Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

To Hell and Back

КАКВА ВРСКА СУМ ИМАЛА СО ИНТЕЛИЏЕНС СЕРБИСОТ И ЦИА - Part 02

By Евдокија Фотева - Вера · Part 9 of 16 · About 21 minutes

Read in English

На враќање нашата делегација гостуваше во Романија и во Бугарија, каке што, како што веќе еднаш споменав, ги посетив детските домови во Тулгеш и Синаја, како и нашите ранети другари во Букурешт. Бев во посета и во Брашов и Костанца. Како во Романија, така и во Бугарија од посетените добив драги подароци, па Рула отворено по враќањето во Грција пред сите забележа дека мене ми биле дадени најдобрите подароци, на што и реков: “Тие знаеја дека сум Македонка и затоа кон мене така срдечно се однесуваа”.

ВО ЉУБЉАНКА Минаа неколку дена, а не ме викаат на испитување. Почнаа по пет минути да ме изнесуваат на воздух во затворен простор. На “прошетката”, се разбира, сум сама. На тие прошетки сум претворена во уво да чујам некој познат глас. Иако се слушаат многу гласови, не препознав глас на мој познат.

Една вечер пред да ми дадат знак за легнување, ме повикуваат на “следствие”. Ме ваѓаат од ќелијта, ама ме носат по други ходници, по скали, се најдов во приземјето во една голема просторија. Ја препознав. Беше истата таа просторија кога не доведоа во тој затвор. Ме претресуваат и ме ставаат во “воронок”. Се отвораат тешките врати и одиме. Се слушаат: трамваи, коли. Долго патување. Си мислам: “Не носат надвор од градот за да не стрелаат”. И тоа како да ми беше утеха зашто, иако за последно, барем ќе се видам со другарите. Жалам што не си го зедов и шинелот. Запре затворската кола, повторно се отвораат тешки врати, влегуваме. Излегувам од колата и ме носат во еден хол и во бокс. Препознав: овде не донесоа од Одеса. Тоа беше злогласната Љубљанка.

Вообичаено: доаѓа жена на НКВД, ме претресува. Боксот е долап во кој можеш накако одвај да седнеш. По претресот, пак ме носат по некои ходници и во една добро уредена просторија се наоѓа мојот иследник и еден друг, но кого дотогаш не го имав видено.

Ми дадоа знак да седнам на познатото столче во ќошот како во Лефортовскиот затвор. Иследникот ми се претстави: мајор Афанасиев и дека сака тој да ме испитува. Преведувач беше професорот Јанис Иоанидис. Афанасиев веднаш почна со викање:

“Титов агент, зволоч, до кога ќе не лажеш, врјош” на таков хистеричен тон како само тој може да ме скрши за да ја кажувам вистината. Јас му одговарам смирено, дека не сум тоа што тој мисли, туку сум борец за слободата на својот народ против германските, италијанските и бугарските фашисти, против контрачетниците, против монархофашистите и англоамериканските империјалисти. “Врјош, ти вршеше подревнују работу против Демократската армија на Грција” – ми вели.

Станав. Почнав да викам колку глас ме држи: “Тоа е лага, таа армија ние ја создадовме и како можеме да одиме против неа, да одиме против себеси; организацијата НОФ беше таа што го мобилизира македонскиот народ од Егејска Македонија: јас сум таа што четирипати е осудена од монархофашистите на смрт во отсуство, па како можете Вие еден офицер на советската армија така да се однесувате кон мене?” Тој викаше, јас викав и едно време тој излезе. Мојот иследник ми вели: “Тој Ви поставува прашања, Вие одговарате по Вашему”. Побарав, ако може, да одам во тоалет. Викнаа една од милицајките и ме однесоа во тоалет.

Првпат во тој тоалет видов огледало, не беше како на затворениците. Изгледа тие тоалети ги користеше персоналот, а можеби намерно ме однесоа во таков тоалет.

Кога погледнав во огледалото не можев да се препознаам. Бев жолтозелена, дури потемнета. Се уплашив од самата себе. “Леле што направиле од мене!” – си велам и само што не паднав од разочарување, но се совладав и толку силно ги гризнав забите што златната коронка од едниот заб ми се скрши. Имав три златни заби. Едниот заб беше со златна навлака “коронка”, а на предното место над самото злато на празното место беше залепено бело парче поради специфичниот случај.

Уште во 1939 година како гимназијалка за велигденските празници бев дојдена дома од Костур, ме заболе очниот заб. По многу перипетии, заболекарот Нико Икономиди од Костур ми го истави коренот со два заба. На здравиот заб до него ми стави навлака, а во празното место на златна подлога ми стави бел заб.

Тоа моите врсници во Д’мбени ми го протолкуваа дека така сум направила од “фодолук”. Тие за “фодолук” го сметаа и моето носење на очила, а јас ги носев по препорака на лекар зашто без нив не можев да читам, имав големи главоболки. Тие очила ги носев и во партизани до 1943 година, кога во една акција ми се скршија.

Ете така кога се видов во огледалото, уплашувајќи се самата од себе, ја изгубив златната навлака и белиот дел од запчето. Но сега се гледам дупло, па добив големи главоболки и повраќање.

Стражата ми вика да излезам од тоалетот, а јас сум зашеметена.

Ме вратија во просторијата во која што ме испитуваа. Иследникот Евгениј Константинович Никитин беше разбрал за моите неприлики во тоалетот и ми вели: “Чево вам плохо чувствуваетс?” Му потврдив. Излезе и за првпат ми донесе една чаша полна со некаква течност ни блага ни кисела. Ја испив и по малку некако се смирив. Веројатно и иследникот Евгениј се исплаши од мојот изглед да не умрам.

По малку време, влезе Афанасиев со една испишана хартија напишана на машина и ми вели: “Овој е протоколот што го направивме од сослушувањето со Вас. Ќе треба да го потпишете”.

Има што да се прочита во него: сум вршела разбивачка дејност во редовите на ДАГ за да се растури таа во полза на монархофашистите и на англоамериканските империјалисти по задача на Тито, се нарекувам Титов агент, а ме тера да потпишам.

Малку ми беше претходната вознемиреност, текстот што ми се поттура пред нос да го потпишам уште повеќе ме разгневи.

Решена сум да умрам, ама ваков гнасен документ не потпишувам.

Во протоколот е внесено тоа што воопшто јас не го реков. “Тоа што сте го напишале јас не го реков, таква каква што ме прикажувате никогаш не сум била и јас вакво нешто не потпишувам!” – му велам на Афанасиев. Тој бесен, се дере, ми вели дека сум “зволоч” и инаетчија “како Вашиот Тито туку потпиши!” “Потпишете го Вие самите зашто самите сте го измислиле и сте го напишале!” – луто му возвраќам.

Мајорот Афанасиев тогаш го зеде листот и го фрли пред мојот иследник и излезе надвор. По него излезе и Евгениј Константинович. Останав сама со преведувачот Јани Иоаниди. Тој почна да ме советува да не правам така, бидејќи сум млада и треба да и помогнам на советската партија. Му велам и нему: “Нас партијата не учеше да не лажеме, ако со лаги ја помагаме партијата, таа партија аир нема да види никогаш”. Во просторијата влегуваат двајца од безбедноста на НКВД и ми велат: “Вставај!” Станав. Ме носат во една друга просторија. Зад масата стои мојот иследник Евгениј . Седнувам на тоа проклето столче во ќошот.

Преведувачот не дојде. Евгениј Константинович ми вели: “Сматри Вера”, ја зема испишаната хартија, запали една мала керасинка што стоеше на масата, таа беше мала со бутен гас, ја изгоре хартијата (протоколот) од Афанасиев, додавајќи: “Ако не признаваш, не мора да потпишуваш, ние никого не тераме сосила да признава тоа што не сторил”. “Аха, си мислам во себе, и тоа го имате. Потоа пак ме однесоа во боксот, повторно претрес, па во затворската кола транкара-тункара по коловози обратно во Лефортовскиот затвор. Пак претрес. Дежурниот офицер овој пат откри на реверот од мојата војничка блуза закачени неколку шпенигли. Јас секогаш со мене во партизани носев игла и конец, ноже и ножички и шпенигли закачени на реверот за секој случај да ми се најдат. Другите работи ми беа одземени, шпениглите досега не ми ги имаа откриено. НКВД-евката беше задоволна од својот “пронајдок”. Инстинктивно се насмеав, заради што таа се разлути и почна да прашува од каде ми се шпениглите. Иронично и одговорив: “Оттаму откајшто дојдов”.

Кога не префрлуваа од еден во друг завор, претресот се вршеше како од мајка родени, голи. Ме однесоа во истата ќелија, 105, трети кат, трето крило. Ех, си велам, си дојдов “дома”. Си ги најдов ќебенцето и шинелот.

ИСЛЕДНИКОТ ЕВГЕНИЈ ПОЧНА ДА МЕ ИМЕНУВА СО “ВЕРОЧКА” Испитувањата колку и да беа тешки, иако на нив се истураа секакви навреди, клевети, некако подобро ги поднесував отколку самотијата во ќелијата. Барем ќе зборуваш, ќе се бориш на сослушувањата, а во ќелијата едно исто, број-преброј ги предметите, те удираат тешки помисли. Ако те викаат на сослушување, значи, иако за лошо, мислат на тебе, им значиш нешто, се бара важно од тебе, а твое е што карактер си. Цврстиот никој и ништо не може да го скрши.

Еве пак повеќе денови не ме викаат на “следствие”. Размислувам за моите другари. Што прават и каде се сега? Дали и нив вака ги измачуваат како мене?

Добивам “покана” за “следствие”. Одам како секогаш со “девери”: еден пред, друг зад мене, а јас среде со рацете одназад.

Преведувачот Аристотели секогаш со мене беше љубезен, но овој пат поинаков е и иследникот, некако пољубезен. Си велам:

“Евгениј применува друга тактика”. Ме прашува како се чувствувам. Му велам дека не сум добра, имам вртоглавица, главоболки, а и со очите не сум добра.

-Сакаш да читаш книги? – ме прашува.

-Да, тоа ми причинува задоволство! – веднаш му одговорив за да не се попишмани.

-Ама на руски јазик – ми вели.

-Можам да читам на руски јазик, бидејќи само неколку букви се различни од македонските, ама и нив ќе ги научам.

-Ќе добиеш белетристика – ми вели.

-Ги имам читано руските романи: “Маладоја Гвардија”, “Как закаљалас стал”, за Зоја Космодојмјанскаја, имам гледано и руски филмови со Скопје – редам јас, ама тој не ми верува дека сум гледала руски филмови со Скопје, односно тие не се прикажуваат во Југославија. Му велам дека тоа можат да го проверат преку нивната амбасада, а на партиската школа во Скопје за уредувањето на Советскиот Сојуз ни предаваше Густав Влахов, кој тука учеше, кај Вас, го читавме “Волоколамское Соше” и др.

Првпат овој пат мојот иследник ме именува со “Верочка”, велејќи: “Верочка ти в рјош”. Оттогаш ми се обраќаше само со “Верочка”, а протоколите ги потпишував со Евгенија Валева ана же Вера Николовскаја, односно со двете имиња и презимиња.

Тој ден иследникот Евгениј Константинович ништо не ме праша за разузнавачката дејност. Правејќи се дека заборавил да ме праша, ми вели од каде ми се шпениглите во јаката од блузата. “Останале уште од партизани таму закачени, па не сте ги забележиле досега при претресите. Ме оставаше повеќе време со преведувачот Аристотели Папуниди, кој ме советуваше: “Признај се зашто сега во Југославија веќе почнаа да дејствуваат партизански групи кои имаат за цел да го соборат режимот на Тито”. “Признав се како што беше, не можам да лажам, а што е и како е сега таму е друго”

– му велам. Влезе иследникот и ми донесе две кутии цигари

“Бокс” што се најниска класа.

Ме ослободи порано, а не како обично до 5 часот наутро.

Всушност, јас не знаев колку е часот, тоа го заклучував врз основа на тоа колку време спиев по враќањето до наредбата “Падјом” во 6 часот.

ИНТЕРЕСИРАЊЕ ЗА ВРСКИТЕ СО ОЗНА И ДРУГИ КЛЕВЕТИ Зимата во ќелијата скоро немаше ден. Всушност, светлото (светилката) светеше и дење и ноќе постојано, но во лето сепак преду прозорчето ќе се видеше малку небо. Добриот дежурен по некој ден, освен тоа што ми следува, ми даде повеќе коцки шеќер.

Книги не ми имаа уште дадено за читање. Ги пушев цигарите, што беа отров, ама јас си ги пуфкам ѓоа пушам. Од хартичките правам:

пилиња, врапчиња, чунчиња, крстови, масички и ги редам на масата. Кога направив дваесеттина, се отвори фортичката и дежурниот ме прашува што се тие. Ништо му велам и ја тресна вратата со сила. Ете го доаѓа дежурниот офицер, тој добриот што ми даваше повеќе храна кога ќе беше дежурен, секој трети ден.

Занев дека нема да постапи храна кога ќе беше дежурен, секој трети ден. Знаев дека нема да постапи како другите, па му велам дека оваа е армијата на генерал Маркос. Тогаш првпат ме праша:

“Ви Гркиња?” “Њет, му велам, ја Македонка”. Така “мојот” офицер созна што сум, а можеби и му кажале. Којзнае што мислел дека сум или како на млада жена се сожалуваше и ми даваше се што остануваше од храната кога ќе беше дежурен. За ручекот добив ориз и шчи, за вечерата каша. Без да знам, тој ден и за мене беше празник. Навистина бил 7 Ноември. Тоа го дознав подоцна, следните денови, кога се даваше истата храна како порано.

Двапати во годината ми се даваше таква “специјална храна”: на 7 Ноември и на 1 Мај. Затоа и мојот иследник ми даде две кутии цигари “Бокс”, бидејќи тие денови и тој празнувал со своето семејство.

Во затворот Лефортовскаја тјурма цели 18 месеци бев во самица.

Од ќелијата 105 само за неколку дена ме префрлија во една друга мала четвртеста ќелија што се наоѓаше некаде на средината од ходникот на истиот кат кога, веројатно, нешто претресуваа.

Една вечер, пак, ноќе, ми велат да ги соберам моите работи, повторно претреси, во затворската кола и пак “шетање”. Си мислам дека ќе ме носат на судење. Се најдов во за мене познатата Љубљанка, в бокс, претрес и в ќелија. Ни стол ни маса има во ќелијата. Се свиткав како куче во еден ќош и задремав. Слушам:

“Падјом”. Си ги збирам предметите, но ми велат без нив. Ме носат на “следствие”. Крај масата стои Панделеев и преведувачот Мојонидис. Се свикнав на мојот иследник, па сега се чувствувам некако понепријатно. Панделеев по чин беше мајор, ама секогаш облечен во цивилна облека.

-Каква врска имаше со ОЗНА? – ме прашува Панделеев

-Никаква! – му велам.

-Кога си била во Бугарија и со кого си се сретнала?

-Во Бугарија отидов по предлог на НОФ и на ДАГ, односно лично на Захаријадис, генералниот секретар на КПГ. Во делегацијата бевме: јас, Павле Раковски (со кого заминавме на Меѓународниот конгрес во Прага), Вангел Ничев, Виктор Кочев и Тане Наумов. Виктор и Вангел потоа требаше да заминат за Источна Македонија. Таму отидовме по покана на бугарската делегација која присуствуваше на нашиот Втор конгрес на НОФ на 25 март 1949 година, која беше во состав на: членот на ЦК на БРП(к) Ристо Стојчев-Кљашев, Ристо Калајџиев, претседател на Македонското друштво во Бугарија, Софија и една жена. На свечената академија во Македонското друштво во Софија присуствуваше и нашата делегација. Зборуваше Ристо Калајџиев за дејноста на македонскиот илинденски војвода Јане Сандански и во неговиот говор ја нападна Југославија, посебно македонското партиско раководство и македонската држава. Рече дека македонскиот јазик е српски итн. Ние од наша страна, посебно јас и Виктор веднаш ставивме забелешка на тоа дека македонскиот јазик во Народна Република Македонија не е српски и дека на тој јазик зборуваме, со тоа писмо се служиме и ние во Егејска Македонија, како што самите можете да се убедите, а паролите што ги имате напишано овде се на бугарски јазик.

Присутните почнаа да не гледаат. На првите седишта, колку што се сеќавам седеше и сестрата на Гоце Делчев – Марија. Тие не реагираа на нашите забелешки. Како гости на Македонското друштво во Софија јас и Павле Раковски останавме неколку дена, но не ја имавме таа среќа да појдеме да се поклониме на гробот на Јане Сандански во Рожденскиот манастир, на Пирин Планина.

Павле и јас добивме наредба од грчката “јафка” во Софија веднаш да заминеме за Прага. Така, на 19 април бевме снабдени со потребните документи и авионски заминавме за Прага. На аеродромот не чекаше другарот Максимо и со кола бевме упатени во хотелот “Париз”. Таму се сретнавме со другите членови на нашата делегација. Делегацијата ја предводеше Милтијадис Порфирогенис, тогаш министер во Привремената влада на Грција за надворешни работи, а членови бевме: Рула Кукулу, претседател на ПДЕГ, Доне Сикавица, член на централниот одбор на НОФ и одговорен за децата Македончиња во источните земји, Павле Раковски и јас.

-Николовскаја, нам не ни треба тоа, нам ни треба да ни раскажеш за твојата врска со ОЗНА! – ми вели иследникот.

-Јас немам никаква врска со ОЗНА.

-Уште со кого се сретна во Софија? – ме праша Панделеев.

-Во хотелот во кој бевме сместени “Славјанска беседа” служеше и еден мој братучед. Се вика Ванчо Шимбов. Тој е од Егејска Македонија, од селото Косинец. Беше во нашата бригада, но бидејќи мајка му, сестра му и двајцата браќа по ослободувањето живееја во Бугарија од порано, и тој си замина таму во 1945 година кога односите беа добри со Југославија. Кога Ванчо дозна дека јас сум во делегацијата, веднаш дојде во мојата соба. Се видовме и се поздравивме после толку години. Ме покани дома да ја видам мајка му. Им кажав на другарите дека ќе одам во посета кај една моја тетка. По неколку часа, се вратив во хотелот кај другарите. За мојата посета го известив и другарот Ристо Стојков, по потекло од Македонија, од селото Смрдеш, Костурско, кој од страна на КПБ беше задолжен за нашата делегација. Вечерта не снабди со билети за посета на опера, се играше “Евгениј Онегин”, која ја посетивме сите од нашата делегација заедно со тој Ристо.

-Николовскаја, Вие не сте искрени. Јас Ве прашувам за Вашата “подревнаја” работа во Бугарија! – ме забележува Панделеев.

-Па почекајте. Се подробно ќе Ви раскажам. Другиот ден, денски, во хотелот дојде една кола и мојот братучед ме кажа дека некои другари сакаат да ме видат. Кога слегов пред хотелот, возачот ми вели да влезам во колата. Видов дека колата е дипломатска. Отидов во куќата во која живееше Наум Пејов со неговото семејство. Тогаш тој беше службеник во југословенската амбасада, односно на военото аташе во Софија. Се поздравив со жена му, со баба му и кај нив ручав. Наум ме замоли да го посетам Васил Ивановски во неговиот дом и во разговорот со него да го прашам што мисли за случајот во врска со Југославија и кај еден Македонец. Жена му ме замоли, ако се снабдам со чорапе капром, да им побарам повеќе пара на Милка, жена му на Пејов, за неа, бидејќи тогаш тешко се наоѓаа.

Ме вратија со колата кај другарите. Попладнето бевме слободни.

Јас се упатив во домот на Васил Ивановски-Бистришки. Во станот ја најдов само жена му. Се поздравивме и и кажав која сум и од каде сум и дека сакам да го видам Васил. Таа ми кажа дека Васил е во немилост од бугарската партија и дека е без работа. Ми рече каде и да е сега ќе дојде, па да го почекам. Набрзо дојде Васил. Се поздравивме. Му пренесов поздрави од Паскал и од Минчо. Васил и Минчо беа роднини и се од исто село, Лувради, Костурско. При размената на населението меѓу двете светски војни фамилијата на Васил дојде во Бугарија, па тој од млади години беше во редовите на КПБ, заземајќи и некои функции, а беше и во СССР. При провала во 1942 година е уапсен и осуден на 15 години затвор. Со група на политички затвореници во средината на 1943 година од Пловдив е префрлен во затворот Идризово, Скопје, каде што ја напишал неодминливата книга “Македонското прашање во минатото и сега”. По бегството со политичките затвореници од Идризово во 1944 година, стапи во НОБМ. Избран е за делегат на Првото заседание на АСНОМ, член е на Агитпроп при Поверенството за информации на Президиумот на АСНОМ, стана прв главен уредник на в. “Нова Македонија”, а по ослободувањето, покрај раководната функција во “Нова Македонија”, е именуван за заменик-министер на Министерството за социјални грижи, но поради судир со официјалната политика во ноември 1945 година се врати во Бугарија. Го прашав Васила каква е положбата во Бугарија во однос на Македонците и што мислат по донесувањето на Резолуцијата на Информбирото. Васил ми рече дека работата не чини и дека тој е во немилост и може да го снајде уште полошо, дека не се согласува со ставот на ЦК на КПБ во однос на Југославија. Му кажав за приемот во Македонското друштво и за Ристо Калајџиев. Ме прашуваше за нашата положба во Егејска Македонија. По овој разговор, си заминав од домот на Васил Ивановски (во 1949 година Васил Ивановски беше уапсен и осуден во врска со процесот против Трајчо Костов). Другиот ден, заедно со Ристо Стојков-Кљашев, отидов во една стоковна куќа и си купив се што ми требаше:

цивилна облека за патување на конгресот во Прага, ме снабди со потребната документација за патување, билети и се друго што ми беше потребно. Повторно отидов кај Наум Пејов и го известив за разговорот што го имав со Васил Ивановски и на жена му и дадов два пара чорапи капрои.

Следниот ден утрото со Павле Раковски бевме префрлени на софискиот аеродром и преку Белград заминавме за Прага. Еве ова е се што можам да Ви кажам за во Софија при мојот престој.

Немав никаква разузнавачка дејност. Ако ова го сметате за такво нешто, тоа е Ваша работа.

Панделеев рече дека против мене има дадено писмена изјава. И навистина. На соочување, по извесно време, со Павле Раковски в очи ми рече тоа што не беше така. Меѓутоа, на соочувањето јас му реков дека тоа се негови измислици и си останав на мојот изнесен став. По враќањето во Југославија по долги години, Вангел Ајановски-Оче во неговата книга “Егејски бури” (1945) на стр. 342 пишува за нашиот престој во Софија, но не така како што навистина беше. Во весникот “Вечер” од јули 1989 година за овој случај наведува и Ристо Кирјазовски. Тоа јасно зборува дека уште тогаш се давани погрешни изјави против мене. Јасно ми беше дека КПГ, односно службата за безбедност на ДАГ уште од порано ја следеше мојата работа, моето движење во НОФ, во АФЖ и во ДАГ. За тоа ме предупреди другарката Афродита кога бевме на Вториот меѓународен конгрес на жените во Будимпешта и во Бугарија, но немаше никакви конкретни докази, освен што бев во Југославија. Тоа не го криев, но беше жално и ниско што моите другари си дозволуваа да даваат клеветнички изјави, па бев задржана во домашен притвор и во Романија.

Панделеев се нервираше. Ми вели: “Николовскаја, кажете ни какви врски имате со ОЗНА?” Кога му одговорив негативно, никакви, освен што кога одев во Југославија се среќавав со моите другари, кои се интересираа за положбата во Грција, за монархофашистите и за англоамериканските империјалисти. Ними им беше потребно да знаат повеќе за реакционерниот режим на Грција.

-Доста! –ми се развика Панделеев, “и овде се обидувате да го браните Вашиот Тито. Истото го вели и Вашиот сопруг, кој е толку тврдоглав и сака да ни ја наметне исправноста на Титовото раководство”.

Му велам: “Не сме толку моќни и блиски до Тито да Ви наметнуваме негови ставови, само Ви кажуваме како беше нашата положба. За врските со Тито нека Ви кажат Захаријадис и Иоанидис кои имаат лични контакти со него”.

Потпишав уште еден од најтешките протоколи со навредувања, понижување и уште што не, да ти се крене косата на главата од разни измислици од иследникот и од соочеведецот.

ВО ЌЕЛИЈАТА БРОЈ 86 ВО ЛЕФОРТОВСКИОТ ЗАТВОР Ноќта во “воронокот” ме враќаат во Лефортовската тјурма. Овој пат бев уште поохрабрена, бидејќи Панделеев ми го спомена името на Минчо. Значи тој и Минча го испитува. Се виде дека Панделеев го почитува Минча кога ми рече дека “штета е што е толку заблуден, а е паметен”. Не се опишуваше мојата радост што ете и во овие услови Минчо на негов својствен начин се подигрува со иследниците.

Овој пат ме сместија во приземјето на левото крило во ќелијата број 86. Два месеци не ме повикаа на “следствие”, во јули и август 1951 година. Само еднаш ме повика поручникот Погребњак. Ме праша како се чувствувам и ми даде две кутии цигари. Една ноќ, во спиењето, ми се пушти крв од носот. Тоа не го осетив.

Веројатно тоа го видел дежурниот низ малото вратниче. Две жени во бели мантили застанале над мене и ме укоруваат зошто сакам да извршам самоубиство. “Не е вистина, јас сакам да живеам!” – им велам, а тие ме прашуваат тогаш од каде е таа крв. Тогаш видов дека на перницата има крв, а крвта во носот ми се засушила. Им објаснив дека мена почесто ми тече крв од носот. И другпат ова ми се има случено. Тоа го знае мојот иследник. Прашајте го и него, ако не ми верувате. Сакав да дознаам каде се наоѓа Никитин. Ми дадоа прашок и некои други лекови за неколку дена.

Иследникот и преведувачот ги немаше. Тие тогаш ти отишле во Ташкент за да земат клеветнички изјави против нас од некои малодушници.

ПЕСНА – АЛЕГОРИЈА НА МОЈОТ ЖИВОТ Секоја осаменост ја исполнував со размислување: за што се борев во НОБГ и во Граѓанската војна на Грција и што е ова што го прават со мене, каде стасав; како ја замислував Москва и што доживувам во неа. Од тие размислувања, спонтано, стих по стих, излезе цела песна, т.е. алегорија на мојот живот. Нејзиниот почеток, зародиш, се јави во ќелијата 105, а целосно оформување доживеа на Први мај 1951 година во ќелијата број 86 во Лефортовскиот московски затвор. Се разбира, ја создавав усно, наизуст, во себе зашто немав молив и хартија да ја запишам, т.е.