Front Matter - Part 01
Пеперуга со Натопени Крилја Роман Драгица Најческа Пеперуга со Натопени Крилја Скопје, 2002 All rights reserved. No part of this book may be reproduced or transmitted in any form or by any means, electronic or mechanical, including photocopying, recording or by any information storage and retrieval system without written consent from the author, except for the inclusion of brief and documented quotations in a review.
****** September 28, 2023
****** СЕДУМДЕЦЕНИСКО ЧЕКОРЕЊЕ ПО ЛАВИРИНТИТЕ НА ЛИТЕРАТУРНОТО ТВОРЕШТВО Кон крајот на минатата година се навршија 50 години од излегувањето од печат на првиот роман на писателката Драгица Најческа Пеперуга со натопени крилја, во издание на издавачката куќа „Мисла“. Романот беше рецензиран и предложен за печатење од академикот Блаже Конески. Тоа не беше прв роман само на писателката Најческа, туку и прв роман напишан и објавен на македонски јазик од жена писател.
Ова е трето издание на романот, а второто е во еден од томовите на шесттомното издание на Избраните дела на Најческа, што ги објави издавачката куќа „Дијалог“, уредени од познатиот македонски писател Веле Смилевски. Во Избраните дела влегоа нејзините пет романи, две збирки поезија, раскази и необјавени раскази, како и расказите за деца.
Во ова јубилејно издание на романот Пеперуга со натопени крилја е поместена и своерачно напишаната рецензија на Блаже Конески.
Писателката Драгица Најческа, како асистент на Економскиот факултет во Скопје, на Катедрата по политичка економија, била испратена на Постдипломски студии во Белград, на Правниот факултет, во 1962 до 1965 година. Во тоа време таа веќе има објавено повеќе раскази и песни во весниците и списанијата ширум Југославија.
Некои од нив беа застапени во Антологиите на македонски и српски јазик.
Најческа, иако ги следела студиите по политички науки на Правниот факултет во Белград, голем дел од времето во тој период го посветила на запознавање дела на врвни писатели на светската литература. Истовремено имала можност да присуствува на многу настани од областа на културата и уметноста, да се дружи со дел од културната елита. При нејзиното престојување во Белград за брзо време ги проширила познанствата со значајни српски писатели, меѓу кои Михаило Лалиќ, Стево Раичковиќ, Скендер Куленовиќ, Душан Костиќ, Бранко Ќопиќ...
Сето ова има придонесено Најческа да го напише и првиот нејзин роман, во 1965 година. Романот веднаш сама го превела на српски јазик и им го испратила на познатите српски писатели Душан Костиќ и Бранко Ќопиќ пред да замине за Скопје, при крајот на Постдипломските студии.
Во писмото што и го испратиле на 22 февруари 1965 година, меѓу другото стои:
Драга другарице Драгице, Ево укратко шта мислим о твом роману, уствари ово је моје мишљење и Бранка Ћопића, коме сам дао да и он прочита роман, и њему и мени роман се свиђа, занимљив је и искрено пи сан, савремено актуелан, има топлих лирских пасажа и не испушта се из руку...
...Већина романа је снажна у смислу исповести данашњег младог човека...
...Роман... заслужује да се објави...
...Ако се слажеш за „Багдалу“ – није никакав проблем...
Другарски поздрав Душан Костић Откако Најческа добила вакво позитивно мислење од Костиќ и Ќопиќ, на 22 февруари 1965 година, се охрабрила во врска со вредностите на романот што го напишала, но не колебајќи се во ни еден момент одлучила нејзиниот прв роман да биде објавен најпрвин на македонски јазик. Наскоро и го предложила романот за издавање на издавачката куќа „Мисла“ во Скопје.
По извесни перипетии што траеле неколку години, романот најпосле бил објавен. Во својата рецензија Блаже Конески го вброjува романот во делата значајни за развојот на македонската белетристика, како прилог за психологијата на жената, истакнувајќи ја и неговата педагошка носивост, посебно за младите генерации. Во рецензијата професорот Конески, истакнувајќи ги и сите уметнички вредности на романот, заклучува дека тој заслужува да биде објавен, за што следи неговиот конкретен предлог.
Покрај романот, таму, во Белград, Најческа ги напишала и објавила дел од нејзините најпознати песни, наречени „антологиски“, од кои произлезе и нејзината поетска збирка Неспокој, рецензирана од познатиот македонски поет Михаил Ренџов.
Малку е познат податокот дека Најческа била поканета заедно со дваесет и две најпознати поетеси од сите републики на Југославија и учествувала на Светскиот меѓународен конгрес на жени писателки од целиот свет, во Париз, како и на следниот, кој по неколку години се одржа во Ница. Ова патување уште повеќе ја охрабрило во создавањето на поезијата, бидејќи нејзините песни оставиле голем впечаток на најпознатите поетеси Десанка Максимовиќ, Мира Алечковиќ, Весна Парун, Флорика Штефан..., кои за време на патувањето настојувале повеќепати да им ги рецитира.
По извесно време од овој престој, на иницијатива на Најческа, а со поддршка на ДПМ, целата оваа елита од поетеси на Југославија гостувала во Македонија, одржувајќи бројни поетски настапи.
Следствено, по објавувањето на романот Пеперуга со натопени крилја, на Драгица Најческа и се отвора патот за новите литературни остварувања: нејзините следни романи – Друга мајка, Крстопати, Омраза длабоко, Доживотна јамка и Куќа на езеро, збирка насловена Раскази и поезија објавена во збирките Неспокој, Вратете ми го сонот, И крв и смрт и надеж и Распетие на душите.
Најческа „нема да им остане должна и на расказите“, како што вели таа, бидејќи со нив го започнала своето патување низ лавиринтите на литературното творештво, со објавувањето на нејзиниот прв расказ во списанието Иднина, чиј уредник бил Ацо Шопов, во 1950 година, на нејзината седумнаесетгодишна возраст. Деновиве се подготвува за печат нејзината збирка раскази со наслов Потрага по скриеното.
Проф. д -р Георги Сталев Скопје, 18. 02. 2020 Кога тој ја отвори вратата, го слушнав само нејзиниот премногу мек, развлечен глас. Ја препознав. Веднаш ја препознав.
Можеби по бојата на гласот, што порано само еднаш го бев чула, а можеби инстинктивно претчувствувајќи некаква опасност што се криеше во него за мене. Слушнав само како влезе тивко, полека, и во целост станав свесна за нејзиното присуство, а можеби и безгласна прегратка и бакнеж меѓу нив двајцата. Бев веќе влегла во собата и ја имав затворено вратата, та не можев да видам.
А што беше пред тоа, пред ѕвонењето на вратата? Пред неговиот резок скок на тоа ѕвонење и моето бегство во собата.
...Тивко свиреше музика. Бевме прилегнале во полутемното претсобје на каучот... Нежно, присно се гушкавме... милувавме.
Тогаш, изморени, по обичајот споревме дали ќе го преспиеме попладневниот одмор заедно или одвоено.
Тој божемно ме тераше да одам во собата и таму да спијам, бидејќи не може да спие покрај мене. Го возбудува моето присуство, дишење, би се разбудувал секој час, како да се плаши дека можеби со некаква положба во сонот ми пречи убаво да спијам, или со тргнување да не ме разбуди, и не би спиел од грижа, од нежност, од желба...
Тоа и сега ми го зборуваше, а јас и понатаму се припивав до него, чувствувајќи дека не говите раце, иако го зборува спротивното, ме привлекуваат се повеќе до него, така машки и убаво, и со таква топлина и љубов што ниедна жена не би ја напуштила таа прегратка, тоа неспоредливо чувство на постоење еден за друг.
Во еден момент, единствено заради него, за да спие, да се одмори, а потоа да работи, сепак сакав да се победам себеси и својата желба за него и брзо да побегнам од прегратката. Но, тој така ги префрли, речиси ги завитка рацете околу мојата половина, како гранки на некое дрво, постојано зборувајќи ми дека треба да одам, што сосем ми беше невозможно да ја исполнам својата претходна намера, ами се припив уште повеќе до него и како некоја задоволна мачка задремав во топло катче.
Тогаш онака, во полусон, му позволив да ми го сврти грбот за да може сепак да заспие, но тој и во таа положба ми ја допираше раката, како за тоа за да биде сигурен дека сум тука, дека постојам, дека не сум љубов од соништата.
Спиевме. Беше будна само музиката што доаѓаше тивко, полека, во полусон.
Можеби поради тоа никогаш не ми се беше сторил погруб звукот на ѕвончето од вратата. Како некој ненадејно да не беше жестоко удрил.
По сознанието дека таа дојде, и дека е во куќата, својата психичка состојба можев да ја наречам беспомошност и очаеност.
Тогаш, како во полусон, чув дека праша за мене.
– Во собата е, – изговори тој.
Имав чувство на исплашен дивеч и барав каква било можност за бегство, само кога би постоел некаков таен излез од куќата, веднаш би исчезнала. Беспомошноста уште повеќе ме обземаше поради тоа... Немаше никаков друг излез. Морав да и погледнам директно в лице. Со своите очи нејзините очи. Тоа беше стварноста. Тоа и очајот...
Тогаш се уплашив од неговиот глас. Ме повика по име.
Како со некој туѓ глас, одговорив:
– Ќе дојдам.
Тогаш влегов во бањата, како некоја навиена бескрвна кукла, се измив, дојдов во собата, се приготвив и тргнав. Таму беа тие двајцата. Чув како изговарам љубезно:
– О, Вие сте, од кога Ве нема! Колку што се сеќавам, само еднаш дојдовте, не повеќе!
Боже, само јас и никој друг во овој момент можев да имам ваков срдечен и весел израз на лицето. Ме погледна насмеано, искрено. Беше очигледно дека ја придобив. Дека ми поверува, дека ја излажав. Беше помлада од мене, со многу помалку поминат живот. Потоа разговаравме како да сме пријателки.
Дури почувствував дека и хуморот во тој момент ми успева.
Во него ниту еднаш не бев погледнала. Не можев. Сфаќав дека е сосем збркан од сето тоа што во моментот се случи. Но можеби најмногу поради мојата прибраност, мојата прекрасна артистичка игра.
Изгледа дека навистина премногу уверливо сум ја играла својата улога, дури и за него, така што во еден момент толку се ослободи, што ја прегрна неа, онака несмело.
Знам дека во тој момент посакав да ми се спуштени клепките на очите. Не сум сигурна дали го сторив тоа, но имав чувство како да обневидев.
Тогаш набрзо го напуштив станот. Реков дека треба да одам на посета кај една пријателка. Секако, со тоа сакав да и покажам дека е тој слободен, што се однесува до мене, и како нормално ги оставам нив сами... заедно. А и нему.
Зошто го сторив тоа? Дали тоа беше игра, жртвување за него...
Не... Не бев веќе во можност да ја издржам таа маска на љубезност на лицето, таа жестока улога толку ме истошти... Си изгледав бедна на самата себе, и пак беспомошна како дете.
Нека биде се... Нека останат заедно... Секаде во станот каде што бевме тој и јас и нашите допири и милувања...
Ми доаѓаше да викам, хистерично да се расплачам или цинично да се смеам, безобѕирно вистината да ја кажам, отворено нејзе в лице, и нему...
Знаев. Ништо од тоа нема да сторам. Ќе останам мирна, спокојна, со насмеано одвратно за самата себе лице кое, се надевам, ќе успеам да го задржам се до излезната врата. Таму таа пред малку влезе како чудовиште што ќе го уништи, и самата несвесна, сето тоа што беше така убаво... сето што беше наш сон.
А беше чиста, добра, безгрижна девојка, која не можеше да претпостави што се случи меѓу нас двајцата. Беше далеку од таа среќа и љубов, што само пред малку, влегувајќи со својот несигурен чекор во зелениот салон, ја наруши.
Излегувајќи на улицата чувствував дека лицето, и очите, и телото, во истиот момент кога ја напуштив таа бедна сцена, ми откажаа... Имав само чувство дека ќе седнам тука веднаш, на скалата, на тротоарот од улицата, на самата улица. Усните ми беа солени. Знаев зошто. Можеби би трчала по улицата ако ги немаше тие луѓе, би бегала, од кого – од луѓето, од него, од самата себе...
Требаше да се победам себеси. Најважно е да не мислам на нив двајцата. Не, никако да не дозволам да дојде до свеста претставата дека тие сега ќе се милуваат, љубат, можеби на истиот начин, можеби на истите места во станот... Не, не, тоа не! Веднаш ќе отидам назад, нема тоа да го дозволам, ќе ги спречам... Тоа е премногу свирепо, нема да бидат никаде каде што бевме ние, тоа се свети места, никој не смее да ги допре, да биде таму. Веднаш ќе речам дека никој, најмалку таа не смее да го расипува, сквернави, барем тоа што поминало, тука што се родило и се издигнало до совршенство... Ќе ги спречам во тоа...
Тоа место, тој стан, беше свет за мене...
Тој ме сакаше мене. Ако таа сега е тука, зошто да посегнува на она што пред тоа беше. Веднаш ќе отидам таму...
Знаев дека нема да отидам. Дека повторно ќе им дозволам на беспомошноста и очајот да ме совладаат. Единствено што ќе сторам, тоа е да останам на нозе, да не паднам, секако поради тоа мало присуство на свеста каде сум и натчовечката волја да се задржам на нозе.
...Зошто побегнав во собата? Зошто не останав на оној само наш кауч... без да ја кријам својата љубов... Кој тоа ме излажа дека љубовта мора да биде дозволена, со некаков закон разграничена, на онаа со право и онаа без право, морална и неморална. Во тој момент се срамев од улогата на морал што ја одиграв пред таа жена, како пред делче од јавното мислење, кое моето свето чувство би го нарекло со најпогрдни вулгаризации, за лицемерно да го скрие своето вистинско мислење за животот и љубовта.
Дури и од неа, од тоа дете, морав да ја скријам својата тажна вистина, само затоа што имав човек со кого законски живеам...
И дека оваа моја љубов, кога би се обелоденила, ваква... може да ја замати „чистината“ на тој наречен морал! Зарем таа!
Очајот се повеќе и повеќе ме обземаше. Како да тонев во некаква тапост. Најмногу затоа што не можев да не побегнам во таа соба, што дури и пред тоа дете, пред неа не можев да останам во прегратка на својот сакан човек, егоистички, пркосно, и да не и позволам да влезе во неговиот живот, уште помалку таму да остане безгрижно, не знаејќи дека со секој свој поглед вперен во него го прободуваше моето срце, ги раскинуваше најсветлите катчиња на мојата душа.
Сепак, ни во еден момент не ја мразев. Таа живееше во еден така безгрижен свет на своите чувства кон него, кои се уште не беа во целост оформени. А дури и ако имаше некакво сомневање во однос на нас двајцата, не би можела да си позволи да верува во такви, за неа недостапни работи. Уште повеќе што со месеци беше одделена од него, бидејќи живееше во друг град. И никогаш не беше станала дел од него, за да може со интуицијата на своето битие да чувствува што се случува во оној друг, не твој, но така свој дел...
Нејзиното постоење во неговиот живот, уште пред нашето животно врзување, за мене личеше на едно премногу безопасно присуство, што дури и заборавав на него.
Ја бев видела само уште еднаш порано, за малку. Брзо си отиде.
Сега нејзиното присуство беше вистинско, до невозможност жестоко. Едноставно, ме исфрли оттаму каде што единствено беше мое место. Како да ми ги беа пресекле вените, крв немав веќе. Снага немав веќе. Што тоа се случува... Каде сум јас тоа...
Не... тоа е невозможно. Кој може да одземе нешто во љубовта...
а оние раце околу половината... и најтоплата прегратка која никогаш нема да те пушти... допир на усни, единствен допир, единствено на усни што се сакаат... Можеби најмногу за тоа сакав да плачам... можеби затоа и плачев...
Не ќе бев така тажна ако требаше да и отстапам на една посилна љубов, можеби ќе отстапев... Не, не требаше да излезам... Пркосно да останев... да ја бранев својата љубов!
Сега се е свршено. Нема да се вратам таму. Скоро ќе падне ноќ.
Ќе одам да спијам кај една пријателка. Не би можела да останам да спијам таму, во тој стан, покрај нив двајцата, во другата соба.
Не можам.
Сфаќав дека луњам по улиците бесцелно, но веднаш ќе одам кај таа моја пријателка, и... се ќе биде добро.
Најдобро ќе беше тетка ми да не отидеше на бања и маж ми да не отпатуваше со децата кај мајка му; тој би морал тетка ми да ја праша дали смее неа да ја задржи тука да преноќева. Па, и ако би останала, не би смеела да спие кај него во собата.
Но, се беше поинаку. Немаше никој да ми помогне... Тој беше тука со неа.
Сепак ќе се вратам. Тоа е мој стан, стан на мојата тетка, тоа исто значи мој, уште повеќе што во него толку долго живеам.
Зошто така направив, тетка ми да го прими да живее во нашиот стан? Не, лажам! Се лажам самата себе. Не можам никогаш да го откажам тој најубав, како сонуван дел од мојот живот. Тоа би било исто како да се согласам да ми отсечат дел од телото.
Уште повеќе, посилно, дел од битието... Не го сакам тоа, не можам тоа... Макар и по цена на сето ова што денес се случи...
што се случува... Ништо не ќе ја осквернави чистината на моите чувства, моите допири со него, најмалку таа таму.
Веднаш таму ќе одам. Ќе се вратам. Моето место е таму. Ќе ја скријам целата болка и ужас... Ќе обневидам. Сепак ќе го чувствувам неговото присуство, постоење, дури и во нејзината прегратка, која не ќе ја гледам свесно, намерно...
Бегањето од куќата е бегство на еден слабак, кукавичко предавање на борбата. Се враќам за да останам достоинствена, доследна самата на себе, на своите чувства...
Осетив дека одам со поцврст чекор и, за првпат во ова попладне и оваа вечер, насочено, со цел. Одам кај нив, а тоа значи кај него, кај нашите драги катчиња, а сите беа за нас во куќата такви. Се сетив како еднаш, кога бев подолго отсутна, рече:
„Немој веќе никогаш да одиш од куќава. Пусто е кога не си тука“.
Морам и сега да бидам таму. А таа? И таа е тука... Па што ако е.
Ќе влезам гордо, пркосно во својата куќа.
Се уплашив кога сфатив дека навистина се наоѓам пред куќата.
Веднаш потоа се израдував. Не се тука. Светлоста насекаде беше изгасната. Но, во истиот момент ме пронижа најгорчливата мисла: „Се љубат во темнина“.
Просто со трчање влегов во куќата, во некакво бегство од самата себе, но каде? Таму, од каде што доаѓа опасноста, во пресрет на неа.
Реско ја отклучив бравата, скришум фрлив поглед на вратата од неговата соба. Затворена, што не беше обичај. Сфатив. Тука се.
Можеби најсилните писоци остануваат во душата, без звук. Се задушував... Љубов моја... Зар е можно, зар ти... Тогаш излегов во претсобјето и со рацете, како обневидена, ја допирав зелената преслека на каучот... ја милував...
Љубов моја, па... само пред малку... Сонувавме најубави сониште овде... Ти и јас, само ние двајцата во оваа куќа на љубов. По оваа соба ме носеше на раце како дете, таму во кујната ме хранеше со своите раце, милуваше, успиваше.
О, луѓе, кој измислил прегратки за чувствата, сте ги измислиле за самите себе... инаку во овој момент јас ќе и викнев на таа девојка – која е таа, што бара таа овде, ќе и речев – ова е моја љубов, и ти би го потврдил тоа, нели мили...
Се е напразно. Дури и да плачам не можев. Сите делчиња од нервниот систем ми работеа така интензивно, што ми се чинеше дека ќе ме распарчат, разнесат.
Единствено што бев во состојба да направам, тоа е да пуштам музика, од истото радио, во истото претсобје, каде што ни остана последниот сон.
Во тој момент се слушна отворање на бравата на надворешната влезна врата и, додека разбрав дека некој отклучува, тие двајцата влегоа ведри, расположени. Гледале некој филм.
Значи, не биле тука, кај него во собата!
Веднаш се прибрав и лицето го направив љубезно, онака кловновски.
Таа веднаш дојде во мојата соба и почна да ги кажува впечатоците од филмот. Тој, како нормално, по неа. Седевме тројцата и природно, едноставно прикажувавме.
Таа само ретко ќе направеше некој мал гест на нежност кон него. Тој кон неа исто така.
Настана мал прекин во разговорот. Некако дури и не верувајќи си самата на себе дека тоа го сторив, и реков покровителски, мајчински:
– Сакате ли да спиете со мене во собата?
Ги слушав отчукувањата на своето срце додека го чекав нејзиниот одговор.
Што беше тоа што ја натера неа да се согласи – не знам.
Можеби сакаше со тоа да ја нагласи својата чедност. Се плашев да погледнам во него! Тој премолче.
Забрзано ги приготвив креветите, штедејќи го секој момент, како некаде длабоко потсвесно да се плашев да не се предомислат. Се ближеше полноќ.
Дали поради сето тоа напнато, а можеби уште повеќе жално, тој постојано правеше некои шеги, а јас чувствував дека тоа е за него неопходен начин на растоварување.
Легнавме. Таа и јас во иста соба.
Тој стоеше на полуотворената врата, и јас чув како вели:
– Знаете што, ми се случува понекогаш како месечар да одам по куќата и немојте да се изненадите ако влезам кај вас.
Иако знаев дека е тоа шега, самата идеја ми беше страшна: да влезе во собата каде покрај мене беше и таа.
И сега не сум свесна како веднаш по оваа негова шеговита, а сепак цинична изјава, станав и брзо го завртив клучот на вратата.
Како да ми олесна. Ја зедов неа кај себе во собата, а него го изолирав и од себе и од неа. Можеби тој никогаш не би се осмелил да дојде кај неа во мое присуство, ниту пак таа би излегла кај него во мое присуство, но и поради најмалата таква можност, што би го навела на крајно одвратна постапка, јас така реагирав.
Тогаш, веројатно како вид на некаква самоодбрана, се обидов да го отстранам и во мислите, препуштајќи се на површно прикажување со неа на најразлични теми.
Не бевме свесни, ни едната ни другата, дека тоа прикажување во темнината и таа поспаност не зближија. Најдовме заеднички женски речник, можеби – човечки.
Само повремено се напрегав да ги слушнам шумовите што доаѓаа од неговата соба и ми се чинеше дека тој не спие и е премногу неспокоен.
Истовремено чувствував задоволство поради таа таква моментална ситуација, како да го бев казнила, оневозможила, а можеби и му помогнала.
И двете заспавме прикажувајќи и размислувајќи за филмот.
Утредента се одеше по оној ред од вчера, почнувајќи за мене со еден ужасен момент. Дојде до нејзиниот кревет (јас се уште бев во мојот) и со живо движење на раката и ја разбушави косата.
Повторно ги спуштив клепките на моите очи, а потоа дрско го побарав неговиот поглед. Го немаше.
Брзо станав и отидов во кујната.
Повеќе го предосетив отколку што го видов неговото присуство во кујната, додека таа се уште беше во собата. Нежно ја подаде раката со она единствено негово движење присно да ме гушне, помилува.
– Не! – се тргнав со одвратност. – Тоа веќе никогаш да не си се осмелил. Откако ја помилува неа во собата, дојде овде и мене да ми доделиш. Не живеам јас од трошки.
Се обиде некако да ја објасни целата положба, не постоење на друго решение, излез, откако таа беше дошла ненадејно, неповикана... Сакаше да се оправда себеси... Сакав да му ја затворам устата, да не зборува, да молчи, и така настаните веќе беа доста одвратни, мачни.
Таа влезе во кујната. Чувствував дека некако тој ден ми е полесно да бидам блиска со неа. Можеби поради тоа што во таа вечер, ноќ, беше доверчива кон мене. Како постепено да сознавав дека таа не е виновна за тоа што несвесно ми ја сквернави љубовта, а ни јас што ја крадам нејзината.
Испивме кафе. Потоа појадувавме. Тројцата. Потоа таа со некаков наивен глас му рече:
– Дојди овде кај мене, – откако седна на троседот во кујната, покрај прозорецот.
Тој седна покрај неа. Со истиот глас таа пак рече:
– Стави ја овде главата, – му покажа на својот скут.
Не гледав, но чув како тој со придушен беспомошен глас, нелогично праша:
– Каде? – Иако тоа беше сосем јасно.
Ужасно се борев со самата себе дали да ја напуштам кујната.
Совладувајќи се во мене, сепак останав. Тоа беше мојата невидлива борба за него, за мојата љубов.
Имав чувство дека сме ние двајцата, тој и јас, распнати до крајни граници на своите можности. А во сето ова, единствено таа беше поштедена.
Што не натера да ја зачуваме, оградиме од сето тоа што се случи и што се уште се случува со нас? Дали нејзината чедност и непостоење на вина за се на што не принудија создадените прегради?
Остана само уште малку; тогаш набрзина се приготви и тргна да си замине со возот. Во местото каде што живееше.
Дури и не можев да го определам тоа што го чувствував во моментот кога си тргнуваше.
Како да бев прегорела, сфаќајќи ја неминовноста на сето тоа што се случи и што можеби и натаму ќе се случува. Разбирајќи колку се мали моите, поправо нашите можности да го спречиме.
Чувствував само некаква бескрајна празнина.
Тогаш се случи нешто што стана непобитен факт, а сепак дали и нелогичен; почувствував како, подавајќи ми ја раката за поздрав, таа ме бакна.
Бев целосно збунета, изгубена. Нејзиното срце навистина беше младо и чисто. Немаше ли во извесна смисла сродност меѓу нас двете, одбирајќи еден ист човек да сакаме? Јас онака смртно, а таа се уште несигурно... Во секој случај, во моментот кога ги почувствував нејзините, речиси срамежливи усни на мојот образ, ми дојде да ја прегрнам, да заплачам, и сега, онака како жена на жена да и ја раскажам целата своја тага. Се насмеав, ја прегрнав лесно и и посакав среќен пат.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/butterfly-mac/1 on October 29, 2026