Front Matter - Part 04
Потоа се обидов да го разберам и да наоѓам оправдувања за таа негова постапка. Точно е, секому може да му се случи да засака некого, но по сите човечки правила тој во овој наш случај би морал да остане нем, длабоко да молчи, ако тоа за негова несреќа му се случило...
Никому не го раскажав тој случај, толку ми се чинеше драстичен, и веднаш ги скрив и другите две писма што следуваа. И можеби никому ова немаше да му го кажам, никогаш.
Но, по неколку години, еден интимен другар на моето момче од студиите зачепка по нашето минато и сакаше да открие каде е вистината за тој наш совршен полет и ненадеен тажен смртоносен пад... Дури и денес не знам какви беа побудите што го натераа тој колега да се враќа во нашиот заеднички живот далеку назад; веројатно некоја негова сопствена логика по која во нашиот случај вината за паѓањето не е ниту моја, ниту на мојот другар. Или го натерало просто љубопитството.
Како што разбрав од него, тајната, клучот на целиот случај се криел во едно добро составено, пак писмо од тој истиот „уметник“, што го испратил во претпоследните два дена од нашето градилиште до моето момче... Тоа, можеби и наивно писмо, било обвинување на мене, мојата чедност, мојата љубов.
Тој несреќен „уметник“, кој се заљубил во мене, за да ме уништи, за да ме направи урнатина, го напишал тоа кобно писмо во кое лажно, лицемерно го заколнувал моето момче да ме напушти, поради моето однесување на работилиштето – преслободно, дури изневера!... Го напишал тоа со една единствена цел – да останам „слободна“, со голема надеж де ка можеби ќе го засакам него, исто така, исто толку!
Зарем не се засрами, не се згрози над самиот себе кога беспомошна, во својата безгранична болка, очај, одев кај него, кај тој „уметник“ да ми помогне да докажам дека сум невина, да оди и да го повика моето момче за да ме види, да ми поверува.
Ох, колку сум се лажела, каква горчлива измама... Нему, кој што ми го копал гробот, сум му се молела, и несвесна за тоа, да го затрупа.
Ни тогаш не нашол достатно сили да не оди понатаму... да запре, и ако е се уште можно нешто да поправи... На што тогаш личеше неговото чувство кон мене што требаше да биде љубов!
Тоа било некое нејзино деформирање, изобличување, изрод...
грозен изрод... издигнат до крајни граници на егоизмот...
Ете зошто ме отфрлил мојот малечок; ме изгази во најубавото цутење на моите чувства, кога сите виори на среќата ми беа доделени мене и на мојата младост...
Зошто слепо му поверува, мили, без да се поколебаш ни во еден момент. Дали бев толку далеку од тебе за да можеш на некаков начин да ја провериш таа безочна клевета. Пак наоѓав и сега наоѓам оправдување во твојата младост, неопитност, во првите чекори на посериозниот живот. Секако, преданоста на другарот и довербата во сето тоа што значи едно такво другарство не ти дозволи ниту во еден момент подлабоко да размислиш за се.
Едноставно, се си примил како непобитна вистина.
Можеби и без тоа ќе се случеше нешто во нашиот натамошен живот што ќе го уништеше тој прекрасен сјај на нашите најубави први чувства, како што подоцна увидов. Најчистата, таа вистинската среќа некако како однапред да е осудена малку да трае. Сепак, не можев да се помирам дека тоа со нас е направено на еден таков безочен начин. Најстрашно од се ми беше тоа што една таква неважна, дури и наивна работа го поткопа целиот натамошен тек на мојот, а можеби и неговиот живот.
Дознавајќи ја оваа вистина од неговиот колега од студиите, што ме врати неколку години назад, си префрлав самата себе што не сум се победила и не сум отишла кај него, многу да го молам да ми објасни што е тоа што се испречи меѓу нас, кои неизмерно се сакавме. Можеби ќе го ослободев од сомневањето, можеби вистината ќе му ја кажев со очите... со се мое.
Одамна за сето тоа беше доцна, дури веќе не ја мразев и онаа девојка што го зазеде моето место во неговото срце. Единствено можеби го сакав и се уште го сакам сето она што е за него убаво, што е негова среќа, од која бев исфрлена немилосрдно, поради се уште сосем неоформениот егоизам на оној другиот, чија жртва бев станала и јас, и тој мојот љубен, и нашата љубов.
Бевме премногу млади за да се спротивставиме, да ја заштитиме...
Никогаш, ниту на моите родители, кои толку многу се грижеа за мене, не можев да им раскажам, уште помалку да им се доверам за сето тоа што го проживеав. Некако сето тоа го сфаќав само како мое, каде што никој не може ниту да влезе, ни да помогне. Во секој случај, тие се обидуваа по посреден пат да ми дадат на знаење дека тоа се обични работи во животот, што не треба да се сфаќаат премногу сериозно, повеќе претпоставувајќи што се случува во мојата душа.
Им бев благодарна за таа грижа, но знаев некаде длабоко во срцето дека тоа сепак не се така обични работи.
Престанав да го барам и да го наоѓам насекаде во градот, зашто сфатив дека таа другата во целост ме беше заменила во неговото срце. Барајќи го него, секогаш ги наоѓав заедно, дури често толку весели што ми стануваше јасно дека навистина на моето присуство тука некаде покрај нив му нема место.
Настапи еден нерадосен, речиси тап период во мојот живот.
Единствен свет што ми ја пополнуваше празнината во душата беше светот на романите, театрите, филмовите. Скитав насекаде каде што можеше да се доживее нешто убаво и потоа долго размислував одејќи по улиците, занесена и отсутна.
Се запишав на факултет, прв што ми падна на памет, сосем рамнодушна кон далечните перспективи на мојот живот.
Посетував часови на факултетот, стекнував нови познанства, но премногу здржано, ретко.
Еден ден, одејќи без каква било цел по улица, се сретнав со група другари од училиштето, се запревме и се расприкажавме за студиите. Тука беше и Дуце, и Бедо, и Мики, сите некако свои, блиски... ти си им измислил имиња или се составувале во твое присуство. Еден живот протече ученички, а ние во него... и радоста поради петката и плачењето поради двојката, и сето тоа така малечко, ситно, во однос на тоа што доаѓа... И тепачки и слога, и другарство и уште младо наивно непријателство. И први судрувања со тоа што е живот, а надвор од тоа што е клас... Толку ми беше мила таа средба. Сите тие, овие наши момчиња, беа нешто што ме врзуваше за најубавиот дел од мојот живот.
Веројатно загубувајќи го трпението поради нашето долго прикажување, ни се приближи едно момче кое дури тогаш го видов и подаде рака за да се запознае со мене. Другарите ми објаснија дека и тој е во нивното друштво и дека останал настрана да ги причека. Се запознав. Тоа беше момче неколку години постаро од нас, со некој упорен, дури по малку дрзок поглед на црните очи.
Не сакајќи да се разделиме така брзо, другарите ме повлекоа со нив и јас тргнав чувствувајќи се навистина радосна поради тоа што повторно сум некако во своја, наша средина.
Одговарајќи механички на прашањата од новиот познајник, спонтано се вовлеков во разговор со него. Ме заинтересира со некои негови познавања токму во оние области што беа предмет на моето интересирање, уште повеќе сега, во овој период на бегство од секојдневниот живот.
Беше многу постар од мене и не му беше тешко да ме воодушеви, дури и да ме измами со некои свои познавања.
Студираше. Беше при крај на студиите. По неполна година ќе биде лекар. И тоа секако ми импонираше. Не самата професија, ами фактот што е, така да се каже, пред завршното формирање во еден дипломиран специјалист.
Почнав да се навикнувам на излегување и речиси монотони долги прошетки со него. Долго расправавме за се и сешто, како да сакавме да ги проверуваме сопствените мисли во заемна размена.
Забележав дека премногу инсистира на точноста, единствено на своите познавања, со извесна на почетокот дискретна препотентност. Тоа не ми се бендисуваше, но сметав дека може да биде и некој вид на позитивна самоувереност, па дури и карактерност.
Уште од мала бев научила да имам свое мислење речиси за сите работи и слободно да го изнесувам.
Не знам зошто уште во првите разговори со тоа момче како да не се осмелував да инсистирам на правилноста на моите ставови, дозволувајќи му со тоа тој да остане со убедување дека правото е на негова страна. Можеби тоа дури и мене ми беше потребно, заради создавање на некаков авторитет, негов кај мене. Знаев дека во истиот момент кога ќе го потценам, неговото присуство ќе ми стане одвишно.
Нашите заеднички прошетки станаа се почести. Или тој ме викаше свирејќи од улица, или ќе ме чекаше на некое вообичаено место. Почна да ми сугерира како да се облекувам, каква фризура да носам. Не сум свесна зошто сето тоа го правев по негов вкус, можеби поради потребата некому да се повинувам, на посилен, секако – маж.
Одамна заборавив каде и како ме прегрна и ме бакна првпат. Се сеќавам единствено дека не се спротивставив, не давав отпор.
Можеби одевме дури и по истите тажни патеки каде што првата љубов ме беше понела на своите прекрасни крилја.
Ова беше една нејзина бледа сенка, еден вид имитација.
Зошто не се спротивставував, ами се препуштав на овие нови допири?
Бев урнатина, а во урнатина не е тешко ниту да се влезе ниту да се излезе. Нема ни врата, ни прозорци...
Него, мојата единствена голема љубов, со уште поголема илузија на малечко девојче – љубов за цел живот, веќе ја немаше. Се што понатаму ќе дојде... нека дојде...
Навиките постепено се стекнуваа. Прво на неговата се поголема препотентност, а потоа и нервоза, која на почетокот ја оправдував со напорните студии.
Навика да одам со него на кино, на театар, во неговите друштва, во моите – со него.
Навика да одам на посета кај неговите, во неговата куќа. Тој да доаѓа кај моите.
Дури и навика на неговите грубости, што натаму се повеќе и повеќе доаѓаа.
Сепак, сето тоа некако стануваше мој начин на живеење од кој веќе тешко би можела да се извлечам.
Бев затворена во еден круг, што тој со месеци го градеше околу мене за, оградувајќи ме сосем од какви било надворешни влијанија, да постигне кулминација на своето влијание над мене. Никогаш, па дури ни денес не сум свесна како постепено загубив секаква волја за отпор и сосем потпаднав под некаква негова опсесија.
Наскоро личев на малолетна под негово старателство, дури не смеев да ги поздравувам старите познајници, што во некоја смисла за него значеше „да се остане во границите на моралот“.
Дури со иронија ме потсетуваше на тоа дека не сум го поздравила „еден од моите“, однапред свесен дека тоа не сум го направила единствено поради него. Со ова име тој ги вбројуваше сите мои познајници, дури и другарите од училиштето, во евентуални можни мои бивши љубовници, што беше премногу парадоксално за да чувствувам потреба како било да му одговорам на таа негова забелешка.
Веќе одамна почна да стекнува граѓанство во нашите односи и една ваква практика. Сме се разделиле на последниот состанок обично љубезно, ведри и расположени, и сме закажале средба за утредента. Од едното до другото состанување не поминало повеќе од една ноќ и оние неколку часа од денот. Доаѓајќи на состанок, уште од далеку ќе го забележев неговото смуртено лице и дури некаков злобен поглед во очите. Ќе ме пречекаше молчејќи. Ќе тргневме молчејќи. Во вакви случаи обично во неопределен правец.
Долго ќе го молев, упорно ќе настојував да ми каже што се случило во меѓувреме, која е причината за неговата лутина. Тој упорно ќе молчеше. Ќе одевме долго, долго молчејќи, а понекогаш, кога ќе го загубев трпението поради тоа немо, а неизвесно за мене обвинување, ќе плачев. Тој и натаму ќе молчеше. Потоа одеднаш ќе се завртеше и ќе си отидеше, оставајќи ме докрај во неизвесност во што е работата.
Јас веднаш, или утредента, ќе отидев во неговата куќа со надеж дека сепак ќе разберам што е тоа што сум згрешила, каков е мојот грев. Долго во себе ќе барав, разгледувајќи ги сите свои постапки, дури и мисли, што е тоа што го натерало на таков однос.
Обично кога ќе дојдев кај него, по некоја ваква сцена, неговото расположение повторно попримаше нормален вообичаен однос, како ништо да не се случило во меѓувреме.
Не можев да знам, а можеби затоа што се уште бев премногу млада, дали во тоа се крие некаква игра на уште поголемо потчинување, дури и еден вид сугестија насочена кон мене, за намалување на мојата вредност. Во секој случај, новата ситуација некако ја примав како сепак извесно решение. Не одев понатаму во расправање зошто беше сето тоа што помина, веројатно плашејќи се повторно да не ја вратиме онаа неиздржлива напнатост од вчера, она неизвесно молчење.
Со секој ден станував се повеќе свесна дека во целиот наш однос има нешто што не е добро, што не е засновано на здрави односи, и длабоко се борев со својата свест да најдам решение, излез. Оваа врска веќе доста долго траеше, така што навистина пак стануваше еден живот, што е тешко да се менува. А истовремено тешко и да се остане во него.
Кога настапуваа кризите, кога бевме на работ на разминувањето, тој секогаш ќе најдеше некои скриени, за мене непознати методи за да го задржи, обнови, сето тоа за што може да се каже дека беше невозможно да се задржи. Дури беше способен, тој таков препотентен и така непогрешлив, на извесни самопонижувања, за да ме одоброволи и потхрани за продолжување на таа наша врска. Ја воздигнуваше својата љубов кон мене до невозможни висини, до измачување, се жалеше на мојата недоволна, мала љубов кон него, и со тоа се обидуваше да го објасни целиот свој однос, дури често и груб кон мене.
Секако, тоа беа моменти и на некоја негова внатрешна борба меѓу сопственото самомислење и невозможноста да ја оствари својата страшна желба да изгради кај мене еден ист таков однос кон него. Верувам дека ни во еден момент не се сметаше недостоен за една голема љубов, која треба јас да ја имам во моето срце за него.
Секогаш по тие кризи доаѓаше некој вид смиреност, ублажување на нашите судрувања и ќе одеше тоа пак така извесно време. Тогаш одеднаш ќе измислеше нешто. Како, да речеме, безмисленоста на моето посетување на часови на факултетот, дури индиректно на моите студии. По некои невидливи патишта, скриено... како да ми сугерираше неспособност да ги завршам студиите, но тоа само јас го чувствував, или просто го претпоставував. Долго ќе ми зборуваше за својот идеал на жена домаќинка, која е интелигентна, начитана, но целата предадена на семејството, на семејната среќа, децата. Жената во работен однос, со некоја своја професија, според неговите претстави беше само оптоварување на среќниот брачен живот.
Долго споревме околу тие негови, според моето убедување погрешни мислења за жената брачен другар – интелектуалка, мајка. Размислував дали е и тоа некаква игра диктирана од неговата препотентност. Сепак, наивно верував дека тоа, и многу други негови негативни ставови, ќе ги изменам во нашите по натамошни контакти, дури не со свои зборови, ами со сопствениот пример. Некои работи ми изгледаа толку непобитни вистини, што живеев во уверување дека тој, сакал или не, мора и сам да им се потчини.
И покрај сето тоа што не одвојуваше, нешто неразбирливо за самата мене, ме влечеше кон се што беа нашите контакти, нашиот заеднички живот. Тоа беше навистина некаков вид опсесија.
Со што тој така неизбежно ме грабеше? Како не наоѓав достатно сили во мене да се борам, да најдам излез, отвор, во тој затворен круг што се повеќе и повеќе ме притискаше? Дали тоа беше онаа моја тапост што ме беше обзела по сето тоа што се случи во моите први чекори во животот и веднаш потоа тоа големо разочарување? Во секој случај, станував свесна дека се повеќе и повеќе слабеам во барањето излез... можеби сето тоа беше еден негов премногу добро пресметан и изграден систем...
Пак беше настапил еден период на негова добра волја и ме опкружуваше со разновидно внимание. Дури одеше со мене кај фризерката да настојува да имам фризура по неговиот вкус, заедно со мене избираше модели за фустани. Ќе ме изненадеше со некоја подарена книга, за која знаеше дека необично ја сакам. Јас повторно се препуштав на едно такво расположение кое ми ја враќаше надежта дека сепак ќе најдеме некаков компромис во целиот наш однос.
Речиси секојдневно бев кај нив. Неговата мајка ме задржуваше на ручеци.
Излегувавме често заедно со него.
Моите родители не знаеја ниту еден мал дел од сето тоа. Некаде потсвесно сознавав дека тоа се преголеми обврски што сама си ги земам на себе, не консултирајќи се со нив претходно и не барајќи ја нивната согласност. Уште помалку имав смелост тоа да го сторам подоцна, откако работите ќе се случеа. Стихијата ме влечеше, а јас не наоѓав снаги во себе да се спротивставам.
Бидејќи секојдневно одев кај нив дома и таму останував повеќе часови, тоа ми станува ше веќе нешто сосем обично.
Еден ден, влегувајќи во куќата кај нив, се изненадив кога го видов него во пижами и в кревет. Набрзо со некаков изнемоштен глас ми објасни дека е болен и изгледаше по малку лут зошто толку долго ме нема. Јас се извинував дека не знаев оти бил болен и, откако ги собув чевлите, приседнав на креветот на кој лежеше. Во куќата немаше никој, што ретко се случуваше, зашто неговата мајка беше постојано дома.
Таа атмосфера на извесна болешливост предизвика кај мене сентименталност и, можеби за првпат во целото ова наше контактирање, бев повеќе попустлива на неговите милувања.
Веројатно и моите години ме правеа преосетлива и готова да му простувам, брзо да ги заборавам погрубите работи во нашите односи, дури и навреди, или можеби само да ги потиснувам некаде длабоко во себе. Тогаш ќе и препуштев на самосугестијата да ме држи во заблуда дека сето тоа, дури и најдрастичните грубости, се само резултат на неговата љубов кон мене и нетрпеливоста да ме добие за цел живот.
Во секој случај, во еден момент сфатив дека се случува нешто повеќе од она вообичаено што беше во нашите поранешни односи. Знаев дека треба да се спротивставам, дека не смеам тоа да го дозволам, дека тоа е една фаталност која не смееме да ја преминеме, барем уште не додека не бидеме сигурни, сосем сигурни дека ќе го живееме животот заедно. И покрај тоа се препуштив на сето тоа што се случуваше, како давеник кој нема повеќе ни сили ни желба да се бори, им се дава на немилосрдните бранови...
Дури и кога веќе се се случи, не знаев дека е „она“, не бев сигурна дека сето тоа е така, зашто тоа дотогаш постоеше единствено во мојата фантазија. Никогаш мајка ми не беше разговарала со мене за тоа, веројатно го сметаше за премногу сериозен еден таков разговор со нејзиното девојче.
Во тој момент не можев да ја сфатам пресудноста на тоа што се случи за мојот натамошен живот. Само имав некакво чувство на тапост, а можеби и разочарување. Не знаев дека тоа дури сега ќе настапи. Сето тоа што се случи беше далеку од оние соништа за совршенството на спојувањето со саканиот човек.
Сакав веднаш потоа да си одам. Некако ме оптоваруваше тоа што стана. Не знам ни самата дали му префрлив за сето тоа, или тој прекор го почувствува, но многу добро се сеќавам дека рече:
– Тоа само тебе ти се чини, не беше тоа ништо.
Во првиот момент си помислив дека зборува така за да ме утеши и му бев поради тоа благодарна, иако знаев дека не ја зборува вистината. Дури ми доаѓаше да плачам, и секако би плачела ако не се плашев од неговиот потсмев.
Тогаш се обиде поупорно да ме убедува дека тоа што јас мислам не се случи. Дали поради бојата на неговиот глас, или поради изразот во неговите очи, во моето сознание се создаде една ужасна мисла: „Тој намерно сака, за секој случај, да се огради... Секако заради ослободување од некој вид вина, во смисла на обврска“.
Ми стануваше одвратно. Можеби и ќе ја отфрлев таа мисла ако молчеше, или само да се насмевнеше и нежно да ме гушкаше.
Не, тој и натаму упорно тврдеше, ме убедуваше дека јас тоа си го вообразувам, иако знаев дека тоа е сторено. И, што е уште пострашно, дека и тој тоа го знае, го знае посигурно од мене, како непобитен факт, а ете свесно сака токму тој факт да го замагли. Можеби и повеќе од тоа, погрозно, да претстави како да не постои.
Се повеќе ме обземаше одбивност кон него, некаков внатрешен отпор. Знаев дека никогаш нема да го заборавам ова бедно негово однесување кон мене, во тој така чувствителен момент во мојот живот, а верувам и во животот на сите девојки. Ми личеше на бедна кукавица. Истовремено чувствував дека немам ни желба да го тврдам спротивното, да ја бранам вистината.
Дури станував индиферентна кон причината за тоа негово скривање зад лажниот параван што не постоеше.
Одев кон нашата куќа полна со горчина, дури и некаков револт.
Ми се гадеа неговите обиди да ме расположи, да го замачка сето тоа што не беше возможно да се менува, ни тогаш, ни сега, ни за цел живот. Знаев дека го оставив целиот таму, во тој кревет, во неговата куќа, дека не понесов ни најмало делче од него.
Бев сосем ослободена од предрасудите во однос на моето девојчинство. Тоа што се случи ниту во еден момент не ме оптоваруваше, ниту ме врзуваше за него. Дури, нешто уште повеќе, таа случка остана како еден непријатен чин во мојот живот... не наоѓав во себе ни малку желба да одам да го побарам. Не ме бараше ни тој. Претпоставував дека е убеден оти сум сега јас таа – заинтересираната, него да го барам, по сето тоа што се случи. Додека во обични услови не би издржала два-три дена да не отидам кај нив, тогаш тоа упорно го правев.
Излегував од куќата, одев на факултет, шетав по улиците, само моите да не забележат дека седам премногу дома и дека него го нема со мене.
Кога го слушнав неговото свирење, брзо се приготвив и излегов. Беше бесен. Сакав да му речам – по која логика требаше јас него да го барам, а не тој мене, но се плашев од голема караница. Не го поканив да влезе дома зашто знаев дека тоа нема да го стори. Има повеќе недели како не доаѓа кај нас, односно по еден наш разговор во кој јас наивно му реков дека не им се бендисува на мајка ми и на татко ми и дека тие се противат на оваа наша врска. А тоа и беше вистина.
Никогаш изразот на лицето не му беше така навреден и злобен како во тој ден кога го реков тоа. Едвај се воздржа да не каже нешто тешко, навредливо за моите родители, и подобро што тоа не го стори. Во секој случај, престана да доаѓа кај нас, а мајка ми и татко ми, иако знаеја зошто е тоа така, ништо не преземаа за да ја изменат таа нова ситуација. Дури имав впечаток дека тоа им е попријатно, зашто навистина не го сакаа.
Истовремено беа толку внимателни што не се обидуваа и мене да ми го наметнат своето мислење, веројатно претпоставувајќи дека јас сум нашла нешто во тој човек што мене ми одговара.
Сепак, не го криеја својот однос кон него.
Од друга страна, тоа страшно го погоди него, неговата препотентност. Речиси не можеше да сфати како тој, утрешен лекар, со привлечен надворешен изглед, со таква висока интелигенција, барем тој за себе така мислеше, која секогаш ја потенцираше, не може да стане објект на воодушевување кај родителите на една девојка чиј сопруг можеби ќе стане.
Веруваше дека нема такво семејство кое не би го посакало него, ваков, за зет. Затоа оттогаш постојано имаше желба да најде некаква причина, ситница врз основа на која ќе ги потцени моите родители, ќе ја намали нивната вредност.
Секогаш се обидував да го спречам во тоа, зашто тие навистина беа родители кои заслужиле да бидат почитувани и сакани.
Нивниот однос кон мојот избраник беше една нормална реакција, што произлегуваше од нивните поголеми можности од моите, пореално да погледнат во него и неговите постапки.
Пореално и позрело, и во извесна смисла многу повеќе отстрана
– од мене самата која се наоѓав во тој вител.
Секогаш кога расправавме со татко ми за проблемите и судрувањата и караниците меѓу нас двајцата, во кои секогаш јас бев на клупата за обвинети, се согласував со татко ми во однос на сите негови заклучоци и бев готова веднаш да ја раскинам таа врска, да се откажам од неа.
Дури често ќе заспиев со едно цврсто решение тоа да го направам, нетрпеливо чекајќи го денот. Еднаш и јас да им покажам на сите и на самата себе дека имам волја, дека можам да го спроведам тоа што ќе го реши мојот разум. И пак потоа, кога ќе го најдев него за да го сторам тоа, тој некако наоѓаше мајсторија да ми го истисне оружјето од раце, дури често и со него да ме тепа.
Постојано, во сите наши спорови, судрувања, јас, мојот живот, моите сфаќања, моите навики, моето воспитување, дури и моето семејство беа предмет на анализа, критика, навредување.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/butterfly-mac/4 on October 29, 2026