НА ПАТ ЗА СИБИР - Part 01
НА ПАТ ЗА СИБИР
“Нарјадчикот” на крајот од јуни 1952 година влегува во мојата ќелија 446 утрото и ми наредува: “Собери се што имаш!” Ги собрав моите партали и ме спроведуваат како секогаш: еден стражар пред, друг зад мене. Слегувам по скалите. Ме носат на излезот од затворот и ме предаваат на други. Пред влезот стои “воронок”. Си мислам: “Каде сега ќе ме носат! Или, како што ми рече иследникот Никитин, во Сибир!” Се отвора вратата од “воронокот”. Седнувам на едно седиште што беше празно и ја затвораат вратата. Претворена сум во уво. Оди доста далеку затворската кола отколку при другите московски “прошетки”.
Застанува колата. Се отвораат вратите. Излегувам последна.
Неколку мажи се до една ограда завртени со грбот. И пред мене до оградата завртена со грбот во униформа на ДАГ, што веќе висеше на ослабеното тело, стои Уранија. Се погледнавме. Без зборување не зафати едно хистерично смеење со кое кажавме се за нашата мизерна положба во која што сме. Не прекина гласот на придружникот. Ја зеде прво Уранија и ја однесе во блискиот воз.
Мене малку подоцна, но во купето на столипинскиот воз ме ставија пак сама. Се разбира, тоа беше затворенички воз со решетки. Викам гласно: “Уранија, каде се?” Таа ми одговара:
“Тука сум покрај тебе, но со многу други жени”.
Со столипинскиот затворенички воз патуваме два-три дена.
Стасавме во градот Чељабинск. Од вагоните ги ваѓаат прво мажите, па жените и не носат во “пересилката” во Чељабинск.
Уранија ја ставаат со повеќе жени во една голема просторија, мене пак сама во една мала просторија, а ме прозиваат со двете имиња и презимиња: Вера Николовскаја ана же Евдокија Балева. Кога нашиот придружник ме повика најпосле откако другите жени ги смести, јас му се обратив: “Зошто мене ме делите од другите жени и од мојата другарка?” Тој ми вели: “Па вие сте од едно дело за да не се напаѓате, така ми е наредено”. Му велам: “Зошто да се напаѓаме? Ставете ме и мене со сите жени и со Уранија!” Тој се замисли и ми вели: “Тоа зависи од Вас. Ајде земете си работите и со нив!” Така, и јас по две и пол години самица им се придружив на повеќето жени и на Уранија. Таа тогаш ми рече: “Во последните месеци и во ќелијата бев со повеќе жени, а ти?” “Не, јас досега бев се сама, си зборував самата со себе и си пеев во ќелијата да не онемам”. Од Чељабинск не натоварија пак на воз за натаму во непознато. Но овој пат не бев сама. Стасавме во градот Новосибирск. Тука беше централната “пересилка”. Тоа беше голем логор. Можеше да се прошеташ низ логорот и да се видиш со многу затворенички од сите краеви на СССР, од Европа и од Азија. Овде не распоредија по групи кои кон каде ќе не испраќаат за понатаму во логори.
Останавме во Новосибирск повеќе денови. Со Уранија еден ден не однесоа да ги чистиме машките бараки. Изненадување! Колку е мал светот. Го гледаме Коста Цилков од селото Брезница, Костурско. Кога се видовме, нема крај на радоста. Ни вели: “Ние знаевме за вас во Ташкент. Таму сме целата армија и целото раководство. Не прашуваа за вас”. Му велам: “И мене ме прашуваа за тебе како каков те познавам”. Ми рече дека за тоа му кажале, но ни рече и тоа дека во Ташкент се исподелиле: едни за Захаријадис, други за Маркос.
Наводите што му ги кажав на мојот иследник за него Коста ги потврди, но ете и тој е затворен и не знае каде ќе го носат, а и ние не знаеме. Се интересира каде се другите другари што беа со нас затворени. “Не знаеме каде се. Уште тогаш, во 1950 година, не разделија кога не донесоа во СССР, којзнае кој во кој затвор е.
Само пред два месеца се сретнавме со Уранија”, му велиме на Коста Цилков, со кого се разделивме за повторно да се сретнеме во Македонија. Живееше во Гостивар, каде и почина. Бевме задоволни што од Коста добивме податоци за нашите во Ташкент.
Од Новосибирск бевме префрлени во логорот Таишет. Овој логор, како што ни кажуваа затвореници, бил централна пересилка и оттука се распоредуваа во логори во коишто ќе бидат упатувани мажи и жени. Ни велеа дека од тој логор понатаму има уште околу сто логори со мажи, жени, мајки со деца, а и “битовики”, кои не беа политички осуденици. Тие работеа по земјоделските стопанства, по софхозите за храна итн. И тука останавме неколку дена. Оттука една група жени не натоварија на воз и не однесоа во женскиот логор наречен “21 колона.” Добивме логорска облека: црна телогрејка, бруки и на бруките црна платнена наметка нешто како сукња и на нејзината долна десна страна втиснат бројот АО 446. Истиот број беше втиснат на грбот од телогрејката. Таму студот почнува во септември. На главата немав ништо, па ја носев пилотката. Настинав. Една затвореничка, која беше одговорна за логорот, Литванка по националност, се прозиваше Ласковскаја, ме сожали и ми даде една капа за уши (“ушанка”) и така се спасив, но оттогаш и ден-денес зиме на глава морам да носам капа. Косата во логорот ја пресеков, бидејќи имав долги плетенки, косата три години непотсечена. Ги пресеков плетенките зашто не можев да ја одржувам.
ВО ЛОГОРОТ 21 Кога влеговме во логорот 21, околу нас новодојдените се насобраа затовренички и гледаат како не носат во управата да се пријавиме. Додека бевме во војничка униформа, мислеа дека сме англиски авијатичари. Им велам: “Јас сум Македонка. Од англиските авијатичари страдав во Грција”. Се чудеа. Пак едни велеа дека сум Грузинка, други Ерменка. Изгледа тоа го заклучуваа по некои мои црти, а јас повторував дека сум Македонка, а тие пак: Гркинка.
Во логорот во Таишет имаше илјадници затвореници жени и мажи. И тука се вршеше распоред кои каде ќе бидат испратени на понатамошно издржување на казната во некој логор. Еве една група сме во логорот 21. Не има: Германки, Русинки, Украинки, Македонки и од балтичките земји.
По пријавувањето, не сместија во бараки, кои навечер се заклучуваа. Пак бев одделена од Уранија, бидејќи таа се претстави како артист и ја сместија во бараката со затворениците артистки.
Во мојата барака повеќето беа: Русинки, Украинки и од балтичките земји (Естонки, Литванки, Летонки). Бев сместена во вториот ред “нари”. До мене беше една Украинка. Се викаше Елизабета. Прекрасна жена. Со неа се спријателив. Таа ми кажа дека мажот и бил новинар и бил затворен во Виена, а потоа и неа ја затвориле. На разделбата Елизабета ми даде фотографија од нејзините две дечиња: Миша и Вова, кои живееја во Киев со мајка и. Фотографијата ја имам. Ги побарав по ослободувањето, но не добив одговор. Не знам каде се сега.
Адресата што ми ја даде Елизабета на нејзината мајка беше:
“УССР 2 Киев ул. Клинческаја 23 ВНИС, Разнотовској Варваре Винијаминовски”. Ливчето со адресата уште го чувам.
Од мојата лева страна до мене беше една учителка од Ленинград.
Се викаше Раиса Шахновскаја. Ја чувам и нејзината фотографија што ми ја даде. Таа имаше син, но не знаеше каде е. Раиса се фотографирала на 8 мај 1944 година, а ми ја подари фотографијата на 1 јули 1954 година.
Фотографија ми дадоа и една професорка од Литванија и нејзината сестра. И нивните фотографии ги чувам како спомен на едно тешко, неизвесно време во логорот 21 во Сибир. Бевме добри другарки. Не зближи истата судбина. Нивната адреса е:
“Литовскаја ССР Кламендескаја см Г Салантам ул. Плунчес Н° 13 Б уда Витас”. Фотографии ми подарија и сестрите Наташа (Натуте) и Броња од Рига, на 6 јули 1954 година. Адреса, без фотографија, имам и од Карсовој Екатерина Александровне: “П/а Горкино Ивановскаја област Родмировскиј реон”. Оваа адреса му ја даде на Минчо нејзиниот сопург, научник, Каро, со кого беа заедно во логор. Оттаму Минчо има адреса уште на еден друг сострадалник од Воркута, од Киев, што ја добил на 9 октомври
1954 година.
Една Германка, моја другарка од логорот 21, нејзината адреса ми ја напиша на платно. Таа ми рече дека нејзините родители и децата кога ја затвориле се наоѓале во Полска, во градот Згорзелец.
Мажот и бил есесовски офицер. Рускиот јазик таа добро го владееше, покрај полскиот. Ми рече дека неа со авион ја префрлиле во Москва и лично Берија ја испитувал, кому му рекла:
“Нашиот фашизам е подобар од вашиот комунизам”. Ми вели:
“Верочка, толку бевме фанатизирани, па затоа и крахиравме”. Со доаѓањето на Аденауер во СССР и потпишувањето на спогодбата за затворениците, Елизабета Швинковскаја беше ослободена.
Повторно со неа се сретнавме во меѓународниот логор за затвореници во Потма. Ја запознав со Минчо и со Паскал. Таа со повеќе германски затвореници пред нас замина за Германија, а нас партизаните не интернираа за Казахстан. Каква судбина! Бевме третирани како поголеми непријатели од германските фашисти.
Тие си заминаа во својата земја, а ние дури после година и пол се сретнавме со своите семејства. Ја побарав, од на слобода, Елизабета на адресата, бидејќи ми имаше речено дека и да не е на таа адреса, тие што ќе ја добијат пратката ќе знаат каде е. Беше многу напредна жена. Веруваше дека ќе агитира против фашизмот.
Зошто толку многу жени затворенички ми даваа нивни фотографии и нивни адреси? Сите мислеа дека јас ќе бидам побргу ослободена од нив, па на нивните фамилии да им јавам со писмо дека се живи и здрави и каде се наоѓаат. Што се случи со нив подоцна не знам, не знам ни која од нив имаше среќа да се види со своите најмили. Можеби, ако дојде оваа моја книга во рацете на некоја од нив, ќе ми се јави.
Во логорот 21 во Сибир се запознав и со многу Русинки и нивните судбини, како и со Украинки и од балтичките земји.
Имаше студентки од Московскиот универзитет, кои беа осудени на по 25 години затвор затоа што подготвувале атентат врз Лазар Каганович, член на Политбирото на СССР. Таа била група од 25 студентки и студенти, па по толку години и беа осудени.
Всушност, казната им изнесуваше 25 години и 5 години лишување од политичките права по ослободувањето, па затоа велеа: “25 и 5”.
Од нив најдрага ми беше Илона Ленскаја, уметник. Таа ми даде разгледница од Црвениот плоштад и на грбот ми ја напиша нејзината адреса. На истата разгледница е и адресата на нејзиниот син и на родителите на Раиса Александрова. Имаше и една прекрасна московјанка, Лидија Савинскаја, што била службеник во индиската амбасада. Таа беше осудена на 10 години затвор затоа што се заљубила во еден индиски службеник во амбасадата.
Татко и бил полковник во советската армија. Еднаш дојде да ја посети во логорот. Се сретнав со артиската Тања Перепелицина и со постари жени коишто работеа во библиотеката. Тие лично се познавале со Ленин. Тоа толкупати ми го повторуваа и ми го тврдеа, кажувајќи ми конкретни средби со него. На една од нив и заврши казната, издржала 25 години. Требаше да ја ослободат и да си оди дома, но таа откажа. Му рече на управникот на логорот дека не сака да си оди зашто, ако си оди, поради неа ќе имаат неприлики нејзините и сака да остане и да работи во логорот.
Имаше многу затворенички кои биле добри, примерни советски граѓани, а се нашле каде што не треба од подли клевети. Сите тие беа професорки, образовани жени. По моето заминување во логорот број 9, не знам што стана со нив. Се обидов да стапам во контакт со некои од нив при мојата туристичка посета на Москва подоцна, но не успеав.
Во логорот број 21 не распоредија по бригади во фабрика за обработка на слуда-момирок. Ни дадоа по еден специјален нож за одвојување на момирокот од каменот. Таа е тешка работа.
Момирокот е тенок, одвај видлив, а нормата беше 600 грама за десетчасовна работа. Никој не можевме да ја исполниме нормата.
Одвај ќе одвоевме 300-350 до 400 грама. Момирокот е минерал што содржи 32 вида минерали, а се употребува во електростапанството и во авијацијата. Така барем ни велеа на предавањата. Таква фабрика имале и во Иркутск. Парчиња од момирок тајно скрив и донесов дома. Набавив и една книга како се работи момирокот. И неа ја имам.
Сретнав една Бугарка во логорот 21. За време на окупацијата била во Прилеп. Таа беше шеф на една таква фабрика.
Материјалот го обработуваа и го испраќаа во Бугарија. Кога дојдов на слобода, како да ми стана јасно зошто таа Бугарка за време на окупацијата била пуштена во Прилеп, бидејќи таму има момирок.
СТАНАВ КОВАЧКА Тешка ми беше работата со момирокот, ама уште потешко ми беше дишењето на ситната прашина. Наумив некако да се ослободам оттука. Директорот на логорот секое утро, пред одење на работа, не прозиваше за да провери дали сме сите. Тој за време на војната се оженил за Полјакиња. Само заради тоа беше интерниран, овде со нас, заедно беше со жена му. Како што бевме построени, прашува дали некоја од нас се разбира во ковачки занает. Се пријавив. Ме праша од каде знам. Му велам: “Во моето родно село Д’мбени еден мој стрико имаше ковачница. Јас постојано одев кај него и му помагав во работата. Дував на мевот, а и со чеканот го растегнував усвитеното железо”.
Сега ми се појави сликата на моето село Д’мбени. Ја гледам ковачницата на браќата Крсто и Коста Раткови кои имаа ковачница. Погледите на сите во стројот се свртеа кон мене.
Уранија се стаписа што е ова, а јас бев решена што сакаат да ми дадат друго да работам само да се спасам од момирокот.
Управникот ми вели: “Од утре си во ковачницата”.
Се спасив од момирокот. Можев слободно да шетам низ логорот.
Како на тешкофизички работник ми даваа дупла чинија. Бев заедно со една Литванка. Се викаше Натуте, значи: Наташа. Таа ме учеше. Јас го дував мевот за разгорување на огнот. Таа, понекогаш и јас, го растегнувавме челичното железо. Од него правеа решетки на затворките прозорци, а и клинци. Со Натуте останав некои два месеца и бев “слободна”.
НА РАБОТА НАДВОР ОД ЛОГОРОТ При обиколката на ковачницата, дојде да провери капетанот на логорот, Евреин, но и тој интерниран. Кога ме виде во ковачницата, ми вели: “Николовскаја, треба да се вратиш кај момирокот, што бараш ти тука?” -По наредба на управникот дојдов овде! – му велам.
-Не, ќе се вратиш! – ми вели, а јас упорно му велам дека овде сум определена и назад не се враќам. “Е тогаш, ми вели, ќе одиш на работа надвор од логоров со друга бригада!” Се сложив. Бев распоредена во бригада на работнички за снабдување со дрва, а кога паѓаше снег ги чистевме железничките шини од снегот. Летото таму траеше сосема кусо, месец и пол до два. За тоа време од малкуто сонце се множеа мали инсекти што ги викаа “мошки”. Мошките летаа во рој. На отворено ќе те изедеа, не можеш да го дочуваш лицето. Постарите затвореници ни велеа дека кога ги казнувале затворениците, ги оставале на сонце без заштита и од мошките умирале зашто тие им ја цицале крвта. Ете, значи, Евреинот и мене по казна ме пушти зашто не се враќав кај момирокот. И ние на отворено јадевме.
Зимата – сибирска, но ни дадоа: валенки, блузи фатирани, бушлати фотирани и капи ушанки. Кога навечер се враќавме, сите нив ги остававме во сушилниса да се исушат за следниот ден.
Облеката ни беше нумерирана и секој си ја земавме својата.
Еднаш на -40 степени не однесоа да товараме дрва. Изгледа тие беа од друг логор во кој беа сместени затвореници мажи.
Товариме така облечени што само очите и носовите ни се гледаат.
Но постои опасност носовите да ни смрзнат, па едната другата се опоменуваме: “Триј го носот со снег, образите ти се побелени да не ти замрзнат.” Снегот замрзнат, па со валенките не крепеше (тие беа специјални од набиена волна и не пропуштаа вода). Чевли таму не се облекуваа, бидејќи ќе се залепеа за месото од нозете.
Двапати во годната ни дозволува да пуштиме писмо до своите, но на тие од СССР. Јас немав право, односно сите затворенички од другите земји ја немавме таа привилегија. Тоа мое право им го отстапував на моите познати Украинки и Русинки, а тие од своите бараа да им испратат само сланина и лук, па кога ќе го добиеја бараното, ми даваа и мене. Сланината ја користеа за појачување на храната. Со лукот ја мачкаа кората од лебот за да не се разболат, а и непцата ги триеја за од болест да не им паднат забите. Зимата за јадење ни даваа, наместо чај, варен хвој од листовите на елките и од боровите, бидејќи изобилувале со кислород и имале витамин Ц за да не се разболуваме. Така не одружува: ни живи, ни мртви.
РАЗНИ СЛУЧУВАЊА ВО ЛОГОРОТ 21 Имаше многу религиозен свет во логорот 21. посебно секти. И, ете, доста беа тука заради нивната религиозност. Иако Сталин учел богословија, вака се пресметувал со верниците, посебно со саботарите, децата на Јове и други. Кога почнав јас да им кажувам дека на училиште учев веронаука и им ги кажував некои проповеди и молитви што ги знаев, припадниците на сектите кренаа раце од мене.
Како што бевме построени едно утро сите затворенички, началникот на логорот ни соопшти дека од логорот во Воркута се обиделе некои логораши да бегаат заедно со некој авијатичар кој направил обид да го киднапира малото авионче. Меѓу имињата на тие логораши го спомна и името на Паскал Митревски. Се стресов, но кај мене се јави и една чудна радост што сознав дека моите другари се живи, но во други логори, и спроведени во еден од најлошите затвори – Нижниј. Тие до мене забележаа дека сум возбудена од соопштението, па ме прашуваат дали ги познавам именуваните. “Едниот од нив лично го познавам. Тој беше министер на Привремената влада на Грција” – им кажав. Често во сите логори на СССР се кажуваа такви измислици за да ги плашат затворениците.
Едно време во нашиот логор дојдоа нови затворенички. Ги прашуваме од каде доаѓаат. Ни рекоа дека доаѓаат од логорите на Караганда. Таму имало затвореници офицери на Црвената армија.
Тие се побуниле, а со нив се солидаризирале и сите други, се обединиле. Меѓутоа, третиот ден дошле тенкови и булдожери и што можеле испоубиле, а тие што останале ги испратиле во други логори, од коишто се и тие.
Имаше во логорот жени осудени за кражби и други дела, но не политички. Нив ги викаа “битовики”, а најчесто суки-кучки. Кога ќе се караа меѓусебе, се тепаа, касајќи си ги носовите.
Најмногу во нашиот логор имаше Украинки, млади девојки, за коишто веќе еднаш кажав. Слична нивна судбина доживеала и една лекарка од Ленинград. Таа ми велеше дека за време на војна, и во слобода, лекарите гледаат само болни, а не кој што е. Така, таа за време но опсадата на Ленинград на сите ранети им давала лекарска помош. Бидејќи им укажувала помош и на Германци, добила 25 години затвор и 5 години лишување од политички права по нивното издржување. На судењето и рекле дека била во служба на окупаторот зашто лекувала германски ранети, а дека тоа е лекарска должност не важело за судот, како што не важело дека и малите Украинки сосила биле спроведувани да служат германски фамилии, важно “му служеле на окупаторот”.
Веста што ни ја соопшти началникот на логорот пред целиот строј на 5 март 1953 година дека умрел Јосиф Висарионович Сталин не не трогна. Напротив, доста викаа: “Одамна требаше да умре, зволоч”. На Уранија и велам дека сега ќе не ослободат и нас. Таа ми вели: “И ти веруваш дека ќе се вратиме во Македонија?!” И одговорив потврдно: “Да и ќе се шетам по плоштадот во Скопје”. Таа не веруваше, имаше друго мислење. И по “жалната вест” во логорот не се измена ништо. Одевме во софхозите што ги обработуваа битовиките. Тие садеа: компири, цвекло, моркови и друго, а ние ги збиравме плодовите. Практично затворениците ја обезбедуваа својата “исхрана”, што би се рекло:
затвореници за затвореници. Берејќи, јадевме од плодовите живи, но важно да се наполни стомакот, а се богати и со витамини.
Земјата во Сибир беше плодна. Само за два месеца лето се раѓаше многу и убав род. Таму видов мали јаболкници. Велеа дека се пресадувани од научникот Мичурин.
Покрај работење во полето, во гората сечевме дрва. И таму имаше што да се виде и доживее. Стражарите го обележуваа местото на четирите страни до каде треба да сечеме дрва. Тоа го правеа со закачување штици на колја. На штиците напишано:
“Запретна зона”. Еднаш кога пресековме со пил една елка, нејзиниот врв падна надвор од “запретната зона”. Една Германка отиде да ги сече гранките од елката што беа надвор од обележаното место. Стражарот викна: “Назад!”, но таа не разбра и продолжи да сече. Тој отвори оган со оружјето што го имаше и ја уби. Цела бригада почнавме да се буниме за тоа злосторство, но тој ни се закануваше и нам, велејќи ни дека таа ќе бегала. И во таа трогателност, во знак на осуда, почнавме да се смееме: каде ќе одеше во таа гора, не знае ни каде е, не може да се снајде во таа џунгла. Смешно и жално. Веднаш ни наредија да ги товариме пресечените дрва во камионот и ајде назад во логорот. Убиената не ни дозволија да ја понесеме или барем да ја погребаме. Ај човек ај куче: ќе смрзне, а штом се затопли, ќе се распадне.
ВО ЛОГОРОТ БРОЈ 9 Од логорот 21 во 1954 година бев префрлена во логорот, кој се викаше “Штрофнаја колона”, а Уранија остана во 21. Некои од моите другарки, за коишто зборував порано, мислеа дека ќе бидам ослободена, па ми даваа како подарок нивни фотографии и адреси за од слобода да им се јавам.
Логорот во којшто бев префрлена беше помал, со многу помалку затворенички. Повеќе од нив се: Романки, Чехинки, Германки, Русинки кои живеле во Кина, руски Германки кои од порано живееле во Русија, руски поданици и задолжително Украинки.
Значи, повеќето се странкињи.
Сретнав една Украинка која ми кажа ужас во кој просто човек да не поверува. Имено, по Октомвриската револуција, пред Втората светска војна, кога во нивното село е направил колхоз (колектив, СР3), односно кога се извршила колективизација на земјата, луѓето многу осиромашеле. Станале канибалисти. Таа ми кажуваше како луѓето, од глад, меѓу себе се јаделе. Таа уплашена избегала пешки. Патем ја сретнале и ја качиле во воз. Во Москва била прифатена во дом и за време на војната, со повеќе украински семејства кои бегале од Украина, ги прифатиле во Сибир во фабрика и за градење на гасоводи и пруги. Ја раскажувала таа својата приказна, ама никому не му се допаднала и и дале десет години затвор и во логорите. Беше прекрасна девојка. Кога се дружиш со Украинките, ти пејат “частушки”, прекрасни гласови.
Исто како во моето село Д’мбени. Слични песни потоа пеевме ние групата “Костурчанки”, такавикани: гртени, влечени, укани...
Условите во логорот 9 беа ужасни. Наскоро почна да се топи снегот. Сечевме дрва во тајгата, гората. Ни велеа дека на тоа место треба да се прави град. Нас не тераат да го чистиме теренот/просторот на којшто треба да се градат куќите. Две групи затворенички во јули не однесоа на една огромна ледина. Ни дадоа коси да косиме трева, а таа беше доста порасната. Местото го викаа “Мишова колиба”.
Бевме пречекани од еден Сибирец, кој таму некаде живееше. По неговите упатства ние косевме. Откако ќе се исушеше по неколку дена, тревата, односно сеното го збиравме и го складиравме за добитокот преку зимата во силоси, но добиток не видовме никаде.
Веројатно некаде во околината имаше фарми. Името местото го добило по некој Мишо пустиник. Овде добив “унапредување”. Ме ставија одговрна на една бригада косачки зашто на непознатиот одговорен му се видело дека добро косам.
Есента не однесоа на полјанката кајшто сечевме дрва со пили.
Местото беше расчистено, веројатно, од некои машки логорашки бригади. На таеишескиот терен, како што ни раскажуваа старите логорашки, односно во Иркудската област имало околу сто машки и женски логори со политички затвореници и “битовики”.
Куќичките што ги градеа мажи затвореници со труповите од пресечените елки и борови, нашата бригада требаше одвнатре да ги малтерисуваме, а месец ноември. Земи малтер со мистријата, стави го на дрвата, тој падни. Маки мачевме.
Куќичките беа ниски. Еден ден со една Романка, се викаше Ира, се качивме на чатијата. Требаше да го малтерисуваме оџакот, односно да соѕидаме оџак. Стави тула и малтер, од студот малтерот ќе замрзнеше. Никако да го соѕидаме оџакот и се расправаме со Ира.
ЈА СЛУШНАВ НАЈРАДОСНАТА ВЕСТ – НА СЛОБОДА Додека се мачиме со Ира околу оџакот, ете ја одговорната на логорот на битовиките и од далеку вика: “Николовскаја, на свобода; Николовскаја, на свобода!” Ја фрлив мистријата. “На, прави го оџаков сама!” – и велам на Ира и од чатијата скокнав долу. Заедно со одговорната дојдовме во логорот. Се јавив во канцеларијата на управникот. Тој ми ги зеде генералиите: двете имиња и презимиња и ми вели дека од Врховниот обвинител на СССР сум ослободена од казната и од обвинението и одам на слобода, но ќе треба да почекам се додека ќе има и други за патување. Постојано по смртта на Сталина очекував нешто да се случи со нас, бидејќи сме невини.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/do-pekolot-i-nazad/12 on October 29, 2026