Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

To Hell and Back

КАКВА ВРСКА СУМ ИМАЛА СО ИНТЕЛИЏЕНС СЕРБИСОТ И ЦИА - Part 01

By Евдокија Фотева - Вера · Part 8 of 16 · About 21 minutes

Read in English

КАКВА ВРСКА СУМ ИМАЛА СО ИНТЕЛИЏЕНС СЕРБИСОТ И ЦИА

“Денеска Вера Николовскаја ќе ни кажеш каква врска имаш со интелиџенс сервисот”, ми вели иследникот кога бев повикана по подолго време од претходната “визита” кај него. Од почетокот не го разбрав прашањето. Ми беше некако чудно прашањето и не одговорив. Од лутина стана иследникот и почна со неговиот тон кога сакаше да ме навредува: “Зволоч, агент, предавник”. На тие навреди му реков дека јас немам никаква врска со никаков интелиџенс сервис.

Па како се познаваше со тие Англичани што завчера ни раскажуваше и освен нив со некои други врски. Знаеме ние како работите вие “подревнују работу” против КПГ и ДАГ заедно со Тито што ја предадовте борбата.

Тогаш ми стана јасно зошто е работата. Почнав набрзина да ги средувам сеќавањата кога и под какви околности се сретнав со Питер Фарст и со неговата жена. На знакот од иследникот во кабинетот влезе една на средни години жена и многу пријатна наизглед. Седна на столот на средината од масата. Еден од НКВД- евците и донесе машина за пишување. По неговото излегување, влегува еден друг офицер на НКВД, се претстави како мајор Панталеев. Тој ми објасни дека протоколот ќе биде стенографиран и напишан на машина, односно прашањата и моите одговори ќе треба да ги потпишам.

Веќе го научив почетокот на протоколот: прво генералиите.

Прво прашање беше од кога татко ми заминал во Канада. Зар еднаш досега им кажав, ама нема што. Се повторубаат прашања, а јас верглам едно исто, објаснувам како на глуви.

-Од прогоните на грчката власт татко ми замина на печалба во 1928 година во Канада, заедно со Лазо Трповски, познат револуционер и комунист од моето село, кој едно време престојуваше и во Советскиот Сојуз, а на 9 април 1943 година, заедно со уште шест другари Грци, беше убиен во местото Имера, Кожанско, Грција.

-Зошто татко ти не тргна со него?

-Јас за тоа не знам. Јас татко ми не го познавам, одвај ако имав неполни три години кога замина на печалба.

-Имаше ли врски со татко ти за време на војната? –прашува.

-После 1940 година не се допишувавме поради војната, дури во 1947 година кога мајка ми беше префрлена во Битола, Македонија, Југославија, тогаш почнале да се допишуваат со него. Преку мајка ми ми имаше испратено еден двоглед, фотоапарат “кодак” и еден златен часовник, на кој од долната страна имаше изгравирано: “За Вера од тате”. Имаше пуштено и некои други ситни работи. Кога бев уапсена, сите тие работи ми беа одземени од Пиракли Мировигли во Албанија. Исто така ми одзедоа: златен прстен со мои иницијали добиен од мајка ми, 17 златни лири од организацијата АФЖ, едно мало куферче со документација од Окружниот одбор на НОО на Костурско, како и пиштолот “валтер”. Па повторувам којзнае по кој пат и други веќе кажани работи. Тука посебно го изнесов следниот случај.

Со татко ми писмено имав контакт во летото на 1946 година преку едни Власи, кои со своите овци престојуваа на Вичо.

Ќехајата се викаше Тријандафилис од Кардица во Тесалија. Јас преку градот Лерин на татко ми му испратив писмо да ни испрати пари за наши наши потреби на адресата од тој Влав. Татко ми кога го добил писмото на име од тој Влав испрати 700 долари. Со тие пари купивме: чевли, арпили. Ги купи Влавот за нас партизаните, кои тогаш работеа во позадината под многу тешки услови, работевме илегално, зашто уште немавме слободни територии, имавме само групи на НОФ.

-Како се запозна ти со тој Влав за да имаш таква доверба во него? – ме прашува иследникот.

-Во април 1946 година бев фатена во половината од преголема настинка. Не можев да одам, скоро бев парализирана. Мојот соселанец Панајот Караџов, раководител на НОМС во Костурско, ме носеше на рамо. Другарите сакаа да ме носат во Југославија на лекување, но јас како ќе одам кога сум неподвижна. Секретарот на Окружниот одбор на НОФ на Леринско Лазар Поплазаров, кој и тој е овде затворен, со другарите решиле да ме остават кај Власите додека ми се подобри положбата.

Власите беа повеќе семејства. Живееја во колиби. Тие поставија услов: ако им дадеме пушки да се бранат од мечките, инаку ќе земат оружје од монархофашистите, бидејќи се принудени зашто тогаш на Вичо имаше многу мечки и им правеле голема пакост по стоката. Лазо се сложи, само им рече: “Да не ми се случи нешто лошо на мене, инаку тешко нив”. Ме оставија мене кај Власите, а другарите заминаа за селото Трсје, односно за Бигла. Тогаш уште селата не беа ослободени околу Вичо. Во семејството на ќехајата имаше една младинка моја врсничка. Се викаше Анастасија. Таа за време на ЕЛАС учествуваше во одредите, во коишто беше медицинска сестра. Кога ме виде во ваква положба, веднаш на половината ми стави две сечени ведузи (објаснувајќи што се тие), кои сета засирена крв ми ја истргаа. Со тоа ми поолесни телото и застанав на нозе. Кај Власите останав околу 15 дена. Чекав да дојдат другарите, но ги немаше. Но, еден ден, на бачилото дојде една единица од околу триесетина души монархофашисти. Се интересираа дали тука минуваат партизани. Ќехајата им рекол дека нема видено дотогаш партизани. Со нив беше и еден млад човек од селото Бапчор, се викаше Ѓорѓи, кој беше со нашата бригада во Битола и ни избега. Кога Власите ги забележаа оддалеку кајшто идат монархофашистите, мене ме покрија со еден покривач од козина (ложник), а бев облечена во влашка облека со дебела шамија на главата. Тој дезертер Ѓорѓи праша: “Кој лежи тука?” и беше готов да го опоткрене покривачот, но ќехајата го предупреди да не ја крева покривката зашто лежи едно нивно болно девојче со висока температура, па го покриле за да се испоти да оздрави од настинката. За моја среќа, го послуша ќехајата, не го поткрена покривачот тој Ѓорѓи, инаку ќе бев ликвидирана зашто добро ме познаваше која сум. За цело време што бев кај овие добри луѓе ме хранеа со најдобрата храна што ја имаа: путер, младо сирење, пресно млеко со сол, а место вода пиев сурутка. Дотогаш јас млеко јадев со шеќер, па во почетокот не можев да го пијам млекото со сол, но постепено ми стана многу вкусно. Солта подебелото овчо млеко го разредува и станува повкусно. И по петнаесетте дена, опоравена, ќехајата не сакаше сама да ме пушти да одам во селото Трсје, туку ми пушти еден од неговите овчари да ме однесе. Ноќта во Трсје се сретнав со другарите, на Влавот му дадовме две пушки и си замина. И ден-денеска не можам да ги заборавам тие добри луѓе, посебно Анастасија и нејзиниот брат Танасаки, за кого ќехајата сакаше да ме земе за снаа. Всушност, ми остана незаборавно целото семејство на ќехајата. Повеќепати се обидував да ја дознаам нивната адреса, но во тоа не успеав. Толку беа добри што есента кога си заминуваа за Тесалија, ми оставија плетени џемпери, чорапи, тенеќиња сирење и путер за Вангел Којчев, кој тогаш боледуваше од чир во стомакот. Со добиените 700 долари од татко ми купивме чевли и се друго што ни требаше на партизаните, а останатата сума им ја поделив на другарите да си купат што сакаат. Оттогаш немав никаква друга преписка со татко ми, со други зборови, немав никаква врска за каква што Вие се интересирате.

-Кои се други роднини имаш во Канада и во Америка? – прашува.

-Имам стрико, брат на татко ми во Детроит, Наум Балев и вујко Наум Мангов-Димитров, брат на мајка ми во Гери Индијана.

-Ахааа! – извикаа иследникот и преведувачот.

Јас уживав во моите искажувања зашто ги спомнував имињата на моите најмили. Си велам во себе: “Знам вие што сакате”. Ги уловив нивните намери, но од мене не можат да добијат лаги за употребување во нивната цел зашто тие не се такви, освен вујко ми Наум – Нумо. Сега веќе почнав да си поигрувам. Почнав во детали да им раскажувам за споменатите имиња, но искрено, како што навистина беше. Целта ми беше на тој начин што подолго, повеќе дена, да потрае таквото испитување како што се водеше тој ден во Љубљанка во мошне “пријатна” атмосфера.

-Што работи стрико ти Наум? – ме прашува иследникот.

-Водоинсталатер.

-Каде живее?

-Во Детроит.

-Што семејство има?

-Има жена и три деца.

-Како се викаат жена му и децата?

-Софија и таа е од нашето село Д’мбени. Децата му се викаат Маријанти, Андон и Панајот.

-Се допишуваше со вујко ти и со неговото семејство?

-Не јас, мајка ми.

-Што работи вујко ти?

-Работеше ником во интерпол. Него го запознав дури во 1935 година кога по работа беше испратен во Европа, па искористи и дојде в село, Д’мбени, да се види со своите. Потоа замина во Бугарија. Сега неговата жена живее во Варна, Софија, а син му Ламбро замина на студии во Белгија и Франција, студира медицина. Ова можете во Софија да го проверите. Вујко ми колку што ми е познато, сега е полицаец, капетан, во Чикаго, односно во Гери Индијана. И тоа можете да го проверите преку Вашата амбасада.

-Ааа, така е? – испитувачки ме прашуваат, но јас им потврдувам дека е така како што им реков, па ме прашуваат каква врска сум имала со него.

-Јас никаква врска не сум имала со него. Не знам дали и мајка ми сега се допишува со него.

Им објаснив детално дека после доаѓањето на грчката власт во Македонија, после 1912-1913 година, многу наши Македонци одеа на печалба во Америка и во Австралија, а нивните семејства:

жени, деца и родители остануваа во селото и си работеа на својот имот. Печалбарите за Божик и за Велигден, за тие големи празници, ќе испратеа чек на стотина долари и по педесеттина долари преку летото колку за масло. По повеќе години печалбарење, или ќе си го повлечеа кај себе семејството, или ќе се вратеа во селото. Така беше и со: татко ми, со стрико ми и со вујко ми. Последните двајца си ги зедоа кај себе семејствата.

Провокативно ме прашуваат во врска со некои мои поранешни искажуања, т.е. дали познавам некои други Америкаци и Англичани. Им одговорив дека во 1944 година го видов некојси Еванс, англиски офицер, капетан, кој беше при 28. полк на ЕЛАС.

Го видов на 12 април 1944 година во моето село Д’мбени кога присуствуваше на Втората конференција на СНОФ.

Присуствуваше како сојузник на нашата конференција со другите делегации на антигрчките партии, но јас со него немав никаква средба, ниту разговарав.

Одненадеж иследникот ме праша дали сакам да пушам цигари.

Кога му одговорив потврдно, ми даде кутија цигари “Прима”.

Кутијата беше со црвена боја. Дотогаш ми даваше само папироски “Боко” и “Ракета” – најдолен вид на цигари. Палев цигари колку да ми мине времето во ќелијата, а од обвивката на монштукот правев пилиња. Еднаш, кога ги наредив повеќе на масата, влезе дежурниот офицер и ми вели: “Што е тоа?” Му велам:

“Партизаните на Маркос”. Со еден подвиг на раката ги стутка и ги фрли во клозетската шолја, велејќи: “Ето нелзја делат”. По добивањето на цигарите “Прима”, бев ослободена, велејќи ми да одам во ќелијата и да помислам за моите врски со интелиџенс сервисот, за што пак ќе ме викнат.

Кога ме одведоа во ќелијата, бев многу задоволна што на сослушувањето можев да се искажам и гласно за моите најмили.

Добив некоја чудна сила. Си велам дека ќе ја прифатам играта за да ги изиграм јас нив, а не тие мене, бидејќи сега ми стана уште појасно што бараат од мене за да ја обвинат Југославија и Тито во врска со капиталистичкиот светски лагер, што на цел глас го пропагираа, но не ќе успеат.

ИНТЕРВЈУ ДАДЕНО NA КАЈМАКЧАЛАН Следниот ден пак ме зедоа на испитување. Истрагата стереотипна: “Каква врска имаш со интелиџенс сервисот?” Без никаков притисок, почнав да им раскажувам како во зимата, во јануари или во почетокот на февруари во 1947 година, на планината Кајмакчалан, во селото Горно Родово, дојдоа англискиот новинар Питер Фарст со жена му и еден југословенски новинар. Ние, позадинските работници, бевме горе во планината во “јафката” на НОФ. Дојде курир од селото и ни соопшти дека во селото дошле три непознати лица и сакаат да разговараат со партизани. Решивме да појдеме во селото, и тоа: Вангел Шамарданов-Илинденски (организационен секретар на Воденско, потоа на Окружниот одбор на НОФ, загина), Лена Стојкова-Мирка (секретар на АФЖ за Воденско), Ѓорѓи Јанчев-Слободан и јас.

Непознатите лица веќе беа сместени од страна на НОФ во една куќа, односно кај секретарката на АФЖ Марија, чија куќа беше на средина од селото. Ние слеговме наоружани со автомати. Кога влеговме во куќата, непознатите станаа и ги кренаа рацете во знак дека ни се предаваат. Со раце им дадовме знак да седнат. Ни се претставија како се викаат и што се. Еден од нив беше југословенски новинар. Името не му го знам зашто тој не ни се претстави по име, туку само по занимање. Другиот ни се претстави како англиски новинар заедно со жена му. Ѓорѓи Јанчев знаеше малку англиски, како и југословенскиот новинар. Тие двајца ни преведуваа.

Ги прашавме што сакаат од нас. Прво ни рекоа дека сакале да дојдат во контакт со партизани по секоја цена, но грчките монархофашистички власти не им дозволувале, па тие ја оставиле колата во Соботцко и незабележани се упатиле кон планината Кајмакчалан, во чии села сметале дека ќе се сретнат со партизани.

Ни рекоа дека сакаат да не интервјуираат. Им рековме дека ќе им дадеме интервјуа под услов, ако го објават онака нашето кажување како што ќе им го кажеме, ако не нека си одат откај што се дојдени. Ни ветија дека се што ќе им кажеме буквално така ќе го објават. Питер Фарст не убедуваше дека е член на Комунистичката партија на Англија, а неговата жена се уште не е зашто сака да се убеди каква е нашата борба и против кого се бориме, со какво оружје и за каква слобода.

Поопширно му одговоривме на англискиот новинар, посебно ние Македонците кои сме и што сакаме да постигнеме со нашата борба, за организацијата НОФ, за англиската интервенција во Атина во декември 1944 година, за теророт после тоа од страна на монархофашистите, кои до вчера им беа слуги на фашистите, зошто бевме принудени повторно да се фатиме за оружје, дека сме изманеми од сојузниците. На прашањето какво оружје носиме, им го покажавме тоа што го имавме што сме го заплениле од окупаторите, а еве го Вашето што сме го заплениле од Вас, од империјалистите, дека не располагаме со никакво советско оружје.

Им велиме: “Одете по затворите и логорите. Таму направете интервјуа со затворениците, па ќе се уверите дека сите тие се партизани на ЕЛАС кои ги измамија да го предадат оружјето, а потоа ги затворија; тоа се борци против фашизмот, тоа се комунисти, членови на ЕПОН и ЕАМ, Македонци и Грци, ние успеавме да не паднеме во нивни раце да не затворат, фаќајќи се за оружје. Вие, Англичаните и Американците, ни ја наметнавте оваа борба”.

Жената на Питер ме праша која сум јас, дали сум од бедно семејство, можеби сум неморална, извикана. Тоа го рече зашто слушнала кажувања оти во партизани одат само најбедните и жени со неморално поведение. Се насмеав. И реков дека такви се тие што така зборуваат, што шират такви гласови. Тие, монархофашистите, силуваат жени и девојки низ цела Грција, пљачкосуваат. И велам: “Моралот кај нас партизаните е на највисоко ниво. За неморалните нема место во нашите редови. Ние сме деца на народот. Неморалните кај нас се осудуваат на смрт. Не е точно дека партизани се само најбедните. Нас што не гледате бевме партизанки и на ЕЛАС. Ние сме од ситуирани семејства.

Станавме партизани единствено да се бориме против неправдата, против понижувањето на жената, за нашата рамноправост. Како Мадедонки се бориме за нашите национални права зашто не сме признати како народ од Балкаските војни наваму од ниедна грчка влада, а најсуров беше режимот на Метаксас кога за зборување на својот мајчин јазик се сечеше и јазик...” Жената на Питер почна да плаче. Ги собу обувките од нозете, ја соблече вентијагата да ми ги даде мене. Јас ја одбив со зборовите: “Нас народот не снабдува со што има и колку што има зашто нашата борба е праведна, народна” Питер, мажот и, го извади часовникот од на рака и му го нуди на Илинденски. Истото се случи. Ние одбивме се од нив да земеме и им рековме најголем подарок за нас ќе биде, ако тоа што Ви го кажавме точно и целосно го објавите. Му дадовме знак на домаќинот да ги послужи со јадење, а ги послужи и со пиење. При разделбата, побараа да не фотографираат. Се согласивме.

Направија една групна снимка, а потоа направија една снимка со мене и со Лена Стојкова-Мирка.

По неколку дена од разделбата со новинарите, навистина нашето интервју беше објавено во повеќе светски весници, па и во Грција и со нашите фотографии. Навистина луѓето си достоија на зборот.

Тоа интервју беше објавено и во Југославија со нашата фотографија во весникот “Борба” (кога се вратив од СССР, при една посета во домот на Лена ја видов фотографијата зголемена, урамена и ставена во дневната соба).

Јас продолжував со моите искажувања, враќајќи се неколку години наназад со моите сеќавања. Уживав што подетаљно да раскажувам зашто бев чиста како солза, немав никакви врски со интелиџенс сервисот, освен тие средби со неколку англиски луѓе.

Продолжувам. Не ме прекинуваат, ме оставаат да зборувам.

Велам: “Во декември 1948 година на Вториот меѓународен конгрес на жените во Будимпешта повторно се сретнав со Питер Фарст и со неговата жена. Јас не ги познав. Тие ме познаа и кога седнавме во конгресната сала, дојдоа кај мене, ме прегрнаа и ме бакнаа. Жена му на Питер ми вели: “Знаеш, Вера, од тебе станав комунистка. Веднаш ќе напишам статија со наслов После две години, пак со Вера. Навистина напиша. Можете за тоа да ја прашате вашата Нина Попова, потпретседателка на Меѓународната организација на жените, која беше присутна и неколкупати разговараше со нашата делегација и не укоруваше.

Со Питер и неговата жена повеќе не се сретнав. Тоа е се што имам да ви кажам за моите врски со Англичаните. Вие имате ваши амбасади во Англија и во Унгарија, па можете да проверите дали не ја кажувам вистината”.

Иследникот Евгениј Константинович Никитин, Панделеев и преведувачот Аристотелис Папунидис, скоро во ист глас, ми велат: “Нам тоа не ни е потребно, нам ни е потребна Вашата врска со интелиџенс сервисот”.

-Јас таква врска немам! – им велам.

-Па што толку дена не моташ, нам ни се потребни податоци.

-Вие ме прашавте каква врска сум имала со некои Англичани и затоа Ви ги кажав подробно тие врски.

-Па тогаш кој беше тој Србин и Англичанец? – пак прашуваат.

-Не знам. Србинот воопшто не зборуваше, ниту постави некое прашање, само слушаше. Не му знам ниту име, само знам дека и во “Борба” беше објавено нашето интервју. Јас ниту го прочитав лично во “Борба”. Тоа ми го кажаа во грчката “јафка” во Скопје.

Тие пак своето: “Ние бараме друго. Ти треба да ја помогнеш советската партија да ги расчисти односите со Тито. Ти ни раскажуваш само лаги”, на што велам: “Јас ја кажувам вистината и само вистината. Мислам дека советската партија не треба да се лаже, не можам да речам тоа што не било, што не го знам”.

Иследникот на тоа ми вели да ги земам цигарите што ми ги подава и да одам да се размислам.

Ме одведоа во ќелијата 105. Бев презадоволна од себе. Значи, тие бараат од мене лаги, дека имам врски со странски разузнавачки служби, со англиски и американски за да ги обвинат Тито и Југославија дека тргнаа по патот на капитализмот. Така рече Захаријадис: “Тито е предавник”. Од мене бараат исфабркувани искажувања само да успеат во своите намери. Боже, како можев да верувам толку во тој Советски Сојуз дека во него има совршени и чесни луѓе кои секому му помагаат за доброто на народот, дека Сталин не греши. Колку ли наши борци загинаа на устата со неговото име, а сега јас, една Вера, што претставувам една млада девојка верна на борбата за слобода на својот народ. Бараат од мене да кажувам лаги за да сум ја помогнала советската партија во борбата против Тито-Колишевски и Југославија! Боже, Боже! Се чудам и не можам да се начудам, но сепак сум радосна и горда што не се уплашив и што застанав на страната на вистината, а советските офицери што сум ги замислувала поинаку паднаа толку ниско. “Пту, плукам, срамота!” – си зборувам самата во себе. По дадениот знак дека треба да легнам, првпаат се најдов во длабок сон до вообичаеното “Падјом” во шест часот утрото.

СОЗНАВ ДЕКА И МИНЧО Е ТУКА Пред да ме одведат од просторијата за сослушување, кога го потпишував протоколот што ми го подаде исленикот и дактилографката, прочитав дека таа се презива Милошева, која ми вели: “Какаа Ви маладава, красива, пачему так, как и Ваш сопруг харошии и очен красивии”. Ја погледнав и ништо не и реков, не и одговорив. Кога ми рече “сопруг”, моето тело затрепери, срцето почна силно да бие. Значи и Минчо е тука негде во овие ќелии.

Зборовите на дактилографката како да ми беа поздрав од Минчо.

Сигурно тука се сите. Ми се стори дека дактилографката ми носи порака од мојот Минчо во која ми порачува: “Вера, држи се!

Зборувај ја само вистината и не плаши се! Биди јака како во борбите. Ние ќе ги скршиме нив, а не тие нас!” Така ми велеше Минчо во Пајак во декември 1946, на Кајмакчалан во 1947, на Вичо во 1948, на Грамос во 1949 година кога се најдовме после долги месеци невидени. Затоа во Воркута во 1954 година ми ја посвети песната што ја напишал од душата за мене. Неа му ја кажал на еден украински поет, раскажувајќи му ја нашата судбина.

Песната Минчо ми ја даде во Потма при нашата средба после пет и пол години од разделба. Нејзината содржина не можам да ја испуштам ни во ова прилика.

МАЕЈ ЉУБОИМОИ Тои каторои љубил и љубљу, прости за все что ја приниос, не по своеј вине, за бол разлук, за гореч слез, за писма краткие с пути, за зо что не хватило сил, мне ударжат тенја, кагда вдали с фронтами, калесил недели, месеци, года.

Умна чесна Ти всјо паимјош, что глоубока љубов била, что не измена и не лоќ, Нас бурја века пронесла.

Ја серцем и душој вса тот, Апјат ја спешке ден денскои, Лиш серце радосно замрјот, чут мимо женшчина проилјот.

Напомнил что то образ твои, И хот нелзја соединит, Минувших и градјадуштих днеи, Ја всјо старијус лушче бит, Во имја памјати твоеи.

Воркута, 1. I 1954 година ВО БАЛАТОН - ПОЧЕСЕН ГРАЃАНИН Испитувањата продолжуваа на ист начин: каква врска имам со интелиџенс сервисот, со ОЗНА и со меѓународната буржоазија.

За цело време на истрагата, што во московските затвори:

Љубљанка, Лефортовскаја и Бутирка траеше 29 месеци, бев објективна, без разлика на сите и секаквите притисоци, ја кажував само вистината. Ако се докаже дека нешто сум прикрила, дека сум згрешила за својот народ, нека ме истават пред народот и нека ме судат. Ништо не скрив, а и да сакав преку нешто да преминам за мене се знаеја и искрени и кодоши. Не криев дека бев во Југославија, дека под раководство на Тито и Колишевски македонскиот народ ја доби својата национална слобода, односно има своја Народна Република Македонија.

Како делегат на Вториот меѓународен конгрес на жените секогаш бев приклучена кон југословенската делегација при посетата на разни фабрики и детски установи во Будимпешта и во околината. Со мене беше секогаш Рита. Се обидував да влезам во разговор со некоја од делегацијата на Југославија, но никоја не прифати, сите беа претпазливи. Во една посета на гратчето Балатон, колку што се сеќавам, бев прогласена за почесен граѓанин на таа општина. Со делегациите, пак, на Холандија, Норвешка, Англија, Шведска, Источна Германија и со некои други, по нивно барање, посетивме некои домови во коишто беа сместени наши деца евакуирани од монархофашистичкиот терор во Унгарија. При посетата на еден таков дом, кога ме видоа нашите учителки и негувателки “Мајки”, како и децата, стрчаа, гушкања, плачења, трогателна средба. Токму тогаш прелета над нас авион. Сите (децата, учителките и негувателките) стрчаа да се скријат, мислејќи дека уште се наоѓаат во Грција. И по толку месечен престој далеку од татковината не беа ослободени од стравот на бомбардирањата и митралирањата на англоамериканските авиони. Тој момент го искористив да им објаснам на другите делегации зошто овие деца се евакуирани.

Некои чувствителни жени дури се расплакаа од видената глетка, увидоа дека кралицата Фридерика не била во право тоа што го пропагираше. Токму овој случај беше причина тогаш делегациите на: Холандија, Шведска и Источна Германија да побараат и во нивните држави да се испратат на згрижување вакви деца. Колку што се сеќавам, во Источна Германија беа испратени околу илјада деца, претежно Грчиња. Таму беше упатен и министерот за просвета на Привремената влада на Грција Петрос Кокалис, по струка доктор фиматолог, каде и почина.