Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

To Hell and Back

НА ПАТ ЗА СИБИР - Part 02

By Евдокија Фотева - Вера · Part 13 of 16 · About 21 minutes

Read in English

Се собравме доста ослободено од казната. Најмногу беа Германки согласно договорот меѓу канцеларот Аденауер и советската власт. Германките до смртта на Сталина, т.е. до споменатиот договор беа мизерна беда: со торбички на рака ги собираа трошките и другите отпадоци по масите. По склучувањето на договорот, почнаа да добиваат писма и пакети со храна. Кренаа глава и одеднаш станаа супериорни. Каква мизерија! Заборавија на тоа што дотогаш го делевме заедно, што во борбите за одржување на животите не гледавме која што е.

На крајот од јануари 1955 година не натоварија на столипинскиот воз, а попатно од станица на станица ги качуваа тие што беа ослободени од другите логори. Кога дојдовме на главната железничка станица во Таишет, натоварија и мажи:

Германци, Руси и од други националности во посебни вагони.

Затвореничките ни раскажуваа дека во 1954 година била ослободена а популарната пејачка Русланова, која му се спротивставила на Сталина за нејзиниот сопруг. Само поради тоа Сталин ја затворил, па по неговата смрт ја ослободија. И таа патувала со нас. На перонот во Таишет побара одобрение да запее за затворениците. Таа долги години на слобода пееше. Нејзиниот глас го слушавме кога бевме интернирани во Казахстан преку радио, беше една од најпознатите народни пејачки во СССР.

ПО ПЕТ И ПОЛ ГОДИНИ СРЕДБА СО МИНЧО Патувањето со возот, со тоа негово застанување и престојување од станица на станица, со менување на правецот на движење за да ги собере и другите ослободени од сите логори, траеше скоро два месеца. Дури во почетокот на март 1955 година стасавме во концентрациониот логор Потма, логор-станица за сите странски државјани.

Кога се отворија портите на логорот, го гледам Ристо Коленцев со капа ушалка без врвки, со ботинки без врвки. Ме позна по мојата униформа и ми вели: “Вера, тука е Минчо, тука се сите!” – не доаѓа кај мене, туку се враќа во бараките каде што беа сместени нашите, а нашиот конвој го носат во приемната канцеларија на логорот за да ни ги земат потребните податоци.

Во меѓувреме ете го Минчо со Паскал. Не го познав. Беше многу изменет. Откога ми ги зедоа податоците, се поздравив со Минчо и со Паскал. Им кажал Ристо дека сум дојдена. Минчо ми вели:

“Ние повеќе од месец сме овде и постојано прашував за тебе дали си жива и кога ќе пристигнеш, бидејќи сме осудени за исто дело, ќе треба сите да не ослободат”. Отидовме во бараката во којашто беа сместени другарите. Ламбро Чолаков и Ташко Хаџијанов дошле од логорите во Воркута, а Лазар Поплазаров од Сибир. Во бараката имаше многу Југословени: Срби, еден Македонец потпоручник од Скопје. Тие биле заедно со Минчо во Воркута. Ги немале уште Раковски и Уранија. Прегратки, бакнежи што сме живи, што се гледаме после толку видени нечујни маки.

Потма беше огромен логор, односно забиралиште на сите странски државјани. Уверени сме дека оттука ќе си дојдеме во Македонија, Југославија, бидејќи гледаме како секој ден затвореници од повеќе земји се враќат во своите држави, а најмногу Германци. Тие бараа да одат во западна Германија.

Минчо се сретна со Милан, Србин, со кого биле заедно во јагленокопите на Воркута. Тој му имаше подарено кутија за цигари направена и изгравирна од јаглен лигнит и напишана дата.

Му кажа Минчо за мене. Дојдоа заедно. Се запознавме со Милан, прекрасен човек. На Минчо тој му вели: “Ајде да одиме кај Александар”. Александар беше Србин поставен “нарјадчик” на целиот логор во Потма, кој им вели: “Ајде дојдете со мене. Во бараката има едно сопче посебно во кое е сместена една Унгарка”.

Отидовме сите заедно. Александар и вели: “Ајде, ти ќе се селиш оттука, бидејќи тука ќе биде сместен најубавиот пар во логоров, кои толку години беа разделени и не знаеја еден за друг дали се живи!” Унгарката без збор, и тоа веднаш се исели во општата барака за жени.

На сите Александар им кажа дека “Верочка и Миша, најубавиот пар во логоров, разделени во Воркута и Сибир 5 години, сега се заедно”. Бевме сместени во тоа сопче со Минчо, а нашите другари доаѓаат кај нас, раскажувајќи си за тоа што претргале за ова време- невреме. Паскал не нарече “најсреќниот пар”.

Во логорот се сретнав и со мојата другарка Елизабета Швинковскаја, со која заедно бевме во 21 логор и кога бев префрлена во 9 логор на крпата ми ја напиша нејзината адреса за кога ќе бидам на слобода да им се обратам со писмо на нејзините родители. Наместо порано, обете заедно сме ослободени.

Елизабета многу се израдува кога повторно ме виде. Ја запознав со Минчо и со Паскал. Овде со неа бевме заедно десетина дена. Таа беше запозната со нашиот случај со Минчо. Пред нас таа замина со зборовите дека во Германија ќе проповеда социјализам, доста војни и разделени семејства.

Првпат овде ни рекоа дека сега можеме да им пишеме картичка на своите семејства преку меѓународниот Црвен крст, ако им ги знаеме адресите. Од моите другари само јас ја помнев адресата на мајка ми во Битола (“Мирче Ацев” бр.6) и и напишав картичка да знае дека сум жива и здрава. Таа картичка, со датум 1 март 1955 година, уште ја чувам. Мајка ми со неа спиела. Ја добила после два месеца. Ги собрала сите роднини и пријатели. Им испекла јагне дека сум жива. Кутрата ми мајка, ме имаше само мене. На картичката немаше моја адреса, бидејќи не знаев каде ќе бидеме.

НАМЕСТО ВО МАКЕДОНИЈА, ИНТЕРНИРАНИ ВО КАЗАХСТАН Ние очекуваме да не пуштат дом, во Македонија, а тие ни велат:

“За Југославија нема да заминете, туку ќе одите на интернација во Казахстан – Алма Ата”. При соопштувањето на таа “вест” мене не ме повикаа, туку посебно ми соопштија, т.е. пак разделба со Минчо. За тоа јас реагирав, и тоа остро: “Зошто пак не разделувате?!” Колку е светот голем и колку е мал, колку е убав и колку е гнасен! Германските фашисти се рехабилитирани, им се простува се, нив ги пуштаат да си одат дома, а ние борци против фашизмот не. Пуста правда, како денешнава!

Минчо и Паскал ме убедуваа: “Можеби ќе те пуштат да одиш во Македонија, па ќе помогнеш и за нас”. Пак разделба. Тие заминаа повторно во непознато. По некој ден, дојде Павле Раковски, а по него и Уранија Пировска. Уранија ја запознав со Милан и бевме сместени во барака каде што беа само жени. Мислев дека Уранија ќе остане во Иркутдск, бидејќи така ми рече пред да заминам за 9.

логор и ќе работи на момирок. Така ми велеше зашто не веруваше дека можеме да дојдеме во Македонија, во Скопје. Сепак Уранија дојде во Потма и се спријатели со Милан.

На 25 март не повикаа мене и Павле Раковски и ни соопштија дека и ние заминуваме за Казахстан. Ни дадоа цивилна облека, податоци каде да се пријавиме во Алма Ата во затворен плик.

Добивме леб и конзерви за пет дена. Остана Уранија во логорот со Милан. На железничката станица во Алма Ата со Раковски се најдовме на 2 април 1955 година.

Прво треба да се пријавиме во полициската станица во Алма Ата, но како ќе одиме до таму кога не знаеме каде е и со што може да се стаса. А што ако знаеме со што може да се појде кога немаме скршена пара. Ги имав чевлите што ми ги дадоа од Црвениот крст заедно со цивилната облека. “Павле, ќе ги продадеме овие мои чевли. И така тие мене не ми требаат, се голем број машки чевли”

– му велам. Викнавме еден таксист. Се погоди да е Русин. Му велиме: “Ние немаме пари. Сакаме да не однесеш до главната полиција да се пријавиме. Ние не сме од овде. Ти ги продаваме овие чевли. Колку даваш за нив и да не однесеш до таму”.

Човекот имаше искуство со луѓе како нас. Ни дава десет рубли, односно 8 пресмета за него и две рубли ни дава нам за чевлите. Се качивме. Таксистот не остави пред зградата на полицијата. Тие не чекаа. Им беше јавено дека треба да пристигнеме.

Ни зедоа податоци во полицијата. Ги прашуваме каде можеме да ги најдеме нашите другари кои пристигнаа скоро пред нас. Ни велат дека не знаат каде се сместени, бидејќи требало да одат во некој софхоз надвор од градот, ама тие не сакале таму да одат, па им рекле сами нека се снаоѓаат како што знаат, но секој месец да се пријавуваат во полицијата, тука кај нас. Ами ние каде да одиме сега! Ни велат да одиме да се пријавиме во црвениот крст да ни дадат помош, а можеби таму знаат каде се сместени.

Фативме трамвај и одиме во Црвен крст, но се упативме во градскиот, а требало во републичкиот Црвен крст. Пак се качивме на трамвај. Кога се пријавивме таму, ни велат: “Двајца беа овде и се распрашуваа за вас, бидејќи од полицијата им рекле дека сте стасале”. “Ами каде да ги бараме?” – прашуваме. Ни велат: “Тие се упатија накај зелен пазар (во Алма Ата имаше голем зелен пазар). Повторно на трамвај. Ја крстосуваме Алма Ата. Среќа, со тие две рубли шетавме низ непознатиот град. Билетот беше две копејки.

Кога патувавме кон зелен пазар, надевајќи се дека, можеби, ќе ги најдеме, од левата страна, на тротоарот, ги забележувам Минчо и Ламбро Чолаков како пешки брзаат кон пазарот да не бараат нас.

Цел ден не барале. Кога ги видов, од прозорецот на трамвајот на цел глас извикав: “Минчооо!” Ме чуја. Се свртеа кон трамвајот.

“Ние одиме само од полиција до Црвен крст и обратно за да ве најдеме” – ни велат.

-Каде сте сместени? – ги прашуваме.

-Кога идевме од Алма Ата, во возот се сретнавме со еден Русин воен инвалид, кој се враќаше од Сочи, каде што бил на одмор. Се запознавме и не покани да одиме кај него, во неговата куќа. Таа се наоѓа на последната станица, број 9, куќен број 92 – ни објаснуваат како се снашле и со останатите копејки со трамвај отидовме во нивниот “стан”, каде што беа и другите другари.

Куќичката на Валендин Дјуков беше приземна. Имаше три соби и дворче. Се поздравив со Валендин и со жена му, тетка Шура.

Пријатни руски луѓе, гостопримливи души. Многу се израдуваа со мене зашто Минчо им кажувал, велејќи ми: “Ти си на Миша другарката?” Сите Минчо го викаа Миша. Помалата соба ни ја отстапија нас со Минча, а другите: Паскал, Ламбро Чолаков, Лазар Поплазаров, Христо Коленцев, Ташко Хаџијанов и Павле Раковски во другата соба кој на кревет, кој на штици, кој на под.

Важно сите не бевме под ведро небо, но за неколку дена. Преку куќичката на Валендин, преку оградата, беше куќичката на сестра му и внука му Клавдија. На оградата имаше вратниче преку кое се влегуваше во нивната бавча. Ламбро Чолаков и Лазар Поплазаров и Ташко Хаџијанов се преселија таму.

Сите заедно по некој ден отидовме во републичкиот Црвен крст да бараме помош. Не прими Ана Митрофанова Черниш. Таа беше втор секретар и одговорна по партиска линија за давање помош.

Не упати да се пријавиме во Профсојузите за да ни дадат работа.

Ламбро Чолаков и Лазар Поплазаров веднаш се упатени да се јават во градежното претпријатие “Трас сибирскаја траса”.

Немавме средства за храна. Првите денови му ги изедовме сите компири на Валендин што ги имаше за исхрана на прасето, под услов, штом се вработиме, веднаш да му ги надоместиме. Кога еден ден се враќаме од град со трамвај, влеговме во еден дуќан, не да купуваме, туку само да видиме што се продава, зборуваме грчки тоа да не не разберат оти сме без пари. Чудо се случи.

Продавачката ни се доближи и ни вели: “Што, Вие сте Грци?” Ние и потврдуваме, велејќи и дека сме од Грција, бевме во логор и сега не ослободија, не испратија овде, не интернираа во Алма Ата. Таа ни вели дека тука има многу Грци интернирани од Кавказ, а нивните семејства се по логорите. Наша милост.

Продавачката ни наполни торба ориз, шеќер, леб и други продукти. Не охрабри дека има Грци вработени во угостителството и дека ќе ни помогнат и ние да се вработиме. Се викаше Марија. Млада жена. Се запознавме. И кажавме каде сме сместени, па ќе се гледаме. И се заблагодаривме и дека за се ќе и се оддолжиме.

По пат за “дома” се смееме со Минчо. Ете, што вели народот.

Роди ме мајко со касмет и фрли ме на буниште ќе ми биде добро.

Пусто наше “добро”. Но народната поговорка како да сакаше нам да ни се потврди. На одење кон зеленото пазарче за тој дел на градот едно утро, Минчо најде десет рубли. Уште едно изненадување. На Пазарчето како продавачка вработена беше уште една Марија, повозрасна од првата. Таа ни кажува дека за нас слушнала од таа Марија во дуќанчето. И таа со слична наша судбина. Син и и маж и биле во логор, а таа живее со свекрвата.

Значи, како заклучок со Минчо велиме: “Во Алма Ата има многу Грци”. Таа ни вели дека Сталин цел Кавказ го преселил овде во затворите, но дека сите се снашле, работат секакви работи и во угостителството. Марија не запозна и со тетка Евгенија. Нејзиниот брат Савас Костандинидис беше директор на трестот “Столови и ресторани” во градот. Не запозна и со него. Тие имаа сестра која беше преселена во Солун, во Грција, но не знаеја нејзина адреса.

Ни велеа ако се вратиме во Грција, да ја пронајдеме. Човечки судбини.

После недела-две, благодарение на Марија и Евгенија и со упат на Профсојузите, се вработивме во угостителството. Минчо се вработи во претпријатието “Столови и ресторани” кај Сава Костандиниди, а јас во XIII “столоваја”. Тоа беше менза на медицинскиот факултет. Од вработените бев многу срдечно прифатена. Сите тие луѓе беа маченици како нас: Грци, Руси, Чеченци, Татари, Евреи, Цигани и ние деветмина Македонци.

Во друга менза беше вработен Ристо Коленцев како товародоставувач, снабдувач, да пренесува леб и други продукти по мензите и рестораните. На истата работа беше и Ташко Хаџијанов. Паскал Митревски се вработи како контролор во една автобуска станица. Само Павле Раковски подолго време не беше вработен. Тој остана кај нас во едно сопче.

Таму кајшто бевме вработени ни се даваше храна, така што малку по малку си доаѓавме на себе, ја добивме својата лика.

Ламбро Чолаков уште првите денови по вработувањето при прескокнување на некое место си ја скрши ногата и беше под боледување. Во меѓувреме дојде и Уранија од Потма. И таа се смести кај нас. Се вработи таа како контролор во автобуска станица. Сите еден по еден си најдоа другарки и се преселија откај нас. И Уранија отиде кај Ламбро. Павле Раковски се запозна со некоја учителка Марија, Украинка, со која не запозна нас. Таа била партизанка во единицата на Брежнев, кој тогаш од Хрушчов беше поставен за секретар на КП на Казахстан.

Додека сите се вработија, јас од мензата, на која одговорна беше тетка Марија, Еврејка, која многу ме засака, им носев за јадење од останатото по масите. За своето семејство Марија не знаеше ништо, ни каде се. Ме остави мене да сечам леб по масите за студентите. По завршувањето на оброкот на студентите, лебот што остануваше по масите и друга храна ги собирав во едно торбиче и ги носев дома, на другарите. На работа и од работа одев пешки зашто платата ми беше само 16 рубли месечно. Околу 20 минути одев пешки по едно споредно патче. Тетка Марија, образована и многу паметна жена, ме забележа и ме праша: “Верочка, зошто ги собираш остатоците кога ние тие ги даваме за добитокот?” Се посрамив. Ми потекоа солзи. И ја раскажав мојата судбина, грижата за моите другари. Тогаш таа ми вели: “Слушај Верочка, отсега ќе земаш цел леб, несечен, ни останува”, а по некој ден ми вели: “Ќе земаш бел леб од бифето”. Еден ден ми вели: “ Верочка, дојдоа лимони во бифето, колку сакаш?” Јас и велам: “Килограм-два”. Таа почна да се смее: “Ќе добиеш еден или два. О Верочка, Верочка, ти не знаеш уште каде се наоѓаш!” Жените кои работеа во кујната, готвачките, после работата, подоцна, ме замолија да ги бројам талоните од јадењето. Им помагав, а тие ми даваа од јадењата што остануваа. Месото беше коњско. Во почетокот не можев да го јадам, ми беше кисело, но со време свикнав и ми беше вкусно. Козаците велеа: “Свињата е гнасна, коњот е чист и поубав, повкусно е коњското месо”.

Готвачките ми велеа: “Кога ќе доаѓаат нашите мажи, ќе ти кажеме на која маса ќе седнат, ќе им носиш ручек, а нека доаѓаат и твоите другари, ќе ги услужуваме”. Потполна доверба стекнав кај вработените во мензата.

Еден ден во мензата дојдоа тројца руски офицери. Тетка Марија ме предложи мене да ги послужувам. Љубезно им пријдов на нивната маса. Учтиво ги прашав со што имам чест да ги послужам.

Тие во почетокот се зачудија од мојата учтивост, на мојот однос кон нив. Ме прашаа од каде сум, бидејќи не личам на Русинка, дали сум Гркинка или Ерменка. Им рков дека вум Македонка од Грција. Тие ми возвратија: “Од Александар Македонски?” “Да, од срцето” – им велам. Ми предложија да ме фотографираат за да имаат спомен од една Македонка. Другиот ден ми ги донесоа фотографиите од снимката за да им ги подарам со мој потпис.

Казаците Александар Македонски го викаат Искендер Македонски. Имаа многу имиња такви меѓу нив.

Со многу студенти се спријателив. На заминување ми даваа подароци и визит-карти. Една од нив уште ја чувам. Таа е од Сакена, кој сигурно станал лекар.

Тетка Марија еден ден ми предложи да одам за келнерка во угледниот ресторан “Алатау”, бидејќи ќе доаѓале некои угледни гости. Отидовме заедно со мојата другарка Ваља, со која заедно работевме. Гостите беа задоволни од мојата услуга. Ми дадоа 15 рубли бакшиш, една моја месечна плата. Кога му кажав на Минчо за тоа, се зачуди. Со тие пари требаше да купиме нешто за облека, бидејќи одевме уште со тие што ни ги дадоа во логорот Потма.

Кај нас со Минчо последни останаа Павле и Уранија. И за нив веќе кажав, ама овде го повторувам тоа заради следниот случај.

Еден ден на пазар со Минчо, по пет и повеќе години, зедовме домати за салата. Бидејќи Уранија седеше дома без работа, и рековме да ја направи салатата. Таа, наместо масло, во салатата турила гаска, бидејќи двете шишиња беа еднододруго. Кога седнавме да јадеме, Минчо со посебен апетит чекаше да касне салата. Наместо задоволство, разочарување. Гледајќи што направила Уранија, Минчо целата чинија ја фрли врз неа. По тој случај Уранија отиде кај Ламбро Чолаков.

БЕВМЕ УПОРНИ ДА СЕ ВРАТИМЕ ВО МАКЕДОНИЈА Воспоставив врска со мајка ми и со семејството на Минчо, како и на Паскал. Писмата одеа долго – по два месеца, но сепак знаевме за своите. Мајка ми им испратила писма на семејствата на Ламбро Чолаков и Павле Раковски во Полска. По некое време и тие добија писма од нивните семејства. Семејството на Ламбро Чолаков набрзо се пресели од Полска во Скопје: жена му, брат му и внуците. Жена му на Павле Раковски, пак, по нашето враќање, заедно со ќерка му, од Полска заминаа во Алма Ата.

Мајка ми од Скопје им пишала писма и на моите во Америка: на татко ми во Канада, на стрико ми во Детроит и на вујко ми во Чикаго дека сум здрава и жива. Татко ми пишувал лично до Захаријадис, прашувајќи го за мене каде се наоѓам. Едно такво писмо има во Архивот на Македонија. Ристо Кирјазовски ми вети дека ќе ми го даде тоа писмо, но не ми го даде. Татко ми кога ја добил мојата адреса, од Торонто во Алма Ата ми испрати писмо и во него десет долари. Доларите со Минчо ги уништивме, бидејќи имаше опасност да бидеме осомничени зашто од истрагата имавме лошо искуство. И пишавме на мајка ми да им јави во Америка да не ни пуштаат писма и пари во Алма Ата, иако нешто беа изменети на подобро односите со Запад.

Во полицијата се јавувавме секој месец без право да го напуштиме градот. По нивна наредба се фотографиравме за лични карти за времен престој. Една таква сликичка и пуштив на мајка ми во Скопје, која тогаш живеше со мојот братучед Петре Ангелковски, кој од Битола се пресели во Скопје поради следното.

Двете баби: мојата баба Јагна и Петревата баба Лина, со коишто живееше мајка ми, починале. За да не биде сама, го повикала мајка ми Петрета со ќерка му Василка (вратена од Романија, каде починала мајка и) и со втората жена Олга Пејовска и нејзината ќерка Дочка. Мајка ми живееше во заедница со нив.

Кога мајка ми ја добила таа мала сликичка, почнала да плаче и да вели дека таа не сум јас, плаче, не верува дека сум жива, дека не е таа фотографија моја. За тоа ми пиша братучедот Петре. Јас присобрав облека: од Грузинката Марија, од тетка Евгенија и од сестрата на Сава Костандиниди, ја средив косата на фризер и се фотографирав. Веднаш новата фотографија и ја пуштив на мајка ми да се смири и да поверува дека сум јас жива и здрава. Ги имам двете фотографии.

Минуваше времето. Работиме. Склучивме пријателства со многу Руси и Грци. Не канеа на гости, посебно двете Марии, тетка Евгенија и Саво Костандиниди со семејството, но никому не откривавме кои сме, што сме, од каде сме и како дојдовме од Грција ваму. Нас убаво не знаеше само Ана Митрофанова Черниш, член на ЦК на КП на Казахстан.

Пишувавме писма до југословенската амбасада во Москва.

Тогаш амбасадор беше Видиќ. Него го замена Миќуновиќ.

Односите со Југославија беа подобрени, Тито и Јованка го посетија СССР, а потоа и Хрушчов дојде во Белград да му се извини на Тито. Не престанувавме да пишуваме и до раководството на Кремљ, до Маленков и до другите. Меѓутоа, нашите писма не стасуваа дотаму, туку ќе не повикаа во полицијата и не предупредуваа дека само преку нив треба да се обраќаме каде што сакаме.

Им пишувавме на своите во Скопје да прават што можат, да одат кај нашето раководство, дури до Колишевски за да можеме што побргу да си дојдеме.

Паскал Митревки и Ристо Коленцев во ноември 1955 година добија визи од југословенската амбасада за да можат да заминат во Југославија. Семејството на Паскал: жена, деца и родители се наоѓаа во Скопје, го напуштија градот Хрупишта за да не бидат уапсени од монархофашистите, оставајќи: куќа, дуќан со се покуќнина, за што веќе порано поопширно кажав.

Ристо Коленцев не знаеше каде се наоѓа неговото семејство. Тој е роден во Лерин, во голема и богата фамилија, по професија правник. Знаеше дека неговите родители, браќа и сестри беа затворани и осудувани од монархофашистите. Не знаеше каде се наоѓа ни неговата жена со девојчето. Потоа дозна дека жена му со девојчето беше во Унгарија, каде што од големите тортури и тешкиот емигрантски живот починаа. По доаѓањето во Скопје, Ристо се ожена за Елизабета Мијовиќ, Црногорка од угледно револуционерно семејство и имаше две деца.

По заминувањето на Паскал и Ристо, поупорно почнавме да пишуваме писма до југословенската амбасада и до советското раководство, но тие писма дојдоа само до полицијата во Алма Ата.

ПОНУДА ДА ОСТАНЕМЕ ВО АЛМА АТА Едно попладне во февруари 1956 година во куќичката на Валендин не посетија двајца господа. Ни се претставија дека се од Републичкиот Црвен крст. Кај нас во сопчето на неколку места капи дожд, а сме ставиле садови да се збира водата во нив. Кога овие господа влегоа и видоа во какви услови живееме, не укоруваа: “Зошто сакате да одите во Југославија – Македонија?” Кога би се согласиле да останеме таму, ни се нуди: стан, подобра работа, можност да студираме на кој сакаме факултет со стипендија. Ние со Минчо бевме категорични дека не можеме да останеме, сакаме да заминеме кај своите и ги замоливме, ако можат, за тоа да ни помогнат.

Дојдените не убедуваа да се премислиме и ни порачаа тие денови да се јавиме во републичкиот одбор на Црвениот крст кај Ана Митрофановна Черниш. На разделбата пак ни рекоа да размислиме за понудата. Од нивниот однос со Минчо заклучуваме дека овие се од Министерството за внатрешни работи, а не работници на Црвениот крст.

Според упатството на двајцата “работници на Црвениот крст”, по два-три дена се јавивме кај Ана Митрофановна Черниш. Таа не прими љубезно. Ни вети дека ќе ни биде доделена “квартира” што поскоро и се повторија истите убедувања: да останеме тука. Ни се пожали што не добила писмо од Паскал и Коленцев. Тогаш таа ни даде 700 рубли помош. Веројатно, тоа беше јадица на која да се фатиме.

Продолживме со Минчо да се допишуваме со нашите во Скопје.

Мајка ми отишла лично кај Лазар Колишевски. Се обратила и до Претседателот на Југославија, односно до Кабинетот на Тито во Белград. Оттаму мајка ми добила одговор, во кој, меѓу другото, пишувало: “На Вашата ќерка и е одобрено да дојде во Југославија.Тоа писмо мајка ми ми го пушти.Бидејќи писмата долго патуваа, го добив во мај 1956 година.

Одиме со Минчо во полицијата на Алма Ата, каде што еднаш месечно се пријавувавме. Пак ги молиме да ни се овозможи да одиме лично во Москва во југословенската амбасада. Тие пак истото: не може, “Југославија не Ве сака”. Им велиме: “Како ги сакаше Митревски и Коленцов? Југославија не сака и нас” и им го дадов писмото од мајка ми, односно писмото од Кабинетот на Претседателот на Југославија, Тито, во кое на мајка ми и пишува:

“На Вашата ќерка и е одобрено да дојде во Југославија”. Не знаеја што да ни речат, само прашуваат: “Како го добивте тоа писмо?” Им велам: “По пошта, како и обично”. Ќе се изедеа што тоа писмо не поминало низ нивната цензура.