Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Metodija Andonov-Chento

Front Matter - Part 05

Par Фиданка Танаскова · Partie 5 sur 9 · Environ 20 minutes

Lire en English

- Не. Зашто, по малку време ме викнаа во УДБА во Прилеп.

Влегов во една соба, а таму стои непознат човек (мислам оти беше Злате Билјаноски). Ми пријде и ме опомена: она што се стори со Ченто да биде во најголема тајност и никому ни збор!

– Јасно... исплашено потврдив. Излезе, ја затвори вратата, и ме остави сам. Помислив оти дотука е моето. Така останав околу два часа а потоа, кога дојдов, ми дадоа на лист хартија да го потпишам моето молчење за навек.

- Но?

- Но гледате не се може веќе. Не се домолчува и не треба. Затоа е добро што го отворате случајот Ченто и што ми се даде прилика да проговорам... Би се согласил да се обнови судењето, нека се чуе вистината.

А Ченто, беше голем авторитет во чаршијата. Него Партијата, која бараше чесни луѓе, го издигна. Но, беше храбар, на собири луѓето го извикуваа неговото име. Работеше со многу револуционери од Прилеп, со Питу и Рампо Лефката, со Круме Волнароски. Меѓутоа, ете што се случи...

АПСЕЊЕ, СУДЕЊЕ, ЗАТВОР И ПОТОА Како, каде и кога е уапсен Методија Андонов Ченто Зошто е тоа сторено во најголема тајност Строга пресуда – 11 затворски години – изречена на 22 ноември 1946 година во окружниот суд во Скопје.

Претседател на судскиот совет бил Панта Марина, членови – Лазар Мојсов и Коле Чашуле, заменик јавен обвинител Благоја Поповски Низ кажувањата и низ приспомнувањата на современиците, на блиски и далечни, директни и индиректни сведоци или учесници, правиме напор да го комплетираме мозаикот на таинственото апсење, спроведувањето во Скопје и натамошната судбина на Методија Андонов Ченто.

Киро Оровчанец, помошник на Полномоштвото на УДБА во Прилеп:

- По изведената акција од страна на Министерството за внатрешни работи од Скопје со службеници раководени од Димитар Алексиевски Пекар, утрината кога дојдовме со полномошникот Киро Џајкоски на работа, во собата веќе беше Пекар. Тој не информира оти е Ченто фатен на граница при обид за бегство во Грција, велејќи дека за овој настан, за овој случај ќе биде неопходно да го известиме претседателот на Општината и секретарот на Партијата...

Ова беше кусото кажување на Оровчанец кое е запишано од збор до збор во нашиот бележник.

Ристо Бунтески, вршител на партиската работи како член на Бирото на Околискиот комитет (во отстуство на организациониот и политичкиот секретар):

- Изутрината околу 8 часот, во канцеларијата на Комитетот дојде Киро Џајко, полномошник на УДБА за Прилепската околија и Киро Оровчанец, лично кај мене, известувајќи ме оти треба на партиските организации да им се објасни дека – ноќеска на границата, бегајќи за Грција, е фатен и затворен Ченто, кој уште за малку ќе пребегал. Кај него била најдена напишана Резолуција која требало да се донесе во Солун на некое си собрание од 25 лица со цел да се испрати до ОН за да се бара Македонија да биде под покровителство на западните сили, -раскажува Бунтески, инаку долгогодишен истражувач на животот и дејноста на Ченто, и вели:

- Сега, кога веќе ги имаме обвинителниот акт и пресудата, тогаш констатираме и се прашуваме: Како е можно, според обвинителниот акт, тој да тргне да го остварува кривичното дело на 14 јули околу 2 часот по полноќ, од Прилеп да помине толку километри до границата, за која инаку се потребни од 10 до 12 часа, да биде фатен и донесен назад во Прилеп, за што повторно е потребно уште толку време. А известувањата во градот во осум часот веќе беа пристигнати. Дури првата верзија стасана во Битола и во некои други места била оти Ченто е загинат бегајќи за Грција..., - ја кажува својата видлива дилема и размисла Бунтески.

Во обвинителниот акт подоцна не стои оти е Ченто фатен на грчката граница, туку дека тргнал да го остварува кривичното дело, а не се споменува ниту Резолуција, ниту некакво собрание во Солун, туку само оружена банда од десет лица со цел да се направи федерација на Обединета Македонија со Грција или пак под протекторатот на една туѓа земја.

Јонче Тегоски од Претор, командир во 1946 година на противтенковската единица на КНОЈ на грчката граница кај Белушина, Битолско, ни рече: - Тој ден кога ја добив “Нова Македонија” и ја прочитав информацијата дека при бегство на грчката граница е фатен и уапсен Ченто, според изјавата на министерот за внатрешни работи, јас пред присутните другари со кои седев тогаш не издржав и изреагирав веднаш:

Тоа не може да биде вистина. Па ние сме на граничниот појас, овде. И, ако било така, ние моравме да знаеме... Оваа изјава подоцна многу скапо ќе го чини Јонче Тегоски. На крајот нашиот соговорник резимираше: - Јас сум со чиста совест.

Вистина е оти се зачудив кога ја прочитав веста за апсењето на Ченто и не можев да го скријам моето изненадување кое беше големо. Не можев да не изреагирам спонтано, оти тоа не е сторено во пограничниот атар, туку околу нас. Жалосно беше за една ваква македонска личност да се прават такви конструкции.

Тие луѓе и беа потребни на Македонија...

И така, продолжува случајот Ченто, продолжуваат затвореничко-истражните страници од неговиот живот. Тој е донесен и е предаден во затворот во Скопје. А како се одвивало сето тоа, кој учествувал, кој наредувал, а кој извршувал?

И годините и болеста речиси го врзале за постела Методија Ивановски – Сватот, но беше интересно да го чуеме тогашниот управник на Истражниот затвор во Скопје, па тој со голем напор, но и со задоволство проговори за тие дни и месеци кога еден од најтаинствените апсански “клиенти” бил Методија Ченто.

- Очите му беа врзани со марама онаа ноќ кога го донесоа со џип во затворот во Скопје. Го видов како седи во возилото сам, и се ми беше јасно. – Смести го и веднаш јави му се (на Елисие Поповски), ми рече едниот од УДБА, кој заедно со Крсте Панговски го спроведоа Ченто директно од Прилеп, - си приспомнува денес Методија Сватот. – Кога му се јавив на Елисие Поповски, тој кусо ми рече дека е во прашање Ченто и да внимавам, зашто е апсен под строга конспирација, за што подоцна потпишав и изјава.

Ченто беше сместен во најстрого чуваните, во тајните ќелии, со дупла врата, без она “шпион” око. Прво го сослушуваше Марко, потоа чинам оти го презеде Димитар Алексиевски, па Благоја Поповски, не паметам најдобро.

Што и каква е вистината за повеќепати споменуваниот ремен при апсењето на Ченто го прашуваме Методија Сватот, кој се сеќава речиси во детали па ни рече: - Кога го донесоа Ченто од личните работи што му беа одземени имаше само чешел, празно шише, еден ремен. Сите нив јас ги зедов и ги фрлив во магацинот бидејќи кога не го водам ни списокот затвореникот (така беше со конспиративните) тогаш и не му отворав ниту досие за она што беше одземено. Не се сеќавам најдобро, но Пекар или Марко ме викнаа и ми побараа да се донесе се што беше најдено кај Ченто. – Па нема никакви работи, им одговорив. Ми го донесоа со врзани очи, со празно шише и со еден војнички ремен кој го фрлив во магацинот. Не водам досие и тоа е се... На овој одговор Марко со прекор рече: Мора да се најдат работите! – Ама како, се вџашив јас. Ќе мораш да ги најдеш! – строго нареди. Бев ставен на жар.

Каде ли ќе ги најдам? Толку затвореници поминаа, ги превртев сите списоци, магацинот, што не сторив, но ременот го нема.

Вистинска потера. Ми престоеше опасност, доколку не се пронајде, јас да си го однесам... Најпосле дојдов до тој фамозен ремен. Еден од клучарите го однел дома. Кога го врати му го однесов и му го предадов на Елисие Поповски. Впрочем како и златото што му го дадов пред тоа. Се беше на чесен збор. На доверба.

- Вашето познанство со Ченто беше поодамнешно?

- Со Ченто бевме добри пријатели уште од логорот Чучулигово во Бугарија, каде што тој отскокнуваше како маркантна затвореничка личност. Со многуте интелектуалци таму се носеше рамо до рамо, за се. Бидејќи јас единствен имав право да влегувам во неговата ќелија од затворот во Скопје, му носев храна, по некојпат седев и разговарав со него. Беше доста отворен. Знаејќи ме од порано, мислам оти не можеше да не проговори искрено, независно што јас тогаш бев управник.

Мислам дека во најтешките затворски мигови бев тука, во близина.

- Дали нешто приспомнуваше околу апсењето – го прашуваме натаму нашиот соговорник.

- Што ти требаше да бегаш и што ќе правеше во Обединетите нации, му реков по некое време. Ченто ме погледна и ми одговори: “Ако те наместат и тебе ќе те затворат”. Па продолжи: “Не сум се надевал оти вака ќе биде, ниту сум заслужил вака да ме апсат и овде да ме донесат. А знаев дека ќе бидам избркан, знаев и од кого, само не на ваков начин. Па и јас сум дал за оваа Македонија...” Знаете како беше тогаш, таквите луѓе навистина не можевме да ги апсиме без знаење на Партијата, без знаење на високите највисоките раководители, без знаење на Белград.

“Не сум направил ништо”, повторуваше, многупати. А, му се јавувале, му потшепнувале, па дури и отворено некои му рекле дека ќе биде апсен. Му советувале да бега, - вели Методија Сватот. – Ченто е апсен накај селото Старавина. И заминувањето негово од дома е направено под притисок. Се било наместено за да го снема и да не му пречи никому. А кој може да ме убеди дека бил предавник – никој, - вели нашиот соговорник, бившиот управник на затворот. И продолжува: - Ви велам, немаше оружје, барем не кога го донесоа во затворот.

Пред тоа не знам. Беше искрен, многупати и ќе ми речеше:

“Ако не чинам за нив, нека го прашаат мој Прилеп...”

- Овој голем патриот не трпеше неправди, имаше многу искреност и чесност во себе. Заслужи ли такво апсење, таков затовр, па судење и тешка и долга казна. Жалосно. И пред генерациите и пред историјата, - ни рече меѓудругото Методија Сватот.

Како што таинствено е апсен и донесен од Прилеп директно во Скопје така строго конспиративно Методија Андонов е чуван зад решетките каде што почнува да ги издржува првите од оние над 3.000 денови колку што ќе мине зад затворските врати и кога освен врвни и доверливи, освен личности по службена должност, друг и немал увид кој е затвореникот во специјалниот оддел. Денови на неизвесност биле тоа и за семејството Андонови во Прилеп, а настојувањата да дознаат било каква вест, сврзана со Ченто, остануваат залудни, па неговата сопруга потрагата по информација ќе ја одведе и во Белград.

На 29 јули 1946 година, Јавното обвинителство на НРМ е известено од УДБА на Македонија дека на 14 јули вечерта се задржани Методија Андонов Ченто од Прилеп и други, при обид за ислегално преминување на границата и за ширење на противнародно дејност, врз основа на што и донесува решение против Ченто и другите да се поведе кривична постапка и да се задржат во истражен затвор до завршувањето на истрагата...

Само два дена потоа, на 31 јули, со официјално соопштение до јавноста првпат се огласува Министерството за внатрешни работи на НРМ со потпис на неговиот министер Цветко Узуновски Абаз, со веста објавена на првата страница на “Нова Македонија” која гласи:

“При обидот да побегне преку граница од нашата земја во Грција, е уапсен од органите на државната безбедност Методија Андонов Ченто”.

Во наредните месеци, до започнувањето на судскиот процес, Ченто е сослушуван многупати од УДБА, од органите на власта, тоа трае се до 8 ноември, кога Јавното обвинителство до Окружниот суд во Скопје поднесува обвинителен акт против Методија Андонов, Борис Загоранлиев, Митре Митрески и Неделко Макрески во кое се товарат според член 13 од Законот за кривични дела против народот и државата. Следува потпис на Никола Вражалски, чие име последен пат се појавува како јавен обвинител во врска со случајот Ченто.

Во Окружниот народен суд во Скопје, на 19 ноември 1946 година почнува судењето на четворицата на чело со Методија Андонов. Процесот го води Судскиот совет во состав:

претседател Панта Марија, членови Лазар Мојсов и Коле Чашуле, заменик-јавен обвинител Благоја Поповски.

На обвинителната клупа, на еден од големите, еден од најинтересните и по многу нешто загадочни процеси, кои и во изминатите децении, а најмногу последниве години, е предмет на пошироко внимание и интерес, е довчерашниот прв претседател на Република Македонија, Методија Андонов Ченто. Обезбедена е и публика. Дали случајно или не, но на местото обвинител не е Никола Вражалски, туку заменикот Благоја Поповски, сограѓанин на Андонов, а член на Судскиот совет е Коле Чашуле, исто така негов сограѓанин, прилепчанец.

По почјнувањето на процесот, Поповски го чита обвинителниот акт во кој се вели (цитираме):

“Обвинетиот Методија Андонов Ченто, не согласувајќи се со внатрешната и надворешната политика на ФНРЈ која по негово мислење била спротивна на интересите на македонскиот народ, поради што неговото обединување не можело да стане во рамките на ФНРЈ, туку само под протекторат на туѓа држва, решил да преземе од своја страна акции за спроведување во дело на својот противнароден и противдржавен став. За таа цел, веднаш по Велигден 1946 година обвинетиот Ченто се поврзува со следниот обвинет Борис Загоранлиев и му го открива својот план за бегство преку граница за Грција надвор од Југославија и своите намери, надвор од нашата држава да преземе акции било на Конференцијата во Париз, а доколку не успее таму, тогаш во самата Грција, со насилство да се отцепи Народна Република Македонија од ФНРЈ и да се соедини со Егејска Македонија во федерација со Грција”. Во продолжението од обвинителниот акжт стои:

“По постигната согланост, обвинетиот Борис Загоранлиев го дели неговото становиште како стар припадник на терористичката организација на Ванчо Михајлов, да организираат банда од вооружени лица со кои мислат да се префрлат преку граница во Грција и да ја почнат својата злосторничка акција. За да го олеснат и своето, и бегството, и префрлувањето на групата преку граница, обвинетиот Методија Ченто запознавајќи ги со таа своја злосторничка дејност, им дава и им ветува материјална помош, ги ангажира Митре Митрески и Неделко Макрески и по подготвениот план решава да бега. Тргнува првообвинетиот Ченто, заедно со Макрески, но, на патот на 14 јули 1946 година се фатени од органите на народната власт.” Со оваа своја дејност, обвинетиот Методија Андонов, бидејќи како државјанин на ФНРЈ организира вооружена банда и тргнува да бега преку граница со цел да поттикне странски држави за мешање во внатрешните работи на ФНРЈ, со што би се нанела штета на независноста и неповредливоста на нејзината територија, извршил обид за кривични дела според член 3, точка 2, 7 и 9 од Законот за кривични дела против народот и државата, казниви по член 4, во врска со член 12 од истиот закон.

Обвинетиот Борис Загоранлиев, согласен со злосторничката акција на Методија Ченто, се поврзува со него и соработувајќи заедно, организираат вооружена банда од десетмина, со цел, откако ќе ја преминат границата, да работат за реализирање на своето ненародно и противдржавно политичко становиште, било со придобивање на туѓи држави за интервенција во внатрешните работи на ФНРЈ, било со оружена акција за отцепување на Македонија од границите на Југославија. Со оваа своја дејност обвинетиот Борис Загоранлиев извршил обид за кривични дела според член 3, точка 2, 7 и 9 од Законот за кривични дела. Обвинетите Митре Митрески и Неделко Макрески, запознати со злосторничката акција по онаа веќе цитирана за првите двајца обвинети, помагаат на тој начин што нив им се ставаат на располагање за да ги префрлат преку граница, со кое извршиле обид за кривични дела по веќе цитираниот закон”, се вели во обвинителниот акт.

Процесот во Скопје продолжил со распит на обвинетите Методија Андонов, потоа Борис Загоранлиев, Митре Митрески и Неделко Макрески. Во неоптпишаниот извештај, објавен во “Нова Македонија”, се даваат изводи од тоа што рекле сообвинетите пред судскиот совет, при што паѓа в очи дека нивните кажувања главно се мошне слични со главните обвиненија против Андонов.

Според Загоранлиев, Методија Андонов Ченто му признал дека ќе заминува преку граница за да стаса на Мировната конференција во Париз, каде што од претставниците на големите сили ќе барал да ја обединат Македонија под нивни протекторат. И, дека, ако не се успее таму, тогаш, тој ќе отишол во Грција таму да работи за обединувањето на Вардарска и Егејска Македонија во федерација со Грција.

Од распитот пак, на Митре Митрески се заклучило дека тој служел како врска меѓу Методија Андонов и луѓето кои требало да бидат ангажирани во спроведувањето на бегството и за префрлување на вооружени лица во Грција (станува збор за десетмина), а и да најде и човек кој ќе го префрли и првообвинетиот. Неделко Макрески, меѓу другото, пред судот измавил дека Ченто му зборувал оти ќе организира чети да се борат против стариот југословенски режим кој и денес владее во Македонија...

Во продолжение на процесот бил распитан сведокот Трајко Бешоски од мариовскиот крај, пред кого Ченто зборувал, оти “Македонија треба да се оддели од Југославија и дека ќесињата треба да ни се одвоени”, оти ќе оди во Париз да го бара обединуивањето на Македонија, под протекторат на друга држава, итн. Сведокот Киро Платник (инаку стар Чентов познајник и сограѓанец), изнесол пред судот тврдење дека по оставката Методија спечалил толку пари во дуќанот, како што никој пат дотогаш и за толку малку време не спечалил... (во пресудата пак, стои дека обвинетиот е слабо имотен, м.з.). По распитот на првообвинетиот и на неговите помагачи, следниот ден својот обвинителен говор по кривичните дела, како што стои во извештајот, одржал заменикот јавен обвинител Благоја Поповски.

Веднаш потоа, прв зборувал адвокатот на Ченто, Благој Попанков , кој меѓу другото го замолил судот да ги има предвид некои олеснителни околности, а особено тоа дека овде постои само обид, но, не и почеток за извршување на кривично дело. По него зборува адвокатот на Неданов и Макрески, констатирајќи дека на делата на неговите штитеници треба исто така да се гледа на, како што ќе рече Борис Арсов, подготвителни дејства а не и како на обид. На крајот говори бранителот на Митрески, Јанакиевиќ.

По сето тоа, им бил даден збор на обвинетите. Попладнето во пет часот, на 22 ноември, била прочитана и конечната пресуда.

ЧЕНТО: НЕ СУМ ШПИОН, НЕ СУМ ПРЕДАВНИК НА СВОЈОТ НАРОД Жалбата на Методија Андонов остана само тоа Зошто бргу се затвори неговото досие, а дилемите останаа до денешни дни Ченто умира на 24 јули 1957 година и е закопан во семејните парцели на Прилепските гробишта Во името на народот Скопскиот Окружен народен суд во состав: претседател Панта Марина и членови Лазар Мојсов и Коле Чашуле, заменик јавен обвинител Благоја Поповски ја објави пресудата за кривичното дело на Методија Андонов Ченто и на неговите помагачи. Се осудуваат:

Методија Андонов Ченто на 11 години лишување од слобода со присилна работа и пет години губење на граѓанските и политичките права и конфискација на најдените предмети кај него.

Борис Загоранлиев на пет години, Митре Митрески на една година, Неделко Макрески на три години.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ Ценејќи ги по одржаниот главен јавен устен претрес сите докази, Судот констатира дека во дејноста на обвинетиот Методија Андонов стојат сите елементи за постоењето на кривичните дела (изложени во диспозитивот на оваа пресуда)

имено:

Загрозување на независноста и неповредливоста на територијата на ФНРЈ, предвидено во член 3 точка 2;

организирање оружени банди и нивно префрлување на територијата на ФНРЈ со цел да се загрози постојното државно уредување на ФНРЈ предвидено во член 3 точка 7 и поттикнување на странски држави за мешање во внатрешните работи на ФНРЈ предвидени во член 3 т. 9 од Законот за кривичните дела против народот и државата.

Своето уверување за одговорноста на обвинетиот Методија, а во врска со делата од член 3 т. 2 од споменатиот закон, судот го засновува на исказите на обвинетите Борис, Митре и Неделко, на сведокот Трајко Бешоски и делумните признанија на самиот обвинет Методија.

Така, Борис Загоранлиев како пред истражната власт така и на претресот, на јасен и категоричен начин изјави дека по Велигден 1946 година обвинетиот Методија го запознал со својот план, а кој се состоел во тоа да пребега во Грција, а оттаму да одиво Париз на Мировната конференција, од каде што ако не успее да ја обедини Македонија под протекторат на една од големите сили, тогаш ќе се врати во Грција да работи на тоа НРМ да сеотцепи од ФНРЈ, да се спои со Егејска Македонија и да се образува федерација со монархофашистичка Грција.

Обвинетиот Методија на претресот призна оти тој кон Македонија има посебен долг а тоа е: обединување на Македонија која така обединета ќе се приклучи кон Југославија, кон Бугарија или Грција, или пак Македонија да биде независна од кое судот се увери дека за остварување на гореспоменатиот план на обвинетиот Методија е нужен предуслов – отцепувањето на НР Македонија од ФНР Југославија, што значи повреда на нејзината територија. Судот констатира дека во дејноста на обвинетиот Методија стојат сите нужни елементи и за постоење на кривични дела од член 3 т. 2 од Законот за кривичните дела против народот и државата.

За одговорноста на обвинетиот Андонов за дело од член 2 т. 7 од Законот, Судот се увери од исказот на обвинетиот Неделко кој на претресот изјавува дека обвинетиот Методија на 13 јули 1946 година во својот дом во Прилеп, приготвувајќи се за бегство преку граница, му рекол: “Бидејќи се натуриле старите режими ќе бегам во Грција каде што ќе организирам оружени чети кои ќе се борат за слободна Македонија”.

Натаму во пресудата се вели: “Исказот на Неделко Макрески се совпаѓа и со исказот на Митре Митрески, имено дека Бошко Загоранлиев, кој во конкретниот случај е еден од главните обвинети и прв запознат со планот на Методија, тој му понудил 100 илјади динари за да го префрлат десет оружени лица во Грција. Судот констатира дека една од целите на Методија Андонов за бегство во Грција му е организирање на оружени банди кои ќе се борат против постојното државно уредување на ФНРЈ.

Своето уверување за одговорноста на Андонов во однос на дело од член 3 т. 9 Судот го заснова врз база на признанието на Андонов, на исказот на сведокот Трајко и изјавите на Борис Загоранлиев. Признанието на Андонов се совпаѓа со искажувањето на сведокот Трајко Бешоски, на кого Судот му укажа целосна доверба и кој изјави оти обвинетиот Методија му рекол дека ако Македонија не биде во заедница со другите народи и републики во ФНРЈ, тогаш Англија и Америка ќе и ги дадат на Вардарска Македонија и другите делови, имено, Егејска и Пиринска Македонија, што всушност, значи мешање на странски сили во внатрешните работи на ФНРЈ.

Исто така, Бошко Загоранлиев категорички изјави на претресот оти обвинетиот Андонов, запознавајќи го со својот план за бегство во Грција, му кажал дека сака да оди на Мировната конференција во Париз, каде што од големите сили ќе бара трите дела на Македонија да образуваат една целина под покровителство на една од големите сили и тоа дека ќе го бара како бивш народен пратеник, бивш голем функционер на власта. Судот така констатира дека има мешање на странски сили во внатрешните работи на ФНРЈ, со која дејност се исполнети сите елементи неопходни за постоење на кривично дело од член од член 3 т. 9, а во врска со член 12 од истиот Закон.

Одбраната на обвинетиот Методија, која вели дека тој тргнал да бега во Грција поради тоа што, откако поднел оставка и се вратил во Прилеп, бил подложен на политички и економски прогон од народната власт и дека тој прогон беше главен мотив за неговото бегство, а како второстепен мотив му бил исполнувањето на последниот долг кон Македонија – акција за обединување на Македонија на гореизложениот начин”. Судот ја одби и ја отфрли како неоснована, бидејќи обвинетиот Методија не само што не му даде на Судот ниеден доказ во поткрепа на својата одбрана, туку од исказите од него предложените сведоци Киро Платник, Ристо Бајалски и Петре Талев, на кој судот им укажа целосна доверба, се утврди обратно, имено дека не бил применуван никаков прогон.

Така сведокот Киро изјави пред судот дека лично обвинетиот Методија му кажал оти за кратко време од работата заработил во дуќанот повеќе отколку било кога порано. Сведокот Бајалски пак изјави оти тој во Народното собрание го критикувал Методија, но како народен пратеник, поради дејноста која ги загрозуваше основните придобивки на НОБ, конкретно во дискусијата за член 1 од Уставот на ФНРЈ.