Front Matter - Part 03
Се враќа дома, но само што пристигнува во Прилеп, одново е со синџири на рацете. Овојпат, веднаш е одведен во Скопје, каде што продолжуваат истражните тортури и присилбата да ги признае и да ги открие врските со партизаните. Отсечното, многу решително негирање на било какви контакти или помагање на партизаните, им ги избило адутите на иследниците, па ниту соочувањата со сведоците не помагале да ја променат ситуацијата, за да биде тој конечно обвинет. Без докази, полицијата останува со празни раце, па не можејќи да подигне обвинение, барем си игра пинг-понг со нервите, одново враќајќи го во прилепските зандани, а малку потоа, назад во Скопје.
И тоа не е се: го испраќаат во озлогласените софиски и пловдивски затвори, каде што, во нив вистина останува кусо време, но апсанските одисеи продолжуваат со интернацијата дури во Родопите, на турската граница.
На 2 јануари 1943 година, тој е во гратчето Златоград, обземен од грижата за опстанокот на семејството. Еден месец потоа, добива налог за нова затворска селидба. Сега ќе биде одведен во Горски Извор, турско село на два часа одење од Златоград.
Запаѓа во тешки услови на живот, се бори со глад, со вошки и со глувци, но најмачно од се е што полицијата му врши непрестајна пресија.
Кон крајот на април го пуштаат, се враќа во Прилеп, меѓутоа, одново само за кусо време. Радоста на семејството од повторната средба траеле триесетина дни, зашто само толку бил со нив. Власта пак му става синџири и сега го испраќа во логорот во Чучулигово Рупел, каде што одново се соочува со неподносливи услови, со тешка работа и со глад, групата прилепчани издржува се до почетокот на август 1943, кога се извлекува од овој логорски пекол и се враќа дома.
Конспиративните врски, состаноци и јавки, продолжуваат како и сето време пред тоа, кога Ченто работи во чаршијата која, како што во неколку наврати повторуваме, е се пополитизирана, а левичарско-собирниот центар – неговиот дуќан, продолжува да им биде трн во окото на режимочуварите.
По се она што го преживеал претпазливоста му е многу поголема. Меѓутоа, не попушта, ниту пред честите апсења, ниту пред суровата окупаторска одмазда. Не можат да го скршат и замолчат.
Воените операции се разгоруваат во многу краеви на Македонија, борбата за слобода во своите редови има се повеќе борци и симпатизери, а окупаторските фашистички режими прават се за да ги зачуваат своите позиции и власт.
Кузман Јосифовски му испраќа абер на својот повеќегодишен пријател и соактивист Методија Андонов, во кој бара средба околу излегувањето на Ченто во партизанските редови.
Писмото од Скопје до Велес го носи Драга Вражалска, а јавката за местото и за датумот на средбата, во Прилеп му ја предава Круме Волнароски.
Веќе на 24 септември 1943 година, во една куќа во Скопје, срдечно се поздравуваат старите пријатели Питу и Ченто и очи во очи седнуваат да се договорат за заедничките и за некои други активности и потези кои допрва ќе следуваат.
“Во Кузмана имав голема доверба, бидејќи беше искрен. Тој ми предочи дека за остварување на идејата којашто за сево ова време се боревме и јас, и тој, за наша слободна Македонија, време е да стапам во борбените редови, зашто, како што рече и Кузман, на револуцијата и требаат луѓе патриоти со авторитет меѓу народот, докажани за слобода и правда. Ме потсетуваше на моите зборови дека само ние сами и обединети можеме да се избориме и дека за тоа моментот е сега. Ми зборуваше а јас многу му верував. Се согласив без колебање, дури ако е можно, и веднаш да заминам”, ќе рече подоцна Ченто, присетувајќи се на оваа многу важна средба со Кузман Јосифовски Питу.
Врската преку Скопје не успева да пристигне, па Методија Андонов е принуден да се врати во Прилеп и преку Охрид да чека нови вести за натамошното продолжување кон Дебарца.
Тој веќе има 41 година, четири деца и, секако, посебна е мислата и грижата за нив, но се става на една карта – револуцијата – и заминува.
Кузман Јосифовски го опишува делумно разговорот со Ченто во писмото до ЦК КПМ од 4 октомври 1943: “... Многу е напреднат откако го знам. Известен е оти е примен за член на ГШ. Веднаш даде согласност да замине... Решителен, самостоен, активен. Познат, почитуван и ценет во чаршијата и граѓанството...” Во писмото пак, потпишано од Кире Гаврилоски Јане, познат партиски активист и револуционер, покрај другото стои:
“Мислењето на тукашната партија е дека Ченто е чесен Македонец кој за време на големосрпската хегемонија е неустрашлив борец, во добри односи со Партијата и соработува со неа. По капитулацијата на Југославија, решително стои на тоа дека не треба да се соработува со окупаторот. Популарен е во градот и околијата...” Заминувањето во партизани не оди лесно. Јавките, врските доста тешко се пробиваат насекаде, а на западната територија посебно, со оглед на големата концентрација и напливот на непријателските сили од разни страни, од повеќе насоки.
Вториот обид да замине по патот кој води преку Охридското Езеро исто така е неуспешен, зашто брановите, времето и неможноста да се пробие човекот од врската, се заедно е збрано, па Ченто и неговиот придружник, студентот Борис Шајнов, се принудени да се вратат назад. Третиот пат одново има некои непредвидени проблеми, меѓутоа, најпосле се е во ред и тој на први октомври 1943 година заминува кон Западна Македонија и набргу пристигнува во Главниот штаб во Дебарца, каде што им се приклучува на другите другари.
Во ноември месец се формира и Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ и Методија Андонов е избран за претседател на ова тело, кое ја претставува револуционерната власт, дава упатства за нејзиното организирање и посочува на решавањето на низа прашања од пошироко значење што ги наметнуваат животот и времето. Се работи темелно и неуморно и на подготовките, на задачите и на одлуките што треба да бидат набележани, запишани и донесени на Првото заседание на АСНОМ.
Инаку, заминувањето на Ченто во партизани е проследено со видлив одглас во Прилеп и Прилепско. Од овој крај излегуваат се повеќе нови борци во редовите на народноослободителните единици а јакнат и силите на отпорот.
На боиштата, на теренот и во заднината, состојбите се менуваат речиси од час на час, да не говориме за менувањето од ден на ден. Акциите на борците врз непријателските упоришта и единици се се поголеми, поубоити и помасовни. Во тој револуционерен пламен на разгорени битки и вонредни услови, била неопходна огромна мудрост и тактичка вештина, во командувањето и во донесувањето на одлуките. Се заедно барало брзо, често секавично реагирање, без да се има време и услови за пошироки консултации и договарања, но, не тоа да биде правило (привилегија) или компетенции, само на неколкумина и на поединци кои ќе ги влечат главно сите потези, зашто, врвното македонско воено раководство имало и врвен команден кадар, а одлуките низ заеднички договори, проверка и размена на мислења имале поширока верификација, поширок одглас и значење.
Ченто (и не само тој) се залагал токму тоа – одлуките и решенијата да не бидат право и привилегија на поединци, (независно дали се инструктори на Врховниот штаб на ЦК КПЈ), туку пред се, колективна обврска и одговорност на Главниот штаб, не исклучувајќи ги сигурно ситуациите кога се знае кој, како и зошто командува и чиј збор е конечен.
Страхил Гигов во книгата “Сеќавања” ќе напише: “Венко (Марковски) и Методија Ченто сакаа да се мешаат во сите сектори од работата на Главниот штаб, дури и онаму каде што за тоа не беа овластени. Бараа за сите работи најпрвин да се расправа во Штабот и дури откако таму ќе се донесе решение, тогаш да се дејствува...” Инсистирањето секако не било без основа. Но, времето бргу минува.
На сите простори силно се разгорува НОВ. Македонија е на нозе, борбата станува се пожестока, а нашите сили се се побројни. Во првите денови на декември 1943 Германците се повторно во офанзива во содејство со балистите од реонот на Тетово, Гостивар, Дебар и од Албанија. Почнуваат нови непријателски напади во Западна Македонија. Главниот штаб (во кој е и Ченто), членовитена ЦК КПМ и други другари, од Дебарца треба да заминат во нова насока.
Жестоки се тие деноноќија есента и зимата во западните простори на Македонија 1943 година, кога Германците во содејство со балистите почнуваат нови непријателски акции а партизанските единици прераснуваат во се поцврст бедем пред непријателските налети. Во ова време во оптек се појавуваат две варијанти за тоа, кој правец да биде одбран за заминување на Главниот штаб, на членовите на ЦК КПМ и инструкторите на ЦК КПЈ. Темпо сил на мислење за префрлување на единиците во Србија, меѓутоа, во Главниот штаб одделни другари, меѓу кои се Цветко Узуновски и Методија Андонов се спротивставуваат на ваквиот Темпов предлог, залагајќи се маршрутата натаму да води на југ, кон Егејскиот дел од Македонија.
Според сеќавањата, според кажувањата и на Цветко Узуновски разногласијата пред дефинитивната одлука биле значително присутни. Така на пример, Ченто меѓу другото на Темпо му рекол дека овие единици се за да ја ослободуваат Македонија, а ако бидат префрлени во Србија, што ќе рече македонскиот народ, што ќе речат борците... Кога Темпо му одговорил “овде нема опстанок”, на тоа Ченто возвратил: “ако нема овде, тогаш има во егејскиот и во пиринскиот дел, и тоа е Македонија која треба да се ослободува…” Главниот штаб на НОВ и ПОМ кого го сочинуваат: командант Михаило Апостолски, политички комесар Цветко Узуновски, членови, Методија Андонов Ченто, Хамди Дема, Страхил Гигов, Венко Марковски, Петар Пирузе, Иван Танев, Никола Минчев, Јелисие Поповски и Кузман Јосифовски, заедно со останатите другари и соборци, на 5 декември го почнуваат маршот преку Преспа, кон Егејскиот дел од Македонија. По 13-дневни напорни битки, со условите, со времето, со непријателските заседи и со другите пречки на патиштата, пристигнуваат во реонот на Фуштани, со што целта е речиси во целост постигната.
Но, за да се согледа и да се оцени општата, вкупната состојба и да се анализираат претходните дни и наредните акции, на 21 декември е одржано фуштанското партиско советување, а на 22 декември 1943 година Првиот конгрес на Антифашистичката младина на Македонија. Потоа, единиците натаму веќе заминуваат кон Тушини при што во ова време и на оваа територија има повеќе жестоки акции со непријателските сили, кои земено во целост покажале дека нашите ослободителни единици многу храбро и тактички мудро се борат и напредуваат по врвиците, по маршрутата на Егејскиот дел од Македонија.
Патот ги води кон Зборско, Големи Ливаѓе, Женско, Шугово...
Ова набројување на местата е без посебна систематизација, така што во времето од 31 јануари во 18 часот, до 9 февруари 1944 година во 24 часот, за осумте напорни дни, изминуваат околу 180 километри (со искачување и до 1.750 метри), или просечно, по 22 километри на ден.
Вардар е преминат во близината на Солун и поради големата тајност за времетраењето на маршот, реката е помината без борби и на единствената неразрушена скела која останала на делот Гевгелија – Солун. Меѓутоа, загубено е доста време, зашто Вардар тука бил широк 500 и длабок повеќе метри.
Напријателот не успеал да ги открие нашите единици при преминот низ Егејска Македонија каде што се заборавало на маките, каде народот масовно со восхит и со помош ги пречекувал и испраќал на овие простори. Посебно запаметени се Оризарци на Вардар и Амаранта во атарот на Дојранското Езеро каде што се одржани митинзи и општонародни манифестации. Во извештајот, на 9 февруари, Вера Ацева, меѓу другото, ќе напише: “За херојството на нашата борба чуда се прикажуваат... Ченто е тука мошне популарен”.
Натамошниот марш Третата група баталјони го продолжува кон Источна Македонија на пат доста тежок и долг, кој барал голема подготвеност и тактичка мудрост. Во текот на походот требало да се преминат Струмица, Петрич, Штип, Кочани, Куманово, Крива Паланка, Струмичката, Брегалничката, Крива Река и другите пречки. На 10 февруари 1944 година, на еден час пред полноќ, почнува пробивот кон Источна Македонија, следен со тешки временски услови, со снег, со дожд и со непријателски замки и обрачи. На патот биле уште и големите пречки Беласица, Оражден, Плачковица, Осоговските Планини... Но и покрај се, силно се напредува и од 10 до 22 февруари се поминати 260 километри, при што им се зададени големи удари на бугарските окупаторски сили, се пробиваат обрачи, се разбивани единици.
По напорните маршеви и борбата со времето и тешките пречки, по многуте пробиви, партизаните веќе можат да здивнат. Тие се во манастирот “Прохор Пчински” каде што на 27 февруари се организира и советување на кое е извршена анализа на воено-политичката организација и дотогашните борбени дејства на единиците, со акцент на потегот Куманово-Крива Река, Врање, и Лужница. Се создава се поголема слободна територија во Македонија.
Едновремено со тешките и напорни акции, во текот на непрестајните топовски канонади и жестоките борби, се вршат засилени подготовки за одржувањето на Првото заседание на АСНОМ и свикување на конференции за избор на неговите претставници. Овој возвишен, толку значаен, и толку исчекуван историски чин, барал темелни подготовки и вонредно ангажирање и работа од цел тим највидни активисти и борци, пред се, во Иницијативниот одбор.
Првото заседание на проширениот Одбор за свикување на АСНОМ е одржано на 30 април 1944 година на слободната кумановска територија. Состанокот го отвора генерал Михаило Апостолски, а присуствуваат 15 делегати од цела Македонија.
Во проширениот Иницијативен одбор за свикување на Македонското народно собрание кое е едногласно одобрен, се наоѓаат: Претседател Методија Андонов Ченто (Прилеп), потпретседатели: Мане Чучков (Штип), Бане Андреев (Велес), секретари: Кирил Миљовски (Битола), Кирил Глигоров (Штип).
Членови: Михаило Апостолски (Штип), Цветко Узуновси (Ресен), Кирил Петрушев (Богданци), Епаминонда Поп Атанасов (Струмица), Страхил Гигов (Велес), Никола Минчев (Кавадарци), Петре Пирузе (Охрид), Мара Нацева (Куманово), Благој Хаџипанзов (Велес), Владо Полежина (Кичево), Ристо Бојалцалиев (Гевгелија), Борко Темелков (Прилеп), Тодор Пецов Циповски (Тетово), Панко Брашнаров (Велес), Тодор Звездин (Скопје), Генадија Лешко (Бродско) и Милан Стефанов (Прилеп). Се разговара доста отворено, се покренуваат најразлични прашања и проблеми, се наѕираат контурите на АСНОМ.
Едногласно е усвоен предлогот Методија Андонов Ченто, како претседател на Иницијативниот одбор, да биде на чело на делегацијата што ќе треба да отпатува на Вис на средба и разговор со маршалот Тито за непосредно да ја изнесе вистината за вкупната положба и за состојбите во Македонија.
Многу дни трае патувачката одисеја на македонската делегација до овој јадрански остров и тоа по патишта непознати, низ непријателски обрачи, низ огнени а студени деноноќија кога морало да се прегази надојдената снегова Морава, да се искачи Јабланица, да се минат многу километри пат до Јастребац и од таму, со авион преку Јадранското Море да се префрлат до италијанскиот град Бари а потоа со англиски воен параход на Вис. По многуте премрежија, тие стасуваат на островот очекувајќи ја средбата со маршал Тито.
Се забораваат маките доживеани на долгиот пат и веќе на 24 јуни 1944 година седнуваат на заеднички договор членовите на Националниот комитет за ослободување на Југославија и делегацијата на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Со состанокот раководи Тито, а разговорот од обете страни е доста отворен и непосреден...
ОТВОРЕНИОТ СУДИР МЕЃУ ЧЕНТО И ТЕМПО Несогласувања каде да заминат нашите борбени единици, кон Егејска Македонија или кон Србија Што ја подгреа и ја вжешти атмосферата?
Судир олколу членувањето на Видое Смилевски во одборот на народната власт Ченто: “Ако е Македонец Видое –да го избереме, нека се изјасни...” На долгите, тешки и неизвесни пробиви низ толкуте бури и непријателски канонади, на тој пат од Македонија до Јадранското Море, во сите изминати деноноќија од почетокот на мај, па се до 24 јуни 1944 година, сега веќе се гледа само како на една епизода која треба што побргу да се заборави.
На Вис седнуваат заедно членовите на делегацијата на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ и на Националниот комитет за ослободување на Југославија.
Присутни се претседателот Јосип Броз Тито, маршал на Југославија, потпретседателите Едвард Кардељ и Владислав Рибникар, поверениците Влада Зечевиќ, Иван Милутиновиќ, Едвард Коцбек, д-р Владимир Бакариќ, како и Александар Ранковиќ и Милован Ѓилас, членови на Президиумот на АВНОЈ.
Делегацијата од Македонија ја сочинуваат членовите на Иницијативниот одбор за свикување на македонското собрание:
Методија Андонов Ченто, Мане Чучков и Кирил Петрушев;
присутен е и инструкторот на Врховниот штаб на НОБ и ПОЈ во Македонија Светозар Вукмановиќ Темпо. Со седницата претседава Јосип Броз Тито, а записникот го води Владимир Бакариќ.
Според усвоениот дневен ред прва точка во разговорите е – рефератот на делегацијата на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, а како втора точка, дискусија за македонското прашање. Извештајот го почнува Мане Чучков, изразувајќи надеж дека македонскиот народ во текот на оваа борба ќе ги оствари своите национални права. Веднаш потоа Тито го изнесува ставот на Националниот комитет за некои актуелни прашања во Македонија.
Методија Андонов и Кирил Петрушев го дополнуваат рефератот на Чучков, а Ченто посебно ги запознава присутните со записниците од двете седници на Иницијативниот одбор. (од 30.04.1944 и од 6.05.1944). По рефератот, по прочитаните записници и заедничката дискусија во поглед на општата линија на Одборот, кога ќе биде конституиран АСНОМ, заклучоците се формулираат во следниве точки, цитираме:
1. Македонскиот народ го изразува својот историски стремеж за обединување на сите негови делови. Тоа е негово национално право и затоа, овој стремеж, останува како негово постојано барање.
2. Со оглед на сегашната меѓународно состојба, потоа на внатрешната положба на македноскиот народ и во соседните земји, како и степенот на развитокот на вооружената борба на македонскиот народ, би било прерано поставувањето на неговиот национален стремеж во форма на акционо барање, било да е од страна на врховните претставници на Федеративна Југославија, или пак од страна на раководните органи на македонскиот народ. Таквото поставување во денешно време би го кочело единството на антихитлеровскиот фронт на обединетите народи, што би ја довело во неповолна меѓународна положба и Југославија во целина и македонскиот народ посебно.
3. Патот кон ослободување и самоопределување на сите делови на македонскиот народ оди денес преку развивање на широко ослободително народно движење против фашистичките окупатори на чело со Хитлер и преку организирана решителна вооружена борба против овој главен негов непријател. Во рамките на тоа движење и на борбата на македонскиот народ надвор од границите на стара Југославија, може да се постави барање за национално самоопределување и за демократски права.
4. Македонскиот народ во Југославија сака развивање на Народноослободителната борба против фашистичките окупатори во сите негови делови, свесен дека токму со таква борба, стекнува право на ослободување и самоопределување на целата своја земја. Во согласност со таа желба тој ќе ги помага сите слични ослободителни движења без оглед на тоа каде би се појавиле тие.
Освен ова, заклучено е што побргу да се свика основачко собрание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија и да се пристапи кон организационо формирање на Народноослободителниот фронт на Македонија.
По заседанието на АСНОМ Методија Ченто треба да се врати во Националниот комитет.
Вис. 24 јуни 1944 година Претседател, Маршалот на Југославија Тито
(Овој записник од заедничката средба на Вис дури од неодамна им е ставен за употреба на науката и на публицистиката.)
На делегацијата којашто толку дни патуваше до Вис, одново и е потребно доста време за враќање кон Скопје и кумановскиот крај.
Меѓутоа, наближува август и денот на одржувањето на Антифашистичкото собрание за ослободување на Македонија.
Подготовките на сите сектори и за многуте прашања, одлуки и решенија, мора да бидат што побрзи, а едновремено и што потемелни, сеопфатни и навремени, со оглед на тоа што е веќе во тек втората половина на 1944 година.
Така, на пример, дискусиите за текстот на првиот подготвен Манифест на Главниот штаб биле исполнети со доста полемични тонови и спротивставени погледи. Внесени се одделни интервенции, но според мислењето на еден дел членови, сепак му било недоволно отстапен простор на македонското прашање. Тие барале тој дел да има една подруга димензија и позасилени и појасни ставови. Впрочем, се заедно е и уочливо кога ќе се направи споредба на манифестот што го донесува Главниот штаб, од една страна, и текстот на Манифестот кој го донесува Првото заседание на АСНОМ, од друга страна.
Разногласија се појавиле и за некои кадровски прашања, конкретно меѓу Темпо и Ченто, гледања кои добиле пошироки димензии и довеле до отворен судир. И Цветко Узуновски Абаз во писмото што му го испраќа на Темпо не се согласува со кадровската политика што во последно време ја води во Македонија. Имено, инструкторите на ЦК КПЈ им наметнувале кадровски решенија делејќи ги притоа кандидатите на подобни и на оние во кои не можело да се има целосна доверба, меѓутоа, по свое наоѓање.
Ваквите и слични размисли и потези во констелација на тогашните односи, не останувале без поширок одглас, без спротивставување на погледите, без борба на мислења и до судири. Страхил Гигов во своите “Сеќавања” пишува: “Првите и најголеми недоразбирања настанаа околу изборот на Лазар Колишевски и Мара Нацева за членови на Президиумот на АВНОЈ. Еден ден од Главниот штаб во кој бев и јас заедно со Темпо и со Боби сметаа дека во составот на Президиумот, треба да влезат Колишевски и Нацева како најодговорни другари од нашата Партија и покрај тоа што тие не беа тука, а судбината им беше неизвесна. Најгласни противници од сите беа Методија Ченто и Венко Марковски. Им се придружи Апостолски, а почнаа да се колебаат и други...” Спроти одржувањето на Заседанието на АСНОМ избива и спорот околу предлогот, за член на Иницијативниот одбор на народната власт да биде Видое Смилевски, кој во тоа време доаѓа од Србија во Македонија, па бидејќи него малкумина го познавале, Методија Андонов и некои други другари побарале Смилевски да се искаже и да каже, кој е и што е. “Ако е Македонец, да го избереме, но, ако е Србин, тој не може да биде во власта”, рекол меѓу другото Ченто.
Разногласијата и спорот што настанал околу тоа дали Видое Смилевски треба да биде член на Иницијативниот одбор на народната власт, добиле пошироки димензии. Темпо, кој бил известен за случајот, дошол на седницата на Одборот за да го разреши настанатиот спор. Неговиот совет бил: “Откажете се од вашето барање. Навредливо е да се бара од еден Македонец да се изјаснува за својата национална припадност само затоа што живеел и се борел против заеднички непријател во редовите на друг народ. Тоа е чист национализам”.
На овие зборови веднаш изреагирал Методија Андонов кој, обраќајќи се кон Светозар Вукмановиќ, му рекол: “Ти другар Темпо, не треба да се мешаш во нашите работи. Ти не би требало да присуствуваш ниту на овој состанок...” “Бев изненаден”, запишал во својата книга Темпо. “Ги погледнав и другите членови на Одборот. Сакав да дознам дали се согласуваат. Молчеа. Значеше дека го одобруваат она што го рече Ченто. Тоа длабоко ме навреди. Со наведната глава јас веднаш излегов”. Темпо одново се навраќа кон овој случај:
“Кога предложивме (не посочува кој) во Одборот да влезе и Видое Смилевски, во меѓувреме инаку кооптиран во ЦК КПМ, настанаа несогласувања. Повеќемината членови на одборот побараа Смилевски претходно да се изјасни дали се чувствува Македонец, бидејќи пред војната живеел и работел во Србија”.
Во “Сеќавања”-та на Страхил Гигов видувањето на овој настан е пренесено на следниов начин: “Кога Темпо почна да зборува на состанокот, тогаш претседателот на Иницијативниот одбор Методија Андонов Ченто не му дозволи ниту да се доискаже:
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/metodija-andonov-chento-e-book-macedonian/3 on October 29, 2026