Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

History of Contemporary Greece

МАЛЦИНСТВАТА ВО ГРЦИЈА ВО ПЕРИОДОТ НА ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА - (1940-1945) - Part 02

By Стојан Киселиновски · Part 8 of 9 · About 15 minutes

Read in English

Тензиите меѓу двете земји се смирија во јануари 1988 година по средбата во Швајцарија на Г. Папандреу и Озал, Претседател на Турција. По “Договорот во Давос” двете страни се согласиле да воспостават топла телефонска линија. Грчко-турските односи одново се заостриле во периодот на владеењето на Костас Симитис, наследникот на А. Папандреу. Кризата, која повторно стигна до степен на војна, се појави со инцидентот околу островот Имија. И Грција и Турција го истакнувале своето државно знаме на островот (“Војна на знамињата”). По интервенцијата на САД страстите се смирија, но антитурските чуства во Грција и антигрчките во Турција се засилија.

Односите со Бугарија биле добри и меѓу двете држави не постојат нерешени прашања. Односите со Србија традиционално биле добри и Грција секогаш била просрпски наклонета (Косовското прашање), војната во Босна и Херцеговина. Односите со Албанија биле обременети.

Граничните инциденти меѓу двете држави, проблемот на Албанците емигранти во Грција, апсењето на членовите на грчкото малцинство “Омонија”, сериозно ги заладија грчко-албанските односи. По ослободувањето на челниците на Омонија, ширењето на правата на православната црква, грчко- албанските односи влегоа во релативно помирни води и се прават обиди за решавање на уште постојните нерешени прашања (проблемот на Чамерите).

Односите со Република Македонија биле обременети особено со името на македонската држава. Грција и го оспоруваше правото на Р. Македонија во името на државата да постои поимот Македонија. Со непризнавањето на името на Република Македонија, Грција, всушност, ја оспоруваше Асномската етно-јазична спојка Македонија = Македонци и Македонци = Македонија и, по можност, да ја супституира со Македонија = Грци и Грци = Македонија. Со географска одредница пред името Македонија, Грција, подржана од ЕУ, се стреми името на македонската држава да не се рефлектира со името на ниту еден народ во Македонија и името на ниту еден народ од Македонија да не се рефлектира со името на државата (Швајцарски модел).

За да постигне отстапки од страна на република Македонија, Грција воспоставува економска блокада. Се забрануваше увоз на сите видови стоки со исклучок на храна и лекови. Со посредство на САД (1995) се потпиша Привремената спогодба меѓу двете земји (меѓу страната А и страната Б). Со Привремената спогодба Р. Македонија се откажуваше од државното знаме со ѕвездата од Кутлеш (Вергина) и се обврзуваше дека нема никакви територијални претензии кон Грција. По потпишувањето на Привремената спогодба, Грција го подигна економското ембарго што и беше наметнато на Република Македонија.

На крајот на XX век Грција паднала во тешка економска криза.

Големите долгови на грчката држава ја принудија ЕУ (особено Германија) да интервенираат во решавањето на грчката економска криза. Економската криза придонесе во слабеењето на грчката десница (Нова демократија во периодот на владеењето на Костас Караманлис и на Андонис Самарас) и грчката умерена левица (ПАСОК начело со Венизелос).

Длабоката економска криза придонесе да се засили влијанеито на крајната левица (СИРИЗА) на чело со Алексис Ципрас и крајната десница “Хриси Авги” (“Златна зора”) на чело со Никос Михалолијакос. По убиството на познатиот грчки музичар Павлос Фисас, “Златна зора” почна да спроведува јавен терор. Опасноста од крајната левица и крајната десница ги принудиле двете умерени партии од умерената десница (Нова демократија) и умерената левица (ПАСОК) да се зближат и заеднички да владеат, но економската криза била толку длабока и народното незадоволство толку големо, што на последните парламентарни избори од 2015 година победила крајната левица (СИРИЗА) и ја формирала, со малата десничарска партија “Независни Грци” на чело со Панос Каменос, првата левичарска влада во историјата на Грција на чело со А. Ципрас.

И покрај успешниот референдум за неприфаќање на условите наметнати од страна Тројката (ММФ, Светската банка и Европската банка), сепак владата на А. Ципрас ги прифатила условите за излез од кризата. Тоа предизвикало големо незадоволство во земјата. Незадоволството кулминарало во февруари 2016 г. со бунтот на грчките земјоделци (бунтот на крљушките) кој упорно барале да не се покачуваат даноците и да не се намалуваат пензиите. Новата влада на А. Ципрас се соочува со сериозни економски и политички проблеми.

Длабоката економска криза не и гарантира на Грција стабилен политички живот.

МАЛЦИНСТВАТА ВО ГРЦИЈА ПО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА Македонското население: По договорот од Варкиза, македонското население, обвинето за “грчки судети”, било подложено на една политика на бел терор, без оглед дали му припаѓале на македонското комитско или на македонското етничко движење. Теророт заземаше неподносливи размери и тоа го принуди македонското население на активен политички отпор. Во 1945 година, по иницијатива и со поткрепа на југословенските власти,се формирал Народноослободителниот фронт (НОФ) и се организирале и првите вооружени чети на ова организација.

По договорите меѓу Тито и Н. Захарјадис и спогодбата меѓу КПГ и НОФ (1946), НОФ беше потчинет на КПГ. Македонците учествувале во Грчката граѓанска војна. Од вкупно 30.000 војници на грчката републиканска армија (ДАГ), речиси 15.000 биле Македонци. По признавањето на националните права на македонското население со статутарниот акт на ДАГ бр. 5, во Егејска Македонија биле отворени 87 македонски училишта со 10.000 ученици, почнале со работа два курса за македонски народни учители (село Герман – Агиос Германос) и Желево – Антартикон) и се публикувале весници на македонски јазик

(“Борец”, “Победа”, “Нова Македонка” и др.).

По решенијата на Петтиот пленум на КПГ од јануари 1949 година за признавање на правото на самоопределување на македонското население, грчката држава ја засилила нејзината политика на репресија против цивилното македонско население и особено против заробените војници на ДАГ. Сите војници на ДАГ (Македонци или Грци) што биле осудени и пред судот ја подржувале политиката на КПГ во однос на македонското прашање биле осудени на смрт. Незаборавени ќе останат злосторствата на грчките воени формации над цивилното население од селата Б’мбоки и Загоричани, Костурско. Од селото Б’мбоки биле свирепо убиени 9 лица (седум жени и двајца мажи), а од селото Загоричани биле убиени 16 лица (тринаесет жени и тројца мажи).

Поразот на ДАГ (август 1949 г.) имаше тешки етнички, политички и економски последици за македонското население.

Речиси 30.000 Македонци, меѓу кој и 28.000 деца Македончиња и Грчиња, биле принудени да бараат спас во источно- европските. Со тоа грчкта држава ја спровела Третата принудна миграција на македонското население. Други 20.000 Македонци ги положиле своите животи во периодот на Граѓанската војна.

Многу македонски села биле срамнети со земја, а цели региони во Костурско, Леринско и Воденско биле опустошени.

Граѓанската војна во Грција сериозно влијаеше врз статусот на македонскиот народ. По Третата принудна миграција, уште повеќе се зацврсти малцинскиот карактер на македонското население. Тоа сериозно влијаеше и врз јазичниот статус на македонскиот народен јазик. Македонскиот народен јазик од примарен (мајчин) јазик (периодот 1913-1950 г.), добил статус на странски (секундарен) јазик за дел од македонското население.

Истовремено и грчкиот јазик го сменува својот статус. Од странски (секундарен) јазик (периодот 1913-1950 г.) добил статус на примарен (семеен) јазик за дел од македонското население. Со влегувањето на грчкиот јазик во рамките на македонското семејство и пренесувањето преку него на грчката национална, политичка и културна традиција, почнува процесот на дефинитивно асимилирање на македонското население од ЈужнаМакедонија и негово постепено, но сигурно слевање во грчката нација.

По Грчката граѓанска војна, преостанатото македонско население (160.000) повторно било подложено на политика на денационализација и асимилација. Македонците беа принудени да даваат колективни заклетви дека ќе бидат лојални на грчката држава и дека во иднина ќе зборуваат само на грчки јазик, јазик на кој е пишувано и светото Евангелие на нашиот Христос. Во 1953 година грчката држава го донесе законот за колонизација на пограничниот појас со цел да се разбие етничката компактност во Костурско, Леринско и Воденско. Истата година беше донесен закон од кои се лишуваа од грчко државјанство учесниците на “бандитската војна” и им се конфискуваше имотот.

Во 1982 година, во рамките на грчкото национално помирување, се донесе законот за враќање на политичките бегалци “Грци по род”. Македонците беа исклучени од овој закон и грчките дипломатски претставници во источно-европските земји биле високо национално будни и строго ја применувале таа одлука.

По 1990 година во Грција се забележуваат промени во однос на малцинската политика. По македонските села слободно се зборува на мајчиниот јазик, се формираа повеќе музички групи кои го негуваат македонскиот фолклор (“Македонски мерак” и други). Се организираат фестивали на македонскиот фолклор наречени панаири (с. Овчарани – Мелити), каде често се пеат македонските песни.

Македонското население формирало и свои организации (“Македонско движење за балкански просперитет”, “Виножито”). Овие организации ја продолжуваат етно-јазичната традиција на СНОФ и НОФ. Македонските организации почнаа да ги публикуваат и првите македонски списанија “Моглена”, “Зора”, “Нова Зора”, “Лоза”. Овие изданија се печатени билингвално (на македонски и грчки). Во 2006 година, во Солун, беше печатен “Абецедар”, а во 2008 година, пак во Солун, беше печатен “Современ грчко-македонски речник”. Во 2001 година, архимандритот Никодимос Царкњас, во Меглен, С’ботско (Аридеа), ја освети првата македонска црква “Св. Злата Мегленска” и се одржа првата богослужба на славјански јазик. Во 1995 година, во Лерин, “Виножито” отвори канцеларија со двојазичен натпис на грчки и македонски: “Виножито-Лерински комитет”.

Грчкиот национализам реагира на македонските етнички процеси. Во Грција се организираа судски процеси против лидерите на македонските организации, се бојкотира економската активност, се протерани од државните служби. Во 1995 година грчки националисти, предводени од Леринскиот градоначалник, ги нападнале канцелариите на “Виножито”, го отстранија двојазичниот натпис “Комитетот на Виножито-Лерин”, го запалија мебелот и книгите. Основниот суд во Лерин (Флорина) одби да го регистрира “Домот на македонската култура” со образложение дека се исфабрикува непостоечка македонска нација и претставува директна закана за јавниот ред и мир. Истовремено дел од раководството на “Виножито” беа обвинети за “предизвикување и ширење на омраза меѓу граѓаните”.

Турското население: На турското население му се почитуваат правата предвидени со Лозанскиот мировен договор. На турското население, покрај гарантираните верски слободи, им е гарантирана просвета на мајчин јазик во Западна Тракија постојат основни училишта, гимназии, а во Солун постои и двегодишна Педагошка академија наименувани како муслимански.

Турците имаат и свој печат и свои просветно-културни организации како “Муслимански сојуз”, “Организација на учителите муслимани од Западна Тракија”, “Сојуз на муслиманската младина” итн. До 1989 година турското малцинство делуваше во рамките на двете грчки политички партии: Нова Демократија и Пасок. Постепено тие изразуваа сопствен политички идентитет. Во парламентарните избори од 1990 година Турците се појавуваат со сопствени, независни листи. Основното нерешено прашање е сврзано со етничкото наименување на Турците. Турците се муслимани по вера, но Турци по етничка припадност. Грчките власти упорноТурците ги наименуваат со етнонимот “муслимани”, а Турците од Западна Тракија бараат да им се признае нивното етничко име Турци (како и самите се нарекуват и чуствуваат) и да добијат статус на турско, а не муслиманско етничко малцинство.

Влашкото население: Власите денес во Грција не се признати како посебна етничка група и тие се сметаат за “чисти Грци”.

Кај Власите, сепак, се појавуваат тенденции за афирмација на влашкиот етнички идентитет. Во Грција се формира “Сегрчиот сојуз на влашките друштва” кои се стреми да го потенцира влашкиот идентитет. Грчката држава на разни начини ги спречува овие етнички појави кај Власите. Во 1997 година, Сотирис Блетас, Влав од Негован (Флампурон), беше обвинет и однесен пред обвинителна клупа само поради изјавата дека во Грција постои Влашки етнос и влашки јазик.

Бугаромахомедани (Помаци), Албанци и Роми: Грчката држава води една византиска политика во однос на Бугаромахомеданите. Таа не ги признава Бугаромахомеданите ниту како Бугари, ниту како “муслимани”. Грчките власти сметаат дека тие се само “исламизирани христијани” и се стремат кај Бугаромахомеданите да создадат “помачки етнички идентитет”. Во Грција се печати и еден “Грчко-помачки речник” што е во функција на грчката политика во однос на Бугаромахомеданите.

Албанците: По Втората светска војна, Албанците, како и македонското население, биле сметани за “грчки судети”.

Многу од албанското население што живеело во Чамерија било протерано во Албанија. Ромите во Грција се околу 300.000 лица. Главно се христијани-православни, а помал дел се муслимани (сунити). Ромите, главно, живееат во поголемите градови Атина, Солун, Пиреја и не се интегрирани во грчкото општество.

КУЛТУРАТА - (19-20 век)

Јазичниот спор: По државната независност и под силното влијание на “Големата идеја”, грчката култура ја карактеризираат елементи на конзерватизам и романтизам. Тоа особено се изразило во однос на јазичното прашање. Дилемата кој јазик да се официјализира Катаревуса или Димитоки (народниот јазик), го бранувало грчкото општество. Катаревуса се наметна и била присутна еден подолг период во културниот живот на земјата.

Видни грчки интелектуалци се залагале и се стремеле за примената на Димотики, т.е. на живиот народен јазик. Сериозен чекор напред кон афирмацијата на Димотики прави филологот и писателот Јанис Психарис. Тој, во 1872 година, ја печати на Димотики неговата книга “Патувањето”. На почетокот на 20 век приврзаниците на Димотики се организирале во друштва.

Поактивни во тој однос биле друштвата “Национален јазик”, “Образовен кружок” и “Студенско здружение”. Во истиот период се развива образованието (основно, средно и високо).

По Атинскиот универзитет (1837), се формирало Националното политехнико (“Мецовион”, 1917 г.), Аграрниот факултет (1920), Факултет за трговија, Солунскиот Универзитет (1925 г.), и Вишиот факултет “Пандион” (1927). Во 20 век, покрај основното и средното, се проширила и мрежата на високото образование. Се формирале нови универзитети во Крит

(Ираклион), Тесалија (Волос) и Тракија (Комотини). Во 1977 година завршило “историското ривалство” меѓу Катаревуса и Димотики. На 1 јануари 1977 година народниот јазик

(Димотики) бил офицализиран во Грција.

Историографија: Посебна афирмација забележува историографијата. Грчката историографија била под силно влијание на “Големата идеја”. За грчката романтичка историска нарација влијаела и тезата на германскиот научник Ј. Ф.

Фалмераиер. Тој во неговото дело го оспорил правото на Грците дека се директни потомци на древните Елени. Грчката историографија го докажувала спротивното дека постои еден непрекинат историски грчки континуитет (Антика, Византија и современието). Теоријата на историскиот континуитет ја афирмирал Константинос Папаригопулос во неговата 5-тома “Историја на грчкиот народ од древноста до нашите дни”. Во втората половина на 20 век се публикувале повеќе историски дела. Во 1970 година грчката академија го побликувала многутомниот историски труд “Историја на грчката нација”.

Посебно внимание се обранало и на архелогијата. Археологот М. Андроникос го открил гробот на Филип Втори и се здобил со светска слава.

Грчката литература: Грчката литература забележува една сериозна афирмација и особено поезијата. Во периодот од крајот на 19 и првата половина на 20 век се истакнале поетите Костас Паламас (“Дванаесете песни на циганот”), Ангелос Сикаљанос, Константинос Кавафис и Костас Варналис. Грчката поезија својот зенит го постигнала со делата на Георгиос Сеферис (Нобелова награда за литература, 1964 г.) и Одисејас Елитис (Нобелова награда, 1979 г.). Покрај делата на Г.

Сеферис и О. Елитис, врвните грчки поети Јанис Рицос (добитник на “Златниот венец” на поезијата во Струга) и Костас Варналис се здобиле со меѓународно реноме и нивните дела, покрај поезијата на Г. Сеферис и О. Елитис, биле преведени на многу светски јазици. Грчката проза, која не ги достигнала височините на поезијата, ја задолжиле Г. Ксенопулос (“Богати и бедни”), К. Хаџопулос (“Љубов на село”). По публикувањето на делата “Алексис Зорбас”, “Капитан Михалис” и други, Никос Казанџакис ја подигнал грчката проза на светско ниво.

Театарот: Театарскиот живот бил богат, разновиден и постоеле неколки популарни театри како “Театарска куќа”, “Кралскиот театар” (1901) “Нова сцена” (1901), “Котопули”, “Проодос” (1907) и “Националниот театар” (1930). Во 20 век театарската дејност се проширила. По војната се отвориле нови театарски куќи во Атина, Пиреја и Солун. Во овој период почнале да функционираат и античките театри од Делфи и Епидаур, каде се претставувале делата на античките великани.

Кинематографијата: На почетокот на 20 век грчката кинематографија ги прави првите чекори. Првиот долгометражен филм “Голфо” од К. Бахтарис е снимен во 1915 година, а првиот говорен филм “Љубениот на овчарката” во

1932 година. Во 20 век грчката кинематографија забележува еден сериозен подем. Филмовите на талентираните режисери М. Какојанис (“Момичето во црно”, “Последната лага”,

“Електра”) и Н. Кондурос, ги надминале грчките граници.

Филмот Електра бил награден на меѓународниот фестивал во Кан (1962 г.), а филмот на Н. Кондурос “Малите афродити” ја добил наградата “Златната мечка” на меѓународниот филмски фестивал во Западен Берлин (1962 г.).

Музиката: Најпопуларна музика во 19 век била Оператата и Операта. Поистакнати автори на оперети се: Спирос Самарас

(“Војна на војната” “Критјанката”, “Принцезата Асасон”). Како автори на класична музика се истакнале Д. Митропулос (“Сестра Беатрице”) и М. Коломирис (“Главниот мајстор”). Во 20 век силен отпечаток на оперската музика во Грција и странство остави легендарната оперска певица Марија Калас.

Во доменот на балетската уметност се афирмирал Н. Скалкотас (“Морето”, “Есенски пејзаж”). Во 20 век посебна популарност уживала градската музика: Ребекико. Главен музички инструмент кој се користел бил Бузуки, донесен во Грција од малоазиските бегалци од Измир (Смирна). Ова музика право се проширила во Пиреј, Атина и Солун.

Во 20 век се попопуларна стануваше забавната музика (“Елафро”) и Ребекико. Популарноста на Ребекико порасна и благодарение на врвните музички таленти како М. Хаџидакис и М. Теодоракис. Првите албуни со забавна музика се појавиле во

60 години на 20 век. М Хаџидакис и М. Теодоракис создале нов музички стил (“Лаико”), нешто меѓу Ребекико и забавното (Елафро). Музичкото творештво на овие двајца композитори добило и меѓународно признание. М. Хаџидакис добил “Оскар” за музиката во филмот “Никогаш во недела”, а М. Теодоракис се здоби со светска слава за музиката во филмот “Зорбас”.

Сликарство: Во сликарството биле присутни сите европски уметнички трендови. Многу млади Грци студирале во Западна Европа и ги пренесувале западните искуства од областа на уметноста во Грција. По главни претставници во сликарството биле К. Малеас, К. Партенис, а како скулптури се афирмирале Ј.

Халепас и А. Апартис. Значајна улога во развитокот на грчката уметност одиграла “Уметничката Академија” (“Схоли калон технон”).

Афирмацијата и развитокот на грчката култура во 20 век се должи и на фактот дека грчката држава се повеќе посветуваше внимание во нејзиниот развиток. Мелина Меркури, министерка за култура, заигра посебна ролја во тој однос. Економската криза што ја зафати Грција на почетокот на 21 век сериозно (негативно) ќе влијае врз судбината на грчката култура.