Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

A Bed for the Wretched

ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ - 19 - Part 03

By Петре Наковски · Part 14 of 15 · About 17 minutes

Read in English

Јаска остана сама о мрако. Туку стисна з’мби и киниса. А види човек, легни о ендеко. Дено го помина о ена корија од д’мбја. А ношја како арамија, како в’лчица од трап до трап, од ендек до ендек, ту по џаде, ту по нивје, по кории, пците ме лавае, дечки воловарчиња ме пашкае, а јаска, ету, се крие и од људје и од аскери и кога втаса о Билишча, ојду при Суљо... Се чудее људјето, жими вера, ами ка, велее, бре, бре, жена, па сама, по чужо место, толку п’т да пот’пчи...

А мене о гр’ндите ми олесна... Ету, се ума, таму од’нде трапо е селото, нашчо село, де. И пак ношја, напрау, по полјето, по месечина, по мрак, јаска киниса. И по п’то ме фати виулица, снег, мислиш, фрла некој со шепи. А таму, на Стените, бој се биеше. Јаска оде пред себе и веле – далеку да е лошото и фати да вјавам угоре откако ја прегази матната река. Тешко, лизгаво, ама вјана горе, о Телок. Влегу о манастиро за да го блазосам Госпу и Богородица и Ристос и Света Петка и да му речам сполај ти... Клекна јаска о мрако... знае де се светиците, и почна да се моља... Од шо бе папсана или Госпу ме тандиса, не знам... Заспа... На осунатје, кога се обдени, се разбуди.

Отвори очи, светиците без очи!... Со куршум извадени. Се помоли јаска, а цела бе замрзната. Се помоли па, а после фати да плача. Шчо с’лзи истури, шчо плакои стори, шчо рендење... Ету, си веле, дојду о нашчо место, тука да ги рендам умрените, о јаска лендата, о јаска кутрата, о јаска ж’лната, о јаска палежната... И од радос плаче за тоо, шчо дојду о нашчо место... Од ка се изнаплака, излегу од манастиро.

Снег ношјата фрли до појас. И јаска, место да ода лево, ојду десно и влегу о албанцкото, пусто да го вида... И без да вида, за рамена ме фати војник. Албански. Тој беше од тие шчо ја чуве межата. Ме фати и, без да ме опита, ме врати долу о нивната караула. А од таму о Билишча о од Билишча со камион пак ме донекое туа... Ету, така јаска ојду до нашчо место...

Жените замолчаа. Пандо запали. Сертиот тутун му го спржи јазикот, му го запече грлото.

- А у нас жени, - Пандо подигна поглед. Тоа е гласот на Ристана. - У нас, во нашето село кога го донесоа новиот поп, селаните рекоа - не го сакаме. Тоа беше есента. Триесет и шестата. Демек, нашиот де, рекоа не чини. Не пее добро грчки... А мојот го фатија лудите. Му се изнавикаа на питрупот на нашински. Утредента дојдоа хорофилаци и го однесоа во астиномијата. Ми го донесоа по два дена. Поцрнат од бој и за срамотилаци вопнат. Му дале рицинус да пие. Го заклавме овенот, истолчивме два леѓена кромид и го завиткавме во кожа.

Поминаа пет месеци. Од школо ми се врати син ми плаченичкум.

Рацете посинати и натечени. Го праша татко му: Што ти е чедо? А тој: - Ме изнатепа даскалот. - Зошто? - го прашав. - Затоа што на баба вчера и зборував нашински. – А мајка ни збор да изусти од грчкиот.

Па и јас не оти го знам? Стана стопанот мој, се облече и отиде во кафеаната.

- Даскале, - му рече - излези на збор.

Како што велеа мажите што биле таму, даскалот онака горделив, излегол надвор и почнал да му се дере на стопанот:

- Како, бре керата, незнамитис ниеден, ти му дозволуваш на син ти да го зборува тој гнасен и варварски словенски јазик? Знаеш ли зошто сум тука јас, а? Знаеш ли дека и тебе, поганецот...

Стопаиот мој со едната го фати за појас, со другата за краватата, го подигна, и го ничкоса во снегот. И колку што подигна нога за да го стапне, се втурнаа мажите, и го спречија. Кој знае, може ќе го убиеше... Ама него за малку што не го убија. Две години затвор во Кожани. Кога си дојде дома, ми рече:

Јас, Ристанке, ќе си одам во Америка. Што и да се случи, ти немој ни педа земја да продадеш. Ниту нива, ниту ливада, ниту бавча.

Местото ни е наше од дедовци и прадедовци и наше да остане. И си отиде. Со никој од селаните не се поздрави зашто никој не го бранеше во судот. Си отиде во Америка. Ме остави со синот Ристо.

Тогаш момчето ми имаше петнаесет години. Машкото ми растеше како фиданбојлија. Кога си отиде Германецот и пак дојде Гркот, тогаш Ристо мој одрами пушка. И писма почнаа да стигнуваат од Америка. И пакети. И пари. А еден ден дојдоа и Маџирите да пљачкосуваат. Не влегоа во селото зашто нашите се бранеа...

- А нас не опљачкаа до игла, - дофрли една од жените.

- А ден пред Велигден помина селскиот кмет по сите куќи и рече:

- На секој чардак на празник и по неделини да се вее грчкото знаме!

Ристо мој и уште некои други рекоа:

- Ако оваа држава е држава на сите и ако сите се рамни, тогаш нека ги казни арамиите и сите што пљачкосуваат. Дури потоа ќе кренам грчко знаме...

По Велигден хорофилаците го зедоа со седум други души во астиномијата. Ми се врати Ристо мој без заби, сокапан и осрамотен како татко му... Со првите партизани и тој отиде во шумата и, ете, оттогаш веќе две години ништо не знам за него. Мене никој не ми носи книга. Секој ден и јас трчам зад камионите, ги прашувам ранетите деца и чупи да не слушнаа за Ристо мој... чекам книга од него, ама нема... А јас, куттрата, дури и не можам книга да му пратам на Крсто мој во Америка. Да му кажам дека останав сама, да му кажам дека Ристо... дека Ристо не знам како е, што прави...

- Од тука, сестро, - рече една од жените – не одат книги никаде.

Седи си мадро и не прави будалштини. Ќе те вика чолакот, ќе те испрашува... А тоа не ти треба. Зар не слушна за една жена која му даде писмо на еден Албанец за да го прати? Не слушна дека и него и неа ги затвориле? Ајде неа, некако ја оттргнале, ама, велат, тешко на Албанецот...

- А јас, - настојуваше Крстовица - вака би му кажала во книгата на стопанот: - “Стопану Крсто, здравје, имам, сполај богу и...” - и таа залипа. - За Ристо ли да му кажам дека не знам каде ми е детето?

Секоја ноќ го сонувам. Насамо, кога се разбудувам во ниедно време, си зборувам; камионите кога поминуваат, трчам да го видам, чекам и за мепе некој да фрли книга со добри вести за син ми, ете, за мене нема ништо...

Ѕвонењето на шината го прекина намнисувањето. Жените стануваат, чепкаат по своите торби и тргнуваат накај казаните на обед. А таму веќе почнуваат да се редат една зад друга. Растат редиците во црно.

Пандо со рака и даде знак на Ристана да застане. Жените се загледуваат во него, а тој стои молчалив, со стегнато грло, нем. Со растреперена рака посегнува во пазуварката и, кога ја отвори широката испечена и испукана дланка, жените видоа свиткано ливче хартија. Исто како оние што ги наоѓаат и ги берат на џадето, по ендеците, во бозјакот и бурјанот и на полјанките каде што ги разнесува ветрот. Тие не мрднуваат од место. Секоја мисли дека е за неа и секоја стежнува срце пред да ја удри болката. Им затреперуваат брадите. Затреперуваат образите. Загледани во ливчето хартија, одвај ја подголтуваат насобраната плунка. Се шират зениците. Очите, широко отворени, се полнат со исчекување, а под црниот фустан затупкува срцето - мајчински, ненаситно, раскинато. кутро, скршено, окрвавено, огнено, загрижено, нежно, болежливо, доверливо, загорчено, болно, рането, натажено, ожалостено, растревожено и преполнето со исчекување - кај секоја поинаку и појнаку.

Пандо подаде рака и рече колку што можеше помирно:

- Крстовице, за тебе е... и... и Бог да го прости...

Развлечена, тешка, длабока, глува, ту тивка, ту гласна, набожна, скриена, тажовита, здавена, жалосна воздишка кај жените.

А Крстовица првин се стаписа, се слиса, и стежна срцето, се стресе како да ја зграби студешница, нешто стопоти во неа, саклет ја стегна, ја сподави, пред очите се повеќе и се згустува мракот, се свиткуваат гредите, се навалуваат ѕидовите, стега таванот, нозете супрашка и ги пече и санкум скудоумна, олелека најпрвин тивко, болката во липтежот и ги искриви усните, и го огрде лицето и, гледајќи наоколу со молбен поглед, подаде раце...

Несреќата ја стегна за грло и и ги потсече нозете. Без збор клекна, подигна раце и остана така молбено и болно и небаре занесена во таа молитва што не исцелува болка, шепоти, моли, сплетува прсти, ги притиснува до градите, се ниша де напред, де настрана... Си ја разврза шамијата и полека почна да си ја расплетува долгата и дебела плетенка. Црната кадрава коса и ги покрива рамената, се распостелува по плеќите, го допира подот. Откако си ја расплете косата си ги покри очите со широко раширените дланки. Меѓу прстите и потекоа солзи... И така, се уште клечејќи, на подот ја посла црната шамија, ги рашири рацете и зареди:

- Ристеее, чедо, стани, Ристеее...

Не моли: туку наредува со шепот и со растреперени прсти го бара неговото тело. И се чини дека тој лежи пред неа, тука, до нејзините колена. Подава раце, го допира подот и пак со скршен и тивок одвај чуен, а ту прониклив и здавен, глув, тажовит и болен, мајчински топол сладок шепот, моли:

- Стани, Ристе, стани чедо на мајка, стани...

Во зацрвенетите и ненаспани очи на Пандо бликаат солзи. Тој загриза усни за да го задржи липањето. Овој напор го огрди, уште повеќе го остаре неговото лице, уште повеќе му ги избразди и му ги искриви брчките. Молчејќи, исполнет со својата и туѓата болка, Пандо се наведнува над Крстовица, ја фаќа под мишки и полека ја подига. Таа не се противи. Послушно тргнува накај својата рогозина, каде што, ја води Пандо. Крстовица полека свртува глава, погледнува во својата црна шамија распослана на подот и тивко, одвај чујно, изустува:

- Ајде, синко, стани на мајка, стани... Стани, Ристеее!...

Луѓето гледаат како нејзиното тело замира од болка, како брчките на нејзиното високо бело чело стануваа се подлабоки, како, и се смалуваат очите...

Пандо ја седна и излезе од бараката и дури сега, кога сонцето му удри в лице, од неговите очи потекоа тешки, горчливи солзи. Не ги брише. Течат по избразденото лице. Паѓаат врз овенатите лисја на пелинот што расте крај прагот на бараката...

На зајдисонце Крстовица не излезе на цадето. Нејзиното чекање бели книги од Ристо и радосни вести за Ристо заврши со писменцето што и го даде Пандо.

“Ристо на Дамовци од Крчишта загина. Погребан е под една бука на Аљавица. Ако мајка му е во Прењес, кој ќе го најде писмото, нека и каже. Јас, Паскал на Аргировци сум ранет...” Само толку пишуваше за големата рана на Крстовица.

- Крстовица го стави писмото во еден плик на кој беа залепени две канадски марки; бегајќи од дома, од куќата опфатена со пламен, таа само толку успеа да земе од целата покуќнина. Пликот со двете канадски марки, што го имаше добиено од својот Крсто, сега заедно со војничкото четириаголно парче хартија ги грее во пазуварката - до срцето...

И одново тука, меѓу раздомените, кои со секој ден што одминува ја губат и надежта дека ќе се вратат на своите пепелишта и живеат со своите спомени и секој ден чувствуваат дека нема ништо пострашно од празнината, таа, меѓу овие старици и снеможени мажи, меѓу вдовиците и жените одделени од своите мажи, меѓу жените што секој ден намнисуваат за своите деца што се наоѓаат на фронт или под туѓи поднебја, меѓу постојано расплаканите и разврескани деца, сега се чувствува сосем сама. Сама. И во овој толку краток збор таа не може да најде излез од кругот на секојдневните јадови и чемери.

Стегната од болката, чувствува дека доаѓа крајот на битисувањето. Сама! Сама, меѓу толку луѓе кои споделуваат иста судбина. И во мрачните, и во ѕвездените ноќи, и во растрепереното пламенче на свеќата и на фенерот обесен на гредата, не гледа и не очекува смирување. Чувството дека остана сосем сама и го раскинува срцето, и ја полни устата со горчина, и ги потсечува колената осамата што дојде со кобното војничко писменце. Се случи она во што никогаш не би можела да поверува, иако секој ден ја стегнува и ја сподавува болка кога слуша како многу мајки и жени ги оплакуваат своите мажи и чеда...

Споменот за синот како камен ја влече кон дното на очајот. А со деновите што одминуваат, одвај забележливо се враќа во нејзините очи онака како што на каменот се појавува лишај и како што коренот се пробива низ кремени. И, колку повеќе слуша плачење и редење, толку повеќе чувствува дека треба да рече збор, да допре нечија рака со единствена мисла дека ќе ја олесни и својата и туѓата болка.

Во општата мака нејзиното осаменичко седење во ќошот на бараката, на крајчето од постелата, не го забележува никој. Затоа и молкот нејзин е суров, студен и мрачен. Во нејзиниот живот имаше повеќе празнини и денови на осама. И средбите со најблиските секогаш и беа кратки. Се омажила во дваесет и второто лето. Крсто, стопанот нејзин, повеќе навреден отколку желен да спечалува, млада ја остави со единствениот син и замина за Америка. Таа својата радост ја плати со вечно тагување, приврзаноста - со исчекување и страдање. И, ете, сега го загуби и синот...

ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ - 25 ОСМИОТ ДЕН од денот кога дозна за смртта на Ристо, Крстовица го прегази џадето и, откако го помина бурјаништето, стаса до беловицата што беше ја забележана порано кога со жените одеше да собира суварки. Сливите веќе беа зрели. Таа насобра неколку грста и напреку тргна по угорнината. Вудвосана, оди полека и, кога стигна на рудината од каде што се гпеда големата сина вода, малку си почина.

Потоа стана и тргна накај стрништето на кое одвреме-навреме летаат јата птици. Брза зашто сонцето се навали над високата планина. Го заобиколи трњакот и влезе во питомината на која до пред една недела, изгледа, не беше ожнеана пченицата. Се наведна и полека, чекор по чекор ги собира искршените класја во басјасаното стрниште.

Кога го наполни скутникот, седна во сенката на разгранетата шупливица и во испотените дланки ги трие класјата. Дува во шепата, а откако го издувува чекласот, со растреперени прсти го чисти глотежот. Не и е криво што во тоа стрниште не најде ни шесторедица ни црвенка. Сливите ги претури во џебот од скутникот, а собраните зрна во козиненото торбиче што го позајми од Пандо. Тргна по удолнината и, кога ститна на раздрумот, пред неа излезе Кузе - сега еден од чуварите. Рашири нозе, се потпре на дебелиот стап и со гаврење во гласот, ја праша:

- Од каде вака, жено?

Крстовица забави чекор во кој Кузе забележа страв. Ликуваше кога гледаше такви. Самиот страшливец и понижувачки услужлив, беше секогаш преполн со желба да ги измачува другите, да се чувствува како ловџија што гони и пука во беспомошно животно.

- Бев горе, до стрништето... - изусти тивко Крстовица и го префрли торбичето во десната рака.

- До стрништето? А што си барала таму, те прашувам јас тебе?

Крстовица го одврза торбичето и го подаде преп лицето на Кузе велејќи:

- Ете, троа пченичка собрав... Од класја што лежеа расфрлени во стрништето...

- Ти немој мене да ме учиш што е стрниште! - строго и подвикна Кузе.

- Па тоа се два-три грста зрна што ги истрив од класјето во стрништето...

- Аха, значи, кражба! – исцеди Кузе. – Ајде жено, тргнувај пред мене.

- Ами каде тоа пред тебе, човеку?

- Ајде, ајде, тргнувај. Ќе те носам во управата па таму, на управникот се ќе му објасниш, значи на командантот, разбираш?...

Оди пред мене... Редот треба да се знае, разбираш?

Крстовица го погледна со молбен поглед и колку што можеше помеко и помилно го замоли:

- Жити се најмило, човеку не прави ми го тоа. Ете, сакаш, ќе те наградам и пушти ме... Ќе ти го дадам меновникот... - заплака таа, влечејќи го венчалниот прстен од прстот. Годините што изминаа длабоко го врежаа во прстот на Крстовица прстенот што секогаш остана чист. Нејзиното око не погледна на друг маж откако Крсто си замина за Америка и ниту на еден маж таа не му дозволи да го допре нејзиното тело. Туку сега, за да не ја срамотат, готова е заради утрешниот ден и за споменот да го даде меновникот, да се откаже од дел од својот живот, иако и беше јасно дека и тој чин е недостоинствен и низок.

- Врви, врви жено - и подвикна Кузе - а затоа што сакаш да ме поткупиш, тешко тебе.

Крстовица со наведната глава оди пред Кузе и, кога влегоа во канцеларијата на управникот командант на Прењес, таа застана до вратата и со уплав во очите гледа во чолакот.

- Другар Василопулос, - се излигави Кузе - женава, другар, ја фатив горе, на крадење...

Василопулос ја фрли цигарата на подот, ја изгази со тешката чизма, и испуштајќи го чадот низ нос, рече со зарипнат глас:

- Значи, почнаа и кражбите... - и, одејќи кон Крстовица ја праша – Што имаш во торбата?

- Тро... троа пченичка... од стрништето.. клас по клас... зрно по зрно... ете... јас таму за да не ја колваат врапчњата...

- “Троа пценицка...” – и се гаври тој в лице.

- Така е, троа е... одвај грст или шепичка... Се е тука, - молбено рече Крстовица.

- Сепицка, што е тоа, другар? - праша на грчки.

Другарот Кузе направи идолопоклонички чекор накај Василопулос и со очи на исплашено куче објасни.

- Шепичка, другар, тоа е хуфта... хуфта. – повтори и ја подаде пред Василопулос својата мала шепа и во тој миг заличи на питач пред црква.

- Толкунѕаво гршче пченичка собрав од класја што ги колваа врапците по стрништето...

- Ја украде! - и викна Василопулос. - Зар не знаеш дека и стрништето е албански народен имот? Зар не знаеш дека Енвер Хоџа братски не прими, а ти му го кралеш стрништето, а?

Крстовица воздивна, се навали на ѕидот и наведна глава. По еден миг подигна очи и, кодку што отвори уста Василопулос и се оџвари на грчки:

- Дај го ваму торбичето!

- Не греши душа, синко... Толкунѕаво гршче пченичка собрав.

Гаврани, врани, врапци ги колваа зрната. Како од клун да им го зелов зрното... Ќе из’ртеше зрното по првиот дожд, а јас само гршче, само толкунѕаво шепиче... И суварки и котленце позајмив... Денес ќе ја варам лченицата... Така е адетот...

- Зар си толку гладна? - праша едноракиот. Дрско и го зеде торбичето и, фрлајќи го насрана, му се обрати на Кузе; - Види од која барака е и да се казни.

- Разбирам другар. Не грижете се. Јас ќе се погрижам таа да биде казнета и за пример и за страв. Излегувај ти... тии... - Кузе ја фати за рака и ја повлече кон вратата.

- Жити мајка, - одново замоли Крстовица – имај срце... Врати ми ја пченицата. Не ја украдов, ами клас по клас, зрно по зрно ја собрав за...

- Ексо! Руфјана! Цакису! - викна на цел глас Василопулос, покажувајќи со здравата рака кон вратата и веднаш потоа му се обрати на Кузе, - Ќе си ти перименис, ре кокалоглифи, е? (Надвор!

Своднице! Крши глава!... А ти што чекаш, бре, лижикоско, а?)

Не и дозволија да каже зошто ја собираше пченицата, не и дозволија да им каже и за својата болка. Ја истераа надвор со она секојдневното што десетици луѓе го слушаа во Прењес: “Ние ќе ти покажеме”.

Крстовица се врати во бараката-коњушница. Легна на својата рогозина широка чемри педи. Толку е постелата за секој. Разденот го дочека без да склопи око. Кога заѕвони шината и луѓето почнаа да застануваат во редици пред казаните таа, држејќи во обете шепи сливи што ги собра вчера, со растрперен чекор, со образи облеани во солзи, оди од жена до жена, од маж до маж и моли;

- Земете, добри луѓе, каснете, каснете за душата на Ристо, син ми...