Front Matter - Part 10
Претставувајќи луѓе од различни слоеви и профили во општеството, иако на мал географски простор, авторката на романот ,,Куќа на езеро“ дава слика на развојниот пат на нашата општествена заедница во изминатите децении, започнувајќи од средината на осумдесеттите години од минатиот век. Истовремено, многу од механизмите за кои се зборува, препознатливи во еден сосема поинаков општествено-политички систем, денес прозвучуваат поактуелно од кога било порано.
Како и во целото претходно творештво, писателката Драгица Најческа пишува за современи теми, со реалистичен пристап, непосредно, освојувајќи го читателот уште од првите настани на дејствието. Нејзиниот препознатлив висок уметнички исказ, пак, таа го вградува и во новата форма на раскажување, првпат донесена во романот ,,Доживотна јамка“. Taka, романов третира три агли, три аспекти на истата приказна: првиот, основниот, оној во кој главната протагонистка, која и го движи дејствието, раскажува во прво лице за настаните и доживувањата со кои се судира; вториот, од аспект на раскажувачот, авторот, во трето лице, но само третирајќи ги постапките и чувствата на главната протагонистка, одделен со болдирани букви; и третиот, дијалозите, настаните кои независно од главниот раскажувач и протагонистот им се случуваат на другите ликови, антагонисти, оние кои се директно конфронтирани на намерите и постапките на главната протагонистка, одделени со курзивни букви.
Ваквиот јазик дава посебна динамика, а и го става читателот во привилегирана положба, да може да се најде на повеќе различни страни кои го сочинуваат мозаикот од односи, чија комплексност на овој начин и полесно може да ја следи и да ja разбере.
д-р Георги Сталев
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/house-on-the-lake-mac/10 on October 29, 2026