Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

A Story Told About a Person from Zhelevo: A Book About Risto Mavrovski

Front Matter - Part 10

Par Спиро Мавровски · Partie 10 sur 14 · Environ 22 minutes

Lire en English

Превозот најчесто беше со воз, локомотивата на ќумур, а вагоните прастари, и нешто како камион и некој стар автобус, така да секое патување надвор од градот беше многу долго и напорно. Градскиот превоз се сведуваше на кочии кои ги имаше во голем број, а приватни возила се броеја на прсти.

Фабрики кои беа во тоа време се: Монополот, Текстилната, Блаже Рогозинарот за намештај, Ѓорги Наумов за фрижидери, Кожара, сите овие беа мали со застарена технологија, и уште помали задруги. Земјоделието скоро се беше приватно, сем една задруга во с. Породин и таа со слаба механизација.

Што се однесува до школството имаше основни училишта како што беа: „Даме Груев“, „Тодор Ангелевски“, „Кирил и Методиј“, „Гоце Делчев“, „Турско Албанско“, а покасно се изградија и „Ѓорги Сугарев“, „Коле Канински“, „Елпида Караманди“, „Трифун Пановски“, и други. Од средните училишта имаше гимназија „Јосип Броз“, Учителска која покасно стана долната гимназија, средно земјоделска, Трговска, средношколски центар за изучување на занаети, а покасно се изградија Техничко „Ѓуро Салај“, Медицинско и Економско и други. Покасно се формира и работеше Работнички универзитет кој се користеше за најразлични курсеви и обуки и учење ноќно школо или странски јазици. Во сите фабрики не постоеше ниту една менза, немаше ни детски градинки а постоеше само една установа домот за деца без родители кои беа под социјални грижи.

Битола во тоа време со многу густи шуми, чист воздух, преубава чиста планинска вода и голема желба за подобро утре.

Секои изминат ден да е подобар од претходниот за секој битолчанец, така се зголемуваше и растеше Битола, за да израсне во преубав град опеан во многу песни.

Во Битола има безистен, голем затворен пазар од турско време, има многу џамии и голем градски Часовник. На реката Драгор има многу мостови, „Црн Мост“, „Ленски Мост“, мостот кај Сали, дрвениот мост, железничкиот мост, а на реката Курдерес е прочуениот Камен мост. Битола беше поделена на многу маала Јени маало, Баирот на Ѓупски баир и Смилевски баир, Арнаут маало, Чинарот, Влашко маало, Градско маало. Имаше и повеќе чесми како Казак чесма, Шарена чесма, Баирска чесма, исто имаше два паркови и тоа Градско шеталиште и Тумбе Кафе.

Малото стопанство беше најразвиено во Стара Чаршија каде имаше многу дуќани и разни други работилници. Хотели беа Солун, Македонија и Трудбеник сите од последна категорија, а анови беа Кичевски, Дебарски и Ингилиски ан, чисто феудални од бивша Југославија. Постоеа многу цркви Свети Димитрија, Света Богородица, Света Петка, Свети Наум, Свети Арангел, Света Тројца, Света Недела, Руска црква и зградата на Митрополијата. Исто поради војните и многу гробишта свето неделските, буковски, влашки, католички, еврејски, српски, германски, француски. Пазари имаше Житни пазар, Ат- пазар, Сточни – пазар, Мас- пазар, Дрвен – пазар, Маџун – пазар, пазарите беа во вторник и петок, и уште младите се гледаа за бендисување и за мажење по старите обичаи. Трговијата е многу слаба скоро да нема ништо и тоа што е во дуќаните е многу скапо.

После 1957 – 58 год. почнуваат да се градат згради за нас, но потоа почна и цела Битола да добива нов лик.

Во овој период 1956 – 58 год се случува голема преселба на цело население и тоа турците заминуваат за Турција засекогаш а ние „егејците“ се населуваме на овие простори. Границите се строго затворени и тоа го тера домашното население за подобар живот од овој за кој говорам да бега илегално преку граница во Грција во логорот „Лаврион“, или во Италија во Трст и во Австрија. Заработувачката беше многу мала и тешко беше да се преживее.

Егејската зграда За сето ова време ние и понатаму живеевме во хотел Солун се до јуни 1958 год. На половината од јуни 1958 год. добиваме решение за стан на улица Иван Милутиновиќ бр. 13/12 во Битола. Станот имаше 33 квадрати, нов на трети спрат, од јужна страна со голем балкон, оваа зграда беше изградена за повратниците од народните републики, сите во зградата бевме од егејскиот дел на Македонија, така да зградата во Битола е позната по името Егејска зграда. Комшии на трети спрат ни беа Тане Пасков од с.Овчарени, Костов Нестор од с. Буф, Дамјановски Никола од Битола но жената му Фула беше од воденско.

Во влезот 13 на ул. Иван Милутиновиќ, Егејската зграда, живееа следните станари:

- Ѓоргиевски Нико и Христина со ќерките Елена и Марија, тој од Катерини, таа е од с. Желево

- Ѓоргиевски Никола и Христина со ќерките Кираца и Елена и синот Васил (с. Корфула, костурско, с. Руља, леринско

- Михали и Елпиники со син Пандо и ќерка (с.Света Петка, леринско, с. Лакомата, костурско

- Скефовски Ѓорги и Марика со син Танаси и ќерка Славица

- Џалев Мичо и Викторија со синовите Петар и Павле (с. Блача и с. Шистево, костурско)

- Малкови Дамјан и Домна со два сина Коста и Перо (с.

Желеничево, каљарско и с. Лакомата, костурско)

- Анастасови Тодор и Христина со синовите Ламбро и Васил и ќерката Рина (с. Поликастано, Гревена)

- Сивакови Алексо и Мара со синовите Вангел, Мичо и Трајко

(с.Герман, Преспа)

- Дамјановски Никола и Фула со синовите Кире и Ице и ќерка Мира (Битола, Воден)

- Костови Нестор и Цоља со ќерките Менка и Олга и син Ниче

(с. Буф, леринско)

- Паскови Тане и Марика со синовите Кице и Гечо (Вангел) (с.

Овчарани)

- Мавровски Ристо и Софија, брат Коле, синовите Спиро и Васил, ќерката Неда (с.Желево, с. Поздивишта)

- Гацов Аристи и Хрисанти со синовите Петар и Томе (с.

Сетома, костурско с. Дреново, Преспа)

- Гулевски Павле и Мара со синовите Миле и Пеце (с. Сетина, леринско)

- Коста и Марија со ќерките Неделкови Неделко и Неделковица

(с.Рменско, леринско, с. Орово, Преспа)

- Ристевски Борис и Крста со синот Васил (с.Трново, Преспа)

Вангел и Вангелица (с. Корфула, костурско)

Исто толку семејства имаше и во втори влез, а во третиот имаше само дванаесет, тој влез беше понизок од другите за еден спрат. Покасно се случија големи промени со овие станари така да од сите нас останаа само две фамилии. Но за оваа зграда имам јас да кажам повеќе неговиот син Спиро и за сите помлади деца со кои ние растевме заедно.

Братот Коле дојде со мене и живееше со нас се до неговата женидба, кога се тргна од нас и кратко време живееше под кирија во куќа блиску до градскиот часовник, покасно си купуваат куќа со невестата Василка со помош од нејзиниот вујко Спиро од Америка, така да и тој го решава стамбеното прашање.

Кажувањата на мајка ми Софија Роси Мавровска Јас се викам Софија Роси Мавровска, родена сум во 1935 год.

во село Поздивишта, Костурска околија, Егејска Македонија.

Моите родители се мајка ми Елена родена 1903 год. почина 1977 год. во Гара Елин Пелин, Бугарија, од татко Ставро и мајка Јованка Гумарови. Мајка ми имаше брат и сестра Липо и Слава кои заминаа за Австралија. Таа имаше и прва браченда која ја видовме во с. Ново Кономлати, Бугарија покрај грчката граница. Татко ми Методија Роси роден 1905 год.во с. Апоскеп почина во 1989 год во с. Поздивишта, од татко Глигор. Тој имаше брат не се сеќавам на името, но неговиот син е во Скопје од како се вратија од Чехословачка се вика Христо Евангелов.

Татко ми имаја куќа во с. Апоскеп под самите извори, а брат му го зеде во Америка баш во најголемата криза 1929 год. така да за тоа многу неволно кажуваше. За време на војната 1941-1944 год. татко ми имаше пушка и беше во Битола на служба, од секогаш бил за ВМРО и сите забранети книги и пушката ги криеше во гулабарникот.

Во семејството бевме четири деца, три ќерки и синот Васил. По старост најстара беше Алекдандра (Леца) родена 1925 год. па потоа брат ми Васил 1930 год. па сестра ми Цвета 1932 год. и последна сугаре јас Софија 1935 год. Нашата судбина беше многу лоша. Така да после граѓанската војна, ние трите завршивме Леца во Ташкент, јас и сестра ми Цвета во Романија па во Полска па во Југославија, ние во Битола а таа во Штип па во Тетово, а од тука во Гара Елин Пелин Бугарија каде после 1965 год. со нив живее и мојот син Васил. За жал во граѓанската војна го изгубивме нашиот единствен брат на 17 години на Грамос, но мојата мајка до крајот на животот веруваше дека тој е жив и се наоѓа некаде во Чехословачка, зошто така и рекол некој познат, но за жал братот не го видовме никогаш. Мојата сестра Леца која беше најстара остана со партизаните до крајот на војната и тогаш со последните единици се повлече во Албанија а од таму со брод беа префрлени во Ташкент каде што формира семејство но за жал таа, зет ми Ѓорги кого не го видов во мојот живот, внук ми Михали кој загина во сообраќајна несреќа на 27 год. сите останаа во далечниот и непознат Ташкент, каде нема кој свеќа да им запали.

Инаку во селото важевме како имотно семејство со бавчи кај Широките ели покрај реката, Сивјак нива под гробиштата, покрај реката помеѓу јазовите беше бавчата со преубав граф и ореви, лозјето ни беше под црквата св. Илија и во него имаше кштулче (куќарче на два спрата), исто имавме ниви и во село Дреновени од каде што беше баба ми Јованка. Куќата беше голема со аур, купатило, приземје, визба, бунар, гулабарник и пошто татко ми беше ѕидар куќата се поправаше беше малтерена и варосана секогаш. На крајот историјата со куќата заврши така да сега за жал ја нема, разрушена е, целиот имот го зеде наш комшија (го прелага на крајот мојот татко веќе склеротичен), го распродаде целиот имот и за нашите фамилии не остана за жал ништо, но Господ е голем сполај му нему, нека се живи и здрави поколенијата тие повторно се ќе изградат.

Пред тоа татко ми го преселија во новото село Пентохори (Пет села), со цел да им го земе имотот грчката власт и да се избрише се што е наше, но после 2 месеци тој повторно се врати во селото и тука почина, Бог да го прости. Од стока имавме 4-5 крави, 50-60 овци, прасиња, кокошки, така да за празниците секогаш се колеа јагниња или за божик прасиња.

Земјоделските работи ги работеше мајка ми а и помагаа сестра ми Леца и брат ми Васил кои беа поголеми, додека татко ми не одеше на ниви, како планински човек од село Апоскеп му беа смрт нивите, но затоа работеше ѕидар по селата. Како дете се сеќавам дека одевме во село Коломнати кај прв брачед на мајка ми Трпо по баба ми Слава, кој имаше три деца и тоа Томе, Петре и Трајанка кои се во Австралија и со кои имавме можност да ги видиме во Битола каде беа дојдени претходните години.

Училиштето беше пред нашата куќа во него даскали беа од селото Сотир и Јани, за жал поради војната јас не стигнав да учам но учеа моите сестри и брат ми. Исто попот беше од нашето село. Но дојде војната и се во селото се измени, беше опасно да се живее така да после бомбардирањето на селото пролетта 1948 год. во организација на партизанските единици сите деца од една до четиринаесет години бевме извадени од нашите домови, за жал засекогаш и бевме однесени по тогашните социјалистички држави. Одевме пеш, првата вечер стигнавме до с. Желево каде одморивме и преноќивме, така да следната ноќ продолживме и стигнавме во с. Љубојно во тогаш слободната Југославија. Тука останавме седум дена, па со камиони не префрлија во Битола на железничка станица од каде заминавме со воз за Скопје каде што не пречекаа романските власти и не однесоа во град Калиманешти преку 1000 деца.

Тука останавме околу девет месеци, со мене беа од селото Дана Количева, Љопа Лазева, Александра Кирова, а омадархина (учителка) ни беше мојата сестра Цвета која беше задолжена со 35 деца, а ние поголемите им помагавме за со помалите деца, јас имав 13 години. За животот немам пофални зборови, многу од децата одеа по пругата мислејќи дека ќе си одат дома кај родителите, нон стоп ни се даваше мамалига (качамак), кој го замразив за цел живот, исклучок беше кога поминуваа некои комисии. За цело време ни беа одземени алиштата и бевме по пижами. После тие девет месеци не зедоа пољаците во Лондег Здруј тука бевме кратко, но не пречекаа со месо, чоколади бонбони што беше дотогаш не замисливо. Прво бевме во детски дом потоа во прифатилиште каде учевме и тоа три часа на грчки, еден час на македонски и останатото на полски. Од тука не пуштија во Згоржелец, а девет души меѓу кои бев и јас не пратија во Легница. Во Легница пеевме во хорот, малку време бевме во Вроцлав, така да се беше под команда, се дефинираше кој каде и завршена работа. Тука учев четири години текстилно училиште за плетачка, работев некаде две години и после ме зедоа мојата сестра и зет Цвета и Илија во Швидница. Во Швидница се запознав со мојот сопруг Ристо Мавровски кој тогаш беше пртседател на организацијата Илинден, организираше забави игранки, убав млад човек со многу енергија се засакавме и тоа го крунисавме со брак за нова година 1955. На нашата свадба девер ни беше Ташко Чапканов, нунко беше еден грк партизан пријател на Ристо, беа присутни мојата сестра Цвета зетот Илија Склифов, неговиот брат со сопругата Кузо и Олга Склифови, Мичо и Лефтера Пуровски.

Пред да се земеме сестра ми секогаш му велеше на Ристо

(Ришекот така остана за мене), дека не знам да готвам оти сум од домовите, но тој беше упорен и заедно научивме се.

После нашата свадба, поживеавме уште две и пол години во Швидница и во Август 1957 година заминавме за Македонија, бевме прво во Идризово седум дена па од таму во Битола и се до ден денес. Прво седевме на ул.„Иван Милутиновиќ“ бр 13/12 каде се родија моите син Васил 31.07.1959 год. и ќерка Неда на 17.02.1962 год. потоа 1978 год се преселивме на ул. „Мирка Гинова“ бр 13/42 каде сме до ден денес. За ова време еден настан ме прати кога мојата мајка беше болна и беше на болница во Костур 1976 год. јас поминав 40 дена во Грција и тоа со виза на граница за 12 дена но во селото добив продолжение. Останав со мајка ми 10 дена на болница за цело време покрај неа, и трисет дена во селото, после тоа таа дојде во Битола за три месеци, но сакаше да се врати во селото од каде наредната година замина за Бугарија кај мојата сестра Цвета каде и се упокои во 1977 год. таа беше многу паметна жена секое идење во Битола носеше се за нас, зетовите, внуците и за сите подеднакво, многу праведна, мудра и препаметна со многу душа која не ја изгубила и покрај својата самотија, за жал покрај четири деца и многу внуци на кои не им се нарадувала.

Живеевме прекрасен живот секогаш беше спремен да помогне дома, сите пари ми ги даваше мене, јас бев одговорна за пазарењето и економијата и заедно до крај се справувавме со проблемите. Едноставно прекрасен човек со многу чувство за семејството, поминавме незаборавни години, така да колку го нема и поминува времето толку ми е потешко, те сакам Ришек.

Мое видување за семејството на мајка ми Мојата прва средба со мојата баба Елена, мајка на мојата мајка Софија. Се работи за првата средба со баба ми, на железничкиот премин Кременица. Заедно со татко ми отидовме на железничка станица во Битола и со возот со два вагони, со кои се возеа луѓето од Битола кон селата до Кременица, вагоните како во филмовите, со дрвени седишта, со багажот да може да се остава од двете страни, мислам дека потоа се снимаа повеќе македонски филмови со истите вагони, а истите веќе триесет години не се во употреба, исто како и железничката пруга. Но ви кажувам за далечните шеесетти, кога сето ова работеше, после некои 40 минути се најдовме на граничниот премин, а тука имаше еден голем извор на кисела вода кој во рамномерни интервали исфрлаше со големи млазови вода, така да ни причинуваше како на деца големо задоволство. Овие вагони се враќаа назад а исто од грчка страна нивните доаѓаа до граница и се враќаа назад. Кога дојде нивниот воз ние озарени од среќе чекавме да ја видиме нашата баба Лена, за која толку сме слушале. Но од возот се уште никој не слегуваше, слезе еден постар човек кого го прашавме дали има уште некој во возот, ни одговори дека има уште една постара жена но дека има некои проблеми со неа. Времето поминуваше но никој не слезе од возот, а гледавме како влегуваат цариници во истиот.

Веќе почна да се јавува сомнеж дека нешто лошо се случува со баба ми. После час време видов една стара жена со две вреќи во рацете како излегува од возот и се движи кон нас, тоа беше мојата баба Лена, која претходно сум ја гледал на сликите. Баба ми возбудена цела во солзи успеа да се поздрави со татко ми, кого за прв пат го гледаше како нејзин зет, да не избакнува мене и брат ми Васил нејзините внуци од најмалата ќерка Софија, и некако преплашена побара да се качиме во возот за да тргнеме кон Битола. До тогаш возот ја чекаше само баба ми за тргне назад. Во возот пошто во едниот вагон бевме само ние, ни раскажа што се случуваше додека ние ја чекавме да дојде. Тоа беше прво нејзино излегување од границите на Грција, нормално со грчки пасош кој за оваа прилика беше специјално изваден, но на прашањата на грчкиот цариник, таа не знаела да одговори затоа што грчки не знаела, па стигнала во ситуација и да ја вратат назад, но тоа не се случило зашто влегол цариник кој знаел македонски „нашки“, со кој се разбрала зошто не знае грчки. Зборовите на баба ми беа: „ Синко јас скојлио не сум одена, во нашто село грци нема, дури и попот е од селото и тој ни пее по нашки, така да и да су сакала чендо немаше од деа да науча да говора по грцки“. Мојата баба иако без школо, беше доволно паметна и интелегентна да се справи од оваа ситуација, да дојде да ни се порадува на нас нејзината фамилија, сега далеку од Поздивишта, но сепак блиску до срцето. Од првата средба со баба ми ми остана видувањето на крстот над носот на баба ми. Тогаш за прв пат видов такво нешто, но крстот на челото беше некоја заштита од турците кои сеуште беа во нашите краишта кога баба ми беше дете. Со баба ми се видовме уште доста пати, но за жал секогаш во Битола, а последните години пред смртта и во Бугарија на гара Елин Пелин каде во далечната 1977 год. почина и да почива во мир, далеку од родната Поздивишта но со својата ќерка Цвета (Антула) и зетот Илија далеку но засекогаш во нашите срца, тие ќе бидат со нас се додека ги споменуваме, нека му е вечна слава.

Втората средба е со мојата тетка Александра од уште подалечниот Ташкент, Узбекистанска република од поранечниот СССР. Таа средба е уште потрогателна се случува повторно во воз, но овој пат сосема неочекувано, изненадно и шокирачки. Ние секое лето одевме на гости кај моите тетин и тетка Цвета и Илија, така да и оваа 1973 год. бевме на гара Елин Пелин, но добивме телеграма од мојот татко, кој работеше во фабриката за фрижидери и тоа лето, дека тетка ми Александра (Леца), ќе доаѓа од Ташкент па ние да се вратиме назад. Заради лошите патишта, врски и неможноста мајка ми да патува со автобус, ние кај тетка ми одевме со воз од Битола до Софија.

Патувањето беше патешествие, тргнувавме со шинобус од Битола во 02 и 30 часот, во Скопје стигнувавме наутро, после застанување на сите попатни станици, се прекачувавме во единствениот вагон за Софија, кој тргнуваше со возот за Белград околу 9 часот, и вагонот беше оставан на железничка станица во Ниш, на спореден колосек во Црвен Крст, каде го очекувавме Ориент експрес од Париз за Истанбул преку Софија. После ручек кога возот доаѓаше се прикачуваше и овој вагон и се тргнуваше преку Пирот, Димитровград, се слегуваше кон Софија каде стигнувавме во доцните вечерни часови, некогаш пред полноќ, а некогаш и после полноќ така да за Елин Пелин ни остануваше последниот т.н. пијански воз, со сточни вагони и дрвени клупи во почетокот, кој тргаше околу два часот, така да за пола саат бевме стигнати, покасно имаше повеќе и поубави врски, а овие вагони ги исфрлија од употреба за превоз на луѓе. Да се вратам на нашата средба, по истиот пат тргнавме назад и повторно во Ниш вагонот е откачен и го чекаме возот од Белград за Солун. После долго чекање возот дојде и ние тргнавме за Скопје. После извесно време во нашиот вагон и пред нашето купе поминаа луѓе кои зборуваа грчки, мајка ми ги праша од каде се и после одговорот дека се од Ташкент, настана молк, на прашањето дали има уште некој тие одговорија дека се заедно со уште две, три фамилии. Заедно со мајка ми тргнавме да ги бараме луѓето во другите вагони. По десетина минути се најдовме пред купето каде ни кажаа дека е последната фамилија од Ташкент, со отворањето на вратата, настана таква тишина, молк, прегрнување и плачење без никаков збор наредните пет минути. Мислам дека човек со послабо срце тешко ѓе ги преживее тие пет минути. Две сестри после цели дваесет и пет години се среќаваат во воз на територија Србија, без никаква мисла дека ќе се сретнат баш тука во возот. Тоа е една слика која никогаш нема да ја заборавам додека сум жив, видов она што сум го гледал на филмови кога преживеаните евреи успеале да се видат после 20-30 год. тие успеале да се вратат во нивната татковина Израел, но ние во нашата Егејска Македонија за жал никогаш.

Шокот следуваше уште еднаш во Битола. Кога со такси пред нашата зграда стигна дедо ми Методија, но тетка ми беше крајно разочарана затоа што со него не беше и мојата баба а нејзината мајка Лена која сакаше бескрајно да ја види, но и таа желба не и се исполни, така да и двете починаа, но на два краја од светот, далеку од родното огниште. И оваа тетка остана да почива во мир во далечниот Ташкент заедно со тетин ми Ѓорги кого никогаш не сум го видел во живо, и мојот брачед Михали кој загина во сообраќајна несреќа многу млад на 27 години.

Последното што го разбравме за тетка ми во Ташкент беше од сега покојниот мој дедо Петар Стојковски Бабец, татко на мојата сопруга Елена, кога тој со Битолски театар беа на една турнеа во далечниот Ташкент. Таа беше последната средба со неа кога ги очекуваше да ги добие документите и да се врати во родната Поздивишта кај својот татко. По кажувањата на мојот дедо условите во кои живееле нашите егејци биле катастрофални, но пречекот кои му го приредиле бил незаборавен, човечки, топол, со многу душа и многу желби да слушнат нешто за Македонија, за татковината. После оваа средба актерот Јосиф Јосифовски кој беше дел од театарот, но и дел од комисијата во Браилово 1948 год. која ги распоредуваше децата по народните рапублики, во таа прилика му призна на мојот дедо, дека ако има сила и храброст во овој момент би си го одземал својот живот, зошто видел како ја дефинирал судбината на другите луѓе, а средбата беше на почетокот на осумдесееттите години, после повеќе од 35 години. Друг коментар не е потребен, документите никогаш не пристигнале во Ташкент, а мојата тетка која живееше сама и сама го напушти овој свет. Единствената врска со нив во ташкентските гробишта беше еден прекрасен човек, ракометарот Александар Мирзамамедов кој долги години беше во Пелистер и палеше свеќи на гробовите на моите мили тетин, тетка и брачед, нека ви е вечна слава, а тебе убав човеку големо човечко благодарам каде и да си денес на оваа дуња.

Вториот син Васил На 31.07.1959 год. ни се раѓа второто машко дете, кое го крстивме Васил, името го доби по загинатиот брат на Софија, кој загина во ДАГ на 17 годишна возраст. Сега семејството се зголеми на четири члена, јас продолжив со работа а Софија остана да ги гледа децата, зошто немавме друг наш, сем ние двајцата.

Кажувањата на мојот брат Васил Илиев Склифов - Мавровски Јас се сеќавам на некои мои работи. Јас сум вториот син на Софија и Ристо. Се викам Васил Илиев Склифов, сега живеам во Софија заедно со моето семејство и тоа Маријана Склифова Вушева, по потекло од Македонија, нејзинот дедо по мајка беше од Крушево, од првите бежанци после Илинденското востание. Имам две деца и тоа Цветанка Василева Склифова.

која сега е мажена повторно со човек од Македонија но тој е од Кукушкиот крај Петар Ѓоргиев Голешов и има две деца и тоа Билјана и Веселин, сега живеат во куќа во Гара Елин Пелин.

Синот е Христо Василев Склифов сега живее во Софија заедно со својата втора жена Стела Вилмош по потекло од близината на Русе северна Бугарија, и нивната ќерка Василена. Од првиот брак има дете 13 години кое се вика Марио.

За мојот татко Ристо во моите спомени ќе остане вечно како Велик човек, кој со своите совети секогаш не тераше да се мислиме и со своите крилатици остана секогаш со нас и во нас.

„ Синко цел живот да јадеш леб и сол, ама мирно да спиеш“,

„Никогаш да не брзаш, пет пати мери еднаш сечи“, „не прави од девет буки едно вретено“, ова значеше повеќе за мене зошто бев доста палав како дете, јас се оженив на 17 години и затоа ми ги кажуваше овие работи, за да се сеќавам на тоа до ден денес.

Инаку од мојот живот во Битола се сеќавам на доста работи но посебно би сакал да кажам за мајсторлукот на мојот татко преку една случка што ја паметам: