Front Matter - Part 04
Ја искористив приликата на средбата и го прашав Захаријадис:
Дали се точни кажувањата што кружат во народот дека ги затворате некои активисти на НОФ и АФЖ?
Ми рече: Ти да не се интересирам за тоа.
Му велам: Како да не се интересирам, каде е секретарката на АФЖ Дана Попова од селото Смрдеш?
Каде е секретарката Софија Ѓакова-Божиница од селото Герма, тие се едни од најактивните наши секретарки, каде е курирот на Главниот одбор на НОФ Атанас Макриевски? И редам и други имиња...
А тој ми вели: Тоа е работа на партијата.
Повеќе не го прашав за ова такви случаи имаше многу, само го замолив дека сега, кога со делегацијата на НОФ ќе заминеме за Софија по покана на Македонското здружение на лична покана од Претседателот Ристо Калајџиев за да присуствуваме на годишнината од смртта на војводата Јане Сандански, го прашав дали може еден ден да останам во Битола да ја видам мајка ми. Ми рече: Зошто да не, можеш и повеќе. Така на 9-ти април 1949 година, до границата со џип ме одведе Минчо и во Битола кај мајка ми останав едно деноноќие.
Тука да напоменам дека со Захаријадис од секогаш имавме другарски разговори и Јас бев многу директна и слободна на нашите средби и отворени разговори за активистите на НОФ.
Истовремено да напоменам дека во албанските затвори и логори за време на ДАГ имаше многу затворени македонски борци од политичките организации но и од ДАГ. Некои останаа и по 10 години, дури по нормализацијата на односите им се даде можност да се вратат во Македонија кај своите семејства, како што беа случаите со Ѓорѓи Турунџиев, Милтијади Попниколовски-Цветко, Атанас Макриевски, Дана Попова и други, некои од нив се вратија и преку Бугарија.
Во мај, не се сеќавам на датумот, Максимо за мене и за Раковски набави авионски билети за Софија. Раковски замина пред мене, а јас по него, и тоа преку Белград заминав за Софија.
Седев до еден Југословен во авионот, кој од Прага се враќаше за Белград. “А зошто, ми вели не останеш во Југославија?” “Имам други задолженија”, му велам. Кога слезе од авионот во Белград, му ги дадов динарите што ги имав да ми купи цигари, но додека се врати, авионот тргна и така само се поздравивме преку прозорецот, не успеа да ми ги подаде цигарите.
На аеродромот во Софија ме пречека одговорниот на јафката за Бугарија, другите сите беа заминати. Павле Раковски преку Петрич успеа да замине за Југославија и оттаму за Егејска Македонија. Во Скопје се сретнал со Гоче – Керамитчиев и му го предал писмото за Захаријадис. Тој без двоумење го пренесе писмото и му даде повод на Захаријадис да го свика активот на кадрите на НОФ и да ја донесе резолуцијата на КОЕМ напишана од самиот Захаријадис непотпишана од никого, освен од Павле Раковски.
Што се однесува до дезертерите: Керамитчиев, Гоче, Вангел Ајановски и други, тие можеа уште кога беа во НОФ слободно да си го искажат својот став, а не кукавички и малодушно да ја напуштат организацијата и да дезертираат кога беа најпотребни на теренот. Зошто тие дезертери и удираа клин на организацијата и на нејзиното доследно раководство оддалеку? Тоа не е достојно, не е човечки.
Од претставништвото (“јафката”) во Софија побарав преку Југославија да заминам за Грција, односно во НОФ. Со џип дојдовме на југословенската граница преку Петрич – Струмица.
Како обично, никој не ме чекаше на југословенската страна.
Одговорните за прифаќање веќе неколку дена, како што ни јавија во претставништвото во Петрич (македончето Јани), никој не доаѓаше, па јас бев принудена да се вратам во Петрич. Бев сместена кај Македонци, еден млад пар со мало дете. Кон мене беа многу љубезни. Јани, кој беше одговорен за “јафката”, не знаеше како да постапи со мене. Му предложив да заминам во VI дивизија на Беласица. Другиот ден со неколку бугарски војници тргнавме за седиштето на шестата дивизија. Кај командантот на дивизијата Вазвазанис се сретнав со: Петри Јоргас, претставник на ЦК на КПГ; Еритријадис, секретар на Обласниот комитет на КПГ за Источна Македонија и Тракија, со кого многу добро се познавав од мај 1947 година кога беше задолжен за НОФ и присуствуваше на сенофитскиот актив на 20 мај во Мишовата колиба на Кајмакчалан. Бев другарски примена од Петри и Вазвана и веднаш ме однесоа во колибата во која што беше сместен штабот на дивизијата. Откако малку се одморив, дојде Петри и ми кажа дека тука е Хриса Калимани. Веднаш рипнав и отидов во бараката кај што беше Хриса. Долго траеше нашата прегратка зашто не бевме видени од 1944 година.
Другиот ден беше свикан состанок на партизаните и партизанките. Им ги пренесов поздравите од конгресот на мирот.
Им кажав како бевме примени, потоа се по ред за конгресот.
Побарав од Петрис и Вазванас што побрзо да бидам префрлена на Кајмакчалан и Вичо. “Јафката” ми рече дека за моето префрлување разговарал со Захаријадис, но преку Солунско Поле не можело да се помине, бидејќи имало многу војска и сите патишта биле контролирани. Ми рече ако сакам да одам преку Југославија може, еве на стотина метра е од нас. Помислив дека е некоја провокација и одбив, ако не можам да одам преку Струмица, бидејќи нашата “јафка” не се јавуваше. Го замолив Петрис да се јави уште еднаш во ГШ за моето префрлување на слободната територија.
Одговорна на жените во шестата дивизија беше Хриса Калиманова, а и на врската со ГШ. Кога повторно се јави, и беше одговорено дека треба да се вратам во Бугарија и во Романија и таму да чекам понатамошни инструкции. Се поздравив со сите.
При поздравувањето со Петри, ми вели: “Што, сте се зеле со Мина?” Кога му потврдив, ми вели: “Каде го најде него! Тој има врски со Тито”. “Мина уште е млад да има врска со Тито” - му одговорив, но ми стана јасно во каква положба се ноаѓам и во себе си реков: “Вера, биди претпазлива”.
За Петрич се вратив со еден курир, кој имаше врска со “јафката” во Петрич и со Стати, офицер на ДАГ, кој цело време бил во Бугарија. Кога дојдовме на границата, сите три погранични караули беа празни, немаше граничари. Застанавме на тромеѓето.
Му велам на Стати: “Ги гледаш тие три караули оти се празни.
Така треба да бидат засекогаш”. “Зошто?” – ме праша. “Зашто сите три се на македонска земја, тоа е трагедијата на мојот народ, големите сили и реакционерните балкански режими Македонија ја поделија на три држави” – му велам.
Со мене го имав транзисторот што ми беше подарен во Чехословакија од работниците во една фабрика. Поправо ми подарија 6 транзистори, од кои им дадов на Рула и Порфирогени за Главниот одбор на НОФ, за ДАГ, еден на штабот на VI дивизија и еден понесов со мене. Слушавме песни од Грција и од Бугарија. Стати беше воодушевен. Ноќта стасавме во Петрич.
Отидов во истата куќа. Кога ме виде домаќинката, многу се израдува, но истата вечер заминавме во Софија со џип, каде што се сместив во куќата на “јафката”.
По два дена, ми беа купени билети за воз во Букурешт.
Униформата ја спакував во куферот заедно со материјалите од конгресот и некои подароци што ги носев со мене, а носев и една униформа за Минчо. Ми беше обезбедена една цивилна облека.
Облечена во неа, се упатив на железничката станица. Таму се сретнав со нашата делегација на жените мајки што ја имавме избрано да ги посетат децата во сите домови во сите народни републики. Меѓу нив беше Донка Калкова, член на АФЖ од моето село, сестра на Лазо Трповски, која ја имавме одредено за одговорна на делегацијата. Се изгушнавме, се избакнавме со сите и си посакавме видување на слободната територија. Тие доаѓаа од Романија да ги посетат детските домови во Бугарија во коишто беа сместени нашите деца, а пак јас заминував за Романија.
На станицата во Букурешт ме пречека Лефтери Апостолу, кој во тоа време беше одговорен на ЕЛАС-Прес во Романија. Ме однесе во една куќа во која беше сместена и Софија (една партизанка која во борбите беше ослепена и чекаше повик да биде испратена во Одеса на клиниката на Филатов, но, како што разбрав подоцна, видот и бил толку оштетен што немало можност да прогледа. Се омажила во Ташкент и имала деца).
По некој ден, во истата куќа, но во друга просторија беше сместен и Никос Дафнис. Тој беше одговорен на грчкото претставништво (“јафка”) во Скопје за прифаќање на позадинци и ранети од фронтот, за транспортирање на материјална помош на ДАГ од Југославија и од другите републики преку Скопје за Грција, за прифаќање на политички работници, на ранети партизани, односно за грижа за сместување и распоредување во другите народни републики. Грчки “ѓафки” како еден вид претставништво, во тој период во Македонија имаше во Скопје, Битола и во Струмица, па во Ниш и Белград. Во сите народни републики имаше такви “ѓафки” – претставништва. Интересно, во тие “ѓафки” немаше Македонци туку само Грци. Ѓафката во Скопје беше сместена на ул. “Христо Ботев” во зградата на “Винар” (урната во земјотресот) наспроти бившиот Секретаријат за внатрешни работи на Македонија. Кога се затворија границите во мај 1949 година, сите другари од “ѓафките” во Југославија беа повлечени од КПГ, па така и Нико Дафни се најде во Романија по налог на Захаријадис, пречекан од Лефтери Апостолу и сместен во домашен притвор во истата куќа во која бев и јас. Што стана понатаму со Дафни не ми е познато. А пак Лефтери Апостолу (воен револуционер и брат на херојкаата Електра Апостолу) падна во немилост на Захаријадис бидејќи не се согласуваше со неговите постапки. За време на хунтата се врати во Грција и има напишано книга. Почина во Атина.
Лефтер често навраќаше кај нас додека бевме во истата куќа во Букурешт. Секогаш го молев да ми среди да се вратам во Грција, а тој ми кажа дека не ми е дозволено да се вратам, но дека после дваесеттина дена од мојот притвор ќе ме упати на лекарски преглед, бидејќи според дијагнозата на д-р Колигани, лекар при ГШ на ДАГ, се сомневал оту боледувам од туберкулоза. Кај Лефтер инсистирав да одам да ги посетам децата по домовите и ранетите партизани. Не знам дали поради моето инсистирање или по нечија директива, Лефтер ме ослободи од домашниот притвор и ме сместија во зградата на ЕЛАС-Прес во Букурешт. Во таа зграда тогаш се наоѓаа: Апостолос Грозос, подоцна генерален секретар на КПГ, Вурос со еден од началниците при ГШ, жената на Милтијади Порфирогенис, Панајотис Џимас, кој во тој период беше задолжен за издавачката дејност. Вура во еден разгорвор на Грозос му вели:
“Море со него лесно поминавме, ама тој другиот е тврд орев”. Ги прашав: “Кои се тие?” Грозос ми вели: “Станува збор за Керамитчиев и Паскал”. Си реков: “Веројатно е во врска со писмото на Гоче и Керамитчиев упатено до Захаријадис и таа фамозна резолуција на КОЕМ”, за која ниту јас имав збор ниту знаев што станува во Грција, освен вестите што ги слушавме од фронтот.
Заминав во детскиот дом во Тулгеш кај нашите деца, се разбира, после лекарскиот преглед со кој се потврди дека бев здрава како дрен. Сето со мојата болест беше измислица на Захаријадис со цел да бидам отстранета што подалеку од организациите на НОФ и АФЖ, од кадрите на народот, да не влијам во корист на Југославија, да не ја кажувам вистината. Се видов во Тулгеш со негувателките, со децата и имав неколку состаноци. Таму тогаш беше создадена ужасна клима. Некои си Каратимијо и Цветко вршеа тортури врз негувателките и учителките, ги малтретираа повозрасните деца. Јас дојдов во судир со нив и им се пожалив на романските власти да ги расчистат тие нездрави односи зашто негативно делуваат на децата. Како што дознав подоцна, некои од учителките со кои подоцна контактирав биле интернирани во градот Клуз како Титови агенти и ги испрашувале: “Што ви пропагираше Вера?” посебно учителката Кула Каранцова од селото Смрдеш.
Неколку дена бев и во домот на Синаја, каде што беа сместени помалите деца, на кои одговорна им беше мојата учителка од основното училиште, Ристана Раткова-Ризова. Таа учителка имаше голема почит од романските власти зашто многу се грижеше за децата. Нејзиниот сопруг Јани беше, исто така, учител, но никогаш не беше вработен поради тоа што беше Македонец, но загина како борец на ДАГ. Ристана со нејзините три деца од селската организација беше испратена за учителка на децата од моето село Д’мбени во Романија. Ценејќи ги нејзините квалитети и го поверија управничкото место во домот на Синаја. Зградата на домот, всушност, била палата на романскиот крал, еден вид негова зимска резиденција, во која доаѓал преку зима на рекреација и лов.
Во Синаја имаше и болница. Во неа беа сместени и наши другари партизани. И нив ги посетив. Со Доне Сикавица таму направивме една фотографија. Тој беше член на Секретаријатот на Главниот одбор на НОФ и задолжен за сите наши деца во народните републики. Бевме со него делегати на Меѓународниот конгрес за мир во Прага. Кога ме виде, ме праша: “Што, ти, уште си тука?” “Не прашувај ништо, подобро ќе биде да не знаеш” – му велам.
Таму го сретнав и Атанас Малинов, кој се опоравуваше од раните, а истовремено вршеше и учителска должност во домот на Синаја.
По капитулирањето на ДАГ, тој заврши Медицински факултет, си дојде во Скопје и како лекар работеше во железничката амбуланта.
Сега е пензионер. И сега одвреме-навреме ја погледнувам тогашната фотографија на која сме: Доне Сикавица, неговата сопурга Мулка Џамбазова, учителката Кула Куранцова, Ристо Поптрајанов, Алеко Дуковски и други кои беа интерниран во градот Клуз како Титови агенти и отстранети од просветната дејност на нашите деца. Сите тие подоцна, во 1956 година, дојдоа во Скопје. Фотографијата ми е спомен од еден тежок период од мојот живот и на други мои соборци.
Ми поминаа дваесеттина дена во посета по домовите. Особено ми беше мила и потресна со ранетите партизани. Ними им раскажав за борбите што ги водевме на теренот во родниот крај.
Кога се вратив во Букурешт, го прашав Апостолу дали има нешто за мене. Ми вели: “Другарке Вера, верувај ми дека многу ми е тешко, но јас не решавам”. Ми кажа дека тука се Митревски и Пападимитриу, се вратиле од погребот на Георги Димитров во Русија на 2 јули 1949 година. Сместени се во една наша куќа. Ќе те однесам да се видите. Следниот ден отидовме со Апостолу кај нив.
Кога ме видоа, се чудеа што барам тука. Паскал ми рече дека ми изгубиле секаква трага, дека не знаеле каде се наоѓам. Ми вели:
“А, пак, Минчо е бесен и само го прашува Бараџота каде си и што станува со тебе, но тој му одговара дека не знае ништо. Се распрашуваше и кај Захаријадис, но и тој му одговара исто дека не знае ништо за тебе, ама можеби останала во Југославија”.
Всушност, тоа му беше желбата на Захаријадис за да има повеќе докази за нашаѓање на НОФ и АФЖ. Паскал и Пападимитриу ми ветија дека на нивна одговорност ќе ме земат со нив кога ќе заминат. За тоа се согласи и Лефтери.
Сите тројца по два-три дена од Букурешт, со исправни документи што ни ги обезбеди Апостолу, со воз заминавме за Будимпешта. Таму на железничката станица не чекаше Христофорос Гизидис, кој, исто како Лефтери Апостолу во Букурешт, Максимо во Прага, Дафни во Скопје, беше претставник во Будимпешта. По еден ден, Пасакал и Таки заминаа со авион за Албанија и Грција на слободната територија, а мене не ми беше дозволено да патувам.
Тогаш во Будимпешта се подготвуваше да се одржи Меѓународниот фестивал на младината. Хрисостомо ни кажа дека се чека да дојде и нашата младинска делегација на ЕПОН и НОМС. Ми вели: “Што се секираш? Ќе дојде и Мина”. Побарав дозвола да ги посетам домовите на нашите деца и нашите ранети во болницата. Ми беше одобрено. Во една болница за тешко ранети ги најдов моите најблиски другари за коишто дотогаш не знаев ништо, и тоа: Наумо Пачков од моето село, Ѓорѓи Пападимитриу-Котрумба од село Рупишта, Ана Мангова од Жупаништа (подоцна сопруга на Ѓорѓи ), Паскал Христовски од Брештени, потоа херои на Вичо и Грамос, команданти и комесари, сите тешко ранети, само очите им се гледаа, но со висок морал.
Меѓу овие храбри луѓе поминав неколку дена, а секој час го прашував Христофоро дали има нешто ново за мене. Дури на 5 август 1949 година ми беше одобрено од Захаријадис да заминам.
Ова ми го соопшти Хрисостомо пред целиот персонал кога вечеравме пред да заминам. Ми рече дека има билет за мене и утре рано да заминам.Утрото уште во четири часот бев спремна.
Униформата ја имав в ранец. Патував во цивилна облека. Ми ја дадоа потребната документација, но не ми дозволија со себе да ги понесам моите лични работи, освен униформата и транзисторот.
Повторно сомнителни пречки.
Не, никој не може да поверува што претргав јас тие два и пол месеца. Невиден психолошки притисок се вршеше над мене, не избирајќи средства. Но јас бев и си останав каква што си бев, не можев црното да го кажам бело, а белото црно. Не знаев што се бара од мене. Никој отворено не ми кажува тоа и тоа, за тоа и тоа те држиме тука и таму и затоа не ти одобруваме да си со твојата организација. Подлости, ни чуени, ни видени, недоличности за најобичен човек, а камо ли за комунисти, и тоа врвни раководители.
Сепак, на 6 август 1949 година преку Белград авионски дојдов во Тирана, каде што бев пречекана од одговорниот на “јафката” во Албанија Никос Фереос, со кого се познавав од порано и со џип ноќта бев префрлена во селото Брезница, Костурско, а оттаму со друг џип бев префрлена во селото Папли, Преспанско, во “јафката” на НОФ. Кога ме видоа Паскал и Михаил Маљо, срдечно се испоздравивме и по кратка дискусија за моите перипетии, се упатив во моето одредено место, односно во колибата во која што беше сместено седиштето на Главниот одбор на НОФ. Ниедна од другарките не беа присутни. Го побарав пиштолот, како и мојата ташна со документите, со сликите и со други материјали што ги имав оставено во Главниот одбор. Паскал ми кажа дека по моето заминување, се што му имав оставено на Минчо, кога тој заминал во ГШ на Грамос, апаратот и некои други мои работи тој ги спастрил некаде. Паскал го укорил зашто ги зема моите работи, но Минчо му рекол дека тоа не е негова работа, бидејќи се што беше мое кога Минчо ме испрати до селото Раби на 9 април 1949 година му го поверив нему.
Нашата тајна врска, меѓу мене и Минчо, не ја имавме кажано никому. Другите само претпоставуваа дека има нешто меѓу нас.
Дури и Захаријадис беше заинтересиран за тоа каква е нашата врска. Во присуство на секретарот на НОФ Михали Маљо и Тане Наумов, Захаријадис го прашуваше Минча каква врска има со мене. “Таа е наша лична работа” – му одговори Минчо на Захаријадис. Само другарката Хрисанта Цанзовска, која сега живее во Пловдив, Бугарија, член на Главниот одбор на АФЖ, знаеше за нашата врска.
Слегов во селото Папли, во кое што беше седиштето на Окружниот народноослободителен одбор на Леринско. Таму го сретнав претседателот Ристо Коленцев. Се поздравивме и смеејќи се ми вели: “Каде исчезна ти толку време? Да знаеш колку ми недостасуваше”. Ги сретнав другарките на ОНОО и членови на Главниот одбор на АФЖ: Малина Марковска (мајка на два сина и една ќерка, сите партизани, од кои ќерката загина како поручник на ДАГ), Фотеица од Желево, Александра од Штрково и многу други другарки. Набрзо дојде и другарката Марика Елкова, член на Секретаријатот на Главниот одбор на НОФ, која во моето отсуство ме заменувала. Со неа отидовме во едно сопче во зградата на одборот и ме информира за положбата на АФЖ во Леринско и Костурско. Ми вели: “Така како што не остави така и не најде, само е жално што некои од другарките не се меѓу нас, загинаа, паднаа на бојното поле”. Најтажно за Марика беше што ништо не знаеше за нејзиниот свршеник Танас Папатријандафилу.
За Танас дознав после месец и пол, кога во Елбасан, каде што бевме ние сместени, дојде таму со народот. Се израдувавме што е жив. Кога го прашавме каде беше досега, дискретно, гледајќи наоколу, тивко, да не слушне некој, ми кажа дека бил затворен во Корча и дека таму имало многу наши што биле затворени. Покрај другото, во затворот во Корча Танас бил прашуван и за мене дали ме познава и какви врски имам со Југославија. Врз основа на тие интересирања, Танас ме предупреди дека веројатно ќе бидам уапсена, од такво нешто да не бидам изненадена. За тоа посебно му заблагодарив, а и после долги години при нашата средба во Скопје му изразив благодарност.
Со Марика се упативме во селото Буково. Таму беше сместен нашиот Агитпроп, потоа во село Орово и оттаму во Желево, каде што се сретнав со другарката Махи Пилаева, секретар на АФЖ за Леринси округ. Махи не информира за моменталната ситуација во организацијата, за високиот морал на населението, велејќи ни:
“Непријателот нема да помине на Вичо. Војската и народот се спремни за решавачката борба”.
Планините: Бела Вода, Лунзер, Вичо, Малимади беа обградени со бункери и ровови од нашите афежетки и борци. Навистина непријателот не можеше да го мине тој обрач, но монархофашистите богато помогнати со тешко оружје, со офицери од Трумановата авијација го зазедоа Вичо и влегоа во Преспа. Се дадоа многу жртви. Принудени бевме со борците и населението да се повлечеме преку граница, во Албанија, во Елбасан, каде што Марика се сретна со својот свршеник Танас Папатријандафилов.
Од Желево со Марика, отидовме во селото Ошчима кај секретарката на АФЖ Љуба Џигерова. Одржавме состанок.
Другиот ден се разделивме со Марика. Таа се врати во Преспа, а јас заминав за селата: Трнаа, Руља и Брезница. Во Брезница се сретнав со другарката Уранија Јурукова-Пировска, која од страна на КОЕМ требаше да изврши неколку задачи. Во окружниот НОО се сретнав со претседателот на НОО Крсто Мангов, кој ми беше вујко, братучед на мајка ми, со кого израснав во една фамилија.
Средбата со него беше трогателна. Ми пренесе пораки од Минчо, кој само нему му се имаше доверено за нашата врска.
Од вујко ми прв пат сознав дека имало некој состанок во некојуа пештера во месноста “Африка” на кој Павле Раковски донесол некое писмо од Југославија и дека Захаријадис му рекол на Минчо дека е агент на ОЗНА и како Минчо му одговорил. Вујко ми Крсто го тргал за палто Минча и му велел да седи, да не зборува многу.
Но, во оваа ситуација во која што се наоѓавме, никој не му обраќаше внимание на тој состанок, било, па поминало, ни претстоеше решавачка борба на живот и смрт.
Се раздена 11 август 1949 година. Повторно со Уранија се сретнавме. Обете на различни страни претходниот ден ги извршивме нашите задолженија. Отидовме надвор од селото Брезница за да се поздравиме со Крсто Мангов. Со некое чудно претчувство, вујко ми Крсто ме фати, ме гушна, ме вакнува и буквално ми вели: “Ако загинеш ти, јас Вена нема да ја оставам, Вена е мајка ми, а ако загинам јас, гледај ја мајка ми и децата”.
Баба Ристовица Мангова-Лина со мајка ми живееја заедно во една соба во Битола во куќата на Живко Делков на улица “Мирче Ацев” број 6. Со нив беше и жена му на Крсто со едно мало девојче, а другите две деца му беа во Романија во детскиот дом Тулгеш. Тука беа и бабите: Јана Балова и Мара Караџова.
Се поздравивме со Крсто и со Уранија со џип заминавме за седиштето на Главниот одбор на НОФ на едно брдо над селото Папли. Кога влегувавме во колибата, секретарот на НОФ Михаил Маљов зборуваше на телефон со некого. Со раката ни даде знак да застанеме. Од изразот на неговото лице заклучивме дека е станато нешто лошо. Помислив на Минчо да не загинал. Се стресов, Михаил ја спушти слушалката, но не проговори ништо. Не гледаше како омаен. “Кажи што е, што се случило?” – му велиме.
“Крсто Мангов загинал со генералот Скотида од истата граната.
Сега ми јавија од главниот штаб и тргнуваат за Брезница” – ни кажува. Веднаш тргнав за Папли со џип од моторизираната единица со која што раководеше Стерјо Мавранза од Рупишта. Ги замолив другарите да ме префрлат во Брезница. Кога стасав на местото на несреќата, двајца офицери на ГШ на ДАГ телото на генералот Скотида Никос Теохаропулос го ставија во еден џип и каде го погребаа не ми е познато. Генералот Скотида беше еден од омилените генерали на ДАГ, а и за време на ЕЛАС, кога служеше во 28. полк на ЕЛАС, многу ги сакаше македонските борци.
Телото на Крсто Мангов беше разнесено од гранатата. Неговите останки ги погребавме во селото Брезница покрај гробовите на Пере Темелковски од Прилеп и еден подофицер на ЕЛАС.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/do-pekolot-i-nazad/4 on October 29, 2026