ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ - 19 - Part 02
Само мершување и строев чекор.
Ноќта спроти дваесет и први април го запаметив денот, ни дадоа нови униформи и автомати. Изгледавме како офицери. Каква радост!
Некои веќе велеа дека или во текот на ноќта или утредента ќе одиме на линијата, во борба. Таа вечер ни дадоа и добра храна и не пуштија порано да си легнеме. На полноќ аларм! Чувствувавме дека така ќе биде и никој од нас не ги собу дури ни новите цокули. Се построивме по водови и марш. Поминавме низ Штрково, потоа низ П’пли и ни рекоа да застаниме во шумата над џадето. Седнавме и чекаме, чекаме.
Изгреа сонцето. Од околните села и откај Превалот надоаѓаа селани и војници на ДАГ. Сите слегуваа долу, во Оровник. Ние гледавме како се собираат во ливадата, каде што беше подигната доста голема бина.
Некаде околу осум часот командантот ги викна командирите на четите и разговараше со нив. Потоа тие не собраа и ни рекоа:
- Момци! Треба да се покажеме. Денес ќе одиме на парада. Ќе маршираме пред водачот и пред народот...
Се слушнаа команди, наредби. Стоиме во строј и чекаме. И одеднаш - музика. Грмнаа трубите и тапанот!
- Ешалони, - се слушна пискливиот глас на командантот - напре-е- е-д марш!
Трите први чекори го избришаа правот од џадето. Тргнавме со слободен марш зад оркестарот. Слеговме долу. Одново постројување, проверка и команда:
- Бри-га-аа-да мирно-о-о !!!
И под звуците на оркестарот на Главниот штаб на ДАГ удиравме строев чекор. Трчаат жени во црно, мажи во години, војниците на ДАГ поздравуваат... И ете не пред свечената трибина. Команда:
- На де-е-е-сно!!!
Со стегнати автомати маршуваме како што не научија. Го бришеме правот од патот, ја газиме тревата штотуку никната и гледаме кон трибината. А таму, еден до друг, насмевнати и одушевени, ракоплескаат големците и мавтаат, мавтаат...
Промарширавме. Оркестарот се врати, се построи под трибината и засвире. Ние - слободно. Престана да свири оркестарот и се слушна говор. Многу говореа. Само пароли, дедо. Со нас се измешаа и луѓето. И кога одеднаш:
- Кире-е-е!!!
Се свртев.
- Кире, синко!
- Мамо!
Ех, дедо Пандо, дедо Пандо... Многу мајки си ги сретнаа во Оровник своите деца. Мислиш се радуваа? Колнеа, дедо Пандо, колнеа. И партија, и водач, и судбина. Со камења фрлаа по офицерите, по трибината. Пцуеја старците и колнеа. Би сакал, дедо Пандо, некогаш ова убаво да ти го раскажам. Некогаш, дедо. Сега не.
Не можам сега. Зар не гледаш дека ми се крши гласот, лека ми се плаче?... И кога мајка ме праша каде се Ленка и Коста, се расплакав.
Плачев гласно. Да бев, барем, само јас што плачев: Многумина плачеа. Не можам, дедо Пандо, да зборувам... Можеби другпат утре или задутре ќе ти раскажам...
ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ - 23 ЈОВАН, држејќи се за десната газина, лесно накривувајќи, шета по болничкиот коридор. Гледа низ отворените врати на собите, им намигнува на сестрите што се вртат околу ранетите.
- Еј, газло. - викна некој од ќошот. - Јован, прчу ниеден!
Јован се сврте, со намуртено чело и напрчени усни погледна онаму од кај што стигна навредата и одеднаш се разведри.
- Коста! – викна. - Што бараш ти тука?
- Да не мислиш дека дојдов на посета?
- Што ти е?
- Не гледаш? Како ти изгледам, а?
- Лицето не ти е за кадросување. Носот ти е како гнил компир, лицето како топка од крпи, а челото не ти го гледам. А дали има од тебе нешто под покривачот, не гледам.
- Има. Сестро, гуската... Има. Отскриј ме па ќе видиш. Сестро, гуската.
Јован го тргна ќебето. Градниот кош на Коста во гипс. И рамената. Левата рака високо обесена. Од папокот надолу - угол гол.
- Има ли нешто од мене под покривачот, а? - праша Коста и, ожако се искикоте, викна: - Сестро, гуската, реков!
- Како ти се случи ова?
- Море како останав жив, прашај ме, - со навредлив глас се одгласи Коста и замоли: - Оди, жити здравје, и донеси ми ја гуската зашто ќе се измочам в кревет. Оди..
Јован се врати, а по него пристара болничарка. Таа му ја подаде гуската и налутено му рече:
- Вие, другар, само мочате, срам да ви е!
- Што? - праша Коста.
- Ајде, ајде, - со смирен глас рече Јован и и даде знак на болничарката да си оди. – Јас ќе ти помогнам. Толку те завиткале во гипс што не можеш да си го најдеш...
- За да мочам, ами камо за друго, а?
- И, - се одгаси Јован. Како се случи?
- Високиот, мајчичето негово, сакаше да стигне порано тука, во Елбасан. Вози, вели со цела брзина и немој да го жалиш џипот и бензинот. Народната власт е затоа, за да дава. Јас нагазив. И одеднаш пред мене се појави камион. На свиокот. Одеднаш нагазив на сопирачката. Видов како на мојта глава пролета Високиот. Успеав нагло да свртам и во тој миг камионот удри во џипот, ама странично.
Јас останав закован за воланот...
- А што стана со Високиот? - праша Јован.
- Удри со главата на карпата, а неговиот другар падна под предното тркало на камионот.
- Тешко се повредени?
- Не. Мртви се. Веднаш ги закопаа покрај џадето. Останаа, другарите да го чуваат патот и да ги бројат камионите товарени со наши оздравеници...
ПОСТЕЛА ЗА ЧЕМЕРНИТЕ – 24 ПО ЗАМИНУВАЊЕТО на Нумо, Пандо тукуречи остана сосем сам. Најчесто излегуваше на ритчето, крај гробиштата, и оттаму ги гледаше бараките, коњушниците и луѓето што по цел ден се сноваа де ваму, де таму; долгите црни редови пред казаните. Најтешко му беше кога гледаше како толпата трчаше надолу, накај џадето. Со дланките си ги стегаше ушите за да не ги слуша лелеците и викотниците. А кога камионите ги снемуваше, тој се навалуваше на каменот и гледаше во небото. Меѓутоа, во последните денови почна да го чувствува и отсуството на Кире. Не можеше да разбере зошто момчињата ги нема сега на полјанката; не се слуша нивната борбена песна, ги нема ешалоните да маршираат. Се повеќе се убедуваше себеси, дека момчињата ги товариле во камиони и ги вратиле фронтот. И во ниеден миг не можеше да си замисли како тие, се уште деца, можат да гинат, да ги распарчуваат топовски гранати, да ги жнеат рафали. Кога мислеше на тоа, му беше страв да затвори очи зашто веднаш во мракот се појавуваа ровови, а во нив телата на момчињата...
Кире му стана близок и сега, кога не може да го види, неговата осаменост уште повеќе го мачи. Тешко се спријателуваше со луѓето, но кога врзуваше пријателство, го чуваше како што домаќинката го чува оганот во огништето да не угасне. На Нумо длабоко му го отвори своето срце и му се чинеше дека беше единствениот човек со кого можеше и имаше за што да разговора. Го засака и Кире зашто и тој знае да отвори и срце и душа и да привлече. И многупати се прашуваше дали толку многу му е наклонет затоа што како дете го носи големиот товар на возрасните или затоа што Кире уште од првиот ден, коге се запознаа го бара и го сака? И зошто во оваа огромна маса луѓе тој сега не сака да се дружи со други, кои исто така се осаменици туку, кои исто така бараат некого кому би да ги искажале своите маки и чемери. Туку Нумо во Прењес не е сам.
Живее во два света. Во светот на своите најблиски со кои е неразделен. Нишката на споменот е нераскинлива и толку далеку е врзана во минатото колку што навлегува споменот во старината. Во овој свет Нумо се чуствува и весело и болно. А во светот што се вика Прењес, полека битисува. Секој ден. Секоја ноќ. Во овој свет најдобро се чувствува кога се навалува на каменот и гледа во небото и во планините. Живнува кога од распуканите планински карпи се откинуваат орлите и кружат во висок лет. Орлите ја сакаат висината, широките пространства и тишината што ја дава планината. И сета, во овие одминати години, Нумо им завидува. Го сака и Кире. Можеби затоа што веќе неколку дена го нема?
Ѕвонењето на шината за вечера, што стана толку делнично, за него е како ѕвонење на камбана што повикува на вечерна. Се подигна и слегувајќи низ благата стрмнина, виде дека полјанката, долу, кај фурните, не е празна. Момчињата се вратиле. Нумо не брзаше да застане во редот пред казаните. И за првпат почувствува радост. Кире му беше на дофат и сега брзаше да оди да го види.
Кире го забележа и тргна да го пресретне. Го забрзува чекорот, потскокуна, трча и пак оди со забрзан чекор.
- Добра вечер, дедо Пандо.
Пандо му подаде рака. Има желба да му рече неколку зборови за прекор затоа што толку време не го видел, ама кога си помисли дека судбината на Кире тече под извиците на командите и дека тој е облечен во воена униформа, си ја голтна намерата.
- Добра вечер, Кире, синко...
- Ете, ние денеска се вративме. Бевме на логорување во планината. Дојдоа тројца нови офицери и сега ќе бидат со нас. А за Бисокиот и неговиот другар си слушнал?
- Не.
- Загинаа. На пат. Се удрија со некој камион. Така рече еден од шоферите што го сретнавме вчера.
- Кире погледна во очите на Пандо и не забележа изненадување.
- Ке запалиш? - праша Пандо.
- Ух, ќе заборавев.- Киро извади кутија цигари. - Повели, дедо Пандо, цигари. Кутијата ја држам веќе неколку дена за тебе. Си реков, оваа кутија ќе ја чувам за дедо Пандо. Земи ја, дедо.
- Сполај ти, Кире. А од каде ти е?
- Војнички.
- И цигари ви даваат?
- Новиот командир рече дека отсега ние сме резерва на ДАГ и дека ќе добиваме се што добиваат војниците... Повеќе ќе вежбаме, ама и ќе учиме школо... А јас, дедо Пандо, таму горе, каде што логорувавме, цело време си мислев дека нема да се видиме. Се слушнаа гласови дека пак ќе не враќаат во Преспа. Ама, изгледа, ништо од тоа. Еден од шоферите ни кажуваше дека родителите протестираат. Стигнале до Главниот штаб на ДАГ. Наводно, се зборува дека, ако ги вратат децата, нема да одат да копаат ровови и да градат бункери... Така се зборува...
Пандо седна и се загледа во лицето на Кире. “Дете си уште, синко, дете” - си мислеше гледајќи го. Кире го забележа тоа и праша:
- Што ме гледаш така?
- Па, Кире, јас гледам пред мене дете... и немој да се навредиш.
- Така ми рече и дедо ми кога ме виде во Оровник. Дете си, Кире, а тие што те облекле во овие алишта се луди! - викна тој. - Луди се!
Штом децата ни ги облекоа така, штом ги вратија во бој, кучкините синови решиле да ни го искоренат коренот! - така велеше дедо ми.
Така велеа и други. А ние таму, во Оровник кога си ги сретнавме нашите, како да престанавме да бидиме војници. Трчаа мајките меќу војниците и си ги бараа децата. А знаеш, дедо Пандо, тие цело време си мислеа дека ние таму, во државиге, учиме. Оф, колку беа озлобени, мислиш со прсти ќе им ги искорнат срцата. Туку не разделија. Ние се повлековме во шумата и ноќе се вративме во поранешниот лагор, оној до Горица. Ноќта не фати бура. Јас си клекнав во ќошот на земјанката и, потпрен на автоматот, цела ноќ како во сон ја гледав мајка. И дедо кој постојано ме караше. Го слушав неговиот глас:
И нивниот корен да се искорени, синко Кире, и нивниот. Не ја почнале, се гледа, за нешто друго, ами за да не искоренат, синко Кире. Ете, погледни ја мајка ти, Кире, погпедни ја...
Вистина, мајка изгледаше многу уморна, ама под црната шамија косата и беше сива. Ја прашав:
- Мајко, кога си одевме, ти црно не носеше, нели?
Мајка гласно почна да плаче и прегрнувајќи ме залелека:
- Сирачиња мои, сирачиња...
- Татко ти, Кире биро, татко ти загина, - шмркајќи рече дедо.
И знаеш, дедо Пандо, кога, така потпрен на автоматот во влажната земјанка, одново го гледав сето она што го видов и го доживеав во Оровник, сфатив дека сум сирак. Дури тогаш, во земјанката, почувствував дека немам татко, дека никогаш нема да го видам, да му речам “тате” да ме погали по глава, да ме пофали, и дека не стигнав да се израдувам со него, а сега, ете, го нема... И си реков: како ли ќе биде без тате?!
Сабајлето не собраа во ливадата. Не построија. Сите на број.
Потоа ни рекоа да одиме на другата страна на шумата. Таму ни ги зедоа автоматите и ни дадоа стари војнички униформи. Овие што ги носиме сега. По два дена дојдоа некои во униформи, други во цивилни алишта. Долго зборуваа собрани во една земјанка. Кога излегоа се слушна команда за постројување. Еден од офицерите, со голема кожена чанта обесена на рамо и со пиштол на појасот одеше крај стројот и прашубаше:
- Како се викаш?
- Киро Костовски, - реков кога ме праша.
- Колку години имаш?
- Четир... петнаесет...
- Зошто носиш црно?
- Татко загина...
Та не бев само јас што носев црно... Многу од момчињата тоа утро на капите или на јаките имаа црно. И сега носат.
Потоа ни одржа говор.
- Денес ние водиме крвава борба, - почна мирно и се така околу борбата го возеше зборот. Зборуваше долго. Прекина за миг и потоа покажа на планините и рече: - Зад оние планини утре ќе се води тешка борба. За жал, вас на кои партијата им ја даде целата доверба, ќе ве нема. Зошто? Затоа што некои од вашите родители се пожалија, а партијата е великодушна и ќе ве врати пак во државите... Ние...
Често, море најмногу, дедо Пандо, велеше “ние тоа, ние ова”. А јас, пак, се прашував: - Кои се тие и кои се другите?. Зар мајка ми е од другите? Зар тие не го јадат лебот на мајка ми, не спијат на постела што им ја постелува мајка ми, зар мајка ми не копа ровови, не пренесува трупци и камења за градење бункери, не пренесува муниција и ранети? Зошто тие се на една страна, а мајка ми на друга?
Така се прашував.
А оној со големата чанта праша:
- Сака ли некој доброволно да остане?
Не чекаше одговор. Рече:
- Ќе ве вратиме, магариња, пак во Романија. Да јадете таму мамалига!
Изрече и други зборови. Потоа се сврте и замина. Зад него поитаа и другите. Ситно дробеа со нозете. Како да им беше страв дека, ако забрзаат, побрзо ќе стигнат некаде.
- Налево! – се слушна команда. – Се свртевме со лицата кон Албанија. – Напред марш!
И тргнавме. Прво построени по четворица, потоа во колона по двајца, по тројца. Ја поминавме Кулата и вечерта стигнавме на албанската граница. Јас застанав и погледнав зад мене. Ми пријде Доне. Ене, оној што доаѓа наваму. Ме праша:
- Што гледаш, Кире?
Покажав со глава кон планините.
- Ајде, одиме, одиме. Многу заостанавме
- Што мислиш, Доне,- му се обратив.
- Пак си одиме, - рече тој.
- Што мислиш, пак го прашав - дали ќе се вратиме некогаш?
Ете, дедо Пандо, така пораснав до оваа униформа. А дали ќе ја соблечам?
- Ќе ја соблечеш Кире. - Пандо сврте глава и потоа рече: - Тебе ли те викаат?
- Мене, - рече Кире. - Јас отидов, дедо.
Пандо тргна накај бурјанот. Скраја од џадето, скриена во збитолистот на благунот, пее белотрнка. Тој забави чекор, сврте глава кон благунот и онемено се вслушна во појот. Одамна нема слушнато птичјо пеење. Мрднува со глава, зачекорува пак и, кога белотрнката запеа на цело грленце, тој застана. Во неговото чумосано срце нешто како да живна, нешто стопоти. Постоја уште малку и тргна напред, небаре оди никаде... Зашто во Прењес животот за него е таков. Ако не копа и погребува, тој, покрај ретките разговори, квечерум и зорум чека крај џадето и преку ден по ендеците и по, бурјанот бара писма, обични, какви што пишуваат војниците од фронтот. Свиткани на четири, едниот крај пикнат во другиот и адреса. Само име на селото...
Со бавен чекор Пандо тапка пред себе, чепка со патерицата во глогот што расте крај патот. Застана и се наведна. Ја подигна свитканата хартија, ја отвори. Не ја дочита... Папса. Во устата почувствува вкус на горчлива семка од кајсија. Седна на каменот и, бришејќи си го челото, промрморе: “Уште еден од нашето село... дваесет и шестиот.
Уште троа деца ни останаа живи... Господе, господе!...” Скршен од болка и ниско наведнат, го прегази џадето и, гледајќи пред своите нозе, оди накај бараките. Кога влезе во бараката, беше посмирен. Се силеше ништо да се дознае од изразот на неговото лице и од навлажените очи. Седна скраја, на голата рогозина, завитка цигара, запали. Влече полека и длабоко како да сака во себе да ја замолкне вистината. Скришум погледнува кон жените меѓу кои седи и Ристана. По мажот сите ја викаат Крстовица. Жените си прикажуваат.
Забрадени, облечени во црно, седат една до друга. Намнисуваат.
Пандо ја гаси цигарата, се навалува и погледот го заковува во подгниената таванска греда. Отпрвин не сакаше да слуша за што зборуваат жените. Писменцето што го држи во пазуварката како да го гори, иебаре му се прилепило како лишај на карпа и не знае како да го скрие од погледите. Му се чини дека сите го гледаат него.
- Го видов од пенџерчето кога влегуваше во дворот. - Се слушна гласот на една од жените. Пандо помисли дека зборува за него, та затоа се поднамести и начули уво. А забрадената жена продолжи: -Удри со ногата на врата, се исправи некако чудно, ме погледна, замолча долго, а потоа на нашински рече: “Мајче, крај гробиштата има многу убиени”. А нашите гробишта, селските велам, се наоѓаат на рид и таму цела ноќ и до попладнето се водеше бој. Знаев дека во одредот е и ќерка ми, та затоа се занишав, зачекорив и ми се стемни.
Се потпрев на дирекот. Си помислив: “Господе, зар и таа?... Пусто мајчино срце и за лошо и за добро секогаш е готово да зацвили…” Војникот ме фати под мишка и пак ми рече: “Таму, крај гробиштата, ги собравме убиените. На едната страна уште незакопани се партизаните, а на другата страна веќе ги закопуваат војниците...” Тој сврте и тргна, а јас по него. На полјанката, потаму од селските гробишта, војниците копаа. Капиданот или кој беше не знам, ми пријде и ме праша: - “Од ова село си ти?” Јас молчев. Молчев зашто не му го снам јазикот. Војникот му се доближи на офицерот и зборуваа нешто. А тој ми рече:
- Господинот офицер те прашува дали си од ова село.
Реков – да. Тогаш тие пак нешто зборуваа и пак војникот ми рече:
- Господинот офицер вели да одиш таму, - тој покажа со рака – и да видиш дали има накој од твоето село.
Еден друг војник ме фати за рака, ме одведе кај убиените и така одев од еден до друг. Се млади момчиња. Му реков:
- Тука нема никој од нашето село... - и почнав да липам. Жал ми беше. Млади беа сите, а меѓу нив и две девојки. Мојата ја немаше меѓу нив. Војникот ме врати кај офицерот и, откако му рече нешто, оној што зборуваше нашински ми пренесе:
- Господинот офицер вели дека ние ќе ги закопаме, а ти да ја земеш маската што пасе онаму и да одиш на чешма да ги наполниш бурињата со вода, товари ги на маската и терај горе, на ридот.
Кога веќе ги натоварив бурињата и ја потерав маската, нагоре, свртев глава кон гробиштата. Неколку војници ги откопнуваа крстовите. Ги собираа на куп, а потоа ги товарија на два коња и ги потераа пред себе. .Дождот, измешан со лапавица, се подзасили.
Коњите се лизгаа. Е, стасавме горе. Ветрот сече, фрла лапавица.
Војницте запалија огнови. Ги кршеа крстовите и ги фрлаа во огнот.
Се грееја, пушеа, плукаа настрана и во огнот, во крстовите што гореа, и се смееја. Јас свртев глава за да не гледам, ама тогаш го видов крстот на Ставре Попов.
- Ставре што загина во бојот со Италијанците? - праша една од жените.
- Тој, ами кој друг... Еден војник почна да го цепи Ставревиот крст. Не издржав и на нашински му реков. – Сине, човекот загина за патридата, а ти...
Војникот рече нешто, а потоа го повика војникот што зборуваше нашински. Војниците гласно почнаа да се смеат. А нашинчето ми рече:
- Мајче, овој вели дека куциот пес ти е син, а не тој...
Го погледнав во очи оној што го цепеше крстот, го гледав долго.
Не се засрами. Ја фрли секирата настрана, а потоа една по една почна да ги фрла цепениците во огнот. Пламенот ти зафати и полека изгоре името на Ставре. Не го оставија и мртов да мирува. Квечерината ме пуштија...
Жената замолкна. Пандо слушна воздишки. Една од жените, свртена кон него со грб, фрли клетва:
- И тие од оган да не куртулат и господ да даде очи мајчини да не видат...
- А кај нас, - се одгласи жена од другиот крај - кај нас во листопад, на Митровден, на Копанче падна последниот лист од лозата на Петревци. И не стигна да се исуши солзата вдовичка зашто се расчу дека во Никулица, на Пречиста остана во снеговите на Буковик Ставре на Пандовци. А на коложег куршум го жегна Коле на Доневци. Во сечко се пресекоа корените на Колевци. Јане им погина на Бела Вода. А на Цветници, кога цутеше дренот, плач се растури во куќата на Митрашковци. Чупата, Марика, им ја распарчи бомба на Јанова Глава. Премреже падна врз Крстовци на Свето Богојавление.
И на Ѓурѓовден, на Спасовден и на Свети Тројца на Круша загина Петре наш, на Полената - Ристе на девер ми и на Кулата и Рамна -Панде и Митре на Лазовци. Две фиданки од еден корен. Во црвеник ни го изгореа селото, а на Свети Костадин и Елена почина татко, бог да го прости, кутриот. Во жетвар беа ожнеани на Вичо - Коста и Доне, на Харо – Јане, Васил на Горуша. Сите на ден Митровден: Геле на Света Недела го одживеа последниот ден на Врбица: Сите од нашето маало. А на Успение на Света Богородица се расчу за загинувањето на Павле. Се рече дека остана за навек на Стените.
Крстовскиот ги облече во црно Ристовци. На Крстовден им загина Донка, а на Свето Воздвижение - Вене на Јаневци. А Митровскиот на Петковден седум деца од нашето село останаа на Аљавица, на Орле и на Полената по еден, на Бигла и на Бел Камек по двајца. Така секој месец и ден само редење, запустување, болка... Стариот Начко секој ден ја биеше камбаната. Секој ден која куќа даваше три, која девет дена, која четириесет дена, која три месеци... А попот избега во Костур. Лазо вошливиот му се пофали дека ќе го убие и тој од страв избега. Така селото остана и без поп, туку затоа остана Лазо вошливиот. Кога мајките си ги оплакуваа чедата, тој одеше од куќа в куќа и само кркореше - немојте, жени, да ги оплакувате децата. Тие паднаа за патридата... Така му рекоа оние што доаѓаа ноќе да јадат и да спијат и што многу зборуваа пред луѓето. Така му рекоа. А кога јас го прашував да не знае нешто за мојот стопан, тој вртеше глава, свртуваше грб... А тој, стопанот мој, заедно со Лазо го собраа. Лазо го пуштија од затвор, а мојот го пратија на Макронисос. Луѓето во селото велеа дека Лазо потпишал, ама никој не беше токму со зборот.
Кој знае, можеби и потпишал Лазо... И никој не знае зошто еден ден го побараа нашите и не се врати. Се расчу дека го обесиле во Брезница, а пред тоа го тепале во Желево... Се настрвија луѓето некако против себе... Туку некој друг е виновен...
Жената замолкна, воздивна, си го избриша образот со црната шамија и се загледа пред себе. Потоа рече:
- Како сега да го гледам. Го туркаа пред себе, викаа по него, а тој само за миг се сврте и ме погледна. Се уште го гледам тој негов поглед... А по една недела се врати Лазо, а стопанот мој во невиденото... Така, жени, ете, си остануваме сираци и од стопани и од челад. Ги изнародивме, малите наши, за да, ни гинат по планињето, за да ги гледаме катаден сакати како ги влечат по болници, да трчаме по камионичиштата... Зар за тоа ги изнародивме, а?...
Молкот е одговор. Липање го пресечува.
А мене - се одгласи од ќошот напевлив глас - ме фатие о нашчо место...
Жената разврза шамија, се поднамести поблиску до жените и испрекинато, чиниш колку за себе, продолжи:
- Манастиро тучки до албанцкото. Жел’ндите од големите д’мбои падве и о нашчо и о албанцко место. И ветките се поделени. Корено е о нашчо, а големите ветки о албанцко. Така падна кога го делее местото. И преку нивите помина делењето. И така се стори нова бразда. Така, таму, пред манастиро, кога излегу, ме фатие и ме врнае...
- А како го најде патот? - праша жената што седеше најблиску.
- Од туа, од вој пенџер, испуљ се, - рече жената. - кога ќе се испулиш од де изгрева с’нце, тогај ќе се сумиш оти од таму гредеме туа со камионите. Вездетн с’нцето ни беше зад нас или останваше од левата страна. А сега го пулиш на осунатје пред тебе, а на плајна од десната страна. Така јаска трна. Ама пред тоа ојду у болните деца и опита едно русо дете: - Ами, бре чендо, по де дојдоте о Прењес? - Тоо ми рече: - Ношја, мајче, а поминаме границата, а не осуна о Корча, а оттаму со камиоци фатиме пат за Боградец, покрај езерото и туа...
Е, мене ми текна. Си реку: големата вода шчо се пули од ридо долу, тоо е езерото. А аку дојда, се ума јаска, до таму, тогаш ќе го најда и Боградец. И една ношја ојду јаска по трапо, по трапо и о, ниедно време, како некоја в’лчица, по мрако, втаса о ридо. Месечина светеше. Долу се пулеше голема вода – Оридското Езеро. Излегу до џадето и го зве јаска п’то. А лаф да шчукна, јаска о ендеко или о коријата и по третите петли, о осунатје фтаса о првите дворои. Влегу о еден двор. Од чардако урва ена жана и нешчо ме опита на албанцки.
Реку: - Јаска не разбервам. - Таа ми зборна нашински:
- Од де си, сестро? - ме опита.
- Јаска се од Костурцко, - реку.
- Де ош? - па ме опита таа.
- Помогни, сестро, - фати јаска да моља - помогни ми п’т да најда за дома, дома да си ода, жити стопано, жити дечките, како Богородица те моља, помогни...
И таа ме зве дома. Ме нарана. Ме напи... По троа време о одајката влезе стопано. И тој ми зборна нашинцки и ми зве р’ка. Ами ка...
Јаска и нему метании. Добри људје, златни, прокопцани. У ними остана цел ден. И кога о зајди с’нце поминае камионте за Корча, стопано ме опита:
- Во која Македонија сакаш да ош?
- О таја што се води бој, - му реку.
- А, тоа е тешко да се оди до таму...
Ношја излегоме од дома. Ми дадое леб, ено букленце вода.
Надвур од Боградец човеко ми рече:
- По вој п’т ќе втасаш дома, - и се врна.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/postela-za-chemernite/13 on October 29, 2026