НА ПАТ ЗА СИБИР - Part 03
Празникот Први мај во СССР многу свечено се празнуваше. Не работевме. Сите се договоривме да го посетиме музејот на 26-те Памфиловци, кои херојски загинале под Москва во борбите со германските окупатори, задржувајќи ги да не влезат во градот. Тоа беше прекрасна галерија во нивна чест. Не знам дали уште постои.
Потоа се упативме до големиот зелен пазар. Таму се одржуваше панаѓур на нова и стара облека, наречена “толкушка”.
На зелениот пазар, кај едно игралиште за кошарка, го видовме познатиот Васка Чеченецот, познат во Алма Ата по неговата висина од 2,25 м. Ламбро Чолаков се приближи до него и тој беше висок, но покрај Васка Чеченецот изгледаше како џуџе, па теравме шега на негова сметка. Тој Васка Чеченецот го имаше продадено своето тело за 25 000 рубли да го земе државата по неговата смрт.
Лазо Поплазаров фрли око на пазарот на едно бело сако. Го купи. Ни вели дека кога бил грчки учител во селото Жупаништа им завидувал на костурските богаташи со бели сакоа зашто немал можност такво да купи. После дваесет и толку години му се исполни желбата, но не за долго. На враќање, заврна дожд. Лазо да го заштити од дождот, здиплено го стави подмишка на црната копула добиена од логорот. Од неа, исквасена, се ишара белото сако. Клавдија, другарката на Лазо со која што живееше, го испра убаво и го спружи на фортома во дворот да се исуши. Ноќта некој го украл. Го тешевме дека во Скопје ќе си купи поубаво. Ех, колку случки ни се случуваа во Алма Ата на коишто бевме за жалење, а ние се смеевме. И во најтешките моменти, и покрај бедата и понижувањето, останавме со ведар дух.
ДОАЃАЊЕТО НА НИКИТА ХРУШЧОВ ВО АЛМА АТА Кон крајот на мај 1956 година не повика Ана Митрофановна во Црвениот крст дека ќе ни дадат стан во новоизградена населба во северниот дел на Алма Ата на сите. Ни вети дека постепено се ќе ни биде дадено што е потребно за станот. Наместо сите, во станот требаше да се вселиме: јас со Минчо, Ламбро со Уранија, а Лазар Поплазаров, Ташко Хаџијанов и Раковски беа сместени кај своите другарки.
Пред да се преселиме, во куќата на Валендин Дјуков се состанавме сите, освен Ташко и Павле, по веста дека во Алма Ата на Селското стопанско советување ќе присуствува и Претседателот на СССР Никита Сергеевич Хрушчов. Решивме да напишеме писмо и, по можност, лично да му го предадеме на Хрушчов, зашто ако му се даде преку друг и тоа ќе остане во Алма Ата. Го напишавме писмото, со молба да ни се помогне да бидеме испратени во Македонија, Југославија, преку југословенската амбасада во Москва, бидејќи нашите семејства како емигранти беа во Македонија. Сите бевме едногласни со напишаната содржина, но кој ќе го предаде писмото! Лазар Поплазаров предложи писмото по секоја цена лично да му се предаде на Хрушчов, и тоа од мене. Рече: “Вера е бремена. Според сегашните руски закони бремените жени се заштитени. Ако ја фатат Вера обезбедувачите, мораат да ја пуштат, а секој друг повторно ќе биде затворен и суден”. Јас и Минчо се согласивме. Кога ќе разбереме дека ќе дојде Хрушчов, ќе одиме сите, а јас ќе му го предадам писмото. Во јуни 1956 година беше објавено дека Хрушчов ќе го посети Казахстан и ќе присуствува на советувањето со раководителите од селското стопанство.
Претседател на ЦК на Казахстан во тоа време беше Леонид Брежнев, близок другар на Хрушчов од времето на Втората светска војна од фронтот во Украина. Посетата на Хрушчов на Алма Ата беше кон крајот на јуни. Ние бевме спремни за “решавачката битка”, а пораката на моите другари беше јасна уште при составувањето на писмото: “Слушај, Вера, замисли си дека си на Вичо или на Грамос во големите офанзиви, а пред тебе има бункер. Од тоа дали ќе успееш да го уништиш непријателскиот бункер зависи дали ќе успеат твоите соборци, твојата единица. Сега избирај!” Советувањето ќе се одржи во театарот на Алма Ата. Тој летен ден никој од нас не отиде на работа, јас зедов боледување, а пак Павле Раковски не ни се придружи. Минчо, Поплазаров, Чолаков и Ташко се во паркот покрај театарот. Јас во еден весник го ставив писмото што требаше да му го предадам на Хрушчов, го држам, го вардам повеќе од очите. Со мене дојде и Уранија. Се упативме кон главниот влез на театарот, покрај чие плато имаше насобрано многу народ. Нестрпливо чекавме да дојде Хрушчов. Кога тргнавме на кај влезот на театарот, Минчо ме потсетува на договореното: “Не обрнувај внимание на никого. Помисли дека се наоѓаш на Вичо и Грамос и викај ура, трчај кон целта!” Како што чекавме, се појавија дваесеттина коли, чекајќи ги црните коли. И не доаѓаат кон главниот, туку кон задниот влез на театарот. Народот аплаудира: “Хрушчов, Хрушчов!” и трчаат кон задниот влез. Трчам и јас, а по мене Уранија. Се создаде ѕид од народ. Јас со лактите рачистувам пат како што ме советуваше Минчо, бидејќи овој момент е решавачки за нашата судбина. Со сета сила избивам пред народот напред. Гледам пред мене е Хрушчов и за неколку чекори ќе влезе во театарот. Трчам по него.
Двајца полицајци во цивилна облека ме фаќаат за рамена.
Сопирајќи ме, ми го искинаа фустанот, но јас сум упорна, трчам и на цел глас викам: “Тавариш Хрушчов!” Хрушчов се заврте кон мене и на обезбедувањето им вели: “Пуштите женштину!” Тие ме пуштија со искинат фустан. Му се нафрлив на Хрушчов, го гушнав, и тој мене, и му велам: “Ние македонски комунисти и сакаме да одиме во Југославија кај своите семејства, вазмите ето писмо и да ни помогнете”. Хрушчов пак ме бакна, го зеде писмото и го стави во внатрешниот џеб од сакото и ми вели: “Харашо!” Му велам: “Прашу Вас, ответите нами”. Потврдува: “Харашо”. Многу народ се нафрли на Хрушчов, секој сакаше да се поздрави со него.
Од големата турканица Уранија не успеа да се поздрави со Хрушчов. Задоволна низ народот истрчав во паркчето кајшто беше Минчо со другарите. Целата се тресев од возбуда. На Минчо му велам: “Му го дадов”, тој пак: “Да не му падна”. “Не, го стави во внатрешниот џеб од сакото” – му велам, а и другарите само ме препрашуваат. Дојде Уранија и таа им вели на сите: “Вера отиде лично и му го даде писмото на Хрушчов”.
Ја оставивме масата народ зад нас. Сите се упативме во домот на Валендин Дјуков. Задоволството од предаденото писмо беше големо и долго тој момент го коментиравме, секој изнесувајќи свои впечатоци.
Овде да објаснам нешто повеќе околу писмото. Требаше него да го потпишеме сите седуммина. Ташко Хаџијанов не го најдов да го потпише. Во негово име јас го потпишав. Павле Раковски одби да го потпише писмото што му го предадовме на Хрушчов. Ми рече:
“Јас не го потпишувам, бидејќи не се враќам тамо, ќе одам кајшто е мојот народ”. Тоа значи дека не доаѓа во Македонија, Југославија. Навистина, тој отиде во Ташкент, кај што отидоа жена му и ќерка од Полска. Набрзо од Ташкент пак се врати во Алма Ата и по две години си дојде во Скопје. Брзо увиде дека не е неговиот народ во Ташкент и Алма Ата, а кога дојде кај својот народ, во Скопје го прикажува поинаку, правејќи се голем патриот, а патриотите што го потпишаа и што му го дадоа писмото на Хрушчов ги обвинува. Не е тој осамен случај. По борбата сите се “генерали”. Отворено му реков да не лаже во неговите пишувајници. Зашто никаде не кажува дека живееше со Украинката Марија, која беше блиска на Брежнев додека не дошле жена му и ќерка му. Не е ли тука причината за одбивањето да го потпише писмото?
Писмото што му го предадовме на Хрушчов сигурно постои во руските архиви. На него јасно ќе се видат потписи. Жалам што немам копие од тоа писмо, но кој мислеше тогаш дека ќе ни треба и дека ќе доаѓаат до израз “вртелешки”. Потписниците мислевме дека само на Хрушчов треба да му веруваме за крај на нашите патила. И бевме во право.
Само после два дена по предавањето на писмото на Хрушчов, пред куќичката на Валендин Дјуков, која им стана позната на полицијата и на Црвениот крст, застана лимузина. Од неа излегоа двајца советски офицери. Влегуваат во дворот и ја прашуваат тетка Шура: “Дали тука живеат странски лица?” – и го изговараат моето име Николовскаја Вера, бидејќи во писмото бев права потпишана јас. Тетка Шура ми вели: “Верочка, тебе те бараат”.
Излегов и им се претставив. Ми велат: “Ајде со нас!” Си помислувам дека ќе ме носат в затвор. Влегов во собата, се облеков, го зедов шинелот под рака да ми се најде во затворот, а во јули во Алма Ата е горештина. Ме ставаат во колата и ме носат право во ЦК на КП на Казахстан. Позната ми е зградата зашто секогаш во неа баравме прием кај Брежнев. Ми ја отворија вратата. Влеговме во дворот. Ми помогнаа да слезам. Одиме по скали и се упатуваме во една голема просторија со повеќе маси и столови, што ме потсетија на тие во затворот.
Ми вели: “Садис!” еден од тие што ме носеа. За момент доаѓа еден господин и се претставува како Паномјаров, познато презиме за нас од весниците. По неколку минути влегува и Леонид Брежнев, претседател на ЦК на КП на Казахстан. Станав да се поздравам. По ракувањето, ми вели и тој: “Садис!” Седнав и чекам што ќе ми каже. Ми вели: “Од Кремљ имаме наредба да Ви помогнеме да се вратите во Југославија”. Инстинктивно станав од радост. Ми вели: “Садитес! Зошто до сега не се обративте до нас?”
-Постојано доаѓавме до Вашите порти, но не ни беше дозволено да дојдеме до Вас – му велам.
-Добро. Сега ќе одите и ќе им кажете на Вашите другари утре во 10 часот да дојдете тука! – ми вели и послугата донесе да ме почестат лимонада, а мене по таа радосна вест не ми се пиеше.
Се поздравивме. Летав од радост накај Минчо кајшто работеше.
Го најдов и сета задишана му велам: “Доаѓам откај Брежнев. Ми рече утре во 10 часот сите да појдеме кај него за да се договориме, бидејќи од Кремљ добиле наредба да ни помогнат за нашето враќање”. Ги известивме за ова сите другари. Следниот ден не отидовме на работа, а јас уште имав боледување.
Сите потписници на писмото во 10 часот другиот ден се јавивме во ЦК на КП на Казахстан. Пред вратата не чекаше еден полковник од Министерството за внатрешни работи на Казахстан.
Тој знаеше грчки и со него се упативме кон Министерството.
Брежнев не не прими. Ни вели: “Утре ќе дојдете да се договориме”. Пак позната работа. Токму тоа “урте”, следниот ден јас добив писмо и виза од југословенската амбасада во Москва, но не и за Минчо. Што значи ова!
Шестмина потписници: јас, Минчо Фотев, Лазар Поплазаров, Ламбро Чолаков, Уранија Пировска и Ташко Хаџијанов, точно во 10 часот следниот ден отидовме во Министерството за внатрешни работи на Казахстан. Не пречека истиот полковник. Не одведе во неговиот кабинет со друг офицер. Ни вели: “Сите заедно не можеме да Ве испратиме, бидејќи Вие немате визи од југословенската амбасада. Ќе замине само Вера”. Јас се спротивставив дека сама не одам, само со мојот сопург. “Доста толку години не делевте. Сега сама не патувам. Гледате во каква положба се наоѓам!” – сум категорична, на што тој ми вели: “Но тој нема виза”. “Кога ќе појдеме во Москва, југословенската амбасада ќе му даде виза!” – јас настојувам. Ништо. Тие се категорични на своето, но ни рекоа сепак да сме во контакт во нив.
По некој ден, со Минчо бевме поканети во Црвениот крст кај Ана Митрофановна Черниш. Таа веќе знаеше за мојата виза. Ми рече дека ќе ми помогне да добијам билет за пат, но не и за Миша
– Минчо. И кај неа бев категорична дека сама не патувам и дека ќе се жалам кај Брежнев, кој ни рече дека на сите ќе ни помогне да заминеме зашто има таква наредба од Кремљ. “Зошто толку многу настојувате да заминете? Еве, сега е готов станот, ќе Ви дадеме стипендија да студирате на кој сакате факултет!...” – ни вели.
Меѓутоа, ние бевме категорични да си заминеме. Тогаш на Минча Ана му вели: “Ти Миша, зошто си толку тврдоглав како Вашиот Тито?” “Ана Митрофановна, сфати дека таму се нашите родители, нашите браќа и сестри кои толку години не знаеја ништо за нас и со душа не чекаат!” – и велиме.
-Тогаш добро. Ќе ви дадам два билета за трета класа воз.
Наместо на Верочка за прва класа, ќе ги поделам парите и ќе добиете трета класа. Се сложивме. Ние ќе си доплатиме за прва класа.
-Ах Верочка, јас сакав да ти бидам кума, а Вие одбивате! – ми вели Ана.
-Ви благодарам Ана Митрофановна за се што правевте и што правите за нас. На Вас секогаш ќе се сеќавам само за добро. И нам разделбата со Вас ни е тешка, но, Ви кажавме, мораме, и ние сакаме да сме со своите најблиски! – и изразивме искрена благодарност со Минчо на оваа навистина жена-човек.
-Дојдете по некој ден да Ви ги дадам клучовите од станот и да се договориме кој ден да заминете! – ни вели Ана, сакајќи барем последните денови од престојот во Алма Ата, со СССР, да сме навистина во вистински стан.
Ни олесна тоа што ни го рече Ана Митрофановна Черниш. Сите републички органи знаеја за нашето заминување.
НАШЕТО ЗАМИНУВАЊЕ ОД АЛМА АТА Беше накај 10 август 1956 година. Ние со Минчо се поздравуваме со нашите познати Грци кои многу ни помагаа да опстанеме пред нашето вработување. Се поздравивме со персоналот на работните места, кои ни приредија свечено испраќање, на кое и сега ме потсетува заедничката фотографија.
Срдечна и трогателна беше разделбата со персоналот на XIII студентска менза во која работев, и со студентите и со вработените. Посебно со директорката Фирсова и со милата тетка Марија, одговорна за мензата, која на испраќањето плачеше од радост што заминувам кај мојата мајка. Ќе згрешам, ако не речам дека сите се радуваа со мојата среќа. Истото беше кај Минчо. Кога отидовме да се поздравиме со управникот Сава Костандини, со кого станавме и пријатели, се расплака. Ја знаеше нашата положба, слична на неговата. На разделбата, како на негови работници, на секого ни даде по 700 рубли и плус платата за месоцот. Ни вели:
“Земете ги париве. Знам дека Ви требаат. Ќе Ви се најдат, само, ако можете нешто да дознаете за мојата сестра која е иселена во Грција, јавете ми. Погрижете се да ја пронајдете”.
Ги зедовме клучовите од станот во којшто требаше да живееме во Алма Ата. Пред заминување, во него приредивме свечена вечера со другарите кои остануваа. Не дојде само Павле Раковски, а не дојде ни да се поздрави при нашето испраќање. Тоа најдобро зборува за вистината со писмото дадено на Хрушчов. Зар да му се замери на Брежнев?!
Се одјавивме во полицијата во Алма Ата. За волја на вистината, овој пат беа љубезни и ни посакаа среќен пат, со молба да не им замеруваме за нешто дотогаш зашто тие само си ја извршувале својата должност, исполнувајќи ги наредбите на претпоставените.
Најнезадоволна што си заминуваме беше Ана Митрофановна-Черниш од Црвениот крст на Казахстан, член на ЦК на КП на Казахстан. Таа искрено жалеше што си заминуваме. Ни ги даде билетите и некои продукти за на пат. Не прегрна, не избакна другарски и ни посака среќен пат со желба да и се јавуваме.
Од Алма Ата тргнавме на 15 август 1956 година. Другарите дојдоа на железничката станица да не испратат и молеа да не ги заборавиме, а Ламбро Чолаков се качи на возот до следната станица, плачејќи и викајќи да не го заборавиме.
ВО ЈУГОСЛОВЕНСКАТА АМБАСАДА ВО МОСКВА Со воз од Алма Ата до Москва патувавме пет дена. Во Москва стасавме на 20 август 1956 година Од железничката станица зедовме такси и право во југословенската амбасада. Не прими секретарот Диздаревиќ. Тогаш амбасадор беше Мичуновиќ.
(Амбасадорот Мичуновиќ, напиша книга Моите московски години, во неа ништо нема наведено за Македонците, а знаеше дека секој ден во југословенската амбасада стигнуваа по стотици барања за преселување во Југославија – Македонија од Македонци и Грци од Ташкент. Зошто ништо не напиша за Македонците?)
Кога не виде Диздаревиќ, ни вели: “Стасавте?” Му кажав дека виза имам само јас, но во Алма Ата имавме проблеми со Минчо, бидејќи немаше виза. Тој од фиоката ја извади визата на Минчо и му ја даде, велејќи ни: “Јавете им и на другите дека можат да дојдат, и за нив има визи”.
Диздаревиќ ни кажа дека лично од Кремљ им се јавиле и прашувале зошто не ги побаруваат луѓето кои сакаат да се вратат во Југославија. Значи, Хрушчов си достоја на зборот. Меѓутоа, Диздаревиќ ни кажа дека повеќепати упатувале ноти до советската власт токму за нашата група, за нас, но секогаш им било одговарано: “Такви луѓе не се наоѓаат на територијата на СССР”.
Потоа не упати каде можеме да се сместиме во хотелите: во хотелите за странски студенти, каде што е и поевтино.
Какво сместување додека не им ја јавиме радосната вест на нашите другари во Алма Ата! Отидовме в пошта. Го бараме Ламбро Чолаков или Лазар Поплазаров. Долго чекавме. Се јави Лазар Поплазаров. Му кажавме дека нивните визи се во југословенската амбасада, да си средат таму што треба и да дојдат во Москва да си ги земат. Четворицата: “ Ламбро Чолаков, Лазар Поплазаров, Уранија и Ташко дојдоа во Скопје после три месеци по нашето пристигнување, некаде кон крајот на ноември 1956 година.
Во амбасадата ни рекоа дека имаат многу молби од Македонци и од некои Грци од Ташкент кои што сакаат да се преселат во Македонија. Диздаревиќ ни го покажа списокот на барателите за враќање во Македонија да му помогнеме кои се позагрозени за на таквите побрзо да им испратат визи. Во списокот беше и името на Тимјо Ралев со семејството. Тој ми е стрико. Тој не се согласуваше со линијата на Захаријадис. Како секретар на едно гратче ќе пострадаше, инаку борец за време на антифашистичката војна, учесник во Граѓанската војна, офицер на ДАГ. Ги наведовме имињата и на некои други истакнати македонски борци на кои би требало што поскоро да им се одговори на барањето. Всушност, Ралев и Каралиев дојдоа од Ташкент во Алма Ата да не посетат.
Ние тогаш им рековме веднаш да поднесат барање за иселување, а еве тоа и го сториле.
И при враќањето во Македонија Македонците кои доаѓаа од источноевропските земји имаа непријатности. Штом ќе стасаа на железничка станица или на аеродром, веднаш ги прибираше Министерството за внатрешни работи во затворот Идризово. По неколку дена ги држеа таму и ги испитуваа де за ова, де за она. Тоа многу негативно се одразуваше на нашите луѓе. Тие со неизмерна радост доаѓаа во Македонија, а ова им се случува. Ќе изнесам само еден драстичен случај.
Тимјо Ралев и Никола Каралиев во Идризово ги имаа затворено 15 дена. Меѓу другото, ги испитувале што барале да не посетат во Алма Ата. Ралев им велел: “Јас бев да ја посетам внука ми и другарите со коишто долги години се боревме”. И жена му на Ралев, Јанула, исто така, беше борец и активистка на НОФ и на АФЖ. Нејзиниот татко од порано беше дојден во Македонија.
Сознавајќи за ова од жените на Ралев и Каралиев, Минчо отиде кај Министерот за внатрешни работи. Направи голема врева, налутено велејќи му: “Како може луѓето кои од патриотизам доаѓаат во Македонија, докажани борци за слобода и демократија, да ги затворат и да ги малтретираат ѓоа се агенти на туѓите држави!
Каква е оваа наша егејска судбина: во емиграција не правеа агенти на Тито и Југославија, а овде: агенти на овега и онега!” Како и другите повратници од источноевропските земји, и тие беа згрижени: добија станови. Ралев доби стипендија и заврши управно-правна школа. Се вработи со службата за брза помош како секретар, од каде се пензионира, а го замена неговиот син Насо Ралев, каде уште работи.
Слична судбина доживеа и Сули Марковска-Дувалевска. Таа со две мали деца повеќе од 20 дена беше испитувана во Идризово само затоа што во Ташкент била секретар на женската организација и по таа функција имала контакт со КПГ на Захаријадис. Таа меѓу првите побара да се врати во Скопје, бидејќи од порано таму живееја нејзините родители и сестра и.
Иако нејзините родители одеа во службата за прифаќање на повратниците, одвај добија одобрение за нејзино враќање. Таа беше доста активна во работата на АФЖ на Егејска Македонија, борец во ДАГ како подофицер на единицата слободни стрелци, а нејзиниот помал брат Јани загина како партизан. Бројни се вакви судбини.
ПРОБЛЕМ ЗА ДОБИВАЊЕ АВИОНСКИ БИЛЕТИ ЗА БЕЛГРАД Според советот на Диздаревиќ, се сместивме во еден хотел и скоро секој ден навраќавме во амбасадата поради обезбедување авионски билети. Имавме пари со Минчо и посетивме некои знаменитости во Москва. Се интересиравме каде се проклетите затвори во коишто темничевме: Љубљанка, Бутирка, Лефортово...
Ни рекоа дека се далеку надвор од Москва.
Од амбасадата не советуваат да се обратиме до претседателот на Меѓународниот Црвен крст за преку него да добиеме авионски билети. Со такси отидовме. Таму: полно народ чекаат прием кај претседателот. Ни се приближи еден постар човек. Ни вели дека е Шпанец, учесник во Шпанската војна. Ни вели: “Вие сте Грци?” “Не, му велиме, ние сме борци од Граѓанската војна во Грција, па имаме иста судбина”.
-Вие бевте во Ташкент? – се интересира.
-Не ние бевме во Казахстан, во Алма Ата! – му велиме.
-Ние борците од Граѓанската војна во Шпанија бевме сместени во логор во Украина, но сега се враќаме во Шпанија или одиме за Франција.Овие деца што ги гледате овде, кои имаат 18-20 години, се родени овде, но сакаат да си одат во Шпанија, иако не ја знаат, само што слушале од нивните родители. Тие не сакаат да останат тука. Ги гледате како се нестрпливи и чекаат да бидат примени од претседателот! – ни вели Шпанецот, покажувајќи на големиот број чекачи, па прашува за нас.
-Ние сакаме да се вратиме во Југославија, во Македонија. Ние сме Македонци! – му велиме.
-Знаете, продолжува Шпанецот да објаснува, кога дојдовме тука, се делевме на комунисти и Шпанци фашисти. Сега се враќаме сите како Шпанци.
Кога ме видоа во каква положба сум, присутните ме пуштија прекуред да одам кај претседателот. Јас влегувам и му се претставувам на претседателот. Му велам со мажот ми да ни обезбеди авионски билети за Белград, Југославија, бидејќи немаме можност на друг начин да добиеме. Ми вели: “Не може!” Јас се развикав. Минчо ме слушна и влезе внатре. Му велам дека тој е мојот супруг и продолжувам да му викам: “Како што не донесовте така треба да ни помогнете да се вратиме. Ние не дојдовме сами на свој трошок! Гледате во каква положба се наоѓам! Додека не добијам два билета не станувам оттука! – бев многу упорна и викав. Се вклучи и Минчо. И тој му докажува зошто треба да ни помогне, покажувајќи со рака кон мене, односно кон мојата доцна бременост.
Претседателот на Меѓнародниот Црвен крст во Москва тогаш преку телефон се консултираше со некого, па повика еден од своите службеници. Му рече да ни обезбеди два билета за авион за Белград. Ете го службеникот набрзо со два билета. На претседателот му рече дека им ги зел на двајца Сиријци на коишто пред малку им биле дадени, кои преку Белград патувале за Дамаск.
Ними ќе им обезбедуваат други билети. Така ни беа дадени двата билета. Му заблагодаривме на претседателот, извинувајќи се за нашата упорност, но тоа беше поради мојата специфична положва.
Се поздравивме, а тој ни посака среќен пат. Во ходникот им заблагодаривме на младите Шпанци за пресретливоста. Се поздравивме со нив и со стариот Шпанец. Сите тие ни посакаа среќен пат, а и ние ними, бидејќи боледувавме од иста “болест”.
НОВ ПРОБЛЕМ: ЌЕ СЕ ПОРАДАМ ВО МОСКВА Отидовме во хотелот радосни. Бев многу уморна. Легнав да се одморам малку. Ми пукна водењакот. Минчо веднаш се јави во службата за брза помош. Веднаш дојдоа. Ме прегледаа и ми велат да ме носат во болница, бидејќи детето може да се роди и се наоѓам во критична положба. Минчо се јави во амбасадата. Му рекоа дека веднаш треба да заминеме, бидејќи, ако детето се роди во Москва, ќе го сметаат руски државјанин и ќе имаме проблеми да ни го дадат. Вакви случаи има многу, па родителите уште не можат да си ги земат децата.
На одење за на аеродром поминавме во амбасадата да се поздравиме. На една другарка Русинка, која работеше тука, и ги дадовме белешките да ги земе фотографиите откај фотографот кај кого се снимивме при разгледувањето на Москва, што таа совесно го сторила и ги добивме снимките во Скопје. Заминавме на аеродром и покрај предупредувањето на службата за прва помош, но јас им велам дека имаме авионски билети за Белград и заминуваме на внуковскиот аеродром.
Тоа беше на 24 август 1956 година. Со такси отидовме на аеродромот Внуково. Чекаме авион за Белград. Седнав во фотелја.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/do-pekolot-i-nazad/14 on October 29, 2026