Front Matter - Part 01
До Пеколот и Назад Евдокија Фотева - Вера До Пеколот и Назад Published by:
Risto Stefov Publications rstefov@hotmail.com Toronto, Canada All rights reserved. No part of this book may be reproduced or transmitted in any form or by any means, electronic or mechanical, including photocopying, recording or by any information storage and retrieval system without written consent from the author, except for the inclusion of brief and documented quotations in a review.
2004, Скопје Љубовта е свето нешто. Од љубов и за љубов се се прави.
Повозвишено од љубовта единствено е татковината.
Без слободна татковина љубовта не може да дојде до нејзиниот вистински израз.
Вљубени во татковината со мојот животен сопатник бевме уште од детството зашто произлегувавме од македонски револуционерни фамилии. За слободата на татковината, во својата бујна младост, нарамивме оружје. Како борци, во најубавите младешки години, си дадовме збор дека по ослободувањето ќе се венчаме. Но од зборот до венчавањето помина една деценија зараде борбата и патилата поради нашето извонредно човечко достоинство со ништо да не и напакостиме на татковината. Ете затоа ние имавме најдолга свадба: од зборот до венчавањето.
Моето “свадбвено патување” беше борба за слобода и демократија во Граганската војна на Грција, во притвори и затворе во Албанија и во Русија до коригирањето на својот став на информбировските земји кон Југославија.
Нашата “свадба” беше трагична “свадба” и за татковината, чии последици и денес се отворени, живе рани.
На Вич ни птица не прелета жива, а овде – на Грамос, во борбата дива ни падна од раме последното знаме.
(Од поемата “На Грамос” на Ацо Шопов, Скопје, 1950)
Воведен збор Евдокија Фотерва-Вера, во оваа книга кажуваа како некои од првите луѓе на КПГ ја доведоа ДАГ до пораз, а вината за тоа им ја припишаа на невините.
Изворно, од прва рака, се презентира идеалот на НОБГ и на ГВГ, за кој рамо до рамо се бореа и Македонци и Грци, едни за други гинеа, заедно во смрт одеа.
Како што во Втората светска војна имаше само фашисти и антифашисти, така во ГВГ имаше само монархофашисти и антимонархофашисти. Практично, Втората светска војна во Грција заврши со поразот на ДАГ во 1949 година, “благодарение” на западните големи антифашисти.
Што претргаа “виновниците” за поразот на ДАГ, македонските раководители, потресно е изнесено во оваа книга. Сонуваниот “рај” не бил таков каков што го замислувале. Морничаво тоа се доловува од зборовите на заробената Германка, што му ги рекла на злогласниот Берија. Ова читателот ќе го одгатне од доживеаното и преживеаното на Евдокија Фотева-Вера во сонуваниот СССР.
Во тешките моменти доаѓаат до израз и човештината и нечовештината. Бројни примери наведува Вера за тоа. Сметајќи дека затворените ќе одат на оној свет, дезертерите ја извртуваат вистината, најблиски соборци поднесувале клеветнички изјави, а кога се вратија, се правеа како ништо да не било. Но вистината кога-тогаш излегува на видело, зашто Земјата му се заколнала на Небото дека нема да држи тајна.
Во името на вистината, благодарност на Евдокија Фотева-Вера што по повод 55-годишнината од поразот на ДАГ ни ги подари нејзините автентични сведоштва.
д-р Стојан Ристески Наместо предговор Од Балканските војни, од проклетиот Букурешки договор, Македонците во Егејска Македонија се борат за своите социјални и национални права. Семожно новите освојувачи, браќа по вера, сторија и се уште прават се да ге одмакедончат. За да се ослободат од нив и физички ги протеруваа и ги уништуваа, ги испраќаа на егејските острова. Меѓутоа, “пиреј” не се истребува. Новите изданоци се поотпорни, порешителни.
Метаксас што не примена, дури и дупчење на јазик за изговорен збор на мајчиниот јазик во својот дом, меѓу своите. Ако ги погрчија топонимите, мајчиниот збор остана.
Активно Македонците во Егејска Македонија учествуваа во народноослободителната борба на Грција и во Граѓанската бојна на Грција. Се дадоа безброј жртви, опустеа населбите, не дозволувајќи повраќај на тие што не се по род Грци. Придонесот во борбата против фашизмот не се цени дури и од најголемите антифашистички сили. Напротив, ги помагаа монархофашистите со сите можни средства за малтретирање и уништување на Македонците. Практично тие им ги направија сите злодела, тие ги протераа од своите родни огништа.
За слобода и демократија Македонците од Егејска Македонија се бореа заедно со Грците антифашисти, со прогресивните сили, но од тоа само зло: исполенти затвори, убиства. Оние што бегаа пред ладното и огненото оружје да го спасат својот гол живот, не можат да се вратат на родните огништа, не им се дозволува ни барем да појдат да запалат свеќи на вечните домови на загинатите и починати најмили. И сето тоа го гледа, му е пред очите, но не сака да го види “прогресивниот свет”. Зар уште да веруваме, зар остана надеж за верување во “големите демократи”!
Никој за нас не го крена својот глас. Безмерна благодарност на Република Македонија за прифаќањето на бегалците и на повратниците од источноевропските земји, но и таа во својот извор на законитоста Македонците од Егејска Македонија ги отпиша. Тоа е сторено под присила. Таа се бори за својот опстанок. Што да се прави кога и на Вардарците не им се пишува добро.
Ние сме скромен народ, но храбар и горд. Доброто го паметиме, а злото не го забораваме. Молчиме, а кога го креваме својот глас ечи.
Последните, и уште незалекувани, рани не печат од Граѓанската војна на Грција. Не има насекаде на Земјата. Разделени свој од свој. Доста заминаа од овој свет разочарани, без остварен сон да ги видат барем пепелиштата на своите домови, да им оддадат почит на најблиските починати. Со таков чемер на 28 мај 1987 година почина мојот сопруг Минчо, пред тоа (10 февруари 1987)
претстедателот на НОФ Паскал Митревски и уште кој ли не.
Чесните, достојните раководни синови на Егејска Македонија најлошо поминаа. Тие што дезертираа, што го поттикнаа народот на борба, го оставија на цедило, во Република Македонија ширеа лаги и клевети против достојните, ја прикажаа борбата и сите нејзини настани како што ними им одговара исклучиво од тоа нешто да ќарат. Тие мислеа дека е “завршено” со оние вистинските. На нивните лаги наседнале доста политичари и историчари.
По поразот на ДАГ, раководителите на НОФ, АФЖ и НОМС на Егејска Македонија бевме обвинети за тоа како “агенти” на Југославија, на Тито и на Лазо. Бевме уапсени во Бурели, Албанија, па бевме испратени по затворите и логорите на СССР.
Наместо заштита, застапување за наше ослободување од обвиненијата, дезертерите и најблиските со кои што сме го делеле доброто и злото во борбата презедоа се што повеќе да не оцрнат, мислејќи дека нема живи да останеме, а за “мртви” може што сакаш да зборуваш. Меѓутоа, издржавме секакви тортури и чесните, тие кои со ништо не го извалкавме својот образ и образот на татковината, на својот народ, дојдовме во Република Мадеконија. Но кога дојдовме што ќе видиме: дезертерите ја извртеле вистината за 180º. Тие се збунија со нашето доаѓање, но позициите и привилегиите не ги изгубија зашто на секоја власт и требаат полтрони и кодоши.
Покрај во бројни мои усни и писмени истапувања за докажување на вистината, за исправување на неправдите и неправилностите, во оваа моја книга, во името на вистината, за неа да ја знаат или за неа да се заинтересираат сегашните и идните генерации, кажувам за тоа во што лично сум учествувала, ги кажувам НОБ на Грција и Граѓанската војна на Грција без никакво додавање, ниту пак прејудицирање, туку како што беа настаните и личностите и за таа слобода на својот народ што сум претргала на релацијата: Бурели
–СССР –Скопје.
Ова што го изнесувам сигурно на многу не ќе им одговара и ќе ми се лутат. Ако, што повеќе лутковци, тоа е потврда за вистината што ја изнесувам. И јас се лутев на многуте извртувања на вистината, поради изјавите што ги давале против мене, против мојот сопруг Минчо и против другите чесни раководители на НОФ. Тогаш тие уживаа во благодетите што им ги обезбедуваа нивните кодошлами.
По 55 години од поразот на ДАГ, од нечујните клевети на генералниот секретар на КПГ Никос Захаријадис, се појавува мојава книга со автентични искажувања. Засегнатите нека се јават со документи, а не со голи фрази и етикетирања. Тоа што некои за ова што зборувам поинаку пишувале, тоа им паѓа во вода.
Вистината задоцнува, но излегува на видело.
АВТОРОТ ПОРАЗОТ НА ДЕМОКРАТСКАТА АРМИЈА Од 10 до 15 август 1949 година се изврши жесток, пеколен напад над ДАГ од монархофашистите со невидена поддршка на Трумановата авијација. Со право поетот Ацо Шопов во поемата “Грамос” вели дека на Вичо не прелета живо пиле од “град” на бомби и гранати.
Оваа борба објективно ја има обработено во два тома грчкиот историчар Ѓоргос Маргаритис, професор на универзитетот во Крит, според изворна документација и мемоарска граѓа на видни антифашисти. Изнесените податоци од овој историчар најдобро зборуваат зошто ДАГ го напушти Вичо и се повлече на Грамос, а со неа и населението од тоа подрачје, барајќи спас за голиот живот.
На 10 август 1949 година авиони од типот “нтакота” и “спитфаер” на Трумановата авијација извршија 130 летови, бомбардирајќи ги единиците на ДАГ и колоните бегалци. И следните неколку дена авијацијаата со исто темпо вршеше напади, поддржувајќи ја артилеријата и пешадијата на монархофашистите.
Не остана ни педа земја да не е бомбардирана на планината Вичо, на нејзиниот врв Лисец, на планината Малимади, во Преспа кон границата на Албанија и на Југославија со бомби, гранати, напал-бомби, ракети, од најмала до најголема тежина и сето тоа “гарнирано” со авионско митралирање.
Ова јасно зборува во каков котел се варевме припадниците на ДАГ, борејќи се, грижејќи се за ранетите и убиените, како и за огромните колони бегалци.
Со ваква жестина ДАГ беше напаѓана на Грамос. Пред ваквата, главно, странска интервенција на “слободољубивите демократи” на Грамос навистина од нашето раме падна “последното знаме”.
На 30 август 1949 година Демократската армија на Грција (ДАГ)
на планината Грамос беше поразена од страна на монархофашистите сестрано помогнати од англоамериканците.
Генералниот секретар на ЦК на КПГ Захаријадис, по паѓањето на Вичо, велеше: “Грамос ќе биде гробница на монархофашистите”.
Меѓутоа, по бројните жртви, ако не се повлечеше ДАГ во Албанија, ќе се случеше обратното, на што подолго работеше лично тој со неговото Политбиро со сменубањето на докажаните воени стратези со таканаречениот “Закон за Врховниот воен совет”, кога му е одземена командата на генерал Маркос над ДАГ, поставувајќи нови “воени стратези” без потребно соодветно искуство.
Единиците на ДАГ од Грамос и од други правци се повлекоа на територијата на Албанија.
БАРАЊЕ ВИНА ЗА ПОРАЗОТ НА ДАГ КАЈ НАЈЗАСЛУЖНИТЕ Главниот виновник за поразот на ДАГ, генералниот секретар на ЦК на КПГ Захаријадис, со неговото Политбиро, за виновни ги огласи македонските раководители на Народноослободителниот фронт (НОФ), на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) и Привремената демократска влада. Во албанскиот град Бурели тој организира измонтиран политички процес на такви во информбировските земји. Тој го имаше следниот тек.
На 2 октомври 1949 година логорувавме на една ледина под маслинови дрвја покрај една рекичка надвор од Елбасан. Н ридот имаше една убава бела зграда. Таа беше претворена во болница. За болните и ранетите на ДАГ се грижеа лекари и медицински сестри, и тие припадници на ДАГ. Во болницата се Македонци и Грци. Раме до раме бевме секаде: во борбата, на веселбите, во страдањата. Сите антифашисти бевме едно, имавме иста цел.
Од порано 2 октомври беше одреден како Меѓународен ден на мирот вочест на одржувањето на Меѓународниот конгрес што се одржа на 20 април 1949 во Прага, односно во трите главни града:
Париз-Прага-Токио. На тој конгрес присуствуваше делегација и од Грција, во чиј состав имаше претставници од македонските организации. Ние, кадрите на НОФ, АФЖ, ДАГ, министрите во Привремената влада на Грција и членовите на ЦК на КПГ вршевме подготовки за што посвечено да го одбележиме тој ден со пригодна програма проследена со говори од повеќе раководни кадри, меѓу кои и од македонска страна.
За почеток на прославата веќе се насобраа борците и народот во дворот на болницата. Кога, околу 8 часот дојде еден џип. Од него излезе еден офицер од Главниот штаб на ДАГ, кого не го познавав, и доаѓа во правец каде што стоевме: Михаил Маљов, Уранија Јурукова, Ташко Хаџијанов, Гора Петричевски, мојот (невенчан)
брачен другар Минчо Фотев и јас. Офицерот ме познавал. Кога дојде до мене, ми вели: “Другарке Вера, ова писмо (и ми подава едно сино плико) Ви го испраќа другарот Барџотас и бара според него да постапите”. Василис Барџотас беше политички комесар на ГШ на ДАГ и член на потесното Политбиро на КПГ. Набрзина го отворив пликот. Внатре има кусо писмо со следната содржина:
“Другарке Вера, Вие, Минчо, Уранија и Хаџијанов штом го добиете ова писмо веднаш со џипот да тргнете за Бурели”, потпис:
“Василис Барџотас”. Кога го прочитав писмото, занемев, се скаменив, како гром да ме удрил. Само ги погленав другарите околу мене. Ме обзеде лошо претчувство, злото што одамна лебдеше над нашите глави.
Другарите ме гледаа зачудено. Нестрпливи се да им ја кажам содржината на писмото. Минчо нестрплив. Одраце ми го зеде писмото. Им велам тивко и таинствено: “Нас четвориџа: Минча, Уранија, Хаџијани и мене не викаат веднаш со џипов да тргнеме за Бурели кај ГШ на ДАГ”. Настана молк. Таа вест ги загржи сите што беа околу нас, и молњевито се пренесе меѓу сите. Една група мажи и жени од народот кои отстапија со единиците на ДАГ од слободната територија и со кои логорувавме заедно на тоа место, не обиколија, прашувајќи што се случува, претчувствувајќи што ќе стане со нас.
На нашиот другар Горо Петричевски, прекален борец на НОФ, му рековме: “Нас сигурно ќе не уапсат. Ако можеш, бегај, сигурно и тебе те чека истото”. На некои мои соселани, на некои мои тетки и на една прва братучеда им реков дека сигурно сме уапсени.
Таквата закана против централното раководство на НОФ одамна беше пуштена во “промет”, а сега треба да ја реализираат за да се оправдуваат виновниците за поразот на ДАГ. И покрај заканите дека ќе бидеме ликвидирани, пренесувани преку некои провокатори, ние бевме и останавме докрај со народот, го организиравме, се боревме со него, со народот гиневме и се радувавме на успесите.
МОЈАТА ГРИЖА ЗА СКРШЕНИОТ ЧАСОВНИК На мојата братучеда Олга Мангова успеав да и го дадам мојот скршен часовник, бидајќи многу ми значеше, иако скршен, зашто ме сврзуваше со две мили суштества: со татко ми и со Крсто Мангов.
Часовникот му го имав позајмено на Крсто Мангов, кој беше претседател на Окружниот народноослободителен одбор на Костурскиот округ. Тој загина на 11 август 1949 година непосредно пред селото Брезница од артилериска граната. Таму тој успеа да ги смести луѓето во скривница да не настрадаат од монархофашистичкото гранатирање и од бомбардирањата на Турмановите (американските) авиони. Во тој зафат Крсто Мангов настрада, а со него, од истата граната, и генералот на ДАГ Никос Теохаропулос-Скотидас. Македонец и Грк загинаа од иста непријателска граната, а иста цел. Тоа беше вистинско братство и единство меѓу грчкиот и македонскиот народ.
Кога слушнав за загинувањето на Крсто и Никос, отидов на самото место. Телото на генералот Скотидас беше земено од ГШ на ДАГ, а од телото на Крсто Мангов останала само неговата лева рака, која пред тоа двапати беше ранета, не му функционираше и на неа го носеше мојот часовник. Нема што, тоа што останало, само раката, го погребавме. Од раката му го извадив часовникот, го зедов куферчето со документи од Окружниот НОО. На братучеда ми Олга Мангова и велам: “Олга, на часовников. Ако загинам, да им го дадеш на неговите деца, а ако останам жива, да ми го дадеш”. Олга го чувала тој часовник како аманет. Кога се вратив од заточение во Русија, при средбата во декември 1956 година ми го даде часовникот, кој јас до ден-денес го чувам, иако е скршен, мене ми е драг како спомен на едно “скршено време”.
НА ПАТ ЗА БУРЕЛИ Нема што. Четворицата наведени во писмото: Минчо, Уранија, Хаџијанов и јас се упативме кон шаторот на долниот крај од падината во кој бевме сместени. Си ги зедовме некои лични работи и документите од Централниот одбор на НОФ и АФЖ и одиме за во џипот. Со нас, околу нас е маса народ и соборци како да сакаа за вечно да се простат од нас. Ние сме занемени, но достоинствено се простуваме од сите, ѓоа насмеани, уверени, на насобраните им велиме: “Довидување! До скоро видување!” Влеговме во џипот. Свесни сме што не чека и како што во секоја борба влегувавме со песна, запеавме. Пеевме, се шегувавме на нашата несреќа: “кога не загинавме во борбите, што ако загинеме сега од своите соборци!” Не осетивме кога брзо помина времето.
Квечерината стасавме во Бурели.
ПРИТВОР ВО ГЛАВНИОТ ШТАБ НА ДАГ Во Главниот штаб на ДАГ во Бурели не пречека генералот Вландас. “Се погрижиле добро”. Четворицата – во четири соби, практично во самици. Кога се најдов сама во собата на горниот кат од зградата, со поглед кон бараките и шаторите во коишто беа сместени борците на ДАГ, веќе сосема ми стана јасно дека сме притворени. “Но, зошто?” – се прашував. Не бев свесна, не можев да разберам што е ова што се прави со нас организаторите на борбата во Егејска Македонија, членови на НОФ и АФЖ.
Во собата во која бев притворена имаше само еден кревет, маса и стол. Беше веќе темно кога ми донесоа вечера: чај, парче леб и кашкавал. Вечерав. По некое време повторно отидов до прозорецот. Немаше големо движење на борците, но тие што минуваа се подзадржуваа покрај зградата и гледаа нагоре, но во мракот не можеа да видат ништо. Нивното движење беше сомнително, односно јас во нешто се сомневав. Се упатив кон вратата. Ја отворив. Излегов во ходникот. Веднаш кон мене се упати еден партизан со оружје в раце. “Каде сакате да одите?” – ме праша. Јас излегов за да дознаам каде се моите други тројца сострадалници, ама му реков дека одам во тоалет. Кога се вратив во собата, повторно застанав на прозорецот. Видов надвор повеќе борци Грци и Македонци. Тие живо разговараа и со рацете покажуваа кон зградата. Сигурно разбрале дека сме приведени, но стражарите не ги пуштаа да влезат во зградата. Легнав, но не можам да заспијам. Размислувам што може да стане со нас. Си велам: “Што сака нека биде! Живот или смрт за вистината! Како што со ваква решеност влегувавме во секоја борба, така ќе влезам и во оваа борба. Ќе се борам докрај!” Така си велев во себе, но борбата сега не ја водам со непријателот туку со мојата партија, со КПГ. Таквата борба е потешка и помачна кога невино си обвинет.
Некако предзори сум заспала.
Утрото одам во тоалет да се измијам, да се исчешлам. Гледам, во ходникот стојат двајца стражари на Главниот штаб на ДАГ со автомати готови да пукаат. На грчки им реков: “Добро утро!”.
Отпоздравија. Таков е животот: некогаш те чуваат од чест, некогаш да те убијат како куче. Се враќам во собата, патам и внатре, потсмевнувајќи се на својата незавидна положба во која што се наоѓам: “Каква среќа да те чуваат стражари на Главниот Штаб!” – си велам.
Ми донесоа појадок: чај, мармалад и парче леб. По појадокот шетам низ собата. Застанав покрај прозорецот. Од прозорецот ги поздравував познатите ми другари, а тие мавтајќи ми со рацете како да сакаа да ми кажат: “Не плашете се, ние сме во Вас!” ГЕНЕРАЛОТ ВЛАНДАС БАРА МОЈА ИЗЈАВА Се отвора вратата. Влегува генералот Вландас во пижами, носи хартија и молив. Со него добро се познаваме. Ги стави на масата хартијата и моливот и остро ми наредува: “Пишувај, пишувај за твоите гнасни дела!” Не сакајќи се насмеав (по природа бев многу весела). И во најтешките моменти повеќе се смеев отколку што плачев. Смеењето ме охрабруваше, но овој пат гласно се смеев без да проговорам ни збор. Генералот луто ме погледна и бесно процеди низ заби: “Пишувај за бандата на Тито-Колишевски!” Ништо не му одговорив, само го погледнав сурово право в очи и продолжив да се смеам.
Седнав. На едната страница од листот кусо ја напишав мојата биографија: кога станав член на ОКНЕ, кога бев примена за член на КПГ, моите функции за време на НОБ, моите несогласувања со КПГ по македонското национално прашање, преоѓањето во Југославија со Првата македонска егејска бригада и мојата активност во Граѓанската војна на Грција.
Ова беше на 3 октомври 1949 година. Со сигурност тврдам дека оваа моја изјава е во архивата на ЦК на КПГ.
Другиот ден, на 4 октомври 1949 година, повторно дојде генералот Вландас во мојата соба, сега во униформа. Му го подадов листот напишан на грчки јазик. Откако го прочита напишаното, ја искриви устата и рече: “Тоа не се бара од тебе!” “Нема што друго да додадам и да напишам. Вие, како и целото наше раководство, ја знаете мојата активност во двете револуции во Грција!” – му велам, а тој процеди: “Добро, ќе видиме!” “Ем ќе видиме!” – му одговорив.
МЕЃУ СОБОРЦИТЕ ВО ЛОГОРОТ На 5 октомври 1949 година, околу десет часот, дојде Пиракли Мировиглис. Тој беше известителен офицер при ГШ на ДАГ, подоцна, во Полска ја напиша книгата “Предавството на Тито и неговата клика во Грција”. Се поздрави со мене и љубезно ми вели: “Не сте се прошетале по логоров”.
-Не знаете Вие зошто? – му велам.
-Па можете да излезете и да се видите со другарите – пак вели тој.
-И ова е своевидна пресија, пресметано нешто длабоко, си велам, ама излегов. Во ходникот го сретнав Ташко Хаџијанов. Се прегрнавме. Го прашувам за Минчо и за Уранија. “Не знам ништо”, ми вели. Го прашав како поминал овие денови. Од тоа што ми го кажа, поминал исто како мене.
Надвор се сретнав со многу познати другари и другарки соборци. Сите ме канеа да појдам кај нив, во нивните бараки или шатори во коишто беа сместени. Една моја другарка, Милка Шукарева, од село Брезница, Костурско, ми даде многу мои фотографии што ги нашла на мостот меѓу Малото и Големото Преспанско Езеро кај Перово. Се сетив дека при отстапувањето од Вичо, по долго чекање и ветување на Главниот Штаб, ни испратија возило за спасување на архивата и печатницата на организацијата НОФ (печатницата беше сместена во селото Буково, а Централниот одбор на НОФ се наоѓаше во селото Пепли во една шумичка во Преспа). Монархофашистичките единици веќе го зазедоа селото Орово и постоеше опасност да ни го пресечат патот. Затоа ние се решивме печатницата да ја закопаме в земја, а архивата, и најпотребните работи да ги натовариме на еден коњ и со курирот на претставништвото (“јафката”) барба Кољо му рековме да премине преку местото “Африка” (така го викавме еден дел од местото преку езерото што се граничи со Албанија) и да се сретнеме во Албанија. Ние тргнавме пешки со оружјето в раце и со некои последни единици на ДАГ и група народ, преку селата Лак и Трново, да се префрлиме во Албанија. На мостот кај Перово, колоната во која што беше барба Кољо, со дел на архивата на НОФ, беше откриена од монархофашистите, односно од американските авиони и беше митралирана и бомбардирана. Од коњот не остана ништо, курирот одвај се спасил, малиот дел од архивата се спасил ваму-таму, од партизаните некои беа ранети, а тие што останаа живи, прибирале и спасувале од расфрланите документи, меѓу кои и мојата другарка Милка, која ги собрала тие неколку фотографии. Ја замолив Миллка да ги зачува моите фотографии зашто јас сум во незавидна положба. Таа навистина ги зачувала тие фотографии. Кога се сретнавме по многу години, кога Милка со своето семејство од Ташкент дојде во Тетово, ми ги даде тие фотографии.
Од другарите разбрав дека тука се наоѓа и Паскал Митревски, претседател на НОФ, потоа Лазар Поплазаров и Вангел Којчев, претставник на НОФ во Воениот совет на ДАГ. Ги побарав и ги најдов во една барака. И тие биле притворени, па ослободени, како и Ристо Коленцов, претседател на Околискиот НОО на Леринско.
После нас, од логорот во Елбасан беа повикани: Ламбро Чолаков и Михаил Маљов, секретар на НОФ. Не можев да поверувам ни да помислам дека вака подло и дрско ќе се понесе ЦК на КПГ кон раководството на НОФ.
Главниот штаб на ДАГ, пак, имаше донесено указ дека виновници за поразот на Вичо се Пандо Вајна, командант на XI дивизија на ДАГ, која се сметаше за македонска и Ѓорѓи Василко, политички комесар на таа дивизија, и двајцата Македонци, на кои требаше да им суди Воениот суд, но тоа решение се измени...
Значи, главни виновници за поразот на ДАГ се само македонските раководители, а не предавниците на народното дело.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/do-pekolot-i-nazad/1 on October 29, 2026