Front Matter - Part 05
Кога по три месеци се вратив во Петрич, на отпуск, Величка веќе повторно се беше омажена за еден разведен софијанец, кој живеел заедно со своето петгодишно дете.
Јас требаше да поминам две зими по објектите на “Илинска Река”. Таму градевме пат за планинарскиот дом “Македонија” и јас работев како минер. Ги бушев карпите со пневматски пиштол со челични бургии, а отворите ги полневме со експлозив и го пробивавме патот кон домот.
Преку летото 1963 године бевме во војничкиот логор во месноста “Турско Парче”. Еден ден, тука дојде уметникот од батаљонот во Благоевград, да пишува пароли. Беше добродушно момче и јас го замолив да насликам еден морско – планински пејсаж од едно списание кое тој го носеше во себе. Тој се согласи и јас за околу два часа и половина, на шперплоча со размери 180/140 см, насликав една на вистина класична слика. Уметникот ме праша дали сум завршил уметничка академија зашто сликата многу му се допадна. Ја позтавивме на еден од ѕидовите во мензата на единицата и сите и се восхитувавме.
На крајот од 1963 година, не прекомандуваа во градот Бобов Дол. На 22 Април 1964 година, ја завршив војната служба и се вратив дома. Една недела по тоа отидов на мојот бивш објект “Илинска Река”, но единицата веке беше расформирана, а мојата слика замана од некого. Така мојата единствена уметничка творба со мрсни бои украсува некој туѓ дом. А тоа беше еден прекрасен пејсаж, дел од морето во чие преден план е претставена лотка со рибар, над кои лета бел галеб, а од страните еден зелен планиски пејзаж. Не било пишано да биде моја таа слика!
Наскоро татко ми ми рече дека мојот бивш учител по математика, Герасим Попов сакал да се види со мене. А јас бев неговата гордост по математика во гимназијата. Наредниот ден, кога отидов во неговото училиште “Кочо Мавролиев” тој ме пречека со следните зборови:
- Стојане, и ти како мене си беспартиен комунист. Јас мислам дека ти се чувствуваш многу потиснат во душата после затвор.
Сега сум инспектор по математика во Одделението за просвета во Благоев – градскиот круг. Затоа, ако сакаш оди во с. Долене. Таму ќе предаваш математика на петти, шести и седми клас во основното училиште. Верувам дека одлично ќе се справиш со задачата.
Јас не сакав да одам образложувајќи дека сум компромитиран, дека сум лежел затвор, но тој човек настојуваше. Ме уверуваше дека имам сили да бидам полезен на учениците од тоа планинско село и изреди многу други нешта во моја полза. Најпосле јас се согласив и кон крајот на месецот Април веќе бев недипломиран учител во с. Долене.
Една недела по стапувањето на работа јас спроведов контролен испит по алгебра во петти, шести и седми клас. И каков очаен ресултат си добив! Во петти клас од 29 ученици слаби оценки (2)
добив 22 ученици, во шести клас од 22 ученици двојки добија 17 ученици, а во седми клас од 19 ученици – 14 добија слаба оцена.
Многу пропуштена работа. Бившата учителка, сопруга на директорот на училиштето, која се наоѓаше на породилно отсуство, не ги водела добро занимањата. Учениците не знаеја основни работи од алгебрата. Не знаеја како се добива разлика на квадрат, собирање и делење на дропки и др.
Бидејќи од Петрич за с. Долене автобусот одеше само во Понеделник и Сабота, јас најмив една соба. Секое попладне (бидејќи децата беа во пансион) водев дополнителни занимања за совладување основните правила во алгебрата и геометријата. По два месеца упорен труд од мојата страна и од страна на учениците, никој од петти и шести клас не остана да го повторува класот заради математика. Само во седми клас едно девојче кое имаше слаби оценки уште по четири други предмети, остана да го повторува класот. И едно момче го пуштив без да ја заслужува тројката, кое најпосле заврши школа за професионални шофери.
Така во месец Јуни завршив моето прво и последно практикување во оваа авторитетна професија. Најпосле, директорот на училиштето Александар Панев, ми напиша заслужена пофална карактеристика како учител.
Есента 1964 година, јас веќе се запишав како вонреден студент не градежниот Техникум “Христо Ботев” во Софија. Во пролетта 1965 година работев како бојаџија. Тогаш се запознав со мојата сегашна сопруга – Марија, која учеше заедно со мојата најмала сестра Вида во училиштето за облека во Петрич. Истата година во месец Октомври се зедовме, а на 25.XII. ни се роди првото девојче кое го крстиме со името на мајка ми Димитрина, а четири години покасно, 1969 година, ја добивме втората женска рожба која ја крстивме со името на мајка и на жена ми – Елена.
Во техникумот учев специјалност “Геодезија и картографија” и многу брзо го усвоив геодетскиот материјал. Уште недипломиран во летото 1966 година јас извршив едно контролно геодетско мерење – нивелацијата на реонот на ДСП “Оранжерии” – Петрич, кај инженерот Здравев. Резултатот беше одличен. На четирикилометровата траса излегов од еден нивелационен ревир и најпосле пак се вклучив во него со минимална разлика од + 12 мм.
Бев одличен геодезист и целата нискоградба на еден објект од 320 декари ја презедов јас. Имав 110 работници на кои секој ден им мерев, им давав ниво за редење бетонски плочи на одводните канали и др. Ми доделиа за помошник една колешка која го имаше завршено Техникумот уште пред три години.
Тука, на тој мој прв објект, се запознав со началникот на РМА
– Софија Дано Донев, кој по тоа ме зеде да раководам со реконстукцијата на патот Петрич – Марикостиново и магистралата Кулата – Сандански. Јас по цел ден мерев заедно со двајца фигуранти од с. Марино Поле. Но овој објект за прв пат се запозна со идниот мој сопроцесник Сократ Маркилов. Тоа беше во 1968 година. Сократ дојде да работи на мојот објект како помошник булдожерист на тенкбулдожери со кои ја туркаа ископаната земјина маса по траста на новите патишта што се градеа.
Во месец Април 1969 година јас го напуштив РМА – Софија и почнав да работам како градежен техничар во општоградежно претпријатие во Петрич. Тука примив еден од најголемите градежни објекти во градот, проширување на Конзервната Фабрика. По седум месеци, директорот на претпријатието побара од мене да појдам да го завршам основното училиште во с. Крст, Петричка околија, но јас одбив за ради што морав да го напуштам претпријатето. Почнав да работам како инвеститор на објектите во градот Петрич, инвестиран од Дирекцијата за инвестиции во Благоевград.
Бидејќи, немав завршено оддел “Градежништво и архитектура” директорот ме натера да се запишам вонредно и на оваа специјалност. Се јавив на првата сесија и положив два испита, но тогаш сватив дека треба да прекинам зашто и да го завршам, немаше да станам инженер! Го напуштив техникумот, ја напуштив и инвеститорската служба да работам како технички раководител на “Корекција на реката Струмешница” делот меѓу с. Кавракирово и с. Првомај.
Тука работеа околу педесетина работници кои со камиони ги превезувавме од и до објектот. Тие правеа заштитни плетови на трасата од булдожерите. На објектот се носеа камења, колци и друг градежен материал со кипери и товарни камиони што ги најмив од “Автостопанство” во Петрич. Со цел само да ги брои направени тури на шоферите, бев поставил еден многу сериозен човек од с. Беласица. Се викаше Андон Радев. Работата ја вршеше совесно.
Едно утро, во пролетта 1970 година, наместо со мојот мотоцикл МЖ 150, тргнав кај објектот со автобус. Кога слегов во с. Првомај, од него истовремено слезе и Сократ Маркилов кои посака да разговора со мене. Ми раскажа дека веќе формирале Македонска организација. Јас само му реков дека на секој што се зафатил со Македонското прашање задолжително му ја смачкале главата.
Просто не сакав да разговарам со него по тоа прашање зашто сеуште не му верував. До тогаш тој сеуште не беше стапен во Македонското движење. Во тоа време јас имав луѓе со кои се среќавав тајно, но со никого за тоа не зборував. Така, со Сократ се разделивме без да му дадам никакво значење на зборовите што ми ги рече за нивната организација.
Во тек на следниот месец и половина Сократ постојано ме чекаше на автостаницата во Петрич, таму каде што слегував навечер после работа. Ми повторуваше дека е без работа, дека има четири деца и.т.н.
Еден ден кога пак ме застана јас му реков:
- Од утре ела на автостаницата, сабајле во 7 часот, ќе работиш на мојот објект.
- А што ќе работам? – праша заинтересирано тој.
- Што ќе работат другите, ќе работиш и ти. Ќе смислиме нешто.
Така, се разделивме таа вечер. Следното утро тој веќе чекаше на автостаницата во седум часот. Почекавме малку додека дојде транспортната кола со работниците од с. Тополница, ние двајцата со него се качивме и стигнавме на корекцијата. Тука сите работници одкако доручковаа, заминаа секој на својот објект.
Останавме неангажирани Сократ, Андон бројачот и јас.
- Слушај, Дончо, - му реков кратко јас – ти и Сократ ќе ги броите турите на камионите. Еден ден ти, еден ден тој. За да не ни падне в очи луѓето и де не реагираат плаќам двајца бројача, бие ќе подработувате и нешто друго. Берувам дека нема да ви дотежи ако буцнувате во песокот покај водата врбови гранчиња, кои попосле ќе се фатат како жив плод. Освен тоа, со гриблото ќе порамнувате тука – таму, каде што останале рабови при порамнувањето од булдужерите. Норма нема да ви определувам. Колку сакате, толку можете да работите, само да не им дадеме можност на луѓето да се бунат против тоа дела плаќам двајца бројачи.
- Како што ке речеш така ќе биде, другар началник, - рече Доне.
- Мислам дека се разбравме – се свртив кон Сократ и продолжив кон работниците кои набиваа вербови колја и плетеа огради околу нив полнејќи ги со кршен камен.
После работата, инаку духовит и занимлив, Сократ често ме канеше кај нив да гледам телевизија. При тие посети тој ме запозна со Иван Тимчев од с. Камене, Илија Кочев од истото село и Павле од Петрич, Тодор Циканделов пак од Петрич и др... од кои јас разбрав дека на вистина има некаква новоформирана група. Со Иван Тимчев се среќававме почесто зашто тој беше пописмен од другите и двајцата почнавме да го составуваме Уставот и Програмата на Организацијата.
Во меѓувреме тие бе украле една машина за пишување од Шумското стопанство во град Сандански. Синот на Илија Кочев кој работеше таму и Иван Тимчев со неговиот мотоцикл ја беа свршиле успешно таа задача и ние располагавме со толку драгоцен за една конспиративна организација, инструмент. На таа машина јас напишав еден повик до Македонскиот народ, во кој го повикувавме во борба за заштита на нашите национални права како Македонци. Точниот текст на тој повик се наоѓа во Архивот на државната безбедност на Благоевград.
Јас му се спротиставив на Сократ, велејќи му дека не треба да се прават пристапници за зачленување на луѓе во Организацијата, зашто ако попаднат во рацете на Државната безбедност, то е несоборлив доказ за нивното членување во нашата организација.
Но тој ме увери дека пристапниците ги крие на сигурно место.
Голема слабост на Сократ беше што тој, во оние мрачни години, без да ги одбира луѓето, зборуваше со секој човек за нашата организација, поради што многу луѓе беа побарале помош од Државната безбедност за да подоцна не си навлечат белја. Така на пример, медицинскиот техничар Кирил Бојажев за тоа само што беше адресирал на Француски јасик плик на едно писмо од нашата организација, покасно кога разбраа органите на Државната безбедност, беше исклучен од редовите на Коминистичката партија и преместен на редовите на село.
Дење одевме заедно на работа кај објектот, а навечер кај Сократови работевме за Македонското прашање. Една вечер Сократ ми рече:
- Стојане, зборував со Киро булдожеристот од с. Дрангово, но тој не сака да влезе во Организацијата.
-Сократе, - му реков јас, - треба да бидеш попретпазлив, повнимателен со луѓето, зашто, да не си мислиш дека ги каниш на свадба? Само со добри, проверени луѓе ќе разговараш за нашите прашања.
По еден месец Сократ ме рече:
- Стојане, Киро од с. Драгоново се согласи да работи за Македонија.
- Гледај, Сократе, тој се огласи дури од како пријави во органите на Државната безбедност за вашиот предходен разговор.
- Не може да биде! – навреден одговори тој. – Киро е сериозно момче, јас го познавам многу одамна.
- Запомни ми ги зборовите. – му реков, - Наскоро ќе дознаеш дека сум бил во право.
И навистина. Откако покасно заврши истрагата, кога ја прочитав целата папко со материјалите за нашето дело, првата пријава до Државната безбедност беше поднесена од истиот тој Киро од с. Дрангово. Кога потоа не собраа во една заедничка ќелија во софискиот затвор, на Сократ му реков:
- Прочита ли, Сократе кој ја поднел првата пријава до Државната безбедност, за нашата организација?
- Да! – рече тој, прав си бил.
Им реков уште на сите тогаш осуммина уапсени, дека штом не собрале на едно место, уште пред да почне процесот против нас, значи дека тука среде нас осумтемина, еден или двајца се луѓе од Државната безбедност. И во тое бев прав. Иван Тимчев и Тодор Циканделов беа попуштиле за време на истрагата и станаа нивни луѓе. Тое беше во почетокот на 1974 година. Но да се вратам малку пред тоа.
Во Февруари 1972 година јас го напуштив објектот “Корекција на реката Струмешница” и почнав да работам како професионален шофер на лесна кола во текси – службата во Петрич. Мислев дека така ќе имам повеќе време за разговори со различни луѓе по Македонското прашање. Навистина, се среќавав со многу народ и на несомнителен начин познавав кој како се чувствува – Македонец или Бугарин. Доста момчиња најдов готови да го прифатат тешкиот пат на борбата за Македонија, но бидејќи не составував никакви пристапници со нив, ниту еден од нив не се најде на нишанот од органите на Државната безбедност. Од сопствено искуство знаев дека ако една тајна истовремено заедно се разгледува со повеќе од двајца, таа веке не е тајна. Затоа кога говорав за конспиративни работи, го правев тоа само во четири очи.
Како шофер одвај издржав 10 месеци. Не за тоа што работата ми беше тешка, напротив. Додека бев зад воланот не чувствував дека работам, а си правам екскурзија. Друго ме натера да ја напуштам работата. Јас бев замена на шест шофери. Многу од нив кога имаат седмичен ден за одмор, наместо да ми ја остават колата да работам се неа, точно во тој ден ја носеа на ремонт. И јас само два или три дена во неделата одев на работа. Кога Иван Денев и Никола Златнов се одмораа тогаш ми беше гарантирана работата.
Така, во крајот на месец Декември 1972 година јас поднесов молба до директорот на ДАП – Петрич и бев ослободен по чл 29, буква “a” – со взаемна согласност. Во меѓувреме си бев нашол работа во “Комунално Стопанство” во Петрич, како техничар на градежните бојаџии.
При разговорот со директорот на новото претпријатие, Иван Караванов, тој се согласи да ми даде решение за 130 лева месецна платка, ако му доставам работна книшка со работен стаж над 10 години. Јас го прифатив тој услов. Почна да работам и на скоро бев привремено испратен во градот Разлог. Таму нашите бојаџии работеа на големиот национален објект “Комбинат за целулоза и картон” или на кратко “КЦК”. Тука најдов многу добри Македончиња – колеги: Иван Мекушин, Георги Панков и Веселин Палјушев. Со овој последниот уште во 1956 година расфрлавме летци во градот Петрич.
Кога на крајот на месецот се вратив во Петрич, директорот на претпријатието ми беше издал решение за плата од 120 лева.
Поради тоа отидов во неговиот кабинет. Чукнав на вратата и од како слушнав “Да”, влегов и го прашав: - Дали може да зборуваме?
- Да! – рече тој.
- Другар директор, Вие ми ветите плата од 130 лева ако имам работен стаж на 10 години. Јас ви доставив работничка книжка со таков стаж. Зошто тогаш се потпишале решение за 120 лева?
- Ама вие сте лежеле в затвор за Македонското прашање – рече без церемонија директорот.
- Какве врска има затворот со мојата работа? Јал, пил, платил.
Сега не треба ли да живеам, не треба ли да работам? Нели и јас имам семејство?
- Имаш, но ако знаев дека си лежел в затвор по Македонското прашање, немаше да те примам на работа во моето претпријатие – рече тој.
- Нема повеќе да ти досадувам со моето присуство, другар директор. Еве сега ќе напишам молба за напуштање на работа! – реков остро јас.
Задов еден лист и веднаш напишав молба.
Така, по еден месец работење јас требаше одново да си барам работа.
Ете така е судбината на сите што лежеле в затвор по Македонското прашање. Бев принуден дури во Разлог да барам работа. Таму почнав да работам како технички раководител на сеуште незапочнатиот објект “Претоварна станица” за КЦК. Кој се наоѓаше на железничката станица во град Симитли. За овој објект си најдов работници од Петрич, со кои 9 месеци, секој работен ден, со автобус патувавме од Петрич до Симили и обратно, додека еден ден, на 5 Ноември 1973 година не бев задржан од органите на Државната безбедност.
Ме уапсија во реонот на КЦК – Разлог и со џип ме одведоа во Реонската управа на МВР во градот. Тука бев одново изненаден од одвратната физономија на началникот на Реонската управа – Шакин познат уште од настаните во 1956/57 година во град Петрич.
Природно, првата работа на луѓето од Државната безбедност беше да ме претресат и втераат во ќелија. Не заслужува да го пренесам мојот разговор со Шакин. Така ја поминав ноќта, а рано на следниот ден бев отеран во Државната безбедност во Благоевград.
Дежурниот старешина одново ме претресе при што го направи и соодрветниот написник. Дури потоа ме поведе кон една од ќелиите, каде поминав до пладне. После ручекот ми ги ставија лисиците на раце, завртени зад грб и ме качија во една “Волга” со која зардно со двајца цивилни агенти стигнавме во Четвртата реонска управа на МВР – Софија.
Дежурниот старешина ме пребара исто како оние во Разлог и Благоевград, со таа разлика што тука бев соблечен гол како од мајка роден. Освен тоа, старешината ме натера за се завртам со грбот кон него, после што требаше да се наведам за да провери да не сум скрил нож во задникот. При ова последна операција се почувствував бескрајно понижен, како да не бев човек туку некое животно. Не знам дали на друго место во некоја цивилизирана држава така ниско постапуваат со човечкото достоинство на затвореникот, зашто каков и да е тој, сепак е човек. А човек како што рекол Максим Горки, гордо звучи.
Но, ако се има предвид петвековното Турско робство над Бугарскиот народ, не би требало да се чудиме од таа азијатска постапка на дежурниот старешина. Ако нешто по достојно не можеле Бугарите да преземат од поробувачот, варварштината и простотијата ја прифатиле во полна мера! А, можеби тие им се во крвта!
Еден час по моето затворање во затворската ќелија јас бев изведен на распрашување кај иследникот – поручникот Георги Петков. Пред до ме изведат од ќелијата, еден од двајцата придружници – милиционери притисна врз алармното копче при што се активираа по сите коридори вртечки сигнални ламби каквии што има на милиционерските контролни коли. Никој не смееше да излезе од соседните соби на тој сигнал. И јас за време на тримесечниот престој во Четвртото реонско одделение на МВР
– Софија, освен мојот иследник не можев никаков друг човек да видам. Се чувствував како да се наоѓам во истражен оддел на Гестапо. Толку мрачка атмосфера царуваше во тоа злокобно место.
По трет пат тука се сретнав со мојот бивш иследник Никола Митев – после шеснаесет години. Веќе беше стигнал до чинот полковник, началник на управата. Имаше добро зачувани, посивени од годините и грижите, коси. Се така насмевнат, љубезен и покрај тоа што порано сме имале некоректни, нецивилизирани ситуации. Но тоа беше одамна. Бевме ги подзаборавиле подробностите, но и случаиот бараше една взаемна коректност. Уште кога влезе застана изненаден за да го погледне својот стар “клиент”.
- Добро дошол Стојане, како си? – ме поздрави љубезно.
- Добро. – реков. – Благодарам за вниманието.
- И пак ти ли, бре, Стојане, пак со тоа пусто Македонско прашање?
- Што да се прави, другар Митев. Се некој треба да е тука.
- Не е точно така, но тоа е твоја работа. Биди поискрен со твојот иследник, другарот поручник Петрков, зашто случајно тоа го бара. Впрочем, познати ти се тие нешта! – рече началникот и ја напушти собата.
Штом останавме сами, поручникот почна со задолжителните прашања за името, местото на раѓање, местото на живеење, местотот на работата и.т.н. Тој прашуваше, јас одговорав, а машината за пишување монотоно тракаше под неговите брзи прсти. Добро владееше и со машината и со иследничката терминологија. Не случајно раководеше со целото истражено дело.
Многу народ беше задржан. Едни иследници одеа и по местата, таму долу во Македонија, распрашувајќи ги свидетелите. Тие кои не беа посериозно ангажирани во Организацијата, беа распрашувани во нивните места на живеење и ослободувани.
Во Софија водеа истрага против петнаесет луѓе, од кој седум најпосле беа ослободени. Останавме само осум души, од кои тројца беа осудени на по 5 години лишување од слобода, двајца на по четири години, еден на три години, еден на две и еден на една година. Други двајца беа интернирани на по три године во Делиорман. Не вреди човек да ги опишува илјадите прашања и одговори, бессоните ноќи во мисли за процесот и за моето семејство. Јас бев веќе женет, со две мали дечиња и затоа многу тешко ја поминав и истрагата и самиот затвор – имено за ради нив.
Кога ги видов моите деца на судскиот процес во Благоевград, прв пат после седум месеци од моето затворење, ми падна многу тешко. Малечкото дете не можеше да ме познае. Жена ми му рече
“Оди малку кај татко ти”, а тоа ја заврти главата. Се исплаши од мене. Бев истрижен, во затворски алишта и детето не можеше да ме познае. А пред да ме уапсат многу сакаше да си игра со мене.
Многу сакаше да ми ја чешла мојата бујна коса.
Две години пред тоа, уште кога не можеше да трча, во недела кога не одев на работа, каде и да одев во маалото, двете деца ми беа како ѕвонче на јагне. Толку беа свикнати на мене што не сакаа ниту минута да останат со мајка им, кога јас бев дома. Секогаш го прашував шеговито Ленчето:
- Колку ме сакаш, тато?
- Од земјата до месецот, и од небото до сонцето! Така секогаш одговораше кутрото дете, како нешто да претчуствуваше дека можеби ќе се разделиме и тоа за долго.
Затоа и нашата средба, после седум месеци, за време на судскиот процес, беше многу трогателна. Мојата голема ќеркичка, веќе ученица во прво одделение, ме позна веднаш и незапирливо плачеше. А малечката не ме позна и не сакаше да дојде кај мене.
Така, после седум месеци јас требаше да размислам, што се виновни децата да останат за неколку години без татко?! Зарем беа нешто поинакви од другите деца кои се радуваа на присуството од својте татковци.
Од 1957 до 1961 година, кога го поминав мојот прв затвор, јас бев ерген. Мачно ми беше за родителите, за сестрите и за брат ми.
Но, си велев, тие сите се дома. Имаше кој да биде кај моите родители. А сега, пред овие две малечки дечиња јас се чувствував многу виновен. Не сакав да се разделам со нив, но судбина. Не сето зависи од човекот. Понекогаш има посилни нешта од нас самите и ние сакале или не треба да го оживееме својот определен живот. Некои велат дека животот е таков каков што сам ќе си го направиш. Можеби има некаква вистина во тоа. Но кога ќе те земе течењето, веќе ништо не зависи од тебе. Ти се мачиш да се отргнеш на страна, но текот те носи се повнатре, се подалеку кон неизвесноста.
Шеснаесет години после тие злосреќни мигови, одново бев среде водовртежот на едно такво уште посилно, помоќно и поголемо течение, одново пред мене искрена истата дилема: дали имам сили да се измолкнам од тој зашеметувачки порој или треба да оставам да ме носи кон неизвесноста? Два порои ме носеа и никогаш не се обидов да се измолкнам од тоа течение. Мислам дека и сега е истото.
Седам сега тука во одморалиштето “Југотутун Битола” во градот Охрид, покрај блескавото Охридско езеро и ги пишувам овие горчливи редови за животот на еден толку несреќен толку и среќен Пиринец. Живот, како што ќе покаже и следниот дел од овој роман, посветен на Македонија.
Но да се вратам на завршетоток од судскиот процес. Со ништо особено, спектакуларно не се запомни процесот, освен што ни сидеа за ширење клеветничка пропаганда, односно загрозување на безбедноста и територијалниот интегритет на НР Бугарија.
Тоа е стандарно обвинување за секој кој се чувствува како Македонец и мисли за Македонија. Според законите на НР Бугарија тој е родопредавник и работи за отцепување на територии. Од овој аспект може уште многу да се напише, но мислам дека нема потреба.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/makedonija-nad-se/5 on October 29, 2026