Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

A Story Told About a Person from Zhelevo: A Book About Risto Mavrovski

Front Matter - Part 02

Par Спиро Мавровски · Partie 2 sur 14 · Environ 22 minutes

Lire en English

Пролетта 1943 год се разви партизанското движење, во кое учествуваше активно мојот брат Спиро, кој секогаш кажуваше издржете уште малку ќе паднат овие гадови. Навистина на 09.09. 1943 год. Италија капитулира, но истиот ден во селото дојдоа германците и се сместија во кафето на Фото Сотиров, во куќата на Танас Јановски (шофер), на Брода и кај Нановци каде што беше штабот на германците во селото.

Кога паднаа италјанците Неда со децата собра доста пљачки, војнички работи, муниција и м у ја предаде на внукот Пандо Трендов како помош за партизаните. Бидејќи синовите работеа и помагаа во движењето Неда и Мијал беа вознемирени и секогаш ги учеа да бидат претпазливи. Но летото 1944 год.

мајка ми заедно со мене се враќаше од нивата во Долни Купот со магарето товарено со трева. Германците СС единица ја застанаа пред кафаната, тука врвеше јазот за водениците со вода, каде германците направија голем вир во кој се ладеа, ја фатија за раменици два војници и ја турнаја во вирот, го пуштија кучето кон мајка ми, така да таа почна да се дави, тие смеејќи се ја извадија од вирот и ја фрлија тревата на ливадата.

Јас тогаш отидов кај другите германци во куќата на Танас шоферот, викнав еден болничар, тој ја прегледа и стави инекција но мајка ми беше во несвест и остана долго да лежи во тревата. Покасно ја зедоа и ја донесоа дома да лежи, од тој момент Неда никогаш не се опорави и не беше онаа жена што секогаш се борела. Неда беше фрлена во вирот зошто беше накажана од некои селани дека носела храна за партизаните во планина, но причината многу попроста, кавга за водата кои да полева во нивите во Долни Куп. (Токму поради тоа почина мојата баба Неда која за жал сем во сликите не сум успеал да ја видам). Но покасно истите германци што ја уморија мајка ми беа убиени близу до селата Трнаа и Руља од партизаните и истите се закопани до кафаната во нашето село. Неда после победата над германците 1945 год. остана да лежи во постела, летото 1945 год беше однесена во болница во Лерин но ништо не помогна, таа и понатаму остана да лежи дома полумртва и непокретна.

Во 1946 год. Мијал со децата ја преправи старата куќа и направи нова на истото место. Во оваа година Неда го жени својот син Спиро со Ристана Беќарова на Васил Беќаров ќерка, доста сиромашна но млада и убава невеста, така да Неда се израдува само на оваа невеста, но за жал во почетокот на 1947 год Спиро заминува во партизани, нешто покасно јуни 1947 год заминувам и јас во партизани, семејството се намалува, а кога Никола заминува со децата пролетта 1948 год. Неда останува со Мијал, Спировица и ќерката Софија. Не можејќи повеќе да го издржи сето тоа со големи болки во срцето таа почина на крајот на месец април 1948 год. Во борбата таа го даде својот и македонски голем син Спиро Шкаврев Мавровски кој беше ранет во Шестевската бука, почина кај Буката, донесен во селото и закопан до гробот на мајка си.

Мојата мајка постојано не учеше да бидеме мирни, храбри, поштени и чесни деца. Почина но остана за постојано срцата на останатите деца Ристо, Софија и Коле, нека му е вечна слава на таква мајка што самата борејќи се со сите тешкотии што ги проживе од кога се роди се до неговата смрт. Мајка ми почина на 48 години возраст но таа уште од 1944 год беше во умрените од германскиот фашизам.

Сето ова го пишува нејзиниот син за да никогаш не се заборави.

Битола 1988 год. по повод 40 години од смртта на мојата мајка.

Мојот брат Спиро Михаил Шкаврев (Мавровски) (1925 –

1948 год.)

Роден е во село Желево, Леринска околија, Егејска Македонија 1925 год. како второ дете на Неда и Мијал Шкавреви.

Потекнува од сиромашно работничко семејство, школото до шестти курс на грчки јазик го завршува до 1938 год. во селото.

Бидејќи немаше можност да продолжи со школувањето, а татко му Мијал беше мајстор ѕидар, така почна да го учи занаетот мајсторлукот од татко му, но таков бунтовен не се сложува со експлоатацијата кон него и на останатите работници. Спиро се организира во младинската организација на КПГ, во селото главен организатор, раководител, беше стариот комунист Пандо Трендов. Спиро работаше во селото во партиската организација од почетокот на војната 28.10.1940 год. до пролетта 1941 год.

кога за Велигден доаѓаат германските војски во селото, која набргу беше заменета со чета на италјански војници и специјална единица полиција „карабинерија“.

Под раководство на Пандо Трендов, Спиро Симовски, Илија Марков, Тоде Кировски и Коле Николов кои беа организација на КПГ во селото, брат ми Спиро заедно со други младинци собираат пушки, разна муниција, војничка облека, санитетски работи од повлечената грчка војска која се растури формациски, работите се криеја на строго доверливи места.

Покасно истата година ги помагаа сиромасите и гладните фамилии.

Септември 1941 се формира ЕАМ, но и покрај неговата работа на ова поле тој заедно со татко му и останатите членови на семејството работеше земјоделски работи. Со истото се продолжува и во 1942 год. со организациска работа, а преку зимата брат ми Спиро со останатите желевци го ринат снегот на џадето што доаѓа од Лерин.

Талјаните не мируваат носат во селото пушки и вооружуваат одредена група на селани, од друга страна бугарските војски даваат пушки и пченка за тие што се изјаснуваат за бугари.

Спиро не се меша во овие манџи, зошто веќе е организиран во КПГ. Италјаните прават рација во селото и носат една група селани во Костур, а малку потоа уште една од седум члена.

Првата група се ослободи и врати но во втората се враќа само Поп Спиро од Балковци, а се стрелани следните желевци:

Пандо и Павле Поповски браќа, Пандо Ласку Стерју, Васил Ѓамов, Иљо Јандровски.

Пролетта 1943 год. излезе и првата група партизани и тоа:

Пандо Марков, Ѓорги Сидери, Ѓорги Богданов, Коле Финдако, Лазо Јановски Глигоров и други што ги изуми. Така почна борбата против непријателот, а во летото 1943 год. излегоа нови партизани во одредите. Спиро како член на КПГ, е во групите што остануваат во селото за извршување на разни курирски и диверзантски акции, до капитулацијата на Италија 09.09.1943 год. Спиро под раководство на КПГ носи оружје во село Буф на партизаните од македонската војска, врши разни акции со кинење на телефонските врски, собирање храна и облека, така да на водици кога се фрла крстот Спиро успева да го фати и сите пари, храна собрани во селото ги пратија за партизаните.

Помага за разоружување на вооружените селани во селото од италјаните, ги префрла Ерменците од германските војски кај партизаните, и друга пропагандна работа.

После заминувањето на германските војски есента 1944 год. во селото останаја само единиците на ЕЛАС-то, сега веќе немаше непријатели од надвор, но треба да се помага населението со разни агитации и акции за градење на нов живот. Малку порано во септември 1944 год. некој македонски единици на чело со Гоце се отцепија од ЕЛАС и преминаја во Вардарска Македонија, така да започна следна расправија во движењето, едни за грци други за македонци но војната не беше завршена.

Англичаните во декември 1944 год. прават инвазија во Атина и тука гине многу народ, но Грција полека станува англиска колонија, пошто ЕЛАС, ЕАМ, ДАГ од порано склучиле некои договори со англичаните и кралската бегалска влада во Египет.

Покрај тоа што имаше 160.000 борци не можеа да ја добијат и станат господари во својата земја Грција.

Во тоа време Спиро е во селото и се бори според дадени партиски задачи. Пролетта 1945 год. во селото пристигаат првите монархо фашистички војски покасно и една чета англичани, кои не се задржаа долго во селото, така да селото повторно се најде окупирано но сега од друг непријател, така да од тој момент почнува нова борба многу посурова од претходната.

Монархофашистите почнуваат да вршат претреси по куќите на борците, да ги тепат на јавни места на средсело, да ги затвораат и други гадости. Спиро тоа време се врати заедно со татко му да ја прават новата куќа, а во 1946 год. се жени за Ристана Беќарова, убава мома но малку сиромашна. Истата година требаше да има парламентарни избори во Грција, но партијата КПГ даде проглас никој прогресивен да не излегува на избори, Спиро максимално се вклучи во агитацијата никој да не гласа, што покасно го почуствува жестоко. Грчката влада направи мобилизација и војска отидоа само лојалните лица. Спиро со поголема група ги вратија со образложение дека е болен (дека е червен). Така Спиро не отиде грчки војник.

Во пролетта 1946 год. почна граѓанската војна која траеше се до август 1949 год. Плашејќи се од затвор или интернација што тогаш се случуваја масовно, Спиро пролетта 1947 год. со поголема група младинци заминива во партизани на планината Вичо, и станува борец на ДАГ. Оттука започнува неговата голема храброст, пожртвуваност, одрекување од неговата другарка, од неговато сакано семејство. Спиро се спрема со Леко Марков и други борци во специјална единица, за поставување мини, фрлање панцери на тенкови, рушење на бункери, телефонски столбови, мостови и патишта. Оваа група беше во штабот на Вичо. Спиро учествуваше во битките 1947 год. кај: Раково, Невеска, Горна и Долна Клештина, Овчарени, Дамбени, Четирок костурско и во други. Во борбата есента 1947 год. во село Сребрено, леринско, се ранува многу тешко, го губи едното око, но не ги напушта другарите, туку покажува голема храброст, за која преку радио Слободна Грција и главниот штаб на ДАГ му оддаваат признание и го прогласуваат за народен херој. Така после оваа борба беше префрлен на лечење во Албанија, Тирана за да биде префрлен во логорот Сукт.

Кога почна офанзивата на Грамос летото 1948 год. иако со едно око тој самиот побара да се приклучи на борбите се среќава со Цветко од Лерин, се бори цело време но повторно во една борба од авионска бомба е затрупан во бункерот и повторно се ранува, и пак го префрлаат во Албанија овој пат во Корча. Но Спиро повторно не мирува, моли пак да се врати на фронтот и есента 1948 го. повторно се враќа на Вичо планина, но не за долго затоа што во битката кај Шестевската Бука повторно се ранува и сега е префрлен во Југославија во местото Булкес. Ова трае повторно кратко и во јануари 1949 год. Спиро е пренесен во Будимпешта, Унгарија, поради тешките повреди на окото, парчиња од граната во главата, тој на негово барање пролетта 1949 год. побара од тамошните власти да се врати на фронтот.

Преку Албанија влезе во Преспа на слободна територија на ДАГ, каде е поставен за политички комесар на чета во месноста Врро над село Поздивишта, Костурско. Тука остана се до неговото последно четвртто,смртно ранување на 28.06.1949 год.

во месноста Буката при една голема битка, поголем број од борците смртно страдаа а Спиро тешко, смртно ранет е пренесен во село Трнаа во болница, но тука почина. Неговите соборци Фана Симовска, Севда Станишева, Тена Темовска и уште еден борец што не го познавам, го однесоа во село Желево каде е погребан до гробот на својата покојна мајка. На сите оние кои го донесоа телото во Желево му благодариме за овој хуман гест кој никогаш нема да го заборавиме, сполај му на сите. Направена е голема почит кон Спиро како на комунист, борец и командант на ДАГ.

После смртта на Спиро во селото остануваат неговите татко Михаил, брат Ристо, сестра Софија, сопругата Ристана кои сите се директни борци во редовите на ДАГ и најмалиот брат Коле кои се наога во Унгарија со децата.

Ние ја продолживме борбата, по истиот пат по кој се бореше Спиро, за жал борбата ја изгубивме, но неговиот ведар лик и дух никогаш нема да го заборавиме, му остануваме верни со заклетвата што ја зедовме да се бориме и ќе се бориме до крајната цел Слободна, Демократска и Братска Мила Татковина, ова ќе го пренесеме и на неговите внуци, бидејќи тој не остави свое потомство.

За жал неговото семејство не успеало никогаш повеќе да се собери на едно место, сопругата Ристана во Полска се премажува, татко му останува во селото се до смртта 1964 год, дотогаш со ќерката Софија, а после и Софија заминува во Канада, браќата Ристо и Коле после Полска заминуваат за Македонија и остануваат тука вечно во Битола.

Никогаш нема да биде заборавено неговото име и ликот на комунист, борец а пред се чесен, храбар младинец почитуван од сите. Нека му е вечна слава и вечна памет, од неговите браќа Ристо, Коле и сестрата Софија.

Мојата сестра Софија Михаил Шкаврева (Стефова) родена

1932 год Родена 1932 год. во село Желево, од татко Михаил и мајка Неда, како најмала и единствено женско дете беше сакана и галена од родителите и браќата. На училиште тргна 1938 год. но кога започна војната 1940 год. училиштата се затворија, затоа не знам колку школо заврши, нека ми прости што не знам, мислам дека 1945 год. продолжи да учи. За време на војната и окупацијата таа беше мала и работеше низ куќата домашни работи. Од 1945 год. Софија останува покрај мајка и, и лично му прави измет на болната мајка и тоа продолжува и 1946 год.

Истата година Спиро се жени и носи млада невеста, но веќе пролетта 1947 год. Спиро и Ристо заминуваат во партизани, а веќе 1948 год. Коле со децата е испратен во народните републики, така да само Софија останува од сите дома. Во месец април 1948 год. умира и мајка и, така да сега е само со татко и и невестата, но само за кратко време, кога почнаа борбите на Грамос, Мијал, Ристана и Софија се приклучија во партизанските единици така да целото семејство на Софија е со пушка во рака, така е се до август 1949 год.

За жал Софија со татко и, не успеваат да ја преминат албанската граница во август 1949 год. остануваат обиколени и заробени од непријателот во селото. Така Софија со татко и остануваат во селото, овој пат понижени, потурнати, мачени од другите селани. Тоа време 1949-50 год. беа најтешки за Софија, татко и зеде нова невеста со туѓи деца, а таа е во лоша состојба зошто знае каде се закопани мајка и, и брат и Спиро, зошто таа лично ги погреба и двајцата. Но благодарејќи и на брачедата Велика Трендовска (Николова), која му помогна и ја наговори да се омажи за некое момче од село Оштима по име Никола Стефов Филев. Во 1951 год. Софија отиде да живее во Оштима каде им се раѓа првото машко дете Ристо покасно и девојче Катина.

1964 год. умира татко и Михаил го закопува и него и 1965 год.

заминува во Канада каде им се раѓа уште едно машко дете Лазар. Зетот Никола во Канада има браќа сестри и друг голем сој. Софија таму има еден пара брат Ѓорѓи кој таа го донесе во Канада и многу брачеди.

Нашата средба со Софија и Никола се случи 1987 год. кога Софија и Никола дојдоа во Битола после толку тешки и долги години. Сега Софија и Коле (за жал 2011 год. почина, да му е лесна земјата), се канадски пензионери, а нивните деца паметни, учени и чесни работници во Канада. Семејството на Софија и Коле е следно:

Ристо со невестата Лори и децата Филип роден февруари 1982 год. и Давид роден декември 1983 год.

Лазар и невестата Лори со децата Никола роден декември 1992 год, и Лук роден август 1995 год.

Катина и зетот Даниел со децата Горди роден октомври 1982 год. и Лора родена август 1985 год.

Тоа е семејството на сестра ми Софија кое ќе ја продолжи нашата лоза во Канада.

За жал и покрај големата желба да отидам во Канада и сите напори што ги направивме со синот Спиро, не успеавме поради глупавите процедури, да одиме во Канада Мои сеќавања за средбата со тетка ми Софија Моите средби со мојата тетка Софија Стефова, и со нејзината фамилија во Битола. Првата средба беше во далечната 1965 год.

Тетка ми за прв пат беше дојдена во Битола, да ги види своите браќа Ристо и Коле и нивните семејства. Браќата ги немаше видено од 1948 год. цели 17 години, затоа што тетка ми остана во селото заедно со татко и, а Коле со децата замина за Унгарија, а Ристо после партизанството преку Албанија замина во болница во Полска. Средбата се сеќевам како во сон, со многу солзи, со недоискажани работи за минатото и големи желби за иднината.

За жал семејството на тетка ми не успеав да го запознаам, се до касните седумдесетти, кога од Канада дојде мојата тетка со тетин ми Коле, кога јас бев студент на Електро технички факултет во Скопје. Таа средба ќе ја паметам по еден во тој момент, непријатен разговор и повторно за Македонија.

Тетин ми Коле за прв пат беше во Р. Македонија, затоа што за Канада заминаа директно од Грција. Неговите кажувања беа дека во Торонто тогаш имаше амбасадор кој беше од Желево и истиот им кажувал дека во ООН ќе се постави македонското прашање и ќе биде со позитивно решение за нас. Јас како млад бев доста многу заинтересиран за политика и ја пратев, но во Македонија за такво решение никогаш не се зборуваше, црквените работи беа далеку од подршка на државата и јас тоа му го кажав на тетин ми кој ми врза еден шамар, (трешница)

затоа што тој имал лично информација од амбасадорот дека тоа е завршена работа. Со него носеше наши македонски весници од Канада со многу црковни написи, но кога тетинот ги виде тогашните наши весници „Нова Македонија“ и „Вечер“, во кои немаше никакви написи ни за црквата а уште помалку за независна Македонија, се замисли дали е во право.

Во разговорите за партизанството со татко ми, научив многу за мојот тетин, за неговите страдања по затвори и острови уште повеќе, за тешкиот живот во Грција и неговата одлука за заминување во Канада со цела фамилија, што тогаш беше спас за целото семејство. Ми кажуваше за неговите деца, за учењето, за воспитувањето и се останато. Во однос за науката најповеќе ми кажуваше за мојот брачед Ристо кој тогаш исто како и јас, студираше на Електро факултет и веќе беше при крај. Втората средба беше после неколку години кога тетка ми и тетин ми сакаа и престојуваа во хотел Молика на планината Пелистер, од каде однесоа незаборавни спомени, од природата, убавината, питомоста на планината и бескрајно убавиот мирис на единствената Молика, борот кој во другите околни предели го нема.

Моето задоволство да ги запознаам моите брачеди Ристо, Лазо и Катина и нивните семејства не ми се оствари се до блиската 2008 год. кога го запознав мојот брачед Ристо Стефов. Со другите сеуште се немам видено за жал, за прв пат беше во Р.

Македонија, за да ја промовира книгата „Историјата на македонскиот народ“. Го видов воспитувањето од неговите родители кај него, неговиот благороден дух, вечерта до касно наутро го читав неговиот речник на Оштимски дијалект и долго, долго во ноќта плачев и ја проколнував нашата судбина, другите брачеди ги немам видено ниту пак децата на било кој од нив. Нашите и нивните деца веќе имаат и самите деца и не знам дали на оваа дуња некогаш и некаде ќе се видат.

Средбата со Ристе беше многу емоционална, со многу љубов и желба да ја види Македонија, посетивме многу градови, историски и културни споменици, ги видовме езерата, прекрасните планини, Крушево, Смилево, Прилеп, Охрид, Кичево, Тетово, Гостивар, Струга, Охрид, Вевчани, Свети Наум, Отешево, Ресен, Претор. Но првата средба беше во Скопје, по неговото доаѓање од Торонто, во истиот ден кога и Љубе Бошковски се врати од Хаг. Никогаш нема да го заборавам муабетот, кога после кажувањата за семејствата, го прашав дали е гладен а тој ми одговори „гладен скинат“, што татко ми велеше многу пати дома, така да вечерта останавме до касно да се најаде, јас бев на Петровденски пости, имаше уште 2-3 дена до Петровден, но неговото задоволство и искреноста кон мене како да сме биле заедно за цело ова време, ме увери дека крвта вода не бидува и ние сме многу блиски. Ми е жал што татко ми Ристо не успеа да го запознае, а тој секогаш кога сакаше да ни кажува за добрите работи во учењето го спомнуваше мојот брачед Ристо Стефов, кого бескрајно го почитувам, го почитувам неговото дело и се што тој прави за Македонија, Ристе да сте здрави и живи и секогаш да се споменваме додека можеме и да најдеме начин децата да се видат. Моите дедо Петар Стојковски Бабец како Дедо Мраз, заедно со бабата Милица, родители на сопругата Ленче, и снаата Јулијана од синот Васко, како актер во Битолски театар имаа можност да ги посетат во Канада, останаа со многу убави спомени и големо гостопримство. Втората средба имаше уште поголема блискост, средбата во Ниже Поле со моите другари од зградата, за прославата на Денот на независноста 8 ми септември, остана во сеќавање, а и запознавањето со моите другари од детството што ми беше многу важно.

Нека ова пишување го завршам со почитта кон големиот борец, страдалник, маченик, човек кој остави големи дела зад себе за Македонија, нека ти е вечна славата голем јунаку, мој тетин Коле Стефов.

Најмалиот брат Никола Михаил Шкаврев Мавровски (1937

– 2007)

Никола Михаил Шкаврев (Мавровски), роден е 1937 год. во село Желево од татко Михаил и мајка Неда. Школо почна да оди во 1945 год. и тој беше последното машко дете на моето семејство, и воопшто последното дете. Коле растеше во многу лоши времиња и ги почуствува сите недобри работи од војните уште на три годишна возраст, кога за да се спаси од бомбардирањето на селото беше однесен во село Буф 1940 год.

За време на војната расти со своите врсници низ селото, со сите борби за преживувања. За ова време со него се случија две несреќи од кои тој остана жив и здрав, првиот пат си го касна и пресече јазикот, со многу маки и лекување остана целиот, без последици, а вториот пат играјќи со децата се парализира.

Татко ми го однесе во Албанија кај некој оџа, тој му даде некоја вода со која се миеше и некои други лекарства и таа епизода помина без последици. До 1947 год. тој е дома кога веќе го испраќаат да ги паси говедата и да помага во семејството. Но доаѓа пролетта 1948 год. кога Коле со многу други желевски деца е испратен за да се спаси од партизаните во народните републики. Неговото патешествие почна од Желево преку Браилово, Прилепско е испратен ва дом во Унгарија, каде се школува и останува се до летото 1955 год. Тогаш тој се преселува во Полска каде бев јас Ристо. Прво е испратен во град Згоржелец, од каде го земам кај мене во Швидница се до август 1957 год. кога заедно заминуваме за Македонија. Тоа време Коле почнува да учи полски јазик, а истовремено и дограмаџиски занает.

На 01.09.1957 год. заедно со моето семејство се преселуваат во ФНРЈ, во Македонија, во прво време во Скопје, но веќе на 09.09.1957 год. заминуваме во Битола каде се сместивме во хотел Солун. Коле кога дојде во градот беше беќар, прво почна да работи во едно градежно претпријатие „Биграп“ од Врање, а малку покасно 1958 год. се префрла кај мене во фабриката за фрижидери „Ѓорѓи Наумов“ покасно „Раде Кончар“. Тука продолжува да работи како дограмаџија, а покасно 1961 година се жени за својата другарка Василка Крсте Џуклева од село Герман. Василка исто беше дојдена од Полска, кратко време живеаа под кирија во куќа во близина на саат кулата, за потоа со помош на еден роднина на Василка да купат куќа на ул.

Сремска Митровица бр. 5 каде живеат и денес, им се роди машко дете Мијал кој се ожени 1987 год и сега има две деца Никола и Александра. Сето ова го пишува неговиот брат, Коле за секогаш да остане во сеќавање за идните генерации. Коле беше мојата слабост во животот.

Неколку збора за мојот стрико За него мислам дека треба да напишам цела книга, единствениот роднина во Битола, човек со големо срце, човек кој во татко ми гледаше се и бескрајно беше поврзан со него.

Од кога паметам сакав да бидам во негова близина, како дете преспивав во една куќа покрај градскиот часовник каде живееа под кирија со стрина ми и ми беа најубавите неделни утра. Се сеќавам на многу наши излети покрај реката Драгор дали е тоа Топла Вода или во диховскиот дел каде се капевме, се правеа ручеци, игравме безгрижно и се радувавме на животот. Со стрикото не врзуваше уште една голема работа спортот. Тука бевме секогаш тројцата без пропуштање на ниеден настан, најчесто се гледавме на игралиште и во спортската сала Младост, без разлика дали имаше тренинг или натпревар. Често бевме кај него во неговата куќа која беше во близина на нашиот дом на ул. „Сремска Митровица“ бр. 5. Сме береле и продавале на пазарот кајсии и сливи од дрвата во дворот кај стрикото. По смртта на татко ми од жалост не издржа уште многу, нецели 6 месеци почина и тој. Тој пушеше знаеше и да се поднапие по некоја чаша ракија, но никогаш да не претера а татко ми секогаш го караше како свое дете. Имаше проблеми со срцето, но татко ми и на болница и дома секогаш беше со него да му помага, теши и да му помага. Имам многу спомени со стрико ми но една работа би сакал да ја споделам со вас, нашето одење во Скопје и средбата на децата бегалци во Сарај. Тука имаше средби, солзи радосници, жалост за оние што ги нема, за оние кои останаа по светот. За сите нив а за спомен на стрикото им ја посветувам оваа прекрасна песна од Васил Пујовски, еден од тие деца бегалци.