Front Matter - Part 02
НИКОС ЗАХАРИЈАДИС НЕ ОБВИНИ МАКЕДОНСКИТЕ РАКОВОДИТЕЛИ КАКО ПРЕДАВНИЦИ, АГЕНТИ НА ТИТО На 7 октомври 1949 година, во една голема штала приспособена како сала за собири со бина и неколку реда столови, беше свикан собир на сите борци на ДАГ од логорот во Бурели, а ги имаше околу 3000. Присутни на собирот: членовите на Политбирото на КПГ, членовите на ГШ на ДАГ, генералниот секретар на КПГ Никос Захаријадис, министерот за надворешни работи на Привремената влада Петрос Русос, членот на Политбирото и политички комесар на ГШ на ДАГ Василис Барџотас и генералите:
Мицос Вландас, Димитрис Гусјас, Пираклис Мировиглис и други, како и членот на КП на СССР Петров како претставник на Информационото биро, членови на ПБ на ГШ на ДАГ и други.
Собирот го отвори генералниот секретар на КПГ Никос Захаријадис. Воведниот дел беше посветен на ситуацијата во Грција во тој момент, положбата на ДАГ и улогата на КПГ.
Конкретно и опширно Захаријадис се задржа на Резолуцијата на Информбирото против Југославија. Всушност, таа и беше целта за свикување на овој собир за да го прикаже “големото влијание” на КПЈ на нашиот НОФ и неговото раководство, кое, како што рече тој, “изигра предавничка улога” и дека таа била причината за отстапувањето на ДАГ. Покрај другото, Захаријадис рече дека Паскал Митревски “и неговата клика се агенти на Тито-Колишевски” и покажа со рака на местото каде што стоевме ние веднаш покрај членовите на Политбирото и Привремената влада.
Со разни измислици, без никакви факти, Захаријадис настојуваше да ја разобличи организацијата НОФ и нејзиното раководство, како и грешките на КПГ и на ГШ на ДАГ и неговите да ни ги нагрби на нашите плеќи. Меѓитоа, тоа не му одеше така лесно и одрака на овој собир, бидејќи присутните борци добро ги познаваа членовите на организацијата НОФ, во која и самите членуваа; добро го познаваа раководството на НОФ и АФЖ. Захаријадис отиде до таму да изнесува невистини и измислици што рече дека Минчо Фотев се обидел да го убие офицерот со кого доаѓавме со џипот од Елбасан за Бурели, наводно, за да избега во Југославија. Потоа рече дека Минчо и јас сме склучиле “политички брак”, изнесувајќи и други бесмислици, но не кажа каков брак има склучено тој со Рула Кукулу.
По Захаријадис, прв за збор се јави Вангел Којчев, еден од раководителите на НОФ во Воениот совет на ДАГ. Којчев, поддржувајќи го Захаријадис, почна да го напаѓа НОФ. Нешто поублажено, во позавиена форма зборуваше и секретарот на Главниот одбор на НОФ, Михаил Маљов, кој се обидуваше да се оправда, да не падне во немилост, божем такви гнасни работи за кои зборуваше Захаријадис во НОФ се правеле зад неговиот грб.
Дури и се чудеше како можело такво нешто да прават без тој да знае.
Паскал и јас со нетрпение и одвратност ги слушавме лагите и клеветите на говорниците. По секоја цена сакавме пред триилјадите борци на ДАГ, Грци и Македонци, кои многу добро не познаваа, да ги побиеме клеветите и лагите, иако вистината ја знаеја присутните.
Се качи на бината Паскал Митревски, претседател на организацијата НОФ и министер во Привремената влада на Грција. Салата грмеше од аплаузи и позитивни извици за НОФ.
Гледајќи дека од излагањето на Паскал ќе биде исвиркан, само што почна да зборува, Захаријадис го прекина да не зборува (в., Паскал Митревски и неговото време 1912-1978 – Ташко Мамуровски, Институт за национална историја – Скопје, 1992).
Гледајќи ја таа трагикомедија што сакаше да ја прикаже Захаријадис за нашата организација НОФ и за нејзините доследни, чесни раководители, кај мене се јави решителност за одмазда зашто чувствував дека го губам најдрагоценото во мојот живот:
организациите НОФ и АФЖ, кои целиот македонски народ во Егејска Македонија масовно го кренаа во борба против непријателот за национална и социјална слобода. Тоа добро го знаеше Захаријадис и колку жртви се дадени, за што се зборуваше во Солун во 1946 година.
Организацијата НОФ, односно нејзините членови во 1945-1946 година беа прогонувани на ист начин: како од монархофашистите така и од комунистите. Молскавично се сетив на тие години. Се сетив на процесите во Ениџевардарско, за Мирка, која пред смртта извикуваше: “Да живее НОФ и КПГ!”. Стотици членови на НОФ, НОМС, АФЖ пред стрелачките строеви извикуваа: “Да живее НОФ, НОМС, АФЖ! Да живее КПГ! Да живее демократијата!
Долу монархофашистите!” Со невидена огромна сила, возбудена од сеќавањата што ми се наметнаа, за миг се најдов на бината и со громок глас на македонски извикав: “Другари и другарки, борци на Демократската армија, да живее НОФ, АФЖ!” Цела сала во еден глас извика: “Да живее!”, само неколку гласа се слушнаа: “Смрт!”, но беа пригушени од масата триилјади борци. Накратко ја образложив улогата на нашата организација, дека од мало до големо, од четиринаесетгодишно дете до осумдесетгодишни старци и старици учествуваа во борбата, давајќи се од себе, дека организацијата АФЖ беше секаде присутна; стари жени пренесуваа храна за ДАГ од Кајмакчалан за Вичо, од Вичо за Грамос, пренесуваа оружје и учествуваа во сите помошни служби на ДАГ: во кооперациите, фурните, шивачките работилници, ковачниците, во негувањето на ранетите; ноќе жнееја и вршеа во селата што беа под окупација на непријателот; копаа бункери и правеа ровови по Бела Вода и Лунзе итн. Повеќе од три илјади жени беа во редовите на ДАГ за носење на ранетите, без разлика кој од каде е, кој што е: Македонец или Грк. Членовите на АФЖ не само обични борци, туку беа и: офицери, санитетски работници.
Рамноправно со мажите, жените се истакнаа во сите борби со непријателот. Во маршот на ненаоружаните, кој тргна од стара Грција до планината Грамос имаше многу Македонки кои ги дадоа своите животи. Според тоа, една таква организација не може да биде предавничка, а ние раководителите на НОФ и на АФЖ сите не знаете, и тоа многу добро, уште од антифашистичката војна како припадници на ЕЛАС и на КПГ-ЕАМ. Што се однесува до Југославија, тогаш бевме во неа како што беа и илјадници Грци зашто и таа се бореше со антифашистичките сили, па ја сакавме како Југославија така и Македонија, од која еден дел е ослободен и голем дел од македонскиот дел од нашиов крај со своите семејства најде свое засолниште од монархофашистите. Што се однесува до поразот на ДАГ исклучиво е крива КПГ на чело со Политбирото и генералниот секретар Никос Захаријадис. Тие се одговорни. “Ако згрешив нешто, нека ми судит народот, а јас ги осудувам сите дезертери од нашите редови каде и да беа тие” – реков.
Од моето излагање и од одобрувањето на борците Захаријадис беше бесен. Се качи на бината разјарен, почна да вика и не сакајќи ме нарече “другарката Вера”. Се насмеав на тоа. Во тој момент ми беше сеедно дали ќе ме стрелаат или не. Реков: “Кога не погинав на фронтот, нека погинам тука, својот долг кон мојот народ доследно го исполнив”. Захаријадис на тоа во бес викаше: “Ете, ова е доказ дека овие се агенти, дури Вера и Минчо склучија политички брак, а Минчо по патот од Елбасан за Бурели се обиде на бегство во Југославија откако сакаше да го убие офицерот и возачот, но за среќа беше спречен”, но не кажа од кого. Жално беше во тој момент да се гледа еден генерален секретар толку да падне ниско да не знае што зборува, само извикуваше: “Еве ги агентите на Тито. Тоа треба да го признаат, но тие се такви, не се срамат и не признаваат”. И продолжи: “Дури и Вера сака да ја ословуваме со псевдонимот ОЗНА”. “Другар Захаријадис, Вие мојот псевдоним, а и сите присутни го знаат, тој е Вера, а моето вистинско име е Евдокија. Јас немам друг псевдоним, освен Вера”.
На ова незнаење на Захаријадис некои во салата почнаа да се смеат.
Не знам од кои причини Захаријадис ме остави толку долго да зборувам, а не ме прекина како Паскала. Можеби не ме разбираше зашто зборував на македонски. Единствено му одговорив на грчки.
Слегов од бината и не слушав, ниту сакав да ги слушам лагите и клеветите и исфабрикуваните обвиненија против нас. Ми беше веќе јасно дека сакаат да не обвинат како агенти на Тито и Колишевски за да не ја сносат тие одговорноста за капитулирањето на ДАГ туку некој друг. Тие други “виновници” бевме ние Македонците, т.е. македонските раководители. Ми стана јасно дека сакаат да монтираат процес какви што тогаш имаше во сите поранишни социјалистички републики, меѓу кои процесите на: Ласло Рајк, Трајчо Костов, Коче Џоџе и др.
Кога излегов од салата, ги сретнав моите другари, соселани и роднини: Васил и Тимјо Ралеви, Јани Чочев, Јото Љочков, Нули Џаџева и многу други. Ми рекоа дека добро зборував, само не требаше да го нападнам Политбирото и Захаријадис. Им реков дека во Политбирото има многу провокатори. Моите другари и соборци останаа на своето. И по многу години кога се сретнавме во Скопје ми го рекоа истото, ѓоа, ако не го нападнев толку остро Захаријадис немаше да ме уапсат и прогонат. А пак јас и тогаш а и сега мислам и го велам истото, дека чесните комунисти својата вина никогаш не ја префрлуваат на други како што правеше Захаријадис неговата одговорност за загубата на Движењето ја префрлуваше на други, на нас Македонците. Дали е тоа чесно?
Додека зборував со моите другари, зад мене дојдоа двајца партизани со автомати вперени во мене, ми ги врзаа рацете, ме спроведоа во истата зграда во која беше сместен ГШ на ДАГ. Ме однесоа во едно мало сопче на приземјето. Таму го најдов и другите од раководството на НОФ, кои во меѓувреме ги спровеле:
Паскал Митревски, Михаил Маљов, Вангел Којчев, Ристо Коленцев-Кокинос, Лазо Поплазаров, Ламбро Чолаков, Ташко Хаџијанов (последните четворица во Бурели ги спровеле после нас). Потоа во истото сопче ја донесоа и Уранија Јурукова и најпосле мојот брачен другар, мојот сопруг Минчо Фотев, кого го сметаа за најопасен меѓу нас. Уранија и Минча не ги донесоа на собирот, беа задржани во истата зграда во посебна соба.
Наредниот ден во оваа иста мала соба беше приведен и Павле Раковски, а по него и еден борец од селото Нестрам, Костурско, со прекар Лаократис. Тој последните години беше во грчкото претставништво (“јафка”) во Белград. Зошто беше уапсен и ден- денес не ми е познато, а и не беше вклучен во нашиот процес.
Како што дознав подоцна, во 1954 година, бил ослободен и живееше во Ташкент, а каде сега се наоѓа не знам.
Павле Раковски, пред процесот, порано, со писмо се обратил, а и лично, до ЦК на КПГ и до Захаријадис, самокритикувајќи се дека не бил искрен пред раководството на КПГ и дека божем во Преспа им предложил на некои раководители на НОФ да бегаат во Југославија за да не бидат уапсени, но Минчо Фотев му се спротивставил. Така, на основа на тоа негово писмо беше содржано обвинувањето (обвинителниот акт) на Захаријадис во Бурели.
МИ ГИ ОДЗЕДОА НАЈСАКАНИТЕ ПРЕДМЕТИ Сите дванаесетмина два дена бевме задржани во малото сопче, т.е. до 9 октомври 1949 година. На осми вечерта, кога целиот логор спиеше, еденпоеден не викаше Пираклис Мировиглис, одговорен на Второто биро при ГШ на ДАГ. Ни одзедоа се што имавме, освен облеката. Ни ги зедоа: паричните средства на НОФ, некои поважни документи што ги носевме со нас. Пиракли мене лично ми го одзеде златниот часовник, подарок од татко ми, кој во 1948 година ми го испрати од Торонто. На задната страна од часовникот татко ми изгравирал: “За Вера од тато”. Исто така, ми ги одзедоа: двогледот и фотоапаратот (“кодак”). Тие ми беа испратени како подарок од женското друштво од Торонто, потоа:
17 златни лири од организацијата АФЖ, едно куферче од Окружниот НОО на Костурско, кое го зедов од вујко ми Крсто Мангов што го прибрав по неговото убиство кај селото Брезница на 11 август 1949 година, ми ги одзедоа: златните обетки и прстенот со моите иницијали што ми беа подарок од мајка ми. Ми остана пиштолот и за миг се двоумев дали да го предадам и него или мирно да пукам во Пиракли, а потоа во мене, но размислив за последиците. Со тешко срце го извадив од појасот и му го подадов. Пиштолот беше марка “валтер”, германски со кафеава рачка, а ми беше личен подарок од Лазар Колишевски.
Како го добив пиштолот од Колишевски? Во пролетта на 1948 година бевме повикани во Ресен: Паскал Митревски, Михајли Керамитчиев, Ставро Кочопуло и јас. Ни беше јавено од ЦК на КПГ дека треба да заминеме за Албанија со еден џип преку грчката јафка во Албанија – Корча, а оттаму бевме префрлени во Ресен. Бевме сместени во една куќа. Не можам да се сетам во која куќа беше тоа, бидејќи ноќе отидовме и ноќе заминувавме од куќата. Ноќта во куќата пристигна Лазар Колишевски заедно со Димитар Алексиевски-Пекар, Арсо Милатовиќ и со некои други од безбедноста. По одржаниот состанок, другарот Лазар Колишевски ни рече дека со нас ќе дојде Пекар. Пред заминјувањето, на Колишевски му побарав, ако може, да ми даде еден пиштол, бидејќи мојата “берета” не можам да ја користам зашто немам за неа куршуми. Така тогаш лично ми беше подарен тој пиштол што ми го одзеде Пиракли. Никогаш ни една минута не се одделував од тој пиштол. Дури на албанската граница, при отстапувањето, го предадов само автоматот, а не и пиштолот.
Пиштолот ми беше сакан и верен другар, повеќепати ме спаси од непријателот.
Стоејќи пред тој проклет офицер на ДАГ, кој до вчера ми беше пријател, а сега ме претресува и ми ги одзема најдрагоцените спомени од моите родители и од мојата организација АФЖ и пиштолот подарен од Лазар Колишевски, кај мене се јави омраза.
Овој офицер за мене стана најголем непријател. Ми се редеа мисли: “Да стрелам во него?”; “Глупо е, Вера, немој, воздржи се”.
Како да слушнав некој глас: “Тој ќе се самоубие заради тебе, заради сите вас ова што ви го прави”. Додека така во мене се редат различните мисли, една рака со огромна сила ја фати мојата рака и ми го одзеде пиштолот и ми вели: “Зошто не го предаде пиштолот на граница?” Му велам: “Не сакав, а и никој не ме праша дали имам друго оружје”.
Заедно со Марика Елкова, член на Секретаријатот на Главниот одбор на АФЖ и на НОФ, кога заедно со неа ја минувавме границата до Елбасан, каде што бевме сместени, никој од Албанците во ништо не не спречи. Само еден настан ми остана во незаборав и сега ме измачува. Тоа е подлото убиство на Софија Ѓакова Божиница, секретарка на АФЖ од селото Герман, Преспа, која беше уапсена многу порано од 1949 година како “агент на ОЗНА”, само поради тоа што нејзиниот сопруг се наоѓал во Битола. Кога минувавме покрај селото Трна, Трумановите авиони летаа ниско над нашите глави што се гледаа дури и главите на пилотите. Тие митралираа по нашата колона. Двајца партизани од спротивниот правец доаѓаа накај нас, спроведувајќи ја храбрата секретарка. Отпрво не ја препознав, бидејќи беше многу исцрпена.
Кога се приближи, таа ме позна и се нафрли на мене. Ме гушна и ми вели: “Вера, овие ќе ме убијат”. Јас во миг се фатив за пиштолот. Марика ја осети мојата намера и ми вели: “Вера, немој, што ќе направиш!” – и ме фати за рака. Ја одведоа стотина метра зад нас откаде доаѓавме и се слушна истрел Божиница невино беше убиена. Нејзините заслуги во борбата не значеа ништо за џелатите на Захаријадис.
Кога ми ги одзедоа предметите што ги носев, ми се чинеше дека ми го одземаат животот. Цели девет години носев оружје в раце.
Со него се чувствував сигурна и безбедна каде и да одев. Првпат во животот ми се јави чувство на гадење кон тие што стоеја пред мене и инстиктивно излегов од сопчето во ходникот. Во тој миг ме фатија двајца стражари и ме одведоа во истата соба во која што беа другарите кои еденпоеден, на ист начин како мене, беа претресувани и носени во сопчето: Паскал Митревски, министер во Привремената влада на Грција и претседател на Главниот одбор на НОФ и КОЕМ; Минчо Фотев, претседател на НОМС и помошник-комесар на ГШ на ДАГ за работа меѓу Македонците во ДАГ и член на Претседателството на Главниот одбор на НОФ;
Вангел Којчев, член на Претседателството на Главниот одбор на НОФ и член на Воениот совет на ГШ на ДАГ; Павле Раковски, член на Главниот одбор на НОФ и главен и одговорен уредник на весникот “Непокорен”; Ламбро Чолаков, член на Главниот одбор на НОФ и одговорен по финансии; Ристо Коленцов-Кокинос, член на Главниот одбор на НОФ и претседател на НОО на Леринскиот округ; Уранија Јурукова, член на Главниот одбор на НОФ и КОЕМ; Лазо Поплазаров, член на Главниот одбор на НОФ, а тогаш на должност политички комесар на артилериската батерија во ДАГ; Ташко Хаџијанов, член на Главниот одбор на НОФ и НОМС за Воденскиот округ и јас Евдокија Балева-Николовска Вера, секретар на Главниот одбор на АФЖ потпретседател на ПДЕГ, кандидат-член на Секретаријатот на ПДОГ, член на Меѓународната демократска федерација на жените и потпретседател на НОФ. Од непознати причини кај нас го доведоа и другарот Темистокли Леократи, кој еден извесен период бил курир на претставништвото (“јафката”) на КПГ во Белград.
Вкупно бевме 12 лица.
ВО ЗАТВОРОТ ВО БУРЕЛИ Захариадис на 9 октомбри 1949 година планирал да не стрела. За ова Пираклис Мировиглис во седумдесеттите година на ХХ век му кажал на историчарот Тодор Симовски во Букурешт. Меѓутоа, тоа го спречил претставникот на СКП(б) Петров, па сме спрведени во затворот во Бурели. И така, истата вечер, 9 октомври 1949 година, слушам брмчење на моторно возило. По петнаесетина минути, ете ти го тој Пираклис Мировиглис, известителен офицер на ДАГ, кој ни одзеде се. Освен Вангел Којчев, другите единаесетмина се најдовме пред отворениот камион опкружени со наоружани луѓе.
Не е шега, ние сме “големите непријатели, титоисти”. Срамна, но и смешна состојба. На таа Захаријадисова будалија почнавме да се смееме гласно. Пиракли со своите не знаат како да постапат со тоа наше смеење. “Замолчете!” – викна на албански. Сфативме дека сме предадени на албанската власт, која понатаму ќе решава за нашата судбина. Се качивме на камионот. Наседнавме на подот.
Над секоја наша глава стои по еден албански милиционер со вперени автомати готови да пукаат во нас.
Мислевме дека не носат на стрелање. Нема што. И во смртта одиме како во борбите: со смеа и шега, весели поради положбата во која што се наоѓаме. Ја избегнавме смртта од монархофашистите и од американските авиони за да бидеме стрелани во слободна Албанија, но за што?! Додека размислувавме, камионот застана пред едни тешки железни порти.
Се отворија вратите. Камионот влезе во еден двор. Ни беше наредено да слеземе еденпоеден. Тогаш не одделија: петмина мажи во една група, во друга четворица, а потоа мене и Уранија.
Бевме одведени во ќелии и заклучени.
Во нашата ќелија бликаше вода на подот. Немаше место каде да се седне, а камо ли да се легне. Подот бетон и вода, ѕидовите темни и влажни, без светло и воздух. Тоа беше почеток на еден монтиран и срамен процес против раководството на НОФ – долгогодишни борци против германскоиталијанските и бугарските фашисти, против англоамериканските империјалисти и нивните слуги, против монархофашистите, а повеќето од нас беа и предвоени револуционери. Во тој ист затвор, за време на предвоена Албанија на Мехмед Зогу, биле затворани “најопасните” комунисти, а во дворот имало бунар во кој живи ги фрлале. По ѕидовите на ќелијата уште се гледаа испишани комунистички пароли, а еве, сега, и ние сме во тие ќелии на комунистичка Албанија. Во нив се најдовме комунисти од комунисти. Каква иронија на времето?
Но за среќа во несреќата, во затворот во Бурели, во таа мрачна, со вода до колена ќелија, останавме само пет дена (од 9 до 14 октомври). Ги отклучија тешките црни врати. Не спроведоа надвор. Пак исти мисли: сега сигурно ќе не носат на стрелање.
Беше темна октомвриска ноќ. Меѓусебно се поздравивме со очите и си мрднавме со главите зашто строго ни беше забрането секаков разговор. Се отворија тешките железни затворски врати и еденпоеден не натоварија во еден камион, но овој пат затворен со церада. Сме без збор, но сме претворени во уши и очи да разбереме во кој правец не носат.
По долго возење, камионот застана. Слушаме повторно ѕвекот на клучови и отворање на тешки порти. Бевме донесени во друг затвор. Еденпоеден, како што не натоварија така не растоварија од камионот, без да можеме да се поздравиме. Ме зедоа двајца полицајци, односно ме спроведуваат: еден пред, а другиот зад мене. Се отвори третата врата одлево на ходникот. Ме турнаа внатре и брзо ја заклучија. Кога се најдов внатре, што ќе видам:
ќелија долга два метра и метро и половина широка. Внатре нема ни стол ни маса, само на подот послано нешто како рогозина.
Нема светло. Вратата од долната страна беше поткрената околу една педа и единствено од таму иде малу светлина. Се вртам на сите страни. Ме фати чувство како да се наоѓам жива в гроб. Без вина сум виновна, фрлена во гроб. Таа положба не може да се опише со збор. Тоа можат да го сфатат само тие кои се нашле во таква или во слична положба. Ништо не ми остана друго, па почнав да се смеам. Едно време смеењето ми се претвори во бес и почнав да тропам на вратата. Се појави полицаец во југословенска униформа: темносина, зимска, волнена.“Што сакаш?” – ме праша налутено. “Ми се оди во таолет!” – му велам. “Почекај!” – ми рече и ја затвори вратата. По неколку минути, дојде и ме однесе на крајот од ходникот во тоалетот. На одење и на враќање поткашлував, како знак, за иа чујам одговор, односно поткашлување од некој мој другар, но полицаецот ме туркаше и не успеав да чујам нешто како одговор на мојот знак. Забележав само дека сите ќелии се исти.
Со себе носев едно војничко зелено ќебенце, кое за чудо не ми го зедоа, како и едно килимче што го понесов со себе по погибијата на вујко ми Крсто Мангов. Ќебенцето и килимчето многу ми се најдоа подоцна. Двете ги послав на рогозината, се завиткав со шинелот. Мислејќи дека тука крај мене се и моите другари и мојот брачен другар, некако ме фати сон. На што се не ќе помисли човекот во одредени ситуации само да најде накакво олеснување на тегобите, на душата.
Не знаев ни колку е часот, ни дали е ден или ноќ. Слушнав тропање на вратата и од под вратата ми се подаде едно парче леб, малу мармалад и малку вода во еден шлем. Значи, утро е, се разденило. Веднаш ги изедов лебот и мармаладот. Гладна душа.
Истовремено слушам ѕвечкање на шлемови од под секоја врата.
Набрзо по изедувањето на “појадокот”, почнав да тропам на вратата и да го викам стражарот дека сакам да одам во тоалет. Ме одведе. Си ги исплакнав очите со вода. Одејќи и враќајќи се пак намерно кашлам. Слушам одговори на моето кашлање, но по гласот не можам да оценам дали е гласот на Маљо, на Минчо зашто повеќето се “кашлаа”. Почнав да зборувам на македонски да се јават кој во која ќелија е. Еден глас ми одговори на шиптарски.
Не разбирам ништо. Зборувам на грчки. Еден ми одговори и ме прашива која сум и од каде сум. “Македонка сум, комучнистка, партизанка”, му велам, а тој почна да пцуе. Повеќе не реков ни збор. Сепак разбрав дека до мојата ќелија нема никој од моите другари, а тој Гркот е некој од заробените монархофашисти. Од кашлањето разбрав дека моите другари се во ќелиите од истиот ходник. Иако не можев да оценам кој во која ќелија е, си давав кураж дека сме блиску, заедно. Ете, и тоа во судбоносни моменти за човекот многу значи, го челичи, а уште повеќе кога е невин.
По три дена, ноќе ме зедоа од ќелијата и ме однесоа во една поголема зграда. Во приземјето се отвори една врата и се појави широк ходник на десната страна. Отклучија една тешка врата и спроводниците ми дадоа знак да влезам. Таа врата водеше во друг помал ходник со две врати со ќелии. Ја отклучија првата ќелија и ме ставија во неа. Оваа ќелија беше поголема, скоро четвртеста, а на подот во едниот агол пак послана рогозина на бетонот. Се сместив на рогозината со тие малу предмети што ги имав:
војничкото ќебенце и килимчето. Не ме фаќаше сон. Почнав да шетам по ќелијата. Барем овде може да станам и да одам во круг.
Во претходната ќелија требаше да лежам или да стојам на едно место простум.
Шетајќи по ќелијата, забележав дека таванот е заеднички со соседната ќелија и на средина има светло, односно сијалица што светеше во двете ќелии. Викнав на македонски. Не се одѕва никој.
Викнав на грчки. Пак никој не се јави, а слушнав кашлање. “Значи, во ќелијата има некој”, си велам. Почнав да пеам партизански песни. Пак ништо. Кој може да биде мојот сосед кој на сево не реагира? Во такво размислување дури предзори ме фати сон.
Се разбудив од отклучувањето на вратата. Потоа се отклучи вратата на ќелијата до мојата. Слушам некој бавно со влечки излегува. Откако го вратија тој затвореник, се отклучува мојата ќелија. Ме спроведоа до тоалетот кој беше за сите затвореници.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/do-pekolot-i-nazad/2 on October 29, 2026