Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

History of Contemporary Greece

ГРЦИЈА ВО ПЕРИОДОТ НА ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА - (1940-1945)

By Стојан Киселиновски · Part 6 of 9 · About 5 minutes

Read in English

ГРЦИЈА ВО ПЕРИОДОТ НА ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА - (1940-1945)

Грчко-италијанската и грчко-германската војна (1940-1941):

Политичките и воените успеси на Германија (1938-1940) ја охрабриле Италија да води една повоинствена политика на Балканот. По окупацијата на Албанија (7 април 1939), Италија изразувала се поагресивна политика во однос на Грција. На 28 октомври 1940 година италијанскиот амбасадор во Грција, Грацијани, и врачил ултимативна нота на грчката влада. На барањата на италијанската влада Грција да и отстапи на Италија бази до крајот на војната, грчката влада одговори со “Охи”

(“Не”).

Владата на Ј. Метаксас ја добила безусловната поддршка на сите политички партии од левицата до десницата. КПГ, преку нејзиниот генерален секретар Никос Захаријадис, го повикала грчкиот народ “секој терен, секоја колиба, секој град и куќа да се претвори во бедем” зашто војната што ја води владата на Ј.

Метаксас за Грција значи борба “за слобода, чест и национална независност”.

По првите италијански воени успеси, грчката војска преминала во контраофанзива и напредувала во Јужна Албанија (Корица, Саранда и Аргирокастро). Грчко-италијанската војна, како и државниот удар на Душан Симовиќ во Југославија, ја вознемириле сериозно нацистичка Германија, која решила балканскиот проблем да го реши со воени средства. На 6 април 1941 година германскиот амбасадор во Атина, принцот Ехрбарх, и врачил на грчката влада нота за објавување на војна.

Германските воени сили ја нападнале Грција и ја принудиле на брза капитулација. На 23 април 1941 година генералите Г.

Чалакоглу, Е. Бахос и П. Деместихас, ја потпишале капитулацијата на Грција. Кралот, владата и дел од војската, заминале на островот Крит и, по неговата окупација од страна на германските сили, заминале за Египет (Каиро).

По капитулацијата, Грција е поделена на три зони: италијанска, германска и бугарска. Најголем дел од грчката територија паднала под италијанска окупација (Пелопонез, Стереа Елада без Атина, Тесалија, Епир и Кикладите). Германската зона ја опфаќаше централна Егејска Македонија под управата на квислиншката влада на Г. Чакалоглу, островите Крит, Лезбос, Хиос и дел од Западна Тракија. Бугарија анектирала дел од источна Егејска Македонија и Западна Тракија, територии изгубени со Букурешкиот и Нејскиот мировен договор.

Антифашистичкиот отпор: Аннтифашистичкиот отпор во Грција почнал со една симболика. Младите Манолис Глезос и Лакис Сантас го симнале германското знаме од Акропол и го кренале грчкото. Во 1941 година, на иницијатива на левицата (КПГ), се формира ЕАМ (Грчки ослободителен фронт) и ЕЛАС (Грчка народноослободителна војска) на чело со Ген. С.

Сарафис, воен командант и Арис Велихјотис, политички комесар. Подоцна, на политичка иницијатива на Н. Пластирас, грчки офицери на чело со Наполеон Зервас го формирале ЕДЕС (Грчка демократска и национална лига), а на иницијатива на Г.

Карталис, се формира ЕККА (Грчки комитет за национално и социјално ослободување) на чело со полковникот Псарос.

Идеолошки разединети (едни за еволуција без револуција, а други за еволуција со револуција) и национално обединети врз основа на грчките национални интереси (суверенитет и национален интегритет на грчката држава), грчките сили на отпорот имале услови за соработка (врз основа на националното) и за судири врз основа на класното. За тоа во овој период имало заеднички отпор против силите на Оската и меѓусебна пресметка на силите на отпорот. Во септември 1941 година почнало Драмското востание на грчкото население против бугарските власти, кои се стремеле протераното македонско население од страна на маџирите во периодот меѓу двете светски војни да го вратат на нивните родни огништа. Во 1942 година англиски диверзанти, заедно со борци ЕЛАС и ЕДЕС, го минирале мостот во Ѓорѓопатамос со цел да се отежни снабдувањето на германските војски од Блискиот Исток.

Но колку повеќе се доближувало ослободувањео на Грција и се реализирала грчката национална програма (ослободувањето на Грција), толку повеќе класното добивало примат и граѓанската војна станувала неизбежна. По капитулацијата на Италија и формирањето на владата на Бодоглио (1943), судирите меѓу ЕЛАС-ЕДЕС и ЕЛАС-ЕККА станувале се почести и земале белег на вистинска граѓанска војна. Силите на ЕЛАС ги нападнале и поразиле единиците на ЕККА, а заробените, заедно со полковникот Псарос, биле ликвидирани. ЕЛАС стана главниот носител на антифашистичкиот отпор во Грција. ЕЛАС располагал со 65.000 војници, силно мотивирани герилци. На 10 март 1944 година во Вињани грчката антифашистичка левица ја формирала ПЕЕА (Политички комитет за национално ословодување), што претставувала влада во сенка, влада која сериозно ја вознемирувала Велика Британија и грчката бегалска влада.

Антифашистичкиот примат на ЕАМ-ЕЛАС, како и присуството на македонски и влашки вооружени формации, серизно ја вознемири Велика Британија дека, по ослободувањето на земјата, власта ќе ја преземе грчката левица. Затоа Велика Британија почнала да спроведува една политика за одземање на приматот на ЕАМ-ЕЛАС како главни носители на антифашистичката борба во Грција и се залагала грчката левица да ја стави по секоја цена под нејзина контрола.

По договорот од Јалта (90% Грција падна под англиско влијание) почнал процесот на еволутивната капитулација на ЕАМ-ЕЛАС со договорите во Либан (20.6.1944), Казерта (26.9.1944) и Варкиза (12.2.1945). Со Либанскиот договор се предвидувало формирање на Влада на национално единство, создавање на национална армија која ќе биде потчинета на наредбите на Владата за национално единство, да се реши во “полна слобода” формата на државното уредување по ослободувањето. Сите страни биле едногласни за “полното задоволување на националните права” и за создавање на “една нова слободна и голема Грција”.

Со договорот од Казерта, Велика Британија прави чекор напред во решавањето на грчката криза. Со овој договор се предвидувало дека “сите герилски групи се стават по наредбите на Владата за национално единство, грчката влада за национално единство сите герилски групи ги става под команда на генерал Скоби и секој обид за преземање на власта од некоја герилска група ќе се смета за злосторнички акт и соодветно ќе се казнува”. На 18 октомври 1944 година, по повлекувањето на германските сили од Грција, Владата на национално единство на Г. Папандреу, заедно со англиските сили на генерал Скоби, пристигнуваат во Атина. Пред владата на Г. Папандреу постоеле тешки економски и политички прашања за решавање.

Владата затекнала тешка економска ситуација во земјата. Бил уништен друмскиот, железничкиот и морскиот собраќај.

Поради тешките услови за живот во текот на окупацијата, речиси 400.000 лица биле убиени или умреле од глад.