Front Matter - Part 01
Калина роман Петре Наковски Калина роман Published by:
Risto Stefov Publications rstefov@hotmail.com Toronto, Canada All rights reserved. No part of this book may be reproduced or transmitted in any form or by any means, electronic or mechanical, including photocopying, recording or by any information storage and retrieval system without written consent from the author, except for the inclusion of brief and documented quotations in a review.
****** December 29, 2015
****** Вовед Граѓанската војна во Грција и времето по неа и натаму е неисцрпна инспирација на Петре Наковски, автор на досега објавените романи: ,,Постела за чемерните”, ,,И каменот е земја”, ,,Големата удолница” , ,, Големата измама” и ,,На пат со времето”.
Романот КАЛИНА не враќа во времето на граѓанската војна во Грција (1946-1949) и ги обележува трагичните доживувања на една млада, седумнаесетгодишна селска девојка принудно мобилизирана во Демократската Армија на Грција, како и стотици други македонски и грчки девојки.
Авторот не се обидува да изнесе историски оцени на настаните, бидејќи тие произлегуваат од доживувањата и раскажувањето на главната личност во романот, која ниту еднаш не излегува надвор од тоа што го доживува, што го виде и гледа, за што мисли и мислеше и чувствува и чувствуваше во ровот и бункерот, во ноќните јуриши, долгите исцрпувачки маршеви, гладот и жедта, на борбената позиција во текот на седумдесет деноноќната позициона борба во планините на Грамос, самоубиствените борби за заземање на Воден, Негуш и Лерин, лекувањето на раните во болниците во Корча и Катланово, последните борби на Вичо и катастрофалниот воен пораз, а потоа како заробеник во затворската ќелија и лете под жешкото, а зиме под студеното небо на логорите во островите на Егејското Море.
Крајот на граѓанската војна и катастрофалниот пораз на ДАГ ја наоѓа на брегот на Големото Преспанско Езеро. Баталјонот не успева да премине отаде двете езера и да го продолжи бегството во Албанија. Е отсечен. Се распоредува покрај езерскиот брег и сокриен во трските и врбјакот води очајничка борба со противникот. Ноќта го носи спасот. Баталјонот се повлекува и фаќа позиции долж југословенко-грчката граница, а командата води разговори со висок офицер на ЈНА за да добие дозвола низ југословенска (македонска) територија да се префрли во Албанија. Разговорите се долги и несигурни.
Југословенскиот офицер го прифаќа барањето, ама под услов борците на ДАГ да го предадат оружјето, на што командата на баталјонот не се согласува, бидејќи тоа го смета за дезертерство. Паѓа одлука: баталјонот да се подели на три одреди и ноќе да се пробие во Албанија зад грбот на противникот. Почнува тежок ноќен марш во молк. Дел од одредот паѓа во минско поле. Таа е ранета и претставува голема пречка во натамошниот пробив. Оставена е на патот. Наредниот ден ја наоѓа војската, ја заработува и со камион ја пренесува во полската воена болница и по првата медицинска обработка на тешката рана, на лекување е префрлена во воената болница во Солун. Таму ја сретнува и пријателката што ја остави ранета да се дави во езерото. По успешното лекување – е предадена на полицијата. Осудена е на затворска казна. Пет години од својот живот, постојано физички и душевно малтретирана, ги поминува во затвори, а најмногу во женските логори на островите во Егејското Море.
Со своите воени, затворенички и логорски доживувања и доживувањата на своите другари - борци од ровот, ноќните маршеви, гладот и грозотијата на војната, од затворската ќелија и логорите создава слика на средината во која се одвива клопчето на нечовечноста, но исто така го покажува развојот и создавањето на големото, убаво младешко поединечно и колективно пријателство, секогаш овенчано со вера и доверба, посветеност, готовност да се помогне во секоја ситуација, херојството на младите борци, но исто така, ги прикажува и своите колебања, недоверба, психички скршнувања, внатрешни и надворешни конфликти. Се` што доживува е трагично и болно до неверување, но исто така и вдахновено од големата верба во себе и неограничената желба да преживее, да опстане и покрај сите страдања и да не ја изгуби надежта, дека постојано, без престан верува дека ја следи невидлива помош жива да излезе од лавиринтот на злото.
Бурните протести на грчкото општество, кое полека почна да се созема од злото на граѓанската војна и репресиите што ги спроведуваше државата, доведоа до распуштање на логорите затворите наменети за жени.
По годините поминати во логори таа е на слобода, но секаде ја следи полициското досие. Мора двапати неделно да се јавува во полиција, ги работи и највалканите работи само за да може да преживее.
Воените, затворските и логорските спомени се еден вденат конец и се нижат како мониста, се ткаат и се редат создавајќи го мозаикот на животот изгубен во војната, затворите и логорите.
Содржината дише со искреност и автентичност на раскажувањето во прво лице и го открива изминатиот пат во тригодишниот тек на граѓанската војна и во петгодишниот престој во грчките затвори и логори.
Во војната и` беше полесно да умре зашто таму од куршум, од граната, од бомба, можеше да умре само еднаш и можеби одеднаш, а во затворите и логорите така правеа за да умира секој ден и секоја ноќ. И секој ден и секоја ноќ таму грчевито се бореше со смртта и издржа и тоа е нејзината победа.
Остана посилна од тешките воени доживувања, ги издржа страдањата со што ги наткрили своите мачители пред кои своето име не го криеше, а се` друго со кое го полнеа нејзиното затворско и логорско досие не го признаваше, го одрекуваше и не го потпишуваше.
Слободна е и се враќа во родното село опустошено и разнебитено од војната и егзодусот. Каде и да е секогаш и секаде ја следи полициското досие. Двапати неделно мора да се пријавува во полиција, работи највалкани работи за да преживее. И кога во 1958 година во Костур и Лерин почнаа да работат агенции кои нудеа работа во САД, Канада и Австралија со платен билет за една страна, таа одлучува да остане дома, во својата дома.
Калина издржа и го наткрили лошото време. Во слободата и во остатокот од својот живот дали најде мир? Засекогаш остана заробеник на злото, но не се оддели од мислата дека изминатото време и таа во него не смее да попадне во мракот на заборавот и дека од тој мрак неопходно е да се излезе во светлината на паметењето само со една цел: ништо да не се заборави, се`да биде сочувано со пишан збор. Како да се затвори тажната и болна страница не затоа за да се заборави, туку за да се сочува доживеаното, кое е дел од нашиот опстанок?
Калина тоа го прави со својот долг монолог...
КАЛИНА - роман за одбрана и зачувување на достоинството и честа.
Така би можело да се рече за најновото дело на Петре Наковски.
Како да почнам?
Од каде?
Нека е вака...
Тогаш, кога ме собраа и ме однесоа во земјанките на Грамос, како и сите други што ги собраа, бев мека, да речам, како добро измесена глина. Од таква глина можеш да правиш стомни, чинии, чаши, грнци, тави, ќупови... и полека станував цврста, како железото, тоа суровото железо. И така, како што тоа суровото железо, кладено во оган и потоа пренесено на наковална, ковачот го удира, го толчи и му дава таков облик, каков што му е потребен.
Така беше и со мене и со другите селски деца, слични на сурово железо, собрани ноќе и ставени во наковалната на планините, на шумите, студените земјанки, бункерите и рововите, усвитени од ветриштата и од дождовите, од студот и гладот, ние станавме челик, велам, станавме такви, какви што бевме потребни. Партизанки и подоцна - борци на Демократската армија на Грција, со лик, со лице, со дух, со вера и доверба во мислата која ја имаа тие, кои го држеа чеканот, наковалната, калапот. И под тој чекан, на таа наковална и калап сите ние таму го изгубивме стравот и станавме такви, какви што бевме потребни...
Партизанки - облечени во стари воени униформи и излитени шинели од разни војски, со нарамени пушки и автомати од разни војни, времиња и држави. Таму, под сенките на дебелите дабје и буки, вежбавме убивање и одбрана од убивање...
Уката не траеше долго. Знаењата ги проверувавме на живо.
Противникот го напаѓавме само ноќе. Вообичаено по полноќ.
Времето од паѓањето на мракот до јуришот го исполнувавме со марш. И место на престој менувавме само ноќе.
Во мракот бевме најсигурни. Кога со заодот на сонцето од небото ја снемуваше таа подвижна жолта точка, авионот, кој цел ден не држеше под око, тогаш излегувавме од земјанките и почнуваше вриежот за одење.
Одењето ни се викаше марш.
Маршот го почнувавме во мракот и секогаш го завршувавме пред да изчезне мракот. Не беше само еден марш и само во една ноќ. И не беше само еден краток или долг што трае со часови.
Не ги броев. Не се сите ноќи исти по должина и по мрак. Ноќ од ноќ се разликува, како и денот од денот. И маршот од марш се разликува. Секој марш секогаш ни беше долго одење. Маршот го почнувавме тогаш, кога над земјата се постелуваше мракот.
Со песна. Секогаш со борбена песна.
Првите чекори почнуваа со песна, која срцата ни ги исполнуваше со бодрост, ама не лишуваше од разговорите и ни ги одземаше мислите. Песната не охрабруваше, не бодреше, не сплотуваше. Со првите чекори беше силна и се смалуваше со изодениот пат и само некои гласови се` уште упорно се вртеа, ама и тие полека се губеа, зашто и издишката губеше сила и тогаш гласот на песната се смалуваше, се цедеше, замолкнуваа изморените грла и тогаш се слушаше само глуво шушкање на старите војнички цокули и на опинците. Повеќето од нас имавме обуени опинци или цокули под кои стапалото ни беше голо. Газевме со голи стапала, а над стапалата ни се гледаа цокули, опинци, а некои имаа чизми. Бевме војска со искинати цокули и опинци, војска облечена во униформи на разни војски, со пушки од разни времиња и војски, војска која секој марш го почнуваше со песна. Со заморот полека секнуваше песната.
Никој не зборуваше, молк и само члапање, час по суво, час по кал, час по вода, по снег и така чекорот стануваше се` потежок, по разнишан, посмален...
Одевме молчаливо и тогаш се слушаше само чекорот, кој стануваше се` потежок. И така чекоревме, а тоа чекорење, тоа одење го сакаше наредбата која бараше тогаш и тогаш, во толку и толку часот на ноќта да стигнеме во местото чие име беше запишано на ливчето што го донесуваше курирот. Во свитканото ливче беше скриената наредба. Не е важно дали можеш, дали имаш сила, дали си сит, гладен или жеден, дали си здрав. За тоа наредбата не прашуваше. Ти не си тој кој одлучува. Таму, горе, некој одлучил и таа одлука ти ја врзуваат за нозете. Не умот, не желбата, туку наредбата те носи таму каде не треба да знаеш. И така одевме ослободени од мислата за да мислиме каде одиме, колку време ќе одиме, ама знаевме дека мораме да одиме и мораме да го издржиме одењето. Полека -полека те совладува уморот, потта тече на челото, плеќите...
Чекорот ти го влече оној пред тебе и те турка напред оној зад тебе. Ти одиш, се движиш под пушката, под ранецот полн со фишеци, со рачни гранати, свиткан напред и секој изминат чекор ти станува потежок и потешко ти станува тоа што ти е на грбот. Чекор в чекор зад тој кој е пред тебе, чекор в чекор пред тој, кој е зад тебе. Се влече долгата врвца од живи сенки.
Главата ти натежнува, ама ја чувствуваш празна, бидејќи и во маршот не смее да мисли, смелоста за мислење ја има некој друг. Твое е да сториш така, како што е напишано во ливчето што пред малку го донесе курирот, тие неколку зборови ти го одредуваат патот, времето, местото и... животот.
Тоа што е напишано во ливчето е наредба, а за наредбата нема расправа. Веќе е навика - да не прашуваш, туку само да извршуваш. Одиш, не зборуваш, не мислиш, не се жалиш. Само чувствуваш умор, болка во стапалата, во глуждовите, во колената, во плеќите, солена и горка пот ти ги полни очите, се разлева по лицето и се лепи на усните; суша ти го пече грлото, се фаќаш за матарката, мислејќи дека е полна. Од рамо на рамо префрлуваш тежина на пушката, на автоматот, митралезот од рамо на рамо; попушташ појас што ти ги сече колковите и само неколку мигови чувствуваш олеснување. Тежината што станува се` поголема те тера да се наведнеш напред, те притиска и болно ја чувствуваш болката во крстот. И така зад тебе останува ридот, удолницата, трапот, матната вода, калливата патека, по некоја тивко и злобно исплукана пцост и стегната воздишка и фаќаш нов рид, нова угорница, нов трап и твојот веќе разлулан чекор се` поблиску те носи кон местото што е запишано во курирското ливче. Одеднаш во мракот се разнесува команда - стој! Десетина минути одмор. Уморното и папсано тело легнува, олеснување во коските, мускулите и во душата. Печат плускавците во стапалата, петиците, глуждовите и во рамената.
Во маршот ги сакавме облаците, ја мразевме полната месечина.
Во мракот бевме најсигурни. Тогаш со се` што беше околу нас станувавме едно - и шумите и дрвјата и ридовите и планините и небото и карпите и траповите и удолништата и угорништата -во мракот сите бевме едно. И кога паѓаше наредбата - строј се -тогаш живнуваше мракот - ние и се` што беше околу нас. И по наредбата - по мене, напред - тргнуваме и го сечеме мракот, ги допираме плеќите на тие кои се пред нас и така знаеме дека пред нас нема празнина и на одењето како да му нема крај.
Колку повеќе прегазуваме простор, толку повеќе ни се смалува чекорот и дишењето ни е се` потешко. Така се` до мугрите. Во првата бледа светлина се бараме, се пребројуваме, ни олеснува кога дознаваме дека пак сите сме заедно...
Зората не наоѓа склопчени еден до друг во некоја шума или под некои големи стари дабје. Секогаш сакавме дење над нас да има сенка. Долгото чекорење во мракот ни подарува сон во кој нема соништа. Денот ни го најавува бучењето на жолтиот авион.
Кружи над нас, не бара, од високо не дебне, како лакомите и ненаситени орли и соколи, кои ја дебнат својата жртва, кружи, само за неколку мигови се оддалечува и пак се враќа, не бара нас сега скриени под сенките на дрвјата. Денот завршува со последната делба на парчето црн леб и лименката месна конзерва поделена на четири.
- Строј се! - паѓа команда, на грб ранците со фишеци, со рачни гранати, на рамо оружјето и напред.
Каде?
Знае само командантот и курирот пред кој оди мртвата стража...
И така стопени во мракот, одевме напред. Во маглата станувавме уште поневидливи. Се влечевме, се тетеравевме, често баравме нешто да се фатиме, да се потпреме, ама освен сопствените нозе, нема ништо за што можеш да се фатиш, да се потпреш, малку да застанеш, да здивнеш, да собереш воздух, да ја исплукаш згустената, горчлива плунка... - не застанувај... - не стој - не спиј, оди, продолжи... - тивко се пренесува шепотот и разнишаниот, затетеравен чекор ја меси калта.
На плеќи, нарамени, ги носевме пушките и автоматите, митралезите и фишеците. Полни ни беа ранците само со лошото.
Смрт носевме на грбот и чувавме да не падне, да не се повреди, да не се извалка и да и` е лесно на нашите плеќи...
Ноќниот марш ни беше големо молчење. Честопати во една и цела ноќ - под грмежи, ровји, бури, дожд и снег... и глад и жед...
продолжуваа ноќните маршеви. Слеани со мракот, се чувствувавме така, како да сме изгубени во таа црна празнина, како да сме малечок дел во тој мрачен пустош што не опкружуваше. И само една малечка, многу малечка надеж, како малендаво пламенче на боринка или на кандилце не држеше простум, а тоа беше свеста дека се движиме напред, дека ќе стигнеме до одреденото место и дека таму ќе одмори папсаното тело.
Ноќта ја голтавме се` до мугрите, кои не беа цел на нашето ноќно одење, туку местото каде што требаше да стигнеме. И во тој напор неретко се прекинуваше врвцата на одот. Некој застануваше да здивне, друг се сопнуваше и не стануваше, а имаше и по некој, кој се губеше во мракот. Тогаш чекавме како изгубени на незнајно место и каде сомнежот почнуваше да ја гризи душата. Дел од нас пат фаќаа назад и без глас, глуво, без шум го пребаруваа изодениот пат. Заостанатите, марудерите, над кои се` уште дремеше остатокот од силата, ги прибиравме и ги следевме со сомнеж.
На разденување крај на маршот во непознато село. На починок не распоредуваа во селските куќи.
И така по еден од маршевите јас, валкана и смалена застанав пред портата, каде стоеше жена во црно. Жаловито гледајќи ме, таа се помести, ми направи место да влезам и без збор ме однесе во грижливо стокмената одаја.
Ми се пристори дека некого чека, дека сака за нешто да ме праша. Во нејзините очи гледам молчалива, нема и унижена молба. И погледот и` е длабок, молежлив и жаловит. Усните и` треперат...
Откако ми помогна да ги соблечам валканите алишта, подавајќи ми свои и да се собујам и да ги измијам засмрдени нозе, и додека се топлев покрај распалениот оган во огништето и лакомо го џвакав лебот и сркав жежок грав, жената седна до мене.
Под брадата ја притегна црната шамија, скрсти раце на колената. Несмело, со длабоко скриен уплав во натажените очи ме гледаше со молежлив поглед. Сподавената воздишка откината од нејзините гради се разлеа во полумрачната одаја.
Одраз на болка и мисли врзани за некого.
Од испечените усни се одлепија имињата на нејзините синови и тивко, одвај чујно, се излеа распарана издишка:
- Само тие ми се... Поголемиот - во владината војска, другиот, помалиот, во партизани. Поголемиот, лани, со писмо го викнаа да служи војник. Отиде и од тогаш му нема глас. Помалиот, летото, оваа година, ноќе, во ниедно време тропнаа на врата и го собраа. И од него нема глас. Сега не знам каде и како ми се синовите. Живи ли се, здрави ли се? И едните и другите војски, кога поминуваат по тука, ги прашувам дали ги знаат. И тебе те прашувам дали го знаеш помалиот кој е со вашата војска?...
Во нејзините очи исчекување, виреа набабрените солзи на болка. На образите згрчено исчекување...
Упорно ме гледаше и чекаше...
Што да и` кажам? Со каков збор и ветување да ја утешам за да и` олесни во мислите и душата?
Ноќта, иако бев многу уморна, не ја преспав. Како мора ме измачуваше нејзиниот поглед во кој непрекинато тлееше прашањето дали сум го видела помалиот син кој е во нашата војска...
Утрото кога излегував од нејзината куќа, таа ме испрати до порти и таму застана. Стоеше на прагот.
Вечерта се построивме и појдовме. Со песна чекорите и сенките ги губиме во мракот.
А мене и во мракот не ме напушташе мислата за натажената мајка, која секој ден стои пред порти, ги прашува војските дали ги виделе нејзините синови кои се бијат во две различни војски?
Чекорам и цело време пред очи ми е мајката која стои на прагот и чека, чека... Стои на прагот од ширум отворената врата и чека...
Таа чекаше, а ние одевме чекор в чекор, сенка зад сенка. Држам чекор и си зборувам со себе и секој збор ми е молба, ми е топла, занесна молитва. Се молам двајцата синови на добрата мајка да не се најдат на спротивни ридови, на спротивни ровови, да не се најдат на нишан.
Голема ми е молбата и уште поголема ми е молитвата синовите од двете војски да и` се вратат живи и здрави и мене да ми се насмевне среќата жива и здрава да и` се вратам на мојата добра мајка...
Свртив глава и без престан ми се чинеше дека во мракот ја гледам мајката како стои на прагот и чека...
Чека, нажалената мајка, чека да поминат војски и да и` кажат каде и` се и како и` се синовите кои се бијат во две различни војски...
Колку долго ќе стои на прагот и ќе чека да поминуваат војски за да ги праша каде и` се и како и` се синовите кои се во две смртоносно зајадени војски?
Чека...
Дај, Боже, да дочека...
Така нека се стори...
А јас со мојата голема молба и со покорната, страсна и занесна молитва и` посакувам да дочека...
И ти, моја мајко, чекај... дочекај...
Таа ноќ од марш, во мракот го нападнавме противникот. Во мракот отидовме во напад и во мракот се вративме од напад.
И од тој мрак некои не се вратија во стројот...
* * * На Грамос, мојата прва партизанска есен беше дождлива, влажна, маглива, студена, гладна, а утрата ведри и студени.
Само раната есен беше облечена во сите бои и дремеше во топлина. Будеше неизмерна тага и истиснуваше солзи. Се ронеа златестите лисја, се соголуваа дрвјата. Боите на шумите се прелеваа. Се` наоколу беше прекрасен шарен килим. А доцната есен беше магловита, дождлива, влажна, студена, морничава, мирисаше на гнили лисја и гранки, мувлосана трева и папрат. И гладна... Мислите натежнати - враќаа само дома.
Дома, таму тераа сите мисли, ако за тоа остануваше малку време.
На Грамос - мојата прва партизанска зима – студена. Во ведрите ноќи, кога светеше полна месечина, гледав една неизмерна белина украсена со ридови и врвови. Наоколу - една огромна белина. Блескава сончевина легнуваше врз гранките и земјата - покриени со иње. Студот остар. Под тврдата кора на мразот шумолеа изворчиња. Сив чад над земјанката. Во средината полека се топеше жарта, од гредите капеа јадри капки.
Дента надвор не излегувавме зашто над нас кружеше жолтиот авион. И тогаш голема ни беше желбата небото да се наоблачи или над земјата да падне магла. Тогаш бевме слободни. Се миевме во снегот, се чистевме од вошките и чекавме да ни стигне тараната или разматеното пченкарно брашно. Најчесто тоа јадевме.
А мојата прва партизанска пролет, тоа беше 1948 година - цел Грамос беше една голема зелена ливада, расцутена, распеана, миризлива... траповите и рекичките се полнеа со вода што се цедеше од снеговите. Поретко одевме во борби, зашто нападите беа насочени на копање ровови и градење бункери. Сите ридови и врвови ги врзавме со ровови и ги покривме со бункери од дрвја, камен и земја. Во нив го чекавме противникот...
На Грамос моето прво партизанско лето беше жешко и крваво...
* * * И почна...
Нивниот напад на Грамос... Нашата одбрана на Грамос...
Во утринските часови, беше 14 јуни 1948 година, авионите не биеја со ракети и бомби. Кога одлетаа, смртта ја носеа топовите и минофрлачите. Потоа на јуриш тргна нивната пешадија.
Тие биеја свирепо и жестоко, а ние со неумолива пизма и настрвеност, траевме и ги браневме ридовите и карпите.
Ожесточено, зајадливо и инаетливо ги браневме ридовите што гореа и карпите што се дробеа, се браневме и себе си.
Сите наредни денови авионите пак не биеја со ракети и бомби и пак потоа грмеа топовите и минофрлачите и потоа пак нивната пешадија тргнуваше во напад. А ние траевме во нашите ровови и бункери. Не ја скршија нашата одбрана и нас…
И еден ден...
Тој ден од небото паѓаше пламен. Буриња се одделуваа од авионите и од нив се истураше и се разлеваше оган. Од небото биеше црвен пламен и со бучава и реа се растураше, се распарчуваше, разлеваше над земјата и се` повеќе се ширеше, се извишуваше и жареше. Како големи запалени крпи, скокаше, се издигаше, се вртеше и превртуваше, се префрлуваше и се` пошироко се ширеше и воздухот жежеше и ветерот се засилуваше и го пренесуваше огнот, во пластови ги префрлуваше пламените јазици кои во бранови, час се подигаа, ваму паѓаа, таму легнуваа, онаму прескокнуваа од дрво на дрво, од камен на камен, ја пржеа земјата, тревата, грмушките, лисјата, стеблата гореа како ламбади.
Гореа камењата, карпите, гореа буките, гореше земјата и нашите момчиња и девојки.
Гореа и викотниците и врисоците и ужасот.
Се` гореше...
Изгоре и мојата пријателка, Олга. Утредента ја најдовме згрчена меѓу две поцрнети карпи. Меѓу нив бараше спас.
Колената - оголени коски, јагленосаното месо одделено од коските, левата страна од лицето - голо, светкаше целиот ред здрави бели заби, на главата ниту едно влакно. Гол, црн череп.
Ја имаше испечено огнот што падна од небото.
Што бомби, што оружје беше тоа оружје што ја гореше земјата, што го изгори каменот и нашите живи што ги изгоре? Смрдеше чадот, грлата затруени и запечени и уште повеќе затруен воздухот...
Гореше ридот и во него гореа и нашите моми и момчиња, живи горени, живи печени, трчаа, викаа, врескаа, молеа... Крикот на ужасот догоруваше во пламенот. И болката изгоруваше заедно со земјата, каменот, дрвото, бункерот...
Што бомби ли беа тие?
Крикοт и викот големи и страшни, морници смрзнуваа тела.
Потрчавме таму од каде допираше `рчење. Не удри силен мирис на печено месо. Втиснато меѓу две поцрнети карпи, лежеше на плеќи јагленосано голо тело - лицето, челото црни, главата гола, црн череп, под челото две дупки. Немаше очи, немаше веѓи, немаше усни, се гледаа две везенки поцрнети заби и меѓу нив недогорен, не допечен - врвот на јазикот.
По месечина ги собиравме испечените и сите заедно во еден гроб.
Закопавме испечено месо и соголени поцрнети коски и со страв во очите и гласот се прашувавме - што бомби, што оружје беше тоа?
Што оружје беше тоа, кое не бучеше, а гореше и печеше и земја и камен и дрвја и луѓе?
Лелекот беше последната издишка на тоа што беше човек – мома и момче, исправени, насмеани.
И наредниот ден собиравме остатоци, ги носевме под буките и таму ископавме широка јама и во неа ги закопавме испечените соборци.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/kalina-e-book-macedonian/1 on October 29, 2026