци и најпосле тие патерици во нивните раце, под нивните мишки? Каква ли е оваа судбина за нив? Какви ли соништа сонуваат?
Такви бевме таму тукуречи сите. И такви какви што бевме, умеевме со радост да гледаме како изгрева сонцето и да ги разликуваме сите мени на утринските бои; умеевме со восхит и страст да му се радуваме на сончевиот зрак што преку цепнатинките на бараките се разигруваше на ѕидот; знаевме во него да гледаме се додека го снемаше, да гледаме во молк и исполнети со надежни мисли; знаевме во свежите зори да го слушаме ведриот пој на птиците; знаевме до зачудување да се загледуваме во чашките на расцутените цвеќиња, во кои проигруваше пчела, во килимот на зелената трева и до бесконечност да го следиме облачето заскитано на синото небо...
И, кој знае, можеби затоа девојките со патерици, безоки, со обезличени образи, со истрижени глави, со лузни, со се уште незатворените рани, со празни ракави од воените блузи, со тешки војнички цокули, ни изгледаа толку убави. И ноќе ги сонувавме и дење по цели часови ги галевме со погледите... занесено, блажено, нежно, страсно, галежливо, умилно, топло и со наслада...
Ги гледав и си мислев: зар судбината за такви ве предзначи? Еј, ти, Донке, Калешо, што ти се отсечени обете нозе и дланката од десната рака, како ли ќе, го поведеш невестинското, како ќе го развееш шамичето на оро, како ќе го заиграш “Берачето”' наше ?
И се расплакав кога ја видов и неа, Донка Калешата, на оро!
Доклинкав долу, долозјето, легнав во тревата и плачев, Пандо.
Плачев од радост. Тука во градиве, нешто ме удираше, а тоа беше гордоста и достоинството за Калешата. Иако не беше онаа Калеша од нашата чета, со долга плетенка како божица, вита и на орото како самовила... Но, сепак, тоа беше нашата Калеша. Иако сега тромава во движењата, со малку згаснат жар во очите, со малку тажна насмевка на лицето, но тоа беше Донка Калешата. Косата и беше, порасната до половина прст, но беше густа и исто така црна и светликава. И така фатен во орото на сакатите таа, иако држена под мишките, зачекори во животот... макар и очаблавена, таа се фати на оро, смогна сили да најде потпора во радоста на постоењето и сигурност во другарувањето со слични на себе и да се чувствува достоинствено, ведро, животворно и полетно. И се радуваше таа, Калешата. Учеше веќе озарено, полека, внимателно, како да гази по скршено стакло со боса нога, да клекне покрај маргаритките, кротко и умилно да ги кине и да ги собира во скутот. Потоа плетеше венчиња.
Еден ден ја видов со такво венче на глава и Катерини, Гркинка од Румели, со вдлабпато чело и без левото око. Косата и нараснуваше.
Таа со едната рака си го придржуваше венчето над очната празнина што и ја имаа покриено белите ливчиња на маргаритките. Коста, дебел и едноног артилерец во италијанската и во ДАГ, се потпре на патерицата и се загледа во девојката. А таа, минувајќи покрај него, му подвикна:
- Дебелко, не потпирај се толку зашто ќе ти се скрши...
патерицата.
Катерини промаршира пред нас. Насмевната беше, но јас по треперењето на нејзините рамена видов како липа во себе згрчено, како пати. Никој не и ја виде очната празнина, и вдлабнатото чело, и големата лузна на десниот образ. Сите видовме убава, вита девојка, наша девојка, автоматичар и носител на орден за храброст. Сите гледавме само убава девојка иако војничките панталони и беа многу широки, иако широката англиска блуза и криеше се. Во Сук дојде од болницата во Тирана, а таму стигнала како ранета во Бела Вода.
Имаше вдлабнато чело од тешка рана, празнина место око, голема лузна на десниот образ, но имаше румени, набабрени и страсни усни.
И насмевка - занесна, опојна и страсна.
Така се раѓаа кај нас нови мигови на радост и надеж што според природата на нештата траеја кратко за да им отстапат место на нови грижи, сомнежи, внатрешни разјадувања, мрачни размислувања по кои доаѓаа нови искушенија...
Меѓутоа, ние таму, во Сук, не се загледувавме во нашите лузни, во нашите незатворени рани и не мислевме на својата болка. Не заспивавме се додека не тргнеа камионите натоварени со наши другари. Не приредувавме свечени испраќања. Знаевме: тргнуваат онаму од каде што стигнаа тука. И тоа го сметавме за секојдневна задача, иста како онаа таму, на фронтот. “Добар пат, другар, и патот нека не ве донесе пак тука” - шепотевме кога веќе не допираше брмчењето на камионот. Не окрилуваше желбата и такви какви што сме да се најдеме на линија, на позицијата. Преку тоа сакавме да си останеме исти како порано, но збогатени со нашите рани, со нашите лузни, со извадените очи, со празните ракави и пачовици, ете, такви, ама полетни и поумни... И морам да кажам дека бевме најтажни кога сонцето не светеше, кога небото го покриваа црни облаци. Така еднаш цела недела небото ту беше црно, ту сиво, далеку се слушаа грмежи. Чекавме да се разведри зашто се повеќе и се почести беа караниците меѓу другарите.
ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ - 6 И ПУКНА. Молскавици го расекоа небото и удри да врне. Ама каков дожд! Се слушна гласот на одговорните на бараките:
- Надвор! Ајде, сите надвор! Станивај! Станувај! Надвор!
- Зошто? - праша некој.
- Како, бре, зошто? Зар си слеп? Не гледаш дека врне?
-Слеп сум, другар...
- Па зар не слушаш како врне?
- Слушам другар.
- Па тогаш, надвор!
Излеговме и на мегданот пред бараките почнавме да се миеме под поројниот дожд.
- И мандалата, јунци! Да ви светнат! Засмрдевме... - викаше некој.
- Од пот и друго мирисаме како црчови. Се, се, се да истриете од вас.
Нека го однесе дождовницата...
- Се, бога ми, ќе истријам, - рече еден друг - и потоа цел ден ќе седам и ќе кршам вошки.
- Еј, ти, бре! А бре собуј ги чорапите. Измиј си ги нозете зашто ти смрдат како селско буниште.
- Ја, за да ми се извалкаат стапалата во калта. Види го умниот!
- Еј, момци! Гледајте. И девојките се бањаат.
- Зошто да не! Кај нив има повеќе што да се мие. Памтам, ланската година беше, некаде на Грамос, командирот на четата на сите девојки им даде по парче сапун што го имавме запленето претходниот ден. Ги натера да одат да се мијат во планинската река.
Господе мили, кога се вратија, господе мили, кога се вратија, Богородице девице, бели и свежи, румени, убави. И се обратив на една: “Дај ми го сапунчето да се измијам”. А таа ми се смее в очи и ми вели: - “Море, какво сапунче. Не ми стигна да си го измијам ниту едниот бут, така што другиот ми остана недоизмиен…” А газлеста и месеста беше, уф!
- Мијте се добро, - се очавчи одговорниот на нашата барака. - Мијте се добро зашто не се знае кога ќе заврне пак...
Тој во ДАГ беше командир на чета, па и тука донекаде ја имаше моќта на командир и секогаш се однесуваше така.
- А јас ви ветувам дека, кога ќе ја ослободиме Атина...
- Их, мајката, - довикна некој - уште од шумите не излеговме, а овој веќе ја гледа Атина...
- Не зборувај и слушај! - викна очаблавениот командир на четата кој стоеше со широко поставени нозе во калта и со едната рака си ги триеше градите. Левата му остана на Кајмакчалан. - Тогаш јас, вашиот старешина, ви ветувам дека секој од вас барем еднаш ќе се избања во кадата на кралицата. Јас лично ќе се грижам кадата да биде наполнета со топла вода и тоа онака како што му прилега на еден народен борец. И секој ќе добие по едно шише шампон...
- Е, па ти, претеруваш. Јас благодарам. Јас не сакам пијан да лежам во таа кралска када. Види го ти него што ни токми...
- А бре, волу, тоа не е за пиење ами за миење. Слушај и запомни за да не речеш после дека не сум ти објаснил, па да ме срамиш пред некој наш полковник или генерал. Ќе го истуриш шишето во топлата вода, ќе брцнеш со рачиштето два-три пати и целата вода ќе се претвори во сапуница. Густа како најгуст бел облак. А ти потоа влегуваш во таа миризлива бела, или сина, ини црвена сапуница, зависи, по ќеф, каква ќе си избереш. Си легнуваш, се врткаш, ги гледаш ѕидовите обложени со позлатени плочки...
- И и ја пцујам мајката на кралицата затоа што народното богатство го изналепила на ѕидовите... Ах, ах, ороспијата германска...
- Не прекинувај и слушај внимателно за да не се срамиме двајцата пред некој генерал... Значи, ги гледаш ѕидовите, се огледуваш и во големите огледала. Потоа стануваш и одиш под туш...
- А што е тоа, а? - праша истиот.
- Тоа ти е една помала просторија, обложена со посребрени плочки...
- О, мајчината Германка, и тука најде да го крие народното сребро...
- Ама не прекинувај, бре. Слушај колку убаво раскажува човекот,
- му префрли некој.
- ...со посребрени плочки. Така реков, нели? Да, со посребрени плочки. Горе, на таванот и од страните има малечки дупченца. И кога ќе притиснеш едно копче...
- А од каде ќе знам кое?
- Е, ама си здодевен човеку. Па ти рече човекот дека лично се ќе надгледува, нели, другар?
- Точно е. Значи, ќе го притиснеш копчето и тогаш ќе почне да тече вода како... како дожд...
- Их, ама и таа ми е некоја кралица... Од каде пак од миризлива сапуница, па под дожд. Има ли таа кралица, те прашувам јас, пушкомитралезецот на првата десетина, трет вод, втора чета на првиот баталјон на сто петтата бригада, има ли таа кралица барем малку ум штом од топлата вода во широката и долга када оди под дожд? Да не е, случајно, таа кралица малку нетокму, а?
- Под туш, главчо, под туш, а не под дожд...
- Сеедно е, нели, командире?...
- Тушот, главчо, - се обиде да објасни еден од спротивната страна на трапчето што стоеше до колена во матната вода.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/postela-za-chemernite/3 on October 29, 2026