Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Metodija Andonov-Chento

Front Matter - Part 04

Par Фиданка Танаскова · Partie 4 sur 9 · Environ 20 minutes

Lire en English

‘Вие другар Темпо, му се обрати остро, би можеле да го напуштите состанокот. Впрочем, и немате право да присуствувате тука. Сега заседава Иницијативниот одбор, а, колку, што ми е познатао, вие не сте негов член’. Мнозинството од нас тоа веднаш го осуди...” Судирот меѓу Ченто и Темпо во предвечерјето на историското второавгустовско Прво заседание на АСНОМ, настанат во врска со членувањето на Видое Смилевски во Одборот, внесува доза на немир, видливо неспокојство и своевидно исчекување.

Темпо ја напушта седницата, меѓутоа, по негова сугестија е формирана комисија на ЦК КПМ која требало да го сослуша, да даде свое мислење и свој суд за Методија Андонов. Притоа, за претседател на Комисијата Темпо го одредува Видое Смилевски поради кого и дошло до настанатиот спор, до различните видувања, коментари и до отворениот судир.

Според некои кажувања, Ченто по формирањето на Комисијата (на чело со Смилевски) бил доста повреден, па дури, во еден момент и решен да напушти се и да замине од Прохор Пчински.

Но...

Осамнал долгоочекуваниот нов ден, Илинденски, второавгустовски 1944. Во манастирот “Прохор Пчински” пристигнуваат гости и претставници од многу страни и места, од сите краеви на Македонија. Попладнето во пет часот, при целосна тишина, како што запишале хроничарите, најстариот член на Иницијативниот одбор Панко Брашнаров со тивок и растреперен глас го отвора Заседанието. Пространата сала на историскиот манастир е сета украсена со македонски и југословенски знамиња и слики. Одекнува химната “Изгреј зора на слободата”.

По овие свечени мигови, Панко Брашнаров, сведок на два Илиндена, се обраќа кон присутните со следните зборови: “Во овој момент, во ова историско место “Свети Отец Прохор Пчински” и на овој историски ден Илинден, објавувам дека е отворено Првото Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија. Душата ми е преполна со радост и пред моиве веќе слаби очи, ги гледам како се раздвижиле сите реки на овие простори од Пчиња и Вардар, до Места и Бистрица, заплискувајќи ја целата македонска земја, сакајќи да го измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропаста на Самоиловата држава за да се роди денес нова, светла и слободна македонска земја...” По овие емотивно изговорени пораки на Панко Брашнаров, по читањето на телеграмите и по поздравните говори, работниот дел на Заседанието го отвора и со него раководи претседателот на Иницијативниот одбор Методија Андонов Ченто. Веднаш потоа се чита извештајот на Иницијативниот одбор и двата реферата кои ги поднесуваат Бане Андреев и Мане Чучков.

Се се одвива во една свечена, во една возвишена атмосфера, во еден историски миг и време. АСНОМ ги донесува најзначајните одлуки и решенија меѓу кои прогласувањето на АСНОМ за врховно, законодавно и извршно народно претставничко тело и највисок орган на државната власт на демократска Македонија.

Се избира Президиум на АСНОМ за чиј прв претседател е избран Методија Андонов Ченто. Потпретседатели се Панко Брашнаров и Мане Чучков. Секретари, Љубомир Арсов и Владимир Полежиноски. Членови: Венко Марковски, Цветко Узуновски, Богоја Фотев, Михаил Апостолски, Страхил Гигов, Петре Пирузе, Кирил Петрушев, Јован Ѓоргов, Епаминонда Поп Андонов, Генади Лешков, Кемал Аголи, Лазар Соколовски, Вера Ацева, Камбер Хасан, Ацо Петровски, Младен Челопечки и Лилјана Чаловска.

На тој историски собир во “Прохор Пчински”, АСНОМ го донесува и Манифестот на Првото заседание, во чиј текст, меѓу другото, стои запишано: “Тргнувајќи од вековните идеали на македонскиот народ, Првото македонско Народно собрание ја прокламира пред целиот свет својата праведна и неотстапна желба за обединување на целиот македонски народ. Со тоа ќе се стави крај на ропството во сите делови на македонската земја и ќе се создадат услови за искрена солидарност и мир меѓу балканските народи...” Заседанието во “Прохор Пчински” е завршено и наредните дни и месеци продолжуваат динамичните активности на Президиумот на АСНОМ, кои натаму имаат значителни обврски во поглед на преточувањето во живот на усвоените одлуки, а истовремено и донесувањето нови, неодложни, толку значајни за иднината на македонската држава. Веќе на 6 август 1944 година во селото Рамно е одржано Првото заседание на Президиумот, на 14 август членовите се одново на седница, овојпат во шумата во Петрова Гора, а од 2 до 5 септември во “Прохор Пчински” се одржува и Третото заседание на Президиумот, кога се поставуваат и верификуваат одделни решенија донесени во тоа меѓувреме.

Така, покрај другото, испратена е телеграма до Националниот комитет со која се бара при преговорите за примирје со Бугарија да се земе предвид и прашањето за Македонците во оваа земја. Во врска со стопанската обнова на Македонија, се усвојува планот на поверенството со барање да се соберат неопходните податоци за пустошењата од 1941 до 1944 година, и од кого се сторени тие, неопходни показатели, кои натаму ќе послужат да се поднесе барање за воена отштета.

Поверенството на овој состанок на Президиумот прими сугестија и за пустошењата и за колонијалното управување на Македонија од 1912 - 1941 година, кои ќе бидат, всушност, поткрепа пред соујузничките сили за тоа кога ќе се поставува прашањето за Македонија под Грција и Бугарија. Пред Националниот комитет тие показатели ќе послужат како илустрација за причините за економската заостанатост на Македонија и како поткрепа за неопходсноста да и се додели поголем дел од воената отштета за да може економски побргу да се развива и да се издигне.

Во врска со донесеното решение на оваа седница за колонистите, Мане Чучков на 17 ноември 1944 година, на седницата на НКОЈ, предложил “командата на градот да прекине со издавањето пропусници за Македонија, бидејќи... се работи за лица кои на незаконит начин добиле земја во Македонија за време на стара Југославија”. Овој предлог е усвоен.

Натаму, во наредните месеци забрзано работат органите на новата македонска држава, поставувајќи и донесувајќи бројни прашања, одлуки и документи за уредувањето и организирањето на народната власт, на стопанскиот, културно-просветниот, здравствениот и друг живот.

На 15 април 1945 Година, Народното собрание на Македонија за свој претседател го потврдува Методија Андонов Ченто.

Президиумот станува политичко-извршен орган кој привремено ги врши работите на народна влада се до нејзиното формирање кога се раздвојуваат функциите на Президиумот, кој останува со политичко-извршна, а владата со извршна, управна власт.

Вековно очекуваната и со крв прескапо платена и извојувана слобода, веќе е на сета територија. Се одржуваат митинзи и собири. Народот и борците ги слават победоносните походи во својата слободна Македонија. На дел од тие бројни собири присуствува и говори Методија Андонов, чие име е често извикувано и испишувано.

Наближува есента, се вршат подготовки за првото одбележување на 11 Октомври, на историскиот ден кога се огласени слободарските истрели во Прилеп и Куманово. За овој голем настан и на овој голем празник се очекува доаѓањето во Скопје на маршалот на Југославија Јосип Броз Тито.

Тој ден сиот град е на нозе. Пристигнувањето на Тито е поздравено бурно. На Скопската железничка станица, од името на Президиумот на Народното собрание, му приоѓа претседателот Методија Андонов Ченто и го поздравува високиот гостин: “Другар маршале, драги гости, среќен сум што можам од името на македонскиот народ да ве поздравам со добредојде, во столицата на Македонија, во Скопје.

Македонскиот народ никогаш во својата историја не бил толку среќен колку што е среќен денес, кога Вие првпат сте во Македонија”.

“...Вие доаѓате како наш гостин на 11 Октомври, на овој ден кога македонскиот народ крена оружје за да се бори против крвавиот фашизам. Нашата благодарност ние мислиме најдобро да ја искажеме на 11 ноември кога ќе се одржат првите слободни избори во Југославија. Голема е нашата благодарност и кон нашите сојузници кои најмногу помогнаа за нашата слобода. Благодарност кон Советскиот сојуз, Велика Британија и Америка.

На крајот јас Ви пожелувам среќно да си поминете во нашата претстолнина и да однесете најдобри спомени од македонскиот народ”, рекол Ченто.

(Ден 11 Октомври 1945 година, објавено во “Нова Македонија”).

Во слободната македонска земја веќе се преземаат се побројни акции за да се залекуваат тешките рани од пустошењата и злосторствата на окупаторските и фашистичките режими.

Народната власт, Президиумот, Народното собрание, и сета раководна гарнитура се речиси во постојано заседание, вложувајќи огромни напори за воспоставување и за што поефикасно функционирање на сите пори од животот, донесувајќи притоа многу закони одлуки и многу потези и мерки.

Навраќајќи се кон другите значајни датуми и собири во ова време, секако е незаобиколно приспомнувањето и на Второто (Прво вонредно) заседание на АСНОМ, кое почнува на 28 декември 1944 година, и за време на неговото траење има интересни реферати; богата дискусија и голем одглас.

Претседателот на Президиумот Методија Андонов, меѓу другото ќе рече “Ние Македонците кои сме одживеале најголемо ропство на Балканот, градиме денес една држава заедно со сите други народи на Југославија... Во Македонија веќе има формирано три обласни, 30 околиски, 2880 селски и градски НОО во кои се опфатени повеќе од 37.000 луѓе...” Заседанието е затворено на самиот крај на 1944 година и како што ќе напише Димитар Влахов “тоа е одржано во атмосфера на огромен ентузијазам, а претставниците на македонскиот народ укажаа дека се достојни синови на бесмртните борци на славната илинденска епопеја.” Во Президиумот на АСНОМ, избран на Второто заседание, се наоѓаат 35 членови, а Претседателството го сочинуваат:

претседател – Методија Андонов Ченто, прв потпретседател Лазар Колишевски, втор потпретседател Неџат Аголи, секретар Борис Спиров, втор секретар Епаминонда Поп Андонов.

Повереници се: Киро Петрушев, Страхил Гигов, Петар Пирузе, Никола Минчев, Мире Анастасов, Богоја Фотев, Ацо Петровски, Стерио Боздов, Георги Васков, Киро Глигоров и Димитар Митрев. Членови: Александар Петровиќ, Димитар Влахов, Панко Брашнаров, Павле Шатев, Александар Мартулков, Крсте Гермов Шакир, Мара Нацева, Цветко Узуновски, Хасан Шукри, свештеникот Јован Гелев, Вукашин Попадиќ, Милош Јаковлевиќ, Димитар Нестров, Младен Челопечки, Кемал Сејфула и Веселинка Малинска.

Следејќи ги натаму активностите на македонското раководство, кои донесуваат десетици и стотици неопходни, неодложни, толку значајни одлуки, ќе се задржиме само на дел од нив. Така, со решенија на Президиумот на АСНОМ (поверенството на финансии), е одобрено да почне веднаш да се собира еднократен данок, како што се вели, за “средување на финансиите” и притоа база за височината на данокот ќе биде земен доходот што го остварило секое физичко или правно лице за последните три и пол години. Ова решение го потпишал Методија Андонов.

Меѓутоа, на Ченто ќе му се пишува како голем минус дека бил против еднократниот данок, на што тој ќе рече: “Јас не бев против. Јас го потпишав решението на Президиумот, меѓутоа предлагав, да се исправат грешките”, наведувајќи ги примерите со Прилеп и Струмица, кога на некои фирми им било наметнато многу, а на други малку данок. Едновремено Ченто се залагал оние што ќе платат во злато, со оглед на тоа што златото тогаш се уште немало курс, кога ќе можат долгот да си го намират со пари, тогаш златото да им биде вратено, (овој предлог не бил примен).

Меѓу другите акти што биле во постапката, или веќе донесени, е и Законот за аграрна реформа за кого Ченто имал предлог (од почетокот не прифатен, но подоцна тоа е усвоено, и Законот дополнет), така што на големопоседниците кои имале повеќе од 25 хектари земја, а, според законот им биле, на оние што немале други средства за живот, а според возраста и не можеле друго да работат, да им се остават до пет хектари земја за да може од нив да ја обезбедвуаат својата егзистенција.

Инсистирал и на тоа девизите добиени од шесте милиони килограми тутун да останат во Македонија со што ќе се решеле многу тешки проблеми, но на крајот не испаднало така. Се залагал и за тоа парите од афионот, памукот, од оризот и од другите земјоделски производи од ова поднебје кои оделе во сојузната каса да се знае точно каде, зошто и како наменски се трошат. Отворено говорел за поголема економска самостојност на републиките и, како што некои тоа го оквалификувале, за

“одвоени ќесиња”.

Му се зема за минус што барал и интервенирал никому веднаш да не му се пресудува со куршум, туку, секој што згрешил и што се огрешил во војната да му суди народен суд. Во врска со ова се доведуваат некои помасовни стрелања, кога нему, како претседател, му доаѓале поплаки, биле изнесувани потресни сведоштва и многу човечки судбини, кога се нуделе факти и докази дека сите стрелани не требало да застанат пред ѕидот на смртта... Тој за ова јавно говорел во Народното собрание на 15 април 1945, после што е избран за претседател на Президиумот.

Без некоја временска систематичност и без хронолошко следење се задржуваме и натаму на одделни ставови и предлози за нови прашања, закони и потези во раководните и во народните органи и тела на Македонија.

Уште во зимата 1945, поточно на 4 март, е одржан и првиот Македонски црковно-народен собир, кој имал свое големо значење и посебно место во тие постослободителни дни и месеци. Обраќајќи им се на црковните великодостојници и на пристуните верници Методија Андонов како претседател на Президиумот, меѓу другото рекол: “Македонскиот народ има полно историско право да има своја автокефална црква, а неговите добро познати страдања низ историјата и низ скорешното минато, беа страдања и на свештениците од кои значителен дел се најдоа во првите редови на борбата за слобода...” На овој собир е донесена резолуција за автокефалноста на Македонската црква, меѓутоа, подоцна претставникот на владата го изнесува политичкиот став за македонското црковно прашање, а донесената резолуција од март 1946 ја оценува како погрешна, за што ќе рече: “Автокефалност значи одвоеност, прекинување на секаква врска со српската патријаршија, затворање во кругот на самата себе, што значи, нарушување на братството и единството на југословенските народи...” Инаку како претседател на македонското собрание, на 10 јуни 1945 во Белград, во Сојузното собрание, Ченто говорел кога се ратификувал договорот за пријатеслтвото меѓу Југославија и Советскиот Сојуз: “Како резултат на херојската борба на слободољубивите народи, како резултат на Атлантската повелба и Кримската конфереција, се признаа правата на сите мали и големи народи – право на слободен, национален, политички и културен живот. Со што се призна право и на македонскиот народ да биде слободен и рамноправен, заедно со другите народи во ДФЈ...” “Но, сметам за свој долг да ги изнесам пред вас тешките преживувања на нашиот народ, жестоките неправди на нашите браќа во Егејска Македонија кои се принудени да се борат за свој опстанок и живот, бегајќи пред теророт на разни страни па и во планините со своите несреќни фамилии... Единствената вина на тие наши браќа е дека сакаат да живеат свој човечки живот и слободно национално, културно и политички да се развиваат, слободно да учат и да зборуваат на свој мајчин јазик...” ОВАА ОСТАВКА ЈА ПОДНЕСУВАМ Кои причини го доведоа првиот претседател на Република Македонија да поднесе оставка Многу активно учество во донесувањето на законите во Белград Како бомба одекна Чентовиот предлог во првиот устав на земјата републиките да имаат право на самоопределување до отцепување Ги прелистуваме стенографските белешки озаглавени како “Работа на законодавните одбори на Претседателството на АВНОЈ и на Привременото народно собрание на СФРЈ” од 1945 година. Методија Андонов активно учествува во дебатите летото и есента, при што паѓа во очи неговата темелност и далековидост. На првата конститутивна седница, одржана на 10 август 1945 година, од македонското раководство присуствуваат Методија Андонов, Епаминонда Поп Андонов, Петар Пирузе, Кемал Аголи и Тодор Ѕвездин. На втората седница веќе на дневен ред е предлогот за аграрната реформа и колонизацијата, а во дискусијата учествува Ченто. Тој залагал за тоа на безземјашите или на многу слабо имотните да им се додели по некое парче земја, а реплицирајќи му на Милош Жанко ќе побара, тие што се огрешиле од НОБ и револуцијата да си ги сносат законските последици и другите мерки, но да не се дозволи, сепак, нивните семејства да останат без никакви средства за живот и да бидат препуштени на суровата судбина.

На 13 август е воден претрес по Предлог-законот за Уставотворното собрание каде што Ченто сметал во новиот устав на сите народи да им се даде целосно право да го кажат својот збор и слободно да ја изразат својата волја за тоа – каква држава треба да имаме. “Како Македонец во целост го прифаќам овој предлог бидејќи по првпат се дава вистинска можност нашиот народ еднаш, јавно да го изрази своето мислење за сопственото битие и својата иднина...” Кога на 22 август бил поставен предлог-законскиот текст за кривичните дела против народот и државата, тогаш побуден од одделните ставови на новиот проект, споредени со законот од стара Југославија, меѓу другото, ќе забележи: “Тие неправди најмногу ги почувствувавме ние на својот грб, зашто, ниеден наш човек не смееше да каже дека е, тоа што е – Македонец.

Целата наша нација, всушност, беше ставена надвор од законот.

Затоа, новиот проект со нови идеи и визии нека биде понуден пред судот на јавноста, па народот нека го каже својот збор...

Јас сметам оти ќе го поздрават неговото донесување, бидејќи е законот благ и правичен.” Учествувајќи активно во подготовките околу донесувањето на првиот Устав во 1946 година, Ченто, веројатно базирајќи се на разговорите од Вис, на ставовите и документите од АСНОМ и АВНОЈ, и не само тоа, поднесува амандман на Уставот на Југославија во кој се залагал за принципот “самоопределување на републиките до отцепување”, амандман кој во тоа време одекнал како вистинска бомба.

Инаку, неговите современици низ своите кажувања ни посочуваа оти Ченто бил мошне отворен, како претседател доста непосреден и комуникативен со луѓето. Вратата од неговата канцеларија била отворена за да може без проблеми и огради на влезе секој оној што имал потреба за тоа. Не сметал оти му се неопходни и кој знае какви телохранители, па дури и дека нема воопшто потреба од лично обезбедување. Имал обичај да каже: “Ние се боревме против жандарми и против слични на нив. Па доколку народот има доверба во мене, тогаш јас од кого ќе се штитам, од кого ќе се плашам.” (Да споменеме и тоа дека Методија Андонов со семејството како претседател живеел во трисобен стан во центарот на Скопје, спроти поранешниот хотел “Македонија”.)

Во разговорите одделни соговорници беа на мислење дека Ченто бил мошне “тврд” кога ги бранел своите ставови и предлози во дискусиите, притоа цврсто отстојувајќи на своето – јас. Можеле да го уверат и разуверат само аргументи и контрааргументи.

Тој, за некои од оние десетици па и стотици понудени проекти, решенија, потези и закони имал поинакво видување, свој став и мислење, и тоа главно јасно и гласно го изнесувал. Меѓутоа, очигледно оти биле бележани сите тие разногласија, становишта и предлози, па се заедно му се пишувани како голем минус. И Партијата не е настрана од тоа. Изречени се судови и оценки кои само ќе бидат конкретизирани на Конференцијата на Земскиот одбор на Народниот фронт. На заседанието на 7 март 1946 година против Ченто почнува лавината критики. Обвинувањата одат и по вертикала и по хоризонтала. Се вадат на мегдан најразлични аргументи.

Черечен е како грешник безмалку од сите страни. Прогласуван е за виновник. За човек со тврдо држење, со непокорно мислење и став. Окарактеризирани се некои негови предлози и заложби како атак врз новите мерки и потези на новата држава.

Жестоките критики, всушност, се и најава на неговата оставка која набргу и ќе следи.

Во поднесениот извештај за работата на Президиумот на Народното собрание за времето од 15 април 1945 до 15 април 1946, меѓу другото, пишува: “Во работата на Президиумот се јавуваше честа несогласност со разбирањата на бившиот претседател Методија Андонов со членови на Президиумот.

Тоа свое несогласие во разбирањето Ченто го пренесе надвор од Президиумот и неговото држење предизвика остра критика на Конференцијата на Народниот фронт”.

Веднаш потоа, Методија Андонов на 14 март 1946 година поднесува оставка која уште утредента му ја уважува Президиумот, додека Народното собрание тоа го прави еден месец подоцна, на 15 април.

Оставката гласи, цитираме:

“Молам Президиумот на Народното собрание на Македонија да ме ослободи од досегашната должност како претседател и член на Президиумот. Сметам за потребно да изнесам дека оваа оставка ја поднесувам по причина на моето лично положение и сознание дека понатаму не можам да ја исполнувам поверената ми должност” Потпис: Методија Андонов Ченто.

Со ова, Методија Андонов го завршува својот престој во Скопје и заминува во родниот Прилеп со намера да ја продолжи трговско-дуќанџиската работа. Меѓутоа, во овој град веќе почнуваат проблеми околу снабдувањето со производи за фирмата, а допираат до него вести и слуша гласови од “добро известени извори”, дека му се закануваат со банкрот и со прогон. Сета таа рашомонијада трае четири месеци, од 14 март до 14 јули 1946 година.

Нешто по полноќ таа јулска ноќ се случува едно од оние апсења што ќе биде обвиено со превезот на најголема тајност и конспирација и кое подоцна ќе предизвика многу контроверзии, љубопитство, дилеми и многу отворени прашања, од кои дел, и тоа голем, траат и денес. Не успеавме да пронајдеме којзнае какви пишувани сведоштва, некои извори се затворени, но сепак, во упорното трагање да дојдеме до вистината за апсењето на Ченто, најпрво ги нудиме кажувањата на некои од непосредните сведоци на овој настан. Меѓу нив е и Стеван Петрески Туте, првиот сосед на семејството Андонови, во кого, многу свежо, речиси фотографски е меморирана ноќта на таинствениот настан, кој почнува да го заплеткува и отплеткува клопчето на случајот наречен Ченто.

Стеван Петрески Туте, повереник за социјални грижи во Прилеп: - Квечерината кога се вратив дома, ме изненади ненајавеното присуство на тројца непознати, од кои двајцата веќе се беа сместиле до прозорецот кој директно имаше поглед на дворот од Чентовци, додека едниот отиде да варди зад куќи.

И така на смени дежураа цела вечер. Мене ми забранија да влегувам и да излегувам, па морав да останам во собата отспротива. Тие луѓе не бев ги видел никогаш пред тоа, не знаев кои се, но, очигледно беше оти очекуваат нешто да се случи кај Методија Андонов, кој само пред неколку месеци се врати дома по оставката во Скопје.

- Што видовте таа ноќ?

- Некаде по полноќ, не знам точно, се сеќавам само дека беше спарна јулска ноќ, тропна портата кај Ченто и се чу тап одзив од чевли. Луѓето во собата ме повикаа да дојдам до прозорецот.

Беше се така блиску, речиси пред очи. – Ги познаваш ли луѓето што влегоа, ме праша еден од непознатите што беа кај мене дома. – Навистина го познавав. Не требаше да видам два пати. – Она е Мариовецот, реков, тој оди по пазари. А го знам и вториот, Загоранлиев, од Загорани. Да, и него го знам.

Прв влезе Мариовецот, а по него и Бошко Загоранлиев. Онака наметнат со темно палто, седна на скалите од горната тераса.

Набргу излезе Ченто по пижами, нешто разговараше со Загоранлиев а пријде и Мариовецот. По кусо време, преоблечен слезе Ченто во дворот, одново нешто проговорија и кинисаа сите заедно. Се слушаа нивните чекори по калдрмисаната улица.

Што се случи потоа?

- Додека се уште одекнуваа чекорите во ноќта, оние тројцата што го чекаа овој настан и не беа прилепчани, ја отворија портата и се стрчаа по нив, а тие беа блиску до куќата. Излегов да затворам и тогаш ја видов жена му на Ченто како стои на врата. Ме виде и таа, па откако се дознаа оти е апсен, а подоцна и суден, јас, во очите на Чентовци па и во очите на граѓаните останав предавник на Методија Андонов. Таа тешка анатема ме следи 44 години. А еве, стар сум, ќе заминам, и не сакам и моите деца да бидат со голема дамка на предавник. Не е верно тоа...

Луѓето што дојдоа во мојот дом ни пред тоа, ни потоа никогаш повеќе не ги видов. Ниту тие, ниту некои други дојдоа да го пречекорат мојот праг за да исчекуваат одново нешто во дворот на соседот...

- Тука ли заврши случајот?