Front Matter - Part 05
- Што ќе биде со нас? До кога ќе лежиме во трапот? До кога ќе лежиме во овој трап опколени од две војски?
На стемнување југословенските војници ни донесоа храна и вода. И додека јадевме, командата на баталјонот сновеше како да излеземе од трапот.
Доцна ноќе ни јави дека баталјонот ќе се подели на три чети, ноќе ќе се повлече од тука и по веќе одредени насоки ќе се пробие во Албанија. Не рекоа по кои насоки, не рекоа по кои места. Рекоа дека тоа е тајна која ја знаат само тој и неговиот помошник и дека пробивот ќе се одвива само ноќе, во целосна тишина и молк, а борба ќе биде прифатена само тогаш, кога ќе нема друг излез.
Наредија проверка на оружјето и муницијата.
Во шаржерот имав само шест куршуми.
Не се преброивме построени, туку легнати, со шепот. Меѓу нас немаше десетина. Нив мракот ги префрли во Југославија. Во сувата трева лежеше нивното оружје. Не го допревме, ама зад нив полетаа нашите мисли исполнети со презир. За дезертерите такво чувство има секој соборец и во сите војски на светот за таквите има воен суд и куршум. Нив, а и други кои порано така постапиле, нашиот воен суд не им пресуди и нашиот куршум нема да ги стигне.
Не знам што време беше кога тргнавме. Еден зад друг, чекор в чекор, го сечевме густиот мрак. Немаше сенка. Над нас густи облаци. Сега токму тоа ни требаше. Да нема сенка, сите, и ние и ридовите и камењата и траповите, во мракот да сме едно.
Забрането кашлање, кивање, гласно дишење, чекорот - чекор на мачка во лов... Одевме во спротивна насока од рогот на месечината, што за миг се појави над спротивната планина.
Десно езерото остануваше зад нас.
Веќе знаев. Одиме на југ. Ја фаќавме стрмната угорница над селото Герман и пругоре, наведнати, со стегната издишка се` погоре, повисоко патеката не водеше кон ридот...
Во густото и магливо сивило легнавме во нашите бункери и земјанки на Бела Вода. Тука ми олесни затоа, што се` додека неподвижни лежевме во трапот, во умот без престан вртеше, чепкаше, копаше, ровеше мислата - каков ќе ни биде крајот во трапот стегнати меѓу две војски!? А тука, високо, на самоти врв на широката планинска рамница - ја издишував горчината на сомнежот и стравот.
Тој ден, ден не видовме. Уморот по цело ноќното пешачење по угорнината кон врвот на Бела Вода не кутна и не совлада сонот.
Не разбудија кога добро беше легнат мракот.
Собир на четата. Седевме и го слушавме командантот кој со зборови што се само наредба не извести дека вечерва ќе го почнеме вториот дел од нашиот пробив и дека и натаму важат строгите наредби за начинот на одењето и чувањето на тајната.
Подвлече дека ќе се пробиваме само ноќе и дека нема да поминуваме низ населени места, туку само скраја и тоа во целосна тишина.
Тргнавме. Стрмнината на планината - обрасната со ниска шума, која ни го попречуваше одењето. Колоната, предводена од мртвата стража, се пробиваше и некаде по полноќ ја прегазивме реката Бистра и ја фативме угорнината кон Бигла. Јас ги знам овие места. Не еднаш сум ги поминала. Кога стигнавме до подножјето на ридот, падна команда за одмор.
Командантот со десетина борци се оддели од четата. Ми се чини се врати по половина час. Тргнавме. Сосема кратко пешачевме. Местото каде застанавме беше обраснато со густи дебели буки под кои мракот беше уште погуст. Слушнав тивко чукање на дрво, потоа одгласи на исфрлувани гранки, крцкање на штици, отворање на врата. Во магливата светлина на батериската светилка - голема црна дупка зеваше меѓу две карпи. Еден зад друг влегувавме. Простор за седење - малку. На сите страни сандаци еден врз друг и купишта вреќи. Сфатив -тоа е скривницата - магазинот со оружје и храна на Четиринаесеттата дивизија. Откако зад нас отворот во скривницата беше затворен со дебелите штици, запаливме факели. Какво ли чудо! Што ли немаше тука! Командантот нареди да ги отвориме прво сандаците со оружје и добро да се вооружиме со автомати, повеќе муниција и рачни гранати.
Потоа им се свртивме на вреќите. Во нив имаше шеќер, брашно, грав, макарони... Најдовме и една вреќа со немелено кафе. На една полица – шишиња со вино. Се прашав: кој ли тука во овие планини пиел кафе и вино? Во еден од ќошевите цел куп кутии.
Беа полни со чоколади. Потаму кутии со нови војнички цокули и чизми и униформи. На рафтовите пешници леб, кашкавал, месни конзерви, кутии со мармелад. Ги наполнивме ранците, ама најмногу со чоколади, леб, кашкавал и конзерви. Така зафатени, дочекавме зора и цел ден останавме во тоа дувло на изобилството.
Во годините поминати во виорот на војната првпат се најадовме и се наспавме сити.
Целиот ден го поминавме во скривницатамагазин. Вечерта, веќе пресоблечени во нова долна облека и униформи, обуени со нови војнички цокули и товарени со полните ранци, пробивот го продолживме на југ. По еден час пешачење, колоната застана. Мене и заедно со двајца другари, ни дојде редот да ја замениме мртвата стража. Со оружјето на готово, стотина или повеќе метри пред колоната, во мракот газевме внимателно.
Ретката шума ни го олеснуваше одењето. Одот во мртва стража ми беше осми и ли деветти во таа војна.
Незаборавен. Одиш со ококорени очи, гледаш и лево и десно и пред тебе. Свесен си дека некој пред тебе е скриен зад камен, зад карпа, зад стебло, те гледа и те држи на нишан. Ако истрела и те погоди, спасен е одредот, ако те пропушти, уништен е одредот. И така внимателно газевме ние тројцата и полека ја фаќавме удолницата и одеднаш - бум!!!
Почувствував силен и тап удар во бочината и главата. Се освестив кога ми ги преврзуваа раните. Обессилена лежев во високата трева. Бев удрена толку многу што не можев ниту чекор да направам. Не бев способна да одам. Си помислив дека на носила ќе ме носат, како некогаш, ама...
Командантот, кој седеше покрај мене, полека, со тивок, смирено молежлив глас, колку што запаметив, ми рече:
- Калино, биди храбра. Ти и двајцата од мртвата стража паднавте во минско поле. Ти си жива, а тие двајцата таму лежат мртви. Жал ми е и за нив и за тебе. Одредот мора да го продолжи пробивот и не е во можност да те носи. Одлучив да останеш крај џадето. Утре сигурно ќе поминат по тука војници на владината војска и ќе те земат. Убеден сум дека кога ќе видат дека си ранета, ќе те поштедат. Остани тука. На овој начин ќе го спасиш целиот одред, ќе спасиш стотина твои другарки и другари. Тоа ќе биде твој херојски чин... Остани... не наредувам, туку молам... само молам... Многу те молам...
Што можев?
Можев ли на душа да го имам целиот одред на чиј пат можат да се најдат многу заседи и сите да изгинат? Да изгинат носејќи ме на носила?
Се согласив, молејќи да ми го остават автоматот и една рачна граната. Ако затреба да имам со што да се бранам... Се` ми зедоа. И оружје и ранец и воена книшка.
Ме покрија со војничко ќебе и заминаа.
Јас останав под дождот. Ридовите пламтеа во извитканите светкавици на ровјите. Црните облаци истураа. Од мене дождовницата ја плакнеше засирената крв и ми го миеше поцрнетото лице.
Издржав и истрајав во мрачната ноќ.
Утрото слушнав бучава на кола. Видов како се доближува џип и во него четворица војници. Одвај се довлечкав до средината на џадето. Прстите ги вковав меѓу цепнатините на калдрмата.
Почувствував дека ми потекоа солзи измешани со земја и со горчлива студена пот. Целата згрчена, чекав џипот да ме згази.
Остро чкрипење на сопирачките и гласно пцуење на возачот.
Толку слушнав.
Во воената болница испливав од раните.
Таму заздравеа телесните рани и останаа само лузните. Ме потсетуваа на болките и ми го враќаа времето и луѓето. Во такви мигови се` што е вгнездено во умот, срцето и духот се буди со горчина и отвора многу голема рана, која не се гои, туку раскрасува и се облива со крв, лежи во душата и таму копа, пече, вознемирува, боли и цел живот се носи во умот, во срцето и во духот. Да - свеста. И таа е поделена на два делови.
Во едниот обврската да помогнеш и во најтешките мигови, да спасиш животи... Во другиот дел – личното, моето јас кое е длабоко вгнездено во мене и прави да ме разјадуваат стотици прашања кои отвораат рани, како оваа...
Раната на големиот, незаборавен спомен, кој колку и да е далечен, не бледи со одминувањето на времето, е неизбришлив, горчлив и лош. Колку и да се браниш тој е залепен како лишај и предизвикува сомнеж и болка, разочарување и на усните го лепи прашањето:
- Зошто на ветрометина ме оставија другарите?
Рана ми е прашањето...
Рана на животот... и горчлив спомен... Спомен, кој колку и да е близок или далечен, не бледи, не го заматува времето, е неизбришлив, горчлив како пелин, лош ноќен кошмар, делнична мака, колку и да се браниш, секогаш потсетува и прашува: зошто ме оставија другарите?
И дали не е подобро тогаш, кога боли, да не се чепка во раната - спомен?
Рана ми е прашањето...
Дали во себе, со мојата свест, имам доволно сила со која би можела да ја совладам и да ја исплукам горчината што се вгнезди во умот, во срцето и духот?
Рана ми беше прашањето...
Таа рана и сега е отворена и боли, таа рана крвави, таа рана пече, вознемирува, раскласува, дразни и прашува:
Зошто?
Дваесеттиот ден од моето лекување во воената болница, во локалниот весник, што секој ден ни го делеа, прочитав:
„По долго талкање во заднината на јуначката национална армија, голема група комунистички бандити успеа да ја премине грчко-албанската граница...” Сфатив. Повеќе не читав. Весникот го ставив настрана. Со одвај забележливо задоволство се насмевнав и во себе си реков, повторувајќи :
- Мојата чета... мојата чета... мојата чета се спаси...
Кој ја спаси!?
* * * Се` додека ме лекуваа во воената болница, постојано доаѓаа иследници. Од војската. Ме прашуваа за моето минато. Исти беа прашањата и исти беа одговорите. Им го кажував тоа, што во сите изминати денови им го кажував. Тукуречи секојдневно повторување на моите завршени деветнаесет години. Која, чија, од каде и каде сум била, со кого, во кои борби сум учествувала.
Иследниците не се закануваа. Само прашуваа, пишуваа и синиот коверт се полнеше со мене. Си одеа молкома, без поздрав.
Во болничката соба, иако имаше уште девет кревети на кои лежеа андартисес (Андартисес (грчки) - партизанки), значи партизанки, секогаш владееше тишина. Имав впечаток дека секоја, како и јас, беше оптоварена со ројот мисли за утрешниот ден.
- Што ќе биде со мене кога ќе ме пуштат од оваа болница? Каде ќе одам? Што ќе правам? Како е надвор? Каде се моите?
Се охрабрив еднаш и го прашав мајорот кој ме испитуваше:
- Господин мајоре, што ќе правите со мене?
Тој зачудено ме погледна и рече:
- Ништо... Ќе си одиш дома, кај твоите... Војната заврши... Сите се враќаат дома... освен...
И лекарот го прашав. Тој само се насмевна и прошепоти:
Се ќе биде добро. Војната заврши...
Овие два зборови сите и секаде постојано ги повторуваа како молитва и чиниш во тие два зборови беше собрана целата надеж.
Војната заврши...
И јас така си велев - војната заврши... луѓето се враќаат дома...
Голема работа е да се најдеш на пат кој те води дома... И зборот дома ми стана сон. Го сонував тесното сокаче, високата авлија, дебелата дабова порта широко отворена кон дворот, дебелиот дрвен праг, калдрмата во дворот и скалите од делкан камен, чардачето и вратата во претсобјето и гостинската одаја и...
Кого ќе најдам пред куќата, во дворот, на скалите, во одаите?
Тука, во болницата, ми се чинеше дека го чувствувам мирисот на погачата, на чадот што се извишуваше над покривот... дома...
дома... остана ли нешто од куќата во која растев и од која ноќе ме одведоа? Има ли сега некој дома? Кој е дома? Во грлото како клопчиња ми растеа прашањата...
- Кога нема војна тогаш се` е добро... - така ми рече лекарот.
Ми остана да му верувам.
Отпусната листа од болницата ми ја врачи главниот лекар, полковник, веќе во одминати години, што се гледаа во неговиот изморен поглед и не многу сигурниот чекор. Добродушен. Со смирениот поглед и тон, со лесното допирање на рацете, кај секој што се лекуваше во оваа болница оставаше надеж за брзо оздравување. Беше почитуван и сакан, можеби најмногу за тоа што за него сите беа само пациенти. Подавајќи ми ја листата, тивко ме предупреди:
- Каде и да одиш, чувај се... Чувај се и тоа најмногу од луѓето...
Со добро и среќно... - рече намигнувајќи ми шеретски...
- Благодарам... Секогаш ќе ве паметам...
Со лесно движење на раката ми ја покажа вратата, а таму ме чекаа двајца облечени во цивилна облека. Ми рекоа да одам со нив. Не се противев. Ме качија во џип и од болницата право во полиција. Таму не ме испитуваа, ми зедоа белези од прстите, потоа напишаа белешка во која ги внесоа моите лични податоци и нешто во врска со моето лекување во болницата. Началникот се потпиша, удри печат и белешката ја стави во еден сив коверт, кој како што се покажа подоцна, стана дел од мене. И така јас во тој коверт никогаш не бев заборавена.
Наредниот ден стигнавме во Костур. Ковертот и мене двајцата спроводници не предадоа во полицијата, каде цел ден ме испитуваа. За да не бидам заборавена, запишаното во синиот коверт, кој секаде патуваше со мене, а по секоја средба во полициските станици, стануваше се` подебел.
На ѕидот, зад грбот на началникот, наредени папки. Ме праша:
Име и презиме, име на татко, мајка, дедо, прадедо, баба, прабаба... место, ден година на раѓање...
Му кажав што бараше, а тој ме прекина, буричкајќи меѓу папките. Извлече една, беше покриена со прашина и врзана со сиџим, ја издува прашината, ја отвори, преврти неколку листови, прекина, се загледа во мене, со дланката удри на отворена папка и отсечно рече:
Да, тука си...
Прелистуваше пожолтени хартии, подигаше веѓи, мрштеше чело, миг прекинуваше, се загледуваше во мене и одново листаше. Откако се` прелисти, длабоко воздивна и, удирајќи со прстот на листовите, рече:
- Тука се` има за тебе. Се` е напишано. Накратко да повторам.
Запишано е дека си била на чело на селските пионери и како таква си ги шетала по селските сокаци, пеејќи „Млада партизанка да одам“ и некои други, како „А бре Македонче“ и „Македонско име нема да загине“. Потоа си се зачленила во ЕПОН (ΕΠΟΝ (ЕПОН): Ενιαια Πανελλαδικη Οργανωση Νεον – Единствена Сегрчка Организација на Младите, формирана на 23 февруари 1943 година, забранета со закон на грчката влада 1947 година. Во текот на граѓанската војна обновена од КПГ и распуштена од КПГ во 1958 година. ) и едно време си ја водела таа селска младинска организација, а пролетта илјада деветстотини четириесет и шестата сите младинци, освен едно двајца - тројца, си ги организирала и си ги донела во Костур да протестирате против враќањето на кралот Георгиос. Натаму си ги помагала со информации, храна и облека бандитите, како што ги викавте - партизаните. До заробувањето си била активна во борбите против грчката национална војска... Со еден збор си била против државата. Точно е?
- Точни се податоците, ама не и тоа дека сум била против државата, туку против режимот, против теророт...
Ме тераше да ја потпишам хартијата со наведените податоци.
Одбив, ама не стигнав нешто да речам. Силната шлаканица ми ја затвори и устата и очите.
Ја затвори папката и ја врати на полицата.
- За таквите, како тебе издадена е наредба да ги предаваме во надлежност на воените судови, а таму осудуваат на долги затворски казни или на смрт. Со таква биографија не можеш да останеш тука и поради тоа ќе те пратиме во логор за жени, што е полесна казна. Таму таквите како тебе ги превоспитуваат така за да бидат корисни и вредни личности. Подобро е логор отколку затвор каде би гниела со години.
Од фиоката извади отпечатен лист, го пополни со моите лични податоци, се потпиша, стави печат и ми го турна пред очи.
На листот пишуваше:
„Μερος εκτοπισµου για ενα χρονο στο „Στρατοπεδο Πειθαρχηµενης ∆ιαβιωσης” στο Τρικερι σαν αµετανοητη και επικινδυνη”. (Место на престој за една година во „Логорот за дисциплинарно преживување во Трикери`` како непоправлива и опасна).
Потпиши дека упатот си го примила и утре на пат. Ова ти е како лична карта.
Се потсетив на зборовите на лекарот, кога на излегување од болницата ми рече:
Заврши војната... Кога нема војна, тогаш се` е добро...
Ставајќи го в џеб подадениот лист, се прашав:
Дали за мене војната заврши?
Стариот полициски камион два дена се влечеше до пристаништето во Волос. Патувањето траеше долго, бидејќи попатно од полициските станици собираа затворенички.
Стуткани една до друга, не растоварија пред закотвениот брод.
Таму не построија и откако не извикаа по име и презиме, ни наредија во бродот да се качуваме по висечките скали.
Првпат видов брод. Со страв се качував по разлуланите скали кои висеа над матната и разбуричкана вода. Лево и десно од влезот - полицајци со вперени пушки. Пречекорив праг и пред мене тесни железни скали кои водеа надолу. Скалило по скалило слегов долу - во амбарите. Така слушнав - во амбарите.
Таму не сместија нас, партизанките, девојките учеснички во „банитската војна``, како што ја имаа наречено граѓанската војна.
Густиот мрак го разбиваше матната светлина што паѓаше од двете мали прозорчиња и се постелуваше над купиштата секакво ѓубре од кое се ширеше неподнослива реа. Изгледа тука ги имаа собрано сите нечистотии од бродот.
Долго беше чекањето. Во бродските амбари имаше се` помалку воздух. Викавме да ги отворат поголемите прозорци, баравме да ни пуштат повеќе воздух. Наместо воздух ни пуштија гласна музика од воени маршеви, која од звучниците одекнуваше толку бучно што не можеше да се слушни што се зборува дури и од најблиску. Бучни и без прекин се повторуваа маршевите со хорско пеење „Грција никогаш не умира`` и „Софија Москва е нашиот сон``. Гласната музика не беше за да ни биде весело, туку за да не можеме да се разбереме меѓу себе и за да не се слушаат нашите барања. Цело време прстите ги држевме пикнати во ушите и се разбиравме само со мимиката на лицата и очите.
Долго беше чекањето.
Над амбарите ги затворија капаците. Грмна свиреж и бродот се залула, се навали малку на левата, потоа на десната страна и откако свирежот загрми неколкупати, полека го напушти пристаништето.
Мегафоните уште погласно засвиреа небаре сакаа маршевите и натаму да го вестат и зацврстуваат сонот на некои запалени мозоци за нивниот марш до Софија и натаму до Москва.
Бродот се` повеќе се навалуваше де десно де лаво. Некоја од затвореничките рече дека има бура во морето. Не знам дали од немање доволно воздух или нешто друго, ме фати некое несигурно чувство, желудникот ми се дигаше, ме стегаше и по некое време почнав да повраќам. Не можев да одам надвор од амбарот, бидејќи на излезот стоеше полицаец со пушка и не дозволуваше излегување... Ми се слоши и паднав пред нозете на полицаецот. Се освестив на палубата. Ме освежи ветерот. Се созедов. Ми се поврати мислата. Се навалив на бродскиот ѕид и длабоко вдишував солен воздух.
Првпат гледав море, првпат патував со брод, првпат гледав час разбранета, час мирна вода и во неа небо потонато со се` ѕвезди.
Високо, на небото ѕвезди, длабоко во водата ѕвезди. Вода, вода и само вода пред мене, околу мене и под мене...
Ме вратија во амбарот. Легнав на валканиот под. Немав ниту што да постелам под мене, ниту со што да се покријам... Немав ништо друго освен облеката на мене што ја добив излегувајќи од болницата.
Утрото бродот прекина да плови. Наредија да излеземе на палубата. Во утринското сивило видов грозни камења и снежно сивило што виуличаво паѓаше врз нив.
Од далеку островот изгледаше зелен и мирен. Само неколку куќи и повеќе маслинови стебла и малку рибарски чунови врзани на малото пристаниште.
Ни наредија една по една да слеземе и потоа не построија спроти високата сива и камена карпа истопорена над брегот.
Стигнавме во Τрикери...
Не растоварија на брегот и таму, на влажниот песок ја поминавме ноќта. Утрото на плеќи до горе, до манастирот, кој стрчеше на врвот од островот, пренесовме се` што беше товар на бродот. Чекор в чекор по стрмната угорнина обрасната со грмушки и трња.
Манастирот беше напуштен. Без врати и прозорци. Се` беше гнило. Мувла на сите ќошеви.
Не сместија во влажните, мувлосани и студени манастирски келии и во подрумите. Ноќе - мрак, мувла, влага, гнил воздух.
Дење - гореа, пржелика под жешкото сонце и жед... Забрането доближувањето до сенките на ретките маслини. Така првите ноќи и денови додека не стигна бродот со многу мали и големи воени американски шатори. Морнарите ги фрлија на брегот, а од таму, до горе, по стрмната угорнина ги пренесовме на грб.
* * * Иследникот, воено лице, упорно настојуваше што повеќе да извлечи од мене и постојано го повторуваше истото прашање:
- Колку наши си убила?
- Не знам - реков - можеби еден, можеби десет, дваесет, можеби ниту еден. Кога пукаш од ровот или од бункерот или во јуриш, не броиш, туку пукаш и чуваш глава. Ако можеш. Не броиш. Само пукаш, пукаш, пукаш дали со отворени или со затворени очи, ама пукаш и не броиш. Да, пред нашите позиции паѓаа војници, викаа, бараа помош, молеа... Дали беа погодени од мојот автомат? Не знам. Можеби... Војна беше, а војната е само убивање, осакатување. Зарем тоа не го знаете? Можеби не сте учествувале? Ако би биле на позиција, во напад, тогаш не за восхит, туку за убивање, а играта е во тоа ако ти мене не ме погодиш, јас тебе ќе те погодам... Можеби само рана, ама целта е смрт на противникот. Така ги учат сите војници, бидејќи смислата на војната е да го убиеш противникот. Така секаде ги учат војниците, па и нас таму во планините така не учеа. Убиј за да не те убијат. Такво е школото на војната. Од денот кога ќе ти облечат војничка униформа и ќе ти нарамат пушка, целата ука е во убивањето. Така секаде учат... - самоуверено мудрував и му го кажав тоа, што мене, таму во планините, други ми го кажуваа.
- А ти колку наши си убила? - пак истото прашање.
Истиот одговор.
- Толку за денес... - рече иследникот, ги прибра хартиите во една папка, со подзамижани очи секавично ме пронижа и, откако запали цигара и пред очи ми го истури првиот дим, викна:
Дежурен! Носи ја кај жените!
Просторијата во која ме однесе дежурниот беше преполнета со жени. Седеа една до друга, рамо до рамо, некои се потпираа со плеќите. Барав место да седнам. Немаше. Газејќи меѓу нив, стигнав до ќошот каде имаше толку место, колку нозе да сместам. Се обидував да клекнам. Не ме собираше. Стоев.
* * * Следното испитување почнуваше со благ поздрав, добродушност во гласот, со смирен и питом поглед, весела насмевка и покана да седнам од другата страна на масата, спроти иследникот.
А тој ме гледаше некако смирено, оставаше впечаток на добрина, ама во текот на испитувањето полека, многу полека се губеа тие белези од неговото лице. Гласот стануваше груб и остар, во очите се губеше наместената добрина - искри на презир, погледот суров, издив на омраза...
- Дете, девојко - ми се обрати иследникот - еве пенкало и хартија...
Зошто? Што е ова? - прашав.
- Пропусница за да излезеш од тука. Не мораш да читаш.
Потпиши и ќе си одиш дома, не се огледувај на тие расипани жени, кои за правење блуд, сме ги собрале од атинските улици и од кафеаните...
Упорно и продорно ме гледаше. Рече:
- Потпиши. Дома те чекаат...
Добро знаев кои се тие жени и девојки. Така беше. Во ќелиите носеа жени и девојки собрани на улица, во кафеани и таверни, од кои голем број беа болни од венерични болести. Тие се смееја, ни се гавреа, со најпогрдни зборови зборуваа за најсрамни работи. Ни носеа и нопачни мажи облечени во женски алишта. Тие, доколку наоѓаа празно место, легнуваа меѓу нас. Не задеваа. Јас додека бев во планините и каде ли уште не, додека бев под пушка, лежев до мажи во иста земјанка, во ист ров и бункер. Си дишевме в лице, в уста, се топлевме тело со тело, ама никој не пушти рака, не рече грд збор, беа чесни...
- Ти, девојко, ете, убава те гледам, стројна, зрела и готова за мажачка, што бараш меѓу овие расипани жени, зарем меѓу нив тебе ти е местото? За никоја немаше добар збор. Имаше само закани, едните пострашни од другите, многу погрдни пцости и зацртано црно утре... Кога веќе полека го напушташе трпението, тогаш почнуваше да го опишува пеколот на мојот живот со краен исход - стрелање.
Молчев и го гледав в очи, кои како што растеше неговата лутина, како што се збогатуваше речникот на заканите и пцуењата, час се стеснуваа, час ококорено се отвораа, се полнеа со омраза и ми се чинеше дека од нив ќе истече лудилото на бесот. Кога заканите веќе не му беа доволни за да види на моето лице и во очите страв, тогаш со уште поостар тон викаше:
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/kalina-e-book-macedonian/5 on October 29, 2026